Skip to main content

Автор: WeBalkans

Подобра комуникација за проекти од сферата на уметноста, културата и јавниот простор

Проект, финансиран од ЕУ, поддржува невладина организација од Косово за надоградување на капацитетите за социјални медиуми.

Фондација 17 е невладина организација од Косово, иницирана од активистите Нита Зеќири и Ајете Керќели. Нивната соработка започнала со создавање визуелни и интелектуални уметнички дела кои ги истражуваат психолошките и општествени перспективи преку видео-експериментална уметност. Имале идеи и мотивација, но, иако овие елементи се важни, не биле доволно: активистките имале потреба од поддршка во насока на повеќе соработници, финансии и, најважно, работен и изложбен простор. Со оглед на тоа што биле свесни дека ова се проблеми со кои се соочуваат повеќето уметници во Косово, одлучиле да започнат иницијатива со која ќе би си помогнале не само себеси, туку и на целата културна сцена во Косово.

Како што биле почетници во бизнисот и било тешко да се најдат фондови од донатори, одлучиле од сопствена заштеда да изнајмат и опремат простор така што отвориле проектен простор достапен за други уметници и организации.

„Фондација 17 има за цел да поттикне позитивна промена во општеството со зајакнување на заедниците преку културен активизам.“

Лири Хашани се приклучила во Фондација 17 три месеци по започнувањето на Проектниот простор 17; најпрво, како асистент за проектен простор, а подоцна унапредена во координатор за контакти и социјални медиуми. Лири објаснува дека организацијата е изградена врз основа на личните искуства на основачите и потребата да се возобнови функцијата на алтернативните јавни простори. Дополнително, тие веруваат дека уметноста и културата се средства за иницирање значајни општествени потреби. Како што Лири резимира: „Фондација 17 има за цел да поттикне позитивна промена во општеството со зајакнување на заедниците преку културен активизам.“

Од нивното започнување, во 2018 година, организацијата имплементирала бројни проекти, спојувајќи идеи од луѓе од различни средини и професии, обединети преку уметноста, и кои третираат различни општествени прашања; обидувајќи се да ги ангажираат младите на различни начини.

Една од нивните програми е „Метаморфози“, која има за цел да ги спои уметностите и културата во дијалог за да се дискутира за важноста од користењето на јавниот простор. Преку „оживување“ и ревитализирање на напуштени згради, дури и на еден ден, целта е да се документира колективната меморија за минатото за кое ретко се зборува; како и да се осврне кон употребата на јавниот простор во корист на заедницата. Досега, интервенирале во четири напуштени простори во кои имале директни уметнички интервенции; но, исто така, создале и публикации кои ја претставуваат и анализираат врската помеѓу зградите, спомениците и јавната свест.

Друга програма е Галерија 17 во чии рамки, преку кампања за групно финансирање и со поддршка на уметничката заедница, изнајмиле и возобновиле стара механичарска работилница, претворајќи ја во постојан простор за уметнички изложби. Со посебен фокус на општествени прашања, уметниците и кустосите во Галерија 17 експериментираат со концепти, идеи и простор.

„Поддршката на ЕУ беше навистина од помош затоа што ми овозможи да ги подобрам моите вештини и да согледам друга перспектива за тоа како би требало да бидат координирани социјалните медиуми.“

За проектот

„EU TACSO“ е регионален проект, финансиран од ЕУ, кој ги подобрува капацитетите и улогата на организациите на граѓанското општество. Проектот им помага на организациите на граѓанското општество да земат активно учество во демократските процеси во регионот, стимулирајќи средина со можности за граѓанското општество и развој на плуралистички медиуми.

Проектот делува во Албанија, БиХ, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција и е дела од Механизмот за граѓанско општество на ЕУ кој овозможува поддршка за организациите на граѓанското општество во државите кои сè уште не се дел од ЕУ. Организациите на граѓанското општество играат важна улога за ЕУ и се клучни чинители за поддршка на пристапниот процес во своите држави.

