Skip to main content

Автор: WeBalkans

Босанска компанија се квалификува за Светското првенство во Катар

Мала модна компанија од Травник, во Босна и Херцеговина, со помош на ЕУ, извезува добра во Катар

Мирела Џиниќ е основач и креативен директор на модната компанија „Senses“ од Травник, БиХ. Вели дека членовите на нејзиното семејство кои работеле со шиење алишта ѝ ја пренеле љубовта за креативна работа и мода уште од нејзиното детство. Но, со оглед на околностите по војната во БиХ, морала да ја прифати првата работа која ѝ била понудена, а тоа било административна позиција во локалната банкарска експозитура. „Иако посакував да работам во бизнис поврзан со мода, немав друг избор. Можностите беа ретки, а јас имав среќа што успеав да најдам работа во банка,“ вели таа.

Мирела ја работела оваа работа цели десет години и, најверојатно, би ја работела до крајот на животот ако банката не банкротирала и целосно затворила. Во тој период, Мирела била во своите триесетти, мајка на две девојчиња, невработена и морала да најде решение. Најпосле, нашла работа во текстилна фабрика каде две години работела на различни позиции. „Беше потполно нов свет. Работев како проектен координатор, моделар, конструктор и технолог. Го покривав целиот циклус од идеја до примерок, па сè од сериска продукција до дистрибуција,“ вели таа.

„Циклусот за обучување, обезбеден од проектот финансиран од ЕУ, беше навистина креативен и инспиративен и ја зголеми мојата амбиција и мотивација да започнам нешто свое.“

Две години подоцна, со чувство на исполнетост и потреба за понатамошно истражување затоа што чувствувале дека веќе нема што да ѝ даде на оваа компанија; ниту, пак, нешто ново да научи, одлучила да направи голем и храбар скок и да отвори сопствена компанија. Практичното искуство, мотивацијата и креативноста биле присутни, но Мирела немала доволно искуство со менаџирање и собирање средства за отпочнување нова компанија. Точно тогаш, наишла на проект, финансиран од ЕУ, кој ги поддржува стартаповите со обуки за менаџмент и почетно финансирање за започнување на нивните деловни подвизи. Проектот ја поддржал со тоа што ја научил да размислува како претприемач и ја обучил за целиот деловен циклус; почнувајќи од основната бизнис идеја, па сè до разработката на деловен план, целни групи и маркетинг план. „Циклусот за обучување, обезбеден од проектот финансиран од ЕУ, беше навистина креативен и инспиративен и ја зголеми мојата амбиција и мотивација да започнам нешто свое,“ вели Мирела.

Избрала да развие идеа заснована на мода за деца, бидејќи, според неа, тоа недостасувало во БиХ; па, така, ја отворила својата компанија „Senses“. Заедно со нејзиниот тим развиле уникатен пакет за подарок со детски алишта што било нешто сосема ново на пазарот, а успехот веднаш следел по претставувањето на производот на пазарот. „Идејата беше да започнеме со нешто мало, но со висококвалитетен бренд кој е конкурентен со останатите меѓународни брендови на пазарот. Го постигнавме тоа користејќи висококвалитетни суровини, уникатни дизајни и рачна изработка,“ вели Мирела.

„Да се биде мала компанија од Травник, признаена од пазар како Катар; кој може да си дозволи да купува производи од кој и да било бренд во светот, беше привилегија и многу ни значеше.“

За проектот

„EU4Business“ е проект на ЕУ кој цели кон зајакнување на капацитетот на БиХ за економски раст и вработување преку поттикнување конкурентност и иновација во одредени сектори. Проектот располага со буџет од 16,1 милиони евра: 15 милиони евра обезбедени од ЕУ, а 1,1 милион евра од Сојузна Република Германија.

„EU4Business“ е дел од локалните развојни стратегии на Федералното министерство за економска соработка и развој од Германија; во чии рамки влегува и Програмата за локална самоуправа и економски развој во БиХ.

Поддршката и напредокот од ЕУ за „Senses“ продолжиле и по почетниот стартап процес. Годинава, ЕУ во БиХ одлучи да поддржи одреден број мали компании за промоција на нивните брендови, поврзувајќи ги со онлајн инфлуенсери. „Senses“ беше меѓу избраните компании за учество во програмата. Мирела ја споија со инфлуенсер, мајка на две девојчиња, која прифати да ги промовира производите на „Senses“.

