Skip to main content

Автор: WeBalkans

Потпишување работни договори за заштитни мерки од поплава во Република Српска, БиХ

На 7. февруари 2023 година, на церемонија во јавната компанија „Vode Srpska“ во Бања Лука, беа потпишани шест работни договори, поддржани од грантови за техничка помош на ЕУ, за спроведување заштитни мерки од поплава во десет општини во Република Српска, БиХ. На настанот присуствуваа претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Српска; Европската инвестициска банка (ЕИБ), Делегацијата на ЕУ во БиХ, Инвестициската рамка Западен Балкан и други чинители и медиуми.

 

ЕУ, преку Инвестициската рамка Западен Балкан, обезбеди околу 13,5 милиони евра во форма на грантови за активности поврзани со управување со ризик од поплави во БиХ. Проектот „Управување со ризик од поплави во Република Српска“, со целосна инвестициска вредност од 104 милиони евра, се имплементира со спомнатите грантови од ЕУ, заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), во вредност од 74 милиони евра; и кориснички придонес од 4 милиони евра. Дополнителни 16 милиони евра, во форма на грантови, се обезбедени преку „IBRD/IDA“, „GEF/UNDP“ и фондовите ИПА 2014.

 

Имплементирањето на овие инвестиции за заштита од поплави ќе ги зголеми перформансите и сигурноста на системот за заштита од поплави во Република Српска и ќе го намали целосниот ризик од поплави и поврзани штети. Овој проект ќе има позитивно влијание врз економијата, општеството, животната средина, јавното здравје и директно ќе го подобри квалитетот на живот во 30 општини со приближно 700000 жители во Република Српска. Исто така, ќе придонесе за транспонирање и имплементација на достигнување на правото на ЕУ, особено на Директивата за поплави, која изискува кохерентен прекуграничен пристап.

Повикот ЕРАЗМУС+ 2023 за европски универзитети привлекува 65 предлози, вклучувајќи 500 институции ширум Европа

Иницијативата „Европски универзитети“ ги поддржува институциите на високото образование за постигнување поголем квалитет, подобри резултати, поголема привлечност и меѓународна конкурентност. Оваа иницијатива промовира заеднички европски вредности и зајакнат европски идентитет. Сето ова се постигнува преку поставување иновативни и различни модели за долготрајна институционализирана соработка помеѓу институциите за високо образование ширум Европа. Иницијативата е имплементирана во рамки на ЕРАЗМУС+; преку серија повици за предлози.

 

Повикот за 2023 година привлече вкупно 65 предлози поврзани со две теми: „Зајакнување на претходна длабока институционална транснационална соработка“ и „Развој на нова длабока институционална транснационална соработка“. Повикот обедини околу 500 високообразовни институции како постојани партнери.

 

Севкупно, повикот покрива 26 држави-членки на ЕУ, пет дополнителни држави поврзани со програмата ЕРАЗМУС+ и четири држави од Западен Балкан.

Енергетска поддршка на ЕУ, вредна 165 милиони евра, за помош на најранливите домаќинства и малите и средни претпријатија во Србија

Амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле Џауфрет, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваа на потпишувањето на буџет, во висина од 165 милиони евра, за поддршка за справување со енергетската криза во Србија. Со помош од ЕУ, најавена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во октомври 2022 година, ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија во Србија ќе плаќаат помалку за енергија.  
Договорот беше потпишан од министерката за европска интеграција, Тања Мишчевиќ, и заменик директорот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Пламена Халачева. На настанот присуствуваа министерот за финансии, Синиша Мали; министерката за рударство и енергија, Дубравка Џедовиќ и генералниот директор на „Elektromreža Srbije“, Јелена Матејиќ. Оваа непосредна поддршка е првата транша од амбициозниот Пакет за енергетска поддршка на ЕУ, вреден 1 милијарда евра, кој има за цел да им помогне на државите во Западен Балкан да се справат со тековната енергетска криза и да промовираат чиста енергетска транзиција.  
Првата транша помош, во вредност од 500 милиони евра, за шесте партнерски држави од Западен Балкан, ќе овозможи директни средства за економиите од регионот преку мерки за поддржување на буџет; и тоа: за балансирање на растот на цените на енергија за бизнисите и енергетскиот сектор; за одржување прифатливи цени на енергија, особено за ранливите домаќинства; и за поддршка на политички мерки за забрзување на зелената енергетска транзиција.  
Втората половина од пакетот, во висина од дополнителни 500 милиони евра, ќе покрие водечки приоритетни инвестиции за диверзификација на снабдувањето со енергија, поттикнување обновлива енергија и подобрување на енергетската ефикасност. Исто така, ќе се промовира и чиста енергетска транзиција во регионот и ќе се намали зависност од фосилни горива од Русија. 

