Skip to main content

Западен Балкан изобилува со можности за органско земјоделство

Проект, финансиран од ЕУ, ги поддржува пчеларите од Северна Македонија да преминат кон органско земјоделство.

Општината Кавадарци се наоѓа во тиквешкиот регион во Северна Македонија. Со помалку од 40000 жители; како и повеќето рурални подрачја во Западен Балкан, општината страда поради миграциите на младите и семејствата кои се населуваат во поголемите градови во потрага по подобар живот. Ваквата миграција е главната мотивација за отпочнување на проектот Инкубатор „Vitac“, финансиран од ЕУ, кој промовира органско пчеларство, бидејќи недостатокот на економски можности е клучната причина за миграција во големите градови.  Златка Милков е една од оние кои досега останале во Кавадарци. Дипломирала земјоделство, но неколку години работела како сметководителка. Во меѓувреме, сопругот на Златка, кој работи како електричар, одгледува пчели. „Никогаш не бев вистински заинтересирана за пчеларството; само му помагав на сопругот при пакувањето на медот кога производот беше целосно готов,“ вели Златка.

Меѓутоа, во 2020, нејзиниот сопруг дознал за програмата која нуди обука за производство на органски мед. Програмата ја обезбедува проектот „Vitac“, а истата е креирана и имплементирана преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од ЕУ. Златка имала повеќе слободно време затоа што во тој период не работела, па сопругот ја прашал дали би сакала да учествува во програмата. Неволно, прифатила.

„Научив многу работи, од биологија на пчели, па сè до интересни детали за производството на мед. Секој момент беше забавен и интересен.“

Органско пчеларство, идна бизнис прилика

Обуката траела девет месеци и вклучувала теориски и практични знаења за органско пчеларство. „Научив многу работи, од биологија на пчели, па сè до интересни детали за производството на мед. Секој момент беше забавен и интересен,“ вели Златка.

Во текот на една година, проектот обезбедил поддршка за 15 учесника; вклучувајќи жени и млади од регионот. За време на практичната обука, учесниците креирале 30 органски пчелни колонии кои потоа им биле дадени за да можат да започнат да ги прошируваат нивните бизниси со органски пристап. Оние кои учествувале добиле, исто така, и сертификат за органско пчеларство. Учесниците научиле дека органската храна, вклучително и органскиот мед, се одгледуваат без употреба на човечки направени пестициди и ѓубрива и не содржат генетски модифицирани организми (ГМО). Заради распространетото верување дека органската храна е побезбедна, похранлива и повкусна, им бил даден и пристап до развојниот пазар со висока вредност за органска храна ширум светот.

„Поддршката од ЕУ беше неопходна затоа што општините во регионот располагаат со средства за многу мали проекти. Со поддршката на ЕУ, бевме во можност да имплементираме далеку поголем проект и да ги исполниме потребите на локалната заедница со долготрајно влијание.“

За проектот

Главната цел на инкубаторот за органско пчеларство, „Vitac“, е да ја спречи емиграцијата и да придонесе за оживување на руралните заедници во општината Кавадарци. Проектните активности вклучуваат теоретска и практична обука, за целната група, во доменот на производство на органски пчелни производи и пчелни колонии.

Дополнително, преку основаниот информативен центар, земјоделците од општината Кавадарци добиваат бесплатни совети и насоки за претворање на нивното земјоделство во органски вид. Проектот беше имплементиран од Здружението за органски производители „Biovita“, финансирано од програмата на ЕУ „ReLOaD“, а ко-финансирано од Општината Кавадарци.

Билјана Георгиевска, менаџерка на проектот, објаснува дека проектот барал многу напор за да биде соодветно имплементиран, но, исто така, во голема мера, зависел и од посветеноста на учесниците. „Поддршката од ЕУ беше неопходна затоа што општините во регионот располагаат со средства за многу мали проекти. Со поддршката на ЕУ, бевме во можност да имплементираме далеку поголем проект и да ги исполниме потребите на локалната заедница со долготрајно влијание,“ вели таа.

Денес Златка е лидер на семејниот бизнис за пчеларство кој е скоро 100% органски. Во меѓувреме, семејството освоило прва награда за квалитетот на нивниот мед на годишниот натпревар во Тетово. „Размислувам, во блиска иднина, да отвориме продавница за органска храна. Ако успееме во замислата, тогаш, можеби, би можела, во иднина, целосно да се посветам,“ вели Златка.

„Конечно место кое можам да го наречам свое“

Програма, ко-финансирана од ЕУ, обезбедува нов дом и живот за хрватски бегалец во Србија.

Мира Михајловиќ (43 г.), пораснала со својата мајка, татко и помлад брат во село во близина на Карловац, Хрватска. Имала среќно детство и, во средно училиште, учела туризам, а сонувала да стане туристички менаџер. Нејзиниот живот целосно се променил со почетокот на војната во 1995 г. кога Мира имала 17 години. „Беше ужасно; не знаевме како да реагираме, но инстинктот ни велеше дека треба да заминеме, да бегаме,“ вели таа.

Па, Мира и нејзиното семејство побегнале. На почетокот, се придружиле кон бегалски конвој затоа што немале сопствено возило; им помогнал сосед кој имал трактор. Но, им снемало бензин, па морале да пешачат неколку дена. Додека се пробивале низ шумата, братот на Мира, кој имал само 13 години, се изгубил, па морале да се вратат назад. За среќа, го нашле, но Мира вели дека нејзиниот брат имал проблеми и кошмари некое време потоа заради лошото искуство.

