Skip to main content

Area of Cooperation: Culture and youth

Започнува Европската година на младите

ЕУ неодамна ја прогласи 2022 година како Европска година на младите. Активностите што ќе се организираат во рамките на оваа година вклучуваат конференции, иницијативи за промовирање на младинското учество во креирањето на политики, кампањи за подигнување на свеста за поинклузивна, зелена и дигитална ЕУ и студии и истражувања за состојбите во кои се наоѓаат младите. Европската година на младите оди рака под рака со NextGenerationEU, која повторно ги отвора перспективите за младите, вклучувајќи квалитетни работни места и можности за образование и обуки за Европа од иднината, и го поддржува младинското учеството во општеството.

 

Годината на младите ќе бара синергии и надополнување со другите програми на ЕУ насочени кон младите низ политичкиот спектар – од програми за рурален развој со фокус на млади земјоделци до програми за истражување и иновации, од кохезија до акции за климатски промени, вклучително и програми на ЕУ со меѓународен опфат или транснационална природа.

 

Покрај Еразмус+ (Erasmus+) и Европскиот корпус за солидарност (European Solidarity Corps) со буџети за тековниот финансиски период од 28 милијарди и 1 милијарда евра, соодветно, Младинската гаранција на ЕУ (Youth Guarantee) и Иницијативата за вработување на млади (Youth Employment Initiative) создаваат повеќе можности за младите луѓе. Во меѓувреме, во 2022 година започнува новата програма наречена АЛМА (ALMA) за поддршка на прекугранична професионална мобилност на младите луѓе во загрозена состојба.

 

Целата програма на активности и повеќе информации ќе бидат достапни на Младинскиот портал (Youth Portal). Активностите ќе покријат теми кои најмногу ги засегаат младите според приоритетите што  се потенцирани во Младинските цели, како што се еднаквост и инклузија, одржливост, ментално здравје и благосостојба и квалитетно вработување. Со нив ќе се опфатат и младите надвор од границите на ЕУ.

Споделување тајни локални прошетки со светот

ЕУ поддржува авантури на отворено преку физичко и дигитално маркирање на планински патеки. Планинскиот регион Пеќ, во западно Косово, се фокусира на надминување на масовниот туризам, нудејќи персонализирани искуства кои ги мешаат локалните традиции и грубиот терен. Туристичкиот потенцијал на регионот бил забележан години наназад преку инвестиции во инфраструктурата и човечкиот капитал. Денес, тука посетителите го поминуваат своето време пешачејќи, планинарејќи и возејќи велосипед. Љубителите на природа избираат да поминат време во Албанските Алпи чие име, во локалните јазици, се преведува како „Проколетие“ – планински венец кој се протега меѓу Косово, Црна Гора и Албанија. Група ентузијасти, од кои дел, ваквата активност ја претворија во извор на егзистенција; се горди да ги споделат своите „богатства“ со остатокот од светот и сега го жнеат успехот на својата работа.

„Овој проект е, несомнено, најуспешната интервенција имплементирана на овие планински венци во последните 20 години.“

Онаму каде што оделе само овчарите Локалното планинарско здружение, „Ѓеравица“, нашло партнер во прекуграничниот проект меѓу Косово и Црна Гора, финансиран од ЕУ, кој инвестира во маркирање на постоечки и нови патеки за планинарење и велосипедизам. „Овој проект е, несомнено, најуспешната интервенција имплементирана на овие планински венци во последните 20 години,“ вели Раиф Ѓиколи од „Ѓеравица“. Здружението било вклучено во сите фази на проектот; како при советувањето за предложените патеки, така и за нивното маркирање. “Со гордост ги избираме најдобрите патеки по кои оделе само локалците; една од нив е и патеката од центарот на градот, каде што надморската височина изнесува 550 метри, преку пасиштата и овчарските трла во планинските венци на надморска височина од 1800 метри,“ вели Ѓиколи, потврдувајќи дека маркирањето е во согласност со меѓународните стандарди. Патеките минуваат низ живописни делови ширум заштитени предели во Косово и Црна Гора. Љубителите на надворешни активности можат да ги поминат своите денови преминувајќи ги границите и пресекувајќи ги добро познатите регионални планински патики како што се „Балкански врвови“ или „Вија Динарица“.

„Маркирањето на патеките, како и придружните активности, се во согласност со плановите и стратегиите за локален развој и развој на туризмот во регионот.“

