Skip to main content

Area of Cooperation: Culture and youth

Самитот ЕУ – Западен Балкан, во Тирана, ја реафирмира перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и стратешкото партнерство на ЕУ со регионот

Денес, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен; претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел; високиот претставник/потпретседател, Јозеп Борел; комесарот Оливер Вархелеј; како и шефови на држави или влади од земјите членки на ЕУ и партнери од Западен Балкан, присуствуваа на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана. Организирањето на самитот, за првпат во регионот, е јасен знак за силната заложба на ЕУ за Западен Балкан и патот кон ЕУ.

 

Лидерите од ЕУ ја реафирмираа целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Повикаа, исто така, и на забрзување на пристапниот процес, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозна условеност и принцип на сопствени заслуги.

 

Руската ескалирачка воена агресија против Украина претставува ризик за мирот и безбедноста во Европа и светот, нагласувајќи ја важноста на стратешкото партнерство помеѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан.

 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави: „Овој самит, кој за првпат се одржува во земја од Западен Балкан, дава јасна порака за нашето залагање, единство и силно партнерство. ЕУ е повеќе од кога било посветена за заедничка иднина со нашите партнери од Западен Балкан во ЕУ. Ја користиме секоја можност за доближување на нашите региони и луѓе; и тоа од заедничко соочување со енергетската криза, па сè до создавање повеќе прилики за нашите граѓани и бизниси; вклучително и преку намалување на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување.“

 

Дополнително, самитот овозможи и прилика за преглед на напредокот на имплементацијата на Економскиот и инвестициски план, вреден околу 30 милијарди евра, фокусиран на водечки проекти во доменот на зелена и дигитална транзиција, одржлив транспорт, чиста енергија, поддршка за приватниот сектор и развој на човечки капитал, со цел премостување на социоекономскиот јаз помеѓу Западен Балкан и ЕУ. Досега, ЕУ усвои 40 водечки проекти за транспорт, поврзаност, енергетска транзиција, зелена агенда, дигитална транзиција и развој на човечки капитал, со 1,8 милијарди евра поддршка од ЕУ и целосна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра.

 

Тука се вбројуваат 12 инвестициски проекти, усвоени на 5. декември, од кои беа забрзани 6 проекти во енергетскиот сектор; благодарение на пакетот поддршка, од 1 милијарда евра, составен од два столба:

 
  • 500 милиони евра непосредна поддршка за сите партнери од Западен Балкан со цел ублажување на растот на цените на енергијата за бизниси и ранливи домаќинства; средствата се одобрени и ќе бидат подготвени за исплата на почетокот на 2023 година.
  • 500 милиони евра краткорочна и среднорочна поддршка преку Инвестициската рамка Западен Балкан за унапредување на енергетската транзиција и енергетската безбедност. Пакетот опфаќа надополнување на Програмата за регионална енергетска ефикасност за енергетско-ефикасно реновирање на приватните и државни згради, шест нови инвестициски грантови за обновливи извори на енергија, три грантови шеми за енергетска транзиција на приватниот сектор и серија гаранции за поддршка на обновлива енергија и енергетска ефикасност. Во соработка со меѓународни финансиски институции, се очекува да се мобилизираат околу 2,5 милијарди евра во целосни инвестиции.
 

Лидерите беа, исто така, присутни и на потпишувањето на спогодба помеѓу претставници од телекомуникациските оператори од ЕУ и Западен Балкан за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг помеѓу регионот и ЕУ, со почеток во октомври 2023 година. Европската комисија и Советот за регионална соработка ги фацилитираа преговорите за договорот, а одлуките за понатамошни намалување се очекуваат во мај 2023 година.

