Skip to main content

Автор: WeBalkans

Кога водата го повика, Ердал Лушо одговори на повикот

Пред да продолжите да читате, обидете се да го замислите Атлантскиот Океан. Се чини толку простран што е тешко да се замисли, нели? Совршено ве разбираме. И нам ни се чини така. Сепак, тоа не го спречи Ердал Лушо од Струга, Северна Македонија, да се впушти во соло едрење низ Атлантикот, со петметарска едрилица којашто самиот ја изработи од дрво.

Основните делови на едрилицата „Пиксел“ се изработени од дрво што дедо му на Лушо го засадил во дворот на нивниот дом во Струга. Изработувањето на едрилицата за Ердал бил приземјувачки и емотивен процес – му овозможил да размислува за врската помеѓу водата и копното и да се наврати на своите корени и спомени. Тој вели дека прекрасно е чувството кога ќе понесеш со себе парче земја, дрво што пораснало во твојот двор, да те придружува на соло едрење низ Атлантикот.

Предизвикот „Сетка Атлантик“ („Setka Atlantic Challenge“), како што вели Ердал, е прекрасно тежок и брутално искрен. Иако бројот на учесници е мал, за ова соло едрење низ Атлантикот секој морепловец сам ја изработува својата едрилица од класата Сетка – претежно Сетка А или Сетка Б – коишто се мали дрвени едрилици дизајнирани од Јануш Мадерски.

Иако доаѓа од Северна Македонија, земја која не е позната по едрењето, ова патување низ океанот за Ердал е многу повеќе од личен потфат. Со неговиот подвиг тој сака да ни да порача дека дури и ако не си од земја што излегува на океан, можеш да го следиш својот сон за океанот.

Додека се подготвува за предизвикот „Сетка Атлантик 2025“, Лушо размислува за неговата поврзаност со водата, којашто откако знае за себе му е најблиску до домот и срцето. „Водата тивко ме повикуваше со години, пред конечно да одговорам на нејзиниот повик“, вели тој.

Прочитајте го интервјуто со Лушо, што го направивме пред да тргне на своето патување низ Атлантикот на 11 ноември. Неговиот предизвик започнува со првата етапа што води од Сагреш (Јужна Португалија) до Санта Круз де Тенерифе на Канарските Острови, и продолжува со втората етапа, од Тенерифе до меридијанот 61° на запад, помеѓу Мартиник и Света Луција.

„WeBalkans“: Кога за првпат пројавивте љубов кон едрењето и како би ја опишале Вашата врска со водата близу Вас?

Ердал Лушо: „Навистина е тешко е да се истакне само еден момент. Може да се каже дека водата тивко ме повикуваше со години, сè додека конечно не одговорив на нејзиниот повик. Како дете секогаш ме привлекуваше водата – реките, езерата, дождот – сè што се движеше и рефлектираше светлина. Водата ја доживував како свој дом, иако не растев покрај океан. Едрењето дојде подоцна, во еден миг кога ветрот ја наклони едрилицата кон водата и таа остро зашуми, знаев дека тоа е тоа. За мене, ова не е обичен спорт, туку е и разговор со нешто многу поголемо од мене.“

„WeBalkans“: „Изградивте едрилица од дрво што го засадил дедо Ви во вашиот двор. Може ли да ни раскажете повеќе за ова? Како се роди идејата и дали истражувањето на врската помеѓу копното и водата беше емотивен процес за Вас?“

Ердал Лушо: „Некои од основните делови на „Пиксел“ се направени од дрво засадено од дедо ми во нашиот двор, и тоа многу ми значи. Остатокот е направен од дрва од околните шуми, но толку тие неколку даски носат со себе спомени и корени. Градењето со свои раце беше повеќе од технички процес, беше емотивно, приземјувачко искуство. Секој дел од дрвото носи своја приказна. Прекрасна е помислата дека парче земја, дрво што пораснало во нашиот двор, наскоро ќе едри низ океанот.“

 

„WeBalkans“: „Што Ве мотивираше да се впуштите во толку голем подвиг како предизвикот „Сетка Атлантик“? Дали размислувавте за предностите и недостатоците пред да одлучите, и како се одлучивте на овој чекор?“

Ердал Лушо: „Отсекогаш ме привлекувале предизвици што прават човек да се чувствува исплашен и жив. Предизвикот „Сетка Атлантик“ е токму таков – прекрасно тежок и брутално искрен. Го градиш својот брод, едриш сам и целосно си одговорен за сè што се случува. Немаш на кого да се потпреш освен на себеси. Таа чистота е тоа што најмногу го сакам. Не направив листа на предности и недостатоци. Само знаев дека ако не тргнам на ова патување цел живот ќе се каам.“

„WeBalkans“: „Дали сметате дека е Ваша мисија да ја споделите својата приказна и приказната на Вашиот град или држава со светот, со оглед на тоа дека за првпат некој од Северна Македонија учествува во ваков предизвик? Ако да, која порака сакате да ја пренесете со експедицијата?“

Ердал Лушо: „Секако. Северна Македонија како држава не е позната по едрењето, и токму тоа го прави овој предизвик значаен. Сакам да им покажам на луѓето дека не е потребно да потекнувате од земја што излегува на океан за да си ги следите соништата поврзани со океанот. Можете да започнете од мало место, но со големо срце и силна решителност да стигнете навистина далеку. Ова не е само моја лична приказна, туку е и потсетник дека честопати границите самите си ги исцртуваме во главата.“

„WeBalkans“: „Сигурно многу размислувате за времето што ќе го поминете сам среде океанот. Како го замислувате тоа? Дали ќе биде возбудливо, или, пак, ќе се чувствувате најсмирено кога ќе едрите?“

Ердал Лушо: „Го замислувам како спој од сè – страв, спокој, слобода, смеа и многу тишина. Ќе има бури и мирни денови, моменти на сомнеж, но и моменти на чиста магија. Токму во тоа е и убавината на овој предизвик. На отворено море не можеш да глумиш некој што не си. Океанот те отсликува токму каков што си – твоите силни страни, твоите недостатоци, твојата вистина. Верувам дека во тоа ќе најдам и неспокој и мир.“

