Skip to main content

Автор: WeBalkans

Босна и Херцеговина стана членка на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ

На 6. септември Босна и Херцеговина стана полноправна членка на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија (EU Civil Protection Mechanism) – европска мрежа за солидарност за помош на земји погодени од катастрофи. Јанез Ленарчиќ, Еврокомесарот за управување со кризи, допатува во Сараево за потпишување на договорот за членство во име на Европската унија.

 

Босна и Херцеговина веќе го користи Механизмот за цивилна заштита на ЕУ како земја-приемач, но сега како полноправна членка преку механизмот ќе може активно да пружа помош онаму каде што е потребна.

 

Механизмот за цивилна заштита на ЕУ има за цел да ја зајакне соработката во полето на цивилна заштита меѓу 27-те земји членки и седумте земји учеснички (Исланд, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка, Србија, Турција, а отсега и Босна и Херцеговина) за превенција, подготвеност и одговорот на природни и други катастрофи. Членството на Босна и Херцеговина во механизмот ќе допринесе во подобра регионална подготвеност на Европа за справување со кризни состојби и во зајакнување на капацитетите за спасување.

Сончева енергија ја осветлува иднината на една босанска компанија

Една од најголемите соларни централи во регионот, за снабдување на сопствените потреби на компанија за прехранбени производи од БиХ, е отворена со поддршка на ЕУ.

„Мади“, со седиште во Тешањ, е една од малкуте компании кои имаат дозвола да извезуваат пилешко месо во ЕУ. Компанијата е основана во 1989 година, а во 2000 година го отвориле својот прв погон за преработка на пилешко месо. До 2015 година, ја отвориле и најголемата и најсовремена пилешка кланица во регионот; со капацитет од 6000 бројлери на час и 24 милиони птици годишно. Денес важат за лидер на пазарот во БиХ.

Меѓутоа, пандемијата КОВИД-19 имаше негативен ефект врз „Мади“, иако е една од најуспешните компании во БиХ. Компанијата се соочи со проблеми во доменот на набавки и мораше да ги прегледа своите расходи за да заштеди таму каде што е возможно. За да се справат со проблемот, управата одлучи да формира работна група за оптимизација на расходите.

“Отсекогаш бевме свесни дека електричната енергија е нашиот најголем трошок. Една од првите работи кои ги анализиравме беше како да ги намалиме трошоците за енергија. По детално истражување, заклучивме дека поставување соларна централа би било најдоброто решение.“

Мирел Дедукиќ бил назначен како раководител на работната група. Објаснува дека еден од најголемите расходи била електричната енергија. „Отсекогаш бевме свесни дека електричната енергија е нашиот најголем трошок. Една од првите работи кои ги анализиравме беше како да ги намалиме трошоците за енергија.“

Мирел знаел дека најголемата потреба за енергија на компанијата се јавува за време на летото; период кога соларните панели би достигнале максимален производствен капацитет. „По детално истражување, заклучивме дека поставување соларна централа би било најдоброто решение,“ објаснува тој. На тој начин, компанијата се впуштила во инвестирање единствено од овој вид во БиХ.

Додека компанијата „Мади“ работела на својата студија за изводливост за инвестирање во соларна централа, програмата „EU4AGRI“, финансирана од ЕУ, објавила повик за предлози. Повикот ги вклучувал компаниите од месната индустрија. „Нашиот проект беше скоро готов и, за нас, беше лесно да се пријавиме на повикот,“ вели Мирел.

Со кофинансирањето од програмата „EU4AGRI“, компанијата „Мади“ поставила сопствена соларна централа со капацитет од 1000 киловати. Централата била поставена во три производствени хали, опфаќајќи површина од над 5500 метри квадратни. Целосниот годишен капацитет на централата е 1,147 мегавати на час, со што се покриваат околу 15 % од електричната потрошувачка на компанијата. Дополнително, во 2021 поставиле и уште една соларна централа со капацитет од 1000 киловати, така што, сега, преку 30 % од нивната електрична енергија доаѓа од обновливи извори.

„Навистина сме горди што со овој проект придонесовме за заштита на средината. Дополнително, ги намаливме нашите расходи и достигнавме самоодржливост во доставата на електрична енергија.“

За проектот

Проектот „EU4AGRI“ е четиригодишна иницијатива (2020 – 2024) насочена кон модернизирање на земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ; создавајќи нови работни места, задржување на веќе постоечките, како и закрепнување од кризата КОВИД-19. Целосната вредност на проектот е преку 20,25 милиони евра; главно финансирани од ЕУ, во заедничка имплементација и ко-финансирање со Чешката агенција за развој и Програмата за развој на ОН во БиХ.

