Skip to main content

„Malikowsky Couture“: нов моден бренд инспириран од традиционални ромски костуми

Млад уметник, Ром, зачекорува во светот на модата благодарение на проект, финансиран од ЕУ, во Северна Македонија.

Во семејството на Муамед Маликовски, уметниците биле предмет на стереотип и асоцирани со финансиски проблеми и недостаток на професионална иднина. Муамед има голем интерес за уметност и дизајн уште од детството; но, како што бил одличен ученик по сите предмети во училиште, кога дошло време за упис на факултет, како професија го избрал правото.

Со напорна работа, Муамед имал високи оценки на факултетот за право; но, пред самото дипломирање, нешто се случило. „Сите околу мене, вклучително и семејството, очекуваа да бидам некој што не сум јас, некој кој никогаш не сум го запознал во себеси. Знаев дека не припаѓам во тој свет и одлучив да го послушам срцето и да ги следам соништата,“ вели Муамед.

Беше предизвикувачки зашто немав поддршка од семејството или пријателите. Сето време ми велеа: „Не можеш да го направиш тоа“. „Ајде, откажи се, нема да успееш“. „Треба да бидеш адвокат“.

Живеејќи го сонот

Одлучил да се запише на факултетот за моден дизајн при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Северна Македонија. Одлуката да студира моден дизајн не била лесен избор, но, само што ги започнал студиите по мода, Муамед започнал да скицира илустрации за да ги „оживее“ своите модни идеи. Беше предизвикувачки зашто немав поддршка од семејството или пријателите. Сето време ми велеа: „Не можеш да го направиш тоа“. „Ајде, откажи се, нема да успееш“. „Треба да бидеш адвокат“, раскажува Муамед.

Да се започне нов бренд и да се зачекори на модниот пазар е голем предизвик, па, затоа, иднината изгледала тешка за Муамед. Во 2020 година, во периодот кога размислувал да се откаже, Муамед дознал за проект, ко-финансиран од Советот на Европа, а имплементиран од Европскиот институт за ромска уметност и култура (European Roma Institute for Arts and Culture (ERIAC)) кој ги поддржува младите Роми во креативните бизнис подвизи. Благодарение на Европскиот институт за ромска уметност и култура и неговото финансирање, Муамед конечно добил можност да ја претвори својата пасија во бизнис.

Но, ова било само почеток, а Муамед стремел кон многу поголем успех. Немал продавница, а нејзино отворање значело сериозна финансиска инвестиција која Муамед не можел да си ја дозволи. Потем, започнала пандемијата. Покрај страдањата и неволите кои ги предизвика, пандемијата отвори нови патишта за водење бизнис. Друг проект, финансиран од ЕУ – „Roma Digital Boost“, поддржан од Регионалниот совет за соработка, му помогнал на Мухамед да го надмине и овој предизвик.

„Проектот „Roma Digital Boost“, финансиран од ЕУ, ми помогна да го издигнам бизнисот на повисоко ниво и да го започнам патувањето до станување познат бренд.“

За проектот

Проектот за интеграција на Ромите има за цел стеснување на јазот помеѓу ромското и не-ромското население во Западен Балкан и Турција, како и зајакнување на институционалните облигации за владите да инкорпорираат и достават специфични цели за интеграција на Ромите во тековното развивање на политики. Проектот е имплементиран од Советот за регионална соработка, со помош на Европската Унија и фондациите „Отворено општество“.

Проектот „Roma Digital Boost“ му овозможил на Муамед да следи обука за онлајн продажба, креирање бренд и визуелен идентитет за компанијата, како и менаџирање и промоција преку социјалните медиуми. „Проектот „Roma Digital Boost“, финансиран од ЕУ, ми помогна да го издигнам бизнисот на повисоко ниво и да го започнам патувањето до станување познат бренд,“ вели Муамед.

Сега ја претставил својата прва важна модна колекција, инспирирана од ромските костуми. Неговиот дизајн „Аурора“ освоил второ место на натпреварот „Miss Freedom of the World“, а друг дизајн бил избран за најдобар национален костум во рамки на натпреварот „Miss Summer 2021“ во Албанија. Неговата визија за иднината е да отвори големо модно студио во Скопје, главниот град на Северна Македонија, и да се прошири на меѓународниот пазар. „Иако за другите делува невозможно,“ вели Муамед, „ајде заедно да создадеме приказни кои вредат да бидат раскажани гордо и гласно.“

Иако проектот за интеграција на Ромите, на Регионалниот совет за соработка, работи, главно, на ниво на политики; проектот продолжува да ги поддржува програмите кои работат директно со ромските заедници. Проектот „Roma Digital Boost“, поддржан, финансиски и со човечки ресурси, од Регионалниот совет за соработка, е дел од тие програми и е особено важен, бидејќи помага за забрзување на процесот на дигитализација во рамки на ромските заедници.

„Без дигитални вештини, невозможен е прогрес во интеграцискиот процес во кое било поле, вклучително и квалитетно образование, еднакво учество на пазарот на труд, пристап до јавни и здравствени услуги, како и пристап до информации. Мотивираните луѓе, како Маликовски, се најдобар пример за тоа како ромската заедница може да придонесе за тековните трансформации на нашите економии,“ вели Орхан Усеин, шеф на бирото за интеграција на Ромите при Регионалниот совет за соработка.

Во меѓувреме, Муамед вели: „Ги охрабрувам сите, особено младите Роми, да го слушаат своето срце и да ги следат соништата. Никогаш не откажувајте се од тоа што ве прави среќни во животот. И секогаш бидете свои!“

Големи идеи во мала кутија

Претприемничка од Косово креира иновативен производ за развивање на електронските и инженерски вештини на децата

Арта Шеху Заими е млада претприемничка од Косово. По завршување на студиите за компјутерски науки, се вработила, како програмерка, во комерцијална банка, а, подоцна, била унапредена и во софтверски архитект. Меѓутоа, набрзо станала мајка и нејзиниот светоглед и професионална визија целосно се измениле, па одлучила да започне нов деловен подвиг. „Отсекогаш ми беше жал што, како и многумина од мојата генерација, ретко имав прилика да учам на практичен начин; и затоа почувствував потреба да направам нешто за моите ќерки и нивната генерација да не ги искусат истите тешкотии,“ вели Арта.

