Skip to main content

Автор: WeBalkans

Настан споделува иницијативи за поддршка на поврзаноста и транспортот во Западен Балкан

На 27. мај беше организиран заеднички настан чии домаќини беа „CONNECTA“ – Техничка поддршка за поврзаност во Западен Балкан, финансирана од ЕУ, и Постојаниот секретаријат на транспортната заедница; со цел споделување на нивните мисии, стратешки пристап и очекувани резултати. Настанот ги обедини претставниците од Западен Балкан, делегациите на ЕУ и меѓународните финансиски институции.

 

Неодамна, „CONNECTA“ започна три регионални потпроекти кои нудат техничка поддршка. Едниот од нив се фокусира на воведување паметна и одржлива мобилност во Западен Балкан. Вториот ја поддржува подготовката на техничка документација за модернизација и подобрување на инфраструктурните капацитети на избрани гранични патни точки на проширената Трансевропска транспортна мрежа („TEN-T“) во Западен Балкан. Третиот овозможува помош при подготовката на национални „паметни“ транспортни системи за Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора, како и воведување на патни центри за управување со сообраќај во БиХ и Косово.

 

„CONNECTA“ е договор за техничка помош, финансиран од ЕУ, чија севкупна цел е поддршка на развојот и комплетирањето на клучните транспортни и енергетски мрежи во регионот на Западен Балкан, како и обезбедување поддршка за Дигиталната агенда за Западен Балкан во согласност со стратегијата за Западен Балкан.

Регионална конференција за спречување дезинформации

На 1. јуни, Регионалниот совет за соработка ја организираше третата конференција за дезинформации во соработка со „Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa“, Европскиот центар за спречување хибридни закани и Италијанското министерство за надворешни работи и меѓународна соработка. Конференцијата обедини повеќе од 100 учесника; вклучително и клучни експерти, академици, новинари, истражувачи, претставници на младинските организации од Западен Балкан, студенти и практичари од регионот и пошироко.  
„Западен Балкан, за жал, отсекогаш бил подлежен на раздорни наративи кои носат омраза и насилство и наша одговорност е да овозможиме разбирање и свесност за овој феномен во нашиот регион. Позитивни се новостите дека граѓаните во Западен Балкан го сфатија штетниот потенцијал на дезинформациите, бидејќи 74 % од нив се согласуваат дека дезинформациите претставуваат безбедносна закана за нашите економии,“ изјави Аида Капетановиќ, директорка на Политичкиот отсек на Регионалниот совет за соработка, на отворањето на конференцијата.  
По две години организирање на овие конференции со цел подигнување на свеста за феноменот на дезинформациите, годинешната конференција се фокусира на попрактично ниво и градење капацитети; примарно насочени кон младите и студентите од Западен Балкан.

Белградската болница за деца „Тиршова 2“ станува реалност

За време на неговата посета на Србија, европскиот комесар за проширување, Оливер Вархелеј, заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го посети градилиштето на болницата за деца „Тиршова 2“. Изградбата на болницата започна во октомври и е поддржана од ЕУ со преку 35 милиони евра.

 

Европската Унија никогаш досега не поддржала толку голема инвестиција во доменот на здравствена инфраструктура, потенцира комесарот Вархелеј. Додаде дека овој проект е резултат на пандемијата КОВИД која нè научи дека уште повеќе треба да го цениме здравјето. „Здравјето, особено здравјето на децата, е најважното нешто,“ изјави комесарот, додавајќи дека „Тиршова 2“ ќе се отвори за, отприлика, три години. „Убеден сум дека пациентите ќе го ценат овој придонес за градот и државата,“ заклучи тој.

 

На настанот присуствуваа, исто така, и амбасадорот на САД во Србија – Емануеле Жиофре, министерот за здравство – Златибор Лончар, министерката за европска интеграција – Јадранка Јоксимовиќ, градоначалникот на Белград и поранешен директор на „Тиршова“ – д-р Зоран Радојчиќ, директорот на Канцеларијата за државни инвестиции – Марко Благојевиќ, и директорот на „Тиршова 2“ – Синиша Дучиќ.

