Skip to main content

Автор: WeBalkans

Во тек е втората недела на Отворени денови за млади европски амбасадори ширум Западен Балкан

Низа отворени денови за промоција на новиот повик за млади европски амбасадори продолжи и минатата недела со презентација на мрежата, од страна на младите европски амбасадори, во Косово, БиХ, Северна Македонија и Србија.

 

На 9. јуни, младите европски амбасадори од БиХ беа домаќини на Отворениот ден за млади европски амбасадори во „Europe House“ во Сараево. Преку успешна соработка со Делегацијата на ЕУ во БиХ, настанот беше сочинет од презентација за младите европски амбасадори, прослава на триесет и пет годишнината на програмата Еразмус и жива дискусија со амбасадорот Јохан Сатлер. Дополнително, 50 млади освоија награди на квизот за млади европски амбасадори и одлично си поминаа, запознавајќи нови пријатели.

 

На 10. јуни, младите амбасадори од Косово беа домаќини на Отворениот ден за млади европски амбасадори во „Europe House“ во Приштина. Во истата прилика, младите европски амбасадори и Делегацијата на ЕУ организираа отворена дискусија помеѓу амбасадорот на ЕУ во Косово, Томаш Суњог и присутните млади. Неделата заврши со отворените денови во Струмица и Ниш каде што младите европски амбасадори се сретнаа со нивните врсници и ги поканија да се приклучат во мрежата и да бидат третата генерација млади европски амбасадори 2022.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.

Заштита на правата на луѓето во движење

Со поддршка на ЕУ, црногорска невладина организација ги поддржува мигрантите со бесплатни правни услуги.

Ирфан* има 30 години и потекнува од Мароко, но за својата татковина вели: „Човековите права не се почитуваа, немаше работа: економијата беше слаба. Сè беше лошо!“. Пребегнал од Мароко во 2011 година; најпрво во Турција, со обичен лет. Набрзо, морал да ја напушти државата и притоа за првпат стапил во контакт со криумчари. Го префрлиле во Грција, а потоа во Албанија, сè додека, на крај, не пристигнал во Црна Гора. „Мојот живот беше во рацете на криумчарите. Можеа да направат што сакаат со мене; немав право на збор. Пристигнав во Црна Гора и се обидов да избегам, но немав сила да продолжам,“ додава Ирфан.

Ирфан живее во Црна Гора преку 10 години. Набрзо, по пристигнувањето, нашол работа во хотел каде што се вљубил во Црногорката Јована*. Сега се во брак и имаат две прекрасни деца. Во меѓувреме, Ирфан го научил и црногорскиот јазик и, на многу начини, се почувствувал целосно интегриран во општеството на неговиот нов дом. Меѓутоа, ова не било случајот од правна перспектива. Имал право да се пријави за црногорско државјанство, но, поради правни компликации; а и поради фактот дека одредени закони се контрадикторни, сè уште не може да го ужива правото. За да го реши проблемот, тропнал на вратата на црногорската невладина организација, „Правен центар“, која овозможува правна помош за странци кои бараат азил во Црна Гора преку проект, финансиран од ЕУ, наречен „Мој адвокат – бесплатна и професионална правна помош за мигранти“, во соработка со „Caritas“. Сега, ја добива нивната правна помош за својот проблем.

„Поради малиот број на мигранти кои сакаат да останат во Црна Гора, владата нема политика за нивна интеграција во насока на образование и вработување.“

Бесплатна правна помош за тие кои имаат потреба

Лука Ковачевиќ е директор на невладината организација „Правен центар“, основана во 2007 година, со цел поддршка на луѓе во движење и воени бегалци во поранешна Југославија. На времето, Црна Гора не поседуваше дури ни основна правна инфраструктура поврзана со барателите на азил; како ни владин план за обезбедување поддршка за барателите на азил или раселените лица. Лука и неговиот тим, првично започнале со работа за поддршка на владата при надминување на овие пречки и владата ја вовела правната инфраструктура која се применува оттогаш.

Но, во меѓувреме, мигранти од други страни на светот започнале да пристигнуваат во Црна Гора и имале потреба од поддршка. Според статистиките на невладината организација „Правен центар“, преку 95 % од бегалците во земјата ја користат Црна Гора како пат за транзитирање, а само мал број од нив одлучуваат да останат; бидејќи повеќето од нив се насочени кон земјите со поголеми економски перспективи. Меѓутоа, тие што остануваат имаат потреба од поддршка. Лука објаснува дека владата нема многу да им понуди. „Поради малиот број на мигранти кои сакаат да останат во Црна Гора, владата нема политика за нивна интеграција во насока на образование и вработување,“ вели тој.