Покрај предвидениот пораст на присуство на социјалните медиуми и промет на локалниот маркет; според Мирела, се случило нешто неверојатно. Една жена, со босанско потекло, која живее во Катар, ја следела инфлуенсерката, го видела брендот и одлучила да ја контактира Мирела за деловна зделка. Зделката резултирала со производство и достава на првиот пакет производи од „Senses“ на меѓународниот пазар. „Да се биде мала компанија од Травник, признаена од пазар како Катар; кој може да си дозволи да купува производи од кој и да било бренд во светот, беше привилегија и многу ни значеше,“ вели Мирела.

Првата испорака била со детски алишта со дизајни поврзани со Светското првенство. Со оглед на тоа што бил навистина задоволен, партнерот од Катар веќе направил порачка за втора достава која ќе биде заснована на некоја друга тема и ќе биде испорачана во 2023 година.

Повик на „Creative Europe“ за проекти за соработка

Повик, на „Creative Europe“, за проекти за соработка, ќе ги поддржи проектите за спроведување широк спектар активности и иницијативи, вклучувајќи уметници и чинители активни во различни културни и креативни сектори. Со буџет од преку 60 милиони евра, оваа акција ќе поттикне соработка помеѓу организациите активни во сферата на културата, со цел зголемување на европската димензија за креирање и циркулирање на европски уметнички содржини; охрабрувајќи развој, експериментирање, дисеминација и примена на нови и иновативни практики.

 

Проектите за европска соработка се отворени за сите културни и креативни сектори. Но, со оглед на тоа што оваа акција е дел од културниот отсек на програмата, проектите кои содржат исклучиво аудио-визуелни содржини и/или се исклучиво составени од организации од аудио-визуелниот сектор, не се соодветни за аплицирање.

 

Крајниот рок за аплицирање е 23. февруари 2023 година.

600000 конвертибилни марки за подобрување на здравјето и безбедноста на работното место во земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ

Во рамки на проектот „EU4BusinessRecovery“, кофинансиран од ЕУ и Сојузна Република Германија, беше објавен јавен повик за учество во техничка поддршка и програма за доделување грантови, како дел од поддршка наменета за подобрување на здравјето и безбедноста на работното место (вклучително и заштитни мерки против КОВИД-19) во земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ.
 
Со објавување на овој јавен повик, во вредност од 600000 конвертибилни марки, ЕУ ќе им овозможи на компаниите да учествуваат во програма која вклучува обука, техничка и финансиска поддршка поврзани со здравјето и безбедноста на работното место. По учеството во обуката и техничката поддршка, овозможени од проектот, компаниите ќе можат да се квалификуваат за финансиска поддршка во форма на инвестиции во висина од 10000 до 30000 конвертибилни марки, наменети за имплементација на мерки за заштита на здравјето и безбедноста на работното место (вклучително и мерки против КОВИД-19).
 
Избраните компании ќе учествуваат во бесплатна обука за правните аспекти и важноста на применување мерки за заштита на здравјето и безбедноста на работното место. Дополнително, на компаниите ќе им биде овозможена поддршка за оценување на моменталната состојба на здравјето и безбедноста на работното место, проверка на работните услови, а, исто така, ќе бидат споделени и препораки за подобрување на работната средина.

ЕУ издвојува 3,5 милиони босански конвертибилни марки за поддршка на примарното земјоделско производство

Како дел од проектот „EU4AGRI“, финансиран од ЕУ, беше лансиран јавен повик за поддршка на инвестиции во примарното земјоделско производство.  
Преку овој јавен повик беа овозможени 3,5 милиони босански конвертибилни марки; со грантова вредност, по апликација, од 15000 до 300000 босански конвертибилни марки. Апликантот мора да обезбеди сопствено кофинансирање за секој поединечен проект, во минимална вредност од 35 % од вкупната вредност на прифатливите трошоци на предложената инвестиција; со исклучок на секторот за производство на овошје и зеленчук во кој сопственото кофинансирање треба да изнесува минимум 30 %.  
Погодни апликанти за грантови во рамки на оваа мерка за поддршка се независните претприемачи, кооперативи и компании.  
Крајниот рок за аплицирање е 15.00 часот, 31. јануари 2023 година.
 