TEDxYouth@MarijinDvor, Сараево, Босна и Херцеговина

TEDxYouth@MarijinDvor е најголемиот TEDxYouth настан во Западен Балкан. Овојпат, настанот беше организиран од младите европски амбасадори, Хаџера Селимовиќ и Ена Порка и привлече девет излагачи од Западен Балкан и ЕУ. Официјалниот наслов на годинешното издание е „Повторно замислување на иднината“.

 

Петнаесет млади европски амбасадори учествуваа во годинешниот настан; а шестмина останати придонесоа во организацискиот дел. Младата европска амбасадорка од Црна Гора, Ивана Сречковиќ, беше една од излагачите на настанот. Во својот говор, насловен „Жени во бизнис: Дали е машки свет?“, зборуваше за родова еднаквост во бизнисот. Покрај говорот на Ивана, два дополнителни говори беа споделени од младите европски амбасадори Анастасија Ѓорѓа Босанчиќ, од БиХ, и Фатбард Кабаши од Косово.

 

Темите на останатите излагачи беа поврзани со животна средина, музика, свест за ментално здравје, истражување и слично.

 

Во духот на идеи кои вредат да се споделуваат, TEDx е програма за локални и самоорганизирани настани кои спојуваат луѓе за споделување TED искуства. На TEDx настан, се комбинираат излагачи на TED говори во живо, и преку видео, кои имаат цел да иницираат длабоки дискусии и поврзување во мала група. Овие локални и самоорганизирани настани го носат брендот TEDx; во којшто „х“ означува „самостојно организиран TED настан“. Конференцијата TED обезбедува општи насоки за програмата TEDx, но индивидуалните TEDx настани се самоорганизирани (и подлежат на посебни правила и регулации).

Иницијативата „ЕУ за училиштата“ ја враќа надежта во Албанија

Програма, финансирана од ЕУ, помага да се возобноват училиштата оштетени во земјотресот од 2019 година.

Утрото на 26. ноември, 2019 година, Албанија се разбуди во страв поради земјотресот со јачина од 6,4 според Рихтеровата скала. 51 лице го изгуби животот, а над илјада последователни потреси дополнително ги оштетија домовите, образовните институции, како и државните и приватните згради. Земјотресот ги парализира градовите, а заедниците останаа безнадежни. Ситуацијата сериозно се одрази на образовните установи на начин што илјадници деца беа трауматизирани и несигурни за своето понатамошно образование.

Но, се појави зрак надеж. На 17. февруари, 2020 година, ЕУ ја организираше меѓународната донаторска конференција „Заедно за Албанија“ во Брисел, имајќи за цел да го поддржи возобновувањето по земјотресот. ЕУ, Владата на Албанија, ОН и Светската банка спроведоа пост-земјотресна проценка на потребите која послужи како водечка алатка за конференцијата и како основа за напорите за возобнова и поправки. Европската комисија оддели 115 милиони евра од буџетот на ЕУ за итна реконструкција и поправка на клучните згради.

