Skip to main content

Автор: WeBalkans

Ветерот носи промени за производството на енергија во Северна Македонија

Поддршка на ЕУ за еколошка и енергетска револуција во државата.

Богданци е мал град во Северна Македонија, во близина на границата со Грција. Областа е позната по силните ветрови кои дуваат во текот на годината. Постојаниот ветер во Богданци е познат како Вардарец, дувајќи по течението на реката Вардар со просечна брзина од 7,2 м/с, што е особено силно за овој дел на Западен Балкан. Од таа причина, студијата за изводливост; финансирана од Инвестициската рамка за Западен Балкан, на ЕУ, го идентификува Богданци како идеална локација за првата ветерна фарма во Северна Македонија.

 „Сите ќе имаат корист од еколошката енергија произведена во ветерните паркови; без разлика дали станува збор за домаќинства или за индустрии, сите ќе користат еколошка енергија.“

Ветерниот парк се наоѓа на локација избрана по детална анализа на податоци и симулација на протокот на ветер. Изградбата на Фаза 1 од паркот, финансирана преку заеми од Банката за развој „KfW“ и компанијата за електрична енергија ЕЛЕМ, беше завршена во 2014 година и поседува капацитет од 36,8 МВ и просечно годишно производство од околу 112 гигават часа, со кои се снабдуваат околу 16000 домаќинства во југот на државата.

Во првата фаза беа поставени 16 ветерни турбини, а беше изградена и преносна линија, долга 11 километри, со капацитет од 110 КВ, заедно со трафостаница и пристапни патишта кои го поврзуваат ветерниот парк со енергетската мрежа. Фазата 2 е во тек и ќе додаде капацитет од 14 МВ за производство електрична енергија на веќе постоечката мрежа, со што ќе се добие целосен капацитет од 50 МВ според оригиналниот план.  

„Северна Македонија постави навистина амбициозни климатски цели. Најпрво, потпишувањето на Климатската спогодба во Париз и фактот дека државата е посветена на намалување на стакленичките гасови до 52 %. До крајот на деценијата, државата планира да ги затвори електраните кои работат на јаглен и тоа значително ја отежнува ситуацијата. Сите ќе имаат корист од еколошката енергија произведена во ветерните паркови; без разлика дали станува збор за домаќинства или за индустрии, сите ќе користат еколошка енергија,“ вели Роберт Сарламанов од Банката за развој „KfW“.

„Просечното годишно производство ќе биде околу 112 гигават часа. Поедноставно кажано, ќе ја покрива годишната потрошувачка на енергија за околу 16000 семејства, што приближно соодветствува на годишната потрошувачка на енергија на домаќинствата во околните градови Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран.“

За проектот

Инвестициската рамка Западен Балкан беше заеднички отпочната во 2009 година од страна на Европската комисија (Генерален директорат за соседство и проширување, поранешен „DG ELARG“, а сега „DG NEAR“), меѓународни финансиски институции и билатерални донатори; за зголемување на хармонизацијата и соработката за инвестиции за социо-економски развој на Западен Балкан. Заедно со корисниците од Западен Балкан, Инвестициската рамка Западен Балкан формира уникатни партнерства, дефинирајќи приоритети и пакети за поддршка, потребни за стратешки инвестиции и институционални реформи. Инвестициската рамка Западен Балкан продолжува да придонесува за европска перспектива на Западен Балкан; не само преку поддршка на инвестициски проекти кои ги подобруваат конкурентноста и развојот, туку и преку зајакнување на регионалната соработка и поврзаност.

Ветерниот парк има значајно влијание на снабдувањето со енергија во регионот. „Просечното годишно производство ќе биде околу 112 гигават часа. Поедноставно кажано, ќе ја покрива годишната потрошувачка на енергија за околу 16000 семејства, што приближно соодветствува на годишната потрошувачка на енергија на домаќинствата во околните градови Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран,“ вели Гоце Џамбазовски од Електрани Северна Македонија.

Изминатите години, Северна Македонија постигна голем напредок во Западен Балкан во насока на енергетска транзиција. Државата спроведува аукции за обновливи извори енергија, заменувајќи го јагленот со соларна енергија и гас; потпишувајќи стратешки инвестициски договори не само за големи ветерни паркови, туку и за фотоволтаични електрани. Според порталот „Balkan Green Energy“, производството електрична енергија во електраните за обновлива енергија лани пораснало за 14,7 % во споредба со 2020 година кога истото се намалило за 17,1 %. Уделот обновлива енергија во севкупното производство енергија исто така се зголемило, од 29,2 % на 31,4 %, благодарение на водечки проекти како што е и проектот Ветерен парк Богданци.

