Skip to main content

Автор: WeBalkans

Враќање дома по 20 години

Програма, финансирана од ЕУ, овозможи поддршка за бегалец од Босна и Херцеговина да започне нов живот во своето родно село.

Војната во БиХ донесе несреќа за стотици илјади семејства. Многумина од нив ги загубија своите сакани или работата и мораа да ги напуштат своите домови без никогаш да се вратат назад. Даворин Савиќ од селото Бачевиќи, во близина на Мостар, е еден од оние кои мораа да го напуштат својот дом и да најдат засолниште на друго место. Но, Даворин е еден и од среќните кои успеаја да вратат во своето село и да започне нов живот таму.

Мостар беше еден од многуте мултиетнички градови во БиХ каде што Хрватите, Босанците и Србите живееја во хармонија. Меѓутоа, хармонијата беше нарушена со почетокот на војната, во 1992 година, која траеше до 1995 година. Илјадници беа убиени, а проценето е дека преку милион луѓе биле  иселени; со што станува збор за најкатастрофалниот конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна.

„Тешко беше да се живее како бегалец, но успеавме, некако, да преживееме. Изнајмувавме место за живеење и, главно, работевме на локалните пазари за малку пари.“

Конечно, назад дома

Конфликтот во Мостар брзо започна и се разви, па, заедно со семејството, Даворин морал итно да замине и да го напушти својот дом и имот во селото. Како што биле етнички Срби, се преселиле во Србија. За Даворин, сеќавањата се сè уште свежи за тоа како, во 1992 година, заедно со мајката и братот, го напуштиле семејниот дом и пребегнале во Белград. „Тешко беше да се живее како бегалец,“ се присеќава. „Но, успеавме, некако, да преживееме. Изнајмувавме место за живеење и, главно, работевме на локалните пазари за малку пари.“

Живеел во Белград цели 18 години, но, во 2010 година, семејството конечно се вратило во Бачевиќи, каде, на огромен жал, откриле дека нивниот дом е целосно демолиран. Меѓутоа, нивната среќа ќе тргне на подобро. „Се сретнавме со некои соседи кои ни кажаа за програма која ги реконструира домовите на оние кои се враќаат,“ раскажува Давор. „Брзо поднесовме барање за Регионалната програма за домување.“

Даворин признава дека животот во БиХ не е лесен, особено за оние кои се враќаат и за иселениците во внатрешноста. Иако, пред војната, работел во електраната; при враќањето во БиХ не можел да најде работа во компанијата. Сè уште нема работа со редовна плата и здравствено осигурување.

„Не се надевав дека ќе се вратам во селото, дека ќе одгледувам зеленчук во стакленичка градина и дека ќе обработувам земја.“

За проектот

До денес, околу 1800 станбени единици се реализирани во БиХ како дел од Регионалната програма за домување. Крајната цел е да се достигне бројка од 3000 станбени едници кои треба да се изградат до јуни 2023 година. Издвоени се скоро 291 милион евра за Регионалната програма за домување; од кои повеќе од 76 милиони евра се наменети за проекти во БиХ. Со 235 милиони евра, Европската Унија е главниот донатор на програмата.

Меѓутоа, и покрај сè, Давор успеал да обезбеди чесен живот за себе, својата мајка и семејството на братот, кој починал лани. Ова е, главно, благодарение на реконструкцијата на куќата со поддршка на Регионалната програма за домување, како и стакленикот и малиот трактор обезбедени со поддршката на католичката заедница „Catholic Relief Services“. „Не се надевав дека ќе се вратам во селото, дека ќе одгледувам зеленчук во стакленичка градина и дека ќе обработувам земја,“ се смее тој. „Но, одлично е. Ги продавам производите на пазарот во Мостар.“

Размислувајќи за својот живот денес, Даворин не заборава да ја спомне љубезноста на неговите соседи од различни етнички групи. Спротивно на ситуацијата кога морал да пребегне од Бачевиќи, денес вели: „Живееме заедно, си помагаме и заедно ги славиме празниците.“

Нов развој на полињата во Војводина

Млад српски фармер го исполнува својот сон од детството со поддршка на ЕУ.

Милан Плавшиќ, 35 години, живее во Сремска Митровица, во провинцијата Војводина, во северот на Србија. Доаѓа од семејство со долга земјоделска традиција; но за разлика од својот татко и дедо, Милан имал можност да дипломира на земјоделскиот факултет во Нови Сад. Неговата цел е да го издигне семејниот бизнис. „Навикнат сум на земјоделството уште од детството. Навистина го сакам и не би сакал да работам нешто друго,“ вели Милан.

Војводина е позната по својата богата почва која со векови е совршена за одгледување земјоделски култури како пченка, пченица, соја и сончоглед. Провинцијата е најголемиот произведувач и извозник на полски култури во регионот на Западен Балкан. Како Милан, повеќето во регионот работат со земјоделство, но, и покрај предностите на плодната почва, земјоделците се соочуваат со сериозни тешкотии. „Некои од помалите земјоделски домаќинства, со два или три хектари почва, или ја продаваат земјата или ја изнајмуваат на поголемите производители затоа што не можат да инвестираат во нова технологија и да купат опрема за современо земјоделство,“ раскажува тој.