Фон дер Лајен ја завршува турнејата низ Западен Балкан со јасни пораки за реформи, дијалог и економска интеграција

Заврши повеќедневната посета на Западен Балкан на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на која таа уште еднаш ги истакна посветените заложби на ЕУ за европската перспектива на регионот и Планот за раст вреден 6 милијарди евра. Во Тирана, таа се обрати на Форумот за инвестиции ЕУ–Западен Балкан, истакнувајќи конкретни чекори за приклучување кон Единствениот пазар на ЕУ и го поздрави приклучувањето на Албанија, Црна Гора и Северна Македонија кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, што ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите побрзи и поевтини трансакции во евра. Во Црна Гора, Фон дер Лајен го пофали напредокот во владеењето на правото и дигиталната трансформација, и ја потврди првата исплата од 8 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст – почетна транша во пакет кој може да достигне над 380 милиони евра, зависно понатамошното спроведување на реформите.

Нејзините посети на Босна и Херцеговина, Србија и Косово испратија јасни политички пораки, покрај економската димензија. За време на посетата на Сараево, Фон дер Лајен го посети Меморијалниот центар „Сребреница“ и се сретна со државното раководство, при што истакна дека сеќавањето и одговорноста се нераскинлив дел од европските вредности, како и дека континуираните реформи и понатаму се клучни за напредокот на државата на нејзиниот пат кон ЕУ. Таа во Белград повика на забрзано спроведување на правните реформи и подобра усогласеност со надворешната политика на ЕУ. Нагласи и дека е потребно да се постигне конкретен напредок во дијалогот со Косово, кој се одвива со посредство на ЕУ, истакнувајќи дека реформите ќе отворат пристап до нови инвестиции и можности преку Планот за раст. Во Приштина, Фон дер Лајен ја потврди долгорочната заложба на ЕУ за европската перспектива на Косово. Таа повика да се намалат тензиите, да се зајакнат институциите и да се исполнат договорените обврски, за да може Косово во целост да ги искористи инструментите и мерките што ги нуди Планот за раст.

Во Скопје, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека „следниот и единствен чекор“ пред отворањето на пристапните преговори е усвојувањето на договорената уставна промена – „Топката е кај вас. ЕУ е подготвена“, изјави таа по средбите со претставниците на Владата. Политичката порака беше придружена со конкретни резултати во рамките на Планот за раст: отворање „Фабричка антена за вештачка интелигенција“ (АИФА) во Скопје, што ќе ги поврзе иноваторите од Северна Македонија со ресурси за вештачка интелигенција, со поддршка од ЕуроХПЦ; приклучување кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, што ќе овозможи побрзи и поевтини трансакции во евра; и нова исплата од 16 милиони евра, како поддршка за веќе спроведените реформи.

„Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Од сите нас зависи дали тоа ќе стане реалност.“ За време на турнејата на Фон дер Лајен, особено се истакнуваше токму оваа порака, како и конкретните чекори што веќе се преземаат — од реформи поврзани со Единствениот пазар, до отворање нови канали за инвестирање во чиста енергија, иновации и одржлив туризам, а се промовираа и мерки за намалување на трошоците и укинување на бариерите за патување, со кои ќе се олесни животот на граѓаните. Односно, се испрати јасна порака дека кредибилните реформи и дијалогот отвораат врата за пристап, финансирање и нови можности, додека регионот чекори сѐ поблиску до Европската Унија.

Системот за влез/излез (EES) започнува да се применува во октомври – што треба да знаат патниците од Западен Балкан

Од 12 октомври 2025 година, Европа ќе започне постепено да го воведува новиот Систем за влез/излез (EES) на нејзините граници. Преодниот период ќе трае шест месеци, до 9 април 2026 година, а системот е предвидено да започне да се применува во целост од 10 април 2026 година. За време на овој период, на некои гранични премини ќе започне да се користи EES, но во пасошите и понатаму ќе се ставаат печати. Откако EES ќе започне да се применува во целост, ставањето печати ќе се замени со електронско евидентирање на личните податоци.   За кого се однесува Системот EES се однесува на патници од државите што не се членки на ЕУ, коишто патуваат за краток престој до 90 дена во кој било период од 180 дена, односно патниците ослободени од виза и носителите на шенген-виза за краток престој. Државјаните на земјите-членки на ЕУ/Шенген-зоната, како и повеќето лица со долгорочен престој, не подлежат на системот EES.   Што ќе се смени на границите При вашето прво патување откако ќе се воведе EES, граничните службеници или пунктовите за самопослужување ќе ги евидентираат податоците од вашиот пасош, датумот и местото на влез/излез, фотографија од вашето лице и четири отпечатоци од прсти. Следните поминувања преку граница ќе бидат побрзи, бидејќи системот веќе ќе ги содржи вашите податоци.   Придобивки за патниците од Западен Балкан EES автоматски го пресметува периодот од 90/180 дена и, откако ќе започне да се применува во целост, ќе ја замени проверката на печатите во пасошите, со што ќе се намалат застојот и прашањата на граничните премини и ќе се поедностават следните патувања на истите гранични премини. Патниците ќе можат да проверат уште колку дена им преостануваат во рамките на дозволениот престој.   Семејство и деца На децата под 12 години нема да им се земаат отпечатоци од прсти, но фотографијата на лицето и пасошот ќе им подлежат на проверка.   Можност за претходна регистрација Некои земји ќе ја нудат мобилната апликација „Патувај во Европа“ („Travel to Europe“), на којашто патниците ќе можат однапред да се регистрираат и да ги внесат податоците од пасошот и фотографијата на лицето пред пристигнувањето, со што ќе си го олеснат првото поминување на границата. Достапноста на апликацијата може да се разликува од држава до држава.   12 октомври 2025 година: Започнува да се воведува EES, постепено по земји и видови гранични премини. 9 април 2026 година: Завршува преодниот период. 10 април 2026 година: EES е целосно имплементиран на сите надворешни гранични премини; се укинува ставањето печати во пасошите.   За повеќе информации за EES, погледнете ги следниве извори:
  • Преглед на EES и упатства за патниците – Влада на Европската Унија, Travel Europe.
  • Податоци што ги обработува EES – Travel Europe.
  • Најчесто поставувани прашања за EES, вклучително за преодниот период, печатите и исклучоците – Travel Europe.
  • Страница на Европската комисија за политиката и временската рамка за воведување на EES – Миграција и внатрешни работи.
  • Информации за кампањата и воведувањето на системот – eu-LISA.