Европската инвестициска банка отвора ново претставничко биро во Северна Македонија

На 30. мај, Европската инвестициска банка официјално го отвори новото претставничко биро во Скопје, лоцирано во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Со овој чекор, банката на Европската Унија ја потврдува поддршката кон одржливиот раст и зелена транзиција на државата. Новото посветено локално присуство ќе ја зголеми техничката и финансиска поддршка за приватно и државно инвестирање.  
Отворањето претставничко биро во Скопје е во согласност со политиката на ЕИБ за воспоставување присуство во повеќе држави надвор од ЕУ. Овој напор ќе ѝ помогне на банката на ЕУ подобро да ги разбере регионалните финансиски потреби, да идентификува нови проекти и да оствари поблиски врски со државните власти и останатите чинители. До денес, ЕИБ отворила бироа во 23 земји-членки на ЕУ, како и во 30 држави надвор од ЕУ; промовирајќи деловен и политички дијалог.  
На церемонијата за отворање, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, беа придружени од министерот за финансии, Фатмир Бесими, шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, како и други меѓународни финансиски партнери и високи претставници од бизнис сферата и банкарската заедница.

Новиот европски „Баухаус фестивал“

Со почеток на 9. јуни, првото издание на Новиот европски „Баухаус фестивал“ ќе спои, на едно место, изложби, уметнички перформанси, конференции, семинари и слични собирања; комбинирајќи настан во живо, во Брисел, со онлајн активности и дополнителни настани ширум Европа и пошироко, вклучително и Западен Балкан. Претставувајќи дебати, извонредни говорници, уметнички перформанси, изложби и можности за вмрежување; настанот е одлична прилика за експертите, организациите и семејствата за дебатирање и креирање идни начини за заеднички соживот.

 

Главните теми на фестивалот се убавината, одржливоста и инклузијата, а негова цел е да гради врски; поврзувајќи ги светот на истражувањето, науката и технологијата со образованието, општествениот ангажман, уметноста, културата и архитектурата.

 

Новиот европски „Баухаус фестивал“ е креативна и интердисциплинарна иницијатива која го поврзува Европскиот зелен договор со нашиот животен простор и искуства. Истиот, нè повикува заедно да замислиме и изградиме одржлива и инклузивна иднина која ќе биде убава за очите, умот и душата.

 

Најавен од претседателката Вон дер Лејен во нејзиниот говор за Состојбата на Унијата, во 2020 година, Новиот европски „Баухаус фестивал“ беше заеднички кодизајниран од илјадници луѓе и организации ширум Европа и пошироко. Во септември 2021 година, иницијативата се трансформира од кодизајниран проект во реалност, благодарение на политичките активности и финансирања утврдени во соопштение на Комисијата.

Правилно раскажување на приказната

Програмата за транзициона правда на Балканот преку десет години носи веродостојни информации за публиката во Западен Балкан.

Кула, во Хрватска, и Хртковци, во Србија, се две села во Западен Балкан кои споделуваат заедничка трагедија. Во 1992 година, по воениот конфликт во Југославија, Србите и Хрватите од Кула, во Хрватска, и Хртковци, во Србија, ги заменија домовите, преселувајќи се, секој во селото на другиот. Ова беше опишано како „човечка релокација“; но, всушност, стануваше збор за присилна размена на население во екот на војната. Приказната на овие две села беше доловена во документарниот филм „Твојата куќа беше мој дом“ (“Your house was my home”), изработен од Балканската мрежа за истражувачко новинарство.

Документарецот беше изработен како дел од Програмата за транзициона правда на Балканот; регионална платформа кофинансирана од ЕУ. Платформата објавува онлајн новински извештаи кои третираат локални проблеми поврзани со воени злосторства; подобрувајќи го разбирањето на општата јавност за проблемите од доменот на транзиционата правда во поранешна Југославија.

