Skip to main content

Автор: WeBalkans

Запознајте ја познатата Мечка од Црна Гора

Драгоценото живеалиштето на кафеавата мечка се протега низ Црна Гора и Босна и Херцеговина. Работејќи во прекуграничен проект, научниците стекнале нови сознанија за овие иконски суштества. Борко има само пет години, но веќе е славен во Црна Гора. Лани, бил на сите црногорски медиуми и, сè уште, е набљудуван 24 часа на ден; исто како лик во ТВ реално шоу. Борко е мечка и, поради научни причини, е под надзор како дел од проектот „Bear in Mind“ финансиран од ЕУ. Борко бил фатен пред една година кога тимот научници од проектот му ставиле ланче со GPS-трекер и сателитски предавател пред веднаш да биде ослободен. Предавателот се состои од картичка која испраќа дури седум пораки дневно до контролниот центар, обезбедувајќи ги координатите на Борко. На овој начин, проектниот тим може да дознае повеќе за неговите движења, исхрана и други навики.

„Претходниот ден, осумпати го преплива езерото Плива кое е огромно езеро. Не бевме свесни дека млада мечка е способна за тоа.“

Јасмин Муриќ е координатор на проектот. Ги опишува изненадувањата што ги доживеале од движењата на Борко:  „Претходниот ден, осумпати го преплива езерото Плива кое е огромно езеро: одличен пливач е. Не бевме свесни дека млада мечка е способна за ова,“ вели тој. Опишува уште една карактеристична навика на Борко: поголем дел од времето го поминува во длабочините на кањонот на реката Сушица; можеби барајќи засолниште од студените зими, каде што воздушните струења се послаби. Прекугранична работа Бројот на мечки во пределот каде што живее Борко е далеку од минимумот одржлива популација, а се соочува и со бројни човечки закани. Ова се должи на тоа што Јасмин го опишува како претерана перцепција на ризик од напад на мечки, губење на живеалиштата поради урбанизација и климатски промени. Фрагментираното прекугранично управување било, исто така, проблем во минатото. Но, мечките не знаат за граници и затоа е особено важно партнерството со организации во Босна и Херцеговина; со цел споделување искуства и развивање заеднички планови. Со прекуграничната работа за набљудување мечки и управување со нивното живеалиште, Јасмин знае дека Борко и неговото пошироко семејство ќе бидат подобро. Со помош на податоците од GPS-трекерот на Борко, тимот на Јасмин работи на развивање интензивен десетгодишен план за управување којшто ќе обезбеди стратешки приод за подобра заштита на овој животински вид и нивното окружување. На пример, доколку Борко редовно ја напушта заштитената зона на Националниот парк Дурмитор, би можеле да предложат проширување на територијата на паркот. Ако забележат дека оди кон селата, би можеле да работат на мерки за зголемување на совеста меѓу локалното население за да се осигурат дека на мечките не им претстои опасност од стапици.  Со прекуграничната работа за набљудување мечки и управување со нивното живеалиште, знам дека Борко и неговото пошироко семејство ќе бидат подобро.

„Со прекуграничната работа за набљудување мечки и управување со нивното живеалиште, знам дека Борко и неговото пошироко семејство ќе бидат подобро.“ 

За проектот Проектот „Bear in Mind“ е имплементиран од Центарот за заштита и истражување на птици од Црна Гора во соработка со партнерски организации од Босна и Херцеговина. Проектот е финансиран од ЕУ во рамки на ИПА програмата за Прекугранична соработка 2014 – 2020. Градење добри резултати Овој проект не е само за Борко или кафеавата мечка. Тимот планира да фати и означи две локални видови птици – еребица камењарка и мал тетраб. На сличен начин, ова би помогнало да се добијат значајни сознанија за подобро да се разберат нивните навики и движења. Денес, Борко хибернира во своето дувло. Јасмин и неговиот тим очекуваат да се разбуди при крајот на април кога со нетрпение ќе очекуваат да продолжат со неговото следење. Јасмин објаснува дека информациите за видот на живеалиште кое мечките го користат за хибернација, како и времето поминато во зимски сон и моментот на излегување од истиот, се важни исто така. „Овие податоци можат да бидат значајни за нас за да дојдеме до одредени заклучоци за тоа како менувањето на климата се поврзува со сезонските навики на мечката.“

Велосипедизам низ историјата

Проект финансиран од ЕУ го поддржува враќањето во живот на велосипедска и туристичка линија стара еден век во Босна и Херцеговина. На крајот од 19-тиот век, Австроунгарското царство започнало изградба на пруга која би ги поврзала главните градови на централна Босна и Херцеговина. Работата започнала во 1981 и за неколку години луѓето од регионот можеле да патуваат со воз. За поголемиот дел од населението, ова било сосема ново искуство. Патувањето со воз било, исто така, извонредна можност за обиколка затоа што пругата поминувала низ планински кањони, средновековни замоци и прекрасни пејзажи. Линијата била во употреба цели 80 години сè додека властите на социјалистичка Југославија одлучиле, во 1976, да ја исклучат од употреба, затворајќи ги станиците и отстранувајќи ги пругите. Причината била градбата на нови патишта и зголемената употреба на моторни возила.