„Побарувачката за поддршка беше висока, бидејќи училиштата и градинките беа уништени; оставајќи ги учениците и децата без соодветни образовни капацитети. Некои од овие образовни институции веќе беа во лоша состојба, а земјотресот само ја влоши ситуацијата.“

Иницијативата „ЕУ за училиштата“ (#EU4Schools), вредна 75 милиони евра, започна набргу потоа; носејќи им надеж на учениците и наставниците во единаесетте најпогодени општини. Нора Кушти е специјалист за комуникации при Програмата за развој на ОН во Албанија и раскажува: „Побарувачката за поддршка беше висока, бидејќи училиштата и градинките беа уништени; оставајќи ги учениците и децата без соодветни образовни капацитети. Некои од овие образовни институции веќе беа во лоша состојба, а земјотресот само ја влоши ситуацијата.“

Во текот на процесот на реконструкција, Програмата за развој на ОН комбинираше два клучни принципа: „Возобнови подобро“ (#BuildBackBetter) и „Возобнови заедно“ (#BuildBackTogether). „Возобнови подобро“ подразбира создавање поцврсти структури кои се отпорни на земјотреси и природни катастрофи и ги исполнуваат највисоките меѓународни стандарди за квалитет и безбедност. Сите 63 образовни институции, кои пречекуваат 24000 ученици и наставници, ќе бидат достапни за ученици со инвалидитет и ќе имаат посебни простории за медицинска грижа и психолошка поддршка.

Во меѓувреме, „Возобнови заедно“ понуди уникатна можност за ангажирање на корисниците при реконструкцијата на нивните образовни институции со цел новиот дизајн да ги задоволи нивните потреби. Имаше 58 консултациски состаноци и други 16 настани организирани досега кои обединија околу 1900 ученици, родители, претставници на локалните власти и локални институции со цел промовирање на сопственоста и стабилноста на инвестицијата.

„Новите училишта се фантастични и можат да се пофалат со ултрамодерни капацитети; вклучително спортски сали, најсовремени библиотеки, модерни лаборатории, енергетски ефикасни системи за греење и ладење и целосен пристап за деца со инвалидитет; вклучително и лифтови и излези за итен случај: овие училишта се навистина по врвни стандарди.“

За проектот

„ЕУ за училиштата“ е програма, финансирана од ЕУ како одговор на земјотресот од 26. ноември 2019 година. Програмата е имплементирана од Програмата за развој на ОН, во соработка со Владата на Албанија. Целта на програмата е да ги поддржи граѓаните во единаесетте погодени општини: Драч, Камза, Каваја, Круја, Курбин, Лежа, Мирдита, Рогожина, Шијак, Тирана и Вора. Програмата е дел од финансиската посветеност на ЕУ за време на Меѓународната конференција на донатори, организирана во Брисел на 17. февруари 2020 година. Севкупната цел на оваа иницијатива е обезбедување дополнителна поддршка за локалните и државни владини органи за намалување на општествените и економски загуби и за забрзување на процесот на закрепнување преку реконструкција и поправки на образовните капацитети.

Досега, 38 училишта се целосно завршени, па околу 10000 ученици учат во модерни капацитети како нивните врсници во која и да било друга држава во ЕУ. „Новите училишта се фантастични и можат да се пофалат со ултрамодерни капацитети; вклучително спортски сали, најсовремени библиотеки, модерни лаборатории, енергетски ефикасни системи за греење и ладење и целосен пристап за деца со инвалидитет; вклучително и лифтови и излези за итен случај: овие училишта се навистина по врвни стандарди,“ вели Нора.

Порталот за транспарентност е уникатен аспект на овој проект кој нуди ажурирање во реално време за напредокот на реконструкциите и ја зајакнува посветеноста на иницијативата „ЕУ за училиштата“ за отворени податоци и транспарентност. Порталот обезбедува отворен и сеопфатен пристап до процесот на реконструкција, поттикнувајќи ја довербата помеѓу корисниците и јавноста.

