Skip to main content

Автор: WeBalkans

Програмата „ADRION“ отвора нов повик за универзитети, центри за истражување и деловни институции

Јадранско-јонската програма („ADRION“), која делува во јадранско-јонското подрачје, отвори нов повик насочен кон центрите за истражување и деловните институции. Целта на петтиот вонреден повик за предлози е да ги зголеми компетентноста и вештините во домени кои се сметаат од стратешка важност во подрачјето, премин кон новиот програмски период и одржување на поморско/морските, еколошки и општествено иновативни теми.

 

Повикот се фокусира на следните теми: сина економија, општествена иновација, обновлива енергија и циркуларна економија. Истиот има за цел развивање на подготвителни мерки за активирање на заедничките магистерски програми кои треба да се одвиваат до 2027. Проектите кои соодветствуваат на целите на повикот треба да бидат од стратешка природа и ќе добијат грантови како дел од програмата „ADRION“, во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) 2021 – 2027.

 

Проектните предлози ќе добијат придонес од ЕУ (Европски фонд за регионален развој и ИПА II) со максимален износ до 1 милион евра.

Објавени добитниците на наградата „Regional Butterfly Innovation“ во Тирана

Наградите „Regional Butterfly Innovation Awards“ беа доделени на шест иновативни идеи од регионот на церемонија која се одржа во Тирана на 28. јуни.

 

Добитници на првиот конкурс „Regional Butterfly Innovation Awards“ се:

 

Награда за индустриска иновација: Орјон Роји, Албанија

Награда за универзитетска иновација:  „TiPy-AIR“ Универзитет од Бања Лука, БиХ

Награда за зелена иновација: „GoBeyond“, Косово

Награда за младинска иновација: „GuesTool“, Црна Гора

Награда за женска иновација: „WISE Group“, Северна Македонија

Иновациска награда „STEM“ (науки, математика, инженерство и технологија): „BIOIRC“, Србија

 

Сите добитници ќе добијат можност да го промовираат своето решение преку мрежата контакти на Регионалниот совет за соработка, како и преку медиумско присуство, а ќе добијат и техничка помош преку менторство, надополнета со 5000 евра и прилика да запознаат дополнителни потенцијални инвеститори. Церемонијата за доделување на наградите, ко-организирана од Регионалниот совет за соработка и Европската комисија, се одржа на завршувањето на министерскиот состанок на Управувачката платформа за истражување, иновација, образование и обука на Западен Балкан, чиј домаќин беше Европската комисија.

 

Церемонијата за награди е врвот на долгорочен процес кој беше официјално започнат минатиот декември за време на форумот „Butterfly Innovation and Business Forum“. Наградата „Regional Butterfly Innovation Award“ е финансирана од ЕУ.

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој им помагаат на малите и средни претпријатија во БиХ при дигиталната транзиција

Европската банка за реконструкција и развој обезбедува заем, во висина од 5 милиони евра, за ProCredit Bank БиХ, поддржан од грантови од ЕУ, во рамки на неодамна отпочнатата програма „Go Digital“ во БиХ. Средствата ќе се употребат за помош за малите фирми да инвестираат во дигитализација на деловните процеси и подобрување на продуктивноста, оперативната ефикасност и отпорност.

 

Малите и средни претпријатија ќе можат да ги употребат овие средства за инвестирање во хардвер и софтвер за дигитална трансформација на проекти од областа на дигиталните комуникации, информации и ИТ безбедност, дигитален компаниски менаџмент и процеси и услуги за дигитално производство. Целта е да се зголеми дигиталната трансформација на малите и средни претпријатија со цел да станат поконкурентни на пазарот на ЕУ и усогласени со стандардите кои се бараат според директивите на ЕУ.

 

Покрај заемите, малите и средни претпријатија можат да извлечат полза и од иницијативи за грантови во износ до 15 % од севкупната вредност на заемот. Овие иницијативи се финансирани од ЕУ.

