Skip to main content

Автор: WeBalkans

Заштита на живеалишта кои се добри за луѓе, растенија и животни

Подобреното управување со заштитените подрачја во Албанија резултира со намалување на губитокот на биодиверзитет

Скадарското езеро е најголемото езеро на Балканскиот полуостров. Езерото се протега низ северна Албанија и ширум границата со Црна Гора. Како природен резерват, се работи за едно од најбогатите подрачја со биодиверзитет во Европа; со изобилство на риби и птици кои можат да се најдат само тука. Езерото игра важна улога и како транзит-подрачје, односно како познатиот „Јадрански премин“ за стотици илјади птици преселници.

Но, веќе подолго време, овој богат природен живот е под ризик на човечки создаденото загадување и експлоатација. Притоа, имаше потреба за интервенција и експертиза за воведување на најдобрите практики од ЕУ кои резултираа со првиот План за управување со Скадарското езеро.

„Со помош од ЕУ, започна нова ера на чисто управување со заштитените подрачја.“

Одржливо управување на заштитените подрачја

Планот за управување беше изготвен од Националната агенција за заштитени подрачја, а имплементиран од Регионалната администрација за заштитени подрачја. Аге Мартини, главен регионален администрациски надзорник во Скадар, потврдува дека планот бил пресвртница во пристапот на вработените кон заштитената средина и обезбедување на посакуваните резултати. „Вработените во нашата регионална канцеларија сега имаат јасна идеја за протоколите кои треба да се следат во подрачјето и знаат како треба да се употребува новата опрема за да се изготвуваат извештаи за флората и фауната,“ вели таа.

Имплементацијата на планот започнала со помош на ЕУ која придонела со знаењата и вештините на искусните земји-членки на ЕУ. Нивната поддршка варирала од надзор на дивата природа, обуки и градење на капацитети, па сè до развивање врски со заедниците кои живеат во заштитените подрачја, како и обезбедување професионална опрема која вработените ја користат за извршување на нивната работа. „Со помош од ЕУ, започна нова ера на чисто управување со заштитените подрачја, бидејќи секоја вработен има јасни насоки, а сите заедно ја знаеме крајната цел,“ вели Мартини, давајќи пример за тоа како дури и врските со туристите сега се одвиваат по протокол.

Заштитените подрачја и Националната агенција за заштитени подрачја растат заедно

Во изминатите години, регистрирани се милиони туристи кои годишно минуваат низ заштитените подрачја во Албанија. Овој успех се должи на плановите за управување кои Националната агенција за заштитени подрачја ги развива со помош на ЕУ, а кои се имплементираат ширум заштитените подрачја во државата. Албанија ужива добра репутација меѓу туристите кои се привлечени од ниските цени, добрата храна и прекрасната природа.

Меѓутоа, во главен фокус останува заштитата на биодиверзитетот преку алатките на надзорните механизми воведени, во заштитените подрачја, во согласност со стандардите на ЕУ „Natura 2000“. Денес, повеќе од 100 од вработените во Националната агенција за заштитени подрачја се обучени за справување со пожари и природни катастрофи; запознаени се со процесот на собирање и обработка на информации за системите за диви животни, и пред сè, имаат стратегии за зголемување на соработката на заедниците кои живеат во заштитените подрачја и знаат како да управуваат со истите

„Бевме сведоци на тоа како заедниците ја променија својата позиција од скептичност за нашите намери кон поддршка за позитивната промена која ја донесовме во нивните подрачја.“

За проектот

Проектот „NaturAl“ придонесе за хармонизација на мрежата заштитени подрачја во Албанија со мрежата „Natura 2000“ на ЕУ; и тоа преку примена на стандардите на ЕУ, со што Албанија остварува вистински напредок кон членството во ЕУ.

Од 2015 до 2019 година, фокусирајќи се на десет заштитени подрачја, проектот работеше со цел зајакнување на управувањето со заштитените подрачја во Албанија, со посебен акцент на обука и градење капацитети во Националната агенција за заштитени подрачја и регионалните агенции, надзор на дивиот свет, обезбедување опрема и зајакнување на врските со заедницата.

   

Директорот на Националната агенција за заштитени подрачја, Замир Дедеј, потврдува дека долгорочните цели резултираат со огромни придобивки како за природните живеалишта, така и за заедниците кои живеат таму. „Бевме сведоци на тоа како заедниците ја променија својата позиција од скептичност за нашите намери кон поддршка за позитивната промена која ја донесовме во нивните подрачја.“ Дедеј објаснува дека сега заедниците разбираат дека нивната активност мора да биде под надзор и дека тоа придонесува за намалување на нелегалните активности како, на пример, нелегалната сеча или ловот. Дополнително, разбрале дека колку подобро се управуваат заштитените паркови, толку повеќе туристи и придобивки ќе има за сите.

Овој позитивен развој се препишува на помошта од ЕУ која пристигнала кога била најпотребна, а Националната агенција за заштитени подрачја станала целосно оперативна во 2016 година. Оттогаш, Албанија доживеала значаен напредок во проширувањето на мрежата заштитени подрачја и го зголемила степенот на имплементација на плановите за управување од 19 % на 53 %. Овие резултати ја охрабриле агенцијата и се надеваат дека соработката со ЕУ ќе продолжи во нова фаза која ќе го намали губитокот на биодиверзитетот, спречувајќи ги еколошките злочини и ќе ги зголеми инвестициите во заштитените подрачја во Албанија.

Временско патување во битка од Втората светска војна

Проект, финансиран од ЕУ, нуди виртуелна реалност за посетители на музеј во БиХ

Битката на реката Неретва била една од најепските битки во Втората светска војна во Југославија. Во доцната 1942 година, германското високо командување било загрижено поради можноста за слетување на Сојузничките сили на Балканот. Затоа, Адолф Хитлер наредил офанзива со цел нарушување на централното командување на партизанското движење во централна БиХ. Пресвртницата на битката се случила кога силите на партизаните го уништиле добро обезбедениот мост над реката Неретва за да го забават напредувањето на германската армија.

