Skip to main content

Автор: WeBalkans

Во Белград, конференција за Западен Балкан и европската надворешна и безбедносна политика

На 27. и 28. јуни, Белградскиот центар за безбедносна политика организираше конференција насловена „Придвижување на Западен Балкан кон европската надворешна и безбедносна политика“, поддржана од проектот на ЕУ за техничка помош за организациите на граѓанското општество – ТАКСО 3 („TACSO 3“). Настанот ја одбележа дваесет и пет годишнината од работењето на Белградскиот центар за безбедносна политика и беше прилика за зацврстување на долгогодишните партнерства помеѓу Белградскиот центар за безбедносна политика и други тинк-тенкови од Западен Балкан; специјализирани во доменот на безбедносна политика во рамки на платформата за безбедност на Балканот.

 

Конференцијата ги обедини членовите на граѓанското општество од регионот и експертите од ЕУ и светот во доменот на надворешна и безбедносна политика. Во настанот зедоа учество 76 учесника со присуство, а 17 преку платформата Зум.

 

По јавниот настан, членовите на платформата за безбедност во Балканот продолжија со сесии посветени на развој на заеднички план за ангажирање на публиката во ЕУ за прашања поврзани со надворешната и безбедносна политика во Западен Балкан, како и за заедничкиот стратешки план на платформата за безбедност во Балканот за понатамошна соработка за регионалните безбедносни прашања. Беше формиран Меѓународен советодавен комитет, сочинет од 16 меѓународно признаени истражувачи, професори, претставници на заедницата тинк-тенк, поранешни функционери и експерти од доменот на меѓународни односи, одбрана, безбедност и владеење на правото.

Работилница КОНЕКТА „Техничка помош за паметна и одржлива мобилност“

Месецов, во Белград, се одржа втората работилница во рамки на иницијативата за Западен Балкан – КОНЕКТА „Техничка помош за паметна и одржлива мобилност“.  
Во настанот зедоа учество претставници на Постојаниот секретаријат за транспортна заедница, Министерството за инфраструктура и енергија на Албанија, Албанскиот институт за транспорт, Албанската агенција за енергетска ефикасност, Министерството за транспорт и комуникации на Северна Македонија, јавното претпријатие за државни патишта на Северна Македонија, Министерството за градба, транспорт и инфраструктура на Србија, јавното претпријатие за патишта на Србија и претставник на компанијата „Charge&GO“.  
Агендата на работилницата вклучи и презентација на досегашните активности, како и преглед на практиките во регионот, надополнета со преглед на глобалната ситуација за електрични возила и електрично полнење.

Успешно завршување на првиот циклус од програмата за размена „Superschools“

Регионалната годишна училишна конференција се одржа во вторник, 5. јули, во Струга, Северна Македонија; обележувајќи го успешното завршување на првиот циклус од програмата „Superschools“, под раководство на Канцеларијата за регионална младинска соработка (Regional Youth Cooperation Office (RYCO)). Програмата е дел од „Шема за училишна размена Западен Балкан“, мулти-донаторски проект, кофинансиран од ЕУ и германското федерално министерство за економска соработка и развој, а имплементиран од ГИЗ (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ)) во соработка со Канцеларијата за регионална младинска соработка.
 
Настанот ги обедини сите училишта кои зедоа учество во програмата, претставени од наставник и ученик, со цел споделување на нивните искуства, достигнувања и резултати со други млади и наставници од регионот, вработени во Канцелариите за регионална младинска соработка, претставници од министерствата, донатори и високи претставници. Настанот го промовираше влијанието на размените и проектот „Superschools“ во регионот. Како дел од настанот беше и ученичкиот саем кој им овозможи на учесниците директно да разговараат со училиштата кои зедоа учество во првиот циклус размени во рамки на проектот „Superschools“.

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој му помагаат на српски спортски малопродавач подобро да допре до купувачите

Еден од најуспешните малопродавачи за спортска опрема во Србија, „Планета спорт“, со преку 100 продавници ширум државата, имаше добро разработена продажна мрежа како на Интернет, така и во продажните салони. Компанијата побара помош од ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој за подобрување на комуникацијата со своите купувачи преку инвестирање во нови дигитални алатки. Промените овозможени преку проектот, заедно со финансии од ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој, дојдоа на почетокот од пандемијата КОВИД-19; во период кога повеќето бизниси требаше да направат брз премин кон онлајн работење.  
Проектот вклучи креација на дигитална стратегија за имплементација на нов маркетинг и комуникациски софтвер. За да го постигне ова, „Планета спорт“ имаше потреба од надворешна помош. Оттука, компанијата ја контактираше програмата „Совети за мали бизниси“, на Европската банка за реконструкција и развој, која ги поддржува малите и средни претпријатија преку нивно поврзување со експерти кои нудат совети, знаење и вештини. Програмата покрива широка палета подрачја; вклучително стратегии, операции, менаџмент за квалитет, финансиско известување, енергетска ефикасност и други. Истата е финансирана од ЕУ и веќе има поддржано стотици бизниси во Србија.