Четврт регионален форум за ставање крај на насилството врз жените во Западен Балкан и Турција

Четвртиот регионален форум за ставање крај на насилството врз жените, насловен „Интегрирани политики, инклузивни партнерства“, ќе започне на 29. ноември. Истиот, ќе се надоврзе на динамиката и напредокот од последните пет години и ќе биде можност за континуирани достигнувања насочени кон ставање крај на насилството врз жените во регионот. Настанот е организиран од „UN Women“ со заедничко учество на Советот на Европа, ЕУ и националните структури за жени од Западен Балкан.

 

Регионалниот форум е единствениот регуларен механизам кој ги собира на едно место клучните чинители во Западен Балкан за ставање крај на насилството врз жените. Годинешниот форум ќе се насочи кон прашања поврзани со поставување механизми за мониторинг на фемициди (убиства на жени); на национално и регионално ниво, вклучително и испитување на стратегиите и предизвиците на веќе воспоставените механизми во Европа и ширум светот. Исто така, настанот ќе се фокусира и на зајакнување на алијансите, мрежите и платформите ширум регионот и локално, напредувајќи ја соработката помеѓу организациите на жените и давателите на здравствени услуги; испитувајќи ги предизвиците и можностите за зајакнување на механизмите за упатување на локално и национално ниво.

 

Регионалниот форум ќе содржи комбинација од пленарни и групни сесии на гореспоменатите тематики со цел овозможување плодни дискусии. Експерти од регионот и пошироко ќе претстават анализи, засновани на докази, и ќе водат дискусии со цел согласување за методите и пристапите за имплементирање интервенции насочени кон ставање крај на насилството врз жените во Западен Балкан и Турција.

Избрани 58 нови проекти за стручно образование и обука во рамки на првиот повик за градење капацитети на ЕРАЗМУС+

Во соработка со институции и организации за стручно образование и обука ширум светот, од вкупно 93 оценети проекти, беа избрани 58 нови ЕРАЗМУС+ проекти за градење капацитети за стручно образование и обука, со севкупна вредност од 21,3 милиони евра финансии од ЕУ. Проектите од повикот за „Градење капацитети за стручно образование и обука“ вклучуваат тела за стручно образование и обука од 75 држави ширум светот.  
ЕРАЗМУС+ е многу повеќе од студентски размени; стимулирајќи соработка помеѓу образовни организации од ЕУ и други европски држави, како и пошироко. ЕРАЗМУС+ акциите за стручно образование и обука ги поддржуваат луѓето во стекнувањето квалификации клучни на пазарот на труд, претворајќи ги, на тој начин, младите и возрасните во професионалци. Нивната улога е добро да ги позиционираат организациите за стручно образование и обука со цел истите да ги поддржат другите приоритети на програмата ЕРАЗМУС+, како и приоритетите на ЕУ во насока на зелена транзиција и премин кон дигитализација.

Европски инвеститори присуствуваат на презентација за можности и предности за водење бизнис во Западен Балкан

На инвестициска конференција Западен Балкан 6 „Western Balkans 6 Investment Conference“, во Љубљана, Регионалниот совет за соработка и Коморскиот инвестициски форум Западен Балкан 6, собраа инвеститори од Австрија, Хрватска, Италија и Словенија, агенции за промоција на инвестиции во Западен Балкан, министерства одговорни за инвестициски политики и промоција, регионални организации и меѓународни финансиски институции.

Конференцијата сподели информации за инвестициската рамка, презентираше можности и предности за водење бизнис во Западен Балкан, прикажа примери од успешни инвестиции во регионот и го поддржа вмрежувањето. Исто така, беа претставени и предностите на регионот на Западен Балкан, во споредба со други инвестициски дестинации, земајќи ги предвид глобалните случувања и приближувањето на синџирите за снабдување.

 

Конференцијата беше дел од имплементацијата на Акцискиот план за заеднички регионален пазар на Западен Балкан, финансиран од ЕУ. Дополнителни информации за Акцискиот план за заеднички регионален пазар на Западен Балкан се достапни на следната врска: https://www.rcc.int/pages/143/common-regional-market.

Програмата „M’BASE“ поддржува 23 проекти на граѓанското општество во Црна Гора

Добитниците на фондови на третиот натпревар, во рамки на програмата „M’BASE“; финансирана од ЕУ, а имплементирана од Центарот за граѓанска едукација, се собраа за церемонијата за потпишување во „Europe House“. Третиот натпревар, во склоп на програмата „M’BASE“, беше објавен на 13. септември, а до неговото затворање, на 13. октомври, беа поднесени 82 проектни апликации. Севкупно, 23 од нив ќе бидат имплементирани.