Проектот „EU4AGRI“ досега поддржал земјоделци и претпријатија од БиХ со 45 инвестиции во вредност од околу 5,5 милиони евра; од кои преку 3,2 милиони евра се финансирани од ЕУ.

Според Мирел, енергијата произведена од нивната соларна централа претставува намалување на повеќе од 1800000 килограми загадување од јаглероден диоксид или еквивалент на заштеда од 600000 литри дизел или 800 тони јаглен. „Навистина сме горди што со овој проект придонесовме за заштита на средината. Дополнително, ги намаливме нашите расходи и достигнавме самоодржливост во доставата на електрична енергија,“ вели Мирел.

Планот за „Мади“ за иднината е компанијата да остане најголемата месна индустрија во БиХ; преку континуирано инвестирање во човечки ресурси и модерна технологија. Дополнително, отвориле нова компанија – „Mipower d.o.o.“, која целосно се фокусира на производство и трговија со електрична енергија. Исто така, планираат да инсталираат соларни панели со капацитет од минимум 10 мегавати.

Создавање на новата генерација волонтери

Проект, финансиран од ЕУ, го поддржува воведувањето на волонтерството во училиштата во Косово.

Рина Речица има 14 години и е една од најперспективните ученици во својата генерација. Покрај учењето, се интересира за општествени проблематики како, на пример, заштита на животната средина и човекови права. Во текот на изминатите години, со нејзините другар(к)и, редовно придонесувале преку волонтерски активности во училиштето. “Организиравме иницијатива за чистење на училишниот двор и изработивме постери против врсничко насилство. Но, отсекогаш чувствував дека не правиме доволно и дека можеме повеќе,“ објаснува Рина.

Ситуацијата се сменила кога невладината организација „ТОКА“ му пристапила на училиштето, предложувајќи да се организираат волонтерски клубови со помош на двајца од нивните наставници. „Ова значително помогна,“ вели Рина, „затоа што сега имаме поредовни и добро координирани активности, а, исто така, имаме и прилика да запознаеме и други луѓе, во училиштето, кои волонтираат, а не сме ги знаеле претходно.“

„Причината за иницирање на програмата беше многу едноставна. Имаме за цел да ги активираме младите за прашања кои ја засегаат заедницата и сакаме да придонесеме, истовремено, за нивното неформално образование.“

Програмата за волонтерство започна во Косово пред пет години и во текот на последните три години е имплементирана со поддршка на ЕУ. Накратко, се работи за програма која им помага на младите да бидат повеќе инволвирани во волонтерството, истовремено стекнувајќи ново знаење, вредности и вештини; како критичко расудување, комуникација, решавање проблеми, социјални вештини, носење одлуки, лидерство и зголемена самоефикасност и свест за активно граѓанство.

Хатиџе Зека, раководителка на програмата, објаснува дека многу држави го вклучуваат волонтерството во нивниот систем за формално образование преку програми за волонтирање. Меѓутоа, Косово е меѓу оние кои не нудат волонтерство како дел од формалното образование. „Причината за иницирање на програмата беше многу едноставна. Имаме за цел да ги активираме младите за прашања кои ја засегаат заедницата и сакаме да придонесеме, истовремено, за нивното неформално образование,“ вели Хатиџе.

На почетокот, програмата започнала со повик за учество отворен за сите наставници ширум Косово, проследен од шестдневен тренинг, за избраните кандидати, за координирање и иницирање волонтерски училишни активности. Потоа, обучените наставници се вратиле во своите училишта и започнале со организација на волонтерски клубови со своите ученици. Активностите продолжиле со состаноци, во текот на неделата, на коишто наставниците и учениците започнале да разговараат за конкретни волонтерски активности. На овие состаноци, со поддршка од програмата, наставниците тестирале одредени модули за обука така што членовите на волонтерските клубови би биле подобро подготвени за волонтерски активности.

Првиот модул бил за размислување за вештините и капацитетите на самите учесници, вториот вовел циклус на подготовка за волонтерска акција; вклучително анализа на потребите на заедницата и развивање идеи за решавање проблеми, а третиот се однесувал на успесите и недостатоците на проектот. Волонтерските клубови во секое училиште редовно се состанувале во текот на неколку месеци, а покрај учењето нови вештини, секој клуб имплементирал најмалку еден волонтерски проект до крајот на програмата. Секој проект бил финансиски поддржан преку симболичен придонес таму каде што било потребно.

