Skip to main content

Area of Cooperation: Culture and youth

ОД НАС НАПРАВЕНО: Тукушто започна неверојатна авантура!

„WeBalkans“ и Директоратот за соседство и преговори за проширување (DG NEAR) при Европската комисија со гордост го најавуваат почетокот на кампањата за сензибилизација „Од нас направено – патување низ ЕУ и Западен Балкан“ со цел промовирање позитивна слика за ЕУ меѓу луѓето од Западен Балкан и обратно. Форматот на кампањата вклучува 12 млади влогери од ЕУ и Западен Балкан како протагонисти кои ќе патуваат ширум регионот, во парови; составени од еден влогер од ЕУ и еден од Западен Балкан. Секој пар ќе патува во една од шесте држави од Западен Балкан, споделувајќи ги искуствата преку креирање сопствена онлајн содржина.

 

Амбасадорката на ЕУ во Црна Гора, г-ѓа Оана Кристина Попа, амбасадорот на Италија, г-ѓа Андреина Марсела, и останати говорители, зедоа збор на настанот за отворање на кампањата кој се одржа во „Europe House“  Подгорица. Настанот вклучи храна инспирирана од ЕУ и Западен Балкан, музика и вмрежување со учесници на претходните кампањи „WeBalkans“, како и со локални црногорски инфлуенсери.

 

Влогерите кои ќе патуваат низ Црна Гора; Емир Цирикови, од Црна Гора, и Алис Франки, од Италија, беа присутни на настанот и одржаа говори заедно со останатите десет влогери кои се приклучија онлајн. По настанот, веднаш тргнаа на пат со автомобил.

 

Кампањата ќе трае вкупно шест недели, помеѓу 18. април и 30. мај, а секоја недела фокусот ќе биде ставен на една од партнерските држави од Западен Балкан. Влогерите ќе покријат вкупно 18 проекти, поддржани од ЕУ; 6000 километри со автомобил, и ќе запознаат бројни интересни и инспиративни локалци во текот патувањето; прикажувајќи ги, истовремено, природните пејзажи, исклучителните обележја и уникатното културно наследство кое го нуди Западен Балкан. Дванаесетте влогери со своја опрема ќе ги снимат искуствата и ќе ги споделат на каналите на социјалните медиуми, трансформирајќи го своето патување во висококвалитетни содржини за социјалните медиуми и Интернет, слики и видеа, кои ќе бидат споделени на каналите на „WeBalkans“.

 

Не пропуштајте ниту една секунда од ова возбудливо патување – заследете ги веднаш сите влогери на Инстаграм!

СЕ ГРИЖИМЕ – ЗАЕДНО ПОДОБРО!

„Се грижиме за Европа, се грижиме за Србија и нејзините граѓани – подобро е кога сме заедно,“ е главната порака на кампањата во која учествуваат амбасадорите на ЕУ во Србија, заедно со амбасадорите на државите-членки.

 

На отпочнувањето на кампањата, амбасадорот Џауфрет и неговите колеги ги пречекаа претставниците на медиумите во резиденцијата на ЕУ во Белград. На настанот присуствуваше и министерката за европски интеграции, Тања Мишчевиќ, во дух на партнерството помеѓу Србија и ЕУ, како доказ за продолжувањето на патот кон европска интеграција на Србија.

 

Амбасадорот Џауфрет ја објасни мотивацијата за отпочнување на кампањата.

 

„Зошто ја отпочнуваме оваа кампања? Честопати, нè гледате во медиумите како дискутираме за политички прашања; како, на пример, дијалогот помеѓу Белград и Приштина или хармонизирање со надворешната политика. Се работи за важни теми, но, понекогаш, не објаснуваме зошто инвестираме толку енергија и ресурси. Одговорот се наоѓа во слоганот на кампањата: Се грижиме за Европа, се грижиме за Србија и нејзините граѓани – подобро е кога сме заедно,“ изјави амбасадорот Џауфрет.