Битката била овековечена во 1960-те со снимањето на филмот „Битката на Неретва“ во кој, меѓу другите холивудски актери, главните улоги ги толкуваат Јул Бринер и Орсон Велс. Постерот за филмот бесплатно го изработил Пикасо. По објавувањето и успехот на филмот, државните власти го отвориле музејот на Битката на Неретва во близина на местото на битката, во градот Јабланица, во БиХ. Музејот работи веќе половина век, но имал многу малку посетители во текот на изминатите 20 години.

Благодарение на иницијатива на невладина организација од БиХ, јавноста може повторно да ја доживее битката преку модернизираните содржини и виртуелната реалност во 3Д, давајќи нова причина за да се посети музејот во Јабланица.

„Сфативме дека музејот во Јабланица е навистина атрактивен поради својата локација и приказна, но немаше што да понуди од аспект на содржини и недоволно ги привлекуваше посетителите, па, затоа, одлучивме да направиме нешто во врска со тоа.“

Претворање на музејот во атракција

Здружението „Link“, невладина организација од БиХ, имплементираше проект за промоција на природен туризам во областа на Јабланица. Меѓутоа, затоа што регионот изобилува со културно наследство, одлучиле да започнат иницијатива со таков фокус. „Сфативме дека музејот во Јабланица е навистина атрактивен поради својата локација и приказна, но немаше што да понуди од аспект на содржини и недоволно ги привлекуваше посетителите, па, затоа, одлучивме да направиме нешто во врска со тоа,“ вели Расим Тулумовиќ од здружението „Link“. Во консултација со колегите од Националниот музеј во Црна Гора, на црногорската страна од границата, дознале дека музејот Никшиќ се наоѓал во слична ситуација, и констатирале дека тоа би било одлична прилика за прекугранична иницијатива која ќе промовира културно наследство како дел од туристички пакет. Но, за тоа, им била потребна помош, а поддршката дошла од програмата за прекугранична соработка за БиХ и Црна Гора, финансирана од ЕУ.

Најголемите проблеми со кои музеите, од двете страни на границата, се соочувале биле презентацијата на содржините и промоцијата. Расим објаснува дека употребата на модерна опрема и техники биле скоро непостоечки во овие музеи, а, како резултат на тоа, бројот на посетители бил навистина низок; додека, пак, оние посетители кои доаѓале, останувале многу кратко. „Дополнително, немаше место за пиење кафе или продавница за сувенири, што значи дека и двата музеја не нудеа туристички развој,“ вели Расим.

Со поддршка на ЕУ, партнерските организации вовеле иновативен начин за претставување на историјата; и тоа преку користење модерна опрема и дополнително развивање презентации со виртуелна реалност, како и анимирана игра која дава историски факти, но на забавен начин. На пример, ако денес одлучите да ја искусите турата со виртуелна реалност за битката на Неретва, во музејот Јабланица, ќе треба да ставите 3Д очила за да се најдете во седиштето на партизаните, опколени од анимирани актери. Командантот ќе ви даде задача да спасите ранети војници кои ќе ве водат низ битката, а, попатно, ќе бидете соочени со бројни пречки кои ќе треба да ги надминете. „Веруваме дека овој пристап е особено привлечен за младите кои се досадуваат да учат историја на традиционален начин,“ објаснува Расим.

Виртуелните презентации беа само дел од проектот. Партнерските организации ги опремија музеите со 3Д очила, ЛЕД екрани, таблети, електронски водичи и друга опрема за виртуелна презентација. Дополнително, придонесоа за обука и сертификација на водичите за методологија на современо толкување, ги поддржаа малите бизниси кои изработуваат сувенири и им помогнаа на музеите при изработката на бизнис плановите.

„Како резултат на поддршката од ЕУ, и двата музеја сега можат да станат целосно финансиски одржливи, а другите музеи во регионот се во контакт со нив за да научат како да го имплементираат нивниот пристап.“

За проектот

Инструментот за претпристапна помош (ИПА), во рамки на програмата за прекугранична соработка помеѓу БиХ и Црна Гора 2014 – 2020, има за цел одржлив развој на прекуграничното подрачје помеѓу БиХ и Црна Гора кој се промовира преку имплементација на заеднички активности кои ги максимизираат компаративните придобивки во регионот. Целосното ИПА финансирање за програмата БиХ – Црна Гора 2014 – 2020 изнесува 8400000 евра.

Проектот „Amusing Museums“, финансиран од ЕУ, имаше значајно економско влијание врз двата музеја. На пример, музејот Јабланица, ја удвои цената на влезницата, и, иако беше пандемиска година во која бројот на странски посетители се очекуваше да биде низок, го удвои и бројот на индивидуални посетители. „Како резултат на поддршката од ЕУ, и двата музеја сега можат да станат целосно финансиски одржливи, а другите музеи во регионот се во контакт со нив за да научат како да го имплементираат нивниот пристап,“ вели Расим.

Но, тоа што е поважно е дека проектот имаше, исто така, влијание и врз прекуграничната соработка меѓу музеите и културните институции на двете држави. Проектот овозможи заеднички посети на двете страни од границата, за време на кои туристичките оператори беа инспирирани да ги доведат своите посетители во музеите, а исто така беше вклучена и блиска соработка помеѓу културните и институциите на локалните авторитети за имплементација на проектот.

Борба за потрошувачки права во Косово

Грант од ЕУ му овозможува на граѓанското општество да ја поддржи правната инфраструктура, заземајќи, истовремено, и активна улога како надзорник за имплементација

Често е, во косовските продавници, да се забележат знаци кои велат дека купените добра не може да се вратат назад. Продавачите се потпираат на своето расудување и смислуваат политики во случај на фалични производи, а ваквите измислени правила можат да варираат од кредитни белешки кои ги обврзуваат потрошувачите да ја потрошат истата сума на различен производ, па сè до враќање на купените добра само за одреден период од 24 часа.