Објавено е годишното истражување на јавното мислење за 2025 г. 

Проектот „WeBalkans“ спроведе истражување на јавното мислење во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.  

Теренското истражување беше спроведено во периодот помеѓу мај и јуни 2025 година, врз основа на интервјуа во живо, со репрезентативни примероци од по 1,000 испитаници од секоја земја.   

 

Извештаите и информативните листови се достапни во продолжение:  

 

Албанија: Информативен лист Англиски Албански | Преглед Англиски 

 ****

Босна и Херцеговина: Информативен лист Англиски Босански | Преглед Англиски 

****

Косово: Информативен лист Англиски Албански Српски | Преглед Англиски 

****

Црна Гора: Информативен лист Англиски Црногорски | Преглед Англиски 

****

Северна Македонија: Информативен лист Англиски Македонски Албански | Преглед Англиски 

****

Србија: Информативен лист Англиски Српски | Преглед Англиски 

Вистината наспроти митовите за ЕУ: Западен Балкан очи в очи со дезинформациите

Европската Унија, како политичка заедница која се темели на човековите права и вредности, сè почесто е мета на различни актери кои, преку ширење негативни наративи, се стремат да ја поткопаат довербата на граѓаните во нејзините институции.

Социјални мрежи и сомнителни медиуми од Западен Балкан, без импресум и професионални новинарски стандарди, сè почесто се обидуваат да манипулираат со јавното мислење, играјќи на емоции и актуелни политички збиднувања, со цел да го свртат јавното мислење против исполнување на европските стандарди и спроведување на потребните реформи.

Овие веб-страници и профили на социјалните мрежи претежно содржат теми фокусирани на правата на ЛГБТК заедницата и наводните заложби на ЕУ за промена на традиционалните општествени норми коишто земјите од Западен Балкан ги сметаат за особено вредни.

Покрај тоа, честопати во нив се тврди дека членството во ЕУ ќе го поткопа економскиот стандард и дека ќе доведе до експлоатација на природните ресурси и останатиот економски потенцијал ширум регионот.

Фејсбук страница од Хрватска, којашто има околу 1.500 следбеници, тврди дека Хрватска била економски посилна во времето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија отколку што е денес како членка на Европската Унија.

„Сфатете го ова како сакате, слободно наречете ме Југословен и критикувајте ме, но мора да се знае: Југославија беше суверена држава, за разлика од денешна Хрватска. Одлуките ги носеше Јосип Броз, Хрват по потекло, а не Брисел или странски амбасади. Имавме развиено земјоделство, бродоградба, индустрија, одлична филмска и телевизиска продукција, како и неспоредлива музичка сцена. Бележевме демографски раст и сè уште постоеја одредени морални вредности пред да пристигнат западниот материјализам, Кока-Кола културата, промискуитетот, либерализмот и радикалниот феминизам. Општеството беше полно оптимизам, луѓето беа насмеани, а постоеше и искрена верба во подобро утре“, гласи објавата.

„Меѓутоа, фактите зборуваат поинаку. Од приклучувањето кон Европската Унија до крајот на 2024 година, Хрватска добила околу 25 милијарди евра – што е речиси четири пати повеќе од тоа што придонела во буџетот на ЕУ. Како резултат на тоа, земјата има вкупен суфицит од 16,36 милијарди евра, изјави државниот секретар при Министерството за регионален развој и фондови на ЕУ, Домагој Микулиќ, во четвртокот пред парламентот. Повлечените средства се четири пати поголеми од придонесот на земјата во фондовите на ЕУ откако Хрватска се приклучи на ЕУ до крајот на 2023 година, изјави пратеникот на Социјално-либералната партија на Хрватска, Дарио Хребак, за време на парламентарната дебата и додаде дека ова е силна порака до евроскептиците.

Овие средства не само што ѝ помогнаа на Хрватска да го подобри животниот стандард, туку ѝ овозможија и да спроведе реформи што значително го подобрија квалитетот на живот. Според податоците на ЕУ јасно може да се види од колкава корист за земјите е членството во ЕУ.

Друг пример од споменатата Фејсбук страница што шири пропаганда е објава којашто се обидува да наметне наратив дека наводните промени во традиционалната семејна динамика во земјите-членки на ЕУ доведуваат до „феминизација“ на европските мажи. За да го поткрепи ова тврдење, авторот на објавата се повикува на сензационалистички медиумски извештаи во коишто е наведено дека францускиот претседател Емануел Макрон наводно добил шлаканица од неговата сопруга.

„Трагикомичниот лидер на ЕУ доби шлаканица од сопругата. Можете ли да ги замислите Путин или Си во ваква ситуација? Не. И токму тоа е една од причините зошто декадентната ЕУ, за разлика од Истокот, економски и политички тоне сè подлабоко и подлабоко. Тоа е дел од одговорот на прашањето зошто ЕУ денес е ирелевантен фактор во глобалните прашања“, се вели во објавата на Фејсбук.

Сепак, ваквите тврдења не се засноваат на факти и во целост се косат со јасните правила содржани во Основачкиот договор на ЕУ.

Во член 3 од Договорот за Европската Унија јасно е наведено дека „ЕУ се обврзува да се бори против социјалната исклученост и дискриминацијата, да ја промовира социјалната правда и заштита, родовата еднаквост, меѓугенерациската солидарност и заштитата на правата на детето“.

Наративите со дезинформации се присутни и во земјите од Западен Балкан кои се во процес на пристапување кон ЕУ, како што е Црна Гора.