За проектот Проектот „Проклетие – исклучителна дестинација на отворено“ беше создаден со цел зајакнување на прекуграничниот простор помеѓу Косово и Црна Гора како дестинација на отворено. Била маркирана мрежа од приближно 334 км планинарски и велосипедски патеки помеѓу Косово и Црна Гора. Целокупниот граничен простор е опремен со места за почивка, видиковци и вело-паркинг. Овој проект, финансиран од ЕУ, ќе поттикне економски развој и ќе создаде нови можности за вработување. Информации собрани на едно место Маркираните патеки се протегаат преку граници, но, истовремено, го следат и природниот тек на планинските венци; водејќи ги посетителите ширум воодушевувачките глетки на Проклетие. Организациите за имплементација добиле позитивен одговор од туристичките водичи кои работат во регионот каде што биле спроведени стотици маркирања ширум 334 км планинарски и велосипедски патеки. Сокол Лута од Агенцијата за регионален развој – „Запад“ (West), партнер за имплементација од косовската страна, објаснува дека со помош на ЕУ биле поставени 25 информациски паноа, биле идентификувани извори на вода, а сега знаци го обележуваат патот до панорамските глетки. „Маркирањето на патеките, како и придружните активности, се во согласност со плановите и стратегиите за локален развој и развој на туризмот во регионот,“ вели Лута. Додава дека имало одлична соработка меѓу чинителите од двете страни на границата со цел подобрување на квалитетот на туристичката понуда за Проклетие, зголемување на видливоста и, најнакрај, претставување на прекуграничниот простор како единствена и атрактивна надворешна дестинација. Како за пример, организациите за имплементирање ги собрале на едно место – во форма на веб-страница и телефонска апликација, сите понуди за сместување, гастрономија и останати туристички услуги. Освен дигитализираните мапи за патеките, посетителите имаат можност да изберат и организирани тури или самостојно да го истражат регионот.

Составување на албанското културно наследство

Фонд на ЕУ овозможува реставрација на мозаикот на Националниот историски музеј, оштетен во земјотресот од 2019 година.

Ниту една посета на Тирана не е целосна без фотографија од големиот мозаик кој ја прекрива главната фасада на Националниот историски музеј. Заземајќи централно место во спектарот значајни зданија на главниот плоштад во престолнината; мозаикот е конципиран во раните 1980-ти и е насловен „Албанија“, отсликувајќи ги луѓето кои живееле во државата во текот на различни времиња.

Мозаикот бил сведок на бројни историски настани кои се случиле на плоштадот Скендер Бег, но претрпе штети во земјотресот од 2019 година. Се работи за најсилниот земјотрес кој ја погодил државата во последните педесет години; одземајќи бројни животи и предизвикувајќи сериозни штети ширум централна Албанија, вклучително и 53 локалитети на културно наследство.

„Постоеле само неколку интервенции од неговата инаугурација пред неколку децении; на пример, отстранување на ѕвезда – симбол на комунизмот, од мозаикот.“

Инженери од ЕУ придонесуваат за возобновување

Во очите на градежната инженерка, Даниела Корточи, која работи на реставрација на мозаикот, една фигура се истакнува меѓу сите други на мозаикот „Албанија“: жена со пушка во раката.

„Жената, во традиционална облека, стои, меѓу двајца мажи, во центарот на мозаикот; симболизирајќи ја силната албанска жена во времето на комунизмот, но, исто така, претставувајќи ја и пријателската страна отсликана во отворената лева рака која означува гостопримливост,“ објаснува младата инженерка која е дел од пост-земјотресната реставрација. „Постоеле само неколку интервенции од неговата инаугурација пред неколку децении; на пример, отстранување на ѕвезда – симбол на комунизмот, од мозаикот,“ раскажува Корточи; објаснувајќи како реставрацијата вклучува заедничка експертиза помеѓу Албанија и ЕУ, вклучувајќи ги и оригиналните креатори на делото.

Корточи работи со тим експерти кои избрале 27 локалитети на културно наследство соодветни за интервенција како дел од најголемиот културен проект, финансиран од ЕУ, досега имплементиран во државата. Експертизата на ЕУ додава дополнителна вредност при преносот на знаења на новата генерација студенти за локално културно наследство. Тие работат рамо до рамо на оштетени ѕидини од замок, стари пристанишни тврдини, музејски згради и мостови. Во обид да се заштитат вештини на кои им претстои опасност од исчезнување, работата на замоци или мостови вклучува традиционално ѕидарство со употреба на локален камен. Крајната цел е оживување на избраните локалитети за зголемување на туристичкиот потенцијал; директно придонесувајќи за општествено-економско закрепнување на Албанија.

„За нас, жените инженери, мисија е да се биде во доменот на градежништвото. Чувствуваме потреба да бидеме пример за некое петгодишно девојче кое сега црта куќа со сонце во аголот на хартијата.“

За проектот

Во рамки на една од најголемите програми за културно наследство, вредна 40 милиони евра, ЕУ работи во Албанија со цел поддршка на реставрација на локалитети и споменици погодени од земјотресот во 2019 година. Програмата цели кон придонесување за општествено-економско закрепнување на Албанија преку повторна изградба на културното наследство во државата и реставрирање на нејзиниот потенција за туризам, како и поддржување на локалните заедници. Програмата е дотолку поважна поради ефектите на пандемијата КОВИД-19 која имаше негативно влијание врз туристичкиот сектор во Албанија.

