Skip to main content

Автор: WeBalkans

Следна станица: иднината

ЕУ поддржува надоградување на железничката инфраструктура во Црна Гора.

Првата железничка линија во Црна Гора беше тесна пруга од Габела Зеленика која беше отворена во 1901 година. Оваа железничка пруга беше изградена од Австро-Унгарија која, на времето, управуваше со територијата на Бока Которска. Во текот на следните децении, железничкиот систем продолжил да се надоградува, а позначаен напредок се случил во 1970-тите со отворање на линијата која ја поврзувала српската престолнина – Белград со главното пристаниште во Црна Гора – Бар.

Кога оваа линија била отворена, во 1976 година, била најсовремена; подеднакво модерна и удобна како која и да било друга железничка линија во светот. Била еден од најголемите и најскапи инфраструктурни проекти во поранешната југословенска федерација и едно од најубавите патувања во Европа. Првиот воз кој го направил патувањето од 167 километри бил „Синиот воз“, луксузно транспортно средство на тогашниот југословенски лидер – Јосип Броз Тито, кој во возот ги пречекувал и забавувал странските достоинственици и членови на кралското семејство; вклучително и кралицата Елизабета Втора и поранешниот цар на Етиопија – Хајле Селасие.

„Тешките години за време на кризата оставија белег врз железничките линии во Црна Гора, а железничкиот систем има потреба од континуирано мониторирање и поправки. Во време на економска криза за државата и општеството, не беше можно тоа да се направи соодветно.“

Драган Радевиќ е заменик извршен директор на „Capital investments“ во Железници на Црна Гора и работи за компанијата од 2004 година. Но, неговото искуство и љубов за железниците потекнуваат уште од многу поодамна. Драган јасно се сеќава на своето прво патување со воз во 1980-тите; златната ера на железниците во Црна Гора, кога имал само пет години, а неговите родители му најавиле дека за летниот одмор, семејството ќе оди на морското крајбрежје со воз. „Се сеќавам дека цела ноќ не спиев од возбуда: не само затоа што требаше да одиме на морското крајбрежје, туку затоа што требаше да патуваме со воз. На времето, беше посебен настан да се патува со воз и таквиот начин на патување до ден денес ми буди романтични, па дури и мистични чувства,“ вели Драган.

Меѓутоа, постојаното недоволно финансирање ги остави железниците со големи проблеми во 1990-тите. Делот на железниците во Црна Гора во голема мера страдаше од недостаток на одржување; па, така, патување со воз до Белград, кое некогаш траело седум часа, почнало да трае приближно единаесет часа, бидејќи возот редовно морал да намалува брзина поради лошата состојба на пругите и инфраструктурата. Бројот на патници се намалил; од најголемата регистрирана бројка на 2 милиони во 1987 година, на 1,2 милиони во 2016 година. Товарот, пак, се намалил од 4 милиони тона на 1,4 милион. „Тешките години за време на кризата оставија белег врз железничките линии во Црна Гора, а железничкиот систем има потреба од континуирано мониторирање и поправки. Во време на економска криза за државата и општеството, не беше можно тоа да се направи соодветно,“ вели Драган. Имало потреба од возобновување, но ниту железничката компанија, ниту, пак, Владата на Црна Гора немале доволно финансиски средства за да поддржат таков чекор.

 

„Очекуваме да имаме успешна соработка со ЕУ и Европската инвестициска банка и во идните проекти.“

За проектот

Проширувањето на коридорот Ориент/Источен Медитеран во Западен Балкан, вдолж Рутата 4, е со должина од приближно 580 километри и се протега од Вршац (српско-романска граница) до Белград (Србија), па потоа до Подгорица и Бар (Црна Гора). Бар – Врбница (од кои Врбница се наоѓа на српско-црногорската граница), е најважната секција на железничката мрежа во Црна Гора; превезувајќи околу 20 % од сите патници и приближно 60 % железнички товар. Преку Инвестициската рамка Западен Балкан и националниот Инструмент за претпристапна помош (ИПА), ЕУ распредели милиони евра за подготовка на конкретни инвестициски пакети, како и итни интервенции за возобновување по должината на падините изложени на опасност од лизгање на земјиштето. Дополнително, во рамки на Агендата за поврзување, ЕУ распредели повеќе од 20 милиони евра за покривање на 50 % од трошоците поврзани со инсталација на модерни системи за сигнализација и телекомуникации, во и околу Подгорица; како и реновирање на 29 бетонски мостови и 20 тунели.