Прорускиот портал IN4S, кој според некои анкети се вбројува меѓу шесте најчитани медиуми во земјата, редовно објавува слична или идентична контроверзна содржина.

Во една од своите статии, порталот IN4S тврди дека „градот Ријека вовел предмет Здравствено образование како дел од пилот-проект во шест основни училишта“, но, според медиумот, тоа не е класична здравствена програма за здравствена заштита, туку предмет по сексуално образование базиран на левичарско-либерален модел. IN4S наведува дека наставните материјали содржат бројни примери за феминистичка и ЛГБТ пропаганда.

Во друга статија, истиот портал изнесува скептичен став кон евроинтеграциите со тврдењето: „Прашањето не е дали ќе се приклучиме кон ЕУ, туку што ќе остане од нас ако го сториме тоа.“

Во неа се тврди дека „под маската на борба за човекови права, ЕУ сè поинтензивно врши притисок врз образовните системи, медиумите и правните рамки на земјите-членки да прифатат радикални родови теории, додека со кривични санкции се заканува на оние што ги оспоруваат овие ставови “.

Како пример е наведена Унгарија, која наводно се соочила со остри критики по усвојувањето на закон со кој се забранува промоција на ЛГБТ содржини кај деца – нешто што наводно Брисел го оценил како „погазување на европските вредности“.

Но, дали е тоа вистината?

Голем дел од овие тврдења не се засноваат на факти, бидејќи основачките акти на ЕУ јасно нагласуваат дека Унијата им нуди поддршка на земјите-членки, но нема никаква надлежност врз нивната образовна политика. Образовната политика е во исклучива надлежност на земјите-членки, кои целосно го задржуваат својот суверенитет во однос на организацијата, структурата и содржината на образовниот систем, вклучително наставните програми, методологијата, финансирањето, квалификациите на наставниот кадар и јазикот на наставата.

Всушност, ЕУ нема за цел да ги згасне традиционалните вредности. Напротив, во преамбулата на Договорот за Европската Унија, таа експлицитно ја наведува својата намера „да ја продлабочи солидарноста меѓу своите народи, почитувајќи ги нивните историја, култура и традиции“, како и „принципите на почитување на слободата, демократијата, човековите права, основните слободи и владеењето на правото“.

Според Член 6, став 3 од Договорот за Европската Унија „фундаменталните права, гарантирани со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, и како што произлегуваат од уставните традиции заеднички за земјите-членки, претставуваат општи принципи на правото на Унијата.“

Дополнително, според принципот на супсидијарност, сите одлуки што се носат треба да се „што поблиски до граѓаните“.

Исто така, во член 2 од Договорот за Европската Унија јасно е наведено дека „Европската Унија се заснова на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права, вклучително правата на припадниците на малцинствата.“

Овие вредности, како што е истакнато, „се заеднички за сите земји-членки, во чии општества преовладуваат плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста помеѓу жените и мажите“.

Според горенаведеното, јасно е дека откако земјите од Западен Балкан ќе се приклучат кон Европската Унија, ќе уживаат исти права и привилегии како и останатите земји-членки. Понатаму, според претходните примери, тие ќе имаат можност да постигнат значителен економски напредок и да го подобрат животниот стандард за своите граѓани.

Содржината на овој текст не ја претставува официјалната позиција на Европската Унија. Целосната одговорност за информациите и ставовите искажани во него е на авторите.

 

AUTHORS:

Dejan Šainović, Journalist

Elena Prnjić, Fact checker

Jovana Đurišić, Fact checker

Marina Trajkovska, Influencer

Bojan Ristovski, Young European Ambassador

Новите Европски дигитални иновациски хабови ја поттикнуваат дигиталната трансформација ширум Западен Балкан

Во јануари 2025 година, мрежата на Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) се прошири со нови хабови низ целиот Западен Балкан.

Проширувањето на мрежата е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан, со цел да му се помогне на регионот да се интегрира во Единствениот дигитален пазар на ЕУ. Со приклучувањето кон мрежата на ЕДИХ, корисниците од регионот на проширување добиваат можност за ран пристап до дигитални алатки, платформи за споделување знаење и финансирање — и тоа уште пред да станат формално членки на Европската Унија. Овие придобивки ќе бидат конкретни и видливи, особено за малите и средните претпријатија, стартапите и јавните институции коишто се стремат кон дигитална и зелена трансформација.

„Им помагаме на државните институции и компаниите да користат дигитални алатки што решаваат конкретни проблеми, како на пример стриминг сервиси со кои ќе се овозможи пристап до нови пазари. Го олеснуваме и поврзувањето и прекуграничната соработка, токму што е всушност и целта на Единствениот дигитален пазар“, вели проф. д-р Славица Томовиќ, доцент на Електротехничкиот факултет при Универзитетот во Црна Гора. Овој развој претставува значаен чекор на заложбите на Европската Унија за дигитална трансформација на регионот на проширување и отвора нови, возбудливи можности за локалните компании, државните институции и стартапи да станат дел од просперитетниот европски дигитален екосистем.

Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) функционираат како едношалтерски центри за компаниите и државните институции, помагајќи им да се справат со дигиталните предизвици и да ја зголемат својата конкурентност. Тие обезбедуваат широк спектар на услуги – од пристап до техничка експертиза, обуки и развој на дигитални вештини, до совети за финансирање и можност за „тестирање пред инвестирање“ во нови технологии. Покрај тоа, хабовите активно ја поддржуваат зелената транзиција, овозможувајќи имплементација на одржливи и циркуларни дигитални решенија.

Поддржани од програмата „Дигитална Европа“, ЕДИХ се кофинансирани – 50% од програмата „Дигитална Европа“, а преостанатите средства доаѓаат од национални, регионални или приватни извори. Тие се со јасна мисија ниту еден регион да не биде изоставен во дигиталната ера.

Во Северна Македонија, ИНОФЕИТ ЕДИХ е првиот официјален Европски дигитален иновациски хаб во земјата. Изграден врз цврстите темели на ИННОФЕИТДИХ, тој ги обединува академските институции, индустријата, деловните здруженија и јавните чинители. Следните четири години, ИНОФЕИТ ЕДИХ ќе обезбеди бесплатни дигитални услуги во вредност од 2 милиони евра за малите и средните претпријатија и за државните институции, преку основни услуги што ги нуди.