Европа е таму каде што сакаме да бидеме

Економската трансформација на Албанија започна кога демократијата стави крај на долгогодишниот комунизам во 1990-тите. Корточи припаѓа на втората генерација која придонесува во држава со аспирации за членство во ЕУ. Покрај нејзиниот професионален ангажман како инженерка, таа им се приклучи и на Младите европски амбасадори; креативна мрежа на идни носители на промени ширум Западен Балкан.

„Се сеќавам како, додека растев, честопати ја слушав изјавата дека „Сакаме Албанија да биде како остатокот на Европа“, подразбирајќи ги, притоа, развиените држави членки на ЕУ. Токму затоа сакав да научам за Унијата и да ги споделам нејзините вредности со моите врсници, гледајќи на нив како наша заедничка иднина,“ вели Корточи. Меѓу овие европски вредности се и вреднувањето на обилното културно наследство во Албанија.

Дополнителна важна улога во која Корточи се гледа себеси е лидерството со давање пример за идните генерации; особено за девојчињата. Иако жените претставуваат помалку од 1% од работната сила во градежниот сектор, таа вели: „Можам да работам и да бидам признаена за мојот професионализам подеднакво како и мажите. За нас, жените инженери, мисија е да се биде во доменот на градежништвото. Чувствуваме потреба да бидеме пример за некое петгодишно девојче кое сега црта куќа со сонце во аголот на хартијата.“

Како што жената на мозаикот е претставена како борец, повикувајќи ги другите да ѝ се придружат; реставрацијата на овие споменици не е само заради зачувување на минатото или сегашноста, туку ќе им служи на идните млади генерации да знаат од каде доаѓаат.

Временско патување во битка од Втората светска војна

Проект, финансиран од ЕУ, нуди виртуелна реалност за посетители на музеј во БиХ

Битката на реката Неретва била една од најепските битки во Втората светска војна во Југославија. Во доцната 1942 година, германското високо командување било загрижено поради можноста за слетување на Сојузничките сили на Балканот. Затоа, Адолф Хитлер наредил офанзива со цел нарушување на централното командување на партизанското движење во централна БиХ. Пресвртницата на битката се случила кога силите на партизаните го уништиле добро обезбедениот мост над реката Неретва за да го забават напредувањето на германската армија.

Битката била овековечена во 1960-те со снимањето на филмот „Битката на Неретва“ во кој, меѓу другите холивудски актери, главните улоги ги толкуваат Јул Бринер и Орсон Велс. Постерот за филмот бесплатно го изработил Пикасо. По објавувањето и успехот на филмот, државните власти го отвориле музејот на Битката на Неретва во близина на местото на битката, во градот Јабланица, во БиХ. Музејот работи веќе половина век, но имал многу малку посетители во текот на изминатите 20 години.

Благодарение на иницијатива на невладина организација од БиХ, јавноста може повторно да ја доживее битката преку модернизираните содржини и виртуелната реалност во 3Д, давајќи нова причина за да се посети музејот во Јабланица.

„Сфативме дека музејот во Јабланица е навистина атрактивен поради својата локација и приказна, но немаше што да понуди од аспект на содржини и недоволно ги привлекуваше посетителите, па, затоа, одлучивме да направиме нешто во врска со тоа.“

Претворање на музејот во атракција

Здружението „Link“, невладина организација од БиХ, имплементираше проект за промоција на природен туризам во областа на Јабланица. Меѓутоа, затоа што регионот изобилува со културно наследство, одлучиле да започнат иницијатива со таков фокус. „Сфативме дека музејот во Јабланица е навистина атрактивен поради својата локација и приказна, но немаше што да понуди од аспект на содржини и недоволно ги привлекуваше посетителите, па, затоа, одлучивме да направиме нешто во врска со тоа,“ вели Расим Тулумовиќ од здружението „Link“. Во консултација со колегите од Националниот музеј во Црна Гора, на црногорската страна од границата, дознале дека музејот Никшиќ се наоѓал во слична ситуација, и констатирале дека тоа би било одлична прилика за прекугранична иницијатива која ќе промовира културно наследство како дел од туристички пакет. Но, за тоа, им била потребна помош, а поддршката дошла од програмата за прекугранична соработка за БиХ и Црна Гора, финансирана од ЕУ.

Најголемите проблеми со кои музеите, од двете страни на границата, се соочувале биле презентацијата на содржините и промоцијата. Расим објаснува дека употребата на модерна опрема и техники биле скоро непостоечки во овие музеи, а, како резултат на тоа, бројот на посетители бил навистина низок; додека, пак, оние посетители кои доаѓале, останувале многу кратко. „Дополнително, немаше место за пиење кафе или продавница за сувенири, што значи дека и двата музеја не нудеа туристички развој,“ вели Расим.

Со поддршка на ЕУ, партнерските организации вовеле иновативен начин за претставување на историјата; и тоа преку користење модерна опрема и дополнително развивање презентации со виртуелна реалност, како и анимирана игра која дава историски факти, но на забавен начин. На пример, ако денес одлучите да ја искусите турата со виртуелна реалност за битката на Неретва, во музејот Јабланица, ќе треба да ставите 3Д очила за да се најдете во седиштето на партизаните, опколени од анимирани актери. Командантот ќе ви даде задача да спасите ранети војници кои ќе ве водат низ битката, а, попатно, ќе бидете соочени со бројни пречки кои ќе треба да ги надминете. „Веруваме дека овој пристап е особено привлечен за младите кои се досадуваат да учат историја на традиционален начин,“ објаснува Расим.