„Луѓето беа емоционално приврзани за пругата.“

Оживување Мирослав Матошевиќ живее во предградието на градот Травник. Неговата куќа е во близина на старата пруга и тој се сеќава како играл на неа и околу напуштената железничка станица како дете. „Луѓето беа емотивно приврзани за пругата. Се сеќавам на приказните за тоа како кога ја затвориле линијата, некои жени католици од регионот со месеци носеле црни марами во знак на жалост. Исто како и за член на семејството,“ вели тој. Денес, Мирослав е директор на Туристичката организација за кантон Централна Босна. Заедно со колеги и водечка партнерска организација, Агенцијата за развој РЕЗ, презеле иницијатива за оживување на пругата, но со различна цел. Работат на отворање 100 километарска велосипедска патека по должината на пругата и успешно аплицирале за поддршка од ЕУ и проект финансиран од германската влада. Целта на проектот „Old Rail Trail“ е да ја прошири понудата на туризам на отворено во регионот и да овозможи подолги престои за туристите кои ја посетуваат Централна Босна за време на летото. Прикажување на регионот Работата вклучува креирање велосипедска патека по должината на патот на старата пруга, меѓународна промоција на патеката и регионот, и вмрежување на бизнисите кои нудат услуги во систем погоден за велосипедизам. Миро е особено наклонет кон иновативен пристап кон третата компонента која подразбира креирање мобилна апликација за велосипедизам која би ги поврзувала велосипедистите и локалните бизниси – ресторани, хотели и други. Во замена за учеството во апликацијата, бизнисите ќе треба да имплементираат стандарди погодни за велосипедизам како, на пример, вело-паркинг, соблекувални за велосипедисти и попусти за велосипедисти.

„Неверојатно е колку многу луѓе беа среќни и нè пофалија кога им го објавивме започнувањето на проектот.“

За проектот Проектот „Old Rail Trail“ е поддржан од проектот „EU4Business“ на ЕУ и е имплементиран од Регионалната агенција за развој (РЕЗ) и Туристичката организација за кантон Централна Босна, како и „Nesa Sistem d.o.o. Travnik“. „EU4Business“ цели кон стимулирање на развојот на претприемништво, секторите ориентирани кон извоз, туризам и земјоделство во Босна и Херцеговина. Целосниот буџет за финансирање на програмата „EU4Business“ изнесува 16 милиони евра и е заеднички финансиран од ЕУ (15 милиони евра) и Федерална Република Германија (1,1 милион евра). Проектот е заеднички имплементиран од GIZ, ILO и UNDP, а се предвидува да заврши во март 2022. Патеката ќе се протега по истиот пат како и старата пруга и ќе проаѓа низ пет града во кантонот Централна Босна: Бусовача, Доњи Вакуф, Јајце, Травник и Витез. Велосипедистите ќе можат да направат пауза и да ги посетат овие градови и нивното културно наследство како, на пример, средновековниот замок Травник. „Неверојатно е колку многу луѓе беа среќни и нè пофалија кога им го објавивме започнувањето на проектот. Очигледно, покрај економскиот бенефит, постои и емоционална врска и сеќавање,“ вели Мирослав. Проектот „Old Rail Trail“ е поддржан од проектот „EU4Business“ на ЕУ и е имплементиран од Регионалната агенција за развој (РЕЗ) и Туристичката организација за кантон Централна Босна, како и „Nesa Sistem d.o.o. Travnik“.

Чествување на жени креативци

Запознајте ја Доника, визуелна уметница од Тирана која го зачувува сеќавањето на една стара куќа и нејзината бунтовна сопственичка која одбила да се предаде на незапирливиот бран на урбаниот развој. Мислим Шири е една од најпрометните улици во Тирана, престолнината на Албанија. Со децении била тивка станбена населба без продавници или кафулиња. Сето тоа се променило по падот на комунизмот во 90-тите; кога скоро сите куќи и станови ги претвориле своите приземја во комерцијални простори. Сите освен една. Ова е стан како многу други, но на приземјето, ниту една продавница или кафуле не оставиле стапка. Многумина секојдневно поминуваат крај него, а една од честите минувачи била Доника Чин; визуелна уметница која живее во Тирана. Била инспирирана да го инкорпорира просторот во својот уметнички перформанс.

„Имаше и, сè уште, има бројни гласини за Биа: нејзиниот живот, нејзините намери и душевна состојба. Нејзината одлука никогаш да не го продаде или изнајмува својот дом за комерцијални цели делува особено значајно.“

Сеќавањето продолжува да живее Доника била особено заинтересирана за една старица, сопственичката која редовно го чистела и бојадисувала екстериерот на своето приземје. Нејзиното име било Биа. „Имаше и, сè уште, има бројни гласини за Биа: нејзиниот живот, нејзините намери и душевна состојба. Нејзината одлука никогаш да не го продаде или изнајмува својот дом за комерцијални цели, како што многумина прават на улицата Мислим Шири, делуваше особено значајно,“ вели Доника. Во 2017, кога Доника започнала да работи на својот перформанс, дознала дека Биа починала. Куќата сè уште беше тука, но Доника не била сигурна уште колку време ќе остане така. „Морав да преземам нешто,“ вели таа, „за да го одржам во живот сеќавањето, пред куќата да се претвори во уште едно кафуле.“ Како дел од нејзиниот перформанс, Доника ги повторила, пред куќата, дневните ритуали за чистење на Доника. Перформансот бил снимен со три безбедносни камери и пренесуван во живо на монитор во изложбениот простор на галеријата Зета во Тирана. Нејзиниот перформанс имал за цел да ги испита прашањата поврзани со дневниот ритуал на Биа на чистење пред куќата: дали на тој начин Биа покажувала знак на протест кон запоставувањето од страна на градот?  Дали сметала дека просторот пред нејзината куќа е продолжување на нејзиниот личен простор? „Не можеме да ѝ ги поставиме овие прашања. Но, можеме да продолжиме да се запрашуваме за нашиот удел во јавниот простор; значењето на нашите совесни дела; влијанието врз сите нас од прикривањето на нашите ѕидови, бетон или дрва,“ вели Доника.

