Skip to main content

Автор: WeBalkans

Отворање на изложбата „Да се биде млад во Србија“

Во Силоси, Белград, беше отворена изложба на 20 најдобри фотографии создадени како дел од натпреварот „Да се биде млад во Србија“. Сликите покажуваат како живеат младите во Србија, за што се надеваат и што гледаат во светот околу нив, изјави амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле Џауфрет; потенцирајќи дека преку фотографскиот објектив се прикажани и бројните предизвици во 2022 година.

 

Петочлено жири избра четири победници од преку 1000 слики кои се пријавија на натпреварот организиран од Делегацијата на ЕУ во Србија, „National Geographic Serbia“, „Politikin Zabavnik“ и студентската мрежа ЕРАЗМУС Србија. Ова е една од активностите со кои Делегацијата на ЕУ во Србија се придружи за прослава на „Европската година на младоста 2022“.

Победничката слика доби награда во форма на ваучер од 1000 евра за набавка на електронска опрема, второто место доби ваучер од 500 евра, а третото ваучер од 300 евра. Фотографот кој направи најдобра слика на проект од ЕУ, пак, доби диплома.

Младите европски амбасадори од Србија присуствуваат на забава за прослава на Нова година организирана од ЕУ Инфо центарот во Белград

На 13. јануари, младите европски амбасадори од Србија присуствуваа на забава за прослава на Нова година, организирана од ЕУ Инфо центарот во Белград. Забавата беше прилика за младите европски амбасадори да се запознаат со Емануеле Џауфрет, амбасадор на ЕУ во Србија, и да ја посетат изложбата со наслов „Да се биде млад во Србија“. Забавата беше проследена од церемонија за доделување награди, организирана од Делегацијата на ЕУ во Србија со „National Geographic Serbia“, „Politikin Zabavnik“ и студентската мрежа ЕРАЗМУС Србија.

 

Со овој настан се заврши 2022 година како „Европска година на младите“, отворајќи ја 2023 година, како „Европска година на вештините“.

Додавање место на масата

Како грант од Европската инвестициска банка му помогна на еден црногорски бизнис за мебел да закрепне од КОВИД-19.

Економското влијание на КОВИД-19 имаше суров ефект врз малите бизниси насекаде. Во Црна Гора, финансиската помош од Европската инвестициска банка направи голема разлика. „Беше особено важно за задржување на ликвидноста на економијата и работните места,“ вели Ирена Радовиќ, извршен директор на Фондот за инвестиции и развој од Црна Гора, кој склучи соработка со Европската инвестициска банка со цел поддршка на малите и средни претпријатија. „Беше исто така неопходно и за развој на проекти кои придонесуваат за креирање нова економска вредност и закрепнување на економијата во пост-пандемискиот период.“

„Пандемијата беше тешко време за сите бизниси, вклучително и за нас.“

Еден од бизнисите кој доби поддршка преку овој фонд беше и компанијата за мебел „Doding“. Се работи за компанија која веќе три децении произведува мебел по мерка и прераснала од семеен бизнис во претпријатие со преку 90 вработени. Компанијата започнала со работа во 1998 година со производство на мебел по мерка; користејќи ламинирани материјали, иверица и дрво. Оттогаш, компанијата пораснала и денес работи со големи проекти; како хотели, резиденцијални комплекси и деловни канцеларии. Компанијата вработува експерти од полето на архитектура, дизајн, производство на мебел, продажба, технологија, производство, маркетинг и финансии. Покрај двете производствени фабрики, „Doding“ има два изложбени центри во „City Kvart“, Подгорица и Радановиќи каде што нивните дизајни и производствени капацитети се изложени преку дизајн за ентериер и мебел.

Со компанијата управува архитект Ана Пејовиќ, заедно со својот сопруг – градежен инженер, Бранко. Нивната компанија постојано расте, а кога започнала пандемијата КОВИД-19, планирале дополнително да инвестираат во технологија. Меѓутоа, како што објаснува Ана, падот на приходите, во комбинација со неизвесностите на пандемијата ги спречил во намерата за инвестирање. „Пандемијата беше тешко време за сите бизниси, вклучително и за нас,“ вели Ана.

Но, во тоа време дознале за можноста за поволен заем од Фондот за инвестиции и развој на Црна Гора со поддршка на Европската инвестициска банка; органот за позајмување на ЕУ. Се пријавиле и добиле заем со кој купиле компјутеризирана и технолошки напредна машина за сечење, како и компјутеризирана машина за боење мебел која ја користи најновата технологија.