„Навистина беше инспиративно да се биде сведок на трудот и страста кои наставниците и учениците ги посветија на своите волонтерски проекти – а постои уште поголем интерес за новите клубови кои ќе започнеме да ги иницираме набрзо.“

За проектот

„ТОКА“ ја имплементира програмата за волонтерство уште од 2017 година. Во рамките на оваа програма, „ТОКА“ вклучи 2500 млади, на возраст помеѓу 12 и 17 години, од повеќе од 80 училишта и 20 општини во Косово. Овие млади се дел од клубовите за волонтерство, поддржани од „ТОКА“. Клубовите се предводени од наставници или членови на граѓанското општество; на возраст над 18 години, обучени со методологијата за учење преку искуство која го интегрира учењето преку искуство. Програмата ги изложува младите на конкретни искуства преку имплементирање волонтерски проекти, изработка каталог потреби за потребите на нивната заедница, решавање или намалување на проблемите во нивната заедница, поставување цели, менаџирање останати активности, собирање средства, подготвување буџети, мониторирање и оценување проекти. Од 2019 година, проектот е поддржан од Бирото на ЕУ во Косово, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (European Instrument for Democracy and Human Rights (EIDHR)).

Во текот на пет години, проектот успеал да иницира 29 клубови за волонтерство во 15 општини ширум Косово, ангажирајќи 60 лидери на волонтерски клубови со повеќе од 500 волонтери кои се приклучиле во клубовите. За време на училишната година, биле имплементирани 60 волонтерски проекти во различни заедници низ Косово. Како резултат, преку 50000 ранливи луѓе биле поддржани, на директен или индиректен начин, преку проектите имплементирани како дел од волонтерските клубови. „Навистина беше инспиративно да се биде сведок на трудот и страста кои наставниците и учениците ги посветија на своите волонтерски проекти – а постои уште поголем интерес за новите клубови кои ќе започнеме да ги иницираме набрзо,“ вели Хатиџе.

Исто така, програмата вклучува и студенти од факултетот за образование, како и од катедрата за психологија, при универзитетот во Приштина, кои, во иднина, треба да станат наставници и психолози. И тие извлекле полза од неформалните наставни техники обезбедени како дел од клубовите. Според Хатиџе, целосното влијание на проектот бил трократ: наставниците научиле нови наставни методологии кои се покажале како ефикасни и практични; членовите на клубовите стекнале поголема самодоверба за координирање, аналитички и „меки“ вештини; а студентите при факултетот за образование и катедрата за психологија се здобиле со вредно искуство за фацилитирање активности за учење преку искуство, како менаџирање млади лица, клубови и проектна имплементација во нивните заедници.

Понатаму, Хатиџе објаснува дека поддршката на ЕУ за оваа програма била неопходна и тоа не само од финансиски аспект. „Поддршката на ЕУ ги зголеми кредибилитетот и важноста на програмата меѓу чинителите на општинско и централно ниво и обезбеди значаен поттик во последните три години,“ вели таа.

Издигнување на родителството на повисоко ниво

ЕУ и УНИЦЕФ ги здружуваат силите за поддршка на Црна Гора со цел изработка на ефикасна програма за ран детски развој која ќе ја подобри добросостојбата на децата и ќе ги поддржи родителите/старателите.

Мишо Обрадовиќ е татко на две деца, а и познат актер во Црна Гора. Обожава да го поминува своето слободно време со четиригодишната ќеркичка и едногодишното синче. Но, покрај неговата амбиција да биде совршен родител, имал комуникациски проблеми со ќерката. „Ќерка ми, за време на ручек, долго време остануваше на маса; што е проблем со кој се соочуваат многумина родители, но не знаев на кој начин да го решам ова,“ вели Мишо.

 

Признава дека се обидел да најде решение за овој предизвик на најразлични начини; од поткупување на ќерка си со слатки, па сè до опомени со казна. Меѓутоа, сфатил дека ваквиот пристап не вродува со резултати. „Понекогаш, ќе изгубев трпение. Другпат, ќе бев претерано трпелив и во тој случај оброкот ќе траеше цела вечност,“ вели тој.

„Одлучив да се пријавам за програмата „Грижливи семејства“ (Caring Families) не само поради овој конкретен проблем, туку поради општата желба да бидам подобар родител за моите деца,“ објаснува тој. Применувајќи ги принципите од програмата, придружени со совети од експерти и разговори со други татковци кои учествувале во програмата, Мишо научил како да ја мотивира својата ќерка да го заврши оброкот со позитивно поттикнување. „Ќерка ми смирено ја прифати новата ситуација, а јас се потрудив да останам смирен; па, сега, веќе не сме фрустрирани и не се задржуваме на маса дополнителни час и половина после ручек.“

„Програмите за родителство не само што ни помагаат да ја намалиме строгата дисциплина, туку ни овозможуваат, исто така, и да ги поддржиме децата за да бидат ненасилни. Родителите се модел за однесувањето на децата; па, оттука, растењето деца во ненасилни семејства може да придонесе за ненасилни заедници.“