Ваквото нефер деловно окружување може да заземе замав, главно, поради неинформираните потрошувачи кои не се свесни дека постојат закони за нивна заштита или механизми кои можат истите да ги спроведат. Недостатокот од информирање беше потврден во 2020 година кога анкета, финансирана од ЕУ, откри дека 42 % од потрошувачите не знаат за постоењето на Законот за заштита на потрошувачи и сè уште не се свесни за своите права загарантирани со законот; како ни дека можат да ги вратат добрата кои ги купиле во продавниците или онлајн.

„Една година откако нашата платформа почна со работа, бројот на жалби регистрирани во централниот отсек за заштита на потрошувачи се зголеми за осум пати.“

За да ја пополни празнината, Институтот за политика за развој, креирал платформа, употребувајќи ја моќта на социјалните медиуми за информирање, едуцирање и зајакнување на потрошувачите во Косово. Сајтот на Косовскиот кориснички надзорник (Mbrojtësit e Konsumatorëve) го објаснува законот со едноставни термини преку постери и инфографици, а дури може и да стапи во интеракција со поединци на платформата. Дневните содржини се инспирирани од секојдневните проблеми со кои Косоварите се среќаваат при купувањето добра или услуги. Зборувајќи го јазикот на оние кои имаат потреба од пристап до овие информации, платформата допрела до публика од 30000 во текот на првата година од своето функционирање. Издигнатото ниво на совест имало влијание и на официјалните жалби поднесени до централните авторитети.

„Една година откако нашата платформа почна со работа, бројот на жалби регистрирани во централниот отсек за заштита на потрошувачи се зголеми за осум пати,“ вели Фатбарда Рестелица од Институтот за политика за развој. Вкупниот број официјални жалби поднесени годинава, сè до почетокот на декември, изнесува рекордни 1871. Косовскиот кориснички надзорник (Mbrojtësit e Konsumatorëve) ги советувал потрошувачите да поднесат жалби поврзани со безбедност на храна, кршење на правата за гаранција и онлајн купување, меѓу другите.

Пандемиски инспирирани е-трговија и нефер тргување

Препознавајќи го порастот на е-трговијата од почетокот на пандемијата и земајќи го предвид фактот дека онлајн купувањето порасна за 200 % во 2020 година, Косовскиот кориснички надзорник (Mbrojtësit e Konsumatorëve) ја зголеми својата активност за да ги заштити потрошувачите кои влегоа во оваа нова врска со продавачите. „Потрошувачите се соочија со организиран пораст на цените, кршење на правата при онлајн пазарување, невраќање на производите и целосно нефер трговски практики,“ вели Рестелица; која објаснува дека подигнувањето на свеста било фокусирано на проверка на продавачите пред купувањето и на тоа како да се поднесат жалби.

„Наша следна цел е воспоставување механизам за поддршка на потрошувачите при решавањето на жалбите преку медијација и правни решенија.“

За проектот

Институтот за политика за развој е поддржан од ЕУ преку Рамката за партнерски договор во доменот на потрошувачка заштита од 2019 до 2022 година. Програмата ја става потрошувачката заштита во центарот на одлучувачкиот процес и јавниот политички циклус. Нејзини главни цели се зајакнување на потрошувачите и подигнување на свеста за потрошувачка заштита во Косово. При имплементацијата на овие цели, Институтот за политика за развој обезбеди препораки за јавната политика и ја предводеше, исто така, кампањата за заштита на потрошувачките права на Косовскиот кориснички надзорник (Mbrojtësit e Konsumatorëve).

Преземање на следниот чекор за заштита на потрошувачите

Политиката и заштитата на потрошувачи е значајна алатка за подигнување на довербата на потрошувачите, подобрување на конкурентноста и помош при обновувањето на економијата. Институтот за политика за развој е мотивиран да продолжи со реформите во секторот, внимавајќи, истовремено, на амандманите кои треба да го хармонизираат тековниот закон со правото на ЕУ. Организацијата поднела коментари до косовските институции засновани на нивното истражување.

Официјалните информации покажуваат дека ваквиот повеќестран активизам ја подобрил целосната заштита на потрошувачите; вклучително и управувањето со жалби, затоа што има зголемување на случаите со позитивно разрешување. Меѓутоа, Рестелица вели дека граѓаните кои добиваат негативен одговор се обесхрабруваат и не го користат правото да започнат судски спор. Ова се случува затоа што споровите се скапи и потребно е долго време за случаите да се разрешат. „Затоа, наша следна цел е воспоставување механизам за поддршка на потрошувачите при решавањето на жалбите преку медијација и правни решенија,“ одлучно додава таа.

Преку зајакнување на потрошувачите со информации за основните права, Косовскиот кориснички надзорник (Mbrojtësit e Konsumatorëve) го претвори косовскиот потрошувач во значаен извор за пазарна дисциплина, охрабрувајќи ги трговците на натпревар при нудењето корисни производи и услуги, како и транспарентно споделување на информации. Ова исто така се одразува и во довербата на потрошувачите во невладина организација која би можела да ги брани нивните права – 68 % од Косоварите веруваат дека организација на граѓанското општество е способна да го направи тоа: процент сличен на просекот во ЕУ. Како што Косовскиот кориснички надзорник (Mbrojtësit e Konsumatorëve) кој е активно застапен во јавната свест, застапување и медиумско присуство во текот на последните неколку години, така и Институтот за политика за развој има значаен придонес за подигнување на ова ниво на доверба.

„Malikowsky Couture“: нов моден бренд инспириран од традиционални ромски костуми

Млад уметник, Ром, зачекорува во светот на модата благодарение на проект, финансиран од ЕУ, во Северна Македонија.

Во семејството на Муамед Маликовски, уметниците биле предмет на стереотип и асоцирани со финансиски проблеми и недостаток на професионална иднина. Муамед има голем интерес за уметност и дизајн уште од детството; но, како што бил одличен ученик по сите предмети во училиште, кога дошло време за упис на факултет, како професија го избрал правото.

Со напорна работа, Муамед имал високи оценки на факултетот за право; но, пред самото дипломирање, нешто се случило. „Сите околу мене, вклучително и семејството, очекуваа да бидам некој што не сум јас, некој кој никогаш не сум го запознал во себеси. Знаев дека не припаѓам во тој свет и одлучив да го послушам срцето и да ги следам соништата,“ вели Муамед.