Меѓутоа, организацијата добила поддршка и од меѓународни донатори за имплементирање на програмите и надоградување на управните и административни капацитети. Еден од проектите кои ги поддржал бил и проектот на ЕУ за техничка помош за организациите на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција („EU TACSO“). Лири објаснува дека имале редовни комуникациски активности, но, и дека сè уште работеле на подобрување на нивната стратегија за социјални медиуми што, всушност, била нејзината прва работа како координатор за социјални медиуми. Проектот „EU TACSO“ ја поддржал Лири со обука која била проследена со тренинг еден на еден. „Поддршката на ЕУ беше навистина од помош затоа што ми овозможи да ги подобрам моите вештини и да согледам друга перспектива за тоа како би требало да бидат координирани социјалните медиуми,“ вели Лири.

Започнува скрининг на кластерот за конкурентност и инклузивен раст како дел од преговарачкиот процес со Албанија и Северна Македонија

На 17. октомври, Европската комисија го продолжи скрининг процесот со Албанија и Северна Македонија. Скринингот е првиот чекор во пристапниот преговарачки процес, а самиот скрининг процес е структуриран во шест тематски кластери. Овие кластери опфаќаат релевантните поглавја на достигнување на широки теми поврзани со добро управување, меѓународен пазар, економска конкурентност и поврзаност.

 

Експерти од Европската комисија, Албанија и Северна Македонија започнаа со испитување на правните политики на ЕУ, во рамки на третиот кластер кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст. Кластерот опфаќа дигитална трансформација и медиуми, наука и истражување, политика на претпријатија и индустрии, како и општествена политика и вработување, образование и култура. Поглавјата вклучуваат царински сојуз, економска и монетарна политика и оданочување.

 

Аналитичкото испитување на достигнувањето на правното тело на ЕУ, така наречено скрининг, им овозможува на земјите-кандидати да се запознаат со законите и стандардите на ЕУ; како и со обврските кои тие ги повлекуваат. Исто така, овозможува и испитување на нивото на подготвеност на државите, како и планови за понатамошно усогласување; нудејќи прелиминарни насоки за проблемите кои би се појавиле при преговорите.

Пријателски разговор во моменти на потреба

Проект, финансиран од ЕУ, овозможува помош за онлајн советодавен центар во Србија.

Националната линија за деца „NADEL“ е центар за помош и составен дел од Центарот за заштита на доенчиња, деца и млади во Белград; основан како еден од механизмите за спречување насилство врз децата. Повиците на телефонскиот број 116-111 се бесплатни и имаат 24-часовна поддршка, седум дена неделно. „NADEL“ ги поддржува децата и нивните родители уште од 2005 година, а во текот на минатата деценија, советниците во „NADEL“ разговарале со повеќе од милион лица, овозможувајќи им помош, совет или практично насочување и помагајќи им да најдат одговор или решение за своите проблеми. Но, можеби најважното е тоа што линијата им овозможува на луѓето во потреба да бидат ислушани.

Меѓутоа, пандемијата нè соочи со нови предизвици и кризи. Истражувањето за време на пандемијата покажа дека младите се исплашени. Дел од нив се повлекоа во изолација, додека, пак, на многумина им недостигаше социјализирање со другар(к)и на училиште. И покрај овие предизвици, за време на пандемијата, бројот на повици кон „NADEL“ се намали.

„За нас, логично објаснување беше дека поради изолацијата, семејствата беа заедно 24/7. Немаше приватност и многумина нема можност да се јават и да зборуваат со некој надвор од семејството; вклучително и советниците на линијата „NADEL“. “

Оваа парадоксална ситуација го привлече вниманието на УНИЦЕФ во Србија; долгогодишен партнер и поддржувач на „NADEL“. Весна Дејановиќ е специјалист за детска заштита при УНИЦЕФ и ја споделува својата анализа: „За нас, логично објаснување беше дека поради изолацијата, семејствата беа заедно 24/7. Немаше приватност и многумина нема можност да се јават и да зборуваат со некој надвор од семејството; вклучително и советниците на линијата „NADEL“.“

Имајќи го ова на ум, во февруари 2021 година, УНИЦЕФ, со поддршка на ЕУ, иницираше проект кој би им помогнал на младите да останат во контакт со „NADEL“ дури и во ситуации кога немаат приватност, благодарение на иновативна функционалност за онлајн допишување која се одвива напоредно со традиционалната телефонска линија. На тој начин, овозможија поддршка за „NADEL“ преку развој на софтвер за онлајн допишување, купувајќи дополнителна опрема и обезбедувајќи средства за плати за дополнителните советници кои ќе управуваат со онлајн линијата за допишување.

