Skip to main content

Автор: WeBalkans

Младите европски амбасадори се среќаваат со австриската министерка за правда г-ѓа Алма Задиќ

Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors – YEA) од БиХ: Армина Полјак, Никола Бодуловиќ, Хана Куниќ, Нејра Гурбета, Драгана Вучковиќ и Џулиса Отузбир имаа прилика да се сретнат со австриската министерка за правда, г-ѓа Алма Задиќ, која учествуваше во панел-дискусија, насловена „Каде одиш, БиХ?“, со амбасадорот на ЕУ, г. Јохан Сатлер и претставници на граѓанското општество од БиХ.

 

По дискусијата, младите европски амбасадори добија можност да разговараат со г-ѓа Задиќ и да ѝ ја претстават работата на Мрежата млади европски амбасадори, а зборуваа и за позицијата на младите во БиХ.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.

Поддршка за медиумска слобода и плурализам во Западен Балкан

Независни медиумски организации кои се основани и работат во Западен Балкан се поканети да земат учество во програмата Поддршка за медиумска слобода и плурализам во Западен Балкан; кофинансирана од ЕУ и владата на Германија, а имплементирана од ГИЗ, во соработка со „Internews“ и „DW Akademie“.

Конкретната цел на програмата е да ги зголеми капацитетите на професионалните и независни медиумски организации за подобра адаптација на променливата медиумска средина. Земајќи ги предвид ограничените финансиски и човечки ресурси на независниот медиумски сектор, програмата ќе обезбеди, исто така, и комбинација од неопходни инвестиции во капитал, персонализирана техничка поддршка и палета активности за градење капацитети во насока на подобрување на бизнисот и развивање на високо квалитетното новинарство.

 

Програмата ќе придонесе за севкупната цел за зајакнување на партиципативната демократија и процесот за приближување на Западен Балкан кон ЕУ; и тоа преку градење капацитети во медиумските куќи, како и стимулирање и овозможување соодветна средина за плуралистички медиуми.

 

Дваесет гранта, со максимална вредност од 150000 евра, ќе бидат доделени преку оваа програма. Проектите, пак, се очекува да траат до три години.

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој финансираат патна делница од Скопје до косовската граница

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој (European Bank for Reconstruction and Development – EBRD) финансираат делница на новиот автопат во Северна Македонија; од главниот град Скопје до клучката Блаце, во близина на границата со Косово. Новиот пат ќе овозможи побрзи и полесни врски за трговија и за граѓаните.

 

Инвестициски грант од ЕУ, во висина од 20,8 милиони евра, како и 8,8 милиони евра финансии за техничка соработка за подготовка, имплементација и супервизија на работата, ќе бидат надополнети со заем од 167,6 милиони евра од Европската банка за реконструкција и развој за изградба на автопатот. Оваа стратешка делница ќе ги подобри врските помеѓу регионот и ЕУ. Истата е дел од транспортната артерија од Скопје до престолнината на Косово, Приштина, која последниве години забележува зголемен сообраќаен волумен и е дел од поголема европска патна мрежа која ги поврзува Шведска и Грција преку Западен Балкан.

 

Новиот автопат со две коловозни ленти ќе се движи паралелно со постоечкиот магистрален пат А4; едностепен коловоз изграден пред повеќе од 50 години. Ова ќе доведе до значајни подобрувања во сообраќајот и патната безбедност. Исто така, се очекува и позитивно влијание врз вработувањето преку подобрената поврзаност и економска интеграција во регионот.

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој ја поддржуваат транзицијата кон соларна енергија во Северна Македонија

Плановите за декарбонизација во Северна Македонија прават значаен исчекор напред. ЕУ ја поддржува Електрана на Северна Македонија (ЕСМ), електрична компанија во државна сопственост, во имплементацијата на 30 мегаватен фотоволтаичен проект кој се состои од 10 мегавати на дел од веќе исцрпен рудник за јаглен на термоелектраната Осломеј и дополнителни 20 мегавати од термоелектраната Битола. ЕУ ќе обезбеди грант, во вредност од 5 милиони евра, преку Инвестициската рамка Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework – WBIF). Европската банка за реконструкција и развој ќе позајми 25 милиони евра за надополнување на развојот на проектот.