Едношалтерски пристап кој го трансформира вработувањето на младите

Нов образовен пристап, финансиран од ЕУ, функционира низ Западен Балкан

Организациите на граѓанското општество во Западен Балкан ги здружија силите за да воведат нов образовен пристап кој има за цел зголемување на вработеноста кај младите. Проектот има една позначајна партнерска организација во Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија. Во секоја држава, проектот работи на пополнување на празнините во услугите на образовните институции.

 

Не постојат брзи решенија за образовните предизвици, а тоа добро го знае Центарот за младинска работа од Нови Сад во Србија. Оваа организација со години работи со млади. Нуделе курсеви, работеле на застапување на младите, но тоа што навистина им го привлекло вниманието е вработувањето на младите.

 

„Добивме идеја за пилотирање интегрирани услуги за млади засновани на едношалтерски принцип.“

Центарот за младинска работа „CZOR“ воочил дека услугите до кои младите имаат пристап се поделени меѓу различни организации, па затоа корисниците морале да преминуваат од една кон друга програма за да се стекнат со неопходните вештини за вработување.

„Добивме идеја за пилотирање интегрирани услуги за млади засновани на едношалтерски принцип,“ вели Вања Калаба од „CZOR“. Пристапот бил успешен, а приближно повеќе од половина од младите кои биле дел од програмата добиле вработување или понуда за стаж. На тој начин, Калаба била убедена дека овој модел може да се развие во регионален проект.

Образованието добива регионален дострел

Центарот за младинска работа „CZOR“ успеал да ја издигне на регионално ниво својата специјализирана интервенција во младинското образование; и тоа со финансирање од ЕУ. Во пристапот им се придружиле организации од Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора; со надеж за зголемување на можностите на младите за наоѓање работа. „Сакавме да ги зајакнеме организациите преку креирање мрежа која ќе ги направи чинителите препознатливи и порелевантни; поддржувајќи ги да соработуваат со владата за младинско вработување и пристап до младите,“ вели Калаба од „CZOR“.

Пристапот имал посебен фокус на младите кои не се во образовен процес или, пак, во процес на вработување или обука. Стотици кандидати се пријавиле, надевајќи се да се стекнат со потребните вештини по едногодишна програма која вклучува дигитални вештини и претприемништво.

Партнерите кои ја нудат оваа услуга имаат богата експертиза за кариерно советување, претприемништво, дигитални вештини и социјални медиуми. Сега, овие организации ги обединуваат силите и на едно место ги подготвуваат кандидатите; од споделување на нивната експертиза, па сè до контактирање на потенцијалните работодавци.

„Запишувањето во овој образовен формат направи подобро да го разберам ИТ секторот и да го применам знаењето во иднина.“

За проектот

Проектот „Мојата кариера од 0 до херој“ (“My Career from Zero to Hero” (02hero)), финансиран од ЕУ, има за цел зајакнување на капацитетите на организациите на граѓанското општество; за да можат да бидат ефикасни и одговорни независни чинители кои ќе можат конструктивно да се вклучат во соработки со владите на идентификувани тематски приоритети за иновативни решенија за вработување на младите во Стратегијата за Западен Балкан. Проектот е интегриран модел за вработување на младите според „NEET“ (Not in Education, Employment, or Training) („NEET – Не во образование, вработување или обука“), заснован на едношалтерска методологија која ги овозможува на едно место сите услуги за вработување на младите и развивање на вештини потребни за идните работни места во дигиталната револуција 4.0.

Сајра Хаџиараповиќ учествувала на обуката организирана од партнерската организација во БиХ – „Центар за младинско образование“, во градот Травник. Вели дека специјално осмислениот курс од предавачи специјализирани за програмирање и веб-дизајн ги пополнил празнините во нејзиното образование. Особено го вреднува запознавањето со успешни претприемачи во улога на гости-говорници. „Запишувањето во овој образовен формат направи подобро да го разберам ИТ секторот и да го применам знаењето во иднина,“ вели Сајра Хаџиараповиќ која се надева дека сега има поголеми шанси за вработување.