„Перформансот ќе го одржи во живот културолошкото сеќавање за градот и постапката на Биа како кревок и значаен индивидуален протест.“

За проектот Овие престои се замислени во рамките на долготраен проект, „Beyond Matter“; меѓународен, заеднички и истражувачки проект заснован на пракса, носејќи ги културата и културното наследство до работ на виртуелната реалност. Една од целите на проектот е развивање на нови решенија за пристапна дигитална документација и мрежно претставување на изложби кои моментално постојат или претходно постоеле, во физичкиот простор – вклучувајќи уметнички дела, артефакти и образовни материјали. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ (Creative Europe) на Европската Унија. Опстојување Екстериерот на куќата на Биа е, сè уште, недопрен, дури и пет години после нејзината смрт. Меѓутоа, потребна е дополнителна работа за да изгледа како кога Биа била сè уште жива. Неодамна, Доника презела иницијатива за надополнување на нејзиниот уметнички проект, преку работа на екстериерот на станот, како и негово снимање во 3Д; пред истиот да се претвори во бизнис, како другите приземја во соседството. За да ја продолжи работата на својот проект, Доника аплицирала за поддршка од уметничката резиденција во Тирана којашто е поддржана од фондови на ЕУ. „Перформансот ќе го одржи во живот културолошкото сеќавање за градот и постапката на Биа како кревок и значаен индивидуален протест,“ вели Доника. Повикот за престој бил започнат од „Tirana Art Lab – Центар за современа уметност“, „Tallinn Art Hall“ и „ZKM I – Центар за уметност и медиуми“, поканувајќи уметнички практичари и теоретичари да аплицираат за еден од трите престои во Карлсруе, Талин и Тирана.

Српските училишта се подготвуваат за дигиталното доба

Училиштата во Србија преминуваат кон дигитално образование со поддршка на Европската инвестициска банка. Затворањето на училиштата и универзитетите поради Коронавирусот погоди повеќе од 90% од светската ученичка популација во 194 држави. Владите мораа брзо да реагираат и да воспостават далечинско учење; повеќето усвојувајќи онлајн програми за учење. На овој начин, кризата го потенцира дигиталниот јаз не само помеѓу државите, туку и во нивната внатрешност; како и светската потреба за дигитална трансформација на образовната инфраструктура. Европската инвестициска банка (ЕИБ) со задоволство ја поддржа Србија на овој пат, а помошта на Банката значи дека сите училишта во Србија ќе бидат дигитализирани до крајот на 2021.

„Подобра дигитална инфраструктура ја подобрува ефикасноста на училиштето во итни случаи.“

Проект кој навремено ги задоволува потребите Кога Србија прогласи затворање во март 2020, часовите се преселија од училница на телевизиско плато. Министерството за образование, наука и технолошки развој започна да емитува образовни содржини, за основците и средношколците, на српските јавни државни телевизиски канали. Како многу други држави, Србија мораше сталожено да размисли и да се адаптира на „новото нормално“ преку креирање специјализирани содржини за различни одделенија. Меѓутоа, Србија ги подготвуваше дигиталните едукативни содржини од пред веќе две години. Министерството за трговија, туризам и телекомуникации заедно со Министерството за образование, започнаа со имплементација на нивниот проект „Поврзани училишта“ во 2019, со целосна проценета вредност од 111 милиони евра. Пред овој проект, имаше 2000 дигитално опремени училници низ Србија, но во 2019 бројот се искачи на преку 10000. Според Евростат, нивото на индивидуални дигитални вештини во Србија пораснало од 32% во 2015 на 46% во 2019.   

„До крајот на следната година, повеќе од 1800 поголеми училишта ќе бидат покриени со пристап до брз безжичен Интернет.“

Во врска со Европската инвестициска банка (ЕИБ) Европската инвестициска банка е органот за кредитирање на Европската Унија. ЕИБ е најголемата мултилатерална финансиска институција во светот и еден од најголемите обезбедувачи на климатско финансирање и инвестирање во одржлива иднина за сите нас. Лани, во ноември, ЕИБ одлучи да го поддржи овој проект со заем од 65 милиони евра. Денес, проектот ги модернизира основните и средни училишта во Србија со нова дигитална опрема и вмрежување. На овој начин, инвестицијата на ЕИБ ќе ја поддржи државната образовна стратегија на Србија и ќе придонесе за раст на продуктивноста, вработување на младите и развој на способноста за иновација на државата. „Пандемијата КОВИД-19 и општествените рестрикции предизвикаа строг застој во образовниот процес и систем. Овие невидени околности покажаа дека подобрата дигитална структура ја подобрува ефикасноста на училиштето во состојба на итни случаи,“ вели Изабел Стофел (Isabelle Stoffel), висок службеник за заеми при ЕИБ, кој работеше на договорот. Милан Добријевиќ го предводи секторот за дигитална агенда на Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија и работи на проектот уште од самиот зачеток. „До крајот на следната година, повеќе од 1800 поголеми училишта ќе бидат покриени со пристап до брз безжичен Интернет, додека останатите далечински ќе се поврзат со користење на мобилни широкопојасни единици,“ вели тој. Покрај дигиталната инфраструктура, проектот инвестира во обука на наставници на национално ниво. Вкупно, околу 50000 наставници од целата држава ќе ги подобрат своите дигитални вештини преку оваа обука. Почнувајќи од следната година, компјутерските науки ќе станат задолжителен предмет за првооделенците додека, пак, програмирањето ќе се воведе во трето одделение.