Затоа, уште во 2015 година, Арта и нејзината сестра, одлучиле да ја основаат академијата „J-Coders“; приватен курс на кој децата, од 8 до 18 години, можат да учат програмски јазици, апликациски дизајн и дизајн на компјутерски игри. Принципот на академијата „J-Coders“ е да им ги пренесе на децата овие концепти, со колку е можно повеќе практични вежби.

“Веруваме дека науката и технологијата треба да им се пренесат на децата на вистинит и лесен начин; охрабрувајќи ги, истовремено, да решаваат проблеми и да размислуваат „надвор од рамката“.

Технологија и наука лесни за учење

Но, за време на нивната работа на академијата „J-Coders“, Арта и нејзината сестра откриле дека децата имаат тешкотии при учењето на една посебна дисциплина – хардверски инженеринг и електроника. Причината е тоа што постоечкиот пристап не нуди едноставна средина за децата да можат да експериментираат во ова важно поле. „Веруваме дека науката и технологијата треба да им се пренесат на децата на вистинит и лесен начин; охрабрувајќи ги, истовремено, да решаваат проблеми и да размислуваат „надвор од рамката“,“ вели Арта.

На овој начин се родила идејата за „Labbox“ – револуционерен производ, според Арта. „Labbox“ е сочинета од повеќе мали „кутии“ кои вклучуваат струјни кола, кабелски поврзувачи и слични материјали кои им овозможуваат на децата да експериментираат, на микро ниво, со инженерски и електронски проекти.

Откако почетниот производ бил развиен, го претставиле на група родители и партнери. Производот бил добро примен, па Арта и сестра ѝ одлучиле да го претворат во бизнис. Меѓутоа, се работело за нов вид бизнис во Косово и регионот, па се соочиле со бројни предизвици. Особено, имале тешкотии со физичкото производство на нивните единици. „Нашиот регион не е пријателска средина за компании како „Labbox“ кои доставуваат физички електронски производи. Имавме сериозни проблеми при наоѓањето на добавувачи и партнерски компании кои би го презеле производството,“ вели Арта.

“Финансирањето на ЕУ, во раната фаза, беше неопходно за нашиот бизнис и се надевам дека ќе продолжат да го поддржуваат дигиталниот сектор во регионот, затоа што имаме многу талент и човечки капацитет кои имаат потреба од поддршка за да прераснат во поголеми брендови.“

За проектот

Инструментот за развој и иновации на претпријатијата од Западен Балкан (The Western Balkans Enterprise Development and Innovation Facility (WB EDIF)), финансиран од ЕУ, има за цел да го подобри пристапот до финансии за малите и средни претпријатија од Западен Балкан. Инструментот е дизајниран за да обезбеди дополнителни финансиски инструменти насочени кон целата палета финансиски потреби на малите и средни претпријатија во Западен Балкан. Инструментот се состои од четири столба: рамноправно финансирање на мали и средни претпријатија, кредитна гаранција, услуги за заем и поддршка на мали и средни претпријатија.

Другата опција била „Labbox“ да го преземе производството, но за тоа имале потреба од сериозна финансиска инвестиција која не можеле да си ја дозволат како стартап. Затоа, во почетната фаза, морале да ги насочат своите напори за обезбедување на првата серија производи на пазарот. „Labbox“ поднеле предлог за поддршка до Инструментот за развој и иновација на претпријатијата во Западен Балкан, на ЕУ, и добиле позитивен одговор.

ЕУ им помогнала при набавката на машини за да можат самите да ги произведуваат електронските кутии; независно од останатите добавувачи и потенцијални партнери. „Финансирањето на ЕУ, во раната фаза, беше неопходно за нашиот бизнис и се надевам дека ќе продолжат да го поддржуваат дигиталниот сектор во регионот, затоа што имаме многу талент и човечки капацитет кои имаат потреба од поддршка за да прераснат во поголеми брендови,“ вели Арта.

Електронските градежни блокови „Labbox“ ги учат децата на основите на науката и компјутерското инженерство; и тоа на забавен и интерактивен начин. Арта и нејзините колеги дизајнирале и развиле серија вакви блокови за сертифицирана наставна програма „STEM“ (од англиски јазик: наука, технологија, инженерство и математика). Секој производ кој го развиле е поврзан со одредена цел за учење и им овозможува на децата да разберат одреден концепт. По успешното воведување на домашниот пазар, „Labbox“ брзо стекнал домашна и странска репутација како пионер во образованието „STEM“. Јавните училишта ширум Косово ја пилотирале наставната програма „Labbox“, а во 2018 година компанијата освоила прво место на настанот „Startup Games“, како дел од Инвестициониот самит за Западен Балкан во Лондон. Но, ова е само почеток, бидејќи Арта е посветена да го одржи силниот импулс на „Labbox“. „Планираме да ги достигнеме пазарите на ЕУ и САД и да ги развиеме нашите дистрибуциски канали со цел вклучување на малопродажните ланци кои ги опслужуваат јавните училишта и образование,“ вели таа.

„Мојот животен квалитет видливо се подобри“

Со поддршка од ЕУ, негата станува постојана услуга за лицата со инвалидитет во областа Мачван, во Србија.

Драгана Марковиќ Матиќ живее во градот Шабац, во областа Мачван, во западна Србија. Живее со ревматоиден артритис кој, со тек на време, предизвикал намалување на нејзината подвижност и потреба од помош за извршување на секојдневните активности. „Не можам самостојно да функционирам, не можам да се движам. Моите движења се намалуваат со годините,“ вели таа. Влошувањето на нејзината болест резултирало со потреба од редовен негувател кој би ја придружувал скоро цел ден. Семејството и пријателите биле тука за поддршка, но како што вели таа „ова е постојана работа: имам потреба од некој кој ќе ги замени моите раце и нозе“.