Започна кампањата „Заштити се – користи заштитна опрема“ во Србија

„Заштити се – користи заштитна опрема“ е насловот на кампањата која започна со цел подигнување на свеста за важноста на употребата на заштитна опрема при градежните работи, спортови и рекреативни активности. Кампањата е дел од проектот „ЕУ за Србија – поддршка за побезбедни производи“, која започна месецов со ТВ кампања, брендирани автобуси за градски превоз во Белград и билборди во неколку градови ширум Србија.  
Преку проектот „ЕУ за Србија – поддршка за побезбедни производи“, Европската Унија го поддржува министерството за економија и останатите министерства за хармонизирање на законодавството во Република Србија со тоа во ЕУ; во насока на слободно движење на добра. Заедно со слободата за движење на луѓе, услуги и капитал, оваа е една од основните слободи на кои се заснова Европската Унија. Заеднички пазар е сржта на европска интеграција.  
Кампањата е втора од неколку медиумски промоции кои ќе бидат спроведени за време на проектот, целејќи кон понатамошно подобрување на процесот на хармонизација и имплементација на неопходни регулативи за интеграција на економијата на Република Србија во единствениот европски пазар.

Истражување го покажува влијанието на КОВИД-19 врз ранливите групи во Црна Гора

Две невладини организации работеа заедно со здружение на родители на деца и млади со развојни пречки за спроведување на истражување за влијанието на пандемијата КОВИД-19. Се фокусираа на деца и млади со посебни образовни потреби, како и деца и родители од останати ранливи групи од Црна Гора. Резултатите од оваа соработка помеѓу здружението на родители „Пат“ („Path“), невладината организација од Тузи „Деца од Црна Гора“ („Children of Montenegro“) и „Импулс“ (“Impuls„) од Никшиќ, беа претставени во „Europe House“ Подгорица.

 

Податоците од примерок од 1055 испитаници покажаа дека пандемијата имаше негативно влијание на квалитетот на учење, работните навики, училишните искуства и односот на наставниците. Имаше, исто така, и развојна и академска стагнација, па дури и регрес. Се појавија несигурности, придружени од намалување на иницијативите, мотивацијата, вниманието и односот кон обврските. Влијанието врз образованието се одразува, главно, во насока на социјализација, работни навики, квалитет на учењето и општествено-емотивен статус.

 

За наставниците, пак, најголемиот предизвик беше во насока на адаптација, организација на приватниот живот и работата, познавања и вештини од доменот на ИТ (особено за наставниците во северот на државата). За родителите, најнапорниот аспект беше усогласувањето на семејните и работните обврски кои значително се зголемија и беа комплицирани поради улогата родител – наставник – фасилитатор.

 

Истражувањето беше спроведено во рамки на проектот, финансиран од ЕУ, насловен „Професионално и навремено обезбедување услуги по КОВИД“.

Комесарот на ЕУ, Вархелеј, посетува проект за инфраструктура во Албанија, финансиран од ЕУ

Комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархелеј, во придружба на премиерот на Албанија, Еди Рама, ја посети обиколницата Влора, финансирана од ЕУ, во југот на државата. Обиколницата, долга 29 километри, ќе го скрати времето на патување кон албанската ривиера, ќе ја зголеми патната безбедност, ќе го намали воздушното загадување и ќе отвори нови можности за албанските бизниси.
 
ЕУ ја поддржува изградбата на обиколницата Влора со 20 милиони евра. Дополнително, Европската банка за реконструкција и развој, во својство на водечка меѓународна финансиска институција и Европската банка за инвестирање, обезбедија, поединечно, 18 милиони евра.
 