 

Најнакрај, самитот беше можност за дискусии за продлабочување на соработката помеѓу ЕУ и регионот за управување со миграции, кибер безбедност, образование и млади. Неодамна, Комисијата одобри фонд од 70 милиони евра за подобрување на капацитетите за гранично управување и зајакнување на борбата против криумчарење на мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан. ЕУ ја зголемува помошта и соработката со Западен Балкан за зајакнување на кибер отпорноста по серија кибер напади во регионот; вклучително преку нова програма, вредна 5 милиони евра, за целиот регион, со почеток во раната 2023-та. Универзитетите од Западен Балкан ќе бидат, исто така, вклучени во програмата ЕРАЗМУС+, на исто рамниште како и земјите-членки на Унијата, со цел создавање подобри можности за младите.

Новата европска награда „Баухаус“: можност за Западен Балкан и Турција

Почнувајќи од денес, Комисијата ги отвори апликациите за новата европска награда „Баухаус 2023“. По претходните две успешни изданија, кои добија над 3000 пријавени од сите земји-членки на ЕУ, натпреварот во 2023 година ќе награди 15 примерни иницијативи кои поврзуваат одржливост, естетика и инклузија – три клучни вредности на новата европска награда „Баухаус“.

 

Во контекст на Европската година на вештините, годинешното издание ќе биде со фокус на образование и учење. За првпат, добредојдени се апликации за проекти и концепти во Западен Балкан. Како и лани, ќе има посебни награди за луѓе под 30 години. Повикот е отворен до 31. јануари, 2023 година, 19.00 часот (средноевропско време).

 

Наградите за 2023 година ќе бидат доделени на проекти и концепти развиени од млади таленти и тоа во четири категории:

 
  • повторно поврзување со природата;
  • повторно стекнување на чувство на припаѓање;
  • давање приоритет на луѓе и места на кои им е најпотребно;
  • потреба за долгорочно размислување за животниот циклус во индустрискиот екосистем.
 

Во секоја категорија, пријавените можат да изберат помеѓу три паралелни фокуси на натпреварување:

 

– Фокус А: „Нови европски баухаус шампиони“, посветен на постоечки и завршени проекти со јасни и позитивни резултати.

– Фокус Б: „Нови европски баухаус растечки ѕвезди“, посветен на концепти, доставени од млади таленти на возраст од 30 години или помалку. Концептите можат да бидат во различен стадиум на развој; од идеи со јасен план, па сè до прототипи.

– Фокус Ц: „Нови европски баухаус образовни шампиони“, посветен на иницијативи кои се фокусираат на образование и учење. Право на пријавување имаат завршени проекти или иницијативи со минимално ниво на „зрелост“.

 

Наградите од изданието 2023 ќе бидат доделени на 15 победници кои ќе добијат парична награда, до 30000 евра, како и комуникациски пакет кој ќе им помогне да ги доразвијат и промовираат своите проекти и концепти.

Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана ја потврдува стратешката врска на ЕУ со пристапните партнери

Во четврток, 6. декември, лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе одржат самит во Тирана, чиј домаќин ќе биде премиерот на Албанија, Еди Рама, а со кој ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Европската комисија ќе ја претставува нејзиниот претседател, Урсула фон дер Лајен; високиот претставник/потпретседателот за надворешни работи и безбедносна политика, Јозеп Борел и комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархелеј.  
За првпат, самитот се одржува во Западен Балкан; како јасен знак за посветувањето на ЕУ кон стратешко партнерство со регионот и неговите перспективи за членство во ЕУ. Дискусиите ќе се фокусираат на заедничко третирање на последиците од руската воена агресија против Украина; особено во енергетскиот сектор. Комисијата ќе известува за имплементација на Економскиот и инвестициски план, во вредност од скоро 30 милијарди евра, чија цел е поттикнување на долгорочно закрепнување на регионот. Дополнително, Комисијата ќе информира за Пакетот за енергетска поддршка, од околу 1 милијарда евра, за целиот регион на Западен Балкан; претставен од претседателката фон дер Лајен, во ноември; наменет за помош на ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија и ублажување на високите цени на енергија, како и унапредување на клучни инфраструктурни инвестиции за диверзификација на снабдувањето со енергија, зголемување на обновливото производство и енергетската ефикасност.  
Пред самитот, лидерите ќе бидат присутни на потпишување на спогодба помеѓу претставниците на телекомуникациските оператори од Западен Балкан и ЕУ за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг, започнувајќи од октомври 2023, помеѓу регионот и ЕУ.