Бран на просперитет

Чистење на потонати бродови од Втората светска војна придонесува за побезбеден Дунав и зголемување на економијата на Србија. Дунав е втората најдолга европска река која тече низ десет држави. Нејзиното целосно течение во Србија (588 км) е пловно, но нејзиниот воден пат е значително потесен кај кањонот Џердап поради многуте потонати бродови при крајот на Втората светска војна. Во тој дел на Дунав, нагоре по течението на пристаништето Прахово, водниот пат е широк само 180 метри, а дваесет и трите потонати брода дополнително го стеснуваат протокот на само 100 метри. Оттука, проектот, поддржан од Европската инвестициска банка, за отстранување на потонатите бродови е од исклучителна важност, затоа што подводните пречки ја отежнуваат пловидбата; особено кога нивото на реката е ниско. Првиот дел од проектот е фокусиран на изнаоѓање соодветен начин за отстранување на мини и опасни супстанции од бродовите; како и наоѓање на нивната точна локација.

„Инвестицијата ќе го подобри речниот транспорт во Србија затоа што државата годишно губи сè до 5 милиони евра поради небезбедна пловидба во овој дел на Дунав.“

Побрза и побезбедна пловидба по Дунав Одредени делови од бродовите коишто повеќе од седум декади лежат на дното на Дунав ќе бидат изложени, а остатокот ќе се биде вратен во Германија. Чистењето на речното корито ќе ја направи пловидбата во овој дел на Дунав далеку побезбедна и побрза, а ќе биде, истовремено, и еколошко подобрување. Инвестицијата ќе го подобри речниот транспорт во Србија затоа што државата годишно губи сè до 5 милиони евра поради небезбедна пловидба во овој дел на Дунав, според поранешната министерка за Конструкција, транспорт и инфраструктура – Зорана Михајловиќ. Проектот за отстранување бродови ќе биде финансиран преку заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), со исклучително поволни услови, во соработка со Владата на Србија. „Начинот на којшто сакаме да работиме стреми кон враќање на безбедноста при пловидбата на Дунав: отстрануваме пречки, рушејќи ги видливите и невидливите бариери; во конкретниот случај подводно,“ вели Сем Фабризи, амбасадорот на ЕУ во Србија.  Европската интеграција е, пред сè, процес на мир и обединетост. Уште од основањето, ЕУ е фокусирана на надминување на пречките од минатото и прочистување на патот кон понатамошна интеграција. „Нашата заложба е насочена кон тоа Србија и целиот регион на Западен Балкан да бидат дел од оваа голема авантура,“ вели Фабризи.

„Секој еден во оваа држава е емоционално приврзан за оваа река која открива значајни приказни од минатото.“

Во врска со Европската инвестициска банка (ЕИБ) Европската инвестициска банка е органот за кредитирање на Европската Унија. ЕИБ е најголемата мултилатерална финансиска институција во светот и еден од најголемите обезбедувачи на климатско финансирање и инвестирање во одржлива иднина за сите нас. Европската инвестициска банка во Србија е активна од 1977, со инвестиции од преку 6 милијарди евра во најразлични проекти. Најголемиот дел од средствата, скоро 40% (2,1 милијарди евра), се инвестирани во транспортни проекти, со 165 милиони евра инвестирани во енергетскиот сектор. Реката претставува, исто така, непроценлив извор на енергија, храна и вода за пиење; сочинувајќи 22% од енергетското снабдување на државата. Истовремено, се протега ширум клучна пловидбена рута, нудејќи економични транзит можности како за регионалните, така и за пазарите на ЕУ. Дубравка Негре, директорка на Европската инвестициска банка во Западен Балкан, вели дека овој проект не само што е значаен за економскиот развој на Србија, но е, исто така, и од голема историска важност. „Секој еден во оваа држава е емоционално приврзан за оваа река која открива значајни приказни од минатото,“ вели таа. Негре додава дека преку својот придонес за развивање на меѓународни економски врски, реката ги поврзува и луѓето на Балканот, кои споделуваат заедничко минато. Денес, после бројни декади, тие можат да се сретнат на ист пат кон нов, заеднички пазар со европски вредности и перспективи за подобро утре.

Заобиколување на пандемијата КОВИД-19

И покрај пандемијата КОВИД-19, изградбата на новиот автопат во Босна и Херцеговина продолжува благодарение на грантови од ЕУ, финансирања од банката на ЕУ и одбивање за откажување. Луѓето од Западен Балкан знаат како да продолжат, дури и во тешки времиња. Но, вчудовидувачки е како, и покрај економските и општествени тешкотии предизвикани од пандемијата КОВИД-19, изградбата на новата транспортна артерија во Босна и Херцеговина продолжува. На овој начин нерамниот терен ќе се трансформира во модерен и елегантен автопат кој ќе донесе бројни придобивки не само за патување, туку и за безбедност на патот. Непрекинатата работа на овој голем и значаен регионален автопат, познат како Коридор Вц (Corridor Vc), е овозможена благодарение на мерките за претпазливост применети од страна на авторитетите во Босна и Херцеговина и градежните компании кои воведоа ригорозни безбедносни протоколи и заштитна опрема. Здравјето на градежните работници секојдневно се надгледува, а градилиштето постојано се дезинфицира. Целта на овие напори е да се обезбеди непрекинато одвивање на работата, задржување на работни места и постојани примања за луѓето ангажирани на овој проект.