Проектот ја спроведе и кампањата „Го сакам моето училиште“. Преку оваа кампања, децата се собираат за да дискутираат на теми поврзани со нивните училишта; вклучително и родова еднаквост, заштита на животната средина, климатска акција и пристапниот пат на Албанија кон ЕУ. Јасно е дека проектот донесе чувство на надеж во заедницата, а новите и шарени училишта овозможуваат видлива инвестиција во образованието. Како што Нора вели, ова е „долгорочна инвестиција во општествен и човечки капитал, од страна на ЕУ, која ќе вроди со огромни придобивки.“

Отворен повик за апликации за Наградата на ЕУ за интеграција на Ромите 2023 во Западен Балкан и Турција

Повикот за апликации за петтото издание на Наградата на ЕУ за интеграција на Ромите 2023 во Западен Балкан и Турција е отворен до 15. март 2023 година. Овогодинешното издание на наградата е посветено на инклузија на Ромите во рамки на дигиталната агенда и зелената економија кои претставуваат нови можности за подобрување на положбата на ранливите мажи и жени Роми во регионот во иднина.

Наградата на ЕУ за интеграција на Ромите 2023 ќе промовира приватни или државни иницијативи од различните релевантни ромски и неромски чинители – државни институции, приватни компании и бизниси, работодавци, наставници и организации на граѓанското општество, за зајакнување на улогата на Ромите за имплементирање и исползување на можностите од зелената економија и дигиталната агенда.

 

Интеграцијата на Ромите продолжува да биде клучен приоритет во процесот на проширување на ЕУ и Европската комисија посветено ја поддржува и оддава признание на работата на ромските и неромските државни институции, приватни компании, бизниси (вклучително и, но не лимитирани на, работодавци и индивидуи како наставници или здравствени чинители) и организации на граѓанското општество кои помогнале и постигнале значаен напредок, конкретни одржливи резултати и позитивни промени.

 

Наградата за 2023 година ја потврдува посветеноста на ЕУ за поддршка и оддавање признание на делата за интеграција на Ромите. Исто така, родовата еднаквост и зајакнувањето на жените Ромки во сферата не вработувањето е значајна димензија.

 

Наградата на ЕУ за интеграција на Ромите има за цел поттикнување на политичката посветеност и поддршката за инклузија на Ромите во Западен Балкан и Турција. Овогодинешната награда акцентот го става на зелената економија и дигиталната агенда и, притоа, се работи за петтото издание на наградата. Првото издание на наградата оддаде признание на важната улога која ја играат организациите на граѓанското општество кои делуваат во доменот на интеграција на Ромите. Второто издание промовираше инклузија, интеграција и зајакнување на ромската младина. Третото издание беше посветено на „Непознатите херои“ – жени Ромки кои преку својата работа и посветеност помогнале за подобрување на општествената интеграција на Ромите и донеле позитивна промена во своите заедници.

 

Четвртото издание беше посветено на исклучителните луѓе кои промовираат еднаквост преку вработување.

 

Наградата е финансирана од ЕУ, а имплементирана преку „Roma Active Albania“.

 

Апликациите треба да се испратат до 15. март 2023 година.

Косово: Тим Европа – поддршката на „EIB Global“ за модернизација на железничката мрежа достигнува 80 милиони евра

„EIB Global“, филијала на Европската инвестициска банка, посветена на активности надвор од ЕУ, потпиша договор, вреден 38 милиони евра, за рехабилитација на железничката рута 10, во должина од 148 километри, во Косово. Обновата на рутата и железничките станици на косовската меѓународна железничка мрежа ќе помогне за зголемување на брзината на патување и ќе го подобри патничкиот и товарниот капацитет. Овие подобрувања ќе доведат до премин на патниот транспорт кон железнички и ќе придонесат за поодржлива еколошка мобилност во регионот.

 

Како дел од клучната железничка мрежа во Западен Балкан и продолжение на трансевропската транспортна мрежа, косовската железничка рута 10 ќе ја подобри регионалната поврзаност и интеграција во рамки на Ориент/Источно-медитеранскиот коридор. Заемот од Европската инвестициска банка доаѓа како надополнување на грантовите за инвестиции и техничка помош преку Инвестициската рамка за Западен Балкан; заедно со заем од Европската банка за реконструкција и развој. Се работи за втората транша заеми од Европската инвестициска банка за овој железнички проект, достигнувајќи целосна вредност од 80 милиони евра за модернизација на косовските железнички патишта.