„Оваа поддршка беше особено значајна, затоа што ни помогна нашиот бизнис да остане на цврсти нозе во тешки времиња.“

За проектот

Црногорските мали бизниси можат и понатаму да сметаат на поддршката на Европската инвестициска банка на нивниот пат кон модерна, дигитална, еколошка и циркуларна економија. Присуството на банката е засилено преку новата експозитура – „EIB Global“. Доказ за ова е договорот, потпишан уште во 2021 година, во вредност од 100 милиони евра, со Фондот за инвестициски развој за климатски погодни и енергетски-ефикасни инвестиции на локалните мали и средни претпријатија. Овој договор овозможува нов извор на потребна климатска и енергетска одржливост финансирана со цел забрзување на декарбонизацијата на локалната економија и нејзиното ослободување од употребата на фосилни горива.

Ана објаснува дека овие две машини биле од огромна помош за обезбедување понатамошен одржлив раст на нивниот бизнис во тешките пандемиски и пост-пандемиски времиња. „Оваа поддршка беше особено значајна, затоа што ни помогна нашиот бизнис да остане на цврсти нозе во тешки времиња,“ вели таа.

Денес, покрај редовните активности, компанијата работи на воведување нова линија производи, наречена Doding Outdoor, која ќе предложи мебел за градина и плажа. Со таа цел, работат на иновативен и еколошки пристап со кој планираат да користат дрвени остатоци од нивните главни производствени активности. Плановите на компанијата вклучуваат и понатамошен развој на регионалниот пазар и пазарот на ЕУ. Иако веќе имаат меѓународни клиенти, сакаат да го зголемат извозот и да станат регионален бренд.

Комисијата објавува извештај за здравјето и благосостојбата на музичарите

Во контекст на иницијативата „Музиката ја раздвижува Европа“, Европската комисија го објави извештајот „Здравје и благосостојба на професионалните музичари и креатори на музика во ЕУ – видувања од истражувањето за политики и практики“. Извештајот открива дека здравјето и благосостојбата на музичарите и креаторите на музика во ЕУ се ранливи и подлежат на неколку фактори на ризик и дека потребно е да се дејствува на неколку фронта за да се обезбеди заштита.

 

Иако извештајот ги потенцира главните ризици за физичкото и ментално здравје на професионалните музичари и креатори на музика, исто така дава и примери за успешни интервенции и акции (политики и практики) од неколку земји членки на ЕУ со цел справување со овие ризици. Извештајот ги резимира клучните лекции за политики врз основа на истражувањето и обезбедува препораки за политики и практики кои можат да го подобрат физичкото и ментално здравје, како и безбедноста, на музичарите и креаторите на музика во ЕУ; и тоа во насока на едукација, превенција и третман.

„Раскажи ни ја твојата приказна за европско наследство“ – отворен повик за ново финансирање за Деновите на европско наследство 2023

„Приказни за европско наследство“ е иницијатива за грантови за иновативни проекти развиени од страна на локалните заедници ширум Европа. Иницијативата е организирана од Европската комисија и Советот на Европа.

 

Деновите на европско наследство се настани кои ги зближуваат европските граѓани заедно да ја прослават, споделат и поддржат работата која се спроведува од заедниците во Европа. Нивната паневропска природа помага да се потенцира европската димензија и вредност на културното наследство. Преку приказните за европско наследство, се покануваат заедниците ширум континентот да ги споделат своите посебни приказни за културното наследство во Европа.

 

Краен рок за пријавување е 28. февруари 2023 година. Заинтересираните апликанти можат да ја достават својата апликација на англиски или француски јазик.

Амбасадорот Сатлер се состанува со Здружението на работодавци на босанската федерација за да дискутираат за реформи за развој и конкурентност

На 12. јануари 2023 година, шефот на делегацијата на ЕУ/специјалниот претставник на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, се состана со претседателот, директорот и група членови на Здружението на работодавци на босанската федерација. Целта на настанот беше размена на информации за тековните случувања како и за тековните и претстојни иницијативи, како на Канцеларијата на ЕУ во БиХ, така и на здружението, за надминување на главните пречки за подобрен раст, зголемена конкурентност и промена на трендовите на емиграција и недостаток на работна сила. Амбасадорот Сатлер потенцира дека доделувањето кандидатски статус, за членство на БиХ во ЕУ, ги соочува ново формираните авторитети со можности за справување со долгогодишните предизвици и имплементирање клучни реформи.  
Сите учесници се согласија дека недоволниот економски развој, зајакнувањето на приходите по глава на жител и официјално високата невработеност; придружени со недостиг на работна сила во  некои клучни сектори, претставуваат клучни предизвици со кои се соочуваат бизнисите во БиХ денес. Глобалните нарушувања кои ја поттикнаа инфлацијата дополнително ги влошуваат овие проблеми кои итно треба да се решат; вклучително преку законски промени на различни владини нивоа. Дополнителни промени се потребни за понатамошно зајакнување на деловната средина; вклучително преку таргетирани интервенции во специфични сектори; вклучително дрвната и млечна индустрија, транспортните услуги итн.  
Беше договорено дека во спроведувањето реформи, кои треба да бидат инклузивни и да ги земат предвид барањата за интеграција во ЕУ, Канцеларијата на ЕУ во БиХ и работодавците поредовно ќе соработуваат и ќе се состануваат со цел дискусија и развој на предлози за реформи кои, откако ќе бидат усвоени и имплементирани, ќе ја подобрат економската добросостојба на државата, доближувајќи ја БиХ поблиску до ЕУ.