„Грижливи семејства“ (Caring Families) е програма за родителство која ги поддржува родителите при воспоставување и одржување негувачки односи со своите деца. Програмата е директно финансирана преку ЕУ во Црна Гора како дел од проектот „Ран детски развој“, имплементиран од УНИЦЕФ. Ида Фердинанди е одговорна за ран детски развој при УНИЦЕФ, во Црна Гора, и објаснува дека програмите за родителство се меѓународно признаени како клучни стратегии за спречување насилство кон децата. „Всушност, програмите за родителство не само што ни помагаат да ја намалиме строгата дисциплина, туку ни овозможуваат, исто така, и да ги поддржиме децата за да бидат ненасилни. Родителите се модел за однесувањето на децата; па, оттука, растењето деца во ненасилни семејства може да придонесе за ненасилни заедници.“

Ида објаснува дека во светот постојат неколку програми, како и оваа, засновани на докази, но дека тешко е да се добие пристап до нив поради скапите лиценци. Притоа, Светската здравствена организација (СЗО), како и експерти од различни универзитети и УНИЦЕФ, ја развиле оваа посебна програма (Родителство за доживотно здравје, наречена „Грижливи семејства“ во Црна Гора) како лиценцирана, но јавно отворена програма, заснована на докази,  за држави со ниски и средни примања; како што е случајот со Црна Гора.

Во Црна Гора, програмата се имплементира преку пет години. Со два циклуса годишно, програмата допрела до 800 родители во седум општини. 700 од родителите успешно ја завршиле програмата. Студија, која го мери влијанието на програмата меѓу учесниците, покажа дека постои намалување од 70 % на насилното родителство, а забележано е намалување од 30 % на проблемите со однесување на децата; како и 45 % намалување на родителската депресија. „Влијанието на проектот е неверојатно,“ вели Ида.

Онлајн верзија на програмата „Грижливи семејства“, наречена „ParentChat“, беше тестирана за време на КОВИД-19 во обид за ублажување на влијанието на КОВИД-19 врз децата и родителите во Западен Балкан и Турција.

„Се трудиме да создадеме капацитети за човечки ресурси со цел програмата да се развива на одржлив начин. Исто така, соработуваме и со Министерството за здравство во насока на креирање национална стратегија за ран детски развој, така што програмата би била интегрирана во владината политика и акција како редовна услуга.“

За проектот

Иницијативата за ран детски развој во Црна Гора е тригодишна програма која ќе трае до јули 2023 година. Програмата е финансирана од ЕУ, со средства во висина од 1 милион евра, а е имплементирана од УНИЦЕФ, во соработка со министерствата за здравство, образование, труд и социјална заштита. Благодарение на иницијативата, ЕУ и УНИЦЕФ ќе им помогнат на авторитетите во Црна Гора да развијат и имплементираат национална стратегија за ран детски развој; подигнувајќи ја, притоа, општата свест за важноста на раниот детски развој. Исто така, ќе биде зголемен и капацитетот на здравствени, заштитни и образовни услуги со цел овозможување соодветни услуги за семејствата и малите деца; вклучително и децата со попреченост. Преку програмата, родителите и старателите ќе добијат, исто така, прилика да се стекнат со нови знаења и вештини; со цел олеснување на улогата на давање позитивна, одговорна и негувачка грижа за своите деца.

Програмата „Грижливи семејства“ во Црна Гора се спроведува преку примарните здравствени центри за грижа кои поседуваат единици за советување; како и преку градинки, граѓански организации и основни училишта. УНИЦЕФ работи и на проширување на програмата за да обезбеди нејзина одржливост. Програмата овозможува обука за нови локални фацилитатори со цел креирање тим од национални обучувачи, така што не би зависела само од меѓународни експерти. „Се трудиме да создадеме капацитети за човечки ресурси со цел програмата да се развива на одржлив начин. Исто така, соработуваме и со Министерството за здравство во насока на креирање национална стратегија за ран детски развој, така што програмата би била интегрирана во владината политика и акција како редовна услуга,“ вели Ида.

Мишо вели дека моделот за родителство се променил од времето кога тој бил дете и дека татковците сакаат да бидат повеќе инволвирани во растењето на своите деца. „Сакам да бидам татко кој ќе биде близок со своите деца, особено за време на критичните период во нивниот живот; поддржувајќи ги и давајќи им насоки за одлуките кои ги чекаат во животот,“ вели тој.