Младите европски амбасадори учествуваат на настанот „Блокирај ја омразата. Сподели инклузија!“ во Пљевља, Црна Гора

Овозможувањето простор за младите да ги искажат своите мислења и да дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат во своите локални заедници е неопходно за градење поинклузивно општество, ослободено од дискриминација. Ова беше потенцирано на работилница за студенти која се одржа во Пљевља, на 23. ноември, како дел од иницијативата на ЕУ и Советот на Европа, „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, во соработка со Бирото за регионална младинска соработка. Настанот обедини студенти, претставници на институции, локални невладини организации од Пљевља и претставници од мрежата „Млади европски амбасадори“.

 

На настанот, младите европски амбасадори и другите млади имаа можност да дискутираат со носители на одлуки; пред општината Пљевља, народниот правобранител, министерството за образование, како и министерството за спорт и млади. Како дел од дискусиите, разговараа за начините на кои омразата се шири низ системот и општеството и што можат да направат младите за да ги поддржат институциите во борбата против говорот на омраза; покажувајќи колку се важни почитта и заедништвото. Исто така, ги потенцираа и придобивките на мултикултурните средни и потребата за охрабрување на другите млади со цел да не се откажуваат и да продолжат со својата работа во доменот на активизмот, за заедничка придобивка на нивните општества.

Советот одобрува преговарачки мандат за безвизно патување за Косово

Амбасадорите на државите-членки на ЕУ денес го одобрија преговарачкиот мандат, на Комисијата, за регулирање на безвизно патување за имателите на пасоши издадени од Косово. Врз основа на овој мандат, претседателството ќе започне преговори со Европскиот парламент.

 

Нацрт правилата ќе им овозможат на имателите на косовски пасоши да патуваат без виза во ЕУ, за престој од 90 дена во кој било период од 180 дена. Во согласност со оваа позиција на Советот, ослободувањето од визните барања ќе се примени од почетниот датум за операцијата на Европскиот патувачки систем и авторизација, не подоцна од 1. јануари 2024 година.

Повик на „Creative Europe“ за проекти за соработка

Повик, на „Creative Europe“, за проекти за соработка, ќе ги поддржи проектите за спроведување широк спектар активности и иницијативи, вклучувајќи уметници и чинители активни во различни културни и креативни сектори. Со буџет од преку 60 милиони евра, оваа акција ќе поттикне соработка помеѓу организациите активни во сферата на културата, со цел зголемување на европската димензија за креирање и циркулирање на европски уметнички содржини; охрабрувајќи развој, експериментирање, дисеминација и примена на нови и иновативни практики.

 

Проектите за европска соработка се отворени за сите културни и креативни сектори. Но, со оглед на тоа што оваа акција е дел од културниот отсек на програмата, проектите кои содржат исклучиво аудио-визуелни содржини и/или се исклучиво составени од организации од аудио-визуелниот сектор, не се соодветни за аплицирање.

 

Крајниот рок за аплицирање е 23. февруари 2023 година.

Избрани победниците на натпреварот за фотографија „Да се биде млад во Србија“

Забава, спортски активности, уметност, борба за подобра иднина – сите овие елементи се појавуваат во секојдневието на младите во Србија; инспирирајќи ги овогодинешните учесници на натпреварот за фотографија „Да се биде млад во Србија“ („Being young in Serbia“).