Патувањето на една трудољубива Ромка која заработува за својот син со инвалидитет

Проект, финансиран од ЕУ, поддржува реинтеграција на повратниците во Западен Балкан.

Цели 25 години, Блерта Лушњари од Албанија оди од Албанија во други земји, и се враќа назад, мотивирана да обезбеди соодветна здравствена грижа за својот син. Антонио е роден со инвалидитет и има сложена мешавина дијагнози; а во родниот град на Блерта – Елбасан нема ни соодветни капацитети за соодветна дијагноза ниту, пак, обезбедување бесплатни здравствени услуги за лица со инвалидитет. Со оглед на економската ситуација на Блерта, за неа било невозможно да плати приватни доктори.

Беше страшно без соодветна дијагноза. Блерта не можела соодветно да се грижи за Антонио без да знае која терапија или лекарства би можеле да му ја олеснат болката. Ниту, пак, знаела како да обезбеди достоен живот во иднината. Во потрага по подобро здравствено внимание, повторно заедно заминале во странство, конечно добивајќи дијагноза – параплегија и лесен интелектуален инвалидитет; но и соодветна грижа. Меѓутоа, без решен статус, морале да се вратат назад дома во Албанија. „Кога бевме во странство, докторот еднаш неделно го посетуваше Антонио, а добиваше и психотерапија. Но, кога се вративме во Албанија, не постоеше таква услуга; всушност, не постоеше ништо. Затоа, неговата болест се влоши.“

„Животот беше потежок. Не можев да си ги прехранам децата. Немав дом и се преселував од еден роднина кај друг: една недела кај еден, друга кај друг.“

Многумина од Западен Балкан одат во странство за работни можности, но Ромите се соочуваат со особени предизвици при повторното интегрирање кога се враќаат. Најчестиот проблем кој го истакнуваат повратниците во регионот, вклучително и Албанија, е вработувањето, проследено со недостаток на достоинствено домување и пристап до образование. Во Албанија, нема програма за социјална заштита наменета посебно за повратниците. Во случајот на Блерта, недостатокот на формално образование ѝ го отежнал барањето профитабилна работа и резултирал со предизвици за документацијата неопходна за стабилен живот. „Животот беше потежок. Не можев да си ги прехранам децата. Немав дом и се преселував од еден роднина кај друг: една недела кај еден, друга кај друг,“ вели Блерта.

Покрај сите предизвици, Блерта била полна со позитивна енергија која е очигледна во топлината на грижата за нејзиното семејство: нејзина главна цел била да ги задоволи потребите на своите деца. Се приклучила на бројни активности од невладини организации развиени за жени и нивната интеграција во општеството, а била особено вклучена во програмата за стручна обука за жени повратнички. Проектот бил наречен „Зајакнување на националните и локални системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратници во Западен Балкан“, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Програмата за развој на ОН. Мирјета Рамизи од Програмата за развој на ОН во Албанија објаснува дека Блерта била активна во бројни проектни активности. Една од активностите била бизнис идеја за изработка и рекламирање на природен и рачно изработен сапун. Заедно со други жени, Блерта била обучена за овој занает и добила суровини и помош за маркетинг. Активноста која генерира профит е во својата почетна фаза и добро се одвива, но, според Мирјета, жените имаат високи амбиции, а нивната новоформирана  компанија бара начини за проширување на нивниот пазар.

Како амбициозна и трудољубива жена, Блерта се приклучила на програмата; фокусирана на развој на индивидуални бизнис идеи. Откако се вратила во Албанија, заработува за живот преку поправање и препродавање половни добра. Сега, со поддршка на проектот, планира оваа активност да ја претвори во целосно развиен бизнис. Проектот ѝ помага да развие бизнис план за отворање на мобилна продавница во приколка во која ќе може да ги продава половните добра.

„Преку овој проект воспоставивме ефективни локални и национални партнерства и вниманието го посветивме на потребите и предизвиците на ранливите заедници и повратниците.“

За проектот

Проектот „Зајакнување на националните и локални системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратниците во Западен Балкан“ е дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) II – Акциска програма во неколку држави, доверена на Програмата за развој на ОН, Светската банка и Советот на Европа; за поддршка на основните права на Ромите и останатите ранливи повратници во Албанија, Северна Македонија и Србија. Проектот има за цел реинтеграција на значаен број повратници од ЕУ во текот на последните години, затоа што државите во Западен Балкан беа прогласени како „безбедни земји на потекло“. Проектот има тесна соработка со локалните институции одговорни за обезбедување услуги за реинтеграција на повратниците, со фокус на оние од ромското и египетското етничко малцинство; како и со локални чинители од граѓанското општество и локалната бизнис заедница. Заедницата повратници се смета како корисник и партнер во текот на имплементацијата, имајќи за цел создавање сопственост на активностите од страна на самите повратници.