Поддршка на ЕУ за 16-тото издание на „Guitar Art Summer“ во Црна Гора

Еден од најдобрите акустични гитаристи во светот, Томи Емануел, и најдобриот гитарист на Балканот, Влатко Стефановски, го отворија 16-тото издание на „Guitar Art Summer“ месецов, во Канли Кула, Херцег Нови. Томи Емануел не го скри задоволството од настапот на убавата сцена во Канли Кула; потенцирајќи колку е среќен што, повторно, настапува на отворено; по долга пауза заради пандемијата со Коронавирус. Во меѓувреме, легендарниот гитарист Влатко Стефановски, кој по вторпат учествува на фестивалот, изјави дека го обожава Херцег Нови; каде што често настапува.

 

За време на фестивалот беа организирани седум бесплатни концерти на Музичкиот плоштад во стариот град; како и изложба за гитарска визуелна уметност во галеријата „Sue Ryder“ на Белависта. Петдневниот гитарски спектакл беше поддржан од ЕУ во Црна Гора, и други спонзори; вклучувајќи ги Министерството за култура и медиуми, општината Херцег Нови и училиштето за основно музичко образование.

Клара Шоваговиќ и Јосип Лукиќ ја освојуваат наградата „Срце на Сараево“ за најдобар студентски филм

Младите хрватски режисери Клара Шоваговиќ и Јосипа Лукиќ ја освоија наградата „Срце на Сараево“ за најдобар студентски филм на 28-иот филмски фестивал Сараево со нивниот филм „It’s Not Cold for Mosquitoes“. Наградата, чиј патрон е Регионалниот совет за соработка, беше претставена на завршната церемонија на фестивалот.

 

Наградата „Срце на Сараево“ за најдобар студентски филм, поддржана од Регионалниот совет за соработка, цели кон промоција на студентски филмови од регионалните училишта, факултети и академии за филм. Со оваа секција од програмата за натпревар, филмскиот фестивал Сараево нуди нова платформа за обучување талентирани филмски професионалци на почетокот од нивните кариери. Фокусот е ставен на играни филмови, документарци и анимирани филмови; со времетраење до 60 минути, создадени во рамки на образовниот процес во регионалните училишта за филм.

 

Регионалниот совет за соработка ја спонзорира наградата „Срце на Сараево“ за најдобар студентски филм, во рамки на филмскиот фестивал Сараево, уште од неговото отворање во 2017 година. Први лауреати на наградата се: Александру Миронеску (Романија) за „Summer Planning“ во 2001 година; Зејнеп Дилан Сурен (Турција) за „The Great Istanbul Depression“ во 2020 година, Никола Стојановиќ (Србија) за „Sherbet“ во 2019 година, Хајни Кис (Унгарија) за „Last call“ во 2018 година и Невен Самарџиќ (БиХ) за „Clean“ во 2017 година.

Младите европски амбасадори присуствуваат на филмскиот фестивал Сараево

Во август, Сараево беше центар на регионот поради 28-то издание на филмскиот фестивал Сараево. Годинава, за првпат, младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) присуствуваа, исто така, на настанот; како дел од програмата Ден за човекови права.

 

Во програмата зедоа учество 11 млади европски амбасадори; заедно со волонтери од Институтот за младински развој „КУЛТ“ од БиХ. Заедно гледаа посебна селекција филмови и присуствуваа на предавања и работилници водени од експерти во доменот на човекови права и ангажирана уметност; беа во посета на релевантни институции и зедоа учество во панел-дискусии со учесници од младинската програма која се занимава со минатото.

 

Во текот на пет дена, младите европски амбасадори имаа прилика да гледаат филмови од реномирани режисери; како Ари Фолман и Јозеф Пиерсон; слушаа приказни и искуства од најпознатиот босански воен репортер, Аида Черкез, или лидерот на невладината организација „Forgotten Children of War“ („Заборавени деца на војната“), Ања Јусиќ; но, исто така, разговараа и со амбасадорот на ЕУ, Јохан Сатлер, и амбасадорот на Кралството Холандија, Јан Валтманс. Програмата примени спој од уметност; главно филм, и академска и активистичка работа, со цел поставување на прашањето: кому му припаѓаат човековите права денес?

Зајакнување на земјоделството во Црна Гора

Фондови на ЕУ создаваат нови работни места и производи со подобар квалитет.

Миленко Недиќ има 47 години и бил дел од армијата. Во 2005, како дел од владините реформи, заедно со 3000 други колеги бил прогласен како технолошки вишок; останувајќи, преку ноќ, без работа. Кога морал да одлучи за следниот чекор, се потсетил на земјоделското искуство на своите родители; што, всушност, била единствената дополнителна работа која знаел да ја работи.