„Стариот трактор стана вистински проблем, бидејќи веќе не работи добро и не успеваме да ги запазиме роковите или да произведеме доволна количина земјоделски култури.“

Нов трактор, подобри деловни можности

Со неговите 20 хектари земја, Милан се смета за средно голем производител, но и тој се соочува со тешкотии. За неговата работа, неопходно е да се поседува трактор, а тој кој го има семејството бил купен уште во далечната 1987 година. Милан се сеќава на радоста при првото возење на тракторот кога имал 12 години. Но, со времето, машината почнала да ја намалува својата ефикасност. „Стариот трактор стана вистински проблем, бидејќи веќе не работи добро и не успеваме да ги запазиме роковите или да произведеме доволна количина земјоделски култури,“ вели Милан.

Семејството знаело дека треба да инвестира во нов трактор, но тоа чини до 70000 евра и е особено скапа опрема за бизнис од нивната големина. Немале доволно средства за да инвестираат, а барањето заем во толкава висина е особено ризично и скапо на долгорочен период. Но, без нова опрема, нивниот бизнис можел да биде под сериозна закана.

Добиле зрак надеж кога Милан дознал за ИПАРД програмата за Претпристапна помош за рурален развој, финансирана од ЕУ, која го поддржува земјоделството во Србија и регионот. Со оглед на тоа што ги исполнувал критериумите, Милан одлучил да се пријави за поддршка. Барањето било успешно, а семејството добило можност да купи нов трактор.

“Со новиот трактор, кој го добивме со поддршка од ЕУ, можам да работам побрзо, побезбедно и да имам поквалитетни земјоделски култури.“

За проектот

Инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД), дел од инструментот за претпристапна помош (ИПА), се фокусира на земјоделско-прехранбениот сектор на овие земји и рурални подрачја. Преку оваа алатка, Европската Унија обезбедува финансиска и техничка помош за корисниците со цел овозможување одржливост за земјоделскиот сектор во насока со заедничката земјоделска политика на ЕУ.

ИПАРД програмата обезбедило поддршка за семејството на Милан со преку 50 % од вредноста за купување нов трактор. Семејството го покрило остатокот од сумата со заем од банката кој лесно го добиле како резултат на поддршката од ИПАРД, а благодарение на нивната заштеда. „Со новиот трактор, кој го добивме со поддршка од ЕУ, можам да работам побрзо, побезбедно и да имам поквалитетни земјоделски култури,“ вели Милан.

Милан има визија за понатамошно проширување затоа што има квалитетна земја и пристап до пазарот. Но, уште поважно, сега го има и новиот трактор „Steyr“ за кој сонувал уште како дете. „Сонот на секое дете кое живее во земјоделско домаќинство е да купи нов трактор. Тоа беше и мој сон. Со поддршка од ЕУ, мојот сон се оствари,“ вели Милан.

Премостување на празнината над реката Сава

Со поддршка од ЕУ, новиот мост помеѓу Хрватска и БиХ ќе биде вистинска пресвртница за локалните економии и пошироко, олеснувајќи ги врските помеѓу Западен Балкан и ЕУ.

Теран Мушиновиќ е возач на камион од Босна и Херцеговина (БиХ). Со години, често патува од Хрватска до другите држави во ЕУ пренесувајќи добра. Објаснува дека еден од најтешките делови од неговата работа е чекањето на границите. За него, најнапорен граничен премин во БиХ е Градишка. „На Градишка чекаме по шест, седум, а, понекогаш, и осум часа,“ вели Теран.

Градишка е град во северозападна БиХ, сместен на десната страна од реката Сава, наспроти едно друго мало гратче, Стара Градишка, кое се наоѓа, пак, во Хрватска. Во минатото, Градишка било мало и мирно место со неколку ретки посетители. Но, кога БиХ и Хрватска станале независни, градот се претворил во главен граничен премин меѓу двете држави. Денес, долги колони возила и фрустрирани возачи се честа глетка во Градишка, бидејќи патот кон границата минува, скоро два километри, низ градот; предизвикувајќи сообраќаен метеж и воздушно загадување.

„На времето, мостот беше изграден за да поврзува две гратчиња. Но, денес е граничен премин и тоа предизвикува проблеми и долги колони за чекање на границата и во градот Градишка.“

Мост помеѓу луѓето и економиите

Давор Вучковиќ работи како координатор во јавното претпријатие за автопати „Autoputevi“ во босанска Република Српска. Објаснува дека стариот мост, кој денес ги поврзува двете држави на граничниот премин кај Градишка, бил изграден во 1970. „На времето, мостот беше изграден за да поврзува две гратчиња. Но, денес е граничен премин и тоа предизвикува проблеми и долги колони за чекање на границата и во градот Градишка.“

Со поддршка од ЕУ, ситуацијата се променува. Како дел од инвестицискиот проект  Коридор „Vc“ – најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата, изграден е нов мост, со уште неколку прекугранични капацитети, надвор од урбаниот центар. Официјално поврзан во октомври 2021, мостот, кој се протега на 430 метри преку реката Сава, ги поврзува не само БиХ и Хрватска, но и регионот на Западен Балкан со ЕУ.

Модерните капацитети и подобрената инфраструктура се очекува да го намалат чекањето на границата на Рутата 2а, која се протега на околу 240 км; од Ласва (Зеница) во БиХ преку Бања Лука, до Окучани во Хрватска. Севкупно, мостот, прекуграничните капацитети, и дел од автопатот Рута 2а помеѓу Бања Лука и Градишка – веќе завршен во 2011, добија грант од ЕУ во вредност од 3,2 милиони евра, како и заем од 65 милиони евра од Европската инвестициска банка – органот за позајмување на ЕУ.