 

Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија изјави: „Сведоци сме на конкретни акции за материјализирање на Зелената агенда за Западен Балкан и претворање на Економскиот и инвестициски план во реалност. Грантот на Инвестициската рамка Западен Балкан и заемот на Европската банка за реконструкција и развој, ја поддржуваат трансформацијата на електраните Осломеј и Битола од јаглен кон соларна енергија и претставуваат јасен показател дека државата ги презема соодветните чекори насочени кон зелена енергија; имплементирајќи, истовремено, општествено праведен транзициски процес. Оваа инвестиција беше одамна одложена и доаѓа во вистински момент за Северна Македонија; обезбедувајќи чисто и безбедно енергетско снабдување.“

 

Новите соларни централи се продолжение на првата фотоволтаична централа од 10 мегавати; изградена на исцрпениот рудник за јаглен Осломеј, и се доказ за патот кон декарбонизација на ЕСМ и државата. Откако ќе станат оперативни, новите објекти ќе произведуваат приближно 48 гигавати електрична енергија годишно – доволно за снабдување 10000 домови и замена на 44000 тона CO2 годишно. Проектот ќе го поддржи, исто така, и напорот на ЕСМ за регенерирање на рудниците кои ги снабдувале термоелектраните со јаглен.

Доделени клучевите од 20 станови на корисниците на Регионалната програма за домување во БиХ

Неделава, 20 семејства бегалци во Власеница, БиХ, го прославија добивањето на клучевите од нивните нови станови изградени под покровителство на Регионалната програма за домување (Regional Housing Programme – RHP). Покрај корисниците на програмата, на настанот присуствуваа и претставници на ЕУ, Владата на Република Српска и УНХЦР.
Честитајќи им на добитниците, Стефано Елеро, шеф за соработка при Делегацијата на ЕУ во БиХ, потенцира дека ЕУ е најголемиот донатор на Регионалната програма за домување и додаде дека без поддршка од ЕУ не би било возможно да се изградат зградите во Власеница. Овие зборови беа потврдени и од Премиерот на Владата на Република Српска – Вишковиќ, кој исто така се заблагодари и за придонесот на општината Власеница која ја обезбеди локацијата за изградба на становите и неопходната инфраструктура.    
Корисниците не можеа да го сокријат своето задоволство. Горан и Далиборка Зорановиќ, дислоцирани од Кладањ, БиХ, својот стан го опишаа како „убав“; додека, пак, Раденко Белмиш изјави дека му олеснило што најпосле добил дом за своето петочлено семејство. Во име на корисниците на програмата, г. Белмиш им се заблагодари на донаторите кои обезбедија финансиски средства за изградба за Програмата за регионално домување. Неговата сопруга изјави дека ова е најсреќниот момент во нејзиниот живот.

ЕУ донира 150 детектори за метал за воените сили на БиХ

Заедно со високи воени претставници од Воениот комитет на ЕУ, 27-те амбасадори на Политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ донираа 150 детектори за метал за Баталјонот за деминирање на воените сили на БиХ на крајот од нивната посета на БиХ. Детекторите за метал му беа врачени на министерот за одбрана на БиХ и се првите апарати доставени како дел од мерката помош во склоп на Европскиот мировен фонд, во вредност од 10 милиони евра, а кој вклучува, исто така, и 34 транспортни возила, како и 34 медицински возила.

 

Европскиот мировен фонд е нов механизам на ЕУ за градење на одбранбените капацитети на ЕУ и нејзините најблиски партнери. Дополнително на мерката за помош за подобрување и надградување на способностите на Баталјонот за деминирање на воените сили на БиХ, ЕУ неодамна одобри и мерка помош, вредна 6 милиони евра, за подобрување на капацитетите на Балканската медицинска оперативна група.

   

Амбасадорите ја поздравија соработката на БиХ со ЕУ во доменот на надворешни работи, безбедност и одбрана, која е неопходна за меѓусебна стабилност и просперитет и уште дотолку важна за време на неоправданата руска агресија кон Украина. Посетата, на високо ниво, вклучи и средба со војниците и командантот на „ЕУФОР Алтеа“ (EUFOR Althea).

Производство на грицки со сончева енергија

Претпријатие од БиХ стана приближно целосно енергетски независно преку инсталирање соларни панели со поддршка на ЕУ.

Претпријатието „Voćar“, од Брчко, беше основано пред 30 години. Во босанскиот јазик, името на компанијата означува „одгледувач на овошје“, а „семето“ на претпријатието било засадено од Авдо Мусиќ пред многу децении. Тој бил еден од најголемите производители на сливи во регионот кои ги продавал на локалните пазари. Во 1989 година, кога социјалистичка Југославија започнала економски да се либерализира, а на граѓаните им било дозволено да отворат приватни претпријатија, неговиот син, Мехо, одлучил да го издигне бизнисот и официјално го регистрирал и отворил претпријатието „Voćar“. Денес, „Voćar“ произведува широка палета грицки; од наполитанки и колачиња, па сè до пуканки и путер од кикиритки. Слоганот на претпријатието е „За подобар вкус на животот!“.