Конзорциумот организации сега се фокусира на одржливост на моделот за да може да стане неопходната адреса за охрабрување вработување меѓу младите.

ЕУ, Европската банка за реконструкција и развој и Шведска ги поддржуваат малите и средни претпријатија и жените претприемачи во Црна Гора

Европската банка за реконструкција и развој ги поддржува жените претприемачи и малите бизниси во Црна Гора со нов финансиски пакет за Црногорската комерцијална банка АД, член на групацијата ОТП и најголемата банка во државата. Околу 3 милиони евра од заемот ќе бидат доделени за поддршка на инвестиции во бизниси управувани од жени. Малите и средни претпријатија ќе извлечат полза од иницијативи за грант, во висина од 15 % од целосната  вредност на заемот, финансирани од ЕУ.  
Финансиите ќе се обезбедат преку програмата „Жени во бизнис“, на Европската банка за реконструкција и развој, која промовира женско претприемништво и учество на жените во бизнисот. Жените претприемачи ќе имаат прилика да искористат наменски консултативни деловни услуги во рамки на програмата „Банкарски совети за мали бизниси“. Програмата „Жени во бизнис“ е ко-финансирана од владата на Шведска, која уште од 2014 година ја поддржува програмата во Западен Балкан.  
Заемот ќе им обезбеди на малите и средни претпријатија во Црна Гора пристап до финансии, овозможувајќи им да ги надминат своите дневни операции и да инвестираат во надоградувања за постигнување на стандардите на ЕУ. Малите и средни претпријатија ќе можат да го употребат финансирањето за унапредување на технологијата, процесите и услугите; особено оние поврзани со квалитетот на производите, здравјето и безбедноста, како и еколошките стандарди на ЕУ.

ЕУ и Меѓународната корпорација за финансирање го потпишуваат првиот од серија проекти на Економскиот и инвестициски план на ЕУ

На 19. декември, Катарина Матхернова, заменик генерален директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија и претседателка на Инвестициската рамка за Западен Балкан, во придружба на Алфонсо Гарсија Мора, заменик претседател за Европа, Латинска Америка и Кариби на Меѓународната корпорација за финансирање, го потпиша проектот за Еко-индустриски паркови; првиот проект на Меѓународната корпорација за финансирање, имплементиран преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

 

Проектот Еко-индустриски паркови има за цел унапредување на процесот за декарбонизација и подобрување на ефикасноста на ресурсите на индустриските паркови ширум Западен Балкан. Прелиминарната проценка ќе биде проследена од таргетирана имплементација на четири пилот проекти во индустриски паркови ширум Србија, БиХ, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија.

 

Меѓународната финансиска корпорација, заедно со Светската банка, е последната институција која се приклучува на Инвестициската рамка за Западен Балкан, градејќи партнерство од неопходна важност за поддршка на активностите на приватниот сектор во регионот, со цел решавање итни развојни прашања, создавање работни места и обезбедување долготрајна одржливост. Останатите проекти во развој имаат за цел мобилизирање гарантирани финансиски инструменти за кредитоспособни агробизнис клиенти, овозможување на неопходната модернизација во секторот, дигитална трансформација и подобрување на капацитетот на финансиските посредници; овозможувајќи им зголемен пристап до микро, мали и средни претпријатија.

Амбасадорката Попа се состана со младите европски амбасадори

Амбасадорката на ЕУ во Црна Гора, Оана Кристина Попа, се состана со младите европски амбасадори како дел од иницијативата „Младински дијалог“ која започна на почетокот од годината. Целта на состанокот беше дискутирање за досега сработеното, како дел од иницијативата, но и темите кои во иднина треба да се разработат. Младите европски амбасадори зборуваа за проблемите кои ги засегаат; како, на пример, нападите врз ЛГБТ заедницата во Црна Гора, пристрасното медиумско покривање и националните поделби, високиот процент млади кои сакаат да ја напуштат земјата, нивната нејасна улога во општеството итн.

 

Амбасадорката Попа им ги претстави проектите и активностите кои ЕУ ги имплементира во Црна Гора со цел надминување на овие предизвици, но и ги покани младите да бидат активни, предложувајќи им конкретни инцијативи за подобрување на нивната заедница.