Во 2017 година пристапила ЕУ. Европската инвестициска банка („ЕИБ“) одобрила заем, во висина од 20 милиони евра, за рехабилитација на најкритичните падини, тунели, мостови и системи за сигнализација на линијата од Бар до Врбница, на српската граница. Дополнително, заемот бил комбиниран со грант, вреден 20 милиони евра, во рамки на Агендата за поврзување на ЕУ и тоа преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Тоа подразбира дека приближно 90 % од целосниот трошок, во висина од 45 милиони евра, би биле покриени од буџетот на ЕУ. Проектот се наближува кон својот крај, а управата на железничката компанија очекува зголемување на патничкиот и товарниот транспорт како резултат на инвестицијата. „Очекуваме да имаме успешна соработка со ЕУ и Европската инвестициска банка и во идните проекти,“ вели Драган.

Како што овој проект се приближува кон крајот, Драган објаснува дека „Железници на Црна Гора“ очекуваат да започнат нов проект со поддршка од ЕУ. Новиот проект опфаќа возобновување на останатите тунели и мостови, замена на пругите од Лутово до Биоче и реновирање на три работилници на коридорот Бар Врбница.

Албанија се приклучува на Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ

Денес, Албанија официјално стана земја-учесничка во Механизмот за граѓанска заштита – систем на ЕУ за управување со ризици и непогоди.

 

Како постојана членка на Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ, Албанија не само што ќе добие можност за примање итна помош, но ќе добие и прилика да испраќа помош во држави погодени од несреќи; со што ќе придонесе за посилен и подобро координиран одговор во време на криза, во Европа, а и во остатокот на светот. Пред придружувањето како полноправна членка, Албанија веќе беше поддржана од Тимовите за граѓанска заштита на ЕУ; по разорниот земјотрес во ноември 2019 година и шумските пожари во текот на последните три лета.

 

Комесарот Јанез Ленарчиќ е во Тирана за да ја одбележи приликата. Таму, се сретна со премиерот Еди Рама и министерот за одбрана Нико Пелеши. Заедно со министерот Пелеши, комесарот ја потпиша спогодбата со што Албанија стана членка на Механизмот.

 

Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ има за цел зајакнување на соработката помеѓу државите во ЕУ и осумте држави-учеснички (Исланд, Норвешка, Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Турција, Босна и Херцеговина и, најпосле, Албанија) во доменот на граѓанска заштита за подобрување на превенцијата, подготвеноста и реактивност во време на непогоди.

 

Кога некаква итна ситуација ги надминува можностите за реагирање на одредена држава во Европа и пошироко, државата може да побара помош преку Механизмот. Европската комисија игра клучна улога при координирање на реагирањето за време на непогоди на светско ниво. Од својот зачеток, во 2001 година, Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ одговорил на повеќе од 600 барања за помош во и надвор од ЕУ.

Ново издание на Конференцијата за медиуми ЕУ – Западен Балкан ја реафирмира важноста на медиумската слобода и слободата на изразување

Новото издание на Конференцијата за медиуми ЕУ – Западен Балкан се одржа на 10. и 11. ноември 2022 година во Тирана, Албанија, и пречека околу 200 учесници; вклучително и новинари, медиумски професионалци, организации на граѓанското општество, проверувачи на факти, професори и други од регионот на Западен Балкан, ЕУ и нејзините партнери.

 

Конференцијата, организирана во соработка со Европската комисија и Европската служба за надворешно дејствување, започна со работилница предводена од Андрис Кестерис, главен советник за медиуми и граѓанско општество при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, кој, заедно со главните партнери на Комисијата; како Американската агенција за меѓународен развој и ГИЗ, ги презентираше новите програми за помош на медиумите во Западен Балкан.

 

Конференцијата официјално ја отвори амбасадорот Хохман, шеф на делегацијата на ЕУ во Албанија, кој потенцираше дека бесплатните и независни медиуми се главниот столб на демократија, потребна за формирање на јавната сфера, формирање на мислењето на јавноста и барање одговорност од оние на власт.

 

Мишела Матуела, в. д. директорка за Западен Балкан при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, се надоврза со следниот коментар: „Слободата на изразување е суштинска европска вредност, предуслов за пристап, а истовремено е и во самиот центар на политиката за проширување на ЕУ.“ Меѓутоа, таа потенцира дека владите и релевантните чинители (регулаторните тела, јавните радиодифузни компании и сопствениците на медиумски куќи) мораат, исто така, да ги зголемат своите напори, со цел креирање и овозможување средина за медиумска слобода.

 

Конференцијата продолжи со неколку панел-дискусии за клучни прашања како манипулирање со информации и странска интерференција, продукција на современи содржини, дезинформации и пристапи за соработка.