„Максимално се обидуваме да ја реорганизираме работата и да продолжиме со неа како во нормални услови“

Побрзо патување за 1,5 милиони луѓе Извонредно тешка работа е да се обезбедат соодветни здравствени и безбедносни мерки и рестрикции, истовремено овозможувајќи и навремено снабдување со залихи на градежни материјали и резервни машински делови. Пандемијата КОВИД-19 ги наруши ланците на набавка и производство на глобално ниво. Поддршката на ЕУ е навистина неопходна за Западен Балкан затоа што овозможува лесна циркулација на добра во регионот и ЕУ за секаков вид проекти, вклучувајќи ја и изградбата на Коридор Вц. „Максимално се обидуваме да ја реорганизираме работата и да продолжиме со неа како во нормални услови,“ вели Семир Муслиќ, надзорник на една од градежните компании која работи на тунелот „Иван“. Важноста на оваа амбициозна инвестициска програма е далекусежна. Коридорот Вц е еден од најважните транспортни проекти во регионот, поврзувајќи ја Босна и Херцеговина со Унгарија, источна Хрватска и Јадранско Море. Европската инвестициска банка инвестираше 631 милион евра во изградбата на 102 километри од овој коридор.

„Европската инвестициска банка е посветена на долгорочен и одржлив развој на Босна и Херцеговина.“

Во врска со Европската инвестициска банка Европската инвестициска банка е органот за кредитирање на ЕУ. ЕИБ е најголемата мултилатерална финансиска институција во светот и еден од најголемите обезбедувачи на климатско финансирање и инвестирање во одржлива иднина за сите нас. Средствата од Европската инвестициска банка се надополнети со преку 200 милиони евра во форма на грантови на ЕУ, обезбедени во рамки на иницијативата „Connectivity Agenda“. Средствата се канализираат преку инвестициската рамка за Западен Балкан; механизам кој комбинира грантови и финансирање на спроведувачкиот партнер со цел да се обезбеди поддршка на ЕУ за проширување и општествено-економски развој во регионот. „Европската инвестициска банка е посветена на долгорочен и одржлив развој на Босна и Херцеговина и горди сме на нашата улога на еден од водечките инвеститори во патната инфраструктура на земјата,“ изјави Матео Ривелини, одговорен за кредитирање на Хрватска, Словенија и Западен Балкан во банката на ЕУ. Поврзувањето градови, региони и држави создава цела низа можности за општествено-економски раст, вработување и регионален трговски проток. Модерните патишта носат зголемена безбедност, пониска стапка на несреќи и пониски превозно-оперативни трошоци. 1,5 милиони луѓе кои живеат ширум коридорот Вц сега имаат пристап до нов автопат кој го преполовува нивното време на патување. Побезбедни, побрзи, поефикасни и паметни транспортни мрежи се предуслов за создавање на доследен и интегриран пазар на регионот, но и потреба за подобри животни услови за луѓето од Западен Балкан. Ова нема да го спречи дури ни корона вирусот.

Списание од и за српската младина

Основан од млади медиумски професионалци фрустрирани од недостатокот на платени можности во доменот на новинарството, Облакодер брзо се поставува како глас за младината во Србија. Пред три години, група млади новинари во Србија се соочувала со сериозни тешкотии за влез на пазарот на труд после дипломирањето. Повеќето медиумски куќи нуделе само неплатени стажирања и волонтерска работа. Фрустрирани од недостатокот на можности, групата одлучила да основа списание од и за млади луѓе, насловено Облакодер. Марина Зец, главна уредничка на Облакодер, го избрала името на списанието додека била во кафуле заедно со уште еден од основачите. „Заедно со остатокот од тимот веќе го имавме смислено целиот проект, единственото нешто што недостигаше беше името“, се присетува Зец. „Одлучивме да не го напуштиме кафулето сè додека не смислиме име.“ Зец објаснува дека зборот „облакодер“ доаѓа од „облак“ и потсетува, истовремено, на идејата да се биде со главата во облаци како и на модерен град полн со облакодери. Ваквата идеја била инспирација и за изгледот на веб страницата којашто, исто така, е во форма на облакодер.

„Ние [младите] сме, најчесто, преставени како светци или ѓаволи, не постои средина. Сакавме да дадеме една понијансирана перспектива.“

Уште од својот зачеток, главната цел на Облакодер е да го предизвика начинот на којшто младите се претставени во српските медиуми. Најчесто сме преставени како светци или ѓаволи, не постои средина. Сакавме да дадеме една понијансирана перспектива,“ објаснува Зец, која работи во доменот на новинарство и односи со јавноста уште од 19 години. Содржината на списанието вклучува млади Срби, уметници и активисти како начин на предизвикување на постоечкиот стереотип. На овој начин, списанието брзо го привлекло вниманието како на младите читатели, така и на новинарите почетници. Од волонтерски тим до овозможување платени можности за млади новинари „Кога почнавме, не знаевме навистина што правиме,“ признава Зец. „Но, бевме одлучни да бидеме професионални. Усвоивме строги новинарски вредности на објективност, професионалност и постојано проверување на изворите, сето тоа со фокус на креирање интересни содржини за помладата публика.“

