Skip to main content

Автор: WeBalkans

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, заменик-претседателката Павлова ветува поддршка на Европската инвестициска банка за енергетската криза

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа во Тирана, Албанија, заменик-претседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова, вети поддршка за регионот за справување со итните краткорочни потреби кои се јавуваат поради руската војна во Украина. Оваа поддршка ќе дојде од  „EIB Global“, орган на Европската инвестициска банка фокусиран на операции надвор од ЕУ, во форма на нови проекти за финансирање во регионот, со цел распоредување чиста енергија, проширување на мрежите за електрична енергија и инфраструктура за складирање; како и помош за применување мерки на ефикасност во приватниот сектор. Таа потврди дека Европската инвестициска банка е целосно усогласена со пакетот за енергетска поддршка, во вредност од 1 милијарда евра, најавен од Европската комисија, и планира да игра клучна улога во неговата имплементација.  
Покрај поддршка во енергетскиот домен, банката на ЕУ ќе ја зголеми својата сеопфатна палета од позајмувачки, мешовити и советодавни услуги, распоредувајќи повеќе експерти на терен, со цел обезбедување поддршка за поврзување, зелена и дигитална транзиција, образование и здравствена грижа. Еден од приоритетите на банката ќе биде и промоција на раст, дигитализација и декарбонизација на приватниот сектор. Како дел од ова, Европскиот инвестициски фонд, подружница на групацијата „ EIB Group“, го основа Инструментот за развој и иновации на компании во Западен Балкан, Гаранција 4 за отпорност на мали и средни претпријатија, кој има за цел да одговори на економските тешкотии преку зголемување на пристапот за финансирање за околу 4000 мали и средни претпријатија во регионот.

ЕУ ќе обезбеди поддршка од дополнителни 10 милиони евра за вооружените сили на БиХ

Советот на ЕУ усвои нова мерка за помош, во вредност од 10 милиони евра, со која ќе ги поддржи вооружените сили на БиХ. Оваа одлука е дел од работата на ЕУ за понатамошно зајакнување на нејзиниот безбедносен ангажман со партнерите од Западен Балкан и се темели на претходна поддршка за вооружените сили на БиХ; особено преку претходната мерка за помош, објавена во ноември 2021 година, во вредност од 10 милиони евра, за баталјонот за деминирање на вооружените сили на БиХ; мерка за помош, вредна 6 милиони евра, објавена во јули 2022 година, во полза на Балканската медицинска оперативна група („Balkan Medical Task Force“) и постојана поддршка за „EUFOR Althea“ за вооружените сили на БиХ, вклучително и преку обуки.  
Новата мерка за помош ќе финансира теренска опрема, клучни алатки за воено инженерство и материјал за заштита од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани. Оваа помош беше побарана од министерот за надворешни работи на БиХ во јуни 2022 година. Преку снабдувањето соодветна опрема, оваа мерка за помош ќе ги зајакне капацитетите на бригадата за тактичка поддршка на вооружените сили на БиХ во целост.  
Новата мерка за помош беше усвоена во рамки на Европскиот инструмент за мир. Овој инструмент беше основан во март 2021 година како алатка за проширување на способноста на ЕУ за овозможување безбедност за своите граѓани и партнери. Инструментот ѝ овозможува на ЕУ да обезбеди опрема и инфраструктура за вооружените сили на своите партнери, во согласност со меѓународните човекови права и меѓународното хуманитарно право. Новата мерка за помош беше усвоена како одговор на барањето од страна на министерството за надворешни работи на БиХ во 2022 година.

Регионалната програма за домување го прославува доделувањето на 10000 домови во Западен Балкан

Регионалната програма за домување одбележа значаен момент на 30. ноември; се работи за доделувањето на 10000-тиот дом за најранливите бегалци и раселени лица во регионот на Западен Балкан. Оваа прилика беше одбележана за време на церемонијата за доделување на клучевите од 40 ново изградени станови за семејства на бегалци во Вршац, Србија. Севкупно, Регионалната програма за домување цели кон доставување 11400 домови, до средината на 2023 година, ширум партнерските држави на програмата – БиХ, Хрватска, Црна Гора и Србија.