 

ЕУ има обезбедено грантови, во вредност од 9 милиони евра, за стимулативни плаќања, советодавни услуги и програмска техничка помош за заедничката програма помеѓу Европската банка за реконструкција и развој и ЕУ – „Go Digital“ во БиХ; додека, пак, Европската банка за реконструкција и развој обезбеди 40 милиони евра во форма на заеми. Програмата ќе биде придружена од активности на германската агенција за соработка, ГИЗ, која ќе работи со владата и чинителите во насока на градење на екосистем за дигитализација, автоматизација и иновација во БиХ; вклучувајќи и центри за иновација, во согласност со најдобрите практики на ЕУ.

  Програмата директно придонесува за Дигиталната агенда за Западен Балкан на Европската комисија, која цели кон поддршка на транзицијата на приватниот сектор и помош за бизнисите целосно да ги обезбедат придобивките од дигиталната трансформација на економијата.

ЕУ донира ИТ и лабораториска опрема за Управата за индиректно оданочување во БиХ

ЕУ донираше 1250 лаптопи, десктоп компјутери, сервери, заштитни ѕидови („firewalls“) и останата високо квалитетна лабораториска опрема за Управата за индиректно оданочување во БиХ. Опремата е во вредност од 2,3 милиони евра и ќе ѝ помогне на Управата да ја подобри својата секојдневна работа, да примени квалифицирани дигитални потписи, едноставени царински и даночни процедури и понатамошно подобрување на работата на лабораторијата за царинење.

 

Шефот на Делегацијата на ЕУ и специјалниот претставник на ЕУ во БиХ, амбасадорот Јохан Сатлер, ја посети лабораторијата на Управата за индиректно оданочување во Рамичи, недалеку од Бања Лука, на 21. јуни и, заедно со директорот Миро Џакула, ги обиколи просториите и ја провери донираната опрема.

 

Од 1. август, Управата за индиректно оданочување во БиХ ќе започне со употреба на нов компјутеризиран транзит систем на државно ниво. Имплементацијата на новата политика за царинење, ќе овозможи, од 1. август, примена на едноставени процедури за царинење.

ЕУ објавува нови насоки за поддршка на граѓанското општество во регионот за проширување

Околу 200 претставници од граѓанските здруженија, Европската комисија, делегации на ЕУ, власти од Западен Балкан и меѓународни организации учествуваа на Форумот за граѓанско општество во Скопје, на 8. и 9. јуни. Главната цел на состанокот беше да се ревидираат „Насоките за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување 2021 – 2027“.

 

Форумот ја реафирмира значајната улога на организациите на граѓанското општество, како во нивните општества, така и во процесот за интеграција во ЕУ. Ваквите организации можат да придонесат за неопходните реформи; помагајќи истовремено за инволвирање на граѓаните и поддршка за економска, општествена и политичка трансформација на регионот. Во времиња на криза, организациите на граѓанското општество се од суштинска важност за помош при следење на влијанието, намалувањето на дезинформациите и бранење на интересите на маргинализираните заедници.

 

ЕУ ќе ги примени насоките за мониторирање при регуларни интервали. Ова ќе ѝ помогне на ЕУ, како и на другите чинители, да ги определат областите каде постои простор за подобрување и соодветно да делуваат.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) промовира социјално инклузивно вработување и претприемништво во Србија

Европската инвестициска банка (ЕИБ) – органот за позајмување на ЕУ – и UniCredit Bank Србија официјално отворија кредитна линија, вредна 30 милиони евра, насочена кон поддршка за вработување, професионална обука и долготрајно задржување на луѓето од социјално ранливите групи. Овие средства ќе ѝ овозможат на UniCredit да им позајмува на српските компании кои се посветени на подобрување на општественото влијание на нивните бизниси и креирање на долготрајно вработување и можности за претприемништво за жени, млади и оние сегменти на населението кои се соочуваат со поголеми бариери на пазарот на труд. На церемонијата за отворање присуствуваа претставници на владата на Република Србија и Делегацијата на ЕУ во Србија, покажувајќи поддршка за општествено-ориентираните финансиски инструменти од овој вид.