„Немав верба дека ќе ми помогнат за да добијам свој дом. Всушност, воопшто не верував.“

Кога за првпат пристигнале во Србија, Мира и нејзиното семејство живееле во колективни центри за згрижување бегалци и работеле на полињата со пченка, чистеле куќи и цепеле дрва за да заработат за живот. По некое време, Мира се омажила, но бракот не бил успешен; па, две години подоцна се развела. Се вратила да живее со своето семејство. „Беше навистина мачно. Тешко се наоѓаше работа, а моравме да плаќаме кирија и да покриваме други трошоци,“ вели таа.

Повторно се отселила и, со својот мал син, се населила во селото Ратар, во близина на Обреновац. За среќа, нашла работа како хигиеничарка во училиштето во близина, но, сè уште било тешко да ја покрие киријата со својата плата.

Дознала од сосетка дека Регионалната програма за домување им помага на бегалци и луѓе кои ги напуштиле Хрватска и Босна и Херцеговина со проблемите за живеалиште. Одлучила да побара нивна помош иако била скептична дека би добила покрив над главата. „Немав верба дека ќе ми помогнат за да добијам свој дом. Всушност, воопшто не верував,“ вели таа.

Позитивна иднина на повидок

Регионалната програма за домување, чиј главен донатор е ЕУ, позитивно одговорила на барањето на Мира. Кажале дека можат да ѝ понудат стан или, пак, доколку поседува земја, проектот би ја поддржал во изградбата на куќа. Мира избрала трета опција преку која програмата ѝ помогнала да ја откупи куќата во која веќе живеела како потстанар.

„За првпат во мојот живот имам нешто свое. Навистина сум среќна и спокојна. Мирно заспивам навечер.“

За проектот

Регионалната програма за домување е заедничка иницијатива на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија. Програмата има за цел разрешување на ситуацијата со долготрајно раселување на најранливите бегалци и раселени лица по конфликтите меѓу 1991 и 1995 година во поранешна Југославија.

Врз основа на последните ветувања на меѓународната донаторска заедница, до крајот на 2022, Регионалната програма за домување би обезбедила трајно решение за домување на 11800 лица на најранливите семејства; односно 36000 лица во четирите партнерски држави. Целосната вредност на проектот изнесува 291 милион евра; од кои 237 милиони евра (80%) се финансирани од донатори на Регионалната програма за домување, а преостанатите 54 милиони евра (20%) доаѓаат од партнерските држави. Со 235 милиони евра, Европската Унија е главниот донатор на програмата.

Кога, најпосле, ја купила куќата, нејзиниот живот коренито се изменил на подобро заради олеснувањето од товарот на киријата. Со поддршка на Католичката служба за помош, успеала да изгради и стакленик во градината каде што сади зеленчуци кои потоа ги продава на локалното пазарче за дополнителен приход. „За првпат во мојот живот имам нешто свое. Навистина сум среќна и спокојна. Мирно заспивам навечер,“ вели Мира.

Мира вели дека е оптимист за иднината. Дел од нејзините планови вклучуваат отворање мала продавничка во бараката во нејзината градина, затоа што во селото нема продавница; па, на тој начин, би можела да обезбеди средства за подобра иднина за својот син. Сега, кога најпосле ѝ тргнала среќата, верува дека може да добие дополнителна поддршка од донатори за нејзината замисла.

Рециклирањето во мода во Косово

Затворање на јамката: проект, финансиран од ЕУ, воведува концепт за рециклирање текстил во Косово.

Во Косово е реткост да се налета на канти за селектирање отпад, а рециклирањето е најчеста појава меѓу собирачите на метал, картони или пластичен отпад од контејнерите, кои, потоа, истите ги продаваат. Но, благодарение на невладината организација „Let’s Do It Peja“, собирањето текстилен отпад стана популарно во Пеќ, град во западно Косово. Арба Шеху е млада и посветена еколошка активистка која заедно со своите колеги во невладината рано го идентификувале проблемот и одлучиле да придонесат за изнаоѓање решение. Денес, таа го раководи проектот.

Арба објаснува дека идејата за проектот дошла поради големиот волумен на текстилен отпад; а, притоа, јавните институции не развиваат одржлив начин и систем за негово собирање и управување со него ниту во Пеќ ниту, пак, во остатокот на Косово. Според неа, најголемиот дел од локалниот отпад завршува во легални или нелегални депонии од кои повеќето не ги исполнуваат основните еколошки и здравствени стандарди. „Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово,“ вели Арба.

 

„Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово.“

Создавање мода од отпадоци

Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започнал со работа во јануари годинава, со тоа што невладината  поставила пункт за собирање текстил во центарот на градот. На голема радост на проектниот тим, локалните жители позитивно одговараат на повикот за споделување текстилен отпад на пунктовите.

Проектот е заснован на концептот наречен „3R“ (Reduce, Reuse and Recycle – „Редуцирај, реупотреби и рециклирај“). Меѓутоа, покрај еколошкиот придонес, проектот има и економски аспект затоа што отвориле и продавница за облека на старо во која ги продаваат донираните парчиња облека кои се во добра состојба.

Арба верува дека долгорочен придонес е невозможен доколку младите генерации активно не се вклучат. Оттука, според неа и нејзините колеги, образовната компонента на проектот е најважна. Во соработка со уметничкото средно училиште во Пеќ, „Let’s Do It Peja“ отпочнале воннаставен курс за дизајн на кој младите ученици, под менторство на искусни модни дизајнери ангажирани од проектот, работат на дизајнирање и креирање нови парчиња облека од собраниот текстилен отпадок. Арба објаснува дека, за неа, ова е највозбудливиот дел од проектот: „Учениците се навистина посветени и смислуваат интересни и привлечни модели.“

„Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“

За проектот

Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започна со работа во јануари и ќе заврши во декември 2021. Севкупната мисија на проектот е да поддржи развој на општествени претпријатија во Косово и да го зголеми вработувањето на обесправените групи; главно, жени и млади, преку примена на концептите за циркуларна економија.