„Со веќе изградени 105 км во Република Српска и околу 115 км во Федерацијата на БиХ, со поддршка од ЕУ; БиХ поседува 200 км најнапредна автопатска мрежа со највисоки стандарди за безбедност за сите патни корисници.“

За проектот

Паневропскиот коридор „Vc“ во БиХ е првиот позначаен автопат и најголем инфраструктурен проект во историјата на државата. До денес, ЕУ инвестирала преку 225 милиони евра во грантови комбинирани со приближно една милијарда евра заеми преку Европската инвестициска банка, за изградба на 12 секции автопат на Коридорот „Vc“ во БиХ и еден прекуграничен мост.

Финансирањето се спроведува преку Инвестициската рамка за Западен Балкан; платформа за донаторски инвестиции, управувана од ЕУ, која собира грантови и имплементирачки партнери за финансирање кои го поддржуваат проширувањето на ЕУ и општествено-економскиот развој во регионот.

Како што Давор објаснува, благодарение на инвестицијата, приливот на добра и луѓе значително ќе порасне; со полесен сообраќаен проток и квалитетни врски кои, исто така, придонесуваат за зголемена безбедност. „Со веќе изградени 105 км во Република Српска и околу 115 км во Федерацијата на БиХ, со поддршка од ЕУ; БиХ поседува 200 км најнапредна автопатска мрежа со највисоки стандарди за безбедност за сите патни корисници.“

Но, не се работи само за подобри врски помеѓу БиХ и Хрватска. Новиот граничен премин ќе обезбеди и врска до пошироката транс-европска транспортна мрежа што претставува значајна пресвртница за локалната економија. За Теран и неговите бројни колеги ова значи дека, во иднина, камионскиот транзит кон ЕУ ќе биде побрз. Прекуграничниот премин ќе има и пошироко влијание – создавање нови работни места; како и буквално и метафорично овозможување за „градење мостови“ помеѓу прекуграничните заедници и култури.

По стапките на Мајка Тереза

Возобновување на планинскиот пат за аџилак, кој ги поврзува Косово и Северна Македонија, ги поттикнува локалните економии и заедничкото културно наследство.

Летница е село во североисточно Косово со помалку од 5000 жители. Меѓутоа, во текот на неколку недели на лето, бројот на жители во селото се искачува на околу 30000.Причината за ова е аџилакот кон статуата на Црната Мадона, Богородица од Летница.

Статуата е стара преку 300 години, а нејзината историја влечи корени од Скопје, престолнината на Северна Македонија. По повлекувањето на австриската армија од градот во XVI-ти век и враќањето на Скопје под османлиска власт, дел од католиците во градот пребегнале во Летница, земајќи ја со себе статуата на Црната Мадона. Во XIX-ти век, Фулгенцио Карев, архиепископ на Скопје, организирал годишно поклоненичко патување до Летница.

„Имајќи семејство со потекло од Призрен, во Косово, а растејќи во Скопје; детството на Мајка Тереза е совршен пример за заедничко културно наследство кое треба да ги поврзува луѓето од двете места и пошироко.“

Во август 1928 година, една од аџиите била младата Агнеза Гонџа Бојаџиу, која одела на поклоненичкото патување уште од седум годишна возраст. Агнеза била родена и живеела во Скопје, но, во Летница, на празникот на Вознесението на Дева Марија го чула повикот од Богородица од Летница – Црната Мадона; за да стане мисионерска калуѓерка и да им служи на сиромашните во светот. Истата година го напуштила Скопје за да им се придружи на калуѓерките од Лорето и отпловила во Индија под името Сестра Мариа Тереза.

Ослободување на културниот и економски потенцијал

Прекуграничниот пат за аџилак по кој патувала Мајка Тереза бил затворен и надвор од употреба со децении поради недостаток од одржување и затоа што луѓето започнале да доаѓаат во Летница со возила. Косовската фондација за културно наследство без граници и нивната партнерска организација; Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија во Скопје, заклучиле дека реставрацијата и повторното отворање на планинскиот пат би биле добра можност за промоција на културно наследство и економски развој на регионот, особено во врска со животот на Мајка Тереза.

Адеа Мекули е менаџер на проектот. „Мајка Тереза е позната ширум светот, но знаеме многу малку за младата Агнеза Гонџа Бојаџиу пред да стане позната,“ вели таа. „Имајќи семејство со потекло од Призрен, во Косово, а растејќи во Скопје; детството на Мајка Тереза е совршен пример за заедничко културно наследство кое треба да ги поврзува луѓето од двете места и пошироко.“

Неопходна поддршка од ЕУ

Идејата била поддржана од ЕУ, а истражувањето и собирањето информации за раниот живот на Мајка Тереза било една од главните компоненти на проектот „По патот на Мајка Тереза“; финансиран од програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија.

Освен реставрирањето и означувањето на патот за аџилак како пешачка патека, собирањето и објавувањето информации за раниот живот на Мајка Тереза, проектот придонел, исто така, и за реставрација на локалитетите за културно наследство; како, на пример, Музејот Мајка Тереза во Призрен, локалитетот за аџилак во селото Летница и манастирот Св. Пантелејмон во Горно Нерези во Скопје.

“Проектот ќе влијае на понатамошното културно образование на луѓето во прекуграничниот предел, а ќе придонесе и за економски развој во прекуграничниот регион.“

За проектот

Главната цел на проектот „Културна патека – По патот на Мајка Тереза“, финансиран од ЕУ, беше да ја зајакне соработката помеѓу организациите на граѓанското општество и другите организации во Косово и Северна Македонија преку признавање на заедничките вредности и здружен економски раст.