 

Петчленото жири избра четири победници од преку 1000 фотографии испратени на натпреварот организиран од Делегацијата на ЕУ во Србија, „National Geographic Serbia“, „Politikin Zabavnik“ и студентската мрежа ЕРАЗМУС Србија. Ова е една од активностите со кои Делегацијата на ЕУ во Србија ја одбележа 2022 како европска година на младите.

 

Во категоријата најдобри фотографии од граѓаните, наградите беа доделени на:

Прво место – Милош Крстиќ, Фестивалска еуфорија (Егзит фестивал, Нови Сад)

Второ место – Ирена Љубановиќ, Жена која покажува солидарност кон друга жена (Белград)

Трето место – Јана Цекиќ, И, што сега? (Белград)

 

Фотографијата која освои прво место ќе биде објавена во српското издание на магазинот National Geographic“, како и во „Politikin Zabavnik“. Четирите добитнички фотографии, како и 16-те фотографии кои влегоа во потесен круг, ќе бидат изложени, во текот на месец декември, во ЕУ Инфо центарот во Белград, Нови Сад и Ниш. Фотографите на најдобрите дела ќе добијат ваучери за електронска опрема; победничката фотографија ќе добие ваучер во вредност од 1000 евра, наградата за второ место е ваучер вреден 500 евра, третата награда е ваучер во вредност од 300 евра, додека, пак, најдобрата фотографија за проект на ЕУ ќе добие сертификат.

Претворање на детската пасија во професија

Проект, финансиран од ЕУ, им помага на младите во Косово да ги исполнат своите професионални амбиции во секторот на информациско-комуникациските технологии и дигиталниот сектор.

Детјон Чочај има 21 година и е од Призрен, Косово. Тој е еден од многуте млади кои во последните години гледаат на информациските технологии како привлечен сектор за нивниот професионален живот. Одлуката да го започне своето професионално патување во доменот на информациско-комуникациските технологии, за Детјон, не била техничка, туку започнала како пасија уште кога имал само 10 години. На таа возраст, Детјон го имал првото искуство со компјутер; и тоа преку пријател кој поседувал компјутер. „Беше поле во кое новите информации може бескрајно да се истражуваат: беше љубов на прв поглед,“ вели тој. Првото искуство со компјутер направило да ги замоли своите родители да му купат компјутер. Тие ги послушале и така започнало возбудливото патување за Детјон.

„Иако универзитетот на кој сум запишан е прилично во чекор со трендовите; сепак, не може целосно да држи ритам со брзиот развој во сферата на информациско-комуникациските технологии. Професионалните курсеви се секогаш добар начин за пополнување на оваа празнина.“

Детјон ги доразвил своите вештини за информациско-комуникациски технологии и дигитални вештини, а кога дошло време за запишување на факултет, немал сомнеж за тоа што сака да студира. Во 2020 година ги започнал своите студии, но имал желба да учи повеќе и побрзо. Оттука, почнал да бара дополнителни можности за подобрување на своите вештини и наишол на објава од проект, финансиран од ЕУ, кој нудел бесплатни курсеви за информациско-комуникациски технологии за младите во Косово. „Иако универзитетот на кој сум запишан е прилично во чекор со трендовите; сепак, не може целосно да држи ритам со брзиот развој во сферата на информациско-комуникациските технологии. Професионалните курсеви се секогаш добар начин за пополнување на оваа празнина,“ вели Детјон.

Проектот за поддршка на конкурентноста во секторот на информациско-комуникациските технологии во Косово, финансиран од ЕУ, е фокусиран на овозможување обука за информациско-комуникациски технологии, дигитални вештини и бизнис менаџмент; вклучително и веб развој, Јава програмирање, кибер безбедност, „Python“, „big data“ (големи/мега податоци), машинско учење, информациско-технолошки проектен менаџмент и „меки вештини“ („soft skills“). Дополнително, проектот овозможил курсеви за бизнис обука за менаџмент и лидерство во секторот на информациско-комуникациските технологии. Детјон присуствувал на два модули: Јава и Андроид развој и веб развој.