Илка Латифи е една од ученичките учеснички во воннаставниот курс започнат од проектот. Таа вели: „Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“

Проектот има за цел да биде самоодржлив и да продолжи со активностите дури и по истекување на финансирањето од ЕУ. Невладината организација „Let’s Do It Peja“ во моментов работи на регистрирање и отворање општествено претпријатие со името и концептот „3R“. На овој начин, целат да обезбедат одржливост преку претворање на проектот во претпријатие со долгорочен економски и еколошки придонес за заедницата.

Новото општествено претпријатие планира да вработи персонал кој ќе работи на дизајнирање и шиење на рециклираниот текстил, како и персонал за работа во продавницата за облека на старо. „На овој начин, сакаме да им помогнеме на луѓето во потреба; па, затоа, вработените во општественото претпријатие ќе доаѓаат, главно, од ранливите категории; како што се жените, младите и малцинствата,“ вели Арба.

Сараево на пат кон позелен и почист град

Преку финансирање од Европската инвестициска банка (ЕИБ), сараевската трамвај мрежа добива нови возила за првпат во 40 години.

Додека Сараево бил под австро-унгарско управување, градот се користел како тест-подрачје за нови изуми пред истите да бидат поставени во Виена. Сараевската трамвај мрежа била отворена како тест-линија на Нова година, во 1885; со што таа е една од најстарите трамвајски мрежи во Европа.

Трамвајската мрежа континуирано работела преку еден век и тоа во текот на исклучително тешки времиња; како, на пример, Првата и Втората светска војна. За време на опсадата на Сараево, помеѓу 1992 и 1995 година, трамвајската пруга и бројни возила биле сериозно оштетени; но, иако трамвајскиот превоз запрел во еден период на опсадата, услугата продолжила во април 1994. Оттогаш, трамвајската мрежа се соочува со тешкотии, а повеќето од возилата се стари приближно 40 години.

„Повеќето од трамваите што ги возам се истите со кои и јас самиот патував кога бев дете, пред 40 години!“

Намалување на метежот, зголемување на безбедноста

Хидајет Шариќ има 46 години. Преку 20 години работи како возач на трамвај за Сараевската трамвајска мрежа. Се сеќава на времето кога бил ученик и со трамвај патувал од дома до училиште. „Повеќето од трамваите што ги возам се истите со кои и јас самиот патував кога бев дете,“ вели тој. Хидајет објаснува дека последниот пат кога биле купени нови возила било непосредно пред Зимските олимписки игри одржани во Сараево во 1984 година.

Низ годините, градот купил половни трамваи и се трудел да ги одржува и надогради, но се далеку од квалитетот на трамваи кои се користат низ другите европски градови и пошироко. Хидајет објаснува дека, од време на време, со колегите имаат технички проблеми; особено кога трамваите се расипуваат и треба да ги влечат за одржување. Ова е особено опасна процедура затоа што трамвајот треба да се вози наназад; поминувајќи низ тешки кривини без добра прегледност кои претставуваат сериозен ризик за несреќа. Додава дека и искуството на патниците не е секогаш добро затоа што трамваите немаат климатизери.

Меѓутоа, на овие проблеми наскоро ќе им дојде крај благодарение на поддршката од Европската инвестициска банка (ЕИБ) – позајмувачкиот орган на Европската Унија; која обезбеди 40 милиони евра за модернизација на јавниот превоз во Сараево. Подобрувањата значително ќе ја зголемат безбедноста и ќе го намалат транспортниот метеж и воздушното загадување во главниот град на Босна и Херцеговина и околните општини.

„Новиот систем и возилата опремени со најнова технологија ќе ни помогнат да го зголемиме бројот на патници кои го користат јавниот превоз, да го намалиме транспортниот метеж и да создадеме почисто и позелено Сараево,“

За проектот

Европската инвестициска банка (ЕИБ) обезбеди 40 милиони евра за градската транспортна мрежа во Кантонот Сараево. Финансирањето, обезбедено по поволни услови, ќе овозможи модернизација и проширување на мрежата трамваи и тролејбуси преку промена на постоечките возила и изградба на нова трамвајска пруга. Се очекува воспоставувањето на поефикасен и посигурен јавен транспортен систем да овозможи премин на патниците од приватен кон јавен превоз.

Како резултат, проектот ќе помогне да се намали времето на патување, емисијата на стакленички гасови, нивото на врева и бројот на сообраќајни несреќи во Кантонот Сараево. Проектот ќе придонесе, исто така, и за исполнување на Стратегијата за Западен Балкан, на Европската Унија, како и постигнување на целите на Европската инвестициска банка поврзани со одржлив транспорт

Сараево, како и останатите градови во Западен Балкан, има сериозни проблеми со воздушното загадување. Ова е, делумно, резултат на зголемениот број возила за патување од дома до работа; особено за време на зимскиот период. Аднан Стета, министер за транспорт во кантонот Сараево, објаснува дека идејата за проектот за модернизација на јавниот превоз дошла од потребата да се намали воздушното загадување во градот. Тој ја поздравува инвестицијата и поддршката од Европската инвестициска банка. „Новиот систем и возилата опремени со најнова технологија ќе ни помогнат да го зголемиме бројот на патници кои го користат јавниот превоз, да го намалиме транспортниот метеж и да создадеме почисто и позелено Сараево,“ вели тој.