 

Амбасадорите изјавија дека со оваа кампања сакаат да потенцираат дека се грижат за граѓаните на Србија, како и за истите работи кои ги засегаат – успешно земјоделство, зајакнување на компаниите, животна средина, обезбедување подобар квалитет на воздухот, патна инфраструктура и поврзаност, енергетска ефикасност и поддршка за надминување на енергетската криза, културно наследство, владеење на правото, образование и бројни други теми.

Непосредната финансиска помош на ЕУ за Косово надминува 1,3 милијарда евра

На 24. март, во Приштина, амбасадорот на ЕУ во Косово, Томас Суњог, ја претстави пред заменик премиерот, Бесник Бислими, шеснаесеттата последователна годишна финансиска спогодба помеѓу ЕУ и Косово во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Спогодбата, вредна 62 милиони евра, е дел од ИПА III за периодот 2021 – 2027 година, и го подигнува целосниот износ директна финансиска помош од ЕУ на над 1,3 милијарда евра, потврдувајќи дека ЕУ и нејзините земји-членки се главните финансиски донатори на Косово.

 

Ова е вториот договор за финансиска помош помеѓу ЕУ и Косово годинава; минатиот месец, ЕУ обезбеди 75 милиони евра за Косово во рамки на Пакетот за енергетска поддршка за Западен Балкан; со цел помош за подобро справување на граѓаните и бизнисите со зголемените енергетски цени, стимулирање штедење енергија и подобрување на енергетската ефикасност.

 

Спогодбата за финансирање, потпишана денес од заменик премиерот Бислими ќе му помогне на Косово да ја подобри социо-економската интеграција на немнозинските заедници и повратниците, овозможувајќи развој на инфраструктурата за управување со отпад и отпадни води, вклучително и канализацискиот систем во главниот град Приштина, подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор и хармонизирање на косовските закони со владеењето на правото во ЕУ, како и поддршка за професионалците од сферата на правото.

 

ЕУ започна со обезбедување на ИПА средства уште во 2007 година. Програмите ИПА I и ИПА II го опфаќаат периодот од 2007 до 2020 година; вклучително и 14 годишни финансиски спогодби вредни 1,2 милијарда евра. Програмата ИПА III го опфаќа периодот меѓу 2021 и 2027 година, а годишните финансиски спогодби започнаа да се имплементираат лани; почнувајќи со спогодбата за 2021 година, вредна 64 милиони евра, како и спогодбата за 2022 година, доделена денес, во вредност од 62 милиони евра.

ЕУ и Албанија ги финализираат спогодбите ИПА22 и ИПА23, обезбедувајќи 162,6 милиони евра помош од ЕУ за Албанија

На 24. март, Советот министри при владата на Албанија ги одобри финансиските спогодби помеѓу Европската комисија и Република Албанија; во рамки на Годишните акциски планови за 2022 и 2023 година, како дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) III.

 

Програмата за 2022 година (ИПА22) вклучува придонес од ЕУ, во висина од 82,6 милиони евра, кој ќе ги опфати сферите на заштита на животна средина, развивање перспективи за младите, зајакнување на демократијата, усогласување со правото на ЕУ, продолжување на борбата против организиран криминал, зајакнување на судството; како и поддршка за реформите за исполнување на нормите и стандардите на ЕУ. Програмата за 2023 година (ИПА23) ќе овозможи дополнителни 80 милиони евра поддршка за справување на Албанците со социо-економските последици од енергетската криза. Средствата од двете програми доаѓаат во форма на грантови кои не треба да се отплаќаат од страна на Албанија.

 

Програмата ИПА23 ќе ги поддржи Албанците за справување со социо-економските последици на енергетската криза преку финансирање на одговорот на владата на Албанија за енергетската криза; кој предвидува:

 

– Субвенции за сметките за енергија за над 1 милион албански домаќинства;

 

– Поддршка за 168000 мали и средни претпријатија во Албанија за надоместување на високите енергетски цени.

 

Оваа поддршка е дел од пакетот за енергетска поддршка за Западен Балкан, вреден 1 милијарда евра, објавен на Самитот Западен Балкан во Тирана во 2022 година.