„Во денешниот брзорастечки дигитален свет, следењето на најновите технологии е клучно за успехот на компаниите и државните институции. Интеграцијата на Северна Македонија во мрежата на Европските дигитални иновациски хабови преку ИНОФЕИТ ЕДИХ претставува единствена можност за малите и средните претпријатија и јавните организации да ја зајакнат својата конкурентност и да придонесат кон општествениот напредок“, истакнува Димитар Ташковски од ИНОФЕИТ, Северна Македонија.

Во Косово, конзорциумот што управува со проектот „Порта за дигитална иновација во Косово“ (DIG-4K) го сочинуваат неколку чинители што ги претставуваат граѓанското општество, приватниот сектор и академскиот сектор, Паркот за иновации и обука (ИТП) како водечки партнер и „Едутаск“; Иновативниот центар „Мејкерспејс“ во Призерн, Универзитетот за бизнис и технологија (УБТ), Универзитетот „Укшин Хоти’, „КВАНТИКС“, „АЛТ ШПК“, „КАКТУС Едукација“, како партнери за имплементација, и Министерството за економија на Косово и Косовската истражувачка и образовна мрежа (КРЕН) како придружни партнери.

„Интеграцијата на Косово во мрежата на Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) нуди трансформативна можност за компаниите, образовните институции и засегнатите страни од јавниот сектор. Преку проектот „DIG-4K“, корисниците ќе добијат пристап до експертиза, ресурси и финансирање, што ќе доведе до забрзување на дигиталната трансформација“, вели Арсим Ниманај од ГИЗ Косово, притоа давајќи конкретни информации за тоа како корисниците можат да имаат корист од ова членство, „Консултациите ќе им помогнат на бизнисите и институциите да развијат и спроведат дигитални стратегии, да ги оптимизираат процесите и да ја зголемат својата конкурентност. Академијата за дигитални вештини ќе понуди обуки, сертификации и практични работилници со цел да се премости јазот во вештините и да се подготви работната сила за иднината. Лабораторијата за пристап и тестирање на технологија ќе овозможи простор за иновации, развој на прототипови и експериментирање со технологии како што се вештачка интелигенција, сајбер безбедност и зелени технологии. Финансиската и инвестициската поддршка ќе ги насочи корисниците кон соодветни извори на финансирање за развој и одржливост на нивните проекти. А преку меѓународно вмрежување, ќе се овозможи пристап до глобални пазари и партнерства, дополнително зајакнувајќи го дигиталниот екосистем на Косово. Понатаму, заложбите за скалирање и одржливост ќе обезбедат долгорочно влијание преку зголемена видливост, проширување на пазарот и континуирана евалуација“, заклучува Ниманај.

Дигиталната трансформација, од земјоделството управувано од вештачка интелигенција до паметните јавни услуги, поддржана од хабовите коишто сега се дел од мрежата на ЕДИХ, ќе стимулира инклузивен раст, одржливост и ќе го подготви регионот за работата и бизнисите во иднината.

За локалните организации во Западен Балкан, приклучувањето кон мрежата на ЕДИХ значи станување дел од европското движење за иновации, ефикасност и одржливост.

Повеќе информации за Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан можете да прочитате овде.

План за раст на ЕУ за Западен Балкан – Економски развој и можности за сите

Планот за раст за Западен Балкан претставува понуда од Европската Унија за земјите-кандидатки за членство во ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија), со цел да се забрза нивниот процес на пристапување. Планот предвидува побрза интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, а истовремено бара да се зајакне регионалната економска соработка, што се очекува да доведе до забрзана социоекономска конвергенција со Европската Унија. За да се поддржат овие реформи обезбеден е фонд од 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди евра се грантови и 4 милијарди евра се концесиски заеми. Предуслов за финансирањето е да се спроведат одредени реформи и да се усогласи националното законодавство со правото на ЕУ.

Се проценува дека спроведувањето на Планот за раст би можело значително да ги забрза реформите, што потенцијално би довело до удвојување на економиите во регионот следната деценија.

„Планот за раст не влијае врз тековните процеси на пристапување, ниту врз специфичните услови за пристапување, особено кога станува збор за фундаменталните принципи. Заедничкиот регионален пазар е иницијатива договорена од лидерите на Западен Балкан за време на самитот на Берлинскиот процес во Софија во 2020 година. Овој пазар, заедно со придружниот акционен план, има за цел да овозможи слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе ширум регионот,“ како што е наведено во Планот за раст, при што се истакнува дека „брзината е клучна“ и дека планот има за цел да му помогне на регионот да се насочи кон заедничката европска иднина и да ги надмине билатералните предизвици што го забавуваат напредокот.

Ади Ќеримагиќ, аналитичар при Европската иницијатива за стабилност, објаснува дека ЕУ се обидува однапред да им обезбеди на земјите-кандидатки за членство одредени придобивки кои инаку доаѓаат со самото членство.

„Една од компонентите е дополнително финансирање со цел да се намали јазот меѓу средствата што ги добиваат земјите-членки на ЕУ и оние што им се достапни на земјите-кандидатки. Сепак, ова финансирање е условено со поднесување детален план за реформи, кој освен владеење на правото и економски реформи, опфаќа и други области како јавната администрација и реформа на јавните набавки – зависно од потребите на секоја земја. Друг клучен елемент се претпристапните бенефиции, со очекување дека земјите-кандидатки ќе усвојат законодавство и изградат институции што ќе им овозможат да функционираат како да се веќе членки. Добар пример е СЕПА, што им овозможува на банките од земјите-кандидатки да вршат трансакции во евра без дополнителни трошоци, како да се дел од ЕУ, но за тоа е потребно усогласување на националното законодавство и банкарската регулатива“, објаснува Ќеримагиќ, нагласувајќи дека суштината на Планот за раст е да им понуди на земјите-кандидатки повеќе финансиски средства и можности за економски развој и за нивните граѓани, според темпото со кое ги спроведуваат реформите.