Поставување на косовскиот пат кон пазарите на ЕУ

Постигнување на марката за европски квалитет на производот ѝ помогна на една градежна компанија да пристапи кон меѓународните пазари и, истовремено, да ги подобри своите стандарди.

Градежната индустрија во Косово е во полн ек и, истовремено, е главен придонесувач за економски раст. Ова, главно, се должи на побарувачката за домување во главниот град Приштина, како и во останатите поголеми градови. Како што побарувачката расте, така расте и потребата од вешта работна сила и градежни материјали. Иако располагаат со доста производи, повеќето од градежните материјали се увезени, што создава негативен трговски баланс во Косово. Но, промената е на повидок!

Некои од домашните производители заклучиле дека можат да го зголемат својот пазарен удел преку подобрување на квалитетот на нивните производи со цел да ги исполнат стандардите на ЕУ, а тоа, пак, резултирало со отворање на пристапот до профитабилните пазари на ЕУ.

„Квалитетот на нашето бетонско поплочување соодветствува на оној во остатокот на ЕУ. Нашата компанија со години инвестира во технологија и внатрешни процеси со цел доведување на нашите производи на исто рамниште со стандардите на ЕУ.“

Запознајте се со Шалај, семеен бизнис кој оперира од Истог во западно Косово. Со години инвестирале во бизнисот за да можат, најнакрај, да добијат удел од градежната индустрија вредна милиони евра. Во Шалај отсекогаш тврделе дека нивните материјали за поплочување се со германски квалитет.

„Квалитетот на нашето бетонско поплочување соодветствува на оној во остатокот на ЕУ. Нашата компанија со години инвестира во технологија и внатрешни процеси со цел доведување на нашите производи на исто рамниште со стандардите на ЕУ,“ вели Ендрит Шалај, менаџер за контрола на квалитет во компанијата.

Достигнување на доказ за квалитет

Меѓутоа, компанијата Шалај успеала да го поткрепи своето тврдење со сертификат за квалитет дури во 2021. Со поддршка на проектот „Слободно движење на добра“ (Free Movement of Goods), финансиран од ЕУ, дознале што им било потребно за да ја добијат марката „CE“ (‘conformité européenne’ – „задоволување на прописите на ЕУ“), кратенка која се употребува за палета производи кои ги задоволуваат безбедносните стандарди на ЕУ. Проектот ја водел компанијата низ едногодишната процедура за проверка на сообразност за да докажат дека нивните производи ги задоволуваат барањата за добивање пристап до пазарот на ЕУ.

„Пресреќни сме што ја добивме марката „CE“ – нешто за кое со години работевме за да го достигнеме,“ вели Шалај за достигнувањето кое ќе го отвори патот кон зголемување на нивниот пазарен удел на домашниот пазар, а ќе отвори и нови меѓународни можности.

Но, учењето не запрело тука. Здобиеното знаење и искуство за процедурата на сертификација, домашните законски барања, како и оние на ЕУ, за градежни материјали, биле споделени со другите производители како дел од проектот. Еден од специјалистите вклучен во процесот потенцирал колку тоа може да претставува поттик за овој исклучиво важен сектор на економијата. „Проектот „Слободно движење на добра“ (Free Movement of Goods) покажа дека и за косовските компании е возможно да ја достигнат марката „CE“. Сега, владата и компаниите треба да ја продолжат работата,“ вели Адам Пини, специјалист од овој домен.

Споделувањето на знаењето и експертизата од страна на специјалисти како г. Пини, како дел од проектот, помогнало во голема мера да се подобри законската рамка за производи и да се обучат агенциите за спроведување со цел пазарот да биде побезбеден за работниците и корисниците. Процесот вклучил подготовка на законски текстови, усвојување на европските стандарди, акредитација на тела за оценување на сообразност, добивање сертификати за калибрација и обуки.

„Слободно движење на добра“ (Free Movement of Goods) покажа дека и за косовските компании е возможно да ја достигнат марката „CE“

За проектот

Целта на проектот „Поддршка за слободно движење на добра“ (Free Movement of Goods) беше да се развие квалитетна инфраструктура, пазарен надзор и права на купувачите во насока на подобрување на производните процеси и зголемување на квалитетот и безбедноста на производите.

Ова е дел од поширока цел за поддршка на косовската влада за креирање поодржлива деловна средина која ќе биде на исто рамниште со стандардите и законодавното тело на ЕУ – познати како ‘acquis’ („достигнување на правото на ЕУ“) – во согласност со барањата на Договорот за стабилизација и здружување.

 

Ова претставува дел од напорите на Косово да го хармонизира своето законодавство со законите на ЕУ и постепено да го развива слободниот трговски простор меѓу ЕУ и Косово каде што слободната циркулација на добра, услуги и капитал ќе биде двострано загарантирана. Косово и ЕУ го потпишаа Договорот за стабилизација и здружување (Stabilisation and Association Agreement (SAA)) во 2016 со кој ги поставија заедничките права и обврски.

Достигнувањата како, на пример, марката „CE“ за компанијата Шалај се јасен знак дека компаниите се поконкурентни, производите се подобри и побезбедни, а деловните партнери можат меѓусебно да си веруваат – вистински доказ за тоа како се поставуваат нови патишта меѓу Косово и пазарите на ЕУ.

„Кој си ти?“ – нова технологија за проверка на идентитет во Србија

Со поддршка на ЕУ, два универзитетски професори ја носат својата компанија за дигитален идентитет надвор од Србија.