„Ние сме единствениот медиум во регионот која детално ги третира судењата за воени злосторства, засновајќи се на факти. Мислам дека ова е едно од најзначајните нешта кои транзиционата правда на Балканот го достигнала во текот на последните десет години.“

Преку десет години известување за воени злосторства

Нејра Муаломеровиќ, програмски соработник, објаснува дека главниот фокус на програмата е обезбедување постојан и ажуриран проток на информации во врска со проблемите за транзициона правда; главно, судења за воени злосторства, во регионот. Ова се достигнува преку мрежа посветени дописници ширум поранешна Југославија; како и придонесители од останатите медиуми, организации на граѓанското општество, владини институции и академски работници. „Ние сме единствениот медиум во регионот која детално ги третира судењата за воени злосторства, засновајќи се на факти. Мислам дека ова е едно од најзначајните нешта кои транзиционата правда на Балканот го достигнала во текот на последните десет години,“ вели Нејра.

Меѓутоа, со оглед на тоа што бројот на воени злосторства се намалува; програмата започнала со развој на други активности со истата цел, употребувајќи го своето искуство и информациите со кои располагаат. Еден од нивните проекти е податочна база за масовни гробници. Програмскиот тим работи на случајот од 2020 година, соочувајќи се со предизвици поради големиот број масовни гробници и разнесените информации. Нејра објаснува дека поради тоа што информациите не се на едно место, а повеќето од нив достапни само во хартиен оригинал, програмскиот тим морал да посети бројни институции и организации. Заедно со фотограф, посетиле и локации на коишто се наоѓаат масовни гробници за да можат да ги снимаат и евидентираат во податочната база. Потоа, информациите биле јавно споделени.

За време на посетите им станало јасно дека повеќето од масовните гробници не се означени, не им е оддадено почит, ниту, пак, имаат пристап. „Некои од нив беа на приватен имот, некои беа претворени во депонии, а врз некои беа изградени цркви,“ вели Нејра.

Но, тимот успеал да лоцира, снима, фотографира и архивира во својата податочна база неколку дузини локации, а работата продолжува.

„Мислам дека сите кои работеа со Балканската мрежа за истражувачко новинарство во текот на овие десет години ја согледаа својата работа и од аспект на влијание врз идните генерации и начинот на којшто тие ќе гледаат на историјата.“

За проектот

Програмата за транзициона правда на Балканот е регионална платформа која има за цел подобрување на разбирањето на општата јавност за проблеми од доменот на транзиционата правда во земјите на поранешна Југославија (БиХ, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Програмата е поддржана од ЕУ, Агенцијата за меѓународен развој и соработка на Шведска, како и амбасадата на кралството Холандија.

Уште една од неодамнешните иницијативи на програмата е музејот „Репортерска куќа“ кој ќе биде отворен, во Сараево, оваа есен. Се работи за првиот независен и непрофитен регионален музеј во Балканот, кој ќе ја прикаже сеопфатната приказна, раскажана од новинарска перспектива, за распадот и војните во Југославија, како и нивните последици. Музејот ќе биде лоциран во центарот на градот, во зграда на три ката, на простор од 600 метри квадратни. Првите два ката ќе бидат наменети за постојана изложба; раскажувајќи ја приказната на воените злосторства извршени во поранешна Југославија, вклучително и приказни на бегалци, етничко прочистување, геноцид и воени кампови, како и животот на новинарите за време на војната. Третиот кат ќе добие функција на заеднички простор за новинари, граѓанското општество и пошироката јавност и ќе биде наменет за дискусии поврзани со конфликтното новинарство и улогата на медиумите денес.

Нејра признава дека темите за транзициона правда не се лесни за третирање. „Меѓутоа, мислам дека сите кои работеа со Балканската мрежа за истражувачко новинарство во текот на овие десет години ја согледаа својата работа и од аспект на влијание врз идните генерации и начинот на којшто тие ќе гледаат на историјата,“ вели таа.