Весна објаснува дека ги поддржале и со градење капацитети, што подразбира обука за сите советници; вклучително поискусните и новите, како и останати обезбедувачи на услуги, како, на пример, мали невладини организации и нивните социјални работници, односно сите обезбедувачи на услуги кои се во позиција или веќе имаат потенцијал за ангажирање во онлајн советување и споделување на знаењето. „Што се однесува до градењето капацитети, ги обезбедивме со логистичка поддршка и скромен финансиски придонес за изработка на прирачници за обука. Обуката беше реализирана од персоналот при „NADEL“ затоа што имаат богато искуство и навистина компетентен персонал за обуки,“ вели Весна.

„Како резултат на кампањата на социјалните медиуми, бројот на советодавни сесии преку онлајн допишување беше трипати поголем од изминатиот месец, а целосниот број посети на веб-страната на „NADEL“ беше поголем од вкупниот број контакти во периодот од јануари до мај.“

За проектот

Оваа иницијатива беше овозможена благодарение на финансиската поддршка на ЕУ преку Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување (DG NEAR), на Европската комисија, во партнерство со Министерството за труд, вработување, ветерани и социјални работи и Центарот за заштита на доенчиња, деца и млади во Белград.

Иновативната поддршка за онлајн допишување за „NADEL“ беше отпочната со поддршка на Програмата за ублажување на ефектите на пандемијата КОВИД-19 врз животите на децата и семејствата во Западен Балкан и Турција. Програмата е двогодишна иницијатива, започната во 2021 година, на регионалната канцеларија на УНИЦЕФ и Европската комисија.

Целта на иницијативата е зајакнување на националното здравје, образование, ран детски развој и системи за заштита на деца со цел обезбедување клучни услуги за ранливите деца и нивните семејства како непосреден и долгорочен одговор за закрепнување од КОВИД-19. Преку оваа програма, вредна 5 милиони евра, се очекува 490000 деца и родители ширум подрачјето опфатено со програмата да добијат подобар пристап до јавни услуги кои промовираат ран детски развој, образование, здравје и заштита како дел од закрепнувањето од КОВИД-19.

Дополнително на оваа поддршка, УНИЦЕФ, преку проект финансиран од ЕУ, исто така им помогна во „NADEL“ да ја зголемат својата видливост со покренување на свеста за постоењето на нивните услуги. Низ годините, „NADEL“ организирале акции за подигнување свест преку посета на училишта и разнесување постери. Но, според Весна, во последно време оваа стратегија не функционира затоа што на децата треба да им се пристапи преку социјалните медиуми кои редовно ги користат.

Кампањата на социјалните медиуми започна во јуни годинава, а бројот на телефонски повици и останат вид комуникации се зголеми за три пати како резултат на кампањата.

Марина Богдановиќ, консултант за заштита на деца од насилство и превенција на детски бракови при УНИЦЕФ, објаснува дека покрај зголемување на контактот со „NADEL“, кампањата била одлично искуство преку кое со партнерот научиле како да ја подобрат и иновираат програмата. „Како резултат на кампањата на социјалните медиуми, бројот на советодавни сесии преку онлајн допишување беше трипати поголем од изминатиот месец, а целосниот број посети на веб-страната на „NADEL“ беше поголем од вкупниот број контакти во периодот од јануари до мај,“ вели таа.

Потпретседателот на Европската комисија, Схинас, ја нагласи целосната поддршка на ЕУ за управувањето со миграции при својата посета на БиХ

Потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, ја посети БиХ како дел од неговата посета на четири држави во Западен Балкан, со цел ангажирање со партнери во регионот, подобро сфаќање на ситуацијата на терен и изнаоѓање начин за справување со растечкиот број нелегални гранични премини ширум рутата на Западен Балкан; во дух на партнерство и соработка.