Обезбедување поддршка за овие мигранти и други кои гледаат на Црна Гора како пат за транзитирање е причината поради која невладината организација на Лука го отпочна проектот „Мој адвокат – бесплатна и професионална правна помош за мигранти“, во соработка со „Caritas“.

„Направивме преку 146 теренски посети: бевме во сите црногорски општини; посетувајќи ги и поддржувајќи ги мигрантите во формални и неформални собирања. Мигрантите коишто ги поддржавме минатата година беа од Авганистан, Алжир, Иран, Мароко и подалеку.“

За проектот

Проектот „Мој адвокат – бесплатна и професионална правна помош за мигранти“, финансиран од ЕУ, беше започнат на почетокот од 2020 година, а заврши во јули 2021 година. Целосната финансиска вредност на проектот беше преку 130000 евра. Проектот цели кон почитување на правата на различни категории мигранти преку обезбедување правна помош, информирање и советување, хуманитарна помош и психосоцијална помош; како и работа за зајакнување на капацитетите на локалните организации на граѓанското општество и релевантни институции за креирање политики во врска со миграцискиот менаџмент, интеграција на странци со статус на меѓународна заштита и реинтеграција на повратници.

*Имињата се променети за да се заштити приватноста

Преку овој проект, 677 корисници добија поддршка; од нередовни мигранти и луѓе кои бараат меѓународна заштита во Црна Гора, до повратници кои се враќаат врз основа на договор за повторен прием. Покрај правната помош, на мигрантите им беа доделени и 350 пакети со хуманитарна помош. „Направивме преку 146 теренски посети: бевме во сите црногорски општини; посетувајќи ги и поддржувајќи ги мигрантите во формални и неформални собирања. Мигрантите коишто ги поддржавме минатата година беа од Авганистан, Алжир, Иран, Мароко и подалеку,“ вели Лука.

Започната кампањата „Europeans Making A Difference“ („Европјани кои прават разлика“)

На 10. јуни, Европската служба за надворешна акција го започна четвртото издание на кампањата „Europeans Making a Difference“ („Европјани кои прават разлика“) во Италијанскиот културен институт во Париз. Во рамки на Европската година на младите, ова издание на кампањата „Europeans Making a Difference“ („Европјани кои прават разлика“)  ги прикажува младите од Западен Балкан кои прават работи што значат, во регионот и пошироко.

 

Високиот претставник/Заменик претседателот Жосеп Борел изјави: „Оваа кампања нуди платформа за луѓето кои ги поместуваат границите; кои инспирираат и отвораат врата за другите. Во нашата работа, среќаваме Европјани кои секојдневно прават разлика. Со оваа кампања, сакаме да ги истакнеме нивните приказни не само затоа што се добри и вистински човечки приказни, туку затоа што нивните приказни не се доволно познати во државите-членки на ЕУ, а не се ни доволно видливи во Западен Балкан, исто така.“

 

На промотивниот настан беа претставени инспиративни млади луѓе од Западен Балкан, во дебата, проследена од шест видеа кои ја прикажуваат нивната работа.

Европска соработка за зголемување на медиумското експериментирање и иновација

Од бизнис консултации и инкубатори до хакатони и акцелератори, независните медиуми ширум Европа можат да извлечат полза од бројните можности кои се нудат во рамки на смелата нова иницијатива за стимулирање иновација, одржливи бизнис модели и соработка. Започната на 1. јуни, двогодишната програма „Медиумска иновација во Европа: освежување на европскиот медиумски екосистем“ е предводена од глобалната мрежа на Меѓународниот институт за печат; нејзините уредници, новинари и медиумски чинители заедно со три непрофитни организации посветени на обезбедување помош за медиумските организации да можат да ѝ понудат на својата публика квалитетно новинарство.

 

Поддржана од ЕУ, иницијативата ќе ги обедини силите на партнерите на конзорциумот во мрежи за мобилизирање, раководење со програми за менторство и грантови, како и поддршка за медиумска иновација. Програмата „Медиумска иновација Европа“ има за цел да им помогне на медиумите да ги надминат предизвиците кои варираат од неуспешни бизнис модели и ниски приходи, па сè до намалена доверба од јавноста, „државно задушување“ на независните медиуми и останати политички притисоци.

ЕУ помага за енергетска ефикасност на јавните згради во Кантонот Сараево

Како дел од проектот „Енергетска ефикасност на јавните згради во Кантонот Сараево“, на 3. јуни се одржа церемонија која го одбележа завршетокот на работите за подобрување на енергетската ефикасност на претшколската установа „Лабудови“ во Сараево. Работите вклучуваат термичка изолација на фасадата, инсталација на термостатски вентили на постоечките радијатори, инсталација на калориметри и контроли за автоматско греење со циркуларна пумпа, замена на неефикасното осветлување со ЛЕД сијалици, како и подготвителни и придружни работи на реновацијата на зградата.

