Skip to main content

Area of Cooperation: Culture and youth

Работилница за ЕУ комуникација со младите европски амбасадори во Скопје, Северна Македонија

По успешните работилници за комуникација организирани во Тирана, Албанија, во октомври 2022 година и Белград, Србија, во декември 2022 година; третата работилница за комуникација, насловена „Комуницирање на ЕУ со младите – комуницирање на младите со младите“, беше организирана на 4. февруари во „Europe House“, Скопје, Северна Македонија.

 

Работилницата беше поделена на две сесии:

 

За време на утринската сесија, на младите европски амбасадори им се обратија: г-ѓа Гиада Труко (службеник за комуникација за Западен Балкан при „DG NEAR“), г. Жилиан Васало (заменик директор на делегацијата при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија), г-ѓа Селена Ташиќ (управник за јавна дипломатија при „WeBalkans“) и г-ѓа Мишела Ди Стефано (тим лидер при „WeBalkans“). Исто така, тројца млади европски амбасадори (Иван Дургутов од Северна Македонија, Ањеса Јашари од Косово и Кристиан Петро од Албанија) споделија инспиративни приказни за активизам во нивните локални заедници.

 

Попладневната сесија започна со игра за запознавање „Нацртај и води“ која беше проследена од работилницата за комуникација со Герет Хардинг. На крајот, беше организирана сесија со прашања и одговори, а на учесниците им беше поделен и формулар за евалуација.

 

На 5. февруари (недела наутро), младите европски амбасадори организираа посета на „Даут Паша Амам“, историски споменик изграден во втората половина од XV век, кој денес служи како седиште на Националната галерија на Република Северна Македонија.

Отворен повик за искажување интерес за културно лидерство и програми за медиуми

УНЕСКО, „British Council“ и Италијанската агенција за развојна соработка ги обединија силите со цел управување со програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“. Програмата е финансирана од ЕУ и цели кон поттикнување меѓукултурен дијалог и зголемување на општествено-економското влијание на културниот и креативен сектор во Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.)

 

Преку широк партиципативен пристап насочен кон јавните авторитети, приватниот сектор, организациите на граѓанското општество во културната сфера; како и индивидуални професионалци во секторот, програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“ има за цел: подобрување на изведбата на културниот и креативниот сектор во Западен Балкан, зајакнување на културната соработка со и во регионот, како и подобрување на инклузивното културно наследство за локален развој.

 

Најголемите добитници од програмата се граѓаните од Западен Балкан кои ќе имаат најразлични можности за пријавување за професионален развој и активности за градење капацитети, како и финансирања со грантови во склоп на специфични тематски прозорци.

 

Програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“ објави отворен повик за искажување интерес за културно лидерство и програми за медиуми. Овој повик е организиран во склоп на Тематскиот прозорец 2 од портфолиото отворени повици во рамки на програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“. Повикот е насочен кон индивидуални апликанти кои сакаат да учествуваат во специфичните циклуси на програмата кои придонесуваат за културниот сектор и предизвиците помеѓу секторите.

 

За повеќе информации, посетете го следниов линк.

Младите европски амбасадори учествуваат на конференција, организирана во Данска, за предизвици и можности во ЕУ и односи со Западен Балкан

Советодавната група за политики „Балканот во Европа“ и Европскиот фонд за Балкан, во соработка со Данското општество за надворешна политика и три клучни дански политички партии – Социјалдемократите, Либералната партија и Зелената левичарска партија, беа домаќини на тридневна конференција, која се одржа на 25. јануари 2023 година, во данскиот парламент.  
Дискусијата привлече значаен интерес, имаше публика од околу 100 учесници и беше, главно, фокусирана на неодамнешните случувања и тековните предизвици во односот помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан со кандидатски статус за членство во ЕУ.  
Во центар на дебатата беа можностите и пречките за државите од Западен Балкан во напредокот за пристап кон ЕУ преку дијалог меѓу креатори на политики, активисти и аналитичари од Данска, ЕУ и Западен Балкан, и тоа како да се направи интеграцискиот процес за Западен Балкан поочигледен, донесувајќи го регионот поблиску до ЕУ и како Данска може да го поддржи процесот.  
На конференцијата учествуваше и младиот европски амбасадор, Иван Дургутов, кој беше дел од панел-дискусијата „Предизвици за доверба и трансформација во Западен Балкан“. Панел-дискусијата беше составена од млади кои ги посочија предизвиците на младинскиот ангажман и инволвирање во односите Западен Балкан – ЕУ.