„Усвоивме строги новинарски вредности на објективност, професионалност и постојано проверување на изворите, сето тоа со фокус на креирање интересни содржини за помладата публика.“

Во врска со Европскиот фонд за демократија Европскиот фонд за демократија (ЕФД) е независна организација која обезбедува грантови; основана во 2013 од страна на Европската Унија и земјите-членки на ЕУ со цел поттикнување демократија во Европското соседство, Западен Балкан, Турција и пошироко. ЕФД поддржува граѓански организации, продемократски движења, граѓански и политички активисти, како и независни медиумски платформи и новинари чија работа се стреми кон плуралистички, демократски политички систем. Во почетните месеци, парите биле навистина лимитирани, па тимот работел на волонтерска основа; работејќи постојана работа преку ден, а навечер посветувајќи се на Облакодер. „Поддршката на Европскиот фонд за демократија (ЕФД), добиена минатиот март, беше вистинско спасување за нас,“ изјавува Зец, потенцирајќи како финансирањето на ЕФД му овозможило на списанието да купи нова опрема и да изнајми канцелариски простор; давајќи им финансиска стабилност да можат да направат долгорочни планови за развој. Облакодер сега може да смета на својот персонал од 15 новинари, од кои една третина работат со постојано работно време.  Списание кое е во допир со младите во Србија Повеќето од читателите на Облакодер се на возраст помеѓу 23 и 35 години, односно милениумци кои се борат да го најдат своето место во светот и во Србија, каде што стапката на невработеност помеѓу младите се искачува и до 30 проценти, а достапните работни можности не се во согласност со нивото на образование на бројни млади луѓе. Денес, Облакодер брои помеѓу 40 000 и 50 000 читатели секој месец и 13 000 следбеници на Инстаграм. „Од нашето мониторирање можеме да забележиме дека луѓето целосно ги читаат нашите статии. Особено сме горди што читателите не ги читаат површно статиите, туку се навистина заинтересирани за тоа што имаме да го кажеме,“ вели Зец. Причината за овој успех, според Зец, е тоа што тимот пишува за релевантни проблематики, наместо за број на кликови. Иако проектот започнал како списание за уметност и животен стил, Облакодер го проширил својот дијапазон и сега покрива тематики како човекови права и инклузија на малцинства и луѓе со инвалидитети. “Навистина сме горди дека нешто што пред неколку години беше само идеја, денес прерасна во реалност,“ вели таа.

Филмски фестивал кој носи 50 000 посетители во малечок град во Косово

Од своите скромни почетоци, филмскиот фестивал за документарни и краткометражни филмови, „Докуфест“, стана еден од најпознатите филмски фестивали во регионот. Идеја, сума од 1000 евра и пасија да се донесе живот во нивниот малечок град е сè што било потребно за неколку филмски-љубители ентузијасти од Призрен, Косово, да го започнат еден од денес најпознатите филмски фестивали во регионот – „Докуфест“. В година, „Докуфест“ ќе го слави својот дваесетти роденден. Во меѓувреме, фестивалот стана еден од квалификационите фестивали за наградите на Британската академија за филм и телевизија („BAFTA“), а во последните две години бил дел од листата „25 најкул филмски фестивали во светот“ на магазинот „MovieMaker“. Ветон Нурколари е еден од основачите на фестивалот. Тој се присетува: „Беше веднаш по војната и имавме потреба да донесеме културна енергија во градот. Размислувавме да организираме филмски фестивал, но, да бидам искрен, немавме идеја како да го направиме тоа. Бевме, од прилика, десетмина и ниту еден од нас немаше искуство со организирање на филмски фестивал. Всушност, никој од нас, на времето, не беше посетил филмски фестивал! Меѓутоа, одлучивме да се обидеме.“

„Преку својата селекција и финансиски механизми, ЕУ нè идентификува како активност достојна за поддршка, па, затоа, можеме само да ја изразиме нашата искрена благодарност.“

Мали почетоци За првото издание, собрале сума од околу 1000 евра од донаторски организации, еднаков паричен придонес кој самите го донирале и позајмиле аматерски филмски проектор од професор по филм. Успеале да соберат 32 краткометражни и документарни филмови, во најголема мера, од околните држави. Фестивалот бил подготвен за старт. Неколку дузини гости, главно филмски професионалци, ја проследиле филмската недела. Во текот на следните пет години, целата работа на фестивалот била на волонтерска основа, а основачите, честопати, морале финансиски да придонесуваат за да го одржат фестивалот. Нивните напори се исплатиле. Денес, „Докуфест“ носи, секоја година, приход од околу 5 милиони евра во градот и, отприлика, 50 000 филмски љубители учествуваат на еднонеделниот фестивал. Ова е огромен придонес за економијата на град со 80 000 жители. Во изминатите 20 години, фестивалот придонел, исто така, и за пошироката слика на Косово; и тоа преку статии во весници како „The Guardian“ и репортажа во врска со фестивалот, долга десет страници, објавена во магазинот на Lufthansa“. Меѓутоа, финансирањето е, сè уште, предизвик. Ветон зема за пример други филмски фестивали како, на пример, Берлиналето кое се одржува со буџет од околу 30 милиони евра или, пак, филмскиот фестивал во Сараево, кој располага со годишен буџет од 2 до 4 милиони евра. Во споредба, неодамнешниот буџет на „Докуфест“, во висина од 400 000 евра, изгледа малечок. „Се разбира, ова е огромен пораст во споредба со почетниот буџет, но не е доволен за да се организира филмски фестивал од глобален карактер,“ вели Ветон. „Сакаме да продолжиме со воведување иновации на фестивалот, но, за тоа, потребно ни е да имаме буџет од најмалку 700 000 евра, па сè до 1 милион евра, годишно.“ Меѓународните донатори, вклучително и Европската Унија, како и приватниот сектор, засега се најпроминентните поддржувачи на филмскиот фестивал. Ветон објаснува дека поддршката на ЕУ била особено важна. ЕУ обезбедува константна поддршка за фестивалот. Нè поддржа преку финансирање за изградбата на новата кино-сала, како и за бројни помали проекти,“ вели тој. Ветон, исто така, ја истакнува и тренинг програмата за млади филмаџии. Проектот бил инициран со поддршка на програмата на ЕУ наречена Европски инструмент за демократија и човекови права (European Instrument for Democracy and Human Rights (EIDHR)). Проектот започнал во 2013, имајќи за цел да промовира соработка меѓу заедниците и меѓуетнички односи во Косово преку визуелно раскажување приказни од страна на млади луѓе од различни заедници и етникуми. Дури и откако, во 2015, финансирањето на проектот завршило, тренинг програмата продолжила и биле обучени седум млади генерации, кои создале преку 70 филма. Некои меѓу нив денес се натпреваруваат на значајни филмски фестивали ширум светот. „Преку својата селекција и финансиски механизми, ЕУ нè идентификува како активност достојна за поддршка, па, затоа, можеме само да ја изразиме нашата искрена благодарност,“ вели Ветон.