Започнуваат работилници за медиумска и информациска писменост, предводени од младите европски амбасадори, во Западен Балкан

На 7. март, младите европски амбасадори во Западен Балкан започнаа со имплементација на работилници за медиумска и информациска писменост. Станува збор за врснички настани кои ќе бидат спроведени од младите европски амбасадори кои присуствуваа на обука за медиумска и информациска писменост.

 

Првата работилница беше организирана во „Europe House“ Тирана, Албанија. Работилницата ја спроведоа двајцата млади европски амбасадори – Ериса Земзадја и Бенард Бабај. Учесниците можеа да научат за медиумска и информациска писменост преку практични и теоретски вежби. Работилницата го одбележа процесот на имплементација на работилници ширум Западен Балкан. За повеќе информации во врска со датумите, следете нè на www.webalkans.eu!

ЕУ го подобрува животот на Албанците

На 22. февруари 2023 г., Советот министри го одобри потпишувањето на Спогодбата за финансирање помеѓу Европската комисија и Република Албанија во рамки на Годинешниот акциски план за 2022 г.; како дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) III. Придонесот на ЕУ, во вредност од 82,6 милиони евра, ќе поддржи шест акции во доменот на животна средина, младина, демократија, усогласување со владеење на правото на ЕУ, борба против организиран криминал и судство.

 

Финансиската спогодба ќе биде потпишана од страна на Европската комисија и ќе биде доставена до авторитетите на Република Албанија за потпишување од нивна страна и понатамошно одобрување од Советот министри. Инструментот за претпристапна помош (ИПА) ги поддржува земјите-кандидатки за членство во ЕУ за усвојување и имплементација на клучни политички, институционални, општествени и економски реформи за усогласување со вредностите на ЕУ и прогресивно хармонизирање со правилата, стандардите и политиките на ЕУ.

Инвестициите на „EIB Global“ во Западен Балкан во 2022 година достигнаа 824 милиони евра, надополнети со 11,2 милиони евра во форма на грантови

Банката на ЕУ, преку својот орган посветен на активности надвор од ЕУ – „EIB Global“, инвестираше 824 милиони евра ширум Западен Балкан во 2022 година за забрзување на одржлива поврзаност, чиста околина, зелена транзиција, дигитализација и раст на приватниот сектор. Овие проекти придонесуваат за спроведување на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за регионот и иницијативата на ЕУ – „Global Gateway“. Дополнително, банката мобилизираше 11,2 милиони евра во грантови за иницирање одржлив, урбан развој, енергетска ефикасност и проекти за обновлива енергија. Најголемиот дел нови потписи беше во доменот на одржлив, безбеден и ефикасен транспорт преку железнички и водни патишта; во висина од 75 % од вкупното позајмување минатата година, проследено од инвестиции во малите бизниси, заштита на животната средина и дигитализација.

 

Како еден од главните чинители на Инвестициската рамка Западен Балкан, „EIB Global“ развива и имплементира инвестиции во тесна соработка со Европската комисија, меѓународни финансиски институции и економии од Западен Балкан. Ваквиот пристап ја максимизира употребата на финансии достапни за потребните инвестиции. Банката на ЕУ дизајнираше и иновативни финансиски инструменти; вклучително и мешавина од заеми, гаранции и грантови, во рамки на Европскиот фонд за одржлив развој + (European Fund for Sustainable Development Plus (EFSD+)), за поддршка на општините, производителите на енергија, корпорациите, малите бизниси и комерцијални банки за инвестиции во секторите на енергија, поврзаност и дигиталниот сектор.

Белградскиот филмски фестивал „FEST“ започнува со возбудлива селекција меѓународни филмови

Долгоочекуваниот филмски фестивал „FEST“ започна официјално во Белград, Србија, прикажувајќи дел од најдобрите и највозбудливи нови филмови од ширум светот. Фестивалот, кој постои од 1971 година, стана еден од најважните настани на меѓународниот филмски календар. Годинешното издание, кое ќе трае од 24. февруари до 5. март, прикажува преку 100 филма од 50 држави; со фокус на промовирање на нови таленти и иновативно раскажување. Четиринаесет филма од европски автори се дел од главната натпреварувачка програма.