Потребата од негувател не е случај само на Драгана; и други луѓе со инвалидитет во Шабац имаат сличен проблем. Семејствата се обидуваат да помогнат, но не можат секогаш да бидат присутни во доволна мера. Алтернативно решение е да се ангажира негувател, но тоа претставува финансиски товар кој повеќето семејства не можат да си го дозволат. Дополнително, негувателите мора да бидат професионално обучени за да можат да движат лице во инвалидска количка, да го префрлат од кревет во автомобил, како и да му помогнат при облекувањето и одржувањето лична хигиена. „Некој кој никогаш немал контакт со лице со инвалидитет мора да биде обучен за ваква нега; со цел да не дојде до ненамерно повредување на лицето за кое се грижи или на самиот себеси,“ вели Драгана.

„Најважно беше да се креира рамка за обуки и да се обучат првите кои беа заинтересирани за обезбедување услуги за нега за лица со инвалидитет.“

Десетгодишно патување

Драгана е членка на Здружението на лица со параплегија во областа Мачван кое презело иницијатива да го реши проблемот преку локалните институции пред цела деценија. Уште тогаш, здружението успеало да ја вклучи потребата за самостоен живот на лицата со инвалидитет во општествената политичка стратегија на Шабац. Признанието на креаторите на политики за потребите на лицата со инвалидитет беше значајно достигнување, но, како што немаше финансиска или друг вид помош, беа потребни околу десет години борба за да се забележи видлив резултат од политиката.

Светлото на крајот од тунелот стана видливо во 2018 година кога програмата „ReLOaD“ (Regional Programme on Local Democracy/Регионална програма за локална демократија), финансирана од ЕУ, пристапила со помош. „Најважно беше да се креира рамка за обуки и да се обучат првите кои беа заинтересирани за обезбедување услуги за нега за лица со инвалидитет,“ вели Славиша Савиќ, кој го предводи Здружението на лица со параплегија во областа Мачван.

Со поддршка од ЕУ, и во соработка со Министерството за труд, вработување, ветерани и општествени работи, здружението ги идентификувало луѓето кои биле заинтересирани за обезбедување услуги за нега, ги обучило и лиценцирало. Како дел од истата програма, успеале да иницираат и пилот проект за поддршка преку кој на пет лица со инвалидитет им било обезбедено негувател осум часа дневно, а дополнителни четири лица добиле поддршка во форма на нега од четири часа дневно.

„Да се вклучи, во општинскиот буџет, трошокот за негуватели за лица со инвалидитет беше огромен отскок и значаен успех, за нас, кој не ќе го постигневме без поддршката на програмата „ReLOaD“, финансирана од ЕУ.“

За програмата

Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан („ReLOaD“) е финансирана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за обединет национален развој. Целите на програмата вклучуваат зајакнување на партиципативните демократии и интеграција на ЕУ во Западен Балкан преку подобрување на правното, финансиското и поширокото окружување за зајакнување на граѓанското општество.

Имплементацијата на пилот програмата му овозможила на здружението да има поцврсто досие за да ги убедат општинските авторитети за неопходноста на услугата за нега за лица со инвалидитет. Како резултат на постојаните напори за лобирање, општинското заседание конечно ја вклучило и оваа поддршка во листата постојани услуги обезбедени од општината. Услугата е веќе вклучена во буџетот за 2021 година, а платите за негувателите се покриени, и ќе бидат во иднина покриени, од страна на општината.

„Да се вклучи, во општинскиот буџет, трошокот за негуватели за лица со инвалидитет беше огромен отскок и значаен успех, за нас, кој не ќе го постигневме без поддршката на програмата „ReLOaD“, финансирана од ЕУ,“ вели Славиша.

Драгана, и други лица со инвалидитет, од Шабац, се чувствуваат поспокојно, бидејќи имаат доживотно обезбедена услуга за нега. „Мојот животен квалитет видливо се подобри. Со негувател си самостоен,“ вели Драгана.

Велосипедизмот: нов тренд во Подгорица

На велосипед! Денес, невладина организација од Црна Гора ја трансформира моќта на велосипедизмот во тренд, и тоа со поддршка на ЕУ.

Сместена во котлина, со површина од околу 100 километри квадратни, и со медитеранска клима, Подгорица, главниот град на Црна Гора, ги поседува сите елементи потребни за да стане урбано велосипедско засолниште. Меѓутоа, на градот му недостигаше основната инфраструктура за соодветен велосипедизам, сè додека организацијата на масовната граѓанска иницијатива „Biciklo.me“ не го воведе велосипедизмот како популарна култура во градот во 2013 година. „Навистина сакавме да ја претвориме Подгорица во град погоден и безбеден за велосипедизам, а, исто така, сакаме тоа да биде видливо и за луѓето кои сè уште не возат велосипед,“ вели Соња Драговиќ, една од членките во организацијата.

Во пролетта, 2012 година, за првпат се организира настанот „Bike-Up“: преку социјалните медиуми, беа повикани луѓе да се соберат заедно и да го прослават Денот на планетата Земја со заедничко возење велосипед. Интересот инспирира нови иницијативи и, наскоро, малата група велосипедски ентузијасти започна редовни месечни велосипедски тури под мотото „Critical Mass rides“ во Подгорица. На сончев ден, овие велосипедски тури привлекувале неколку стотици велосипедисти од различни годишни возрасти и потекло. Во град со околу 200000 жители и со, скоро, непостоечка велосипедска инфраструктура, ова беше позитивен почеток.

„Во Виена и Копенхаген, научив како да возам велосипед во урбана средина, благодарение на одличната велосипедска инфраструктура која ја развиле овие градови. Кога се вратив во Подгорица, си помислив: „Во ред, морам да си најдам велосипед и да стапам во контакт со луѓето од „Biciklo.me“.“

Имање удел во урбаната подвижност

Соња Драговиќ станала дел од „Biciklo.me“ откако ги завршила постдипломските студии, од доменот на урбаните студии, кои вклучувале студиски престои во Виена и Копенхаген. Претходно, повремено користела велосипед, но за време на студиите започнала да вози велосипед како редовно превозно средство. Во меѓувреме, ја следела организацијата „Biciklo.me“ на социјалните мрежи. „Во Виена и Копенхаген, научив како да возам велосипед во урбана средина, благодарение на одличната велосипедска инфраструктура која ја развиле овие градови. Кога се вратив во Подгорица, си помислив: „Во ред, морам да си најдам велосипед и да стапам во контакт со луѓето од „Biciklo.me“,“ раскажува Соња.