 

Овој проект е имплементиран под покровителство на Програмата за регионална енергетска ефикасност („REEP/REEP Plus“) за Западен Балкан. Европската Унија обезбеди 2 милиони евра во форма на грантови, додека, пак, Владата на Кантонот Сараево обезбеди 8 милиони евра преку заем од Европската банка за реконструкција и развој.

 

Програмата „REEP/REEP Plus“ е идентификувана во Економскиот и инвестициски план на Европската комисија како еден од клучните проекти од серијата „Реновациски бран“ кои придонесуваат за чиста енергија. Овие проекти, исто така, значително придонесуваат за намалување на емисијата стакленички гасови и ги подобруваат животните стандарди и здравјето на граѓаните. Тие се дел од целите на регулацијата и Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан, засновани на петте столба на Европскиот зелен договор.

„Паркот за опрашување“ („Pollinator Park“) инспирира средношколци на Светскиот ден на животната средина

По повод Светскиот ден на животната средина, „Europe House“ Подгорица организираше интерактивна промоција на „Паркот за опрашување“ („Pollinator Park“), прекрасниот свет на инсектите за опрашување, во виртуелна реалност. „Europe House“ ги покани учениците од стручното средно училиште „Иван Ускоковиќ“ и училиштето за електрично инженерство „Васо Алигрудиќ“ од Подгорица, кои добија можност, за прв пат, да ги испробаат слушалките за виртуелна реалност „Oculus VR“ и да „зачекорат“ низ виртуелниот свет на инсектите за опрашување. Средношколците, со видлив ентузијазам зборуваа за ова уникатно искуство по посетата на ливадата на Миро, Градската лабораторија и Кантината, кои се дел од „Паркот за опрашување“ („Pollinator Park“).

 

Комбинација од зоолошка, тематски парк, интерактивен музеј и кристална топка, „Паркот за опрашување“ („Pollinator Park“) ги транспортира посетителите во 2050 година, покажувајќи им каква би била иднината доколку инсектите за опрашување бидат истребени.

 

Европската комисија го креираше „Паркот за опрашување“ („Pollinator Park“) минатата година со цел подигнување на свеста и мобилизирање на општеството за заштита на инсектите за опрашување. Јавно-достапната алатка е достапна за музеи, училишта и други институции, чинители и партнери во Европа и пошироко. Истата, ги поддржува комуникацијата и едукативните активности за еколошката и климатска криза во декадата, неопходни за да се спаси нашата планета.

Кампања на ЕУ ги истакнува врските со БиХ

Под слоганот „Поврзани преку добро“ („Connected through good”), ЕУ во БиХ отпочна двомесечна кампања фокусирана на бизнис и претприемништво која ќе ја информира јавноста за достапните програми на ЕУ, начинот на аплицирање за грантови на ЕУ, како и презентација на успешни приказни од луѓе кои добиле поддршка од ЕУ во БиХ.

 

„Наша амбиција е да ја поддржиме БиХ со цел да стане подобро место за започнување бизнис со можност за раст. Нашата поддршка не се фокусира единствено на обезбедување грантови: работиме на тоа како да ги приближиме претприемачите, компаниите и властите. Економијата, во целост, единствено може да се справи со идните предизвици само ако бизнисите се отпорни,“ изјави амбасадорот Јохан Сатлер, шеф на Делегацијата на ЕУ и специјален претставник на ЕУ во БиХ.

 

Преку работилници, настани, подкасти, како и преку соработка со претприемачи, земјоделци, занаетчии и други кои придонесуваат, со своите деловни активности, за поотпорна БиХ; кампањата „Поврзани преку добро“ („Connected through good”) ќе го прикаже потенцијалот кој може да се постигне со цврста поддршка и соодветна експертиза. Кампањата можете да ја следите на Фејсбук, Инстаграм и Твитер профилите на Делегацијата на ЕУ во БиХ.