Милош Милановиќ е професор по информациски технологии (ИТ) при универзитетот во Белград и коосновач на ИТ компанијата „Blinking“. Направил бројни работи во текот на својата кариера: бил музичар, водител на радио емисија, поштар, кратко пред да стане професор работел во градежната индустрија и, најпосле, станал претприемач. Единствена константа во неговиот живот останала љубовта кон технологијата и интересот како истата може да го промени светот. Како научник, своето истражување го посветил на дигиталниот идентитет и биометријата. Најпосле, со својот другар и колега-професор, Мирослав Миновиќ, одлучил да основа компанија која ќе му овозможи на општеството да ја направи крајната дигитална промена.

Идејата да основаат компанија дошла од заклучокот дека моменталниот модел на мануелно стекнување податоци и документи во физички простории или преку несигурни и непроверени дигитални канали е фаличен и старомоден. На пример, при поднесување на барање за одредена услуга, луѓето, честопати, оставаат копии од своите податоци или документи во рацете на секое лице преку кое нивното барање треба да помине. Милош и Мирослав знаеле дека ваквиот модел е склон кон прекршувања, кражби на идентитет и злоупотреба на приватни податоци и е скап од аспект на време и пари за поединците и организациите. Оттука, одлучиле да работат на веродостоен, безбеден и едноставен начин за проверка на идентитетот.

„Со години компаниите бараа начин да го насочат својот бизнис кон дигитална интеракција, но им недостигаа соодветни решенија.“

Крај на редовите пред банките

Во 2017, универзитетските професори Милош и Мирослав се прашувале кога најпосле ќе исчезнат редовите пред банкарските експозитури и луѓето би можеле да ја завршат својата работа само со еден клик. Милош вели дека развиле нешто што самите тие би сакале да го употребуваат. „Со години компаниите бараа начин да го насочат својот бизнис кон дигитална интеракција, но им недостигаа соодветни решенија,“ објаснува тој.

Дообјаснува дека иако имало очигледна потреба од производот на пазарот; препознаена од значајните носители на одлуки, имало и одреден отпор за негово внесување. „Едноставно, не беа подготвени,“ вели тој, па, двајцата професори презеле алтернативна акција за да го поттикнат пазарот да употребува дигитална идентификација. Еден од пристапите бил да ја внесат технологијата дел по дел, а другиот бил да ги промовираат бенефитите на технологијата за време на своите предавања и во презентациите, па, на тој начин, да влијаат за компаниите и чинителите да го користат нивниот производ.

Најнакрај, напорите се исплатиле и, денес, „Blinking“ е водечка компанија за проверка на дигитален идентитет не само во Србија, туку и во регионот. Но, нивните амбиции не запреле тука; сакале да го зголемат процентот на регионална продажба и да влезат на европскиот и светски пазар. За тоа, имале потреба од поддршка која пристигнала од програмата „PowerUP“, финансирана од ЕУ, а наменета за поддршка на малите и средни претпријатија во Западен Балкан со цел зголемување на нивната издржливост во време на КОВИД-19 и проширување на пазарното присуство.

„PowerUP“ беше одлична програма која нè обезбеди со корисни информации и вештини. Најважната компонента за нас беше поврзана со меѓународниот раст надвор од границите на Западен Балкан.“

За проектот

„PowerUP“ е слободна програма дизајнирана за мали и средни претпријатија и старт-ап компании кои се во потрага по нови начини за привлекување клиенти и сакаат да ги адаптираат своите бизнис модели, интересирајќи се, притоа, за надворешно инвестирање. Програмата беше основана од Светската Банка во ноември 2020 година, а е финансирана од ЕУ, во рамки на Фондот за развој на претпријатија и иновации во Западен Балкан, во соработка со водечката консултантска компанија „Deloitte“ која ја поддржува имплементацијата. Преку 200 компании од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија учествуваа во програмата; добивајќи тренинг насочен кон поддршка за нивниот раст и способност за привлекување инвестиции, како и зголемување на нивната издржливост за време на пандемијата КОВИД-19.

Програмата „PowerUP“, финансирана од ЕУ, обезбедила поддршка за „Blinking“ за надградба на бројни вештини: од управување со луѓе, до подобра комуникација со клиентите и маркетинг. „„PowerUP“ беше одлична програма која нè обезбеди со корисни информации и вештини. Најважната компонента за нас беше поврзана со меѓународниот раст надвор од границите на Западен Балкан,“ вели Милош.

Во моментов, „Blinking“ има 30 постојано вработени, како и други надворешни соработници. „Што се однесува до иднината, сакаме да изградиме нешто трајно. Но, знам, исто така, дека треба да бидеме и трпеливи. Дополнително, треба да веруваме дека иако доаѓаме од Западен Балкан, сепак можеме да станеме значаен меѓународен учесник на пазарот. Затоа и инвестираме, подобруваме и развиваме нови производи; дел од кои ќе излезат на пазарот при крајот на годинава. Па, затоа, следете нè на социјалните мрежи за да бидете во тек,“ вели Милош.

Обновената дедова куќа добива втор живот

Проект финансиран од ЕУ за промовирање на традиционалната архитектура им помага на селаните во пограничниот регион Албанија-Црна Гора да го развијат туризмот.

Домашна храна, без мени, и сè послужено свежо од градината или овоштарникот: еве што добиваат гостите кога престојуваат во гостинската куќа на семејството Кљајиќ во селото Лубнице во Црна Гора. Нивниот престој е во куќа стара повеќе од сто години, со традиционален мебел и декор. Маја и Милан Кљајиќ ја водат оваа гостинска куќа заедно со нивните четири деца. Нивниот пат во туристичкото претприемништво не бил секогаш постелен со рози. Донел предизвици, случајности, но и радост да се видат крајниот резултат и големите насмевки на лицата на гостите.