 

Младите европски амбасадори се иницијатива посветена на младите во Западен Балкан, отпочната од ЕУ, пред три години, која има за цел да им даде можност на младите да учат и да ги искусат вредностите на ЕУ, промовирајќи ги можностите кои ги нуди оваа заедница.

 

Неодамна беше објавена третата генерација млади европски амбасадори во Црна Гора, вклучувајќи ги Селда Јахјагиќ, Марија Блажевиќ, Анџела Мициќ, Мерита Дукај, Едина Османовиќ, Филип Јоветиќ, Лукас Јунковиќ, Милутин Радолуовиќ, Лука Вукотиќ, Андреј Бубања и Матиа Пренкочевиќ.

Албанија се позиционира на картата на стартапови

Водечка иницијатива, финансирана од ЕУ, помага за идентификување, промовирање и раст на иновација.

Неодамнешното политичко достигнување на Албанија – почетокот на пристапни преговори со ЕУ, во 2022 година, отвори ново поглавје за иновација и конкурентност во државата. Со традиционална економија, државата има рамномерен раст уште од преминот кон демократија пред три децении, но покажувањето видливи резултати во развојот на стартапови е важно за Албанија за придвижување кон одржлива економија.

Бидејќи се сметаше дека Албанија има неискористен потенцијал за стартапови, ЕУ понуди финансирање за проекти за подобрување на иновативна средина и поттикнување нови претприемачи. Иницијативата „ЕУ за иновација“ ги носи најдобрите практики кои им овозможуваат на чинителите во екосистемот да оживеат, олеснувајќи им ја соработката и поддржувајќи иновативни стартапови.

„ЕУ за иновација“ делуваше како камен-темелник на екосистемот.“

Кога иницијативата започнала, уште во 2018 година, било очигледно дека постоеле претприемнички активности, но не биле обединети и не му помагале на секторот како целина. „ЕУ за иновации“ понуди адреса на која ресурсите можат да се здружат, а активностите да се координираат. „ЕУ за иновација делуваше како камен-темелник на екосистемот. Ја подобривме соработката во екосистемот; создадовме платформи за ангажирање и постојано стававме акцент на важноста од конкуренција помеѓу чинителите со цел екосистемот да биде поконкурентен во целост,“ вели Себастијан Бервангер од иницијативата „ЕУ за иновација“. Владата дала поддршка преку иницирање закон за стартапови како и шема со грантови која ќе инспирира нови иноватори во текот на следните пет години.

Иницијативата „ЕУ за иновација“ пополни празнини во албанскиот екосистем преку отворен процес на „ко-креација“ помеѓу клучните чинители. Применувајќи го овој пристап, иницијативата пилотирала над 35 проекти, од октомври 2018 година до септември 2022 година; усогласувајќи ги своите активности со чинителите, креаторите на политики и останатите донатори.

Технологијата е составен дел од стартап решенијата во Албанија; без разлика дали се работи за информациско-комуникациски технологии, туризам, земјоделство или земјоделски туризам, електронски бизнис, образование или здравје. Дополнителна позитивна шема во првата група основачи кои потекнуваат од програмата за инкубација на повеќе универзитети е преовладувањето на жени-основачи.

„AlbaniaTech“ – дигитален каталог за стартапови во државата

„AlbaniaTech“ може бесплатно да се користи и, со својата податочна база од 170 стартапови, е место за идентификување, промовирање и развивање стартапови во Албанија. Платформата се развила преку соработка со меѓународен „провајдер“ кој обединува 50 екосистеми на глобално ниво, така што обезбедува видливост за стартап екосистемот пред странските инвеститори; овозможувајќи, истовремено, и дигитално „добредојде“ за секој кој сака свеж почеток во Тирана.

„Нашата платформа им овозможува на стартаповите да „процветаат.“

За проектот

Проектот „ЕУ за иновација“ има за цел подобрување на средината за иновации и поттикнување создавање на стартапови во Албанија преку развој на капацитети за иновација; интензивирани вмрежувања во албанскиот екосистем за иновации, како и овозможување финансии за иновативните стартапови и даватели на иновативна поддршка. Проектот се смета како водечки проект за иновација во екосистемот за стартапови во Албанија.

Темелите се поставени за, врз нив, идните генерации да можат да градат: „AlbaniaTech“ е тука да им даде крила на иноваторите и стартаповите. „Нашата платформа им овозможува на стартаповите да „процветаат“. Секој кој би се навратил наназад, би видел колку нашата заедница порасна од таму каде што започнавме од нула,“ вели Гјока.