 

Еден од најважните моменти на конференцијата беше доделувањето на наградите на ЕУ за истражувачко новинарство во Западен Балкан; во чии рамки беа наградени трите најдобри новинари од „WB6“ („Западен Балкан 6“).

Претворање на детската пасија во професија

Проект, финансиран од ЕУ, им помага на младите во Косово да ги исполнат своите професионални амбиции во секторот на информациско-комуникациските технологии и дигиталниот сектор.

Детјон Чочај има 21 година и е од Призрен, Косово. Тој е еден од многуте млади кои во последните години гледаат на информациските технологии како привлечен сектор за нивниот професионален живот. Одлуката да го започне своето професионално патување во доменот на информациско-комуникациските технологии, за Детјон, не била техничка, туку започнала како пасија уште кога имал само 10 години. На таа возраст, Детјон го имал првото искуство со компјутер; и тоа преку пријател кој поседувал компјутер. „Беше поле во кое новите информации може бескрајно да се истражуваат: беше љубов на прв поглед,“ вели тој. Првото искуство со компјутер направило да ги замоли своите родители да му купат компјутер. Тие ги послушале и така започнало возбудливото патување за Детјон.

„Иако универзитетот на кој сум запишан е прилично во чекор со трендовите; сепак, не може целосно да држи ритам со брзиот развој во сферата на информациско-комуникациските технологии. Професионалните курсеви се секогаш добар начин за пополнување на оваа празнина.“

Детјон ги доразвил своите вештини за информациско-комуникациски технологии и дигитални вештини, а кога дошло време за запишување на факултет, немал сомнеж за тоа што сака да студира. Во 2020 година ги започнал своите студии, но имал желба да учи повеќе и побрзо. Оттука, почнал да бара дополнителни можности за подобрување на своите вештини и наишол на објава од проект, финансиран од ЕУ, кој нудел бесплатни курсеви за информациско-комуникациски технологии за младите во Косово. „Иако универзитетот на кој сум запишан е прилично во чекор со трендовите; сепак, не може целосно да држи ритам со брзиот развој во сферата на информациско-комуникациските технологии. Професионалните курсеви се секогаш добар начин за пополнување на оваа празнина,“ вели Детјон.

Проектот за поддршка на конкурентноста во секторот на информациско-комуникациските технологии во Косово, финансиран од ЕУ, е фокусиран на овозможување обука за информациско-комуникациски технологии, дигитални вештини и бизнис менаџмент; вклучително и веб развој, Јава програмирање, кибер безбедност, „Python“, „big data“ (големи/мега податоци), машинско учење, информациско-технолошки проектен менаџмент и „меки вештини“ („soft skills“). Дополнително, проектот овозможил курсеви за бизнис обука за менаџмент и лидерство во секторот на информациско-комуникациските технологии. Детјон присуствувал на два модули: Јава и Андроид развој и веб развој.

„Знаењето со кое се стекнав на курсот многу ми помогна. На пример, имаше одредени технички прашања на моето интервју за работа чии одговори ги бев научил на курсот; па, тоа влијаеше на успехот на интервјуто.“

За проектот

Проектот за поддршка на конкурентноста во секторот на информациско-комуникациските технологии во Косово, финансиран од ЕУ; брендиран како „Информациско-комуникациските технологии за развој на Косово“, цели кон зголемување на конкурентноста на дигиталните и традиционални бизниси во Косово преку поддршка за експанзија на секторот за информациско-комуникациски технологии во Косово; водејќи до создавање нови работни места. Дополнително, проектот има за цел да го премости јазот на дигитални и деловни вештини; и тоа на одржлив начин кој ќе ги исполни потребите на пазарот, зголемувајќи го извозот на косовските бизниси во сферата на информациско-комуникациските технологии, како и зголемување на конкурентноста на косовските дигитални и традиционални бизниси преку употреба на информациско-комуникациските технологии. Со проектот управува Канцеларијата на ЕУ во Косово, а истиот е имплементиран од „WeGlobal“, во партнерство со „European Projects Management Ltd“ и „Prishtina REA“. Проектот трае 42 месеци; од јануари 2020 до јули 2023 година.