 

Во своето обраќање кон потписниците, Ингве Енгстром, шеф на отсекот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, ја опиша програмата „M’BASE“ како добра можност за организациите на граѓанското општество да добијат пристап до фондовите на ЕУ кои ќе им помогнат да ги зајакнат своите капацитети и да играат значајна улога во своите заедници.

 

Како програма на организациите на граѓанското општество во Црна Гора, од основни услуги до основачи на политики, програмата „M’BASE“ е имплементирана од Центарот за граѓанска едукација, во партнерство со германската фондација „Friedrich Ebert“, невладината организација Центар за заштита и проучување на птиците, мрежата невладини организации „Politikon“, во соработка со Министерството за државна администрација и Министерството за европски работи на Владата на Црна Гора. Проектот е финансиран од ЕУ и Министерството за државна администрација.

Избрани победниците на натпреварот за фотографија „Да се биде млад во Србија“

Забава, спортски активности, уметност, борба за подобра иднина – сите овие елементи се појавуваат во секојдневието на младите во Србија; инспирирајќи ги овогодинешните учесници на натпреварот за фотографија „Да се биде млад во Србија“ („Being young in Serbia“).

 

Петчленото жири избра четири победници од преку 1000 фотографии испратени на натпреварот организиран од Делегацијата на ЕУ во Србија, „National Geographic Serbia“, „Politikin Zabavnik“ и студентската мрежа ЕРАЗМУС Србија. Ова е една од активностите со кои Делегацијата на ЕУ во Србија ја одбележа 2022 како европска година на младите.

 

Во категоријата најдобри фотографии од граѓаните, наградите беа доделени на:

Прво место – Милош Крстиќ, Фестивалска еуфорија (Егзит фестивал, Нови Сад)

Второ место – Ирена Љубановиќ, Жена која покажува солидарност кон друга жена (Белград)

Трето место – Јана Цекиќ, И, што сега? (Белград)

 

Фотографијата која освои прво место ќе биде објавена во српското издание на магазинот National Geographic“, како и во „Politikin Zabavnik“. Четирите добитнички фотографии, како и 16-те фотографии кои влегоа во потесен круг, ќе бидат изложени, во текот на месец декември, во ЕУ Инфо центарот во Белград, Нови Сад и Ниш. Фотографите на најдобрите дела ќе добијат ваучери за електронска опрема; победничката фотографија ќе добие ваучер во вредност од 1000 евра, наградата за второ место е ваучер вреден 500 евра, третата награда е ваучер во вредност од 300 евра, додека, пак, најдобрата фотографија за проект на ЕУ ќе добие сертификат.

Форумот за јавни обвинители „TAIEX“ се справува со прекугранични економски и кибер злосторства

Блиските партнерства и прекуграничната соработка се неопходни за искоренување на прекуграничниот криминал. Оваа клучна порака одекна на дводневната програма на 22-риот Меѓународен форум за јавни обвинители за борба против организираниот прекуграничен криминал –  „TAIEX“, во Будва, Црна Гора, на 8. и 9. ноември 2022 година. Форумот „TAIEX“ за првпат беше организиран во партнерска држава.   
Настанот беше организиран во соработка со Врховното државно обвинителство во Црна Гора, Агенцијата за соработка за кривично право на ЕУ, „Eurojust“ („Евроџаст“), Европското јавно обвинителство и Јавното обвинителство на Саксонија, Германија. Истиот здружи преку 100 јавни обвинители и судски претставници, со присуство во живо, како и далечински, од преку 30 држави; вклучително и соседски региони, региони за проширување, држави-членки на ЕУ, како и агенции и институции на ЕУ. Говорниците се справија со различни неодамнешни случаи на перење пари и истражувања за кибер-злосторства за враќање средства, заеднички истражувачки тимови и употреба на дигитални докази.  
Форумот придонесе за зголемена меѓународна соработка во доменот на криминални прашања. Најпрво, на практичарите, во рамки на ланецот за криминална правда, им овозможи прилика за градење и зајакнување на професионални мрежи. Следно, го зајакна институционалниот капацитет за справување со прекугранични случаи во критични домени; како шеми за перење пари и употреба на дигитални докази. Најнакрај, зајакнувањето на прекуграничната судска соработка не ќе биде ограничено само на дводневниот форум. „TAIEX“ ќе продолжи да обезбедува поддршка за своите партнери во насока на клучни реформи за владеење на правото со целни и специјално дизајнирани активности за техничка помош.