 

Покрај финансирањето, српските компании ќе добијат финансиска награда заснована на перформансите доколку исполнат специфични цели за поттикнување лидерство, вработување и можности за професионален развој за жени и млади, и други лица; вклучително и лица со инвалидитет и бегалци кои честопати се соочуваат со препреки во пристапот кон вакви можности. Финансиската награда e обезбедена во форма на грант во склоп на Иницијативата за економска отпорност на ЕИБ, насочена кон зголемување на креирањето работни места и одржлив развој на приватниот сектор. Ова е првиот заем на ЕИБ за приватниот сектор во Западен Балкан во рамки на Иницијативата за економска отпорност која ќе придонесе за најважните цели при промовирањето одржлив развој. ЕИБ ќе обезбеди, исто така, и техничка помош за подготовка и имплементација на проектите во насока на постигнување на овие цели и остварување позначајно општествено влијание.

ЕУ и Западен Балкан ги зајакнуваат врските преку првиот министерски состанок за култура

На 27. и 28. јуни, во Тирана, зазеде место министерскиот состанок на платформата за култура, истражување, иновација, образование и обука – „Западен Балкан“. Состанокот со министрите за култура беше првиот од овој вид организиран во Западен Балкан. Комесерот Марија Габриел официјално ја отвори платформата.  
Комесарот ги повика министрите да ги искористат состаноците за да работат заедно во насока на развивање на соработката помеѓу ЕУ и Западен Балкан и да придонесат за интеграцијата на регионот во ЕУ. „Размената на добри практики, знаење и искуства ќе ја доведат на повисоко ниво нашата заедничка работа во доменот на културата,“ изјави Марија Габриел во нејзиниот воведен говор.  
За време на првиот состанок, комесарот Габриел и министрите за култура од регионот дискутираа за улогата на младите во промоцијата и заштитата на културното наследство. Дискусијата вклучи теми како, на пример, недостатокот на обучени професионалци, како да се направат привлечни за младите професиите поврзани со културното наследство, борбата за нелегална трговија со културни добра и улогата на културното наследство во севкупното чувство за припаѓање во Европа.  
Со настанот копретседаваа Европската Комисија, Француското претседателство на Советот на Европската Унија и министерот за култура на Албанија.

Споделувањето повеќе љубов, најнакрај, ќе ја запре омразата

Познати личности во Србија се придружуваат во борбата против говор на омраза против ЛГБТИ заедницата и други целни групи.

„Блокирај ја омразата. Сподели љубов“ е слоганот на новата инцијатива на ЕУ и Советот на Европа која има за цел борба против говорот на омраза; вклучително и растечкиот волумен на негативни содржини, особено на социјалните медиуми. Признавајќи дека станува збор за тешка битка за повлекување линија помеѓу слободата за изразување и говорот на омраза; регулирањето на тоа што е соодветно и каде се потребни филтри, кампањата цели кон едуцирање на корисниците на социјалните медиуми за обрнување внимание на тоа што го објавуваат на своите профили или на останатите јавни платформи.

Иницијативата има за цел да се бори против различните форми на говор на омраза насочени кон одредени заедници и ранливи социјални групи. Во Србија, како и на другите места во Балканот, кампањата инволвира јавни личности во својство на амбасадори за промена. Личности познати по своите достигнувања во доменот на уметноста, глумата, спортот, и други, ги охрабруваат своите публики и следбеници да дискутираат и усвојат позитивно однесување во разнолики општества; да ги променат предрасудите и да промовираат еднаквост. Лидерите на кампањата веруваат дека на овој начин може да се иницира потребната промена на јавното мислење и да се намали проблематичниот јазик во онлајн сферата.