Заедно со сопругата, зеле банкарски заем и купиле три крави со кои ја започнале својата скромна фарма. Почетокот бил особено тежок поради високите каматни стапки за заемот и недостатокот на капацитети. Но, тогаш, се појавила прилика за Миленко и неговата сопруга да го развијат и стабилизираат нивниот бизнис со поддршка на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД II), на ЕУ. „Преку програмите ИПАРД, успеавме да ја комплетираме нашата механизација и да добиеме системи за молзење, како и сета опрема која ми е потребна за фармата. Преку последниот повик, добив поддршка од 48000 евра, кои ги надополнив со мој сопствен придонес од 32000 евра,“ вели Миленко. Денес, Миленко поседува околу 50 крави и ја има една од најголемите фарми во регионот.

„Пред почетокот на имплементацијата на програмата ИПАРД II, имавме само два или три погони за преработка кои ги задоволуваа националните стандарди за безбедност на храната. Денес, имаме преку 21 погон и сите ги исполнуваат стандардите. Овој факт, сам по себе, го претставува позитивното влијание кое ИПАРД II го има во Црна Гора.“

Побезбедна храна

Приказната на Миленко Недиќ не единствената успешна приказна во Црна Гора. Досега, околу 254 земјоделци ги искористиле фондовите ИПАРД II; како и можности за подобрувања на работните услови на фармите. Гордана Дујовиќ, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, објаснува: „Пред почетокот на имплементацијата на програмата ИПАРД II, имавме само два или три погони за преработка кои ги задоволуваа националните стандарди за безбедност на храната. Денес, имаме преку 21 погон од кои сите ги исполнуваат стандардите. Овој факт, сам по себе, го претставува позитивното влијание кое ИПАРД II го има во Црна Гора.“ Според Гордана, досега се креирани преку 100 нови работни места со поддршка на ИПАРД II; од кои најголема полза извлекле младите.

Моментално, Црна Гора ги користи средствата од програмата ИПАРД II; која може да се искористи до крајот на 2023 година, а, неодамна, ЕУ ја усвои и програмата ИПАРД III за Црна Гора за периодот 2021 – 2027. Гордана е позитивно убедена дека ИПАРД III ќе биде дури поуспешна од претходните програми. „Ја започнуваме програмата ИПАРД III со значително повеќе искуство и знаење; стекнати преку имплементација на повиците преку ИПАРД II. Ние, како и корисниците, имаме многу повеќе искуство и верувам дека придобивките значително ќе пораснат. Планирана е, исто така, и акредитација на нови мерки; па, на овој начин, ќе се отворат повеќе можности за корисниците да добијат поголема поддршка; а, Црна Гора, како држава, да добие повеќе од средствата на ЕУ, достапни за оваа намена,“ вели таа.

„Фармата ни овозможува добар живот. Бара и многу работа, а поголемиот дел од заработените средства треба да бидат повторно инвестирани во производството; но, фармата расте.“

За програмата

Како дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА), дизајниран за поддршка на реформите во државите-кандидатки за членство во ЕУ, Инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД), се фокусира на земјоделско-прехранбените сектори во овие држави и нивните рурални подрачја. Преку оваа алатка, ЕУ им овозможува на корисниците да добијат финансиска и техничка помош; со цел постигнување поголема одржливост на земјоделскиот сектор и руралните подрачја; усогласувајќи ги со заедничката земјоделска политика на ЕУ.

Миленко е убеден дека без проектите ИПАРД, девет од десет земјоделци би морале да се откажат од земјоделството. Според него, недоволен број од работоспособното население имаат волја да се ангажираат во земјоделството; па, затоа, механизацијата обезбедена преку повиците на програмата ИПАРД се од значаен придонес. „Фармата ни овозможува добар живот. Бара и многу работа, а поголемиот дел од заработените средства треба да бидат повторно инвестирани во производството; но, фармата расте,“ вели Миленко.

Извиднички камп, отворен за авантури, во Северна Македонија

Проект, финансиран од ЕУ, поддржува подобрување на капацитетите и услугите на извидничкиот камп во Струга.

Извидничкиот камп „Крсте-Јон“ можете да го најдете на одлична локација: во близина на малечка шума, на плажа, крај Охридското Езеро. Исто така, се наоѓа недалеку од центарот на градот Струга. Извидничкиот камп бил отворен во 1970-те; со основна инфраструктура, а првите дополнителни инвестиции во кампот биле направени во 2003 година; кога општината финансирала изградба на првата бетонска зграда, во чиј склоп се наоѓаат осум соби.

„Имавме сериозни проблеми поврзани со инфраструктурата: немавме тоалети, топла вода и осветлување.“

Марјан Главинчески е одговорен на граѓанската организација „Крсте-Јон Струга“ и управува со кампот. Објаснува дека иако кампот е сместен во прекрасна срдина, не бил привлечен за посетители. „Имавме сериозни проблеми поврзани со инфраструктурата: немавме тоалети, топла вода и осветлување.“

За среќа, пред три години, се појавиле можности за кампот кога управата одлучила да побара поддршка за подобрување на условите. Поддршката дошла од ЕУ и заедно го претвориле кампот во еден од најпривлечните во Западен Балкан.