Беше предизвикувачки зашто немав поддршка од семејството или пријателите. Сето време ми велеа: „Не можеш да го направиш тоа“. „Ајде, откажи се, нема да успееш“. „Треба да бидеш адвокат“.

Живеејќи го сонот

Одлучил да се запише на факултетот за моден дизајн при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Северна Македонија. Одлуката да студира моден дизајн не била лесен избор, но, само што ги започнал студиите по мода, Муамед започнал да скицира илустрации за да ги „оживее“ своите модни идеи. Беше предизвикувачки зашто немав поддршка од семејството или пријателите. Сето време ми велеа: „Не можеш да го направиш тоа“. „Ајде, откажи се, нема да успееш“. „Треба да бидеш адвокат“, раскажува Муамед.

Да се започне нов бренд и да се зачекори на модниот пазар е голем предизвик, па, затоа, иднината изгледала тешка за Муамед. Во 2020 година, во периодот кога размислувал да се откаже, Муамед дознал за проект, ко-финансиран од Советот на Европа, а имплементиран од Европскиот институт за ромска уметност и култура (European Roma Institute for Arts and Culture (ERIAC)) кој ги поддржува младите Роми во креативните бизнис подвизи. Благодарение на Европскиот институт за ромска уметност и култура и неговото финансирање, Муамед конечно добил можност да ја претвори својата пасија во бизнис.

Но, ова било само почеток, а Муамед стремел кон многу поголем успех. Немал продавница, а нејзино отворање значело сериозна финансиска инвестиција која Муамед не можел да си ја дозволи. Потем, започнала пандемијата. Покрај страдањата и неволите кои ги предизвика, пандемијата отвори нови патишта за водење бизнис. Друг проект, финансиран од ЕУ – „Roma Digital Boost“, поддржан од Регионалниот совет за соработка, му помогнал на Мухамед да го надмине и овој предизвик.

„Проектот „Roma Digital Boost“, финансиран од ЕУ, ми помогна да го издигнам бизнисот на повисоко ниво и да го започнам патувањето до станување познат бренд.“

За проектот

Проектот за интеграција на Ромите има за цел стеснување на јазот помеѓу ромското и не-ромското население во Западен Балкан и Турција, како и зајакнување на институционалните облигации за владите да инкорпорираат и достават специфични цели за интеграција на Ромите во тековното развивање на политики. Проектот е имплементиран од Советот за регионална соработка, со помош на Европската Унија и фондациите „Отворено општество“.

Проектот „Roma Digital Boost“ му овозможил на Муамед да следи обука за онлајн продажба, креирање бренд и визуелен идентитет за компанијата, како и менаџирање и промоција преку социјалните медиуми. „Проектот „Roma Digital Boost“, финансиран од ЕУ, ми помогна да го издигнам бизнисот на повисоко ниво и да го започнам патувањето до станување познат бренд,“ вели Муамед.

Сега ја претставил својата прва важна модна колекција, инспирирана од ромските костуми. Неговиот дизајн „Аурора“ освоил второ место на натпреварот „Miss Freedom of the World“, а друг дизајн бил избран за најдобар национален костум во рамки на натпреварот „Miss Summer 2021“ во Албанија. Неговата визија за иднината е да отвори големо модно студио во Скопје, главниот град на Северна Македонија, и да се прошири на меѓународниот пазар. „Иако за другите делува невозможно,“ вели Муамед, „ајде заедно да создадеме приказни кои вредат да бидат раскажани гордо и гласно.“

Иако проектот за интеграција на Ромите, на Регионалниот совет за соработка, работи, главно, на ниво на политики; проектот продолжува да ги поддржува програмите кои работат директно со ромските заедници. Проектот „Roma Digital Boost“, поддржан, финансиски и со човечки ресурси, од Регионалниот совет за соработка, е дел од тие програми и е особено важен, бидејќи помага за забрзување на процесот на дигитализација во рамки на ромските заедници.

„Без дигитални вештини, невозможен е прогрес во интеграцискиот процес во кое било поле, вклучително и квалитетно образование, еднакво учество на пазарот на труд, пристап до јавни и здравствени услуги, како и пристап до информации. Мотивираните луѓе, како Маликовски, се најдобар пример за тоа како ромската заедница може да придонесе за тековните трансформации на нашите економии,“ вели Орхан Усеин, шеф на бирото за интеграција на Ромите при Регионалниот совет за соработка.

Во меѓувреме, Муамед вели: „Ги охрабрувам сите, особено младите Роми, да го слушаат своето срце и да ги следат соништата. Никогаш не откажувајте се од тоа што ве прави среќни во животот. И секогаш бидете свои!“

Големи идеи во мала кутија

Претприемничка од Косово креира иновативен производ за развивање на електронските и инженерски вештини на децата

Арта Шеху Заими е млада претприемничка од Косово. По завршување на студиите за компјутерски науки, се вработила, како програмерка, во комерцијална банка, а, подоцна, била унапредена и во софтверски архитект. Меѓутоа, набрзо станала мајка и нејзиниот светоглед и професионална визија целосно се измениле, па одлучила да започне нов деловен подвиг. „Отсекогаш ми беше жал што, како и многумина од мојата генерација, ретко имав прилика да учам на практичен начин; и затоа почувствував потреба да направам нешто за моите ќерки и нивната генерација да не ги искусат истите тешкотии,“ вели Арта.

Затоа, уште во 2015 година, Арта и нејзината сестра, одлучиле да ја основаат академијата „J-Coders“; приватен курс на кој децата, од 8 до 18 години, можат да учат програмски јазици, апликациски дизајн и дизајн на компјутерски игри. Принципот на академијата „J-Coders“ е да им ги пренесе на децата овие концепти, со колку е можно повеќе практични вежби.

“Веруваме дека науката и технологијата треба да им се пренесат на децата на вистинит и лесен начин; охрабрувајќи ги, истовремено, да решаваат проблеми и да размислуваат „надвор од рамката“.