„Ги повикуваме луѓето двапати да размислат пред да објават нешто онлајн: да бидат свесни дека токсичните приказни брзо се шират, а нивните ефекти се непоправливи затоа што можат да поттикнат омраза, а и насилство против одредена индивидуа или група; без разлика на намерата.“

Нинослав Младеновиќ од отсекот за антидискриминација, при Советот на Европа, е член на тим кој работи на проектот „Промоција на разноликост и еднаквост во Западен Балкан“. Објаснува дека е важно да се пренесе оваа порака до луѓето кои не се свесни за штетата која ја предизвикуваат; можеби ненамерно, со цел да бидат свесни за тоа како останатите можат да се чувствуваат во врска со нивните изјави. „Ги повикуваме луѓето двапати да размислат пред да објават нешто онлајн: да бидат свесни дека токсичните приказни брзо се шират, а нивните ефекти се непоправливи затоа што можат да поттикнат омраза, а и насилство против одредена индивидуа или група; без разлика на намерата.“

Размислување за онлајн трагата

Регионалната кампања на Советот на Европа доби дополнителна димензија во Србија каде што корисниците на онлајн медиуми добија блиц прашање: „Каква трага оставате онлајн?“ Ова ги поттикна корисниците да размислат пред да објават нешто; потсетувајќи ги дека содржината останува и нема веднаш да исчезне; без разлика на тоа дали поттикнува насилство или емпатија.

„Важно е што ја имаме моќта да го користиме нашиот јавен простор за промовирање емпатија, разбирање и заедничка почит, бидејќи тоа е тоа што, несомнено, недостасува во општеството.“

За програмата

Оваа програма ги поддржува клучните локални чинители и кориснички институции во Србија, и пошироко во Западен Балкан, во борбата против дискриминација, говор на омраза и злосторства од омраза насочени кон малцинства, луѓе од ЛГБТИ заедницата и ранливи групи во општеството. Исто така, ги поддржува напорите на Србија и останатите земји-кориснички од Западен Балкан во контекст на пристапните преговори со ЕУ во доменот на основни права. Оваа програма е финансирана во рамки на Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022, на ЕУ и Советот на Европа.

Една од највпечатливите фигури во светот на глумата, Славен Дошло, ѝ се придружи на националната кампања како амбасадор за споделување на пораката за инклузивност. „Важно е што ја имаме моќта да го користиме нашиот јавен простор за промовирање емпатија, разбирање и заедничка почит, бидејќи тоа е тоа што, несомнено, недостасува во општеството,“ изјави Дошло во медиумско интервју како дел од кампањата. Познатиот актер толкуваше актерски улоги кои третираат проблеми кои, според него, мора да се решат; како, на пример, злоупотреба на човекови права и нееднаквост. Во една прилика кога Славен Дошло одиграл улога на лице од заедницата ЛГБТИ добил бран критики, па дури и пораки со омраза од Интернет корисници кои го поистоветувале актерот со неговата улога.

Ваквиот вид говор на омраза не е изненадувачки за организаторите на кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов“. Според студија, објавена од Центарот за слободни избори и демократија, годинешен гарант на програмата за Советот на Европа, помалку од 20 % од граѓаните во Србија имаат позитивен однос кон ЛГБТИ заедницата; а 50 % од испитаниците имаат негативен однос. Една од препораките на оваа студија е развивање стратегија за инволвирање на корисниците на онлајн медиуми и социјални мрежи, на возраст под 40 години, да влијаат врз останатите членови на општеството.

Оваа препорака веќе се имплементира во кампањата и тоа преку вклучување посебен вид „инфлуенсери“ – млади европски амбасадори за „не-омраза“. Нивната мрежа промовира младински активизам, во рамки на локалните заедници, како моќна алатка за општествена промена. Младите европски амбасадори учествуваа во маршови на гордоста, филмски проекции, дискусии за истополови партнерства, како и начини за подобрување на ситуацијата на ЛГБТИ луѓето кои се меѓу едни од најдискриминираните општествени групи. Околу 25 млади европски амбасадори, членови на мрежата, беа обучени од тимот на Советот на Европа, да ја зголемат својата свест за говорот на омраза, како и нивните вештини за развивање приказни за човекови права при земањето збор во јавност и однесувањето на социјалните медиуми.