Денес, претпријатието го раководи внукот на Авдо, Есед Мусиќ. Есед објаснува дека патувањето од одгледување сливи до производство на грицки било предизвикувачко. За време на војната во БиХ, семејството, како и многу други семејства, за малку ќе загубело сè; а кога војната завршила, морале да започнат скоро од почеток. Во тој момент помислиле дека би можеле да ја прошират палетата производи. „Во тоа време скоро и да немаше производство во БиХ: сè беше увезено од странство. Одеднаш, се отвори голем пазар, па одлучивме да ја искористиме приликата и да се фокусираме на замена за увезените производи,“ вели Есед.

„Инсталирањето сопствен систем со соларни панели ќе беше огромен финансиски товар за нас. Поддршката од ЕУ беше навистина неопходна: ни даде „ветер во едра“ за да продолжиме со планирање на нашата работа и долгорочен развој.“

По војната, започнале само со пет работници, а денес „Voćar“ има 60 постојано вработени работници и бројни надворешни соработници кои извлекуваат полза од соработката со претпријатието. По 30 години, претпријатието произведува повеќе од 100 различни производи кои ги нудат на своите клиенти во БиХ, но, исто така, и во САД, Австралија, земјите во ЕУ и други.

Меѓутоа, пандемијата имаше влијание врз операциите на претпријатието како и врз глобалната економија. Есед раскажува дека за време на кризата започнале да размислуваат за тоа како би можеле сериозно да ги намалат трошоците за да можат да останат профитабилни. Првиот трошок на кој помислиле била сметката за електрична енергија, но секоја инвестиција била скапа, а во дадените околности, обидот за таква инвестиција делувал непрактичен.

Но, во 2021 година, со помош на проектот „EU4AGRI“, финансиран од ЕУ, долгогодишниот сон се остварил за претпријатието „Voćar“, бидејќи добиле можност да инвестираат во систем соларни панели кој им овозможил да задоволат 65 % од нивната целосна потреба за електрична енергија. „Инсталирањето сопствен систем со соларни панели ќе беше огромен финансиски товар за нас. Поддршката од ЕУ беше навистина неопходна: ни даде „ветер во едра“ за да продолжиме со планирање на нашата работа и долгорочен развој,“ вели Есед.

„Нашите производи се направени со помош на зелена енергија и сме особено горди на тоа.“

За проектот

Проектот „EU4AGRI“ е четиригодишна иницијатива (2020 – 2024) која цели кон модернизирање на земјоделско-прехранбениот сектор, креирање нови работни места, како и задржување на веќе постоечките преку поддршка за закрепнување од кризата КОВИД-19 во БиХ. Целосната вредност на проектот, финансиран од ЕУ, изнесува 20,25 милиони евра; а истиот е заеднички имплементиран и кофинансиран од страна на Агенцијата за развој на Република Чешка и Програмата за развој на Обединетите Нации во БиХ.

Досега, проектот „EU4AGRI“ ги поддржа земјоделците и претприемачите во БиХ со 45 инвестиции, вредни 5,5 милиони евра; од кои 3,2 милиони евра беа финансирани од ЕУ.

„Соларните панели беа поставени на покривот на нашите простории за производство и складирање кои беа идеални во поглед на локација и форма на покривот,“ објаснува Есед. „Нашата соларна електрана зафаќа 1000 метри квадратни и произведува 150 киловати електрична енергија; која има огромно влијание врз нашата енергетска независност.“ Трошоците за изградба на соларната електрана беа околу 83000 евра; од кои околу 54000 евра беа обезбедени преку проектот „EU4AGRI“, а околу 29000 евра од страна на претпријатието „Voćar“.

Додатна вредност на проектот е намалувањето на емисијата јаглероден диоксид (CO2) на претпријатието за, приближно, 76 %; намалувајќи го, на овој начин, и нејзиното негативно влијание врз животната средина. Како што Есед вели: „Нашите производи се направени со помош на зелена енергија и сме особено горди на тоа.“

Досегашните резултати беа поттик за „Voćar“ да ги задоволи своите потреби за електрична енергија единствено од обновливи извори во претстојниот период. Есед објаснува: „Имаме уште достапни површини на покривите кои ги исполнуваат критериумите за инсталирање соларни електрани и сакаме да достигнеме 100 % енергетска независност. На овој начин, дополнително ќе придонесеме за заштита на животната средина.“

Роботска рака која резултира со добро нахранети риби

Лабораторија, поддржана од ЕУ, им овозможува на браќа од Црна Гора да развијат уред за управување со количината и квалитетот на храната за риби.