 

Покрај корисниците, на церемонијата за доделување на клучеви присуствуваа и Наташа Станисављевиќ, комесарка за бегалци и миграција на Република Србија; Холгер Шројдер, шеф на единица при Регионалната програма Западен Балкан и Економскиот инвестициски план на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, како и други државни и меѓународни претставници.

 

Во име на ЕУ, главниот донатор на Регионалната програма за домување, г. Холгер Шројдер им честита на семејствата за нивните нови домови, осврнувајќи се на важноста на Регионалната програма за домување, како за регионот, така и за ЕУ. „Регионалната програма за домување ја симболизира солидарноста на ЕУ кон ранливите семејства кои ги напуштија своите животи,“ изјави тој.

 

Посетата на Вршац, од страна на чинителите на Регионалната програма за домување, беше проследена со состанок на Собранието донатори на програмата, истото утро; на кој му претходеше состанок на Управниот комитет на програмата во Република Србија, со кој претседаваше ЕУ, во ко-претседателство со Швајцарија, уште еден клучен донатор на програмата.

„MADE OF US“: неверојатна авантура започнува, на пролет, во 2023 година

WeBalkans“ со гордост го отвора повикот за апликации за млади влогери од Западен Балкан кои сакаат да станат дел од патувањето „Made of Us“ низ Западен Балкан. Оваа авантура ќе се случи на пролет, во 2023 година. Ги покануваме сите талентирани влогери од Западен Балкан, на возраст помеѓу 21 и 30 години, да се пријават преку Интернет страницата WeBalkans.eu.

 

Избраните влогери ќе посетат проекти, поддржани од ЕУ, и ќе запознаат интересни и инспиративни личности; прикажувајќи ги, притоа, природните пејзажи, неверојатните знаменитости и уникатното културно наследство кое Западен Балкан може да го понуди. Избраните патници ќе ги снимат искуствата со своја опрема и ќе ги претворат во високо квалитетни содржини за социјалните медиуми и Интернет; во форма на слики и видеа, кои ќе бидат споделени преку нивните канали и каналите на WeBalkans.

 

Патувањето ќе биде уште повозбудливо, бидејќи шесте победници не ќе патуваат сами. На почетокот на 2023 година, ќе им се придружат шест млади креатори од ЕУ со кои ќе патуваат заедно и ќе соработуваат при креирањето содржини. Шесте патнички пара од Западен Балкан ќе имаат прилика да ги истражат најубавите делови од Западен Балкан; раскажувајќи му за нив, со свои зборови, на остатокот од светот во периодот помеѓу април и мај 2023 година.

 

Ги покануваме сите заинтересирани да ја посетат нашата Интернет страница webalkans.eu за повеќе информации во врска со процесот на селекција; вклучително и условите за учество. Фазата на пријавување започнува на 7. декември и ќе биде отворена до 7. јануари 2023 година. „Made of Us” е третата регионална кампања за сензибилизација, реализирана од WeBalkans, како проект финансиран од ЕУ.

Самитот ЕУ – Западен Балкан, во Тирана, ја реафирмира перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и стратешкото партнерство на ЕУ со регионот

Денес, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен; претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел; високиот претставник/потпретседател, Јозеп Борел; комесарот Оливер Вархелеј; како и шефови на држави или влади од земјите членки на ЕУ и партнери од Западен Балкан, присуствуваа на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана. Организирањето на самитот, за првпат во регионот, е јасен знак за силната заложба на ЕУ за Западен Балкан и патот кон ЕУ.

 

Лидерите од ЕУ ја реафирмираа целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Повикаа, исто така, и на забрзување на пристапниот процес, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозна условеност и принцип на сопствени заслуги.

 

Руската ескалирачка воена агресија против Украина претставува ризик за мирот и безбедноста во Европа и светот, нагласувајќи ја важноста на стратешкото партнерство помеѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан.