 

За време на неговата посета на БиХ, потпретседателот Схинас најави нов проект, вреден 39,5 милиони евра, фокусиран на поддршка за БиХ во мешаните миграциски трендови и управување со границите. Како дел од посетата на БиХ, Схинас посети и приемен центар за нелегални мигранти, во Ушивак, во близина на Сараево. Покрај средбата со мигранти, потпретседателот Схинас имаше прилика да ги согледа и подобрените услови во центарот; кои се резултат на поддршка од ЕУ, вклучително и шивачница која беше основа за отпочнување на успешна модна марка, водена од мигранти, под името „Мода без нација“ (‘No Nation Fashion’)

Адреналински бран во Скопје

Скопскиот адреналински парк се развива со помош на средства од ЕУ

Карпош е најурбаната населба во Скопје, главниот град на Северна Македонија. Општината има преку 70000 жители и скоро сите од нив живеат во високи бетонски згради. Роберт Јанковски работи во општината Карпош и, пред 20 години, со дел од своите другари, дискутирале за потребата од активност или атракција каде што луѓето би можеле да го поминат викендот или да одат по работното време. Парковите околу зградите не ја задоволувале оваа потреба. „Мислев дека Скопје има потреба од некаква атракција како во големите европски престолнини,“ вели Роберт.

„Заедно со пријателите, мислевме дека Карпош има потреба од атракција по која ќе биде познат: нешто слично како во филмовите на Индијана Џонс или „Ограбувачи на гробници“, место за спорт и забава. Така беше иницирана идејата за авантуристичкиот парк.“

Дискутирајќи со пријател, Роберт најпрво помислил за отворање терен за голф или парк. Меѓутоа, неговата пазарна анализа покажала дека тоа би било прескапо, а интересот не би бил на завидно ниво. Потоа, неговиот пријател од Англија предложил нешто многу поавантуристичко. „Заедно со пријателите, мислевме дека Карпош има потреба од атракција по која ќе биде познат: нешто слично како во филмовите на Индијана Џонс или „Ограбувачи на гробници“, место за спорт и забава. Така беше иницирана идејата за авантуристичкиот парк,“ вели Роберт.

Роберт објаснува дека во 2005 година, општината отворила скејт парк во Карпош; прв од таков вид во државата. Од споделувањето идеи со колеги од општината, дошле на идеја да ја искористат истата локација, со проширување на паркот и додавање уште авантуристички атракции како високи јажиња. Со тек на време, идејата се доразвила, но им недостигале средства за целосно да ја имплементираат. Во рамки на општинското управување, Роберт бил задолжен за соработка со меѓународни и невладини организации и, заедно со Александра Теова – одговорна на отсекот за локален развој, дознал за проектот за локална и регионална конкурентност, финансиран од ЕУ, кој поддржувал општини кои се соочуваат со проблеми поврзани со туризмот и животната средина. „Ова беше совршена и погодна можност за нашиот проект, па одлучивме да се пријавиме,“ вели тој.

„Не ќе можевме да ја реализираме идејата без поддршката на ЕУ, затоа што нашата општина не е богата и имаме бројни други приоритети, како патишта и водоснабдување.“

За проектот

Проектот за локална и регионална конкурентност е четиригодишна инвестициска операција, финансирана од грант на ЕУ (Инструмент за претпристапна помош – ИПА II). Проектот овозможува холистички пристап кон развојот на туризмот и дестинацискиот менаџмент и нуди инвестициски средства и можности за градење капацитети за поддршка на секторски раст, инвестиции во дестинации и специфичен дестинациски просперитет. Целта на проектот за локална и регионална конкурентност е да го зацврсти придонесот на туризмот во локалниот економски развој и да го подобри капацитетот на владините и јавни ентитети за поттикнување туристички развој и олеснување на дестинацискиот менаџмент.

По неколкукратна евалуација, нивната идеја била избрана меѓу успешните со што сонот за авантуристички парк станал јаве. Денес, адреналинскиот парк, финансиран со средства од ЕУ, вклучува дел со високи јажиња и „зиплајн“, но, исто така, и терени за фудбал и одбојка на песок, како и детско игралиште. Како што Роберт објаснува, паркот го посетуваат луѓе љубители на авантура, но и семејства, а исто така го користат за настани како роденденски прослави и корпоративни собири. Истиот привлекува и меѓународни посетители од регионот и пошироко.