„Biciklo.me“ започнала како бесплатна иницијатива за здружување, инволвирана само во организација на масовни велосипедски тури кои придонесувале за видливоста на велосипедистите во Подгорица. Во 2013 година, се претставила можност за добивање одредено финансирање за подобрување на велосипедските услови, па иницијативата се регистрирала како невладина организација и успешно го имплементирале својот прв проект – поставување на првите соодветни велосипедски рамки за паркирање велосипеди на 18 локации во Подгорица.

Оттогаш, развиле и управувале бројни помали проекти и ги подобриле велосипедските урбани услови. „Во основа, работиме на неколку различни, но поврзани цели: подобрување на инфраструктурната, сообраќајната и политиката поврзана со движењето, како и едуцирање на луѓето за придобивките од одржливата велосипедска подвижност,“ вели Соња.

Мотивирани од успехот на велосипедските рамки за паркирање, следеле и други проекти раководени или иницирани од невладината организација; од воведување на првите велосипедски патеки во главниот град, па сè до првиот урбан план за подвижност во градскиот совет, истражувачки студии за подобрување на транспортот и условите за велосипедизам и креирање на едукативен материјал за учениците во основните и средните училишта.

„Оваа и идната поддршка од ЕУ се особено важни. Не само поради паричните средства, туку заради самиот факт што кога ЕУ поддржува одредена иницијатива, станува многу полесно да се убедат локалните авторитети и тие да постапат на ист начин.“

За проектот

„Biciklo.me“ е поддржан од ЕУ преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан која има за цел да ги зајакне партиципативните демократии и интеграцискиот процес на Западен Балкан во ЕУ преку овозможување на граѓанското општество да заземе активно учество во одлучувачките процеси. Други проекти, финансирани од ЕУ, кои ја поддржуваат организацијата „Biciklo.me“ се: „Организации на граѓански здруженија во Црна Гора – од основни услуги до обликување на политики – „M’BASE“ – финансирани преку инструментот за претпристапна помош (ИПА), проектот „Подобар сообраќај, подобар град“, како и проектот „Подобрување на капацитетите за подобра животна средина во Црна Гора“.

 

ЕУ поддржала четири од овие проекти – студиите за условите на сообраќајот и подвижноста во Подгорица, пишувањето предлози за законски измени, кампањи, во средните училишта, за подигнување на свеста за придобивките од велосипедизмот, како и поставување нови велосипедски рамки за паркирање во три града во северниот дел на државата. „Оваа и идната поддршка од ЕУ се особено важни. Не само поради паричните средства, туку заради самиот факт што кога ЕУ поддржува одредена иницијатива, станува многу полесно да се убедат локалните авторитети и тие да постапат на ист начин,“ вели Соња.

Велосипедски патеки, долги неколку километри, се изградени во Подгорица, и иако квалитетот, дизајнот и нивното одржување би можеле да се подобри, очигледно е дека овој безбеден велосипедски простор привлекува нови велосипедисти и ги охрабрува луѓето да се качат на велосипед.

За Соња, тоа што е важно сега е градот да одреди соодветни процедури за планирање и изградба на велосипедски патеки, како и да инвестира во едукација на градските планери за најновите трендови и најдобри практики за велосипедска инфраструктура. „Колку повеќе велосипедисти има на улиците, толку е подобро за сите. Со оглед на тоа што луѓето кои возат велосипед не користат автомобил, има помалку загадување и врева. Тоа го прави градот поубава средина за сите,“ вели Соња.

Компјутер за секое семејство

Ентузијаст од Северна Македонија обезбеди донации од преку 1200 компјутери за семејствата во потреба.

За време на првата година од пандемијата КОВИД-19, ограничувањата на движењето и затворањето на училиштата имаа сериозно влијание врз образованието на децата и секојдневната рутина, бидејќи учениците мораа да ги следат часовите од дома. Ваквата ситуација уште повеќе го потенцира јазот помеѓу децата и семејствата кои имаат пристап до компјутер и интернет и оние кои немаат. Борче Стаменов од Кавадарци, Северна Македонија, е еден од хероите кои придонесоа за стеснување на јазот за 1200 семејства ширум државата кои не можеа да си дозволат да купат компјутер. Неговата приказна започна сосема случајно.

Борче работи во „Bidat Informatika“ – компанија од Кавадарци која обезбедува услуги за поправање на софтвер и хардвер. Објаснува дека со години децата ги оставаат старите компјутери во нивната продавница за да можат стажантите да ги вежбаат, на нив, техниките на поправање. Во 2016 година, во „Bidat Informatika“ дошла жена која имала потреба од компјутер, но немала средства за да го купи. Борче дошол на идеја да употреби резервни делови за да направи компјутер за неа. Потоа, заедно со колегите ѝ го доставиле компјутерот дома.

„Кога видов колку децата се израдуваа и како им светкаа очите, одлучив да продолжам со акцијата за донирање компјутери и да израдувам колку можам повеќе деца.“

Скромна донација која се претвори во движење

Кога го посетиле домот, Борче и неговите колеги се запознале со трите деца на жената кои биле пресреќни од подарокот. „Кога видов колку децата се израдуваа и како им светкаа очите, одлучив да продолжам со акцијата за донирање компјутери и да израдувам колку можам повеќе деца,“ вели Борче.