Технологија и наука лесни за учење

Но, за време на нивната работа на академијата „J-Coders“, Арта и нејзината сестра откриле дека децата имаат тешкотии при учењето на една посебна дисциплина – хардверски инженеринг и електроника. Причината е тоа што постоечкиот пристап не нуди едноставна средина за децата да можат да експериментираат во ова важно поле. „Веруваме дека науката и технологијата треба да им се пренесат на децата на вистинит и лесен начин; охрабрувајќи ги, истовремено, да решаваат проблеми и да размислуваат „надвор од рамката“,“ вели Арта.

На овој начин се родила идејата за „Labbox“ – револуционерен производ, според Арта. „Labbox“ е сочинета од повеќе мали „кутии“ кои вклучуваат струјни кола, кабелски поврзувачи и слични материјали кои им овозможуваат на децата да експериментираат, на микро ниво, со инженерски и електронски проекти.

Откако почетниот производ бил развиен, го претставиле на група родители и партнери. Производот бил добро примен, па Арта и сестра ѝ одлучиле да го претворат во бизнис. Меѓутоа, се работело за нов вид бизнис во Косово и регионот, па се соочиле со бројни предизвици. Особено, имале тешкотии со физичкото производство на нивните единици. „Нашиот регион не е пријателска средина за компании како „Labbox“ кои доставуваат физички електронски производи. Имавме сериозни проблеми при наоѓањето на добавувачи и партнерски компании кои би го презеле производството,“ вели Арта.

“Финансирањето на ЕУ, во раната фаза, беше неопходно за нашиот бизнис и се надевам дека ќе продолжат да го поддржуваат дигиталниот сектор во регионот, затоа што имаме многу талент и човечки капацитет кои имаат потреба од поддршка за да прераснат во поголеми брендови.“

За проектот

Инструментот за развој и иновации на претпријатијата од Западен Балкан (The Western Balkans Enterprise Development and Innovation Facility (WB EDIF)), финансиран од ЕУ, има за цел да го подобри пристапот до финансии за малите и средни претпријатија од Западен Балкан. Инструментот е дизајниран за да обезбеди дополнителни финансиски инструменти насочени кон целата палета финансиски потреби на малите и средни претпријатија во Западен Балкан. Инструментот се состои од четири столба: рамноправно финансирање на мали и средни претпријатија, кредитна гаранција, услуги за заем и поддршка на мали и средни претпријатија.

Другата опција била „Labbox“ да го преземе производството, но за тоа имале потреба од сериозна финансиска инвестиција која не можеле да си ја дозволат како стартап. Затоа, во почетната фаза, морале да ги насочат своите напори за обезбедување на првата серија производи на пазарот. „Labbox“ поднеле предлог за поддршка до Инструментот за развој и иновација на претпријатијата во Западен Балкан, на ЕУ, и добиле позитивен одговор.

ЕУ им помогнала при набавката на машини за да можат самите да ги произведуваат електронските кутии; независно од останатите добавувачи и потенцијални партнери. „Финансирањето на ЕУ, во раната фаза, беше неопходно за нашиот бизнис и се надевам дека ќе продолжат да го поддржуваат дигиталниот сектор во регионот, затоа што имаме многу талент и човечки капацитет кои имаат потреба од поддршка за да прераснат во поголеми брендови,“ вели Арта.

Електронските градежни блокови „Labbox“ ги учат децата на основите на науката и компјутерското инженерство; и тоа на забавен и интерактивен начин. Арта и нејзините колеги дизајнирале и развиле серија вакви блокови за сертифицирана наставна програма „STEM“ (од англиски јазик: наука, технологија, инженерство и математика). Секој производ кој го развиле е поврзан со одредена цел за учење и им овозможува на децата да разберат одреден концепт. По успешното воведување на домашниот пазар, „Labbox“ брзо стекнал домашна и странска репутација како пионер во образованието „STEM“. Јавните училишта ширум Косово ја пилотирале наставната програма „Labbox“, а во 2018 година компанијата освоила прво место на настанот „Startup Games“, како дел од Инвестициониот самит за Западен Балкан во Лондон. Но, ова е само почеток, бидејќи Арта е посветена да го одржи силниот импулс на „Labbox“. „Планираме да ги достигнеме пазарите на ЕУ и САД и да ги развиеме нашите дистрибуциски канали со цел вклучување на малопродажните ланци кои ги опслужуваат јавните училишта и образование,“ вели таа.

„Мојот животен квалитет видливо се подобри“

Со поддршка од ЕУ, негата станува постојана услуга за лицата со инвалидитет во областа Мачван, во Србија.

Драгана Марковиќ Матиќ живее во градот Шабац, во областа Мачван, во западна Србија. Живее со ревматоиден артритис кој, со тек на време, предизвикал намалување на нејзината подвижност и потреба од помош за извршување на секојдневните активности. „Не можам самостојно да функционирам, не можам да се движам. Моите движења се намалуваат со годините,“ вели таа. Влошувањето на нејзината болест резултирало со потреба од редовен негувател кој би ја придружувал скоро цел ден. Семејството и пријателите биле тука за поддршка, но како што вели таа „ова е постојана работа: имам потреба од некој кој ќе ги замени моите раце и нозе“.

Потребата од негувател не е случај само на Драгана; и други луѓе со инвалидитет во Шабац имаат сличен проблем. Семејствата се обидуваат да помогнат, но не можат секогаш да бидат присутни во доволна мера. Алтернативно решение е да се ангажира негувател, но тоа претставува финансиски товар кој повеќето семејства не можат да си го дозволат. Дополнително, негувателите мора да бидат професионално обучени за да можат да движат лице во инвалидска количка, да го префрлат од кревет во автомобил, како и да му помогнат при облекувањето и одржувањето лична хигиена. „Некој кој никогаш немал контакт со лице со инвалидитет мора да биде обучен за ваква нега; со цел да не дојде до ненамерно повредување на лицето за кое се грижи или на самиот себеси,“ вели Драгана.