Младите европски амбасадори организираат дискусија за поголемо инволвирање на младите во општеството во Северна Македонија

Дамјан Златановски, млад европски амбасадор, организираше дискусија за поголемо инволвирање на младите во општеството во Северна Македонија. На настанот присуствуваа околу 40 учесници; вклучително и млади од градот Куманово и претставници на институциите и граѓанското општество кои се ангажираат за подобрување на животните стандарди на младите и имплементирање на политики поврзани со локалната младина.
 
На настанот, претседателката на општинскиот совет во Куманово, г-ѓа Ивана Ѓорѓиевска даде осврт на ситуацијата и плановите на Општина Куманово за зголемување на инволвирањето на младите во носењето одлуки. Претседателите на локалните младински совети од североисточниот регион ги споделија нивните примери од локалните младински совети и младинските работници од младинскиот центар „Мултикулти“ и невладината организација „Центар за меѓукултурен дијалог“, објаснувајќи ја улогата на граѓанскиот сектор како поддржувач и партнер на функционирањето на локалните младински совети и поттикнувач на поголемо младинско инволвирање при носењето одлуки. 

Започнуваат работилници за медиумска и информациска писменост, организирани од младите европски амбасадори, во Западен Балкан

Знаеш ли како се создаваат новости? Како може да препознаеш вистина од дезинформација? Зошто ни е потребна медиумска писменост? Кои се најверодостојни извори на новости? Зошто некои приказни го заобиколуваат целиот свет? Придружи ни се за да дознаеш!

 

По интензивниот процес на учење за медиумска и информациска писменост, младите европски амбасадори од Западен Балкан ќе го започнат своето патување ширум Западен Балкан, споделувајќи го своето знаење со младите кои се интересираат за медиуми, социјални медиуми и општество, и сакаат да научат повеќе за светот околу нас.

 

Ако:

 

– се интересираш за теми поврзани со медиумска и информациска писменост;

– имаш помеѓу 13 и 16 години;

– доаѓаш од Западен Балкан;

 

придружи ни се на нашето патување!

 

Преку забавни вежби, многу дискусија, видеа и примери, ќе добиеш можност да ги запознаеш нашите млади европски амбасадори и да научиш за:

 

– медиуми и медиумска писменост;

– лажни новости;

– „кликбејт“ (или мамки за кликнувања);

– новинарство;

– медиумска манипулација;

– и многу друго.

 

Сите работилници ќе бидат спроведени на локалните јазици. Исто така, ќе добиеш можност да дознаеш за мрежата на млади европски амбасадори и да добиеш подароци од нашиот тим! Точните датуми и термини за работилниците во Западен Балкан ќе бидат наскоро објавени на нашите канали. Максималниот број учесници на работилниците е 25; па, затоа, побрзај со пополнување на овој формулар и редовно проверувај ги информациите за датумите и локациите за да се осигураш дека на време ќе зачуваш место. Со пополнување на формуларот, го обезбедуваш своето место, а ние директно ќе те контактираме со информации за датумот и најблиското место на работилница!

 

За повеќе информации, контактирај нè на yea@webalkans.eu. Остани во тек и следи го нашиот канал.

Отворање на изложбата „Да се биде млад во Србија“

Во Силоси, Белград, беше отворена изложба на 20 најдобри фотографии создадени како дел од натпреварот „Да се биде млад во Србија“. Сликите покажуваат како живеат младите во Србија, за што се надеваат и што гледаат во светот околу нив, изјави амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле Џауфрет; потенцирајќи дека преку фотографскиот објектив се прикажани и бројните предизвици во 2022 година.