Адеа објаснува дека поддршката од ЕУ била неопходна за реализирање на проектот чие пошироко влијание ќе се почувствува ширум регионот. “Проектот ќе влијае на понатамошното културно образование на луѓето во прекуграничниот предел, а ќе придонесе и за економски развој во прекуграничниот регион.“

Сега, патот на Мајка Тереза е отворен за посетители кои сакаат да пешачат или да се придружат на аџилакот на автентичен начин, попатно учејќи за една од највпечатливите личности на дваесеттиот век.

Западен Балкан изобилува со можности за органско земјоделство

Проект, финансиран од ЕУ, ги поддржува пчеларите од Северна Македонија да преминат кон органско земјоделство.

Општината Кавадарци се наоѓа во тиквешкиот регион во Северна Македонија. Со помалку од 40000 жители; како и повеќето рурални подрачја во Западен Балкан, општината страда поради миграциите на младите и семејствата кои се населуваат во поголемите градови во потрага по подобар живот. Ваквата миграција е главната мотивација за отпочнување на проектот Инкубатор „Vitac“, финансиран од ЕУ, кој промовира органско пчеларство, бидејќи недостатокот на економски можности е клучната причина за миграција во големите градови.  Златка Милков е една од оние кои досега останале во Кавадарци. Дипломирала земјоделство, но неколку години работела како сметководителка. Во меѓувреме, сопругот на Златка, кој работи како електричар, одгледува пчели. „Никогаш не бев вистински заинтересирана за пчеларството; само му помагав на сопругот при пакувањето на медот кога производот беше целосно готов,“ вели Златка.

Меѓутоа, во 2020, нејзиниот сопруг дознал за програмата која нуди обука за производство на органски мед. Програмата ја обезбедува проектот „Vitac“, а истата е креирана и имплементирана преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од ЕУ. Златка имала повеќе слободно време затоа што во тој период не работела, па сопругот ја прашал дали би сакала да учествува во програмата. Неволно, прифатила.

„Научив многу работи, од биологија на пчели, па сè до интересни детали за производството на мед. Секој момент беше забавен и интересен.“

Органско пчеларство, идна бизнис прилика

Обуката траела девет месеци и вклучувала теориски и практични знаења за органско пчеларство. „Научив многу работи, од биологија на пчели, па сè до интересни детали за производството на мед. Секој момент беше забавен и интересен,“ вели Златка.

Во текот на една година, проектот обезбедил поддршка за 15 учесника; вклучувајќи жени и млади од регионот. За време на практичната обука, учесниците креирале 30 органски пчелни колонии кои потоа им биле дадени за да можат да започнат да ги прошируваат нивните бизниси со органски пристап. Оние кои учествувале добиле, исто така, и сертификат за органско пчеларство. Учесниците научиле дека органската храна, вклучително и органскиот мед, се одгледуваат без употреба на човечки направени пестициди и ѓубрива и не содржат генетски модифицирани организми (ГМО). Заради распространетото верување дека органската храна е побезбедна, похранлива и повкусна, им бил даден и пристап до развојниот пазар со висока вредност за органска храна ширум светот.

„Поддршката од ЕУ беше неопходна затоа што општините во регионот располагаат со средства за многу мали проекти. Со поддршката на ЕУ, бевме во можност да имплементираме далеку поголем проект и да ги исполниме потребите на локалната заедница со долготрајно влијание.“

За проектот

Главната цел на инкубаторот за органско пчеларство, „Vitac“, е да ја спречи емиграцијата и да придонесе за оживување на руралните заедници во општината Кавадарци. Проектните активности вклучуваат теоретска и практична обука, за целната група, во доменот на производство на органски пчелни производи и пчелни колонии.

Дополнително, преку основаниот информативен центар, земјоделците од општината Кавадарци добиваат бесплатни совети и насоки за претворање на нивното земјоделство во органски вид. Проектот беше имплементиран од Здружението за органски производители „Biovita“, финансирано од програмата на ЕУ „ReLOaD“, а ко-финансирано од Општината Кавадарци.

Билјана Георгиевска, менаџерка на проектот, објаснува дека проектот барал многу напор за да биде соодветно имплементиран, но, исто така, во голема мера, зависел и од посветеноста на учесниците. „Поддршката од ЕУ беше неопходна затоа што општините во регионот располагаат со средства за многу мали проекти. Со поддршката на ЕУ, бевме во можност да имплементираме далеку поголем проект и да ги исполниме потребите на локалната заедница со долготрајно влијание,“ вели таа.

Денес Златка е лидер на семејниот бизнис за пчеларство кој е скоро 100% органски. Во меѓувреме, семејството освоило прва награда за квалитетот на нивниот мед на годишниот натпревар во Тетово. „Размислувам, во блиска иднина, да отвориме продавница за органска храна. Ако успееме во замислата, тогаш, можеби, би можела, во иднина, целосно да се посветам,“ вели Златка.

„Конечно место кое можам да го наречам свое“

Програма, ко-финансирана од ЕУ, обезбедува нов дом и живот за хрватски бегалец во Србија.

Мира Михајловиќ (43 г.), пораснала со својата мајка, татко и помлад брат во село во близина на Карловац, Хрватска. Имала среќно детство и, во средно училиште, учела туризам, а сонувала да стане туристички менаџер. Нејзиниот живот целосно се променил со почетокот на војната во 1995 г. кога Мира имала 17 години. „Беше ужасно; не знаевме како да реагираме, но инстинктот ни велеше дека треба да заминеме, да бегаме,“ вели таа.