Навраќајќи се на почетокот на идејата, Роберт вели: „Не ќе можевме да ја реализираме без поддршката на ЕУ, затоа што нашата општина не е богата и имаме бројни други приоритети, како патишта и водоснабдување.“

Денес паркот е целосно одржлив од продажбата на влезници. Управуван е од професионален изведувач, а општината редовно го мониторира и врши инспекција на услугите; вклучувајќи ја безбедноста и сигурносните мерки. Меѓутоа, Роберт и неговите колеги планираат дополнително да го развијат. Со оглед на тоа што паркот е веднаш до реката Вардар, најпрво сакаат да изградат „зип линија“ која би се движела преку реката, а потоа би изградиле и платформа за банџи скокови. „Ова се долгорочни планови, но, ако ги имплементираме, паркот ќе стане еден од главните симболи на Скопје,“ вели Роберт.

Пакет за проширување 2022: Европската комисија ги оценува реформите во Западен Балкан и Турција и предлага кандидатски статус за Босна и Херцеговина

На 12. октомври 2022 година, Европската комисија го усвои Пакетот за проширување 2022, обезбедувајќи детална проценка за состојбата и напредокот постигнати во Западен Балкан и Турција, на нивниот пат кон ЕУ; со посебен фокус на имплементирање суштински реформи, како и јасно водство за реформските приоритети кои им претстојат.

 

Секоја година, Комисијата усвојува „Пакет за проширување“ – збир документи кои ја објаснуваат политиката за проширување на ЕУ. Суштината на пакетот е Комуникацијата за проширување која ги собира сите развојни достигнувања во текот на изминатата година. Го испитува напредокот кој го постигнале земјите-кандидати и потенцијални кандидати, предизвиците со кои се соочиле и реформите на кои треба да се насочат; нудејќи збир предлози за патот кој им претстои. Покрај главната Комуникација, пакетот содржи Извештаи во кои различните сектори на Комисијата ги претставуваат своите детални оценувања за состојбата и реформскиот напредок во секоја земја-кандидат, како и во потенцијалните кандидати, за време на минатата година. Оценувањата се придружени од препораки и насоки за реформските приоритети.

Медицински респиратори достапни за сите

Професор и група студенти од универзитетот во Приштина, со поддршка на ЕУ, развија прототип за достапен медицински респиратор.

Медицинските респиратори имаа важен придонес за време на пандемијата КОВИД-19, значително помагајќи им на пациентите во ургентните одделенија. Помагајќи го респираторниот процес со цел белите дробови да го добијат потребниот кислород, респираторите можат да бидат живото-спасувачки машини за оние пациенти со заболувања кои не им дозволуваат соодветно да дишат. Недостатокот на пристап до респиратори поттикна студенти и професори од факултетот за механичко инженерство, при универзитетот во Приштина, во Косово да изнајдат алтернативи.

„Имаше модели на респиратори, достапни на пазарот, но нивните цени беа превисоки: до 40000 евра. Сакавме да развиеме машина која ќе им овозможи на пациентите во земјите со ниски приходи да добијат третман во ургентни ситуации како, на пример, пандемијата КОВИД-19.“

Од идеја до имплементација

Професор Арбнор Пајазити е експерт во доменот на роботика и раководител на отсекот за мехатроника при факултетот за механичко инженерство на универзитетот во Приштина. Професор Пајазити и неговиот тим развиле прототип за достапен медицински респиратор, соодветен за респираторни проблеми; како КОВИД-19, наменет за државите со ниски приходи. Покрај достапната цена, производот има и патентиран новитет: за разлика од повеќето постоечки системи кои им налагаат респираторен ритам на пациентите, оваа направа му овозможува на пациентот да ја регулира секоја респираторна секвенца. „Имаше модели на респиратори, достапни на пазарот, но нивните цени беа превисоки: до 40000 евра. Сакавме да развиеме машина која ќе им овозможи на пациентите во земјите со ниски приходи да добијат третман во ургентни ситуации како, на пример, пандемијата КОВИД-19,“ вели професор Пајазити.