Потоа, Борче ја креирал  страната „Донирај компјутер“ на социјалните мрежи за да допре, од една страна, до што повеќе луѓе кои сакаат да ги донираат старите компјутери и, од друга страна, до семејствата кои не можат да си дозволат да купат компјутер. Како што предвидел, бројни биле семејствата во потреба, но, на негово изненадување, бројот на заинтересирани донатори бил, исто така, значаен. Најпрво, пристигнале 20 компјутери од локална компанија која ги заменила старите компјутери. „Оваа донација ја објавивме на социјалните медиуми, па почнаа да пристигнуваат сè повеќе донации,“ раскажува Борче.

Ритамот на хуманитарната мисија се забрзал за време на пандемијата кога Министерството за образование на Северна Македонија одлучи да премине на далечинско образование. Како резултат, стотици деца и млади од сиромашните семејства и оддалечените региони се соочиле со сериозен предизвик.

Бројот на донирани компјутери се зголемил таа година кога од, приближно, 100 годишно, Борче и неговите колеги преминале на околу 500. Морале да креираат веб-страница за подобро да го организираат протокот на достава од донаторите до луѓето во потреба. Добил помош од поединци кои ги пренесувале пораките од оние во потреба, но и од компании за достава како, на пример, „Eko Logistic Servis“, кои бесплатно ги доставувале компјутерите.

„ЕУ ни помогна со донација од околу 140 компјутери и останати технички делови и опрема. Ова беше одлично, а беше и најголемата донација која сме ја добиле досега.“

За иницијативата

„Донирај компјутер“ е иницијатива креирана од Борче Стаменов од Кавадарци, Северна Македонија. Досега, преку иницијативата, се донирани 1200 компјутери на семејствата во потреба ширум Северна Македонија. Деловите за хардвер се донираат од поединци, компании и институции; вклучувајќи ја и Делегацијата на ЕУ во Скопје која обезбеди 140 единици информатичка опрема – од лаптопи до десктоп компјутери, па сè до печатачи.

Борче бил контактиран од Делегацијата на ЕУ во Скопје кои ги обновувале своите компјутери и техничка опрема и слушнале за иницијативата. „ЕУ ни помогна со донација од околу 140 компјутери и останати технички делови и опрема. Ова беше одлично, а беше и најголемата донација која сме ја добиле досега,“ вели Борче.

Контактот со Делегацијата на ЕУ продолжил дури и после донацијата. Годинава, Борче ја добил специјалната награда за солидарност на ЕУ. Бил признаен неговиот придонес за подобрување на животот на семејствата во потреба од дигитално поврзување кое беше особено значајно за време на отежнатата изолација и далечинската настава во текот на пандемијата КОВИД.

Компјутерите на Борче стигнале до скоро секој регион во Македонија. Добил пораки за благодарност во различни форми – од писма, па сè до видеа. Планира да продолжи. „Се надевам дека во блиска иднина веќе нема да има потреба од мојот придонес и дека Владата или другите институции ќе му обезбедат на секое семејство во Северна Македонија можност за нов компјутер. Но, дотогаш, ќе продолжам со мојата мисија,“ вели тој.

Река претворена од опасност во место за уживање

Како проект од ЕУ во соработка со заедницата помогна да се запрат поплавите и да се подобри животот на луѓето во граничниот регион помеѓу Косово и Северна Македонија.

Церница е село, со околу 600 жители, од косовската страна на границата со Северна Македонија. Реката, која го носи истото име, поминува низ центарот на селото и од него прави еден од најубавите предели во регионот, но, исто така, го зголемува и ризикот од поплави.  Фатлум Мехмети од Церница е горд на природната убавина на неговото село и вредните луѓе кои живеат во него, но, додава и дека нивниот живот би бил поубав доколку би можеле да ја избегнат лошата миризба која доаѓа од реката поради отпадните води кои се влеваат во неа, како и штетата која ја предизвикуваат поплавите. „Секоја есен и зима, живееме во страв од можната штета, предизвикана од поплавите, за нашите домови, обработлива земја и живот,“ вели тој.

Проблемот со поплавите не се јавува само во Церница. Целиот граничен регион се соочува со него веќе со децении; а поради климатските промени, зголемена е честотата на поплавите. Само ова лето, преку 60 семејства во регионот биле евакуирани од нивните домови поради поплавите. Немало човечки жртви, но материјалната штета била значајна. Општината Гњилане ја проценува штетата, предизвикана од годинешните поплави, на околу 1,5 милиони евра. Преку 30 домови се непогодни за живот, пет моста се руинирани, а оштетени се декари обработливо земјиште.

„Веќе со години мештаните лобираат кај локалните авторитети и управа за да добијат помош за санирање на речното корито со цел намалување на штетата предизвикана од поплавите.“

Крај на поплавите

Бесим Хазири од јавното претпријатие за водовод во Косово објаснува дека причините за поплавите се од природен карактер, но и со значаен човечки фактор како последица на климатските промени. Меѓутоа, во случајот на Церница и околниот регион, поплавите се резултат на недостаток од соодветна инфраструктура. „Веќе со години мештаните лобираат кај локалните авторитети и управа за да добијат помош за санирање на речното корито со цел намалување на штетата предизвикана од поплавите,“ раскажува Бесим.

Иако сакаат да помогнат, претпријатието и локалните авторитети немаат доволно финансиски средства и експертиза за толку важен проект. Можноста се појавила во 2019 година кога дознале дека можат да добијат помош од програмата на ЕУ за прекугранична соработка за Косово и Северна Македонија. Претпријатието „Hidromorava“ успешно се пријавило заедно со јавното претпријатие „Водовод Куманово“, од градот Куманово, преку границата. Тоа било почеток на проектот наречен „Значајни еколошки и здравствени придобивки во прекуграничниот предел“ кој треба да има долгорочен и позитивен ефект врз животот на локалното население.

Во текот на две години, проектот придонел за значајни инфраструктурни интервенции. Тука спаѓаат реорганизација на речното корито и намалување на загадувањето на почвата преку одвојување на отпадната вода и дождовницата; што значи дека отпадната вода веќе не се влева директно во реката, па затоа исчезнал и лошиот мирис. Дополнително, проектот придонел и за одредени естетски промени преку изградбата на променада по должината на реката, поставување клупи и места за рекреација. Слични подобрувања се направени и од другата страна на границата; во општината Куманово.