Како резултат на неговата напорна работа, стекнатото знаење на факултет и, особено, знаењето со кое се здобил на курсевите финансирани од проектот на ЕУ, Детјон добил работа во „Bottomline Technologies“ – компанија која работи во повеќе од 90 држави ширум светот. „Знаењето со кое се стекнав на курсот многу ми помогна. На пример, имаше одредени технички прашања на моето интервју за работа чии одговори ги бев научил на курсот; па, тоа влијаеше на успехот на интервјуто.“ Детјон има големи амбиции за иднината во секторот на информациско-комуникациските технологии и дигиталниот сектор. „Во иднина, се гледам себеси како сопственик на производ и извршен директор на важна компанија за информациско-комуникациски технологии која вработува и создава позитивни перспективи за другите млади,“ вели тој.

Доближување на младите до културата и уметноста

Интерактивни и иновативни алатки во работна програма за млади, финансирана од ЕУ, ги доближува културните институции поблиску до младите во Србија и пошироко.

Галеријата „Матица српска“ во Нови Сад, основана во 1847 година, денес претставува еден од најбогатите уметнички музеи во Србија. Трајните поставки изложуваат значајни уметнички дела од осумнаесеттиот, деветнаесеттиот и дваесеттиот век; илустрирајќи го потеклото и развојот на српската современа уметност, позиционирајќи ја во европски контекст. Покрај трајните поставки, галеријата е место каде што се прикажуваат меѓународни, монографски, тематски и привремени поставки. Никогаш нема недостаток на посетители, но, сепак, разочарувачки е бројот на млади меѓу посетителите.

Недостигот на млади посетители не е карактеристичен само за оваа галерија. Проблемот е забележан и во други држави во регионот и пошироко. Со цел решавање на овој проблем во поширок контекст и доближување на културните институции поблиску до младите, здружение на невладини организации од Србија, наречено „НАПОР“, го започна проектот „Melting Pot“, со финансии од ЕУ. Проектот беше имплементиран во три држави; Хрватска, Северна Македонија и Србија.

„Идејата на проектот беше да ги доближи младите поблиску до културни содржини, но и да поттикне креирање програми за младите од страна на културните институции.“

Неделка Ивошевиќ е менаџер за комуникации при здружението „НАПОР“. Објаснува дека идејата за проектот била заснована на стратешки план на организацијата со цел да ги спои работните методологии на институциите и младинските работници. „Идејата на проектот беше да ги доближи младите поблиску до културни содржини, но и да поттикне креирање програми за младите од страна на културните институции,“ вели Неделка.

Начелно, проектот направил истражување за потребите на различни младински групи поврзани со културата во трите држави. Резултатите покажале дека 60 % од младите кои зеле учество во анкетата изјавиле дека културата е значаен дел од нивниот живот, но 90 % од нив изјавиле дека институциите никогаш не ги консултираат кога станува збор за инволвирање во програмско планирање; давајќи им улога на пасивни консументи на културни содржини. Како други причини за нередовното учествување во културни настани ги навеле недостатокот на информации, непривлечните содржини и недостатокот на културни активности во нивното опкружување.

За да се овозможат добри примери за поврзување на младите со културните институции и истите да ги тестираат, проектот развил и имплементирал шест културни програми: по две од секоја држава. На пример, во Србија, галеријата „Матица српска“ изработила програма наречена „Ајде да играме: уметност и слободно изразување“ која ги поврзува уметничките дела во галеријата со информации, веднаш до делото; како, на пример, детали за други уметници од периодот на создавање. „Целта беше младите да почувствуваат дека галеријата не е само за елити,“ вели Неделка.

 

„Беше голем и комплексен проект имплементиран во три држави. Поддршката на ЕУ беше неопходна затоа што без финансиите не би можеле да го имплементираме проектот.“

За проектот

Проектот „Melting pot“ започна во март 2021 година и заврши во септември 2022 година. Истиот беше имплементиран ширум три држави – Хрватска, Северна Македонија и Србија; преку партнерство со „НАПОР“, галеријата „Матица српска“, Младинска мрежа Хрватска, „Погон“ – центар за независна култура и млади од Загреб, Сојуз за младинска работа Скопје и Општинска установа Музеј на град Неготино. Проектот беше финансиран од фондацијата „Темпус“ преку програмата ЕРАЗМУС+ на ЕУ.

Проектот развил и едукативна програма за примена на неформален приод со цел зголемување на капацитетите на младинските и културни работници и подобро разбирање на приодите и принципите кои го поддржуваат личниот и општествен развој на младите. Нивната брошура „Мешавина од иновации во младинската работа и културните институции“ содржи преглед на младинската работа и култура во Северна Македонија, Србија, Хрватска и други држави во ЕУ. Брошурата содржи примери од иновативни и креативни дигитални младински дела и набројува над 50 дигитални платформи, алатки и пристапи.