 

Во текот на изминатите десет години, Европската инвестициска банка го поддржа глобалниот железнички сектор обезбедувајќи преку 39 милијарди евра во инвестиции, овозможувајќи помош за изградба на приближно 2000 километри железнички пруги и 304 станици. Во Западен Балкан, „EIB Global“ е водечки финансиер за стратешки железнички патишта, кој овозможува техничка и советодавна поддршка за подготовка, планирање и имплементација на проекти за модернизација и надоградба на железничката мрежа. До денес, Европската инвестициска банка инвестирала преку 1,2 милијарда евра во железничкиот сектор ширум Западен Балкан, поддржувајќи регионална соработка и поврзаност.

Во Црна Гора се чувствува зуењето на пчелите

Проект, финансиран од ЕУ, го поддржува здружението пчелари од Колашин да привлече повеќе млади во пчеларскиот бизнис.

Семејството Перишиќ од Колашин, мал град во североистокот на Црна Гора, лани купило неколку колонии пчели и веќе уживаат во квалитетниот мед од нивното производство. Работата за производство на медот ја завршиле илјадници пчели и една дваесетгодишна студентка по економија. Заедно со осум други млади ентузијасти, Милица Перишиќ неодамна започнала пчеларски бизнис благодарение на проектот на здружението пчелари од Колашин кое го промовира пчеларството како хоби меѓу младите. Семејството Перишиќ се интересирало за пчеларството уште од почетокот на пандемијата КОВИД-19 кога се зголеми фокусот на природните производи. Проектот на здружението пчелари дојде во вистински момент, давајќи ѝ на Милица можност и мотивација да зачекори со самодоверба во пчеларството.

„Пред сè, ова е одличен начин за трошење на слободното време: поминувајќи време во природа и набљудувајќи ги овие неверојатни мали инсекти; но, исто така, е и одлична можност за заработка и не планирам да се откажам.“

Милица верува дека пчеларството е сериозна можност за развој иако, засега, е само хоби кое обезбедува мед за семејството и пријателите. „Пред сè, ова е одличен начин за трошење на слободното време: поминувајќи време во природа и набљудувајќи ги овие неверојатни мали инсекти; но, исто така, е и одлична можност за заработка и не планирам да се откажам,“ вели Милица.

Милица признава дека на луѓето им е необично кога гледаат млада жена која се занимава со пчеларство. „Понекогаш се шегуваат кога барам книги или списанија за пчеларство, затоа што на пчеларството гледаат како хоби за постари, пензионирани луѓе; но, на крајот, сите сакаат да дознаат повеќе за моето хоби,“ додава Милица. Поради студиите, минува доста време во Подгорица, но, секогаш кога има прилика, се враќа во Колашин. Вели дека во иднина може да се види себеси како живее во овој град кој го доживувала како задршка за време на средношколските денови.

Здружението пчелари веќе 20 години го промовира пчеларството, а минатата година ја сметаат како најуспешна од овој аспект. Богољуб Булатовиќ е претседател на здружението и објаснува дека до пред пет години, здружението функционирало како традиционална заедница на пчелари, но потоа одлучиле да преземат акција и да се отворат кон повеќе луѓе; со посебен фокус на младите. „Има голема побарувачка за пчелини производи, а тековното производство во Црна Гора не ја задоволува побарувачката на пазарот, па сакавме оваа можност да ја искористиме за да ги зачуваме младите кои се селат во големите градови,“ вели Богољуб.

„Најверојатно ќе бидат повеќебројни, но дури и ако само двајца сериозно се посветат на пчеларството, пејзажот на областа Колашин значајно ќе се измени.“

За проектот

Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 („ReLOaD2“) е продолжение на поддржаните иницијативи од ЕУ – Проект за зајакнување на локалната демократија („LOD“, 2009-2016) и последователно продолжената Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан („ReLOaD“, 2017-2020). Севкупната цел на проектот е зајакнување на учеството на демократиите и интеграција на Западен Балкан во ЕУ преку зајакнување на граѓанското општество и охрабрување на младите да земат активно учество во процесите на носење одлуки; како и подобрување на поттикнувачка правна и финансиска средина за граѓанското општество.