Професорката Лејла Рамиќ-Месиховиќ од Катедрата за меѓународни односи при Меѓународниот универзитет „Бурч“ вели дека ова претставува значајна можност.

„Планот за раст претставува одлична можност за зајакнување на Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и за негово постепено поврзување со Единствениот пазар на ЕУ, кон кој сите сме ориентирани. Во суштина, тоа е грне со азно до кое сите имаме пристап.“

Планот за раст се фокусира на седум стратешки области: слободно движење на стоки, услуги и работна сила; пристап до плаќања во евра; олеснување на патниот транспорт; декарбонизација и интеграција на енергетските пазари; создавање заеднички дигитален пазар; и интеграција во индустриските синџири на снабдување. Некои од можностите опфаќаат нови шанси за вработување, бесплатен пристап до безжичен интернет на јавни места, побрзи и поповолни трансакции преку СЕПА, скратено време на чекање на границите (благодарение на зелените коридори), како и дигитални хабови за стартап компаниите. За да се искористат овие придобивки, неопходно е да се исполнат неколку предуслови: усогласување на легислативата за гранична контрола, пристапување кон Конвенцијата за заедничка транзитна постапка, реформирање на системите на јавни финансии согласно стандардите на ЕУ, како и заемно признавање вештини и професионални квалификации меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, врз основа на веќе постоечките договори за мобилност.

Планот за раст го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година, а доделените средства ќе се распределуваат врз основа на формула што ги зема предвид БДП, големината на населението и други релевантни критериуми. Според прелиминарните проценки, Албанија би можела да добие 922 милиони евра, Црна Гора 383 милиони евра, Косово 880 милиони евра, Северна Македонија 750 милиони евра, Србија 1,58 милијарди евра, додека Босна и Херцеговина, откако ќе ја финализира својата реформска агенда, би можела да добие пристап до 1,85 милијарди евра. Најмалку 50% од вкупните средства ќе бидат насочени кон инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), додека останатиот дел ќе оди директно до владите на земјите од регионот. Пристапот до овие средства ќе зависи од степенот на напредок во спроведувањето на реформските агенди на секоја земја.

Исплатите ќе се вршат двапати годишно, врз основа на апликации поднесени од владите на Западен Балкан, но само откако Европската комисија ќе потврди дека се исполнети сите услови , како макроекономска стабилност, стабилно управување со јавните финансии, транспарентност и ефикасен буџетски надзор.

Планот за раст беше усвоен на 8 ноември 2023 година, а до април 2025 година Европската комисија ги одобри реформските агенди на Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Босна и Херцеговина сè уште нема добиено „зелено светло“.

Владите на Западен Балкан добија предупредување дека доколку не ги исполнат условите за исплата Европската комисија ќе ги суспендира или ќе ги задржи соодветните износи. Понатаму, земјите кои нема да ги спроведат предвидените реформи во рок од една до две години ќе бидат обврзани да ги вратат добиените средства, кои потоа ќе се прераспределат на заслужните земји.

Повик за пријавување: до 500 општини од целиот Западен Балкан ќе добијат бесплатен безжичен интернет во рамките на Планот за раст на ЕУ

28 март 2025 г. – Општините ширум Западен Балкан имаат можност да се пријават за учество во иницијативата „WiFi4WB“ (Wi-Fi за Западен Балкан), која ќе обезбеди бесплатни хотспотови за пристап до безжичен интернет (Wi-Fi) за до 500 општини во регионот. Безжичните пристапни точки ќе се постават на јавни локации како плоштади, паркови, библиотеки, музеи и училишта, со што ќе се овозможи бесплатен и стабилен интернет за сите жители и посетители.

Општините кои ќе бидат опфатени во иницијативата ќе добијат целосна поддршка, вклучително набавка и поставување на опремата за безжичен интернет, интернет и одржување. Од општините за возврат се очекува да ја преземат обврската за одржување по почетниот период во кој ќе бидат финансирани, што ќе резултира со долгорочна одржливост и позитивно влијание.

Јавниот повик е отворен за сите општини од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Пријавата мора да ја поднесе градоначалникот/началникот на општината, вработен службеник во општината или член на општинскиот совет.

Иницијативата „WiFi4WB“ е дел од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој е предвидено да ја истакне дигиталната трансформација како клучен фактор за регионалната интеграција. Програмата има за цел да го намали дигиталниот јаз, да ги унапреди економските можности и да ги оснажи локалните заедници со тоа што ќе овозможи универзален пристап до интернет.

„WiFi4WB“ е дел од програмата „EU4Digital Action“, финансирана од Европската Унија (ЕУ) и Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ), а ја спроведува Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ). По примерот на успешната иницијатива „WiFi4EU“, со која се обезбеди бесплатен безжичен интернет за речиси 9.000 општини ширум Европа, со „WiFi4WB“ оваа визија се проширува и на Западен Балкан, при што општините ќе бидат снабдени со алатки за унапредување на дигиталната инфраструктура, во прилог на одлично искуство за жителите и посетителите.

 

Краен рок за пријавување: 28.4.2025 г.

 

За повеќе информации околу тоа како да се пријавите и да станете дел од „WiFi4WB“, посетете ја веб-страницата wifi4wb.eu.

„Интерег“ и „Гринтекс“: Намалување на загадувањето со рециклирање текстил

Од 1 јануари 2025 година, сите земји-членки на ЕУ обврзани се одделно да го собираат текстилниот отпад. Меѓутоа, голем дел од нив, како и земјите од Западен Балкан, сè уште немаат ефикасен систем за оваа намена. За да се одговори на овој предизвик и да се развијат одржливи решенија кои ќе бидат применливи за целиот регион, 11 организации од 9 земји ги здружија своите сили во рамките на проектот „Гринтекс“.