 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави: „Овој самит, кој за првпат се одржува во земја од Западен Балкан, дава јасна порака за нашето залагање, единство и силно партнерство. ЕУ е повеќе од кога било посветена за заедничка иднина со нашите партнери од Западен Балкан во ЕУ. Ја користиме секоја можност за доближување на нашите региони и луѓе; и тоа од заедничко соочување со енергетската криза, па сè до создавање повеќе прилики за нашите граѓани и бизниси; вклучително и преку намалување на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување.“

 

Дополнително, самитот овозможи и прилика за преглед на напредокот на имплементацијата на Економскиот и инвестициски план, вреден околу 30 милијарди евра, фокусиран на водечки проекти во доменот на зелена и дигитална транзиција, одржлив транспорт, чиста енергија, поддршка за приватниот сектор и развој на човечки капитал, со цел премостување на социоекономскиот јаз помеѓу Западен Балкан и ЕУ. Досега, ЕУ усвои 40 водечки проекти за транспорт, поврзаност, енергетска транзиција, зелена агенда, дигитална транзиција и развој на човечки капитал, со 1,8 милијарди евра поддршка од ЕУ и целосна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра.

 

Тука се вбројуваат 12 инвестициски проекти, усвоени на 5. декември, од кои беа забрзани 6 проекти во енергетскиот сектор; благодарение на пакетот поддршка, од 1 милијарда евра, составен од два столба:

 
  • 500 милиони евра непосредна поддршка за сите партнери од Западен Балкан со цел ублажување на растот на цените на енергијата за бизниси и ранливи домаќинства; средствата се одобрени и ќе бидат подготвени за исплата на почетокот на 2023 година.
  • 500 милиони евра краткорочна и среднорочна поддршка преку Инвестициската рамка Западен Балкан за унапредување на енергетската транзиција и енергетската безбедност. Пакетот опфаќа надополнување на Програмата за регионална енергетска ефикасност за енергетско-ефикасно реновирање на приватните и државни згради, шест нови инвестициски грантови за обновливи извори на енергија, три грантови шеми за енергетска транзиција на приватниот сектор и серија гаранции за поддршка на обновлива енергија и енергетска ефикасност. Во соработка со меѓународни финансиски институции, се очекува да се мобилизираат околу 2,5 милијарди евра во целосни инвестиции.
 

Лидерите беа, исто така, присутни и на потпишувањето на спогодба помеѓу претставници од телекомуникациските оператори од ЕУ и Западен Балкан за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг помеѓу регионот и ЕУ, со почеток во октомври 2023 година. Европската комисија и Советот за регионална соработка ги фацилитираа преговорите за договорот, а одлуките за понатамошни намалување се очекуваат во мај 2023 година.

 

Најнакрај, самитот беше можност за дискусии за продлабочување на соработката помеѓу ЕУ и регионот за управување со миграции, кибер безбедност, образование и млади. Неодамна, Комисијата одобри фонд од 70 милиони евра за подобрување на капацитетите за гранично управување и зајакнување на борбата против криумчарење на мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан. ЕУ ја зголемува помошта и соработката со Западен Балкан за зајакнување на кибер отпорноста по серија кибер напади во регионот; вклучително преку нова програма, вредна 5 милиони евра, за целиот регион, со почеток во раната 2023-та. Универзитетите од Западен Балкан ќе бидат, исто така, вклучени во програмата ЕРАЗМУС+, на исто рамниште како и земјите-членки на Унијата, со цел создавање подобри можности за младите.

Значајно намалување на цените за роаминг на податоци помеѓу Западен Балкан и ЕУ со почеток на 1. октомври 2023

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа денес, телекомуникациските оператори од ЕУ и Западен Балкан потпишаа Спогодба за роаминг, овозможувајќи намалување на трошоците за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан, со почеток на 1. октомври 2023 година.

 

Оливер Вархелеј, комесар за соседство и проширување, изјави:

 

„Ја поздравувам спогодбата потпишана, денес, од страна на телекомуникациските оператори од ЕУ и Западен Балкан, како и нивното посветување за започнување на првите намалувања во октомври 2023.