Виртуелните презентации беа само дел од проектот. Партнерските организации ги опремија музеите со 3Д очила, ЛЕД екрани, таблети, електронски водичи и друга опрема за виртуелна презентација. Дополнително, придонесоа за обука и сертификација на водичите за методологија на современо толкување, ги поддржаа малите бизниси кои изработуваат сувенири и им помогнаа на музеите при изработката на бизнис плановите.

„Како резултат на поддршката од ЕУ, и двата музеја сега можат да станат целосно финансиски одржливи, а другите музеи во регионот се во контакт со нив за да научат како да го имплементираат нивниот пристап.“

За проектот

Инструментот за претпристапна помош (ИПА), во рамки на програмата за прекугранична соработка помеѓу БиХ и Црна Гора 2014 – 2020, има за цел одржлив развој на прекуграничното подрачје помеѓу БиХ и Црна Гора кој се промовира преку имплементација на заеднички активности кои ги максимизираат компаративните придобивки во регионот. Целосното ИПА финансирање за програмата БиХ – Црна Гора 2014 – 2020 изнесува 8400000 евра.

Проектот „Amusing Museums“, финансиран од ЕУ, имаше значајно економско влијание врз двата музеја. На пример, музејот Јабланица, ја удвои цената на влезницата, и, иако беше пандемиска година во која бројот на странски посетители се очекуваше да биде низок, го удвои и бројот на индивидуални посетители. „Како резултат на поддршката од ЕУ, и двата музеја сега можат да станат целосно финансиски одржливи, а другите музеи во регионот се во контакт со нив за да научат како да го имплементираат нивниот пристап,“ вели Расим.

Но, тоа што е поважно е дека проектот имаше, исто така, влијание и врз прекуграничната соработка меѓу музеите и културните институции на двете држави. Проектот овозможи заеднички посети на двете страни од границата, за време на кои туристичките оператори беа инспирирани да ги доведат своите посетители во музеите, а исто така беше вклучена и блиска соработка помеѓу културните и институциите на локалните авторитети за имплементација на проектот.

По стапките на Мајка Тереза

Возобновување на планинскиот пат за аџилак, кој ги поврзува Косово и Северна Македонија, ги поттикнува локалните економии и заедничкото културно наследство.

Летница е село во североисточно Косово со помалку од 5000 жители. Меѓутоа, во текот на неколку недели на лето, бројот на жители во селото се искачува на околу 30000.Причината за ова е аџилакот кон статуата на Црната Мадона, Богородица од Летница.

Статуата е стара преку 300 години, а нејзината историја влечи корени од Скопје, престолнината на Северна Македонија. По повлекувањето на австриската армија од градот во XVI-ти век и враќањето на Скопје под османлиска власт, дел од католиците во градот пребегнале во Летница, земајќи ја со себе статуата на Црната Мадона. Во XIX-ти век, Фулгенцио Карев, архиепископ на Скопје, организирал годишно поклоненичко патување до Летница.

„Имајќи семејство со потекло од Призрен, во Косово, а растејќи во Скопје; детството на Мајка Тереза е совршен пример за заедничко културно наследство кое треба да ги поврзува луѓето од двете места и пошироко.“

Во август 1928 година, една од аџиите била младата Агнеза Гонџа Бојаџиу, која одела на поклоненичкото патување уште од седум годишна возраст. Агнеза била родена и живеела во Скопје, но, во Летница, на празникот на Вознесението на Дева Марија го чула повикот од Богородица од Летница – Црната Мадона; за да стане мисионерска калуѓерка и да им служи на сиромашните во светот. Истата година го напуштила Скопје за да им се придружи на калуѓерките од Лорето и отпловила во Индија под името Сестра Мариа Тереза.

Ослободување на културниот и економски потенцијал

Прекуграничниот пат за аџилак по кој патувала Мајка Тереза бил затворен и надвор од употреба со децении поради недостаток од одржување и затоа што луѓето започнале да доаѓаат во Летница со возила. Косовската фондација за културно наследство без граници и нивната партнерска организација; Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија во Скопје, заклучиле дека реставрацијата и повторното отворање на планинскиот пат би биле добра можност за промоција на културно наследство и економски развој на регионот, особено во врска со животот на Мајка Тереза.

Адеа Мекули е менаџер на проектот. „Мајка Тереза е позната ширум светот, но знаеме многу малку за младата Агнеза Гонџа Бојаџиу пред да стане позната,“ вели таа. „Имајќи семејство со потекло од Призрен, во Косово, а растејќи во Скопје; детството на Мајка Тереза е совршен пример за заедничко културно наследство кое треба да ги поврзува луѓето од двете места и пошироко.“

Неопходна поддршка од ЕУ

Идејата била поддржана од ЕУ, а истражувањето и собирањето информации за раниот живот на Мајка Тереза било една од главните компоненти на проектот „По патот на Мајка Тереза“; финансиран од програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија.