 

Петочлено жири избра четири победници од преку 1000 слики кои се пријавија на натпреварот организиран од Делегацијата на ЕУ во Србија, „National Geographic Serbia“, „Politikin Zabavnik“ и студентската мрежа ЕРАЗМУС Србија. Ова е една од активностите со кои Делегацијата на ЕУ во Србија се придружи за прослава на „Европската година на младоста 2022“.

Победничката слика доби награда во форма на ваучер од 1000 евра за набавка на електронска опрема, второто место доби ваучер од 500 евра, а третото ваучер од 300 евра. Фотографот кој направи најдобра слика на проект од ЕУ, пак, доби диплома.

Младите европски амбасадори од Србија присуствуваат на забава за прослава на Нова година организирана од ЕУ Инфо центарот во Белград

На 13. јануари, младите европски амбасадори од Србија присуствуваа на забава за прослава на Нова година, организирана од ЕУ Инфо центарот во Белград. Забавата беше прилика за младите европски амбасадори да се запознаат со Емануеле Џауфрет, амбасадор на ЕУ во Србија, и да ја посетат изложбата со наслов „Да се биде млад во Србија“. Забавата беше проследена од церемонија за доделување награди, организирана од Делегацијата на ЕУ во Србија со „National Geographic Serbia“, „Politikin Zabavnik“ и студентската мрежа ЕРАЗМУС Србија.

 

Со овој настан се заврши 2022 година како „Европска година на младите“, отворајќи ја 2023 година, како „Европска година на вештините“.

Комисијата објавува извештај за здравјето и благосостојбата на музичарите

Во контекст на иницијативата „Музиката ја раздвижува Европа“, Европската комисија го објави извештајот „Здравје и благосостојба на професионалните музичари и креатори на музика во ЕУ – видувања од истражувањето за политики и практики“. Извештајот открива дека здравјето и благосостојбата на музичарите и креаторите на музика во ЕУ се ранливи и подлежат на неколку фактори на ризик и дека потребно е да се дејствува на неколку фронта за да се обезбеди заштита.

 

Иако извештајот ги потенцира главните ризици за физичкото и ментално здравје на професионалните музичари и креатори на музика, исто така дава и примери за успешни интервенции и акции (политики и практики) од неколку земји членки на ЕУ со цел справување со овие ризици. Извештајот ги резимира клучните лекции за политики врз основа на истражувањето и обезбедува препораки за политики и практики кои можат да го подобрат физичкото и ментално здравје, како и безбедноста, на музичарите и креаторите на музика во ЕУ; и тоа во насока на едукација, превенција и третман.

„Раскажи ни ја твојата приказна за европско наследство“ – отворен повик за ново финансирање за Деновите на европско наследство 2023

„Приказни за европско наследство“ е иницијатива за грантови за иновативни проекти развиени од страна на локалните заедници ширум Европа. Иницијативата е организирана од Европската комисија и Советот на Европа.

 

Деновите на европско наследство се настани кои ги зближуваат европските граѓани заедно да ја прослават, споделат и поддржат работата која се спроведува од заедниците во Европа. Нивната паневропска природа помага да се потенцира европската димензија и вредност на културното наследство. Преку приказните за европско наследство, се покануваат заедниците ширум континентот да ги споделат своите посебни приказни за културното наследство во Европа.

 

Краен рок за пријавување е 28. февруари 2023 година. Заинтересираните апликанти можат да ја достават својата апликација на англиски или француски јазик.

Младите европски амбасадори поддржуваат хуманитарна акација во Северна Македонија

Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир, „Europe House“ и „Банката за храна на Македонија“ организираа хуманитарна иницијатива во Северна Македонија за православниот Божик. На 4. и 5. јануари донираа 30 пакети со храна за општествено ранливи семејства. Младите европски амбасадори од Северна Македонија придонесоа за пакување и донирање на пакетите со храна.