Па, Мира и нејзиното семејство побегнале. На почетокот, се придружиле кон бегалски конвој затоа што немале сопствено возило; им помогнал сосед кој имал трактор. Но, им снемало бензин, па морале да пешачат неколку дена. Додека се пробивале низ шумата, братот на Мира, кој имал само 13 години, се изгубил, па морале да се вратат назад. За среќа, го нашле, но Мира вели дека нејзиниот брат имал проблеми и кошмари некое време потоа заради лошото искуство.

„Немав верба дека ќе ми помогнат за да добијам свој дом. Всушност, воопшто не верував.“

Кога за првпат пристигнале во Србија, Мира и нејзиното семејство живееле во колективни центри за згрижување бегалци и работеле на полињата со пченка, чистеле куќи и цепеле дрва за да заработат за живот. По некое време, Мира се омажила, но бракот не бил успешен; па, две години подоцна се развела. Се вратила да живее со своето семејство. „Беше навистина мачно. Тешко се наоѓаше работа, а моравме да плаќаме кирија и да покриваме други трошоци,“ вели таа.

Повторно се отселила и, со својот мал син, се населила во селото Ратар, во близина на Обреновац. За среќа, нашла работа како хигиеничарка во училиштето во близина, но, сè уште било тешко да ја покрие киријата со својата плата.

Дознала од сосетка дека Регионалната програма за домување им помага на бегалци и луѓе кои ги напуштиле Хрватска и Босна и Херцеговина со проблемите за живеалиште. Одлучила да побара нивна помош иако била скептична дека би добила покрив над главата. „Немав верба дека ќе ми помогнат за да добијам свој дом. Всушност, воопшто не верував,“ вели таа.

Позитивна иднина на повидок

Регионалната програма за домување, чиј главен донатор е ЕУ, позитивно одговорила на барањето на Мира. Кажале дека можат да ѝ понудат стан или, пак, доколку поседува земја, проектот би ја поддржал во изградбата на куќа. Мира избрала трета опција преку која програмата ѝ помогнала да ја откупи куќата во која веќе живеела како потстанар.

„За првпат во мојот живот имам нешто свое. Навистина сум среќна и спокојна. Мирно заспивам навечер.“

За проектот

Регионалната програма за домување е заедничка иницијатива на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија. Програмата има за цел разрешување на ситуацијата со долготрајно раселување на најранливите бегалци и раселени лица по конфликтите меѓу 1991 и 1995 година во поранешна Југославија.

Врз основа на последните ветувања на меѓународната донаторска заедница, до крајот на 2022, Регионалната програма за домување би обезбедила трајно решение за домување на 11800 лица на најранливите семејства; односно 36000 лица во четирите партнерски држави. Целосната вредност на проектот изнесува 291 милион евра; од кои 237 милиони евра (80%) се финансирани од донатори на Регионалната програма за домување, а преостанатите 54 милиони евра (20%) доаѓаат од партнерските држави. Со 235 милиони евра, Европската Унија е главниот донатор на програмата.

Кога, најпосле, ја купила куќата, нејзиниот живот коренито се изменил на подобро заради олеснувањето од товарот на киријата. Со поддршка на Католичката служба за помош, успеала да изгради и стакленик во градината каде што сади зеленчуци кои потоа ги продава на локалното пазарче за дополнителен приход. „За првпат во мојот живот имам нешто свое. Навистина сум среќна и спокојна. Мирно заспивам навечер,“ вели Мира.

Мира вели дека е оптимист за иднината. Дел од нејзините планови вклучуваат отворање мала продавничка во бараката во нејзината градина, затоа што во селото нема продавница; па, на тој начин, би можела да обезбеди средства за подобра иднина за својот син. Сега, кога најпосле ѝ тргнала среќата, верува дека може да добие дополнителна поддршка од донатори за нејзината замисла.

Рециклирањето во мода во Косово

Затворање на јамката: проект, финансиран од ЕУ, воведува концепт за рециклирање текстил во Косово.

Во Косово е реткост да се налета на канти за селектирање отпад, а рециклирањето е најчеста појава меѓу собирачите на метал, картони или пластичен отпад од контејнерите, кои, потоа, истите ги продаваат. Но, благодарение на невладината организација „Let’s Do It Peja“, собирањето текстилен отпад стана популарно во Пеќ, град во западно Косово. Арба Шеху е млада и посветена еколошка активистка која заедно со своите колеги во невладината рано го идентификувале проблемот и одлучиле да придонесат за изнаоѓање решение. Денес, таа го раководи проектот.

Арба објаснува дека идејата за проектот дошла поради големиот волумен на текстилен отпад; а, притоа, јавните институции не развиваат одржлив начин и систем за негово собирање и управување со него ниту во Пеќ ниту, пак, во остатокот на Косово. Според неа, најголемиот дел од локалниот отпад завршува во легални или нелегални депонии од кои повеќето не ги исполнуваат основните еколошки и здравствени стандарди. „Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово,“ вели Арба.

 

„Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово.“

Создавање мода од отпадоци

Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започнал со работа во јануари годинава, со тоа што невладината  поставила пункт за собирање текстил во центарот на градот. На голема радост на проектниот тим, локалните жители позитивно одговараат на повикот за споделување текстилен отпад на пунктовите.

Проектот е заснован на концептот наречен „3R“ (Reduce, Reuse and Recycle – „Редуцирај, реупотреби и рециклирај“). Меѓутоа, покрај еколошкиот придонес, проектот има и економски аспект затоа што отвориле и продавница за облека на старо во која ги продаваат донираните парчиња облека кои се во добра состојба.