Покрај природните убавини и богатата кујна, селото Лубнице изобилува и со традиционална архитектура. Ова е резултат на многу богатата култура и историја на регионот и доцнењето во модернизацијата – што значи дека многу стари куќи се зачувани во селата од регионот меѓу Албанија и Црна Гора.

„Искрено, не верував дека старата куќа може да биде корисна за нешто. Меѓутоа, мојот сопруг Милан беше упорен и набрзо станавме пионери на руралниот туризам во нашиот регион.“

Од земјоделство со мал обем до туристичко претприемништво

До пред десет години, Маја и Милан немале никаква намера да се занимаваат со туризам. Милан произведувал органски мед, а семејството создавало приход од ова и друго земјоделско производство од мал обем, кое го продавало на пазарите во околните градови. Освен куќата во која живееле, имале и куќа стара над 100 години. Милан ја наследил од татко му и дедо му. Тие ја користеле оваа куќа како складиште за храна и мебел што повеќе не им бил потребен.

Како дел од неговата активност за производство на мед, Милан патувал низ регионот за да присуствува на семинари и така ја добил идејата нивната стара куќа да ја претвори во гостинска куќа за туристи. „Искрено, не верував дека старата куќа може да биде корисна за нешто. Сепак, Милан беше упорен и наскоро стануваме пионери на руралниот туризам во нашиот регион“, вели Маја.

Куќата била во многу лоша состојба и семејството Кљајиќ требало да инвестира во реновирање. Меѓутоа, немале средства. Првично добиле поддршка од донаторска организација да го средат покривот, што било итно, а направиле и некои други мали поправки. Потоа можеле да почнат да примаат посетители. Маја се сеќава на првите гости, група бугарски велосипедисти, кои им гостувале во 2014 година. Таа се сеќава дека не спиела ноќта на нивното пристигнување, плашејќи се дека нема да може да се разбуди на време за да им подготви појадок. „Се чинеше неверојатно. Не бевме навикнати на посетители; цело село беше возбудено и во шок“, вели Маја.

По оваа прва група, следела друга група, а потоа друга, додека куќата не била резервирана за целата сезона. Сепак, растот на популарноста не бил без предизвици. Старата куќа не била целосно реновирана и имало проблеми, а на семејството му била потребна поддршка за промоција.

„Поддршката од ЕУ беше многу важна. Покрај пари за завршното реновирање на куќата, добивме и поддршка за промовирање на нашата гостинска куќа преку брошури и социјалните мрежи. Ова имаше огромно влијание врз понатамошниот раст на нашиот бизнис.“

За проектот

Проектот за прекугранична соработка финансиран од ЕУ „Зачувување на културниот пејзаж на Албанија и Црна Гора“ започна во 2018 година и заврши во 2020 година. Целта на проектот беше да се зајакне конкурентноста на туристичкиот сектор преку инкорпорирање на културното и природното наследство. Проектот придонесе за промоција на традиционалната архитектура на прекуграничната област меѓу локалните и меѓународните посетители преку изложби, социјални медиуми и серија написи во целни списанија на тема традиционални елементи во модерната архитектура и зачувување на културното наследство. Проектот беше имплементиран од Агенцијата за регионален развој Бјеласица, Комови и Проклетие и музејот Полимски од Црна Гора во соработка со EuroPartners Development и Регионалниот совет на Скадар во Албанија.

Ова многу потребно финансирање дојде од проект за прекугранична соработка финансиран од ЕУ наречен „Зачувување на културниот пејзаж на Албанија и Црна Гора“. Ова му помогна на семејството да го заврши реновирањето на куќата со зачувување на традиционалните културни и историски елементи. „Поддршката од ЕУ беше многу важна. Покрај пари за завршното реновирање на куќата, добивме и поддршка за промовирање на нашата гостинска куќа преку брошури и социјалните мрежи. Ова имаше огромно влијание врз понатамошниот раст на нашиот бизнис“, вели Маја.

Маја и Милан сега планираат да го продолжат овој бизнис и во наредните години. Тие, исто така, се надеваат дека барем едно од нивните деца ќе ја сподели нивната страст и ќе ја одржува гостинската куќа отворена.

Бизнис во ранец

Финансирањето на ЕУ ѝ помогна на жена претприемач од Босна и Херцеговина при нејзиното патување да изгради бизнис кој ги поддржува патувањата на другите.

Азра Хоџиќ од Босна и Херцеговина отсекогаш била ентузијастички патник. До почетокот на пандемијата на КОВИД-19, таа патувала за бизнис и за задоволство и посетила многу места. Патувањето ѝ носи радост, а патувањето во Берлин пред неколку години стана и неочекувана почетна точка за нов деловен потфат.

Азра барала ранец кој би можела да го користи на ова патување, но и кога ќе се врати дома. Таа не можела да најде ништо што би ѝ одговарало на нејзините специфични потреби, па штом се вратила во Сараево дизајнирала нешто што ќе ѝ служи за нејзината цел и го сошила заедно со нејзиниот татко.

„Сите ми даваа комплименти за ранецот и ме прашуваа од каде ми е. Кога им кажав дека го направив сама, една пријателка ме праша дали можам да ѝ направам и нејзе.“

Овој прв ранец што Азра го дизајнирала и сошила со нејзиниот татко имал едноставен дизајн, но тоа било токму она што ѝ требало. Веднаш го забележале нејзините колеги од компанијата во која работела. „Сите ми даваа комплименти за ранецот и ме прашуваа од каде ми е. Кога им кажав дека го направив сама, една пријателка ме праша дали можам да ѝ направам и нејзе“, вели Азра.