„Најважно беше да се креира рамка за обуки и да се обучат првите кои беа заинтересирани за обезбедување услуги за нега за лица со инвалидитет.“

Десетгодишно патување

Драгана е членка на Здружението на лица со параплегија во областа Мачван кое презело иницијатива да го реши проблемот преку локалните институции пред цела деценија. Уште тогаш, здружението успеало да ја вклучи потребата за самостоен живот на лицата со инвалидитет во општествената политичка стратегија на Шабац. Признанието на креаторите на политики за потребите на лицата со инвалидитет беше значајно достигнување, но, како што немаше финансиска или друг вид помош, беа потребни околу десет години борба за да се забележи видлив резултат од политиката.

Светлото на крајот од тунелот стана видливо во 2018 година кога програмата „ReLOaD“ (Regional Programme on Local Democracy/Регионална програма за локална демократија), финансирана од ЕУ, пристапила со помош. „Најважно беше да се креира рамка за обуки и да се обучат првите кои беа заинтересирани за обезбедување услуги за нега за лица со инвалидитет,“ вели Славиша Савиќ, кој го предводи Здружението на лица со параплегија во областа Мачван.

Со поддршка од ЕУ, и во соработка со Министерството за труд, вработување, ветерани и општествени работи, здружението ги идентификувало луѓето кои биле заинтересирани за обезбедување услуги за нега, ги обучило и лиценцирало. Како дел од истата програма, успеале да иницираат и пилот проект за поддршка преку кој на пет лица со инвалидитет им било обезбедено негувател осум часа дневно, а дополнителни четири лица добиле поддршка во форма на нега од четири часа дневно.

„Да се вклучи, во општинскиот буџет, трошокот за негуватели за лица со инвалидитет беше огромен отскок и значаен успех, за нас, кој не ќе го постигневме без поддршката на програмата „ReLOaD“, финансирана од ЕУ.“

За програмата

Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан („ReLOaD“) е финансирана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за обединет национален развој. Целите на програмата вклучуваат зајакнување на партиципативните демократии и интеграција на ЕУ во Западен Балкан преку подобрување на правното, финансиското и поширокото окружување за зајакнување на граѓанското општество.

Имплементацијата на пилот програмата му овозможила на здружението да има поцврсто досие за да ги убедат општинските авторитети за неопходноста на услугата за нега за лица со инвалидитет. Како резултат на постојаните напори за лобирање, општинското заседание конечно ја вклучило и оваа поддршка во листата постојани услуги обезбедени од општината. Услугата е веќе вклучена во буџетот за 2021 година, а платите за негувателите се покриени, и ќе бидат во иднина покриени, од страна на општината.

„Да се вклучи, во општинскиот буџет, трошокот за негуватели за лица со инвалидитет беше огромен отскок и значаен успех, за нас, кој не ќе го постигневме без поддршката на програмата „ReLOaD“, финансирана од ЕУ,“ вели Славиша.

Драгана, и други лица со инвалидитет, од Шабац, се чувствуваат поспокојно, бидејќи имаат доживотно обезбедена услуга за нега. „Мојот животен квалитет видливо се подобри. Со негувател си самостоен,“ вели Драгана.

Велосипедизмот: нов тренд во Подгорица

На велосипед! Денес, невладина организација од Црна Гора ја трансформира моќта на велосипедизмот во тренд, и тоа со поддршка на ЕУ.

Сместена во котлина, со површина од околу 100 километри квадратни, и со медитеранска клима, Подгорица, главниот град на Црна Гора, ги поседува сите елементи потребни за да стане урбано велосипедско засолниште. Меѓутоа, на градот му недостигаше основната инфраструктура за соодветен велосипедизам, сè додека организацијата на масовната граѓанска иницијатива „Biciklo.me“ не го воведе велосипедизмот како популарна култура во градот во 2013 година. „Навистина сакавме да ја претвориме Подгорица во град погоден и безбеден за велосипедизам, а, исто така, сакаме тоа да биде видливо и за луѓето кои сè уште не возат велосипед,“ вели Соња Драговиќ, една од членките во организацијата.

Во пролетта, 2012 година, за првпат се организира настанот „Bike-Up“: преку социјалните медиуми, беа повикани луѓе да се соберат заедно и да го прослават Денот на планетата Земја со заедничко возење велосипед. Интересот инспирира нови иницијативи и, наскоро, малата група велосипедски ентузијасти започна редовни месечни велосипедски тури под мотото „Critical Mass rides“ во Подгорица. На сончев ден, овие велосипедски тури привлекувале неколку стотици велосипедисти од различни годишни возрасти и потекло. Во град со околу 200000 жители и со, скоро, непостоечка велосипедска инфраструктура, ова беше позитивен почеток.

„Во Виена и Копенхаген, научив како да возам велосипед во урбана средина, благодарение на одличната велосипедска инфраструктура која ја развиле овие градови. Кога се вратив во Подгорица, си помислив: „Во ред, морам да си најдам велосипед и да стапам во контакт со луѓето од „Biciklo.me“.“

Имање удел во урбаната подвижност

Соња Драговиќ станала дел од „Biciklo.me“ откако ги завршила постдипломските студии, од доменот на урбаните студии, кои вклучувале студиски престои во Виена и Копенхаген. Претходно, повремено користела велосипед, но за време на студиите започнала да вози велосипед како редовно превозно средство. Во меѓувреме, ја следела организацијата „Biciklo.me“ на социјалните мрежи. „Во Виена и Копенхаген, научив како да возам велосипед во урбана средина, благодарение на одличната велосипедска инфраструктура која ја развиле овие градови. Кога се вратив во Подгорица, си помислив: „Во ред, морам да си најдам велосипед и да стапам во контакт со луѓето од „Biciklo.me“,“ раскажува Соња.

„Biciklo.me“ започнала како бесплатна иницијатива за здружување, инволвирана само во организација на масовни велосипедски тури кои придонесувале за видливоста на велосипедистите во Подгорица. Во 2013 година, се претставила можност за добивање одредено финансирање за подобрување на велосипедските услови, па иницијативата се регистрирала како невладина организација и успешно го имплементирале својот прв проект – поставување на првите соодветни велосипедски рамки за паркирање велосипеди на 18 локации во Подгорица.