„Можноста да се обезбеди, преку својата работа, среќа за толку многу луѓе е нешто неспоредливо. Се надевам дека, во претстојните години, фестивалот ќе продолжи со истата пасија и позитивна енергија.“

Можеби изминаа дваесет години, но фестивалот очекува уште бројни години во иднина. „Беше извонредно патување кое ги надмина моите најлуди сонови,“ вели Ветон. „Можноста да се обезбеди, преку својата работа, среќа за толку многу луѓе е нешто неспоредливо. Се надевам дека, во претстојните години, фестивалот ќе продолжи со истата пасија и позитивна енергија. Секој грам од нашиот напор беше целосно вреден.“ Наследство кое се пренесува на помладите генерации Само двајца од основачките членови остануваат дел од управувањето на фестивалот, а Ветон е горд на тоа: „Нашата цел беше да инволвираме што е можно повеќе млади во управувањето на фестивалот. Сегашната директорка на фестивалот ни се приклучи, како волонтерка, пред многу години; а денес, таа е менаџерка на целото претпријатие.“

Претворање на Кањонот Тара во меѓународна туристичка дестинација

Претприемач од Босна и Херцеговина го претвори Кањонот Тара во извор на примања за земјите поврзани со реката. Кампот за сплаварење „Encijan“ е сместен во Кањонот Тара кој ја поврзува Босна и Херцеговина со Црна Гора. Кањонот се смета за еден од најубавите во Западен Балкан, а кампот, пак, е еден од најспецифичните во кањонот. Со сместување во дрвени куќарки, традиционална кујна, тераса над реката и воодушевувачка природа, кампот е, преку 15 години, омилена дестинација за љубителите на сплаварење и одмор во природа. Од хоби до сериозно деловно претпријатие Милан Шупиќ, од околниот град Фоча, е сопственик на кампот. Уште пред 20 години, сплаварењето било негово омилено хоби, но, потоа, одлучил да го претвори во бизнис. Одлуката целосно го променила неговиот живот, а создала, исто така, и нов извор на примања за бројни граѓани во неговиот роден град. „На почетокот, бизнисот не тргна најдобро. Но, во следните четири-пет години, кампот стана сериозно деловно претпријатие. Кога правиш нешто што сакаш, успехот е неизбежен,“ вели Милан.

„На почетокот, бизнисот не тргна најдобро. Но, во следните четири-пет години, кампот стана сериозно деловно претпријатие. Кога правиш нешто што сакаш, успехот е неизбежен.“

Милан објаснува дека кога одлучил да го основа својот бизнис, немало ништо на местото. Денес, Кањонот Тара е позната дестинација за љубителите на сплаварење во Западен Балкан. Оттогаш, се создале дваесет и пет нови кампови околу кањонот. Во секоја од изминатите две години, кањонот го посетиле приближно 50 000 туристи. Регионот нуди, исто така, авантуристички туристички активности, вклучувајќи кањонинг и планинарење низ природните убавини на Сатеска и националниот парк Дурмитор. Милан објаснува дека посетителите најчесто остануваат пет дена за да уживаат во целосниот пакет. Ги поминуваат ноќите со традиционална храна, пијалаци и логорски оган, а преку ден одат на сплаварење или уживаат во друг вид на авантуристички туризам. Но, како и повеќето претпријатија кои започнуваат со работа во Западен Балкан, бизнисот на Милан донел свои предизвици. Милан се сеќава како, пред 20 години, немало соодветен пат кој водел до кањонот. Единствениот пат да се стигне дотаму водел преку густа шума или, пак, друга опција било да се патува со брод. „Кога одлучив да го изградам кампот, морав сите материјали најпрво да ги транспортирам од другата страна на границата со Црна Гора, па, оттаму, со брод, да ги префрлам до точната локација на кампот,“ вели тој. Денес, асфалтираниот пат овозможува да се стигне до кањонот со кола или минибус, но зголемениот број на посетители барал да се направат подобрувања во поглед на безбедност на посетителите и информациските услуги.