Арба верува дека долгорочен придонес е невозможен доколку младите генерации активно не се вклучат. Оттука, според неа и нејзините колеги, образовната компонента на проектот е најважна. Во соработка со уметничкото средно училиште во Пеќ, „Let’s Do It Peja“ отпочнале воннаставен курс за дизајн на кој младите ученици, под менторство на искусни модни дизајнери ангажирани од проектот, работат на дизајнирање и креирање нови парчиња облека од собраниот текстилен отпадок. Арба објаснува дека, за неа, ова е највозбудливиот дел од проектот: „Учениците се навистина посветени и смислуваат интересни и привлечни модели.“

„Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“

За проектот

Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започна со работа во јануари и ќе заврши во декември 2021. Севкупната мисија на проектот е да поддржи развој на општествени претпријатија во Косово и да го зголеми вработувањето на обесправените групи; главно, жени и млади, преку примена на концептите за циркуларна економија.

Илка Латифи е една од ученичките учеснички во воннаставниот курс започнат од проектот. Таа вели: „Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“

Проектот има за цел да биде самоодржлив и да продолжи со активностите дури и по истекување на финансирањето од ЕУ. Невладината организација „Let’s Do It Peja“ во моментов работи на регистрирање и отворање општествено претпријатие со името и концептот „3R“. На овој начин, целат да обезбедат одржливост преку претворање на проектот во претпријатие со долгорочен економски и еколошки придонес за заедницата.

Новото општествено претпријатие планира да вработи персонал кој ќе работи на дизајнирање и шиење на рециклираниот текстил, како и персонал за работа во продавницата за облека на старо. „На овој начин, сакаме да им помогнеме на луѓето во потреба; па, затоа, вработените во општественото претпријатие ќе доаѓаат, главно, од ранливите категории; како што се жените, младите и малцинствата,“ вели Арба.

Сараево на пат кон позелен и почист град

Преку финансирање од Европската инвестициска банка (ЕИБ), сараевската трамвај мрежа добива нови возила за првпат во 40 години.

Додека Сараево бил под австро-унгарско управување, градот се користел како тест-подрачје за нови изуми пред истите да бидат поставени во Виена. Сараевската трамвај мрежа била отворена како тест-линија на Нова година, во 1885; со што таа е една од најстарите трамвајски мрежи во Европа.

Трамвајската мрежа континуирано работела преку еден век и тоа во текот на исклучително тешки времиња; како, на пример, Првата и Втората светска војна. За време на опсадата на Сараево, помеѓу 1992 и 1995 година, трамвајската пруга и бројни возила биле сериозно оштетени; но, иако трамвајскиот превоз запрел во еден период на опсадата, услугата продолжила во април 1994. Оттогаш, трамвајската мрежа се соочува со тешкотии, а повеќето од возилата се стари приближно 40 години.

„Повеќето од трамваите што ги возам се истите со кои и јас самиот патував кога бев дете, пред 40 години!“

Намалување на метежот, зголемување на безбедноста

Хидајет Шариќ има 46 години. Преку 20 години работи како возач на трамвај за Сараевската трамвајска мрежа. Се сеќава на времето кога бил ученик и со трамвај патувал од дома до училиште. „Повеќето од трамваите што ги возам се истите со кои и јас самиот патував кога бев дете,“ вели тој. Хидајет објаснува дека последниот пат кога биле купени нови возила било непосредно пред Зимските олимписки игри одржани во Сараево во 1984 година.

Низ годините, градот купил половни трамваи и се трудел да ги одржува и надогради, но се далеку од квалитетот на трамваи кои се користат низ другите европски градови и пошироко. Хидајет објаснува дека, од време на време, со колегите имаат технички проблеми; особено кога трамваите се расипуваат и треба да ги влечат за одржување. Ова е особено опасна процедура затоа што трамвајот треба да се вози наназад; поминувајќи низ тешки кривини без добра прегледност кои претставуваат сериозен ризик за несреќа. Додава дека и искуството на патниците не е секогаш добро затоа што трамваите немаат климатизери.

Меѓутоа, на овие проблеми наскоро ќе им дојде крај благодарение на поддршката од Европската инвестициска банка (ЕИБ) – позајмувачкиот орган на Европската Унија; која обезбеди 40 милиони евра за модернизација на јавниот превоз во Сараево. Подобрувањата значително ќе ја зголемат безбедноста и ќе го намалат транспортниот метеж и воздушното загадување во главниот град на Босна и Херцеговина и околните општини.

„Новиот систем и возилата опремени со најнова технологија ќе ни помогнат да го зголемиме бројот на патници кои го користат јавниот превоз, да го намалиме транспортниот метеж и да создадеме почисто и позелено Сараево,“

За проектот

Европската инвестициска банка (ЕИБ) обезбеди 40 милиони евра за градската транспортна мрежа во Кантонот Сараево. Финансирањето, обезбедено по поволни услови, ќе овозможи модернизација и проширување на мрежата трамваи и тролејбуси преку промена на постоечките возила и изградба на нова трамвајска пруга. Се очекува воспоставувањето на поефикасен и посигурен јавен транспортен систем да овозможи премин на патниците од приватен кон јавен превоз.