„Благодарение на поддршката од ЕУ, веќе не треба да се грижиме за опасноста по нашите животи и имот предизвикана од поплавите секоја зима.“

За проектот

Прекуграничниот проект „Значајни еколошки и здравствени придобивки во прекуграничниот предел“, финансиран од ЕУ, беше започнат во февруари 2020 година, а завршен во октомври 2021 година. Целокупната вредност на проектот е проценета на околу половина милион евра.

За да ја осигура одржливоста, проектот имплементирал и кампања за подигнување на еко-совеста за одржување на чистотата на реката и околното подрачје. Бесим потенцира дека покрај финансиите од ЕУ, размената на прекугранични искуства, идеи и експертиза со колегите од „Водовод Куманово“ имала значајно влијание врз успешноста на проектот исто така.

Фатлум објаснува дека проектот имал големо влијание врз нивните животи. „Благодарение на поддршката од ЕУ, веќе не треба да се грижиме за опасноста по нашите животи и имот предизвикана од поплавите секоја зима,“ вели тој.

Враќање дома по 20 години

Програма, финансирана од ЕУ, овозможи поддршка за бегалец од Босна и Херцеговина да започне нов живот во своето родно село.

Војната во БиХ донесе несреќа за стотици илјади семејства. Многумина од нив ги загубија своите сакани или работата и мораа да ги напуштат своите домови без никогаш да се вратат назад. Даворин Савиќ од селото Бачевиќи, во близина на Мостар, е еден од оние кои мораа да го напуштат својот дом и да најдат засолниште на друго место. Но, Даворин е еден и од среќните кои успеаја да вратат во своето село и да започне нов живот таму.

Мостар беше еден од многуте мултиетнички градови во БиХ каде што Хрватите, Босанците и Србите живееја во хармонија. Меѓутоа, хармонијата беше нарушена со почетокот на војната, во 1992 година, која траеше до 1995 година. Илјадници беа убиени, а проценето е дека преку милион луѓе биле  иселени; со што станува збор за најкатастрофалниот конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна.

„Тешко беше да се живее како бегалец, но успеавме, некако, да преживееме. Изнајмувавме место за живеење и, главно, работевме на локалните пазари за малку пари.“

Конечно, назад дома

Конфликтот во Мостар брзо започна и се разви, па, заедно со семејството, Даворин морал итно да замине и да го напушти својот дом и имот во селото. Како што биле етнички Срби, се преселиле во Србија. За Даворин, сеќавањата се сè уште свежи за тоа како, во 1992 година, заедно со мајката и братот, го напуштиле семејниот дом и пребегнале во Белград. „Тешко беше да се живее како бегалец,“ се присеќава. „Но, успеавме, некако, да преживееме. Изнајмувавме место за живеење и, главно, работевме на локалните пазари за малку пари.“

Живеел во Белград цели 18 години, но, во 2010 година, семејството конечно се вратило во Бачевиќи, каде, на огромен жал, откриле дека нивниот дом е целосно демолиран. Меѓутоа, нивната среќа ќе тргне на подобро. „Се сретнавме со некои соседи кои ни кажаа за програма која ги реконструира домовите на оние кои се враќаат,“ раскажува Давор. „Брзо поднесовме барање за Регионалната програма за домување.“

Даворин признава дека животот во БиХ не е лесен, особено за оние кои се враќаат и за иселениците во внатрешноста. Иако, пред војната, работел во електраната; при враќањето во БиХ не можел да најде работа во компанијата. Сè уште нема работа со редовна плата и здравствено осигурување.

„Не се надевав дека ќе се вратам во селото, дека ќе одгледувам зеленчук во стакленичка градина и дека ќе обработувам земја.“

За проектот

До денес, околу 1800 станбени единици се реализирани во БиХ како дел од Регионалната програма за домување. Крајната цел е да се достигне бројка од 3000 станбени едници кои треба да се изградат до јуни 2023 година. Издвоени се скоро 291 милион евра за Регионалната програма за домување; од кои повеќе од 76 милиони евра се наменети за проекти во БиХ. Со 235 милиони евра, Европската Унија е главниот донатор на програмата.

Меѓутоа, и покрај сè, Давор успеал да обезбеди чесен живот за себе, својата мајка и семејството на братот, кој починал лани. Ова е, главно, благодарение на реконструкцијата на куќата со поддршка на Регионалната програма за домување, како и стакленикот и малиот трактор обезбедени со поддршката на католичката заедница „Catholic Relief Services“. „Не се надевав дека ќе се вратам во селото, дека ќе одгледувам зеленчук во стакленичка градина и дека ќе обработувам земја,“ се смее тој. „Но, одлично е. Ги продавам производите на пазарот во Мостар.“

Размислувајќи за својот живот денес, Даворин не заборава да ја спомне љубезноста на неговите соседи од различни етнички групи. Спротивно на ситуацијата кога морал да пребегне од Бачевиќи, денес вели: „Живееме заедно, си помагаме и заедно ги славиме празниците.“

Нов развој на полињата во Војводина

Млад српски фармер го исполнува својот сон од детството со поддршка на ЕУ.

Милан Плавшиќ, 35 години, живее во Сремска Митровица, во провинцијата Војводина, во северот на Србија. Доаѓа од семејство со долга земјоделска традиција; но за разлика од својот татко и дедо, Милан имал можност да дипломира на земјоделскиот факултет во Нови Сад. Неговата цел е да го издигне семејниот бизнис. „Навикнат сум на земјоделството уште од детството. Навистина го сакам и не би сакал да работам нешто друго,“ вели Милан.

Војводина е позната по својата богата почва која со векови е совршена за одгледување земјоделски култури како пченка, пченица, соја и сончоглед. Провинцијата е најголемиот произведувач и извозник на полски култури во регионот на Западен Балкан. Како Милан, повеќето во регионот работат со земјоделство, но, и покрај предностите на плодната почва, земјоделците се соочуваат со сериозни тешкотии. „Некои од помалите земјоделски домаќинства, со два или три хектари почва, или ја продаваат земјата или ја изнајмуваат на поголемите производители затоа што не можат да инвестираат во нова технологија и да купат опрема за современо земјоделство,“ раскажува тој.