За време на заедничката прес-конференција со премиерот Рама, комесарот Вархелеј изјави: „Среќен сум што денес ја посетувам обиколницата Влора. Ова е одличен пример за нашата билатерална помош за Албанија и покажува дека можеме да придонесеме за разлики во регионот благодарение на нашиот Економски и инвестициски план.“
 
Обиколницата околу градот Влора е неопходна врска со југо-западна Албанија. Истата ќе ги подобри условите за патен транспорт во градот Влора и околните подрачја; вклучително и крајбрежниот пат по должина на брегот Влора. Овој патен сегмент ќе резултира со придобивки за туризмот, ќе го стимулира приватниот сектор и ќе ја олесни трговијата, промовирајќи регионален и државен раст, како и придонес за економска и општествена кохезија.

Претседателката вон дер Лејен во Скопје, Северна Македонија

Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, го посети Скопје, главниот град на Северна Македонија, во вторникот, 14. јули. За време на нејзината посета, вон дер Лејен најпрво се состана со Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија. По состанокот, претседателката се состана со премиерот Димитар Ковачевски.
 
Како централен настан на нејзината посета, претседателката вон дер Лејен се обрати пред парламентот на Северна Македонија на свечена седница на која присуствуваа претседателот, премиерот, пратениците и високите државни претставници.

Совет за стабилизација и здружување ЕУ – Црна Гора

Црна Гора и ЕУ се состанаа, на министерско ниво, за 11-тиот Совет за стабилизација и здружување. Состанокот се одржа во Подгорица, Црна Гора.

 

Ова беше за првпат како Советот за стабилизација и здружување се одржува во регионот на Западен Балкан. Истиот ја нагласи недвосмислената посветеност на ЕУ за интеграција на целиот регион и пристапниот процес на Црна Гора кон ЕУ.

 

Учесниците дискутираа за пристапната стратегија; особено во насока на Извештајот 2021, на Комисијата, за Црна Гора. Учесниците го поздравија досегашниот напредок за пристапните преговори; со 33 отворени поглавја, а три поглавја привремено затворени.

 

Советот за стабилизација и здружување исто така направи преглед и на билатералните односи во рамки на Договорот за стабилизација и здружување и размени ставови за неодамнешните случувања во Црна Гора и Западен Балкан.

 

ЕУ изрази големо задоволство за усогласувањето на Црна Гора со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ; вклучително и рестриктивните мерки по непровоцираната агресија на Русија против Украина, и ги поздрави како јасен сигнал за стратешко насочување на државата и посветување кон целта за пристап кон ЕУ. Учесниците ги поздравија, исто така, и досегашните напори за имплементирање на санкциите и ја охрабрија Црна Гора да продолжи со неопходните чекори за целосна примена на усвоените рестриктивни мерки.

 

Европската Унија беше претставена од страна на високиот претставник на ЕУ – Жозеп Борел, и комесарот за соседство и проширување – Оливер Вархелеј. Црна Гора, пак, беше претставена од премиерот Дритан Абазовиќ. Со состанокот претседаваше високиот претставник на ЕУ – Жозеп Борел.

Млади претприемачи развиваат вештини преку границите

Средношколци во граничниот регион помеѓу Србија и Северна Македонија ги зголемуваат своите можности за кариера со поддршка од ЕУ.

Марина Џориќ тукушто заврши средно економско и трговско училиште во Врање, Србија. Од богатиот избор, таа го избра туризмот. „Уште од прва година знаев дека ова е мојата професионална определба,“ вели Марина. Во текот на нејзиното средно образование по туризам, Марина и нејзините соученици научиле за теми како туристички менаџмент, маркетинг и претприемништво; но, недостасувал еден значаен елемент: можност за примена на стекнатите вештини во вистинскиот живот. Можноста се појавила за време на последната година; преку проект, финансиран од ЕУ, во точниот момент кога Марина и нејзините соученици имале потреба од ваква поддршка.

Дополнителен недостаток во нејзиното образование била и старата опрема за информатика која не работела соодветно во нејзиното училиште. Притоа, проектот обезбедил поддршка за училиштето во форма на опрема. Но, Марина потенцира дека најзначајната придобивка за неа било практичното работно искуство.

„На пример, имавме заедничка работилница и натпревар со ученици од други училишта во коишто требаше да развиеме идеи за стартап бизниси и да изготвиме бизнис предлог и краток филм за нашите идеи. Соученикот и јас, добивме идеја за слаткарница. Притоа, моравме да направиме истражување и ги посетивме слаткарниците во регионот за да сфатиме како функционираат нивните бизниси и да ги препознаеме најдобрите примери за да ги вклучиме во нашиот предлог. Ова ни помогна да разбереме подобро како функционираат идеите за деловен развој,“ вели Марина.