Организиран самитот „Western Balkans Road“ во Тирана

На 7. јуни, сите министри за регионален транспорт ја потпишаа заложбата „Посветеност за патишта на иднината“ („Dedication to Roads of the Future”) на самитот „Патишта во Западен Балкан“ („Western Balkans Road Summit“) кој се одржа во Тирана. Самитот беше организиран од Постојаниот секретаријат за транспортна заедница, Европската инвестициска банка и Европската банка за реконструкција и развој; под покровителство на Министерството за инфраструктура и енергија на Албанија. Истиот, ги обедини министрите од Западен Балкан, претставници на Европската комисија, како и практичари од патниот сектор, во дискусии за како да се создаде климатски отпорна, интелигентна и енергетски ефикасна патна мрежа во Западен Балкан.  
Развојот на продолжението на Транс-европската транспортна мрежа („TEN-T“) до Западен Балкан беше признаено како клучен приоритет, а властите се посветија и на бројни други; вклучително поставување системи за патно одржување, реновирање на постоечката инфраструктура, заедничка работа на интероперабилен систем за е-патарини, зголемување на безбедноста и изградба на станици за е-полнење ширум регионот. Еден од приоритетите, исто така, е и истражувањето на можностите за нудење дигитализација и иновација со цел привлекување на младите и жените во секторот и подобрување на услугите за бизнисите и луѓето.  
Учесниците на самитот ја изразија својата посветеност за општествена правда во патниот сектор преку фокусирање на основните права на работниците, како и здрава и безбедна работна средина. Промоцијата на поинклузивен, разнолик и родово-хармонизиран патен сектор ќе ги привлече младите и ќе овозможи подобри услуги за бизнисите и општата јавност. 

Завршува Форумот на граѓанското општество ЕУ Западен Балкан и Турција во Скопје

Во име на Генералниот директорат на ЕУ за соседство и преговори за проширување, третиот проект за Техничка помош за организации на граѓанското општество организираше Форум на граѓанското општество ЕУ Западен Балкан и Турција во Скопје, на 8. и 9. јуни. Форумот се организира за првпат од почетокот на пандемијата КОВИД-19.

 

Вкупно 120 учесници присуствуваа на Форумот, а дополнителни 100 го проследија во онлајн формат. Меѓу нив беа високи претставници од Европската комисија, делегации на ЕУ и владини делегации, како и најразлични претставници од граѓанските здруженија. Во насока на неодамнешните драматични настани во Европа; имено пандемијата КОВИД-19 и руската непријателска војна против Украина, форумот претставуваше прилика за подобро разбирање на предизвиците и можностите во регионот, како и улогата на граѓанското општество во обидот за одговор на истите.

 

Мишела Матуела, заменик-директорка на Директоратот за Западен Балкан при Генералниот директорат на ЕУ за соседство и преговори за проширување, изјави: „Западен Балкан останува приоритет за ЕУ, а ЕУ е целосно посветена за унапредување на пристапниот процес. Во оваа рамка, организациите на граѓанското општество се клучни партнери. Сите вклучени чинители треба да работат со заедничка визија за оптимизација на улогата на граѓанското општество. Во оваа насока се истакнуваат „Насоките за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување 2021 – 2027“. Потребно е да се стави посебен фокус на младата генерација, да им овозможиме да го претворат регионот во привлечно место за живот, водење бизнис и остварување на нивните амбиции.“

 

Главната цел на форумот беше да ги претстави ревидираните „Насоки за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување 2021 – 2027“. Насоките ги исцртуваат целите за поддршката на ЕУ за граѓанското општество, обезбедувајќи алатка за владите за подобрување на соработката со граѓанското општество и обезбедување помош за мерење на напредокот кон исполнувањето на условите за интеграција во ЕУ.

 

Помеѓу 2014 и 2020 година, ЕУ обезбеди околу 330 милиони евра поддршка за граѓанското општество преку Инструментот за граѓанско општество и Програмата за медиуми; додека, пак, сумата предвидена за периодот 2021 – 2023 изнесува 218 милиони евра. Насоките ќе ѝ помогнат на ЕУ да го процени влијанието на оваа поддршка.

Отворени денови на „YEA“ (Млади европски амбасадори) започнуваат ширум Западен Балкан

Серија отворени денови во знак на промоција на новиот повик за Млади европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEA)) започна минатата недела, со претставување на нивната мрежа во Тирана, Скопје и Белград.

 

На 1. јуни, младите европски амбасадори од Албанија беа домаќини на настанот „Отворен ден на млади европски амбасадори“ кој се одржа во „Europe House“ Тирана со средба и официјална презентација на мрежата „Млади европски амбасадори“. Скоро сите млади кои учествуваа пополнија апликација за станување млад европски амбасадор.

 

На истиот ден, беше одржан и „Отворен ден на млади европски амбасадори“ во Скопје, во „East Gate Mall“, со амбасадорот Дејвид Гир и претставници од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија и „Europe House“ Скопје.

 

„Отворениот ден на млади европски амбасадори“ во Белград беше организиран на 3. јуни. Настанот започна со говор за добредојде; одржан од младата европска амбасадорка Адријана Никитовиќ и амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре, проследен од дискусија со младите европски амбасадори. Прашањата и коментарите на учесниците, главно, беа насочени кон ЕУ и младите, вклучително и референци за состојбата на процесот за проширување и можностите за младите.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.