Богдан и Горан Максимовиќ се браќа од Никшиќ, Црна Гора. Помладиот брат, Богдан, е експерт за ИТ, а неговиот помлад брат, Горан, е електричар и страстен рибар. Кога ги здружиле силите, заедно го креирале иновативниот уред за хранење риби. „Денешниот процес за хранење на рибите е прилично старомоден: истиот од пред 50 години. Луѓето не знаат ни колку риби имаат во рибарникот, а уште помалку колку храна им е потребна; па, затоа, смисливме систем кој може да помогне со штедење храна, а, на тој начин, и пари,“ вели Горан.

Горан понатаму објаснува дека немањето претстава колку храна им е потребно на рибите може да создаде други проблеми; како, на пример, прекумерната храна може да ја загади водата и да доведе до смрт на рибите. „Сега, сите овие проблеми се решени,“ вели Горан. Уредот за хранење риби кој го креирал со својот брат може да се користи за програмирање и набљудување на храната која им се дава на рибите. Врз основа на овие информации, уредот може да пресмета колку храна им е потребно дневно. Уредот работи на соларен панел, па, оттука, енергијата е ефикасна и мобилна; а направата може да се користи во рибници на оддалечени места; како, на пример, високите планини.

„Моравме да воведеме и објасниме, од самата основа, концепти како иновација, стартапови и технологија. Но, успеавме да создадеме одреден вид на епицентар од добра енергија, идеи, проекти и способности, и сме особено среќни за тоа.“

Место за иновација

Уредот за хранење риби беше развиен и тестиран во Центарот за иновации и претприемништво „Tehnopolis“, во Никшиќ, кој е центар за развивање стартап претпријатија и претприемништво. Неодамна, проект, финансиран од ЕУ, со наслов „Подобрување на инфраструктурата за истражување и иновација која може да се употреби со цел поддршка на развој на мали и средни претпријатија“, го поддржа „Tehnopolis“ во формирањето нова лабораторија за индустриски дизајн, биотехнолошка лабораторија и податочен центар. 3Д моделот за уредот за хранење риби беше развиен во лабораторијата за индустриски дизајн; опремена со најсовремен 3Д принтер, компјутерско нумеричко контролни машини и роботска рака.

Ѓорѓије Брукљан е одговорен за Центарот за програмски активности, истражување и развој во „Tehnopolis“, основан во 2014 година од страна на владата на Црна Гора како непрофитна организација со ограничена одговорност во владина сопственост. Ѓорѓије објаснува дека почетокот бил особено тежок затоа што во Никшиќ немало активности од технолошки карактер пред отворањето на „Tehnopolis“. „Моравме да воведеме и објасниме, од самата основа, концепти како иновација, стартапови и технологија. Но, успеавме да создадеме одреден вид на епицентар од добра енергија, идеи, проекти и способности, и сме особено среќни за тоа,“ вели Ѓорѓије.

Ѓорѓије објаснува дека нивната целна група е доста широка и вклучува мали деца, возрасни луѓе во своето средно и поодминато доба, студенти, стартапови и претприемачи, тимови за развој, микро, мали и средни претпријатија, земјоделски производители, институции, инвеститори, локални и регионални партнери и други.

„Моментално, околу 40 иноватори се служат со податочниот центар, лабораторијата за биотехнологија; како и лабораторијата за индустриски дизајн, во нашиот центар, целосно финансиран од ЕУ.“

За проектот

Проектот „Подобрување на инфраструктурата за истражување и иновација која може да се употреби со цел поддршка на развој на мали и средни претпријатија“, финансиран од ЕУ, овозможи поддршка за „Tehnopolis“ за развој на инфраструктурните капацитети на биохемиската лабораторија, лабораторијата за индустриски дизајн и податочниот центар. Проектот резултира со креирање на иновативна платформа за поддршка на нови услуги и производи во Црна Гора, како и конкурентност на постоечките мали и средни претпријатија; овозможувајќи помош за развивање нови мали и средни претпријатија ориентирани кон технологијата. Целосниот буџет на проектот изнесуваше 818000 евра.