Освен реставрирањето и означувањето на патот за аџилак како пешачка патека, собирањето и објавувањето информации за раниот живот на Мајка Тереза, проектот придонел, исто така, и за реставрација на локалитетите за културно наследство; како, на пример, Музејот Мајка Тереза во Призрен, локалитетот за аџилак во селото Летница и манастирот Св. Пантелејмон во Горно Нерези во Скопје.

“Проектот ќе влијае на понатамошното културно образование на луѓето во прекуграничниот предел, а ќе придонесе и за економски развој во прекуграничниот регион.“

За проектот

Главната цел на проектот „Културна патека – По патот на Мајка Тереза“, финансиран од ЕУ, беше да ја зајакне соработката помеѓу организациите на граѓанското општество и другите организации во Косово и Северна Македонија преку признавање на заедничките вредности и здружен економски раст.

Адеа објаснува дека поддршката од ЕУ била неопходна за реализирање на проектот чие пошироко влијание ќе се почувствува ширум регионот. “Проектот ќе влијае на понатамошното културно образование на луѓето во прекуграничниот предел, а ќе придонесе и за економски развој во прекуграничниот регион.“

Сега, патот на Мајка Тереза е отворен за посетители кои сакаат да пешачат или да се придружат на аџилакот на автентичен начин, попатно учејќи за една од највпечатливите личности на дваесеттиот век.

Млади Срби и Косовци се прашуваат „Како те гледам?“

Проект финансиран од ЕУ им помага на младите луѓе да размислуваат без предрасуди и да го изразат своето ново искуство во кратки филмови. Две културни организации – Dokufest во Призрен и Fond B92 во Белград – се здружија за да ги соберат младите луѓе од Косово и Србија и да им овозможат да видат дали нивните верувања едни за други се вистинити. Досега, околу 40 младинци имаа шанса да ги предизвикаат своите предрасуди во проектот „Како те гледам?“. 24-годишниот Исмаил Мирсели од Призрен ја објаснува причината поради која се пријавил за активноста: „Сакав да знам за што е заинтересиран еден млад Србин – и најдов и сличности и спротивставени мислења за нашите општества“. За време на своето патување, Мирсели помина време со луѓе од Крушевац во Србија, кој, на негово изненадување, многу личи на неговиот роден град. Мал дел од времето помина во објаснување на работите што ги прави во Косово. Останатото време, тој зборуваше за она што му е најважно: неговиот интерес за филмови, театар и култура. „Верувам дека, ако го пополниме недостатокот на информации со универзални вредности, нема да има простор за никаква поделба.“

„Сакав да знам за што е заинтересиран еден млад Србин и најдов и сличности и спротивставени мислења за нашите општества.“

И навистина, организаторите се погрижија учесниците во проектот да го задржат својот фокус на културата, и како начин за истражување, но и како начин да го изразат своето искуство на креативен начин. Проектот се состоеше од работилници, посети на културни локалитети и на крај од креирање видеа што одговараат на едноставното прашање: како средбата со нивните врсници лице в лице го промени начинот на кој тие ги гледаат. Поради ограничувањата со коронавирусот, првата група од 2020 година мораше да се ограничи на онлајн видео повици, но нивната креативност во правење филмови сè уште блеска во кратките видеа што ги направија едни за други. Проектниот менаџер на „Како те гледам?“, Зана Арапи Џеладини, вели дека ваквите проекти се она што им е потребно на младите луѓе за вистински да се запознаат, и во Косово и во Србија. Недостатокот на информации е она што ја испровоцира целата идеја на проектот, објаснува таа. Сè започна кога членовите на тимот на Докуфест присуствуваа на фестивал во Србија, а луѓето таму беа изненадени кога слушнаа за работите што се случуваат во Призрен – за кои дотогаш не знаеја ништо. Зана додава дека важен дел од проектот е следење на медиумите за спротивставени наративи и нивно споделување со учесниците во проектот за да се споредат различните гледишта.

„Ние сме само млади луѓе, се забавуваме и уживаме во овие состаноци и во кино“.

За проектот Проектот „Како те гледам?“ е осмислен и имплементиран од две граѓански организации од Косово и Србија: Dokufest и Fond B92. Организациите веруваат дека во погледите на младите доминираат предрасудите и последиците од конфликтот – пречки кои стојат на патот на мобилноста на целиот регион. Проектот доби средства од претпристапните фондови на Европската Унија, како дел од Програмата за граѓанско општество и медиуми за Косово 2018-2019 година. Една учесничка од Србија вели дека ова искуство ѝ било едно од најубавите во животот. Сара Еќимовиќ (23) веднаш се поврза со некој на нејзина возраст од Косово. Пред да се сретнат во живо, со денови разговараа на телефон за заеднички интереси, како што се европските филмови. „Научив за неговото семејство, музиката што ја прави и неговите планови за иднината“, вели Еќимовиќ, која исто така беше во првата група што учествуваше на фестивалот на краток и документарен филм Dokufest во Призрен. „Конечно, имав прилика да ги посетам Призрен и Косово“, додава таа. Подоцна во 2021 година таа и нејзините колеги учесници ќе ги прикажат своите видеа на фестивалот Слободна зона во Белград. Ова е благодарение на истата програма за културна размена. Таа резимира: „Ние сме само млади луѓе, кои се забавуваат и уживаат во овие средби и филмови“.