 

По проекцијата на секој од филмовите, гледачите ќе можат да гласаат за најдобриот европски филм. Добитникот ќе ја добие наградата од публиката која ќе биде објавена од амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле Џауфрет, на затворањето на фестивалот, на 5. март. Секоја филмска проекција започнува со воведно видео кое ја прикажува поддршката на „Creative Europe“ за српската кинематографија.

 

ЕУ продолжува да биде горд поддржувач на српската кинематографија. Покрај спонзорирањето бројни врвни филмови и серии преку „Creative Europe“ („Otac“, „Nečista krv“, „Leto kada sam naučila da letim“, „Strahinja“, „Zlogonje“, „Mrak“, „Mraz“, „Crna svadba“, „Područje bez signala“), Делегацијата на ЕУ во Србија поддржува неколку филмски фестивали во Србија, меѓу кои и „FEST“.

 

„FEST“ е познат по својата жива атмосфера и силен дух на заедништво, со илјадници филмски ентузијасти од насекаде ширум светот кои секоја година се обединуваат во Белград за да ја прослават филмската уметност. Годинешниот фестивал не е исклучок од правилото, нудејќи возбудлива програма на проекции, разговори и настани кои ќе го претстават најдоброто од современата кинематографија.

Можност за младите уметници: програма за менторство и престој во Париз

Програмата за престој „Развој на млади уметници“ е уникатна програма не само затоа што нуди тримесечен престој за млади уметници во Париз, но и затоа што нуди менторска програма која подразбира дека младите уметници ќе ги развијат своите вештини во соработка со искусни и истакнати европски уметници; како што беше кажано на презентацијата на програмата на која учествуваа млади уметници од Србија.  
Институтот на Европската инвестициска банка објави повик за апликации во рамки на Програмата за престој „Развој на млади уметници“ за 2023 година, во соработка со „Cite internationale des arts“ (Париз), за уметници под 35 години од земјите кандидати за членство во ЕУ.  
ЕУ со години го поддржува и инвестира развојот на креативната индустрија во Србија, а програмата на Европската инвестициска банка е одлична можност професионален развој на младите уметници.

TEDxYouth@MarijinDvor, Сараево, Босна и Херцеговина

TEDxYouth@MarijinDvor е најголемиот TEDxYouth настан во Западен Балкан. Овојпат, настанот беше организиран од младите европски амбасадори, Хаџера Селимовиќ и Ена Порка и привлече девет излагачи од Западен Балкан и ЕУ. Официјалниот наслов на годинешното издание е „Повторно замислување на иднината“.

 

Петнаесет млади европски амбасадори учествуваа во годинешниот настан; а шестмина останати придонесоа во организацискиот дел. Младата европска амбасадорка од Црна Гора, Ивана Сречковиќ, беше една од излагачите на настанот. Во својот говор, насловен „Жени во бизнис: Дали е машки свет?“, зборуваше за родова еднаквост во бизнисот. Покрај говорот на Ивана, два дополнителни говори беа споделени од младите европски амбасадори Анастасија Ѓорѓа Босанчиќ, од БиХ, и Фатбард Кабаши од Косово.

 

Темите на останатите излагачи беа поврзани со животна средина, музика, свест за ментално здравје, истражување и слично.

 

Во духот на идеи кои вредат да се споделуваат, TEDx е програма за локални и самоорганизирани настани кои спојуваат луѓе за споделување TED искуства. На TEDx настан, се комбинираат излагачи на TED говори во живо, и преку видео, кои имаат цел да иницираат длабоки дискусии и поврзување во мала група. Овие локални и самоорганизирани настани го носат брендот TEDx; во којшто „х“ означува „самостојно организиран TED настан“. Конференцијата TED обезбедува општи насоки за програмата TEDx, но индивидуалните TEDx настани се самоорганизирани (и подлежат на посебни правила и регулации).