„Знаењето со кое се стекнав на курсот многу ми помогна. На пример, имаше одредени технички прашања на моето интервју за работа чии одговори ги бев научил на курсот; па, тоа влијаеше на успехот на интервјуто.“

За проектот

Проектот за поддршка на конкурентноста во секторот на информациско-комуникациските технологии во Косово, финансиран од ЕУ; брендиран како „Информациско-комуникациските технологии за развој на Косово“, цели кон зголемување на конкурентноста на дигиталните и традиционални бизниси во Косово преку поддршка за експанзија на секторот за информациско-комуникациски технологии во Косово; водејќи до создавање нови работни места. Дополнително, проектот има за цел да го премости јазот на дигитални и деловни вештини; и тоа на одржлив начин кој ќе ги исполни потребите на пазарот, зголемувајќи го извозот на косовските бизниси во сферата на информациско-комуникациските технологии, како и зголемување на конкурентноста на косовските дигитални и традиционални бизниси преку употреба на информациско-комуникациските технологии. Со проектот управува Канцеларијата на ЕУ во Косово, а истиот е имплементиран од „WeGlobal“, во партнерство со „European Projects Management Ltd“ и „Prishtina REA“. Проектот трае 42 месеци; од јануари 2020 до јули 2023 година.

Како резултат на неговата напорна работа, стекнатото знаење на факултет и, особено, знаењето со кое се здобил на курсевите финансирани од проектот на ЕУ, Детјон добил работа во „Bottomline Technologies“ – компанија која работи во повеќе од 90 држави ширум светот. „Знаењето со кое се стекнав на курсот многу ми помогна. На пример, имаше одредени технички прашања на моето интервју за работа чии одговори ги бев научил на курсот; па, тоа влијаеше на успехот на интервјуто.“ Детјон има големи амбиции за иднината во секторот на информациско-комуникациските технологии и дигиталниот сектор. „Во иднина, се гледам себеси како сопственик на производ и извршен директор на важна компанија за информациско-комуникациски технологии која вработува и создава позитивни перспективи за другите млади,“ вели тој.

Доближување на младите до културата и уметноста

Интерактивни и иновативни алатки во работна програма за млади, финансирана од ЕУ, ги доближува културните институции поблиску до младите во Србија и пошироко.

Галеријата „Матица српска“ во Нови Сад, основана во 1847 година, денес претставува еден од најбогатите уметнички музеи во Србија. Трајните поставки изложуваат значајни уметнички дела од осумнаесеттиот, деветнаесеттиот и дваесеттиот век; илустрирајќи го потеклото и развојот на српската современа уметност, позиционирајќи ја во европски контекст. Покрај трајните поставки, галеријата е место каде што се прикажуваат меѓународни, монографски, тематски и привремени поставки. Никогаш нема недостаток на посетители, но, сепак, разочарувачки е бројот на млади меѓу посетителите.

Недостигот на млади посетители не е карактеристичен само за оваа галерија. Проблемот е забележан и во други држави во регионот и пошироко. Со цел решавање на овој проблем во поширок контекст и доближување на културните институции поблиску до младите, здружение на невладини организации од Србија, наречено „НАПОР“, го започна проектот „Melting Pot“, со финансии од ЕУ. Проектот беше имплементиран во три држави; Хрватска, Северна Македонија и Србија.

„Идејата на проектот беше да ги доближи младите поблиску до културни содржини, но и да поттикне креирање програми за младите од страна на културните институции.“

Неделка Ивошевиќ е менаџер за комуникации при здружението „НАПОР“. Објаснува дека идејата за проектот била заснована на стратешки план на организацијата со цел да ги спои работните методологии на институциите и младинските работници. „Идејата на проектот беше да ги доближи младите поблиску до културни содржини, но и да поттикне креирање програми за младите од страна на културните институции,“ вели Неделка.