Работата на механичкиот респиратор започнала на почетокот од пандемијата. Како по обичај, на почетокот од семестарот, професорот го прашал својот тим студенти да смислат идеи за развој на прототипи. Со оглед на тоа што имало потреба од респиратори, тимот скоро едногласно одлучил дека тоа треба да биде направата на која треба итно да работат. Најпрво, извршиле истражување и заклучиле дека во светот нема недостаток од респиратори, но дека нивната цена е особено висока и дека нема залиха. Следната етапа подразбирала да се работи на идеја за медицински респиратор кој ќе може да се произведе по ниска цена и ќе може брзо да се состави. Напоредно, работеле за да го тестираат респираторот во виртуелна средина. Професор Пајазити објаснува дека денес компјутерскиот софтвер е прилично успешен при тестирањето прототипи за механичко инженерство. „Се доближуваат со 95 % до вистинските прототипи,“ вели тој. По успешното тестирање на софтверот, неговиот тим морал да премине на физичкиот прототип, но биле соочени со предизвик – недостаток на средства за набавка на деловите, како и недостаток на експертиза за патентирање на направата.

„Без поддршката од „EU4TECH POC“, овој проект ќе беше само уште едно академско дело на хартија.“

За проектот

EU4TECH PoC Western Balkans“ беше двогодишен ИПА проект за претпристапна помош, за повеќе држави, финансиран преку Инвестицискиот фонд за претпријатија и развој на Западен Балкан (Western Balkans Enterprise and Development Innovation Facility (WBEDIF)). Проектот ги опфати шесте економии во регионот на Западен Балкан. Поддржаните проекти потекнуваа од јавни истражувачки организации и стартапови / мали и средни претпријатија.

Инвестицискиот фонд за претпријатија и развој на Западен Балкан (Western Balkans Enterprise and Development Innovation Facility (WBEDIF)) е еден од инструментите на приватниот сектор, поддржан од Инвестициската рамка Западен Балкан – заедничка иницијатива на ЕУ, финансиски организации, билатерални донатори и корисници; насочени кон подобрување на хармонизацијата и соработката за инвестиции за општествено-економски развој на регионот и придонес за европска перспектива на Западен Балкан.

Инвестициската рамка Западен Балкан е главното средство за имплементација на амбициозниот Економски и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан. Примарна цел на планот е зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, како и зголемување на поддршката за истражување и иновација.

Во тоа време, проектот „EU4TECH Proof of Concept (PoC)“, финансиран од ЕУ, отворил повик за предлози за финансирање на развој на иновативни идеи ширум Западен Балкан. Со оглед на тоа што професор Пајазити веќе бил запознаен со проектот, одлучил да ја состави документацијата и да аплицира за поддршка. Обидот бил успешен и биле еден од првите тимови избрани во рамки на шемата за доказ за концепт, квалифицирани за поддршка за прототип.

„EU4TECH PoC“ го поддржал проектот за стекнување минимум хардвер, потребен за докажување на основниот концепт, исцртување професионална апликација за патент, на англиски јазик; заснована на сеопфатна технологија за пребарување, како и истражување на регулаторните услови за направата. „Без поддршката од „EU4TECH POC“, овој проект ќе беше само уште едно академско дело на хартија,“ вели професор Пајазити.

Како што шемата „Proof of Concept“ („Доказ за концепт“) се приближува кон својот крај, проектот за механички респиратор мора да најде понатамошна поддршка. Истата би можела да добие форма на грант (околу 50000 евра) за купување хардвер и развивање софтвер потребен за премин на прототипот од трето ниво на техничка подготвеност кон четврто ниво. Исто така, би била потребна и сертификација пред респираторот да биде тестиран на Универзитетската клиника во Приштина. На долг рок, проектот треба да одреди индустриски партнер за претворање на прототипот во целосно сертифициран производ.

Професор Пајазати објаснува дека неговите студенти се мотивирани и понатаму да придонесуваат за овој и слични проекти. „Со соодветно финансирање и поддршка, можеме значително да придонесеме за нашата заедница и за човештвото,“ вели тој.