„Поради недостатокот на опрема или можности за практично искуство во училиштата, учениците мораа да поминат една дополнителна година после завршувањето на средното училиште; и тоа со цел развивање на нивните вештини преку пракса пред да добијат работа. Сакавме да придонесеме за надминување на овој проблем.“

Практични вештини и знаење за подобар почеток на кариерата

Јован Јовановиќ е менаџер на проект, финансиран од ЕУ, за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Србија, насловен „Центри за иновативен развој на општествено претприемништво: современи перспективи за општествена интеграција на младите“. Идејата за проектот потекнува од предизвиците како, на пример, недостатокот на опрема и можности за практична работа и пракса за средношколците од двете страни на границата. „Поради недостатокот на опрема или можности за практично искуство во училиштата, учениците мораа да поминат една дополнителна година после завршувањето на средното училиште; и тоа со цел развивање на нивните вештини преку пракса пред да добијат работа. Сакавме да придонесеме за надминување на овој проблем,“ вели Јован.

Освен средното училиште во Врање, проектот го опфаќа и средното училиште „Перо Наков“ во Куманово, Северна Македонија. И во двете училишта, проектот е заснован во центар за иновативен развој на општествено претприемништво, опремен со модерна технологија; обезбедувајќи дополнителна обука за наставниците во доменот на општествено и модерно претприемништво. Проектот обезбеди, исто така, и поддршка насочена кон профилите за економско образование кое се предава во овие училишта. И во двете образовни институции, проектот започна општествени претпријатија кои можат да создаваат приход и да им помогнат на средношколците да добијат доволно практично искуство пред да матурираат.

На пример, училиштето во Куманово има секција за графички дизајн, но не поседува професионален печатач со кој учениците би можеле да ги отпечатат своите креации. Проектот го опреми училиштето со машини за печатење кои овозможуваат печатење врз шолји, текстил и други материјали. Дизајните креирани од учениците сега ќе можат да бидат отпечатени и понудени на пазарот. На истиот начин, училиштето во Врање има кулинарска секција која проектот ја опреми со современа опрема за готвење. Наскоро, училиштето ќе ги претстави своите прехранбени производи на пазарот. „Останати секции, како, на пример; продажба, финансии и реклама, ќе бидат дел од овие општествени претпријатија во кои учениците ќе можат да ги употребат своите вештини во вистински ситуации и да остварат приход за училиштата,“ вели Јован.

„Поддршката од ЕУ е значајна; и тоа во насока на финансиски придонес, но и долгорочна одржливост.“

За проектот

Севкупната цел на проектот „Центри за иновативен развој на општествено претприемништво: современи перспективи за општествена интеграција на младите“, финансиран од ЕУ, е обезбедување поддршка за младите да можат да го развијат својот потенција и да започнат општествено претприемништво со можности за тестирање на нивните идеи во пракса. Проектот има за цел да ја реализира оваа мисија преку активности како, на пример; отпочнување на центри за претприемништво во училиштата, обука на наставниците, имплементација на студиски посети за учениците и обезбедување модерна опрема за училиштата. Целосната финансиска вредност на проектот изнесува преку 170000 евра и е финансирана преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Србија и Северна Македонија.

Како крајна мисија, проектот ќе креира и веб-платформа од која, покрај учениците, ќе извлечат корист и малите и средни претпријатија. Порталот ќе вклучи податочна база на мали и средни претпријатија од регионот; во којашто претпријатијата ќе можат да ги претстават своите производи. Дополнително, страницата ќе содржи и дел во кој учениците ќе можат да се претстават себеси и своите вештини преку кратки видеа. „На овој начин, ќе можеме да ја зголемиме економската соработка во прекуграничниот регион, но и да ги зголемиме можностите за вработување за учениците,“ вели Јован.

Јован вели дека финансиската поддршка од ЕУ била неопходна за реализирање на проектната идеја, бидејќи овие училишта единствено добиваат финансирање од нивните соодветни влади; и тоа за итни потреби; како, на пример, поправки на старите кровови кои протекуваат. Тој додава дека и самиот факт што проектот е поддржан од ЕУ, придонесува за неговата одржливост – „печатот за одобрување“ на финансии од ЕУ дава гаранција дека проектот е заснован на детални анализи и високи стандарди; што, всушност, значи дека локалните и централни власти, како и други организации, посериозно го сфаќаат проектот.

„Поддршката од ЕУ е значајна; и тоа во насока на финансиски придонес, но и долгорочна одржливост,“ вели Јован.