Досега, „Technopolis“ има имплементирано околу 30 проекти, од кои 16 се сè уште во тек. Преку 90 % од средствата за овие проекти се обезбедени од ЕУ; која го поддржува „Technopolis“ со околу 4 милиони евра, преку различни програми, во текот на последните пет години. „Моментално, околу 40 иноватори се служат со податочниот центар, лабораторијата за биотехнологија; како и лабораторијата за индустриски дизајн, во нашиот центар, целосно финансиран од ЕУ,“ вели Ѓорѓије.

„Исто така, ги развиваме и нашите човечки ресурси за да бидеме сигурни дека имаме луѓе со соодветни вештини за ракување со опремата. Ова значи дека, во иднина, ќе можеме да обезбедиме поголема поддршка за земјоделците, иноваторите и малите и средни претпријатија кои сакаат да го подобрат својот производствен процес и да станат поконкурентни на пазарот,“ заклучува тој.

ЕУ финансира техничка помош за проектот за управување со отпадни води во Драч, Албанија

Техничката помош на Инвестициската рамка Западен Балкан (The Western Balkans Investment Framework (WBIF)) за проектот за управување со отпадни води во Драч, Албанија, беше објавена на 25. мај, во Тирана, во присуство на главните чинители; вклучително и Јавната услуга за водовод и канализација, Националната агенција за водовод и канализација и инфраструктура за отпад, Државната агенција за стратешко програмирање и придружна координација, Делегацијата на ЕУ во Албанија, како и претставници на „Инвестициската рамка Западен Балкан“, Француската агенција за развој и Инфраструктурниот проект 11 кој ќе го имплементира проектот.  
Проектот има за цел подобрување на животните и крајбрежно-еколошки услови на 350000 жители во регионот Драч. Истиот, оваа цел ќе ја достигне преку одделување на дождовната вода и канализациската мрежа во регионот, намалување на дождовниот внес во прочистителната станица за максимизирање на волуменот отпадна вода и биолошко оптоварување на постоечката прочистителна станица; користејќи ја со својот максимален капацитет и избегнувајќи заобиколување за време на дожд. Проектот ќе го подобри квалитетот на површинските и подземните води во регионот и Јадранското море, позитивно влијаејќи на биодиверзитетот (адаптацијата на климатската промена) и туризмот (економски развој).  
Мрежата за собирање отпадна вода во Драч е стара, сочинета од бетонски цевки кои се склони кон инфилтрација, без соодветен наклон и, честопати, претрпуваат блокади. Поголемиот дел од канализациските системи се комбинирани и ја собираат дождовната вода заедно со отпадната вода. Оттука, значаен волумен отпадна вода се влева во морето како резултат на слабата поврзаност, инфилтрацијата на отпадни води и истекувања за време на суво и дождовито време.  
Преку Инвестициската рамка Западен Балкан, ЕУ обезбедува грант за техничка помош во вредност од 500000 евра. Проценетата инвестициска вредност на проектот за управување со отпадни води во Драч изнесува околу 40 милиони евра и се очекува да биде финансирана преку заем од Француската агенција за развој и локални извори.

Косовски проект меѓу добитниците на Европските награди за наследство 2022

Европската комисија и „Europa Nostra“ ги објавија добитниците на Европските награди за наследство / Наградите „Europa Nostra“ за изданието 2022. Годишната награда на ЕУ за културно наследство наградува 30 одлични иницијативи и извонредни личности од 18 европски држави; претставувајќи ги најновите развои и приоритети поврзани со политиката и практиките за културно наследство во Европа.

  Категориите на наградата вклучуваат зачувување и адаптивно ре-употребување, истражувачко образование, обуки и вештини, граѓански ангажман и подигнување на свеста, како и шампиони на културно наследство.  

Годинава, проектот „Lumbardhi Public Again“ од Призрен, Косово, беше меѓу добитниците во категоријата граѓански ангажман и подигнување на свеста. „Lumbardhi Public Again“ е иницијатива за заштита на киното „Lumbardhi“ од приватизација и демолирање, како и барање за негово станување дел од културното наследство отворено за сите. Киното, кое се состои од внатрешни платна и кино на отворено, било изградено во 1950-те и уживало голема популарност во градот Призрен сè до доцните 1980-ти. По нивните кампањи во 2007 и 2014, организациите на граѓанското општество „DokuFest“ и „EC Ma Ndryshe“ ја основаа фондацијата Lumbardhi“ во 2015 година. Во текот на седум години, фондацијата ги достигна своите цели. Оживување на киното во соработка со „CHwB Kosovo“ и бројни локални и меѓународни партнери; вклучително и ЕУ, преку итни и реставрациски интервенции, овозможувајќи, околу 1000 јавни програми, кои допреа до повеќе од 100000 корисници и посетители.