Како дел од нивната нова мисија, здружението започна проект, со помош на ЕУ и Програмата за развој на ОН. Како дел од проектот, здружението ги снабдува пчеларите почетници со пчеларски материјал, современа литература и детална обука за пчеларство. Од почетокот на проектот, членството во здружението се зголемило за 25 %. Богољуб објаснува дека покрај алатките и знаењето со кое се стекнале младите, целата заедница има придобивки од проектот затоа што пчеларството го подобрува приносот на овошје и, на тој начин, целиот земјоделски сектор. „Најверојатно ќе бидат повеќебројни, но дури и ако само двајца сериозно се посветат на пчеларството, пејзажот на областа Колашин значајно ќе се измени,“ вели Богољуб.

Црна Гора е дом на половина од севкупните растителни видови во Европа и поседува огромен потенцијал за пчеларство. „Затоа, на секој кој барем и малку се интересира за природата би му го препорачал овој подвиг,“ вели Богољуб.

Запознајте ги 30-те наградени „суперучилишта“ од Србија

Регионалната канцеларија за младинска соработка – локална експозитура во Србија, во соработка со „Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit“ („ГИЗ“) го организираше воведниот настан „Запознајте ги „суперучилиштата“ од Србија“, на 1. февруари 2023 година. Состанокот обедини 30 наградени средни училишта од Србија, претставени од своите директори и наставници, одговорни за координирање на претстојните регионални размени, кои имаа прилика не само меѓусебно да се запознаат, туку и да бидат дел од еден значаен момент како што е потпишувањето на спогодбите за партнерство.

 

Директорите и професорите кои ќе ги координираат и имплементираат овие младински размени ги презентираа нивните идеи кои ќе бидат дополнително развиени со поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка. Состанокот послужи како простор во чии рамки училиштата учесници ги презентираа своите програми за размена пред неколку значајни локални и меѓународни чинители. Исто така, настанот им помогна да создадат јасна претстава за следните чекори на програмата. Младите кои ги претставуваа 30-те училишта добија можност да го искусат уникатното искуство кое го нуди програмата „суперучилишта“.

 

Имплементацијата на проектите ќе биде поделена на два дела: првиот дел размени ќе се случува од април до јуни, а вториот ќе продолжи од август до октомври 2023 година. Секое училиште-партнер ќе организира една размена со друго училиште-партнер, со траење до 7 дена и со група до 12 ученика и еден или два наставници. Преку оваа шема за размени, учениците и наставниците ќе добијат можност да патуваат, да се претстават себеси и своето училиште, како и нивните обичаи, пред домаќините, а ќе можат и да научат нешто ново за локалните заедници ширум регионот.

Регионален совет за соработка: Отворени номинациите за жените претприемачи од Западен Балкан за 2022 година

Регионалниот совет за соработка со задоволство го отвора процесот за номинации за жени претприемачи од Западен Балкан за 2022 година. Регионалниот совет за соработка ја започна оваа иницијатива лани, во рамки на Акциониот план за заеднички регионален пазар 2021 – 2024 и Агендата за женско економско зајакнување, со цел препознавање на жените кои започнале и развиле свој бизнис и придонеле за нови и одржливи работни места за други жени и мажи во нашиот регион.

 

Со оглед на тоа што помалку од 22 % од претприемачите во Западен Балкан се жени, голема е важноста на промовирањето приказни за успешни жени претприемачи од регионот. Женското економско зајакнување е клучно за градење отпорни напори за зацврстување и позначаен економски раст, бидејќи бројот на жени на пазарот на труд е длабоко поврзан со развојот на регионот.

 

Регионалниот совет за соработка ги поканува поединците, претставниците на државни и приватни институции, организации и сите заинтересирани да ја номинираат својата жена претприемач за годината во една или повеќе од следните шест категории: Еколошка жена претприемач, Креативна жена претприемач, Жена претприемач за патување и гостопримство, Ромка жена претприемач, Стартап жена претприемач, Млада жена претприемач.

 

Процесот на признавање ќе биде отворен до 28. февруари 2023 година, а квалификуваните жени претприемачи треба да ги имаат регистрирано своите бизниси пред февруари 2022 година.