Преку 600 млади беа директно инволвирани во проектните активности. Неделка смета дека проектот имал значајно влијание и дека поддршката од ЕУ била неопходна. „Беше голем и комплексен проект имплементиран во три држави. Поддршката на ЕУ беше неопходна затоа што без финансиите не би можеле да го имплементираме проектот,“ вели таа.

Читање ширум Западен Балкан

Проект, финансиран од ЕУ, поттикнува навики и вештини за читање, како и културна соработка.

Кога стапила на функција поранешната директорка на институтот „Гете“ во Северна Македонија, Тања Кригер, една од првите работи кои ги забележала бил недостатокот на навиката за читање кај младите во државата. Затоа, одлучила дека за време на нејзината мисија, заедно со својот тим ќе дадат приоритет на зголемување на навиката за читање кај младите; особено во руралните и изолирани подрачја во државата. Институтот „Гете“ веќе имплементирал проекти на оваа тема во Северна Македонија, но имало потреба да се преземе нешто повеќе; се сеќава Марија Чорбева Пеновска од институтот „Гете“ во Скопје.

Се појавила можност со повикот за предлози за културни активности од Инструментот за граѓанско општество и програмата за медиуми на ЕУ. Со нивна поддршка, институтот „Гете“, заедно со партнери од други држави во регионот, го започнал проектот „Регионална мрежа за културна разноликост (READ)“ („Regional Network for Cultural Diversity (READ)“) кој има за цел промовирање меѓукултурни вештини за читање и демократски вредности преку поттикнување култура за читање, како и обработка на супрарегионални висококвалитетни литературни дела.

„Во фокус на нашите посети беа тешко пристапните заедници: места каде што децата никогаш претходно немале можност да учествуваат во културен настан.“

Марија Чорбева Пеновска е менаџер на проектот „READ“. Таа објаснува дека проектот вклучува четири различни програми, а една од нив е „ЧИТАЈ на тркала“ („READ on wheels”) која претставува подвижна библиотека со книги и останати содржини од партнерските држави на проектот. Библиотеката го обиколува регионот и Турција со посебен фокус на училиштата и библиотеките, во период од три години. Подвижната библиотека во комбе со придружна екипа веќе ги заобиколи Северна Македонија и Србија; посетувајќи, главно, оддалечени села во кои се организираше раскажување приказни, работилници за креативно пишување и илустрации, презентација на нови писатели, предавања и дебати, позајмување и донација на книги и слични настани со деца и млади. „Во фокус на нашите посети беа тешко пристапните заедници: места каде што децата никогаш претходно немале можност да учествуваат во културен настан,“ вели Марија.

Дополнителна компонента на проектот е поддршката за литературни фестивали во пет целни држави, како клучен начин за промовирање меѓукултурна соработка во регионот. Проектот вклучува, исто така, и програма за престојување која, преку отворени повици, им овозможува на писателите во петте држави да ја запознаат книжевната, уметничката и културна сцена во регионот и да го поддржат регионалното ширење на книжевните дела во целните држави. Истовремено, локалната публика добива уникатна можност да се запознае со делата на избраните уметници.

Четвртата компонента на проектот е поддршка за граѓанското општество, преку шема за субгрантирање која овозможува поддршка за малите организации од доменот на превод, издаваштво и/или промоција на дела со цел зголемување на пристапот и свеста за литературата, надминувајќи го националниот контекст. Компонентата вклучува иновативни повеќејазични и меѓукултурни проекти.

Марина Терповска Старго, координатор за грантови на проектот, објаснува дека досега обезбедиле грантова поддршка за 54 организации преку два повици за предлози. Вкупно, се очекува 90 организации да добијат поддршка преку грантовите на проектот.

„Верувам дека преку градењето на оваа голема мрежа од културни работници и организации на граѓанското општество кои работат во секторот на културата ќе обезбедиме одржливост на проектот.“

За проектот

„Регионалната мрежа за културна разноликост (READ)“ е четиригодишен регионален културен проект, финансиран од ЕУ, а имплементиран од институтот „Гете“, заедно со партнерските организации: Центар за балканска соработка – Лоја (Северна Македонија), „Instituti I Librit dhe i Promocionit“ (Албанија), „Kalem Culture Association“ (Турција), „Крокодил“ (Србија) и „Qendra Multimedia“ (Косово). Проектот придонесува за помирување и меѓукултурна толеранција преку отворање нови комуникациски канали помеѓу независните културни општества; овозможувајќи им прилики за вмрежување надвор од политичката сцена. Проектот има за цел промоција на вештини за читање и демократски вредности преку читање за култура и обработка на супрарегионални висококвалитетни литературни дела.