„Проектот постави нови ориентациски знаци ширум патот; дополнително, се поставија клупи и идентификувана панорама. Ова се, можеби, мали но, несомнено, важни елементи за една меѓународна туристичка дестинација како Кањонот Тара.“

Проектот Т.А.Р.А. е финансиран како дел од програмата за прекугранична соработка „BiH-MNE 2014-2020“. Водечки партнер е општината Плужине од Црна Гора, а останати партнери се природниот парк Пива, општината Фоча и туристичката организација на општината Фоча од Босна и Херцеговина. Поддршка на ЕУ за побезбедно и побогато туристичко искуство За да се остварат овие предизвици, поддршката од проектот Т.А.Р.А. (T.A.R.A. – Tourism, Adrenaline and Rafting Adventure), финансиран од ЕУ, дошла точно на време според Милан. Тој објаснува дека по изградбата на новиот пат, бројот на посетители кои патуваат со сопствено возило се зголемил. Патот не бил означен, па некои од нив се губеле или пристигнувале со задоцнување. Благодарение на проектот, патот е сега соодветно означен; со клупи и панорамни точки ширум патот. Останати инфраструктурни подобрувања се во тек. Плановите вклучуваат изградба на платформи за сплавови на точките за пристигнување и некои пониски точки, како и пловечка платформа на езерото Пива, опсервациски платформи за набљудување на природата и патеки за качување по карпи. Проектот придонесува, истовремено, и за подобрување на безбедносните протоколи за посетителите; и тоа со зголемена координација на услугите за спасување на двете страни од границата, развивање на заеднички безбедносни процедури со заеднички вежби за итен случај и вежби за спасување, како и набавување на опрема за спасување.

83 годишна волонтерка-херој од Србија

Даница Шмиц од Србија придонесува како волонтерка одржувајќи контакт со стари лица кои имаат потреба од помош за време на пандемијата КОВИД-19. Даница Шмиц е родена во Белград во 1937 година и го преживеала бомбардирањето на градот криејќи се во подрумот на зградата во којашто живеела со своите родители. Таа е пензионирана наставничка по математика и физика и има два сина; но, истовремено, е и волонтерка-херој, со искуство од преку 50 години добротворна работа, помагајќи им на луѓето во неволја. „Волонтирањето е едно од моите најголеми задоволства. Обожавам да посетувам самци, за да не се чувствуваат осамено или заборавено,“ вели Даница, која во 1970 завршила курс за болничарка-волонтер во Црвен Крст и оттогаш не запрела активно да учествува во јавниот живот – во време на војна и мир. „Ако сакаме овој свет да биде подобро, поправедно и почовечно место за живот, првиот чекор е волонтерството; да си помагаме еден на друг, и тоа не само за време на пандемија или, пак, поплави. Ова би требало да биде составен дел од нашите животи.“ Даница останала активна за време на пандемијата КОВИД-19: пишува и објавува и останува во контакт со стари лица во потреба од помош или, пак, лица кои се чувствуваат осамено, исплашено или отфрлено од заедницата.

„Старите лица не се товар за општеството: општеството може да има корист од нив.“

Низ повеќе од половина век активизам и волонтерство, Даница е борец за правата на старите лица: „Старите лица не се товар за општеството: општеството може да има корист од нив, но меѓугенерациската солидарност е особено важна, а ова стана дотолку поочигледно за време на пандемијата со Коронавирусот. Коронавирусот не нè спречи да си помагаме едни на други, и сè уште успеавме да волонтираме, но на различен начин, а меѓугенерациската солидарност ни помогна меѓусебно да контактираме и да научиме едни од други.“ Даница вели дека секој мора да го најде својот „внатрешен волонтер“ и, најмногу што може, да им помага на луѓето во своето соседство. Семејството и училиштето се особено значајни кога станува збор за градење на овие навики кај децата и младите: „Сметам дека треба да има часови за волонтерство и солидарност и дека луѓето треба од рана возраст да се вклучат во вакви активности. Ние сме нација полна со љубов, нација која знае како меѓусебно да си помогне, но, исто така, имаме навика лесно да забораваме.“

„Толку сум среќна за сликата што немам зборови. Со успехот и пофалбата доаѓа уште поголема радост, но и поголема одговорност. Сево ова инспирира и е, истовремено, поттик за да се продолжи со работа.“

Овој проект е финансиран преку проектот од поголем обем насловен „Приоритетна акција за родова еднаквост“ – имплементиран во соработка со Делегацијата на ОН и ЕУ во Србија, имајќи за цел да ги зајакне административните капацитети за родова еднаквост и да мотивира напредок во имплементацијата на националните и заложбите на ЕУ за родова еднаквост преку родова интеграција.     Даница се појавила на слика насловена „На автобуска станица – волонтерка на својот пат да посети старо лице во потреба од помош“ која освоила прва награда во категоријата „Најдобар ЕУ фото проект“ во рамки на натпреварот „Човек во фокус“, организиран од страна на Делегацијата на ЕУ во Србија во соработка со National Geographic Serbia“. Фотографијата била доставена од проект наречен „Зголемено учество на стари жени во јавниот и политички живот“, имплементиран од Здружението за граѓанско пријателство во соработка со организацијата „FemPlatz“. Даница вели: „Толку сум среќна за сликата што немам зборови. Со успехот и пофалбата доаѓа уште поголема радост, но и поголема одговорност. Сево ова инспирира и е, истовремено, поттик за да се продолжи со работа.“