Како резултат, проектот ќе помогне да се намали времето на патување, емисијата на стакленички гасови, нивото на врева и бројот на сообраќајни несреќи во Кантонот Сараево. Проектот ќе придонесе, исто така, и за исполнување на Стратегијата за Западен Балкан, на Европската Унија, како и постигнување на целите на Европската инвестициска банка поврзани со одржлив транспорт

Сараево, како и останатите градови во Западен Балкан, има сериозни проблеми со воздушното загадување. Ова е, делумно, резултат на зголемениот број возила за патување од дома до работа; особено за време на зимскиот период. Аднан Стета, министер за транспорт во кантонот Сараево, објаснува дека идејата за проектот за модернизација на јавниот превоз дошла од потребата да се намали воздушното загадување во градот. Тој ја поздравува инвестицијата и поддршката од Европската инвестициска банка. „Новиот систем и возилата опремени со најнова технологија ќе ни помогнат да го зголемиме бројот на патници кои го користат јавниот превоз, да го намалиме транспортниот метеж и да создадеме почисто и позелено Сараево,“ вели тој.

Поставување на косовскиот пат кон пазарите на ЕУ

Постигнување на марката за европски квалитет на производот ѝ помогна на една градежна компанија да пристапи кон меѓународните пазари и, истовремено, да ги подобри своите стандарди.

Градежната индустрија во Косово е во полн ек и, истовремено, е главен придонесувач за економски раст. Ова, главно, се должи на побарувачката за домување во главниот град Приштина, како и во останатите поголеми градови. Како што побарувачката расте, така расте и потребата од вешта работна сила и градежни материјали. Иако располагаат со доста производи, повеќето од градежните материјали се увезени, што создава негативен трговски баланс во Косово. Но, промената е на повидок!

Некои од домашните производители заклучиле дека можат да го зголемат својот пазарен удел преку подобрување на квалитетот на нивните производи со цел да ги исполнат стандардите на ЕУ, а тоа, пак, резултирало со отворање на пристапот до профитабилните пазари на ЕУ.

„Квалитетот на нашето бетонско поплочување соодветствува на оној во остатокот на ЕУ. Нашата компанија со години инвестира во технологија и внатрешни процеси со цел доведување на нашите производи на исто рамниште со стандардите на ЕУ.“

Запознајте се со Шалај, семеен бизнис кој оперира од Истог во западно Косово. Со години инвестирале во бизнисот за да можат, најнакрај, да добијат удел од градежната индустрија вредна милиони евра. Во Шалај отсекогаш тврделе дека нивните материјали за поплочување се со германски квалитет.

„Квалитетот на нашето бетонско поплочување соодветствува на оној во остатокот на ЕУ. Нашата компанија со години инвестира во технологија и внатрешни процеси со цел доведување на нашите производи на исто рамниште со стандардите на ЕУ,“ вели Ендрит Шалај, менаџер за контрола на квалитет во компанијата.

Достигнување на доказ за квалитет

Меѓутоа, компанијата Шалај успеала да го поткрепи своето тврдење со сертификат за квалитет дури во 2021. Со поддршка на проектот „Слободно движење на добра“ (Free Movement of Goods), финансиран од ЕУ, дознале што им било потребно за да ја добијат марката „CE“ (‘conformité européenne’ – „задоволување на прописите на ЕУ“), кратенка која се употребува за палета производи кои ги задоволуваат безбедносните стандарди на ЕУ. Проектот ја водел компанијата низ едногодишната процедура за проверка на сообразност за да докажат дека нивните производи ги задоволуваат барањата за добивање пристап до пазарот на ЕУ.

„Пресреќни сме што ја добивме марката „CE“ – нешто за кое со години работевме за да го достигнеме,“ вели Шалај за достигнувањето кое ќе го отвори патот кон зголемување на нивниот пазарен удел на домашниот пазар, а ќе отвори и нови меѓународни можности.

Но, учењето не запрело тука. Здобиеното знаење и искуство за процедурата на сертификација, домашните законски барања, како и оние на ЕУ, за градежни материјали, биле споделени со другите производители како дел од проектот. Еден од специјалистите вклучен во процесот потенцирал колку тоа може да претставува поттик за овој исклучиво важен сектор на економијата. „Проектот „Слободно движење на добра“ (Free Movement of Goods) покажа дека и за косовските компании е возможно да ја достигнат марката „CE“. Сега, владата и компаниите треба да ја продолжат работата,“ вели Адам Пини, специјалист од овој домен.

Споделувањето на знаењето и експертизата од страна на специјалисти како г. Пини, како дел од проектот, помогнало во голема мера да се подобри законската рамка за производи и да се обучат агенциите за спроведување со цел пазарот да биде побезбеден за работниците и корисниците. Процесот вклучил подготовка на законски текстови, усвојување на европските стандарди, акредитација на тела за оценување на сообразност, добивање сертификати за калибрација и обуки.

„Слободно движење на добра“ (Free Movement of Goods) покажа дека и за косовските компании е возможно да ја достигнат марката „CE“

За проектот

Целта на проектот „Поддршка за слободно движење на добра“ (Free Movement of Goods) беше да се развие квалитетна инфраструктура, пазарен надзор и права на купувачите во насока на подобрување на производните процеси и зголемување на квалитетот и безбедноста на производите.

Ова е дел од поширока цел за поддршка на косовската влада за креирање поодржлива деловна средина која ќе биде на исто рамниште со стандардите и законодавното тело на ЕУ – познати како ‘acquis’ („достигнување на правото на ЕУ“) – во согласност со барањата на Договорот за стабилизација и здружување.

 

Ова претставува дел од напорите на Косово да го хармонизира своето законодавство со законите на ЕУ и постепено да го развива слободниот трговски простор меѓу ЕУ и Косово каде што слободната циркулација на добра, услуги и капитал ќе биде двострано загарантирана. Косово и ЕУ го потпишаа Договорот за стабилизација и здружување (Stabilisation and Association Agreement (SAA)) во 2016 со кој ги поставија заедничките права и обврски.