 

Дигиталната транзиција за ЕУ и нејзините партнери е на чело на нашата Агенда за поврзување. Достапните телекомуникациски услуги се клучен дел од оваа транзиција. Со намалување на трошоците за роаминг помеѓу ЕУ и регионот, ги доближуваме луѓето и бизнисите. Нашата цел е кога нè посетувате или кога ве посетуваме, сите да се чуваме како дома. Ова е вистинската интеграција на Западен Балкан за која што сите треба да работиме.“

 

Ова е почеток на процесот кој има за цел постигнување значително намалување на трошоците за роаминг на податоци, со почеток на 1. октомври 2023, кој треба да резултира со понатамошни намалувања на цените и нивно доведување на ниво на домашните цени. Секој телекомуникациски оператор, од Западен Балкан и ЕУ, потписник на спогодбата, ќе земе предвид воведување малопродажни ценовни планови и опции, со пониски цени за своите корисници на роаминг во другите мобилни мрежи со значително намалување на цените, почнувајќи од 1. октомври 2023.

 

Важно е креаторите на политики во Западен Балкан да ја забрзаат имплементацијата на реформските политики во телекомуникацискиот сектор, кои се во согласност со заклучоците од Дигиталниот самит Западен Балкан 2022; со цел создавање Заеднички регионален пазар за Западен Балкан и погодна деловна средина. Економиите од Западен Балкан треба да ги имплементираат овие реформски политики не подоцна од крајот на 2023 година.

 

Целта на подвигот за градење успех на режимите „Роаминг како дома“, во ЕУ и Западен Балкан, е поддршка за мобилноста и поедноставување на поврзаноста на граѓаните и бизнисите од ЕУ и Западен Балкан.

 

Придонесите се многубројни. Намалување на трошоците за роаминг за граѓаните во сите држави од Западен Балкан и ЕУ при патување во регионот и ЕУ, како и пониски деловни оперативни трошоци и охрабрување за водење бизнис надвор од своите граници. Иницијативата е извонредна, особено затоа што се спроведува на доброволна основа помеѓу телекомуникациските оператори.

 

Оваа спогодба е резултат на силниот ангажман на телекомуникациските оператори од ЕУ и Западен Балкан, како и поддршката од Европската комисија, Советот за регионална соработка и регионалните авторитети; од стапувањето на сила на Договорот за регионален роаминг во Западен Балкан. Останатите телекомуникациски оператори, како од ЕУ, така и од Западен Балкан, се поканети да се придружат на иницијативата.

Новата европска награда „Баухаус“: можност за Западен Балкан и Турција

Почнувајќи од денес, Комисијата ги отвори апликациите за новата европска награда „Баухаус 2023“. По претходните две успешни изданија, кои добија над 3000 пријавени од сите земји-членки на ЕУ, натпреварот во 2023 година ќе награди 15 примерни иницијативи кои поврзуваат одржливост, естетика и инклузија – три клучни вредности на новата европска награда „Баухаус“.

 

Во контекст на Европската година на вештините, годинешното издание ќе биде со фокус на образование и учење. За првпат, добредојдени се апликации за проекти и концепти во Западен Балкан. Како и лани, ќе има посебни награди за луѓе под 30 години. Повикот е отворен до 31. јануари, 2023 година, 19.00 часот (средноевропско време).

 

Наградите за 2023 година ќе бидат доделени на проекти и концепти развиени од млади таленти и тоа во четири категории:

 
  • повторно поврзување со природата;
  • повторно стекнување на чувство на припаѓање;
  • давање приоритет на луѓе и места на кои им е најпотребно;
  • потреба за долгорочно размислување за животниот циклус во индустрискиот екосистем.
 

Во секоја категорија, пријавените можат да изберат помеѓу три паралелни фокуси на натпреварување:

 

– Фокус А: „Нови европски баухаус шампиони“, посветен на постоечки и завршени проекти со јасни и позитивни резултати.

– Фокус Б: „Нови европски баухаус растечки ѕвезди“, посветен на концепти, доставени од млади таленти на возраст од 30 години или помалку. Концептите можат да бидат во различен стадиум на развој; од идеи со јасен план, па сè до прототипи.

– Фокус Ц: „Нови европски баухаус образовни шампиони“, посветен на иницијативи кои се фокусираат на образование и учење. Право на пријавување имаат завршени проекти или иницијативи со минимално ниво на „зрелост“.