Во Албанија, проектот овозможува поддршка во општините Берат, Девол и Фиер, каде што бројот повратници е поголем отколку во останатите општини. Освен директната помош за повратниците, имплементирана во соработка со партнерски невладини организации, проектот обезбедува помош за локалната и централна влада во Албанија за развивање стратегии и акциски планови за одговарање на потребите на повратниците. Мирјета, од Програмата за развој на ОН Албанија, објаснува дека економската криза предизвикана од војната во Украина и претходните кризи предизвикани од пандемијата КОВИД-19 го пренасочиле вниманието на владата во овие итни проблеми. „Преку овој проект воспоставивме ефективни локални и национални партнерства и вниманието го посветивме на потребите и предизвиците на ранливите заедници и повратниците,“ вели таа.

Синот на Блерта сега има 17 години и му е многу подобро. Добива редовна физиотерапија дома и во локалниот центар, поддржан преку проектот на Програмата за развој на ОН со финансирање од ЕУ и Фондот за одржлив развој. Има пристап до подобра здравствена грижа и е опкружен од своето семејство кое го сака и внимава на неговиот развој. Ќерката на Блерта, Леје, која сега е тинејџерка, се интересира за јазици, добила неколку медали и обожава да се дружи со својот брат. Семејството сè уште се соочува со борба за наоѓање живеалиште; барајќи дом, со основни услови за живот, кој ќе можат да си го дозволат. Блерта вели: „Најголемиот сон е да имам дом за моите две деца, за тогаш и кога нема да бидам со нив, да бидат организирани и да имаат достоинствен живот.“

Судски реформи за стабилни институции во Србија

„Судската реформа е значајна за граѓаните на Србија затоа што резултира со поавтономна судска служба и независна служба за обвинителство, а владеењето на правото ќе остане главниот столб на европската интеграција на Србија,“ изјави амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле  Џауфрет, на завршната јавна дебата за судски закони. „Фокусот на ЕУ ќе биде имплементација на правото, а целосната имплементација на овие закони ќе донесе прогрес во Србија. Очекуваме, исто така, дека Србија ќе ги усвои препораките на Венецијанската комисија за предлози за овие закони со цел да можеме да кажеме дека правните одлуки се хармонизирани со европските стандарди и практики,“ изјави Џауфрет.  
Амбасадорот додаде дека Венецијанската комисија изјавила дека за вистинска промена е неопходна промена во политичката и правна култура. Иако политичките и правни авторитети имаат примарна одговорност, организациите на граѓанските здруженија имаат важна улога иста така.  
Процесот за јавна консултација за судски закони се одржа во рамки на проектот „ЕУ за поддршка на судска реформа“, кој се имплементира во Србија од страна на Советот на Европа и ЕУ уште од 2022 година.

Студија за ситуацијата и потребите на младите во руралните подрачја на Северна Македонија

Младиот европски амбасадор, Дамјан Златановски, организираше настан во поддршка на шестата од единаесетте цели на европската младина – „Унапредување на младината во руралните подрачја“. Настанот беше организиран во соработка со „Europe House“ Крива Паланка.

 

Професори од Факултетот за земјоделски науки и храна, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), предводеа две фокус групи во кои вкупно 14 учесници, на возраст помеѓу 15 и 24 години, дискутираа за предизвиците и потребите на младите во руралните подрачја; перспективите на младите за пристоен живот, вклучително и можности за вработување и обука, ангажирање во земјоделско-прехранбени системи, одлуки за мобилност, нивната улога како иноватори, нивниот придонес за рурален развој, како и нивните аспирации за социјална инклузија и учество во политичките процеси.

 

Главната цел беше овозможување увид во можните решенија за поинформирани процеси на носење одлука на политичко ниво, идентификување на политички препораки за охрабрување на младите со цел да останат или да се вратат во руралните подрачја, како и поддршка за младите со цел да станат повидливи како носители на промена во земјоделско-прехранбените системи и зголемување на нивниот придонес за руралниот развој на државата.

Младите европски амбасадори поддржуваат хуманитарна акација во Северна Македонија

Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир, „Europe House“ и „Банката за храна на Македонија“ организираа хуманитарна иницијатива во Северна Македонија за православниот Божик. На 4. и 5. јануари донираа 30 пакети со храна за општествено ранливи семејства. Младите европски амбасадори од Северна Македонија придонесоа за пакување и донирање на пакетите со храна.