 

Борење против загадувањето преку границата

Прекуграничните општини во Северна Македонија и Србија ги здружуваат силите во борба против загадувањето

Граничните места Липково, во Северна Македонија, и Прешево, во Србија, се две општини со малобројно население: Липково со 13000, а Прешево со 27000 жители. Со оглед на тоа што поголемиот дел од нивното население живее во рурални подрачја; двете општини делат заедничка култура, традиции, економски систем и цврсти семејни и пријателски врски. Меѓутоа, споделуваат и заеднички проблем: високо ниво на загаденост поради незаконските депонии. Во општината Прешево има 11 незаконски депонии, а во Липково седум.

И двете општини имаат систем за собирање отпад организиран преку јавни претпријатија. Но, овие претпријатија не можат целосно да ги покријат потребите на нивните општини. Претпријатието „Pisha“ во Липково, покрива десет села од вкупно дваесет и две населени места во договорената зона за собирање отпад; додека, пак, претпријатието „Moravica“, на српската страна, покрива единаесет села од вкупно триесет и четири населени во општината. Растечкиот проблем на села кои не се опслужени не можел да биде решен на општинско ниво поради недостатокот на средства и координација, па двете општини одлучиле да побараат надворешна поддршка за решавање на проблемот.

„Бројот на луѓе со заразни болести беше особено висок во споредба со малата големина на општините, и беше очигледно дека една од главните причини се незаконските депонии и загадената средина.“

Здружени сили за подобра средина

Александар Гумберовски е проектен менаџер на општината Липково. Тој објаснува дека според официјалните податоци, добиени од регионалната болница во Врање, бројот на лица со заразни болести во општината Прешево бил 20 во 2017 година, 30 во 2018 година и 35 во првата половина од 2019 година. На другата страна од границата, во Липково, бројот на лица со заразни болести бил 23 во 2017 година, 38 во 2018 година и 42 во првата половина од 2019 година; прикажувајќи континуиран пораст на заразените. „Бројот на луѓе со заразни болести беше особено висок во споредба со малата големина на општините, и беше очигледно дека една од главните причини се незаконските депонии и загадената средина,“ вели Александар.

Поради, нивната, претежно, рурална економија и големина, ниту една од општините не поседува доволно средства за соодветно да ги покрие услугите за своите жители, и затоа не биле во можност да обезбедат услуга за собирање отпад за сите жители. Но, со оглед на тоа што општината Липково има добро искуство со поддршка од донатори; ги здружиле силите со соседната општина Прешево, на српската страна од границата, и одлучиле да се пријават за финансирање од ЕУ со цел решавање на проблемот.

Заедно развија проект наречен „Помалку отпад, помалку ризик, повеќе здравје“ и добија поддршка од Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Србија; финансирана од ЕУ. Преку проектот, набавија два камиона за собирање отпад, 20 поголеми контејнери за отпад и преку 1700 помали канти кои ги доставиле низ домаќинствата во регионот.

„Овие општини се неразвиени и има недостаток на средства во скоро секој сектор. Оттука, поддршката на ЕУ е значајна за решавање на нашите проблеми; понекогаш дури и најосновните.“

За проектот

Проектот за прекугранична соработка, „Помалку отпад, помалку ризик, повеќе здравје“, финансиран од ЕУ, започна на почетокот од 2021 година и ќе трае до крајот на 2022 година. Целосната вредност на проектот е преку 250000 евра; а околу 85 % од средствата се обезбедени од ЕУ. Клучните цели на проектот вклучуваат: зголемување на капацитетите за управување со човечки создадени ризици и штети поврзани со складирање цврст отпад и заштита на средината, зголемување на капацитетот и подобрување на пристапот на институциите кон услугите за организирано собирање отпад, подигнување свест меѓу локалното население за последиците од загадувањето и ублажување на заразните болести.

Покрај поддршката со опрема, проектот отпочнал и кампања за подигнување на свеста, со летоци и видеа; со цел промена на навиките на жителите кон средината, охрабрувајќи ги да ги користат ново набавените канти за нивниот отпад.