 

Наградите од изданието 2023 ќе бидат доделени на 15 победници кои ќе добијат парична награда, до 30000 евра, како и комуникациски пакет кој ќе им помогне да ги доразвијат и промовираат своите проекти и концепти.

Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана ја потврдува стратешката врска на ЕУ со пристапните партнери

Во четврток, 6. декември, лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе одржат самит во Тирана, чиј домаќин ќе биде премиерот на Албанија, Еди Рама, а со кој ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Европската комисија ќе ја претставува нејзиниот претседател, Урсула фон дер Лајен; високиот претставник/потпретседателот за надворешни работи и безбедносна политика, Јозеп Борел и комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархелеј.  
За првпат, самитот се одржува во Западен Балкан; како јасен знак за посветувањето на ЕУ кон стратешко партнерство со регионот и неговите перспективи за членство во ЕУ. Дискусиите ќе се фокусираат на заедничко третирање на последиците од руската воена агресија против Украина; особено во енергетскиот сектор. Комисијата ќе известува за имплементација на Економскиот и инвестициски план, во вредност од скоро 30 милијарди евра, чија цел е поттикнување на долгорочно закрепнување на регионот. Дополнително, Комисијата ќе информира за Пакетот за енергетска поддршка, од околу 1 милијарда евра, за целиот регион на Западен Балкан; претставен од претседателката фон дер Лајен, во ноември; наменет за помош на ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија и ублажување на високите цени на енергија, како и унапредување на клучни инфраструктурни инвестиции за диверзификација на снабдувањето со енергија, зголемување на обновливото производство и енергетската ефикасност.  
Пред самитот, лидерите ќе бидат присутни на потпишување на спогодба помеѓу претставниците на телекомуникациските оператори од Западен Балкан и ЕУ за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг, започнувајќи од октомври 2023, помеѓу регионот и ЕУ.

Миграциски рути: Комисијата предлага Акционен план за соработка со Западен Балкан за справување со заедничките предизвици

Пред Самитот на ЕУ – Западен Балкан, на 6. декември 2022 година, и Советот за правда и внатрешни работи, на 8. декември; Комисијата го претставува Акциониот план на ЕУ за Западен Балкан. Акциониот план следува по Вонредниот совет за правда и внатрешни работи, на 25. ноември, на којшто министрите се заложија за имплементирање на Акциониот план на ЕУ за регионот на Централен Медитеран; предложен од страна на Комисијата на 21. ноември.

 

Акциониот план за Западен Балкан идентификува 20 оперативни мерки, структурирани во 5 столба: (1) зајакнување на граничното управување ширум патиштата; (2) брзи процедури за азил и поддршка на капацитетите за прием; (3) борба против криумчарење на мигранти; (4) зајакнување на соработката за реадмисија и враќање; како и (5) усогласување на визната политика. Овие мерки се фокусираат на поддршка на акции од партнерите на Западен Балкан, како и на акции во ЕУ. Имаат за цел да ја зацврстат соработката за миграција и гранично управување со партнерите на Западен Балкан; во насока на нивниот единствен статус со перспективата за прием во ЕУ; како и нивниот континуиран напор за усогласување со правилата на ЕУ.

Обука за медиумска писменост во „Europe House“ Подгорица

Како дел од своите постојани активности, „Europe House“ Подгорица организираше обука за медиумска писменост, за граѓани над 30 години, во соработка со Институтот за медиуми на Црна Гора. Главните учесници беа наставници од средните училишта „Цетиње“ и „Саво Пејановиќ“ и основното училиште од Подгорица. Во текот на четири часа, учесниците имаа прилика да ја подобрат својата медиумска писменост и да ја сфатат нејзината важност, особено кога ситуацијата на медиумскиот пазар е предизвикувачка.

 

Обучувачите ги споделија главните принципи на функционирање на медиумите, како и техники за подобро анализирање на содржините. На обуката се презентираа и форми на манипулација како лажни новости, пропаганда или притаено рекламирање; со цел учесниците да научат како да ги разликуваат од професионалните новинарски содржини.