Марија Чорбева Пеновска вели дека се особено задоволни од досегашните резултати на проектот; особено од резултатот на субгрантовите. „На почетокот, бевме скептични за исходот на овие мали проекти затоа што финансиската висина на грантовите беше симболична. Меѓутоа, секој еден од малите проекти се претвори во успешна приказна, благодарение на напорите од овие помали организации,“ вели Марија.

Но, Марија верува дека најзначајниот успех на проектот е олеснувањето на соработката помеѓу културните организации и младите во регионот: „Верувам дека преку градењето на оваа голема мрежа од културни работници и организации на граѓанското општество кои работат во секторот на културата ќе обезбедиме одржливост на проектот,“ вели таа.

 

Удвојување на работната сила во „Catwalk Sarajevo“

Проект, финансиран од ЕУ, овозможува поддршка за модна компанија од БиХ да го зголеми својот бизнис.

„Catwalk Sarajevo“ е модна компанија од Сараево, основана од Ема Бурџовиќ во 2011 година; начелно, како компанија за трговија и продажба на увезени добра во БиХ во нивната продавница во Сараево. Меѓутоа, како што Ема објаснува, бизнисот не одел добро затоа што се трудела да увезува квалитетни и скапи производи, а прометот не бил доволно висок заради капацитетот на куповната моќ и економската ситуација во БиХ. Пред шест години, одлучила да ја промени стратегијата и да се пренасочи од трговија кон производство, вработувајќи два искусни кројачи.

Но, промената не била лесна. Ема е економист по професија, а во времето на пренасочувањето знаела многу малку за специфичностите на процесите за текстилно производство. Се сеќава дека била соочена со бројни предизвици при обезбедувањето суровини, соодветни машини и потребната работна сила. „За жал, постои тренд на иселување на вешти работници од БиХ во потрага по подобар живот. Не беше лесно, но успеавме да најдеме квалифицирани и амбициозни работници кои се темел на нашата компанија,“ вели Ема.

„Проектот, финансиран од ЕУ, значително го подобри нашиот бизнис и ни помогна да ги надминеме негативните ефекти на годините поминати во пандемијата КОВИД-19.“ 

Во моментот кога компанијата почнала да се зацврстува и да гради визија за подобра иднина, започнала пандемијата КОВИД-19. Текстилните компании во БиХ се соочиле со бројни предизвици за време на пандемијата. Нарачките и продажбата сериозно се намалиле, а синџирите на достава биле прекинати, со што набавката на суровини станала особено тешка од почетокот на февруари 2020 година. Индустријата смета дека секое трето загубено работно место во државата, за време на пандемијата, се случило во текстилниот сектор.

Ема не морала да отпушти работници; меѓутоа, растот на компанијата не се одвивал по планираното. Во тој период, наишла на објави за проектот „EU4Business Recovery“, финансиран од ЕУ, кој овозможувал финансиска и техничка помош за поддршка на текстилната индустрија во БиХ, ублажувајќи го влијанието на пандемијата врз продажбата и работните места. Ема се пријавила и ја добила поддршката која ѝ била неопходна. „Проектот, финансиран од ЕУ, значително го подобри нашиот бизнис и ни помогна да ги надминеме негативните ефекти на годините поминати во пандемијата КОВИД-19,“ вели таа.

Неопходниот придонес од проектот вклучил набавка на нова опрема и отворање онлајн продавница, како и нова малопродажна продавница во Црна Гора.

„Со добиената поддршка од ЕУ, го дуплиравме бројот на вработени; од 12 на 24.“

За проектот

Проектот „Инвестициски одговор КОВИД-19 – ЕУ за бизнис заздравување“ („COVID-19 Investment Response-EU4 Business Recovery”), финансиран од ЕУ, е имплементиран од Меѓународната организација на трудот, во партнерство со германската агенција за развој „ГИЗ“ и Програмата за развој на ОН. Целта на проектот е да овозможи поддршка за закрепнување на економијата на БиХ од ефектите на пандемијата КОВИД-19. Особена цел е овозможување итна поддршка за микро, мали и средни претпријатија за осигурување на нивниот деловен континуитет, задржување повеќе од 1000 работни места и создавање, најмалку, 100 нови работни места; со посебна поддршка за жените претприемачи, младите и ранливите групи.

 

Како резултат на поддршката од проектот, менаџерскиот тим оригинално планирал да креира пет нови работни места. Ема со гордост истакнува дека целта не само што била постигната, туку и надмината. „Со добиената поддршка од ЕУ, го дуплиравме бројот на вработени; од 12 на 24,“ вели таа.