Достигнувањата како, на пример, марката „CE“ за компанијата Шалај се јасен знак дека компаниите се поконкурентни, производите се подобри и побезбедни, а деловните партнери можат меѓусебно да си веруваат – вистински доказ за тоа како се поставуваат нови патишта меѓу Косово и пазарите на ЕУ.

„Кој си ти?“ – нова технологија за проверка на идентитет во Србија

Со поддршка на ЕУ, два универзитетски професори ја носат својата компанија за дигитален идентитет надвор од Србија.

Милош Милановиќ е професор по информациски технологии (ИТ) при универзитетот во Белград и коосновач на ИТ компанијата „Blinking“. Направил бројни работи во текот на својата кариера: бил музичар, водител на радио емисија, поштар, кратко пред да стане професор работел во градежната индустрија и, најпосле, станал претприемач. Единствена константа во неговиот живот останала љубовта кон технологијата и интересот како истата може да го промени светот. Како научник, своето истражување го посветил на дигиталниот идентитет и биометријата. Најпосле, со својот другар и колега-професор, Мирослав Миновиќ, одлучил да основа компанија која ќе му овозможи на општеството да ја направи крајната дигитална промена.

Идејата да основаат компанија дошла од заклучокот дека моменталниот модел на мануелно стекнување податоци и документи во физички простории или преку несигурни и непроверени дигитални канали е фаличен и старомоден. На пример, при поднесување на барање за одредена услуга, луѓето, честопати, оставаат копии од своите податоци или документи во рацете на секое лице преку кое нивното барање треба да помине. Милош и Мирослав знаеле дека ваквиот модел е склон кон прекршувања, кражби на идентитет и злоупотреба на приватни податоци и е скап од аспект на време и пари за поединците и организациите. Оттука, одлучиле да работат на веродостоен, безбеден и едноставен начин за проверка на идентитетот.

„Со години компаниите бараа начин да го насочат својот бизнис кон дигитална интеракција, но им недостигаа соодветни решенија.“

Крај на редовите пред банките

Во 2017, универзитетските професори Милош и Мирослав се прашувале кога најпосле ќе исчезнат редовите пред банкарските експозитури и луѓето би можеле да ја завршат својата работа само со еден клик. Милош вели дека развиле нешто што самите тие би сакале да го употребуваат. „Со години компаниите бараа начин да го насочат својот бизнис кон дигитална интеракција, но им недостигаа соодветни решенија,“ објаснува тој.

Дообјаснува дека иако имало очигледна потреба од производот на пазарот; препознаена од значајните носители на одлуки, имало и одреден отпор за негово внесување. „Едноставно, не беа подготвени,“ вели тој, па, двајцата професори презеле алтернативна акција за да го поттикнат пазарот да употребува дигитална идентификација. Еден од пристапите бил да ја внесат технологијата дел по дел, а другиот бил да ги промовираат бенефитите на технологијата за време на своите предавања и во презентациите, па, на тој начин, да влијаат за компаниите и чинителите да го користат нивниот производ.

Најнакрај, напорите се исплатиле и, денес, „Blinking“ е водечка компанија за проверка на дигитален идентитет не само во Србија, туку и во регионот. Но, нивните амбиции не запреле тука; сакале да го зголемат процентот на регионална продажба и да влезат на европскиот и светски пазар. За тоа, имале потреба од поддршка која пристигнала од програмата „PowerUP“, финансирана од ЕУ, а наменета за поддршка на малите и средни претпријатија во Западен Балкан со цел зголемување на нивната издржливост во време на КОВИД-19 и проширување на пазарното присуство.

„PowerUP“ беше одлична програма која нè обезбеди со корисни информации и вештини. Најважната компонента за нас беше поврзана со меѓународниот раст надвор од границите на Западен Балкан.“

За проектот

„PowerUP“ е слободна програма дизајнирана за мали и средни претпријатија и старт-ап компании кои се во потрага по нови начини за привлекување клиенти и сакаат да ги адаптираат своите бизнис модели, интересирајќи се, притоа, за надворешно инвестирање. Програмата беше основана од Светската Банка во ноември 2020 година, а е финансирана од ЕУ, во рамки на Фондот за развој на претпријатија и иновации во Западен Балкан, во соработка со водечката консултантска компанија „Deloitte“ која ја поддржува имплементацијата. Преку 200 компании од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија учествуваа во програмата; добивајќи тренинг насочен кон поддршка за нивниот раст и способност за привлекување инвестиции, како и зголемување на нивната издржливост за време на пандемијата КОВИД-19.

Програмата „PowerUP“, финансирана од ЕУ, обезбедила поддршка за „Blinking“ за надградба на бројни вештини: од управување со луѓе, до подобра комуникација со клиентите и маркетинг. „„PowerUP“ беше одлична програма која нè обезбеди со корисни информации и вештини. Најважната компонента за нас беше поврзана со меѓународниот раст надвор од границите на Западен Балкан,“ вели Милош.

Во моментов, „Blinking“ има 30 постојано вработени, како и други надворешни соработници. „Што се однесува до иднината, сакаме да изградиме нешто трајно. Но, знам, исто така, дека треба да бидеме и трпеливи. Дополнително, треба да веруваме дека иако доаѓаме од Западен Балкан, сепак можеме да станеме значаен меѓународен учесник на пазарот. Затоа и инвестираме, подобруваме и развиваме нови производи; дел од кои ќе излезат на пазарот при крајот на годинава. Па, затоа, следете нè на социјалните мрежи за да бидете во тек,“ вели Милош.