Начелно, проектот направил истражување за потребите на различни младински групи поврзани со културата во трите држави. Резултатите покажале дека 60 % од младите кои зеле учество во анкетата изјавиле дека културата е значаен дел од нивниот живот, но 90 % од нив изјавиле дека институциите никогаш не ги консултираат кога станува збор за инволвирање во програмско планирање; давајќи им улога на пасивни консументи на културни содржини. Како други причини за нередовното учествување во културни настани ги навеле недостатокот на информации, непривлечните содржини и недостатокот на културни активности во нивното опкружување.

За да се овозможат добри примери за поврзување на младите со културните институции и истите да ги тестираат, проектот развил и имплементирал шест културни програми: по две од секоја држава. На пример, во Србија, галеријата „Матица српска“ изработила програма наречена „Ајде да играме: уметност и слободно изразување“ која ги поврзува уметничките дела во галеријата со информации, веднаш до делото; како, на пример, детали за други уметници од периодот на создавање. „Целта беше младите да почувствуваат дека галеријата не е само за елити,“ вели Неделка.

 

„Беше голем и комплексен проект имплементиран во три држави. Поддршката на ЕУ беше неопходна затоа што без финансиите не би можеле да го имплементираме проектот.“

За проектот

Проектот „Melting pot“ започна во март 2021 година и заврши во септември 2022 година. Истиот беше имплементиран ширум три држави – Хрватска, Северна Македонија и Србија; преку партнерство со „НАПОР“, галеријата „Матица српска“, Младинска мрежа Хрватска, „Погон“ – центар за независна култура и млади од Загреб, Сојуз за младинска работа Скопје и Општинска установа Музеј на град Неготино. Проектот беше финансиран од фондацијата „Темпус“ преку програмата ЕРАЗМУС+ на ЕУ.

Проектот развил и едукативна програма за примена на неформален приод со цел зголемување на капацитетите на младинските и културни работници и подобро разбирање на приодите и принципите кои го поддржуваат личниот и општествен развој на младите. Нивната брошура „Мешавина од иновации во младинската работа и културните институции“ содржи преглед на младинската работа и култура во Северна Македонија, Србија, Хрватска и други држави во ЕУ. Брошурата содржи примери од иновативни и креативни дигитални младински дела и набројува над 50 дигитални платформи, алатки и пристапи.

Преку 600 млади беа директно инволвирани во проектните активности. Неделка смета дека проектот имал значајно влијание и дека поддршката од ЕУ била неопходна. „Беше голем и комплексен проект имплементиран во три држави. Поддршката на ЕУ беше неопходна затоа што без финансиите не би можеле да го имплементираме проектот,“ вели таа.

Читање ширум Западен Балкан

Проект, финансиран од ЕУ, поттикнува навики и вештини за читање, како и културна соработка.

Кога стапила на функција поранешната директорка на институтот „Гете“ во Северна Македонија, Тања Кригер, една од првите работи кои ги забележала бил недостатокот на навиката за читање кај младите во државата. Затоа, одлучила дека за време на нејзината мисија, заедно со својот тим ќе дадат приоритет на зголемување на навиката за читање кај младите; особено во руралните и изолирани подрачја во државата. Институтот „Гете“ веќе имплементирал проекти на оваа тема во Северна Македонија, но имало потреба да се преземе нешто повеќе; се сеќава Марија Чорбева Пеновска од институтот „Гете“ во Скопје.

Се појавила можност со повикот за предлози за културни активности од Инструментот за граѓанско општество и програмата за медиуми на ЕУ. Со нивна поддршка, институтот „Гете“, заедно со партнери од други држави во регионот, го започнал проектот „Регионална мрежа за културна разноликост (READ)“ („Regional Network for Cultural Diversity (READ)“) кој има за цел промовирање меѓукултурни вештини за читање и демократски вредности преку поттикнување култура за читање, како и обработка на супрарегионални висококвалитетни литературни дела.