Денес, компанијата ја започнува својата нова производна линија – костими за капење, а ги подобриле и своите производствени процеси преку набавка на оперативен систем за дизајн на облека. Исто така, имаат цел да започнат со извоз кон земјите во ЕУ. Според Ема, нивната визија е да изградат силна средно голема компанија која не ќе расте премногу, но ќе може да оствари доволно профит, а, што е уште поважно, ќе може и да исплаќа добри плати на своите вработени.

Одржување стандарди како најдобрите

Компанија за млечни производи во БиХ ги подобрува своите производствени процеси со помош на ЕУ.

Meggle BH“ е една од најуспешните компании за производство на млечни производи на пазарот во БиХ. Благодарение на воведувањето нови иновативни приоди кон работата, и во согласност со највисоките производствени стандарди, сината детелина на белите млечни производи е синоним за квалитет ширум БиХ. Групацијата „Meggle“ има долгогодишна традиција во производството на млечни производи, уште од своето основање, во 1887 година, од Јозеф Антон Мегле од Баварија.

„Поради побарувачката на локалните и странски пазари, моравме да ја модернизираме фабриката и да ги прошириме капацитетите за свежо сирење и производство на кајмак, што го постигнавме со поставување најмодерна опрема, а за дел од неа добивме поддршка преку проектот „EU4AGRI“.“

„Meggle“ влезе на босанскиот пазар во деведесеттите години. Најпрво, увезуваа и дистрибуираа „Meggle“ производи. Набрзо, компанијата започна да прави планови за отворање производствени објекти во државата, а на почетокот од 2000-та година купија фабрика за млечни производи во Бихаќ и се етаблираа како компанија за млечни производи. „Meggle BH“ нуди преку 150 производи во својата палета; домашно млеко, јогурт, кефир, кисела павлака, павлака за готвење, кајмак, крем од путер и многу други производи кои заземаат посебно место во многу домаќинства.

Јадранка Пенава се приклучила во „Meggle“ уште на самиот почеток од нивното работење во БиХ, на почетокот од деведесеттите години, и денес е извршен директор на „Meggle BH“. Таа објаснува дека босанскиот пазар топло ги примил на почетокот и дека имаат континуиран успех и стабилен раст во државата уште од почетокот на нивното работење во БиХ. „Лани, собравме 50 милиони литри млеко од нашите 2500 земјоделци, ширум државата, кои ги сметаме како значаен дел од нашиот бизнис затоа што ако во соседството нема квалитетно млеко, тогаш не може да се има успех во овој бизнис,“ вели Јадранка.

Во текот на 2021 година, со поддршка на проектот „EU4AGRI“, компанијата ги подобри своите производствени процеси со набавка на модерни машини за пакување свежо сирење и кајмак. Капацитетите на старата машина за производство и пакување на сирење и кајмак беше 1800 кади, додека, пак, новата има капацитет од 3200 до 4100 кади, во зависност од тежината, за истото време. Истата овозможува пакување на производите во различни форми, што е неопходно за пласирање производи на пазарот. „Поради побарувачката на локалните и странски пазари, моравме да ја модернизираме фабриката и да ги прошириме капацитетите за свежо сирење и производство на кајмак, што го постигнавме со поставување најмодерна опрема, а за дел од неа добивме поддршка преку проектот „EU4AGRI“,“ објаснува Јадранка. 

 

„Како лидер на пазарот во БиХ, од „Meggle“ се очекува да ги исполни потребите на пазарот, да ги подобри и развие производствените процеси, како и да има постојана понуда на нови и иновативни производи. Оваа инвестиција ни е од голема помош во таа насока.“

За проектот

Проектот „EU4AGRI“ е четиригодишна иницијатива (2020 – 2024) која цели кон модернизирање на земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ, создавање нови работни места, како и задржување на постоечките и поддршка за закрепнување од кризата КОВИД-19. Целосната вредност на проектот изнесува 20,25 милиони евра; главно финансирани од ЕУ, но заеднички имплементирани и кофинансирани од Агенцијата за развој на Република Чешка и Програмата за развој на ОН во БиХ.

Досега, проектот „EU4AGRI“ ги поддржал земјоделците и компаниите во БиХ со 45 инвестиции, вредни околу 5,5 милиони евра; од кои 3,2 милиони евра беа финансирани од ЕУ.