Гладијаторите се враќаат во театарот во Стоби

Финансирање од ЕУ ѝ овозможи на невладина организација од Северна Македонија да развие алатка за виртуелна реалност која ве враќа во времето на гладијаторските борби пред 1500 години. Стоби, во Северна Македонија, бил, некогаш, еден од најзначајните градови во Европа. Од околу 200-та година п.н.е., па скоро седум века подоцна, градот играл важна улога во Римското царство. Сместен во центарот на трговските патишта, Стоби прераснал во битен град, кој дури и ковал сопствени монети. За време на Римското царство, Стоби бил престолнина на римската провинција наречена Македонија Салутарис (Macedonia Salutaris), а неговите жители го уживале истиот статус како и жителите на Рим. Како и во сите други важни римски градови, гладијаторските борби биле задолжителен дел од урбаната култура. Денес, Стоби е важен археолошки локалитет со христијански базилики, бањи, театар, синагога и остатоци од патишта и големи куќи, па, дури и казино. Иако животот во градот, најверојатно, никогаш нема да се врати, гладијаторите се враќаат назад! Концептот на користење историски и културни локалитети како туристички дестинации е сè уште во почетна фаза на развој во Северна Македонија. Археолошките локалитети, честопати, имаат недостаток од добра визуелна презентација и информациски паноа; раскажувањето приказни ретко излегува од брошурите и постерите и има многу малку или скоро никакво ангажирање на публиката на лице место. Но, високо конкурентниот туристички пазар бара културните локалитети да развијат стратегии и соработка со креативни индустрии кои ќе им помогнат да се истакнат. Една од таквите опции е употребата на иновативни решенија како, на пример, алатка во форма на апликација за посета со виртуелна реалност која има за цел да го истражи и оживее културното наследство. Виртуелната реалност, како технологија, ѝ овозможува на публиката да се нурне во реалистична реконструкција на настаните и приказните кои најдобро претставуваат одреден локалитет на културно наследство.

„3Д околината   ја преставува внатрешноста на гладијаторската арена, а, исто така, проектира и воведна церемонија пред борбата, како и реалистична толпа, создавајќи им на посетителите чувство дека се дел од публиката.“

Виртуелно меѓу гладијатори Во соработка со Стоби Националниот институт, и со поддршка на финансирање од ЕУ, Центарот за општествени иновации – Блинк 42-21 (невладина организација), развил апликација за виртуелна реалност која ќе ги вклучи посетителите на Стоби во перформанс со гладијаторска борба во внатрешноста на стариот театар. Милан Танчески, менаџер на проектот, објаснува дека апликацијата со виртуелна реалност вклучува 3Д визуелизација и реконструкција на театарот. Сево ова ќе им овозможи на посетителите подлабоко и поцелосно разбирање на просторот, со непопречена глетка на структурите и главните споменици кои веќе не постојат. „3Д околината   ја преставува внатрешноста на гладијаторската арена, а, исто така, проектира и воведна церемонија пред борбата, како и реалистична толпа, создавајќи им на посетителите чувство дека се дел од публиката,“ вели Милан. Развојот на овој проект бил предизвикувачки. Градот е во руини, па, најпрво, требало да се развие сценарио и приказна како основа за 3Д моделите за ликовите и околната архитектура. Како дел од процесот, архитект развил план од стариот театар и го претворил во 3Д модел. Како завршен дел од активноста, проектот развил и 3Д модели во природна големина за гладијаторите и за околу 700 ликови во публиката. За време на целиот процес, постојано се консултирале со експерти и историски информации, па, оттука, целото искуство е навистина реалистично и засновано на факти.

„Во својот најсветол период, театарот поседувал 7000 седишта, а ние успеавме да создадеме и „оживееме“ 700 ликови, повеќето од нив динамични; кои навиваат или се исправени. Па, така, гледате до вас, пред вас или зад вас, ликови кои навиваат, стојат или седат.“