„Во фокус на нашите посети беа тешко пристапните заедници: места каде што децата никогаш претходно немале можност да учествуваат во културен настан.“

Марија Чорбева Пеновска е менаџер на проектот „READ“. Таа објаснува дека проектот вклучува четири различни програми, а една од нив е „ЧИТАЈ на тркала“ („READ on wheels”) која претставува подвижна библиотека со книги и останати содржини од партнерските држави на проектот. Библиотеката го обиколува регионот и Турција со посебен фокус на училиштата и библиотеките, во период од три години. Подвижната библиотека во комбе со придружна екипа веќе ги заобиколи Северна Македонија и Србија; посетувајќи, главно, оддалечени села во кои се организираше раскажување приказни, работилници за креативно пишување и илустрации, презентација на нови писатели, предавања и дебати, позајмување и донација на книги и слични настани со деца и млади. „Во фокус на нашите посети беа тешко пристапните заедници: места каде што децата никогаш претходно немале можност да учествуваат во културен настан,“ вели Марија.

Дополнителна компонента на проектот е поддршката за литературни фестивали во пет целни држави, како клучен начин за промовирање меѓукултурна соработка во регионот. Проектот вклучува, исто така, и програма за престојување која, преку отворени повици, им овозможува на писателите во петте држави да ја запознаат книжевната, уметничката и културна сцена во регионот и да го поддржат регионалното ширење на книжевните дела во целните држави. Истовремено, локалната публика добива уникатна можност да се запознае со делата на избраните уметници.

Четвртата компонента на проектот е поддршка за граѓанското општество, преку шема за субгрантирање која овозможува поддршка за малите организации од доменот на превод, издаваштво и/или промоција на дела со цел зголемување на пристапот и свеста за литературата, надминувајќи го националниот контекст. Компонентата вклучува иновативни повеќејазични и меѓукултурни проекти.

Марина Терповска Старго, координатор за грантови на проектот, објаснува дека досега обезбедиле грантова поддршка за 54 организации преку два повици за предлози. Вкупно, се очекува 90 организации да добијат поддршка преку грантовите на проектот.

„Верувам дека преку градењето на оваа голема мрежа од културни работници и организации на граѓанското општество кои работат во секторот на културата ќе обезбедиме одржливост на проектот.“

За проектот

„Регионалната мрежа за културна разноликост (READ)“ е четиригодишен регионален културен проект, финансиран од ЕУ, а имплементиран од институтот „Гете“, заедно со партнерските организации: Центар за балканска соработка – Лоја (Северна Македонија), „Instituti I Librit dhe i Promocionit“ (Албанија), „Kalem Culture Association“ (Турција), „Крокодил“ (Србија) и „Qendra Multimedia“ (Косово). Проектот придонесува за помирување и меѓукултурна толеранција преку отворање нови комуникациски канали помеѓу независните културни општества; овозможувајќи им прилики за вмрежување надвор од политичката сцена. Проектот има за цел промоција на вештини за читање и демократски вредности преку читање за култура и обработка на супрарегионални висококвалитетни литературни дела.

Марија Чорбева Пеновска вели дека се особено задоволни од досегашните резултати на проектот; особено од резултатот на субгрантовите. „На почетокот, бевме скептични за исходот на овие мали проекти затоа што финансиската висина на грантовите беше симболична. Меѓутоа, секој еден од малите проекти се претвори во успешна приказна, благодарение на напорите од овие помали организации,“ вели Марија.

Но, Марија верува дека најзначајниот успех на проектот е олеснувањето на соработката помеѓу културните организации и младите во регионот: „Верувам дека преку градењето на оваа голема мрежа од културни работници и организации на граѓанското општество кои работат во секторот на културата ќе обезбедиме одржливост на проектот,“ вели таа.