Проектот за локална и регионална конкурентност, финансиран од ЕУ, го поддржал кампот за подобрување на физичката инфраструктура, како и за лансирање нови атракции за посетителите. До денес, кампот изградил седум издигнати дрвени бунгалови, ја надоградил постоечката зграда и ја подобрил инфраструктурата на парцелите за шатори. Како резултат, денес кампот може да смести 200 посетители истовремено, овозможувајќи им соодветни тоалети и топла вода.

Исто така, проектот лансирал и нови авантуристички услуги за туристи; вклучително и нуркање, велосипедизам, планинарски тури и кајакарство. Со помош на проектот, купиле опрема за овие атракции и обучиле соодветни инструктори. „Сега, на посетителите, можеме да им понудиме активности за време на нивниот престој; доколку остануваат пет дена, имаат можност да пробаат различна активност секој ден. Нуркањето во Охридското Езеро е, моментално, една од најбараните атракции меѓу посетителите,“ вели Марјан.

 „Поддршката на ЕУ беше неопходна. Ние сме мала организација која работи на локално ниво и немавме потенцијал за раст без оваа поддршка.“

За проектот

Проектот за локална и регионална конкурентност (Local and Regional Competitiveness Project (LRCP)) претставува четиригодишна операција; финансирана, со грант, од ЕУ (Инструмент за претпристапна помош – ИПА II). Проектот овозможува холистички пристап во туристичкиот развој и дестинацискиот менаџмент, обезбедувајќи средства за инвестирање и градење капацитети; со цел поддршка на секторски развој, инвестирање во дестинации, како и просперитет на специфични дестинации. Целта на Проектот за локална и регионална конкурентност е зголемување на придонесот на туризмот во локалниот економски развој и подобрување на капацитетот на владините и јавни субјекти за поттикнување туристички развој и олеснување на дестинацискиот менаџмент.

Марјан објаснува дека како резултат на проектот, бројот на посетители значително пораснал, а лани, бројот на странски посетители бил поголем од оној на посетители од Северна Македонија. „Поддршката на ЕУ беше неопходна. Ние сме мала организација која работи на локално ниво и немавме потенцијал за раст без оваа поддршка,“ вели Марјан.

Кампот го инвестирал минатогодишниот профит во понатамошно подобрување на инфраструктурата и, во иднина, имаат планови за воведување нови атракции; како, на пример, параглајдерство. „Сакаме уште да се развиваме и да станеме значаен играч на пазарот за авантуристички туризам во Западен Балкан,“ вели Марјан.

Апликација „Bebbo“, онлајн алатка за родители во Црна Гора

Онлајн апликација која обезбедува веродостојни родителски совети е достапна бесплатно за сите семејства во Црна Гора.

Маја Мирановиќ е мајка на петгодишно девојче и, како сите родители, се интересира за најдобрите можни позитивни родителски методи; вклучувајќи ги здравјето и безбедноста, како и развојот и учењето на нејзината ќерка. Меѓутоа, добивањето веродостојни информации за родителство не е секогаш лесно, бидејќи постојат бројни извори на официјални и неофицијални информации. Од февруари, годинава, Маја ја користи мобилната апликација „Bebbo“ за да добие одговор на некои од клучните прашања кои ги има во врска со позитивното родителство.

„Со оглед на тоа што живееме во ера на Интернет комуникација и подем на социјални мрежи; честопати сме бомбардирани со информации и совети од различни извори и не сме во можност веднаш да ја процениме веродостојноста на некои од информациите. Апликацијата „Bebbo“ ми овозможува да заштедам време и енергија затоа што сè што наоѓам на неа доаѓа од доверлива институција, па, затоа, ја препорачувам на сите родители кои ги познавам,“ вели Маја.

Апликацијата „Bebbo“ е бесплатна онлајн алатка која беше лансирана во февруари, годинава; а Маја беше дел од тест групата родители кои ја испробаа апликацијата, давајќи предлози за нејзин понатамошен развој. Од нејзиното лансирање, Маја активно ја користи апликацијата и ја препорачува на други родители. Статиите и советите ги опишува како конкретни, прецизни и веродостојни. „Неколку загатки предложени за одредена возраст не само што нè забавуваа и направија времето да ни помине побрзо, туку и ми покажаа дека моето дете е способно да размислува на начин кој, дотогаш, не го бев забележала,“ раскажува Маја.