За проектот Проектот за Туристички развој и промоција, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Регионалниот совет за соработка, поседува буџет од 5 милиони евра. Истиот работи на развој и меѓународна промоција на регионални културни и авантуристички понуди; зголемувајќи ја должината на туристички престои во регионот, како и бројот на туристи кои ги посетуваат шесте економии на Западен Балкан. „Блинк 42-21“ беше меѓу добитниците на грант во втората рунда грантови; секој во вредност од 54000 евра, доделени во октомври 2019. Регионалниот совет за соработка е сеопфатна, регионално поседувана и управувана рамка за соработка која промовира соработки, помирување, економски и општествен развој во регионот. Истата е финансиски поддржана од ЕУ.   Доколку го посетувате Стоби, денес може да побарате комплет за виртуелна реалност кој се состои од лаптоп и очила за виртуелна реалност. Со овие алатки, ќе ви биде доделено и одредено место во театарот. Во моментот кога ги ставате очилата и ја вклучувате опремата, патувате 1500 години назад во времето; опкружени сте со публика и можете да уживате во гладијаторска церемонија која се одвива на главната сцена во театарот. „Во својот најсветол период, театарот поседувал 7000 седишта, а ние успеавме да создадеме и „оживееме“ 700 ликови, повеќето од нив динамични; кои навиваат или се исправени. Па, така, гледате до вас, пред вас или зад вас, ликови кои навиваат, стојат или седат,“ вели Милан.  

Чествување на жени креативци

Запознајте ја Доника, визуелна уметница од Тирана која го зачувува сеќавањето на една стара куќа и нејзината бунтовна сопственичка која одбила да се предаде на незапирливиот бран на урбаниот развој. Мислим Шири е една од најпрометните улици во Тирана, престолнината на Албанија. Со децении била тивка станбена населба без продавници или кафулиња. Сето тоа се променило по падот на комунизмот во 90-тите; кога скоро сите куќи и станови ги претвориле своите приземја во комерцијални простори. Сите освен една. Ова е стан како многу други, но на приземјето, ниту една продавница или кафуле не оставиле стапка. Многумина секојдневно поминуваат крај него, а една од честите минувачи била Доника Чин; визуелна уметница која живее во Тирана. Била инспирирана да го инкорпорира просторот во својот уметнички перформанс.

„Имаше и, сè уште, има бројни гласини за Биа: нејзиниот живот, нејзините намери и душевна состојба. Нејзината одлука никогаш да не го продаде или изнајмува својот дом за комерцијални цели делува особено значајно.“

Сеќавањето продолжува да живее Доника била особено заинтересирана за една старица, сопственичката која редовно го чистела и бојадисувала екстериерот на своето приземје. Нејзиното име било Биа. „Имаше и, сè уште, има бројни гласини за Биа: нејзиниот живот, нејзините намери и душевна состојба. Нејзината одлука никогаш да не го продаде или изнајмува својот дом за комерцијални цели, како што многумина прават на улицата Мислим Шири, делуваше особено значајно,“ вели Доника. Во 2017, кога Доника започнала да работи на својот перформанс, дознала дека Биа починала. Куќата сè уште беше тука, но Доника не била сигурна уште колку време ќе остане така. „Морав да преземам нешто,“ вели таа, „за да го одржам во живот сеќавањето, пред куќата да се претвори во уште едно кафуле.“ Како дел од нејзиниот перформанс, Доника ги повторила, пред куќата, дневните ритуали за чистење на Доника. Перформансот бил снимен со три безбедносни камери и пренесуван во живо на монитор во изложбениот простор на галеријата Зета во Тирана. Нејзиниот перформанс имал за цел да ги испита прашањата поврзани со дневниот ритуал на Биа на чистење пред куќата: дали на тој начин Биа покажувала знак на протест кон запоставувањето од страна на градот?  Дали сметала дека просторот пред нејзината куќа е продолжување на нејзиниот личен простор? „Не можеме да ѝ ги поставиме овие прашања. Но, можеме да продолжиме да се запрашуваме за нашиот удел во јавниот простор; значењето на нашите совесни дела; влијанието врз сите нас од прикривањето на нашите ѕидови, бетон или дрва,“ вели Доника.

„Перформансот ќе го одржи во живот културолошкото сеќавање за градот и постапката на Биа како кревок и значаен индивидуален протест.“

За проектот Овие престои се замислени во рамките на долготраен проект, „Beyond Matter“; меѓународен, заеднички и истражувачки проект заснован на пракса, носејќи ги културата и културното наследство до работ на виртуелната реалност. Една од целите на проектот е развивање на нови решенија за пристапна дигитална документација и мрежно претставување на изложби кои моментално постојат или претходно постоеле, во физичкиот простор – вклучувајќи уметнички дела, артефакти и образовни материјали. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ (Creative Europe) на Европската Унија. Опстојување Екстериерот на куќата на Биа е, сè уште, недопрен, дури и пет години после нејзината смрт. Меѓутоа, потребна е дополнителна работа за да изгледа како кога Биа била сè уште жива. Неодамна, Доника презела иницијатива за надополнување на нејзиниот уметнички проект, преку работа на екстериерот на станот, како и негово снимање во 3Д; пред истиот да се претвори во бизнис, како другите приземја во соседството. За да ја продолжи работата на својот проект, Доника аплицирала за поддршка од уметничката резиденција во Тирана којашто е поддржана од фондови на ЕУ. „Перформансот ќе го одржи во живот културолошкото сеќавање за градот и постапката на Биа како кревок и значаен индивидуален протест,“ вели Доника. Повикот за престој бил започнат од „Tirana Art Lab – Центар за современа уметност“, „Tallinn Art Hall“ и „ZKM I – Центар за уметност и медиуми“, поканувајќи уметнички практичари и теоретичари да аплицираат за еден од трите престои во Карлсруе, Талин и Тирана.