По оваа прва нарачка, следеле други нарачки, додека Азра не сфатила дека ова може да се претвори во добар бизнис. Таа отворила страница на социјалните медиуми, каде што рекламира модели со голем асортиман на дизајни. Исто така, дошла до многу креативна идеја како да го нарече својот бизнис. Ranac на босански значи „ранец“, а St значи „светец“. Тоа била причината за името на компанијата на Азра ST RANAC, но Азра исто така увидела дека кога ќе се поврзат двата збора, се добива друго значење. Stranacна босански значи „странец“.

Бизнисот одел добро две години, со тоа што Азра дизајнирала, а татко ѝ шиел. Но, со постојано зголемување на нарачките, Азра морала да најде решение за да може дополнително да се прошири. Таа немала соодветна обука за управување со бизнис, опрема и поддршка за маркетинг и рекламирање.

„Претходно не можев да купам сериозна количина суровини бидејќи зависев од готовинскиот тек. Со поддршка од ЕУ, преминав на следното ниво. Сега можам да одговорам на поголемо побарување од клиентите и подготвена сум да станам голема компанија.“

За EU4Business

EU4Business има за цел да го стимулира развојот на претприемништвото, извозно ориентираните сектори, туризмот и земјоделството во Босна и Херцеговина. Програмата е заеднички финансирана од Европската Унија (15 милиони евра од претпристапните фондови) и германската влада (1,1 милион евра). Проектот го спроведуваат GIZ (Германската корпорација за меѓународна соработка), Меѓународната организација на трудот и Програмата за развој на Обединетите нации и ќе заврши во март 2022 година.

Еден пријател ѝ кажал за програмата EU4Business која ги поддржува младите компании и надежните претприемачи во управување и раст на бизнисот. Азра се пријавила и ја добила потребната обука за управување со бизнис, која траела повеќе од два месеци. Добила и нова индустриска машина за шиење, која му овозможува на нејзиниот татко да произведува повеќе за пократок временски период, а финансиска поддршка за однапред да купува суровина на големо.

„Претходно не можев да купам сериозна количина суровини бидејќи зависев од готовинскиот тек. Со поддршка од ЕУ, преминав на следното ниво. Сега можам да одговорам на поголемо побарување од клиентите и подготвена сум да станам голема компанија“, вели Азра.

Додека светот наоѓа нови начини за патување во реалноста со КОВИД-19, Азра очекува понатамошен раст на нејзиниот бизнис. Таа планира да го зголеми својот асортиман на производи и во блиска иднина да понуди вработување за други луѓе во нејзината компанија. Секако Азра имаше предизвици, но со својата страст и напорна работа – и мала помош од ЕУ – успеа да ги надмине сите.

Млади Срби и Косовци се прашуваат „Како те гледам?“

Проект финансиран од ЕУ им помага на младите луѓе да размислуваат без предрасуди и да го изразат своето ново искуство во кратки филмови. Две културни организации – Dokufest во Призрен и Fond B92 во Белград – се здружија за да ги соберат младите луѓе од Косово и Србија и да им овозможат да видат дали нивните верувања едни за други се вистинити. Досега, околу 40 младинци имаа шанса да ги предизвикаат своите предрасуди во проектот „Како те гледам?“. 24-годишниот Исмаил Мирсели од Призрен ја објаснува причината поради која се пријавил за активноста: „Сакав да знам за што е заинтересиран еден млад Србин – и најдов и сличности и спротивставени мислења за нашите општества“. За време на своето патување, Мирсели помина време со луѓе од Крушевац во Србија, кој, на негово изненадување, многу личи на неговиот роден град. Мал дел од времето помина во објаснување на работите што ги прави во Косово. Останатото време, тој зборуваше за она што му е најважно: неговиот интерес за филмови, театар и култура. „Верувам дека, ако го пополниме недостатокот на информации со универзални вредности, нема да има простор за никаква поделба.“

„Сакав да знам за што е заинтересиран еден млад Србин и најдов и сличности и спротивставени мислења за нашите општества.“

И навистина, организаторите се погрижија учесниците во проектот да го задржат својот фокус на културата, и како начин за истражување, но и како начин да го изразат своето искуство на креативен начин. Проектот се состоеше од работилници, посети на културни локалитети и на крај од креирање видеа што одговараат на едноставното прашање: како средбата со нивните врсници лице в лице го промени начинот на кој тие ги гледаат. Поради ограничувањата со коронавирусот, првата група од 2020 година мораше да се ограничи на онлајн видео повици, но нивната креативност во правење филмови сè уште блеска во кратките видеа што ги направија едни за други. Проектниот менаџер на „Како те гледам?“, Зана Арапи Џеладини, вели дека ваквите проекти се она што им е потребно на младите луѓе за вистински да се запознаат, и во Косово и во Србија. Недостатокот на информации е она што ја испровоцира целата идеја на проектот, објаснува таа. Сè започна кога членовите на тимот на Докуфест присуствуваа на фестивал во Србија, а луѓето таму беа изненадени кога слушнаа за работите што се случуваат во Призрен – за кои дотогаш не знаеја ништо. Зана додава дека важен дел од проектот е следење на медиумите за спротивставени наративи и нивно споделување со учесниците во проектот за да се споредат различните гледишта.

„Ние сме само млади луѓе, се забавуваме и уживаме во овие состаноци и во кино“.