Набавката нова машина придонесло и за зголемување на квалитетот на производите и безбедноста на производствениот процес, а автоматизацијата на одредени чекори ја намалила можноста за човечки грешки. „Како лидер на пазарот во БиХ, од „Meggle“ се очекува да ги исполни потребите на пазарот, да ги подобри и развие производствените процеси, како и да има постојана понуда на нови и иновативни производи. Оваа инвестиција ни е од голема помош во таа насока,“ дополнува Јадранка.

Поддршката на проектот „EU4AGRI“ преку воведување нови технологии несомнено ќе придонесе за понатамошен развој и позиционирање на оваа компанија на домашните и странските пазари, а особено ќе придонесе за исполнување на високите стандарди за квалитет на производите обележани со сина детелина. Вредноста на инвестицијата преку проектот „EU4AGRI“ изнесува околу 730000 босански марки (375000 евра) од кои ЕУ кофинансираше околу 300000 босански марки (155000 евра).

Претседателката Фон дер Лајен во Западен Балкан за дискусии за поддршка на ЕУ со цел справување со енергетската криза

Руското енергетско уценување и манипулирање на пазарите не го поштеди регионот на Западен Балкан. ЕУ е одлучна да ги поддржи своите партнери за справување со високите енергетски цени, како и за подобрување на нивната енергетска безбедност на долг рок. Ова е контекстот на посетата на претседателката фон дер Лајен на Западен Балкан оваа седмица. Претседателката, најпрво, ја посети Северна Македонија каде што оствари средби со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Во четвртокот, на утро, претседателката фон дер Лајен отпатува за Приштина, Косово, каде што се сретна со претседателката Вјоса Османи-Садриу и премиерот Албин Курти. Попладнето, претседателката отпатува за Тирана, Албанија, каде што се состана со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама.

 

Во петокот, на утро, претседателката ќе отпатува во Сараево, БиХ. Таму, ќе се состане со ново избраните членови на претседателството, како и со избрани членови на парламентарното собрание и избрани претставници од општеството. Во текот на попладнето, претседателката фон дер Лајен ќе отпатува за Белград, Србија, каде што ќе се состане со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ. Исто така, заедно со претседателот Вучиќ, ќе ја посети и гасоводната поврзница Србија-Бугарија, во селото Јелашница. Најпосле, во сабота, претседателката ќе биде во Подгорица, Црна Гора, каде што ќе се сретне со претседателот Мило Џукановиќ и премиерот Дритан Абазовиќ. Ќе го посети и проектот „Транс-балкански коридор за електрична енергија: мрежен дел во Црна Гора“.

Гранично управување: ЕУ потпишува договор со Северна Македонија

На 26. октомври, ЕУ и Северна Македонија потпишаа договор за оперативна соработка за гранично управување со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс). Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, го посведочија потпишувањето на договорот од страна на комесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, и чешкиот амбасадор во Северна Македонија, Јарослав Лудва, кој го претставуваше чешкото претседателство со Советот, во име на ЕУ, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во име на Северна Македонија.

 

Потпретседателот за промоција на европски начин на живот, Маргаритис Схинас, изјави: „Блиската соработка за миграција на Северна Македонија е дел од нејзиниот пат кон ЕУ. Потпишувањето на овој договор со Фронтекс е силен доказ за тоа. Миграцијата е нешто со кое можеме да се справиме само со заедничка работа.“

 

Комесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, изјави: „Горда сум што денес ја потпишувам оваа спогодба за статус, затоа што со неа ќе се зајакне нашата соработка во доменот на миграцијата и граничното управување. Фронтекс ќе може да ги распореди своите служби за да работат рамо до рамо со граничните стражи од Северна Македонија, спречувајќи прекуграничен криминал; особено криумчарење на луѓе, обезбедувајќи сигурност за граѓаните на Северна Македонија и Европската Унија.“

 

Зајакнувањето на оперативната соработка помеѓу партнерите од Западен Балкан и Фронтекс ќе придонесе за справување со нелегалната миграција и ќе ја подобри безбедноста на надворешните граници на ЕУ. Во рамки на тековните спогодби за статус, Фронтекс веќе распоредува 300 офицери во регионот; вклучително преку заеднички операции на надворешните граници на Унијата со Албанија, Црна Гора и Србија. За обезбедување на имплементација на спогодбата за статус, директно ќе биде договорен операциски план помеѓу Фронтекс и државните авторитети на Северна Македонија. Овој план ќе му овозможи на Фронтекс да ја придружува Северна Македонија во граничното управување, со спроведување заеднички операции и распоредување персонал, како на границата со ЕУ, така и на границите со соседните партнери од Западен Балкан. На овој начин, ќе се овозможи помош за справување со растечката нелегална миграција и прекуграничниот криминал.