„Апликацијата е спуштена повеќе од 7800 пати во Црна Гора. Родителите ја оценија со просечна оценка од 4,53 од 5. Овие бројки покажуваат дека родителите се задоволни од апликацијата; но, планираме континуирано да ја надградуваме со нови содржини; обидувајќи се да ја направиме корисна за што повеќе родители и професионалци.“

Професионално родителство склопено во една апликација

Апликацијата „Bebbo“ беше развиена и лансирана од Регионалната канцеларија за Европа и Централна Азија на УНИЦЕФ, со придонес на ЕУ. Апликацијата е дизајнирана за да им помогне на родителите на деца под шест години, со лесни совети на теми како доење и одвикнување од бебешка храна, здравје, исхрана, имунизација, учење, играчки и игри за деца, развојни достигнувања и позитивно родителство. Корисни и интерактивни алатки помагаат за негување и помош за детското здравје и развој. Ида Фердинанди, одговорна за ран детски развој при УНИЦЕФ Црна Гора, објаснува дека се особено задоволни од резултатите и досегашните реакции на родителите. „Апликацијата е спуштена повеќе од 7800 пати во Црна Гора. Родителите ја оценија со просечна оценка од 4,53 од 5. Овие бројки покажуваат дека родителите се задоволни од апликацијата; но, планираме континуирано да ја надградуваме со нови содржини; обидувајќи се да ја направиме корисна за што повеќе родители и професионалци,“ вели Ида.

Понатаму, Ида објаснува дека сите содржини се развиени и потврдени од експерти за ран детски развој и голем тим професионалци; вклучително девелопери, експерти и практичари за детска психологија. Дополнително, канцеларијата на УНИЦЕФ во Црна Гора работеше на адаптација на апликацијата за специфичните потреби во државата.

„Моравме да ја адаптираме содржината на нашиот контекст, па затоа склучивме партнерство со Институтот за јавно здравје кој ги провери и прилагоди дел од статиите или помогна за развој на нови содржини. На пример, го адаптиравме вакциналниот календар кој е значително различен во другите земји, педијатрискиот распоред, достапните здравствени услуги и информациите за телефонски броеви и директни телефонски линии („хотлајн“). Моравме да контекстуализираме за луѓето во Црна Гора да можат да извлечат максимална полза од услугите на апликацијата „Bebbo““, вели Ида.

„Финансиската поддршка на ЕУ беше неопходна, како за развивање на апликацијата на регионално ниво, така и за нејзиното лансирање на локално ниво. Апликацијата е богато дизајнирана, со бројни функции за да ги задоволат потребите кои родителите би можеле да ги имаат. Целиот процес вклучи неколку месеци напорна работа и прилично голем професионален тим. За локалната адаптација на апликацијата, употребивме ресурси од проектот „ЕУ и УНИЦЕФ за раниот детски развој во Црна Гора“.

За проектот

Апликацијата за родителство беше развиена од УНИЦЕФ. Проектот „Ублажување на влијанието на КОВИД-19 врз децата и семејствата во Западен Балкан и Турција“, финансиран од ЕУ, го поддржа развивањето на одредени функции и подобрувања на апликацијата; како и тековна техничка поддршка за канцелариите во земјите на Западен Балкан во текот на фазата за адаптација. Проектот беше отпочнат во 2021 година; од страна на УНИЦЕФ и Генералната дирекција за соседство и проширувачки преговори на Европската комисија. Истиот цели кон зајакнување на националното здравје, образование, ран детски развој и системи за заштита на децата, како и обезбедување континуиран доток на клучни услуги за децата на ранливите категории и нивните семејства како непосреден и долгорочен одговор за закрепнување од КОВИД-19. Во Црна Гора, адаптацијата на апликацијата беше финансирана преку проектот „ЕУ и УНИЦЕФ за раниот детски развој во Црна Гора“ (2020 – 2023).

Според Ида, развојот на апликацијата барал значаен напор од аспект на финансии и експертиза. „Финансиската поддршка на ЕУ беше неопходна, како за развивање на апликацијата на регионално ниво, така и за нејзиното лансирање на локално ниво. Апликацијата е богато дизајнирана, со бројни функции за да ги задоволат потребите кои родителите би можеле да ги имаат. Целиот процес вклучи неколку месеци напорна работа и прилично голем професионален тим. За локалната адаптација на апликацијата, употребивме ресурси од проектот „ЕУ и УНИЦЕФ за раниот детски развој во Црна Гора“,“ вели Ида.

Ида објаснува дека Институтот за јавно здравје во Црна Гора размислува за преземање на управувањето со апликацијата на долгорочен план. Во меѓувреме, УНИЦЕФ и Институтот за јавно здравје развиваат нови содржини кои ги објавуваат на апликацијата.