Ова не е првиот проект, финансиран од ЕУ, кој општината Липково го користи. Александар објаснува дека затоа што општината е, исто така, на граница со Бугарија и Косово; имала прилика да биде дел и од нивните прекугранични програми за соработка. „Овие општини се неразвиени и има недостаток на средства во скоро секој сектор. Оттука, поддршката на ЕУ е значајна за решавање на нашите проблеми; понекогаш дури и најосновните,“ вели тој.

Младите европски амбасадори учествуваат во дебатен караван во Србија

Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) од Србија; Адријана Никитовиќ и Димитрије Прокоповиќ, зедоа учество во Школскиот дебатен караван на ЕУ, организиран од 23. до 26. мај. Караванот беше организиран од ЕУ Инфо центрите во Србија, со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Србија, како и од програмата „ЕУ за туризам и културно наследство“.

 

За време на четиридневниот караван, заедно со учесници од Школата за дебата на ЕУ, младите европски амбасадори ги посетија Гамзиград, Голубац, Кладово, Неготин, Смедерево, Сребрено Езеро и Зајчар. Во Кладово, Неготин и Смедерево, Адријана и Димитрије ја презентираа мрежата на млади европски амбасадори и го промовираа третиот повик за учесници. Димитрије, исто така, зборуваше за повикот и на локалните медиуми. Вториот ден, амбасадорот на ЕУ во Србија – Емануел Жиофре, го посети караванот и дискутираше со учесниците за иднината на ЕУ и Србија.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.

Младите европски амбасадори спроведуваат работилници за медиумска писменост во училиштата

Започнаа работилниците за медиумска писменост, организирани од младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)), за учениците во основните училишта во Западен Балкан. Првата работилница зазеде место во Зеница, Босна и Херцеговина, каде младите европски амбасадори, Драгана Вучковиќ и Џулиса Отузбир, одржаа работилница за седмооделенците во основното училиште „Мирослав Крлежа“.

 

Претходно, младите европски амбасадори следеа обука за младински обучувачи за основите на медиумската писменост. Сега се подготвени да го споделат своето знаење со младите ученици кои се корисници на медиумски содржини, особено на социјалните медиуми. Водени според идејата дека е неопходно да се ангажира младината во создавањето и ширењето на знаењата за медиумска писменост, главната цел на врсничките работилници е да ги едуцираат младите за важноста од соодветно консумирање на медиумските содржини.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.

Форум на граѓанско општество 2022

Проектот „TACSO 3“, финансиран од ЕУ, го објави претстојниот Форум на граѓанско општество ЕУ – Западен Балкан и Турција 2022 и ги повикува лидерите на организациите на граѓанското општество, како и искусните активисти на граѓанското општество и масовните организации, да се пријават како соработници за сесиите на форумот и како учесници на настанот.

 

Форумот на граѓанско општество 2022 (Форум ’22) ќе се одржи на 8. и 9. јуни како хибриден настан; истовремено со присуство и виртуелно. Ќе биде избран ограничен број учесници, до 120 на број, за учество со присуство во Скопје. Далечинското учество ќе овозможи активно видео вклучување во сите сесии на Форумот ’22.

 

Форумот ’22 ќе ги обедини претставниците на граѓанското општество; вклучително и непрофитните организации, јавните власти, претставниците на ЕУ, донаторите и останатите чинители во сферата на развој на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција. Ќе претставува прилика за дискусија за тековната состојба на граѓанското општество во регионот, како и можност за заеднички акции од страна на ЕУ, јавните власти и граѓанските општества за идентификуваните предизвици.

 

Главна цел на Форумот ’22 е да го започне, презентира и дискутира натамошното спроведување на ревидираните Насоки на ЕУ за поддршка на граѓанското општество во регионот за проширување (2021 – 2027), за кои, во текот на изминатите две години, имаше опсежни консултации со граѓанското општество и кои се ревидираа врз основа на добиените повратни реакции и новиот развој.