Со сериозни интервенции како „ЕУ за иновација“, Албанија полека, но сигурно, го заслужува своето место на мапата за стартап нации. Новата динамика во албанската средина за иновации беше истакната на „Европската табела за иновации 2022“ („European Innovation Scoreboard 2022“) на којашто Албанија беше назначена како „иноватор во развој“, заедно со другите економии од Западен Балкан.

Ефектот Марибор: подобрување на професионалните вештини во странство

Проектот „Intervet“, финансиран од ЕУ, помага за зголемување и создавање нови можности за мобилност за учење во Западен Балкан.

Енѓул Мифтари е седумнаесет годишен средношколец од Косово и е матурант во средното стручно училиште „7. септември“ во Приштина. Енѓул вели дека уште од рана возраст бил воодушевен од угостителскиот бизнис. Објаснува дека тоа е, најверојатно, поради неговиот татко: „Мојот татко, преку 17 години, беше готварски шеф во ресторан; а, јас, понекогаш, го придружував на работа, така што се вљубив во оваа професија,“ вели Енѓул. Со оглед на тоа што не било возможно да се учи готвење во средно училиште, Енѓул избрал да учи туризам; вклучително и управување со туристички агенции и рецепции, и вели дека воопшто не жали за одлуката; додавајќи дека, дури и кога би имал поширок избор, не би избрал друго стручно училиште.

„Искуството со стажот во Приштина беше навистина корисно. Но, чувствував дека ми треба поголемо искуство со практична работа, како и разноликост.“

Енѓул се покажал како одличен ученик, со високи оценки и пофалби од наставниците. Како резултат, му предложиле четиримесечен стаж на рецепција во „Grand Hotel“; еден од историските хотели во центарот на Приштина. „Искуството со стажот во Приштина беше навистина корисно. Но, чувствував дека ми треба поголемо искуство со практична работа, како и разноликост,“ вели Енѓул. Оваа можност дошла набрзо откако проектот „Intervet“, финансиран од ЕУ, објавил повик за меѓународни стажирања за учениците од средните стручни училишта од Косово.

Како средношколец во средно стручно училиште, Енѓул дознал за можноста од неговиот наставник по англиски јазик и веднаш одлучил да се пријави. Ги исполнил критериумите во врска со средното стручно училиште и познавањето на англискиот јазик, па бил избран меѓу младите средношколци од Косово кои требало да заминат на едномесечна програма за стажирање во планински хотел во Марибор, Словенија. „Бев навистина возбуден,“ се сеќава Енѓул.

„Моето искуство за време на стажот во Марибор беше одлично. Не само што ги надоградив моите професионални вештини, туку и научив за културата и ги развив своите јазични вештини исто така.“

За проектот

Целта на проектот „Intervet“ за Западен Балкан, финансиран од ЕУ, е создавање можности за мобилност за учење во центрите за обука во Западен Балкан; како и интернационализација на системот за средни стручни училишта и подобрена култура за мобилност за учење во доменот на средните стручни училишта. За да се постигне ова, проектот имплементира активности на две нивоа: од една страна, мобилност за средношколците во средните стручни училишта, а од друга страна, градење вештини за персоналот во средните стручни училишта. Нивниот конзорциум вклучува деловни и образовни здруженија, мали и средни претпријатија, центри за средни стручни училишта, трговски комори и универзитети од шест држави во Западен Балкан и осум држави во ЕУ; а „Prishtina REA“ е косовскиот партнер на проектот. До завршувањето, проектот цели кон имплементација на 56 професионални мобилности, 360 едномесечни размени, 54 работни искуства со набљудување, учество на 36 наставници од средните стручни училишта на летни школи во Амстердам, Болоња, Лион, Марибор и Севиља; како и учество на 72 наставници и управители од средните стручни училишта во активности организирани од Колеџот за уметности, наука и технологија во Малта („Malta College of Arts, Science & Technology“ (MCAST)), „ROC Da Vinci College“ во Холандија и „SEPR“ во Франција.

За време на стажот во Марибор, Енѓул ги вежбал своите вештини на неколку позиции; од административна поддршка, па сè до отсекот за хотелско одржување, услужување во ресторан, рецепција и спа центар. Покрај стекнувањето професионално искуство, во слободното време, имал можност да го посети градот со други средношколци и да научи за културата. Го посетиле градскиот музеј и главните знаменитости, а имале прилика и да ги посетат Љубљана, и Грац во Австрија, недалеку од Марибор.