Традиционална облека за современи свадби во Косово

Проект, финансиран од ЕУ, помага за враќање во живот на традиционалните изработки

Јаничарите биле елитна пешадиска единица дел од домашните трупи на отоманскиот султан. Биле познати по својата строга дисциплина, ред, жестокост и храброст во битките. Препознатливи по својата облека, позната како „кафтан долама“. „Долама“ е унисекс наметка со должина до коленици или потколеници; со струкирана половина, тесно здолниште и долги и широки ракави. Зборот „долама“ во буквален превод значи „обвиткување“ и е придавка која значи дека наметката треба да се носи над алиштата.

 

Во текот на следните векови, „доламата“ станала облека која ја носеле не само јаничарите, туку и другите луѓе; особено богатите жени. Меѓутоа, дури и меѓу богатите слоеви, „доламата“ била функционална облека. Низ историјата, „доламата“ станала важна за многу други заедници како дел од гардеробата за посебни пригоди на поранешните територии на Отоманската Империја; вклучително и Западен Балкан.

 

Во Косово, „доламата“ го задржала својот сјај и важност, а во одредени региони, свадбите се незамисливи пригоди без ова специјално парче облека. Денес, „доламата“ ја носат младите невести и жените, во најразлични варијации ширум заедниците во Косово.

 „Имаше одреден период во кој традиционалната носија беше скоро целосно заборавена. Некако, младите станаа модерни и веќе не носеа традиционални алишта, како „долама“, на свадбите. Со тек на време, традиционалната носија се врати во мода. Денес, младите девојки ја комбинираат со здолништа: „доламата“ станува модерна.“

Во Призрен има голема побарувачка за рачно изработените „долами“, спротивно на оние кои се фабрички изработени. Потребни се недели и, се разбира, многу трпение и љубов, за да се изработи едно парче; а рачно изработените креации достигнуваат цени и до 2000 евра. Техниката за изработка на „долма“ е уникатна и не се учи во училиште или некоја формална институција. Оттука, на оваа рачна изработка ѝ претстоеше опасност од заборавање, иако истата е доста барана на пазарот.

Поради оваа причина, невладината организација од Призрен, наречена „Ec ma ndryshe“, започна со работа за одржување во живот на традицијата за „долма“, помагајќи им на оние кои сакат да ја зачуваат, да ги заживеат традициите, но со модерен пристап. Со поддршка од ЕУ, организираа обука за да ги научат жените како рачно да изработуваат „долама“.

Себахате Кабаши е искусна занаетчика за „долама“ која обучува други жени за производство на оваа рачна изработка. „Имаше одреден период во кој традиционалната носија беше скоро целосно заборавена. Некако, младите станаа модерни и веќе не носеа традиционални алишта, како „долама“, на свадбите. Со тек на време, традиционалната носија се врати во мода. Денес, младите девојки ја комбинираат со здолништа: „доламата“ станува модерна,“ вели таа.

„Знаев дека по завршувањето со обуката ќе добијам работа, но во ниту еден момент не помислив дека нарачките толку брзо ќе почнат да доаѓаат.“

За проектот

Обуката беше спроведена како дел од проектот „Жени и млади за развој на заедницата и културно наследство“, имплементиран од невладината организација „Ec Ma Ndryshe“. Проектот е имплементиран со поддршка од финансиски грант, обезбеден преку проектот „Културното наследство како двигател за дијалог меѓу заедниците и општествена кохезија“, финансиран преку инструментот на ЕУ за придонесување за стабилност и мир, а имплементиран преку Програмата за развој на ОН во Косово.

Учесниците на обуката велат дека ова е одлична можност за учење нови вештини. За нив, ова претставува чекор напред во животот, затоа што користејќи го својот талент, можат за заработат и да им помогнат на своите семејства. Една од учесничките е триесет годишната Мирлинда. Таа вели дека традицијата била отсекогаш важна, но додава дека и економскиот фактор е, исто така, битен во изработката на „долама“. „Оваа рачна изработка е профитабилна и дава можност за работа од дома, што е особено важно за нас – домаќинките. Исто така, има голема побарувачка во Призрен,“ вели таа.

Обучувачката, Себахате, додава дека многумина од учесничките на обуката започнале со работа додека сè уште го следеле курсот. Една од успешните учеснички е Ќамиле Битиќи. При крајот на обуката, објавила слика од својата работа на Фејсбук и Инстаграм и веднаш почнала да добива барања за нарачки. „Знаев дека по завршувањето со обуката ќе добијам работа, но во ниту еден момент не помислив дека нарачките толку брзо ќе почнат да доаѓаат,“ вели таа.