Оттогаш, развиле и управувале бројни помали проекти и ги подобриле велосипедските урбани услови. „Во основа, работиме на неколку различни, но поврзани цели: подобрување на инфраструктурната, сообраќајната и политиката поврзана со движењето, како и едуцирање на луѓето за придобивките од одржливата велосипедска подвижност,“ вели Соња.

Мотивирани од успехот на велосипедските рамки за паркирање, следеле и други проекти раководени или иницирани од невладината организација; од воведување на првите велосипедски патеки во главниот град, па сè до првиот урбан план за подвижност во градскиот совет, истражувачки студии за подобрување на транспортот и условите за велосипедизам и креирање на едукативен материјал за учениците во основните и средните училишта.

„Оваа и идната поддршка од ЕУ се особено важни. Не само поради паричните средства, туку заради самиот факт што кога ЕУ поддржува одредена иницијатива, станува многу полесно да се убедат локалните авторитети и тие да постапат на ист начин.“

За проектот

„Biciklo.me“ е поддржан од ЕУ преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан која има за цел да ги зајакне партиципативните демократии и интеграцискиот процес на Западен Балкан во ЕУ преку овозможување на граѓанското општество да заземе активно учество во одлучувачките процеси. Други проекти, финансирани од ЕУ, кои ја поддржуваат организацијата „Biciklo.me“ се: „Организации на граѓански здруженија во Црна Гора – од основни услуги до обликување на политики – „M’BASE“ – финансирани преку инструментот за претпристапна помош (ИПА), проектот „Подобар сообраќај, подобар град“, како и проектот „Подобрување на капацитетите за подобра животна средина во Црна Гора“.

 

ЕУ поддржала четири од овие проекти – студиите за условите на сообраќајот и подвижноста во Подгорица, пишувањето предлози за законски измени, кампањи, во средните училишта, за подигнување на свеста за придобивките од велосипедизмот, како и поставување нови велосипедски рамки за паркирање во три града во северниот дел на државата. „Оваа и идната поддршка од ЕУ се особено важни. Не само поради паричните средства, туку заради самиот факт што кога ЕУ поддржува одредена иницијатива, станува многу полесно да се убедат локалните авторитети и тие да постапат на ист начин,“ вели Соња.

Велосипедски патеки, долги неколку километри, се изградени во Подгорица, и иако квалитетот, дизајнот и нивното одржување би можеле да се подобри, очигледно е дека овој безбеден велосипедски простор привлекува нови велосипедисти и ги охрабрува луѓето да се качат на велосипед.

За Соња, тоа што е важно сега е градот да одреди соодветни процедури за планирање и изградба на велосипедски патеки, како и да инвестира во едукација на градските планери за најновите трендови и најдобри практики за велосипедска инфраструктура. „Колку повеќе велосипедисти има на улиците, толку е подобро за сите. Со оглед на тоа што луѓето кои возат велосипед не користат автомобил, има помалку загадување и врева. Тоа го прави градот поубава средина за сите,“ вели Соња.

Компјутер за секое семејство

Ентузијаст од Северна Македонија обезбеди донации од преку 1200 компјутери за семејствата во потреба.

За време на првата година од пандемијата КОВИД-19, ограничувањата на движењето и затворањето на училиштата имаа сериозно влијание врз образованието на децата и секојдневната рутина, бидејќи учениците мораа да ги следат часовите од дома. Ваквата ситуација уште повеќе го потенцира јазот помеѓу децата и семејствата кои имаат пристап до компјутер и интернет и оние кои немаат. Борче Стаменов од Кавадарци, Северна Македонија, е еден од хероите кои придонесоа за стеснување на јазот за 1200 семејства ширум државата кои не можеа да си дозволат да купат компјутер. Неговата приказна започна сосема случајно.

Борче работи во „Bidat Informatika“ – компанија од Кавадарци која обезбедува услуги за поправање на софтвер и хардвер. Објаснува дека со години децата ги оставаат старите компјутери во нивната продавница за да можат стажантите да ги вежбаат, на нив, техниките на поправање. Во 2016 година, во „Bidat Informatika“ дошла жена која имала потреба од компјутер, но немала средства за да го купи. Борче дошол на идеја да употреби резервни делови за да направи компјутер за неа. Потоа, заедно со колегите ѝ го доставиле компјутерот дома.

„Кога видов колку децата се израдуваа и како им светкаа очите, одлучив да продолжам со акцијата за донирање компјутери и да израдувам колку можам повеќе деца.“

Скромна донација која се претвори во движење

Кога го посетиле домот, Борче и неговите колеги се запознале со трите деца на жената кои биле пресреќни од подарокот. „Кога видов колку децата се израдуваа и како им светкаа очите, одлучив да продолжам со акцијата за донирање компјутери и да израдувам колку можам повеќе деца,“ вели Борче.

Потоа, Борче ја креирал  страната „Донирај компјутер“ на социјалните мрежи за да допре, од една страна, до што повеќе луѓе кои сакаат да ги донираат старите компјутери и, од друга страна, до семејствата кои не можат да си дозволат да купат компјутер. Како што предвидел, бројни биле семејствата во потреба, но, на негово изненадување, бројот на заинтересирани донатори бил, исто така, значаен. Најпрво, пристигнале 20 компјутери од локална компанија која ги заменила старите компјутери. „Оваа донација ја објавивме на социјалните медиуми, па почнаа да пристигнуваат сè повеќе донации,“ раскажува Борче.

Ритамот на хуманитарната мисија се забрзал за време на пандемијата кога Министерството за образование на Северна Македонија одлучи да премине на далечинско образование. Како резултат, стотици деца и млади од сиромашните семејства и оддалечените региони се соочиле со сериозен предизвик.

Бројот на донирани компјутери се зголемил таа година кога од, приближно, 100 годишно, Борче и неговите колеги преминале на околу 500. Морале да креираат веб-страница за подобро да го организираат протокот на достава од донаторите до луѓето во потреба. Добил помош од поединци кои ги пренесувале пораките од оние во потреба, но и од компании за достава како, на пример, „Eko Logistic Servis“, кои бесплатно ги доставувале компјутерите.