Меѓутоа, потребна е долгорочна акција за промена на перцепциите и однесувањето кон ЛГБТИ заедницата. Младеновиќ објаснува дека започнале со работа во мај, пред Денот на Европа, и продолжиле со училишни посети за подигнување свест за штетата која говорот на омраза може да ја предизвика во општеството.

Покрај активностите за подигнување на свеста, Советот на Европа соработува со партнери за воведување структурни и систематски промени во системот. Еден од примерите е соработката со локалните институции за зајакнување на нивните капацитети за вклучување на правата на ЛГБТИ во локалните политички документи и подзаконски акти.

Не можеме сите да направиме такви промени на ниво на политика, но кампањата нè потсетува дека сите можеме да ја блокираме омразата и да споделиме љубов.

Месецот на гордоста поддржан од младите европски амбасадори ширум регионот

Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)), зазедоа бројно учество во настаните и активностите кои го одбележаа Месецот на гордоста ширум регионот. Месецот на гордоста го означува периодот посветен за подигнување глас, славење и поддршка на борбата за граѓански права и еднаквост на членовите на ЛГБТИ-заедницата (лезбијки, геј, бисексуалци, трансродови и квир лица). Во текот на месец јуни, младите европски амбасадори маршираа, учествуваа на прикажување филмови и читања, а дебатираа и за медиумско покритие.   
Во Сараево, БиХ, младите европски амбасадори учествуваа во маршот на гордоста, низ центарот на градот; активност која беше проследена од дебата за влијанието на медиумите врз семејната динамика, како и од семеен пикник кој вклучи и дискусии за подигнување на јавната свест.  
Во Подгорица, Црна Гора, младите европски амбасадори зазедоа учество во серија настани организирани од страна на организациите на граѓанското општество. Започнаа со работилница за покритието на теми поврзани со ЛГБТИ, средба за дискусија за ментално здравје, како и правни проблеми поврзани со законот за родов идентитет. Настаните во Црна Гора ќе завршат со тридневен семинар за активисти.  
Младите европски амбасадори беа дел и од настаните во Србија каде месецот на гордоста го отворија активисти со панел-дискусија за идентитет, интерсексуални луѓе и ЛГБТИ права. Во меѓувреме, во Белград имаше и проекција на филм, како и публикација на извештај.  
Младите европски амбасадори учествуваа и во маршот на гордоста во Скопје, Северна Македонија, како и во Приштина, Косово. Во Приштина, беа споделени квир албански поеми, па, на тој начин, младите европски амбасадори добија можност да искусат поетско доживување, а сите учесници имаа прилика да споделат и сопствени поетски креации.  
Промовирањето активизам во рамки на нивните заедници е една од главните одлики кои ја карактеризира платформата Млади европски амбасадори, бидејќи младинскиот активизам е најмоќната алатка за општествена промена.

Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Албанија повикува на истражувања за еколошки проблеми

Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Албанија отвори повик за истражувачки стории, нудејќи грант за четири новинари кои ќе напишат статии на теми поврзани со животната средина. Повикот е дел од проектот насловен „Користење податоци и мултимедија за зголемување на квалитетот и независното новинарство во Албанија“, поддржан од ЕУ.

 

Целта на проектот е да создаде средина со можности за албанските новинари да можат да креираат независни содржини преку тренинг, менторство, техничка и финансиска поддршка и блиска соработка со граѓанското општество; како и подобрување на слободата на изразување и зајакнување на медиумскиот плурализам во Албанија.

 

Повикот е заснован на теми предложени од активистите на граѓанското општество и новинари за време на работилницата одржана на 10. јуни во Тирана. Во работилницата учествуваа околу 25 активисти на граѓанското општество и новинари кои дебатираа на важни теми, поврзани со животната средина, кои би требало да бидат истражени. Исто така, дискутираа и за потребата од посилна комуникација и соработка помеѓу организациите на граѓанското општество и новинарите.

 

Новинарите поддржани преку овој повик ќе можат да истражуваат, во текот на три месеци, и ќе добијат можност да работат со искусни уредници и ментори кои ќе ги водат низ пишувачкиот процес во согласност со стандардите на Балканската мрежа за истражувачко новинарство.