Севкупно, ова било одлично искуство за учење за Енѓул и другите средношколци. „Моето искуство за време на стажот во Марибор беше одлично. Не само што ги надоградив моите професионални вештини, туку и научив за културата и ги развив своите јазични вештини исто така,“ вели Енѓул.

Младите европски амбасадори на настан за европска младина во Вараждин

Настанот за европска младина е постојан меѓународен настан, започнат од Европскиот парламент, во 2014 година, кој ги обединува младите ширум Европа за да споделуваат идеи во врска со иднината на Европа. Покрај главниот настан, кој се случува секои две години, во Стразбур, Франција; годинава беа организирани и два локални настани, од кои едниот се одржа во Вараждин, Хрватска. Околу 600 млади, помеѓу 16 и 30 години се собраа за да се социјализираат и да разменуваат мислења со експерти, активисти, инфлуенсери и носители на одлуки.

 

Програмата вклучи активности и панел-дискусии како, на пример, „Ефективни политики за домување за млади – мисловен поим?“ и „Европска година на младите 2022“. Годинава, младите европски амбасадори учествуваа во активностите на настанот во Вараждин. Покрај учеството во други активности, младите европски амбасадори организираа шест „Кахут“ квизови со прашања од сите шест држави од Западен Балкан. Шесте добитници на квизовите освоија пакет гаџети.

Сараево дел од мисијата „100 града со 0 емисии: отпочнување коалиција за позелени проекти“

По изборот на Функционалната урбана зона на Сараево како дел од мисијата за „100 града со 0 емисии“, канцеларијата на ЕУ во БиХ и Кантонот Сараево, на 14. декември, започнаа коалиција за 0 емисии. Партнерите на коалицијата се посветени на координирање на своите активности и насочување на ресурсите кон проекти за 0 емисии во Сараево.  
Започнувањето на Коалицијата, која ќе биде темелна разлика за трошењето на средствата, претставува можност за поврзување на финансиите со целите за позелена средина; особено во загадените урбани подрачја како Сараево.  
По изборот на Функционалната урбана зона на Сараево како дел од мисијата за „100 града со 0 емисии“, потребна е изработка на 10 годишен акциски план за 0 емисии, вклучително и план за климатска неутралност во сите сектори; како, на пример, енергија, згради, управување со отпад и транспорт, заедно со поврзаните инвестициски планови. Процесот ќе ги вклучи граѓаните, организациите за истражување и приватниот сектор. Коалицијата за 0 емисии редовно ќе се состанува на работни состаноци кои ќе бидат прилика за координирање на активностите и споделување на најдобрите практики.

Регионалната програма за домување доделува клучеви од ново изградени станови за 25 семејства бегалци во Србија

Како што се приближува крајот на 2022 година, темпото на активностите на Регионалната програма за домување не се намалува; па, така, на 15. и 16. декември, 25 дополнителни семејства бегалци или раселени лица ги добија клучевите од ново изградените станови во Шид и Лучани, Србија. На првата од церемониите, која го одбележа доделувањето на клучеви на 10 семејства во општината Шид, на 15. декември, присуствуваа Светлана Велимировиќ, заменик комесар за бегалци и миграција на Република Србија; Зоран Семеновиќ, градоначалник на општината Шид; Мирјана Максимовиќ, програмски менаџер при Делегацијата на ЕУ во Србија; Ружица Банда, државен службеник за човекови права при мисијата на ОБСЕ во Србија и Јован Лазаров, заменик директор на Службата за имплементација на проекти во јавниот сектор.

 

Во име на ЕУ, главниот донатор на Регионалната програма за домување, Мирјана Максимовиќ им честита на семејствата за нивните нови домови и ја потенцира одлучноста на ЕУ да ги поддржи општествено ранливите категории луѓе. „Мило ми што ќе имаме прилика да отвориме уште многу згради пред завршувањето на програмата, следната година,“ изјави таа.

 

Прославата продолжи следниот ден, во Лучани, каде 15 семејства-корисници на Регионалната програма за домување ги добија своите нови домови. Во име на семејствата бегалци присутни на настанот; Радослав Мирковиќ, корисник на програмата, им се заблагодари на донаторите и чинителите.