За проектот Проектот „Како те гледам?“ е осмислен и имплементиран од две граѓански организации од Косово и Србија: Dokufest и Fond B92. Организациите веруваат дека во погледите на младите доминираат предрасудите и последиците од конфликтот – пречки кои стојат на патот на мобилноста на целиот регион. Проектот доби средства од претпристапните фондови на Европската Унија, како дел од Програмата за граѓанско општество и медиуми за Косово 2018-2019 година. Една учесничка од Србија вели дека ова искуство ѝ било едно од најубавите во животот. Сара Еќимовиќ (23) веднаш се поврза со некој на нејзина возраст од Косово. Пред да се сретнат во живо, со денови разговараа на телефон за заеднички интереси, како што се европските филмови. „Научив за неговото семејство, музиката што ја прави и неговите планови за иднината“, вели Еќимовиќ, која исто така беше во првата група што учествуваше на фестивалот на краток и документарен филм Dokufest во Призрен. „Конечно, имав прилика да ги посетам Призрен и Косово“, додава таа. Подоцна во 2021 година таа и нејзините колеги учесници ќе ги прикажат своите видеа на фестивалот Слободна зона во Белград. Ова е благодарение на истата програма за културна размена. Таа резимира: „Ние сме само млади луѓе, кои се забавуваат и уживаат во овие средби и филмови“.

Патување во времето: како едно Скопско училиште се пресели во дигиталната ера

Како големите инфраструктурни инвестиции ослободија ресурси за финансирање модерни, дигитални наставни алатки во училиште во Северна Македонија. Едно од најстарите училишта во главниот град на Северна Македонија, Скопје, се вика „25 Мај“. Изградено во 1967 година, во моментов брои околу 1.500 ученици. Речиси 50 години не биле спроведени никакви значајни активности за реновирање. Прозорците, тоалетите, покривот, па дури и столиците и клупите биле исти како во 1970-тите, правејќи го училиштето да изгледа речиси како музеј. Фадил Муртезани како дете учел во ова училиште во 70-тите години на минатиот век. Се сеќава дека тогаш училиштето било познато како едно од најпрекрасните во градот. Четириесет години подоцна, во 2011 година, тој стана директор на училиштето. „Кровот прокиснуваше, имавме проблеми со студ во зима, па дури и столицата и клупата на кои седев беа сè уште беа таму. Го видов моето име на неа“, вели тој со малку носталгија. Заедно со новиот менаџерски тим, Фадил презеде иницијатива за итно подобрување на работите.

„Инвестициите во инфраструктурата на училиштето ослободија ресурси за финансирање модерни, дигитални наставни алатки.

Заштеда на енергија и инвестирање во дигитални алатки Работите за реновирање првично започнале како иницијатива на родителите. Започнале со мали реновирања, бојадисување на оградата на училиштето и средување на училишниот двор. Сепак, ова било далеку од доволно. На училиштето му требало многу позначајна работа, а немало средства. Сепак, поттикот и ентузијазмот од локалната заедница го привлекле вниманието на Министерството за образование и наука, кое набрзо го одобрило барањето за реновирање и реконструкција на училиштето финансирано со поддршка на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). WBIF е платформа помогната од ЕУ која здружува ресурси од различни извори, вклучувајќи ја Европската комисија, билатералните донатори и меѓународните финансиски институции. Како резултат на тоа, училиштето „25 Мај“ го обнови покривот и фасадите на училишната зграда, ги замени прозорците и ги обнови подните површини и системите за греење и електрична енергија. Овој напор за модернизација посебно ја подобри енергетската ефикасност на училиштето, овозможувајќи му да заштеди енергија додека ги подобрува условите за настава. Заштедите на енергија, над 100 % годишно, генерирани од овие инвестиции, ослободија финансиски средства кои беа наменети за друга употреба.

„Нашите часови сега се поинтересни и многу повеќе се забавуваме; ние се сметаме себеси за среќни и горди сме на нашето училиште.“

За проектот  Реновирањето на училиштето на „25 Мај“ е дел од поголем проект кој вклучува изградба на 70 нови објекти за физичко образование во основните и средните училишта и реновирање на 60 основни и средни училишта низ Северна Македонија. Проектот имаше комбинирана инвестиција на грантови и заеми канализирани преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, помогната од ЕУ. Ова вклучуваше два грантови достапни од придонесите на билатералните донатори на WBIF, како и два заеми во вкупна вредност од 42,5 милиони евра од Банката за развој на Советот на Европа (CEB). За WBIF Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) е платформа за координација на донатори која здружува средства од различни извори, вклучувајќи ја и Европската комисија. WBIF обезбедува финансирање и техничка помош за стратешки инвестиции во енергетскиот сектор , секторот за животна срединасоцијалниот секторсекторот за транспорт и секторот за дигитална инфратруктура. Исто така обезбедува поддршка за иницијативите за развој на приватниот сектор.  Таа е заедничка иницијатива на ЕУ, финансиските институции, билатералните донатори и владите на Западен Балкан. Подобар пристап за сите Наставниците и учениците од училиштето сега имаат нов мебел и наставна опрема, како што се интерактивни табли и видео проектори во секоја училница, што ги подобрува дигиталните вештини на учениците. „Нашите часови сега се поинтересни, и многу повеќе се забавуваме, се сметаме за среќни и горди на нашето училиште“, вели Анила Ибиши, ученичка во деветто одделение во училиштето. Освен што обезбедуваат подобар дигитален пристап, реновирањето го подобрува и пристапот за учениците со попреченост. Училиштето е предводник и другите образовни институции во Северна Македонија го земаат како референтна точка за пристап до соодветна образовна инфраструктура. Постигнувањето на европските образовни стандарди во училиштето „25 Мај“ привлече внимание и прием на нови ученици. Фадил гордо вели: „Стапките на уписи се исто така значително зголемени по реновирањето бидејќи аплицираат жителите од другите општини“.