„ЕУ ни помогна со донација од околу 140 компјутери и останати технички делови и опрема. Ова беше одлично, а беше и најголемата донација која сме ја добиле досега.“

За иницијативата

„Донирај компјутер“ е иницијатива креирана од Борче Стаменов од Кавадарци, Северна Македонија. Досега, преку иницијативата, се донирани 1200 компјутери на семејствата во потреба ширум Северна Македонија. Деловите за хардвер се донираат од поединци, компании и институции; вклучувајќи ја и Делегацијата на ЕУ во Скопје која обезбеди 140 единици информатичка опрема – од лаптопи до десктоп компјутери, па сè до печатачи.

Борче бил контактиран од Делегацијата на ЕУ во Скопје кои ги обновувале своите компјутери и техничка опрема и слушнале за иницијативата. „ЕУ ни помогна со донација од околу 140 компјутери и останати технички делови и опрема. Ова беше одлично, а беше и најголемата донација која сме ја добиле досега,“ вели Борче.

Контактот со Делегацијата на ЕУ продолжил дури и после донацијата. Годинава, Борче ја добил специјалната награда за солидарност на ЕУ. Бил признаен неговиот придонес за подобрување на животот на семејствата во потреба од дигитално поврзување кое беше особено значајно за време на отежнатата изолација и далечинската настава во текот на пандемијата КОВИД.

Компјутерите на Борче стигнале до скоро секој регион во Македонија. Добил пораки за благодарност во различни форми – од писма, па сè до видеа. Планира да продолжи. „Се надевам дека во блиска иднина веќе нема да има потреба од мојот придонес и дека Владата или другите институции ќе му обезбедат на секое семејство во Северна Македонија можност за нов компјутер. Но, дотогаш, ќе продолжам со мојата мисија,“ вели тој.

Река претворена од опасност во место за уживање

Како проект од ЕУ во соработка со заедницата помогна да се запрат поплавите и да се подобри животот на луѓето во граничниот регион помеѓу Косово и Северна Македонија.

Церница е село, со околу 600 жители, од косовската страна на границата со Северна Македонија. Реката, која го носи истото име, поминува низ центарот на селото и од него прави еден од најубавите предели во регионот, но, исто така, го зголемува и ризикот од поплави.  Фатлум Мехмети од Церница е горд на природната убавина на неговото село и вредните луѓе кои живеат во него, но, додава и дека нивниот живот би бил поубав доколку би можеле да ја избегнат лошата миризба која доаѓа од реката поради отпадните води кои се влеваат во неа, како и штетата која ја предизвикуваат поплавите. „Секоја есен и зима, живееме во страв од можната штета, предизвикана од поплавите, за нашите домови, обработлива земја и живот,“ вели тој.

Проблемот со поплавите не се јавува само во Церница. Целиот граничен регион се соочува со него веќе со децении; а поради климатските промени, зголемена е честотата на поплавите. Само ова лето, преку 60 семејства во регионот биле евакуирани од нивните домови поради поплавите. Немало човечки жртви, но материјалната штета била значајна. Општината Гњилане ја проценува штетата, предизвикана од годинешните поплави, на околу 1,5 милиони евра. Преку 30 домови се непогодни за живот, пет моста се руинирани, а оштетени се декари обработливо земјиште.

„Веќе со години мештаните лобираат кај локалните авторитети и управа за да добијат помош за санирање на речното корито со цел намалување на штетата предизвикана од поплавите.“

Крај на поплавите

Бесим Хазири од јавното претпријатие за водовод во Косово објаснува дека причините за поплавите се од природен карактер, но и со значаен човечки фактор како последица на климатските промени. Меѓутоа, во случајот на Церница и околниот регион, поплавите се резултат на недостаток од соодветна инфраструктура. „Веќе со години мештаните лобираат кај локалните авторитети и управа за да добијат помош за санирање на речното корито со цел намалување на штетата предизвикана од поплавите,“ раскажува Бесим.

Иако сакаат да помогнат, претпријатието и локалните авторитети немаат доволно финансиски средства и експертиза за толку важен проект. Можноста се појавила во 2019 година кога дознале дека можат да добијат помош од програмата на ЕУ за прекугранична соработка за Косово и Северна Македонија. Претпријатието „Hidromorava“ успешно се пријавило заедно со јавното претпријатие „Водовод Куманово“, од градот Куманово, преку границата. Тоа било почеток на проектот наречен „Значајни еколошки и здравствени придобивки во прекуграничниот предел“ кој треба да има долгорочен и позитивен ефект врз животот на локалното население.

Во текот на две години, проектот придонел за значајни инфраструктурни интервенции. Тука спаѓаат реорганизација на речното корито и намалување на загадувањето на почвата преку одвојување на отпадната вода и дождовницата; што значи дека отпадната вода веќе не се влева директно во реката, па затоа исчезнал и лошиот мирис. Дополнително, проектот придонел и за одредени естетски промени преку изградбата на променада по должината на реката, поставување клупи и места за рекреација. Слични подобрувања се направени и од другата страна на границата; во општината Куманово.

„Благодарение на поддршката од ЕУ, веќе не треба да се грижиме за опасноста по нашите животи и имот предизвикана од поплавите секоја зима.“

За проектот

Прекуграничниот проект „Значајни еколошки и здравствени придобивки во прекуграничниот предел“, финансиран од ЕУ, беше започнат во февруари 2020 година, а завршен во октомври 2021 година. Целокупната вредност на проектот е проценета на околу половина милион евра.

За да ја осигура одржливоста, проектот имплементирал и кампања за подигнување на еко-совеста за одржување на чистотата на реката и околното подрачје. Бесим потенцира дека покрај финансиите од ЕУ, размената на прекугранични искуства, идеи и експертиза со колегите од „Водовод Куманово“ имала значајно влијание врз успешноста на проектот исто така.

Фатлум објаснува дека проектот имал големо влијание врз нивните животи. „Благодарение на поддршката од ЕУ, веќе не треба да се грижиме за опасноста по нашите животи и имот предизвикана од поплавите секоја зима,“ вели тој.