„Стариот трактор стана вистински проблем, бидејќи веќе не работи добро и не успеваме да ги запазиме роковите или да произведеме доволна количина земјоделски култури.“

Нов трактор, подобри деловни можности

Со неговите 20 хектари земја, Милан се смета за средно голем производител, но и тој се соочува со тешкотии. За неговата работа, неопходно е да се поседува трактор, а тој кој го има семејството бил купен уште во далечната 1987 година. Милан се сеќава на радоста при првото возење на тракторот кога имал 12 години. Но, со времето, машината почнала да ја намалува својата ефикасност. „Стариот трактор стана вистински проблем, бидејќи веќе не работи добро и не успеваме да ги запазиме роковите или да произведеме доволна количина земјоделски култури,“ вели Милан.

Семејството знаело дека треба да инвестира во нов трактор, но тоа чини до 70000 евра и е особено скапа опрема за бизнис од нивната големина. Немале доволно средства за да инвестираат, а барањето заем во толкава висина е особено ризично и скапо на долгорочен период. Но, без нова опрема, нивниот бизнис можел да биде под сериозна закана.

Добиле зрак надеж кога Милан дознал за ИПАРД програмата за Претпристапна помош за рурален развој, финансирана од ЕУ, која го поддржува земјоделството во Србија и регионот. Со оглед на тоа што ги исполнувал критериумите, Милан одлучил да се пријави за поддршка. Барањето било успешно, а семејството добило можност да купи нов трактор.

“Со новиот трактор, кој го добивме со поддршка од ЕУ, можам да работам побрзо, побезбедно и да имам поквалитетни земјоделски култури.“

За проектот

Инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД), дел од инструментот за претпристапна помош (ИПА), се фокусира на земјоделско-прехранбениот сектор на овие земји и рурални подрачја. Преку оваа алатка, Европската Унија обезбедува финансиска и техничка помош за корисниците со цел овозможување одржливост за земјоделскиот сектор во насока со заедничката земјоделска политика на ЕУ.

ИПАРД програмата обезбедило поддршка за семејството на Милан со преку 50 % од вредноста за купување нов трактор. Семејството го покрило остатокот од сумата со заем од банката кој лесно го добиле како резултат на поддршката од ИПАРД, а благодарение на нивната заштеда. „Со новиот трактор, кој го добивме со поддршка од ЕУ, можам да работам побрзо, побезбедно и да имам поквалитетни земјоделски култури,“ вели Милан.

Милан има визија за понатамошно проширување затоа што има квалитетна земја и пристап до пазарот. Но, уште поважно, сега го има и новиот трактор „Steyr“ за кој сонувал уште како дете. „Сонот на секое дете кое живее во земјоделско домаќинство е да купи нов трактор. Тоа беше и мој сон. Со поддршка од ЕУ, мојот сон се оствари,“ вели Милан.

Премостување на празнината над реката Сава

Со поддршка од ЕУ, новиот мост помеѓу Хрватска и БиХ ќе биде вистинска пресвртница за локалните економии и пошироко, олеснувајќи ги врските помеѓу Западен Балкан и ЕУ.

Теран Мушиновиќ е возач на камион од Босна и Херцеговина (БиХ). Со години, често патува од Хрватска до другите држави во ЕУ пренесувајќи добра. Објаснува дека еден од најтешките делови од неговата работа е чекањето на границите. За него, најнапорен граничен премин во БиХ е Градишка. „На Градишка чекаме по шест, седум, а, понекогаш, и осум часа,“ вели Теран.

Градишка е град во северозападна БиХ, сместен на десната страна од реката Сава, наспроти едно друго мало гратче, Стара Градишка, кое се наоѓа, пак, во Хрватска. Во минатото, Градишка било мало и мирно место со неколку ретки посетители. Но, кога БиХ и Хрватска станале независни, градот се претворил во главен граничен премин меѓу двете држави. Денес, долги колони возила и фрустрирани возачи се честа глетка во Градишка, бидејќи патот кон границата минува, скоро два километри, низ градот; предизвикувајќи сообраќаен метеж и воздушно загадување.

„На времето, мостот беше изграден за да поврзува две гратчиња. Но, денес е граничен премин и тоа предизвикува проблеми и долги колони за чекање на границата и во градот Градишка.“

Мост помеѓу луѓето и економиите

Давор Вучковиќ работи како координатор во јавното претпријатие за автопати „Autoputevi“ во босанска Република Српска. Објаснува дека стариот мост, кој денес ги поврзува двете држави на граничниот премин кај Градишка, бил изграден во 1970. „На времето, мостот беше изграден за да поврзува две гратчиња. Но, денес е граничен премин и тоа предизвикува проблеми и долги колони за чекање на границата и во градот Градишка.“

Со поддршка од ЕУ, ситуацијата се променува. Како дел од инвестицискиот проект  Коридор „Vc“ – најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата, изграден е нов мост, со уште неколку прекугранични капацитети, надвор од урбаниот центар. Официјално поврзан во октомври 2021, мостот, кој се протега на 430 метри преку реката Сава, ги поврзува не само БиХ и Хрватска, но и регионот на Западен Балкан со ЕУ.

Модерните капацитети и подобрената инфраструктура се очекува да го намалат чекањето на границата на Рутата 2а, која се протега на околу 240 км; од Ласва (Зеница) во БиХ преку Бања Лука, до Окучани во Хрватска. Севкупно, мостот, прекуграничните капацитети, и дел од автопатот Рута 2а помеѓу Бања Лука и Градишка – веќе завршен во 2011, добија грант од ЕУ во вредност од 3,2 милиони евра, како и заем од 65 милиони евра од Европската инвестициска банка – органот за позајмување на ЕУ.