 

Младите европски амбасадори се приклучуваат на акција за чистење во Косово

На 16. септември, младите европски амбасадори им се придружија на Канцеларијата на ЕУ во Косово и „ГИЗ“ Косово кои ја организираа акцијата за чистење на Езерото Бадовац; како дел од годинешниот Европски ден за чистење на плажите. Останати официјални партнери на акцијата за чистење беа „ПАМКОС“ (Здружение за еколошка заштита и чистење во Косово) и регионалната компанија за отпад „Pastrimi“. Вкупно, беа собрани повеќе од 200 вреќи отпад како дел од иницијативата. Со оглед на тоа што Езерото Бадовац има огромно значење за жителите на Приштина, бидејќи претставува главен извор на вода за пиење; беше особено важно да се испрати порака за тоа како езерото да се одржува без отпад додека, на него, се поминува време за одмор и релаксација.

 

Потоа, активностите на Европскиот ден за чистење на плажите продолжија во „Europe House“ Косово; каде 30 млади европски амбасадори од Западен Балкан имаа жива дебата на тема за еколошките проблеми во Западен Балкан со еколошки специјалисти од ЕУ; и Мирка Ниќи, млада екологистка и инфлуенсерка од Косово. Младите европски амбасадори од ширум Западен Балкан ги споделија своите лични идеи за мали, но значајни, чекори кои можат да се преземат за постигнување позитивна разлика и поддршка за чиста околина. Примерите вклучија чистење и намалување на отпадот во заедниците, изработка на кратки видеа за подигнување на свеста за еколошка заштита, како и промоција на алтернативни превозни средства.

 

Европскиот ден за чистење на плажите е глобална иницијатива за заштита на океанот, коорганизирана од ЕУ и ОН, заедно со Штрумфовите. Настанот зазема место секоја година, во септември, за време на Светскиот ден за чистење на крајбрежјата, и е особено значаен за подигнување на свеста за еколошки проблеми. Во 2022 година, кампањата на петтото издание на Европскиот ден за чистење на плажите беше насочена кон младите во склоп на Европската година на младите. Во рамки на сеопфатната тема „Обединети против морскиот отпад“, наредната генерација работи, рамо до рамо, со меѓународни организации, национални лидери и невладини организации за борба против овој проблем.

ЕУ и Косово потпишуваат договор за првата ИПА III годишна програма за финансирање

На 13. септември, Косово и ЕУ го потпишаа првиот годишен договор за финансирање во рамки на Инструментот за претпристапна помош III (ИПА III), вреден 63,96 милиони евра. По потпишувањето и стапувањето на сила на Партнерскиот договор за финансиска рамка помеѓу ЕУ и Косово, ова беше еден од последните формални чекори кој овозможува постепено отплаќање на финансиската помош на ЕУ за Косово, во склоп на договорот за партнерска рамка ИПА III, за периодот 2021 – 2027. Потребно е Собранието на Косово да го ратификува договорот исто така.

 

Преку 14 последователни годишни програми за финансирање, од 2007 до 2020 година, во склоп на ИПА I и ИПА II, ЕУ обезбеди финансиска помош за Косово во висина од 1,21 милијарда евра.

 

„Првичните 63,96 милиони евра од ИПА III ќе се употребат за зголемување на конкурентноста на косовскиот земјоделско-прехранбен сектор, како и постигнување на економските пристапни критериуми на ЕУ. Финансирањето, понатаму, ќе биде насочено кон подобрување на заштитата на човекови права и застапување за родова еднаквост; како и подобрување на обезбедувањето општински услуги и јавна безбедност во Косово,“ изјави амбасадорот на ЕУ во Косово, Томаш Суњог.

 

Годинешните финансиски средства, во рамки на ИПА III, ќе бидат комбинирани со дополнителни 16 милиони евра од косовската влада, како и финансирања од останати партнери во висина од 3,8 милиони евра. ЕУ останува најголемиот трговски партнер и обезбедувач на финансиска помош за Косово.