Списание од и за српската младина

Основан од млади медиумски професионалци фрустрирани од недостатокот на платени можности во доменот на новинарството, Облакодер брзо се поставува како глас за младината во Србија. Пред три години, група млади новинари во Србија се соочувала со сериозни тешкотии за влез на пазарот на труд после дипломирањето. Повеќето медиумски куќи нуделе само неплатени стажирања и волонтерска работа. Фрустрирани од недостатокот на можности, групата одлучила да основа списание од и за млади луѓе, насловено Облакодер. Марина Зец, главна уредничка на Облакодер, го избрала името на списанието додека била во кафуле заедно со уште еден од основачите. „Заедно со остатокот од тимот веќе го имавме смислено целиот проект, единственото нешто што недостигаше беше името“, се присетува Зец. „Одлучивме да не го напуштиме кафулето сè додека не смислиме име.“ Зец објаснува дека зборот „облакодер“ доаѓа од „облак“ и потсетува, истовремено, на идејата да се биде со главата во облаци како и на модерен град полн со облакодери. Ваквата идеја била инспирација и за изгледот на веб страницата којашто, исто така, е во форма на облакодер.

„Ние [младите] сме, најчесто, преставени како светци или ѓаволи, не постои средина. Сакавме да дадеме една понијансирана перспектива.“

Уште од својот зачеток, главната цел на Облакодер е да го предизвика начинот на којшто младите се претставени во српските медиуми. Најчесто сме преставени како светци или ѓаволи, не постои средина. Сакавме да дадеме една понијансирана перспектива,“ објаснува Зец, која работи во доменот на новинарство и односи со јавноста уште од 19 години. Содржината на списанието вклучува млади Срби, уметници и активисти како начин на предизвикување на постоечкиот стереотип. На овој начин, списанието брзо го привлекло вниманието како на младите читатели, така и на новинарите почетници. Од волонтерски тим до овозможување платени можности за млади новинари „Кога почнавме, не знаевме навистина што правиме,“ признава Зец. „Но, бевме одлучни да бидеме професионални. Усвоивме строги новинарски вредности на објективност, професионалност и постојано проверување на изворите, сето тоа со фокус на креирање интересни содржини за помладата публика.“

„Усвоивме строги новинарски вредности на објективност, професионалност и постојано проверување на изворите, сето тоа со фокус на креирање интересни содржини за помладата публика.“

Во врска со Европскиот фонд за демократија Европскиот фонд за демократија (ЕФД) е независна организација која обезбедува грантови; основана во 2013 од страна на Европската Унија и земјите-членки на ЕУ со цел поттикнување демократија во Европското соседство, Западен Балкан, Турција и пошироко. ЕФД поддржува граѓански организации, продемократски движења, граѓански и политички активисти, како и независни медиумски платформи и новинари чија работа се стреми кон плуралистички, демократски политички систем. Во почетните месеци, парите биле навистина лимитирани, па тимот работел на волонтерска основа; работејќи постојана работа преку ден, а навечер посветувајќи се на Облакодер. „Поддршката на Европскиот фонд за демократија (ЕФД), добиена минатиот март, беше вистинско спасување за нас,“ изјавува Зец, потенцирајќи како финансирањето на ЕФД му овозможило на списанието да купи нова опрема и да изнајми канцелариски простор; давајќи им финансиска стабилност да можат да направат долгорочни планови за развој. Облакодер сега може да смета на својот персонал од 15 новинари, од кои една третина работат со постојано работно време.  Списание кое е во допир со младите во Србија Повеќето од читателите на Облакодер се на возраст помеѓу 23 и 35 години, односно милениумци кои се борат да го најдат своето место во светот и во Србија, каде што стапката на невработеност помеѓу младите се искачува и до 30 проценти, а достапните работни можности не се во согласност со нивото на образование на бројни млади луѓе. Денес, Облакодер брои помеѓу 40 000 и 50 000 читатели секој месец и 13 000 следбеници на Инстаграм. „Од нашето мониторирање можеме да забележиме дека луѓето целосно ги читаат нашите статии. Особено сме горди што читателите не ги читаат површно статиите, туку се навистина заинтересирани за тоа што имаме да го кажеме,“ вели Зец. Причината за овој успех, според Зец, е тоа што тимот пишува за релевантни проблематики, наместо за број на кликови. Иако проектот започнал како списание за уметност и животен стил, Облакодер го проширил својот дијапазон и сега покрива тематики како човекови права и инклузија на малцинства и луѓе со инвалидитети. “Навистина сме горди дека нешто што пред неколку години беше само идеја, денес прерасна во реалност,“ вели таа.