Партнерските организации вклучени во проектот се: Сараевската агенција за регионален развој – СЕРДА (Босна и Херцеговина); Општина Постојна (Словенија); Институтот за одржлив раст „Активна Натива“ (Словенија); Граѓанското здружение и еколошка добротворна организација „Словачка за Словачка“ (Словачка); „Еуротекс“ ДОО (Бугарија); Општина Мајур (Хрватска); Факултетот за текстилна технологија при Универзитетот во Загреб (Хрватска); Универзитетот „Доња Горица“ (Црна Гора); Агенцијата за регионален развој „Златибор“ (Србија); Здружението за развој на заедниците „Метрополитенска област Букурешт“ (Романија); и Иновативното здружение „Прв одговорен Унгарец“ (Унгарија).

Текстилната индустрија е една од индустриите коишто најмногу го загадуваат светот, придонесувајќи за 20% од вкупните индустриски отпадни води и испуштајќи значителни количества стакленички гасови. На пример, за да се произведе една памучна маица потребни се околу 2.700 литри вода – количина што еден човек би ја испил за 2,5 години. Истовремено, дури 86% од облеката завршува на депонии или се согорува по употребата, додека само 1% се рециклира.

„Гринтекс“ има за цел да развие и тестира нови решенија во синџирот на производство – од дизајнирање нови производи до собирање текстилен отпад. Дигитални алатки, меѓу кои и интерактивна мапа со обележани точки за собирање, ќе бидат опфатени во платформата за учење и иновации на „Гринтекс“. На пример, Општина Постојна, во соработка со здружението „Простор“, работи на подигнување на свеста за последиците од прекумерната потрошувачка на текстил; преку работилници и настани за размена на облека, тие нудат одржливи алтернативи за вообичаените потрошувачки навики.

Словенија, Словачка, Хрватска, како и делови од Унгарија и Бугарија, веќе спроведуваат успешни практики кои може да се приспособат за земјите што сè уште развиваат системи за рециклирање текстил, во кои спаѓаат и земјите кандидатки за членство во ЕУ – Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.

Основана во 2003 година, Сараевската агенција за регионален развој (СЕРДА) активно го поддржува економскиот развој во макро-регионот Сараево и во Босна и Херцеговина. Таа спроведува проекти во областа на иновациите, претприемништвото, екологијата и одржливиот развој, честопати во соработка со домашни и меѓународни партнери, вклучително ЕУ. Фокусирана е на зајакнување на економската конкурентност, привлекување инвестиции и поддршка на малите и средните претпријатија.

„Работејќи со нашите партнери од Словенија, сфативме дека се соочуваме со заеднички предизвик поврзан со текстилниот отпад и дека можеме да придонесеме за негово намалување. Истовремено, ова ни овозможува да поттикнеме размена на знаења и искуства меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите кандидатки за членство во ЕУ“, објаснува Амела Икиќ Суљагиќ, проектна менаџерка на СЕРДА.

„Во Босна и Херцеговина, СЕРДА активно работи на собирање текстилен отпад. Набавивме десет паметни контејнери со вградени сензори и ќе ги анализираме локалната потрошувачка и начините за одлагање отпад. Имаме за цел да ги оптимизираме рутите за собирање отпад и да најдеме најсоодветни решенија за собраниот отпад – без оглед на тоа дали ќе биде по пат на рециклирање, повторна употреба или пренамена“, вели Амела Икиќ Суљагиќ. Таа додава дека СЕРДА во овој процес соработува со локалното комунално претпријатие и надлежното министерство во Владата на Кантонот Сараево.

Во Бугарија, во фабрика за механичко рециклирање, примероци од собраниот отпад од Букурешт ќе се користат за развој на прототипови на нови производи изработени од износени влакна. Во Хрватска, Србија и Словенија, проектот ќе ја тестира пошироката примена на природни влакна од локално потекло во текстилното производство. Дополнително, ќе се развие прототип на нов неткаен материјал, комбинирајќи рециклирана волна со текстилен отпад кој не е погоден за повторна употреба. Иницијативата истражува и решенија за повеќекратна употреба на волна, бидејќи значителен дел моментално завршува фрлен на диви депонии. Во Црна Гора и Словенија, проектот ќе се фокусира на иновативни решенија за одржлива и зелена мода со креирање еколошки прифатливи модни колекции.

„Гринтекс“ ќе воведе иновативни производни технологии, вклучително боење без вода, поголема употреба на рециклирани материјали и поддршка за одржливи брендови и производители кои применуваат еколошки методи. Дополнително, ќе се прошири рециклирањето текстил преку поставување лесно достапни собирни места на прометни локации, како трговски центри и училишта. За да се поттикнат граѓаните да се вклучат, ќе се воведат попусти во продавниците или програми за размена на облека, поддршка за „винтиџ“ модата, размена на облека, продавници за половна облека и програми за рециклирање во самите продавници.

„Гринтекс“ располага со буџет од 1,79 милиони евра, од кои 80% се финансирани од програмата „Интерег“. Во моментов, Словачка, Словенија, Хрватска, Унгарија и Бугарија имаат воспоставено успешни практики кои може да се приспособат и применат во земјите кандидатки за членство во ЕУ.

„Интерег“ е клучен инструмент на ЕУ за зајакнување на соработката меѓу Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ. За периодот 2021-2027 година, фокусот на програмата е на справување со глобалните предизвици, вклучително климатските промени, дигиталната трансформација и социјалната инклузија. Со вкупен буџет од 10 милијарди евра, дел од средствата се наменети за најоддалечените региони на ЕУ, соседните земји и стратешки важните географски подрачја, како што се Гвинејскиот Залив, Индискиот Океан и Мозамбичкиот канал. Програмата има за цел да ја зајакне сеопфатната политика на ЕУ преку адресирање на специфични предизвици ширум Европа и пошироко. Меѓу главните приоритети за периодот до 2027 година се паметен и одржлив економски раст, зелена транзиција, социјална инклузија, територијален развој и развој на ефикасна и одржлива инфраструктура.

Заедно сме посилни: Северна Македонија ја зајакнува безбедноста против нелегалното оружје

На крајот на јануари 2025 година, Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија доби опрема за подобрување на истрагите на местото на настанот, односно злосторството, поврзани со огнено оружје.