„Со веќе изградени 105 км во Република Српска и околу 115 км во Федерацијата на БиХ, со поддршка од ЕУ; БиХ поседува 200 км најнапредна автопатска мрежа со највисоки стандарди за безбедност за сите патни корисници.“

За проектот

Паневропскиот коридор „Vc“ во БиХ е првиот позначаен автопат и најголем инфраструктурен проект во историјата на државата. До денес, ЕУ инвестирала преку 225 милиони евра во грантови комбинирани со приближно една милијарда евра заеми преку Европската инвестициска банка, за изградба на 12 секции автопат на Коридорот „Vc“ во БиХ и еден прекуграничен мост.

Финансирањето се спроведува преку Инвестициската рамка за Западен Балкан; платформа за донаторски инвестиции, управувана од ЕУ, која собира грантови и имплементирачки партнери за финансирање кои го поддржуваат проширувањето на ЕУ и општествено-економскиот развој во регионот.

Како што Давор објаснува, благодарение на инвестицијата, приливот на добра и луѓе значително ќе порасне; со полесен сообраќаен проток и квалитетни врски кои, исто така, придонесуваат за зголемена безбедност. „Со веќе изградени 105 км во Република Српска и околу 115 км во Федерацијата на БиХ, со поддршка од ЕУ; БиХ поседува 200 км најнапредна автопатска мрежа со највисоки стандарди за безбедност за сите патни корисници.“

Но, не се работи само за подобри врски помеѓу БиХ и Хрватска. Новиот граничен премин ќе обезбеди и врска до пошироката транс-европска транспортна мрежа што претставува значајна пресвртница за локалната економија. За Теран и неговите бројни колеги ова значи дека, во иднина, камионскиот транзит кон ЕУ ќе биде побрз. Прекуграничниот премин ќе има и пошироко влијание – создавање нови работни места; како и буквално и метафорично овозможување за „градење мостови“ помеѓу прекуграничните заедници и култури.

По стапките на Мајка Тереза

Возобновување на планинскиот пат за аџилак, кој ги поврзува Косово и Северна Македонија, ги поттикнува локалните економии и заедничкото културно наследство.

Летница е село во североисточно Косово со помалку од 5000 жители. Меѓутоа, во текот на неколку недели на лето, бројот на жители во селото се искачува на околу 30000.Причината за ова е аџилакот кон статуата на Црната Мадона, Богородица од Летница.

Статуата е стара преку 300 години, а нејзината историја влечи корени од Скопје, престолнината на Северна Македонија. По повлекувањето на австриската армија од градот во XVI-ти век и враќањето на Скопје под османлиска власт, дел од католиците во градот пребегнале во Летница, земајќи ја со себе статуата на Црната Мадона. Во XIX-ти век, Фулгенцио Карев, архиепископ на Скопје, организирал годишно поклоненичко патување до Летница.

„Имајќи семејство со потекло од Призрен, во Косово, а растејќи во Скопје; детството на Мајка Тереза е совршен пример за заедничко културно наследство кое треба да ги поврзува луѓето од двете места и пошироко.“

Во август 1928 година, една од аџиите била младата Агнеза Гонџа Бојаџиу, која одела на поклоненичкото патување уште од седум годишна возраст. Агнеза била родена и живеела во Скопје, но, во Летница, на празникот на Вознесението на Дева Марија го чула повикот од Богородица од Летница – Црната Мадона; за да стане мисионерска калуѓерка и да им служи на сиромашните во светот. Истата година го напуштила Скопје за да им се придружи на калуѓерките од Лорето и отпловила во Индија под името Сестра Мариа Тереза.

Ослободување на културниот и економски потенцијал

Прекуграничниот пат за аџилак по кој патувала Мајка Тереза бил затворен и надвор од употреба со децении поради недостаток од одржување и затоа што луѓето започнале да доаѓаат во Летница со возила. Косовската фондација за културно наследство без граници и нивната партнерска организација; Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија во Скопје, заклучиле дека реставрацијата и повторното отворање на планинскиот пат би биле добра можност за промоција на културно наследство и економски развој на регионот, особено во врска со животот на Мајка Тереза.

Адеа Мекули е менаџер на проектот. „Мајка Тереза е позната ширум светот, но знаеме многу малку за младата Агнеза Гонџа Бојаџиу пред да стане позната,“ вели таа. „Имајќи семејство со потекло од Призрен, во Косово, а растејќи во Скопје; детството на Мајка Тереза е совршен пример за заедничко културно наследство кое треба да ги поврзува луѓето од двете места и пошироко.“

Неопходна поддршка од ЕУ

Идејата била поддржана од ЕУ, а истражувањето и собирањето информации за раниот живот на Мајка Тереза било една од главните компоненти на проектот „По патот на Мајка Тереза“; финансиран од програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија.

Освен реставрирањето и означувањето на патот за аџилак како пешачка патека, собирањето и објавувањето информации за раниот живот на Мајка Тереза, проектот придонел, исто така, и за реставрација на локалитетите за културно наследство; како, на пример, Музејот Мајка Тереза во Призрен, локалитетот за аџилак во селото Летница и манастирот Св. Пантелејмон во Горно Нерези во Скопје.

“Проектот ќе влијае на понатамошното културно образование на луѓето во прекуграничниот предел, а ќе придонесе и за економски развој во прекуграничниот регион.“

За проектот

Главната цел на проектот „Културна патека – По патот на Мајка Тереза“, финансиран од ЕУ, беше да ја зајакне соработката помеѓу организациите на граѓанското општество и другите организации во Косово и Северна Македонија преку признавање на заедничките вредности и здружен економски раст.

Адеа објаснува дека поддршката од ЕУ била неопходна за реализирање на проектот чие пошироко влијание ќе се почувствува ширум регионот. “Проектот ќе влијае на понатамошното културно образование на луѓето во прекуграничниот предел, а ќе придонесе и за економски развој во прекуграничниот регион.“

Сега, патот на Мајка Тереза е отворен за посетители кои сакаат да пешачат или да се придружат на аџилакот на автентичен начин, попатно учејќи за една од највпечатливите личности на дваесеттиот век.