„Оваа опрема ќе овозможи поефикасна борба против нелегалните трговија и поседување огнено оружје, ќе обезбеди поцврста контрола врз законитоста на поседувањето мало оружје и ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните ширум Европа“, соопштија од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

По вооружениот конфликт во 2001 година, многу жители на земјата нелегално поседуваат лесно оружје. Полициските извештаи укажуваат на тоа дека овој вид оружје се наоѓа при рутинските инспекции, честопати заедно со наркотици, при тепачки, операции за криумчарење или во случаи на семејно насилство. ОБСЕ, УНДП и останатите меѓународни организации кои спроведуваат регионални проекти за подигнување на свеста за опасностите од нелегалното оружје и за зајакнување на контролните механизми за негово поседување предупредуваат дека ова оружје претставува „закана за безбедноста на граѓаните, јавната безбедност и игра значајна улога во семејното насилство, убиствата и родовото насилство, додека истовремено придонесува кон криминалот и нестабилноста ширум светот“.

Северна Македонија во меѓународните извештаи и анализи е наведена како „земја којашто е дел од рутата на нелегалната трговија со оружје“.

„Во Северна Македонија има многу оружје. Не знам дали е легално или не, но се користи и ја загрозува јавната безбедност. На пример, на свадби често се пука со пиштоли, а има и повредени жртви од заскитани куршуми. И тоа не се работи само за поединечни истрели, туку за рафали од огнено оружје кои вознемируваат цели градови. Министерството за внатрешни работи редовно организира кампањи и апелира до граѓаните, но безуспешно. Сметам дека јавноста не е сосема свесна колку нелегално оружје има во државата, но знае дека има многу и дека тоа повлекува ризици!“, изјави Сузана Николиќ, новинарка од „Куманово њуз“.

Потребата од контрола на нелегалното оружје стана уште поочигледна по масовното пукање во Црна Гора во јануари 2025 година, за време на коешто беа убиени тринаесет лица, меѓу кои и две деца.

Според проценките на анализата „Истражување на мало оружје“ од 2018 година, во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово има повеќе од шест милиони парчиња огнено оружје, што значи околу 30 парчиња оружје на 100 жители. Поголемиот дел, односно речиси 90% од оружјето, е во рацете на цивили, што значително го надминува глобалниот просек од околу 75%. Се смета дека помеѓу 500.000 и 1,6 милиони домаќинства во регионот поседуваат огнено оружје.

Според студијата на Центарот за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа (СИСАК), речиси 30% од жртвите од употреба на нелегално огнено оружје се жени.

Балканската безбедносна мрежа известува дека „главната копнена рута за криумчарење оружје во регионот минува низ Србија, Хрватска, Словенија, Австрија, Унгарија и Словачка. Поморската рута до Италија тргнува од Хрватска, Црна Гора и Албанија, а постои и хибридна рута меѓу Албанија, Северна Македонија и Грција. Регионот служи и како транзитна точка за оружје од Турција, при што Бугарија е примарната влезна точка.“

Повикувајќи се на истражување на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, експертите предупредуваат дека „по завршувањето на војната во Украина, балканските криминални групи би можеле да ги искористат воспоставените криумчарски мрежи и инфраструктура за дистрибуција на ново оружје од Истокот“.

По добивањето на опремата донирана од ЕУ, министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Панче Тошковски, изјави дека борбата против нелегалното оружје претставува врвен приоритет за Министерството за внатрешни работи.

„Имплементацијата на овој проект е од огромно значење за Министерството за внатрешни работи, со што ја потврдуваме нашата определба кон остварување на целите од „Патоказот за контрола на мало и лесно оружје“, особено кон усвојување на законската рамка за контрола на оружјето која ќе биде целосно усогласена со регулаторната рамка на ЕУ и стандардизирана во регионот, и значително редуцирање на нелегалниот проток на огнено оружје, муниција и експлозиви, како во рамките за Западен Балкан, така и пошироко“, изјави Тошковски по добивањето на донацијата.

Донацијата од 200.000 американски долари е во рамките на проектот „Зајакнување на форензичките капацитети и истражните капацитети на местото на злосторството за зајакнување на кривичната судска контрола врз малото и лесно оружје“ што го спроведува УНДП во рамките на „Патоказот за контрола на мало и лесно оружје“ во Западен Балкан, чија потписничка е и Северна Македонија. Проектот е финансиран од Мултилатералниот фонд на Обединетите нации за мало и лесно оружје во Западен Балкан, поддржан од Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка, со поддршка од Европската Унија. Проектот има за цел да ги модернизира форензичарите и единиците за истрага на местото на настанот во Северна Македонија, со цел да се подобри обработката на местото на настанот и собирањето докази. Ова ќе придонесе да се подобрат истрагите, ќе ја зајакне меѓународната размена на докази и ќе ја зголеми ефикасноста на системот на кривична правда. Проектот ќе придонесе кон надградување на балистичките капацитети и оперативните активности на Одделот за форензички испитувања при МВР и кон подобрување на аналитичките, техничките и истражните капацитети на единиците за истрага на местото на настанот. Дополнително, ќе се опфати и родовата перспектива со фокус на родово-базираното и семејното насилство преку обуки за родова сензибилизација за персоналот на Одделот за форензички испитувања и единиците за истрага на местото на настанот, а ќе се подобри и следењето на случаите на семејно насилство кои вклучуваат огнено оружје со наменски модул во Полицискиот информациски систем во Северна Македонија.

Донацијата опфаќа универзални и специјализирани несесери за истрага на местото на настанот, фото камери, како и компјутери и соодветна хардверска опрема што ќе се користи за обработка на местата на настанот, односно злосторството. Форензиката и истрагата на местото на злосторството играат клучна улога во системот на кривичната правда кога станува збор за случаи кои вклучуваат огнено оружје. Преку анализа на балистика, траги и отпечатоци од прсти, форензичарите и увидните екипи кои работат во овие единици обезбедуваат важни докази за да помогнат во решавањето на злосторствата, како и во спречувањето на идното потенцијално насилство.