Skip to main content

Еразмус+ размена инспирира нова генерација програмери

Запознајте го Коста – надежна ИТ ѕвезда од Северна Македонија кој сака да ја искористи технологијата за да го промени светот на подобро. Коста Ѓорѓевски е осумнаесет годишник од Скопје, Северна Македонија. И покрај неговата млада возраст, веќе е еден од најпознатите ИТ професионалци во својата држава. Започнал со програмирање на десет годишна возраст. Објаснува дека играл видео игри скоро секој ден, сè  додека не сфатил дека го троши своето време. “ Си помислив, зошто да не започнам со нешто попредизвикувачко? Во тој момент одлучив самиот да развивам видео игри,“ раскажува Коста. Коста работел на развивање игри некое време. Добро му одело, но како што растел, чувствувал дека треба да се посвети на позначајни нешта. Знаел дека, ако се користи правилно, информациската технологија може да помогне за промена на светот на подобро.

“ Си помислив, зошто да не започнам со нешто попредизвикувачко? Во тој момент одлучив самиот да развивам видео игри.“

Трансформација на светот во подобро место Тогаш одлучил посериозно да се занимава со програмирање и се откажал од развивањето видео игри. Како дел од училиштен проект, Коста развил софтверско-хардверски систем кој детектира отровни гасови во воздухот во затворен простор. Системот успешно детектирал токсични гасови и ги известувал луѓето во близина дека нешто не е во ред. Исто така, се насочил и кон вентилациски системи со цел отстранување на дефектот. Овој проект бил признаен како еден од најиновативните проекти во Северна Македонија од страна на Фондот за иновации. “ После проектот, се почувствував одлично, чувствував дека ги користам своите способности за нешто корисно,“ вели Коста. Кога имал 15 години, освоил значајна награда на државниот натпревар Codefest Tech Hackathon. Како дел од овој натпревар, Коста, заедно со својот тим, развил апликација за историска видео игра за Студената војна. Коста објаснува дека замислата била да се најде некој историски настан и да се развие игра од едукациски карактер. На крајот, Коста и неговиот тим освоиле второ место и прво место за кориснички интерфејс и дизајн за корисничко искуство. По овие достигнувања, освоил бројни други награди – сè на сè, воодушевувачки постигнувања на така млада возраст.

“Овие искуства имаа огромно влијание на мојата визија за иднината. Сè уште треба да научам нови нешта и барам нови можности за учење.“

За програмата ЕРАЗМУС+ е програма на ЕУ која поддржува образование, обука, млади и спорт во Европа. Нејзиниот буџет е 14,7 милијарди евра и обезбедува можности за преку 4 милиони Европејци кои сакаат да студираат, да се обучуваат и да стекнат искуство во странство. Но, неговото патување кон успехот не било така лесно. Имал целосна поддршка од семејството, меѓутоа бил соочен и со други предизвици. Еден од најголемите бил учењето на комплицираните математики неопходни за компјутерско програмирање. Морал да оди на низа приватни часови за да ги подобри своите математички вештини и знаења од сродни тематики. Коста објаснува дека овие искуства имале суштинско влијание врз него, како на професионален, така и на личен план. Инспирација од Барселона Лани, се пријавил и добил можност за студиско патување во Барселона. Патувањето било финансирано и поддржано од ЕРАЗМУС+ програмата на ЕУ. Коста, заедно со други млади, поминал 16 дена во Барселона, посетувајќи универзитети кои работат на софтвери за Формула 1 автомобили. Ја посетиле, исто така, и автомобилската фабрика СЕАТ каде што научил за мехатроника – роботи кои креираат автомобили. “ Беше извонредно и фасцинантно,“ вели Коста. Коста раскажува дека искуството во Барселона го инспирирало да создаде нови проекти и дополнително го мотивирало да продолжи со својата кариера во доменот на ИТ. За време на престојот во Барселона, посетил и музеи и културни обележја, запознал нови пријатели и ги проширил своите културни хоризонти. Сега Коста планира да студира и гради кариера во доменот на компјутерско инженерство, работејќи на хардверско и софтверско програмирање. “ Го избрав ова затоа што ќе ми овозможи да создавам направи кои се навистина иновативни,“ вели тој.

Некои навики не се менуваат: детска пасија која станува професија

Флорјан Мухај, од Албанија, преку Еразмус+ ја претворил својата детска пасија за политичките науки во професија. Уште од детството, политиката била пасија на Флорјан. Додека неговите другарчиња си играле со топка, Флорјан го привлекувале вестите и политичките настани. На само 14 години, станал член на училишниот политичкиот клуб. Потоа, станал дел од училишниот одбор, а го избрале и за претседател. Со политичкиот активизам продолжил и во средно каде што промовирал акции за еколошки проблеми меѓу своите соученици. “Можеби одредени нешта се појавуваат во раното детство и, потоа, стануваат сè посилни и посилни“, вели Флорјан. И кога, најпосле, дошол моментот за избор на факултет, Флорјан воопшто не се сомневал. Се запишал на програмата за политички науки на Тиранскиот универзитет која, според Флорјан, е “прилично нова програма“. Истата ги комбинира неговите интереси за демократизација, политичка акција и меѓународни односи.

“Бев до толку инволвиран во сиот процес, па бев убеден дека за неколку месеци ќе бидам меѓу првите студенти кои ќе ја започнат програмата. И навистина успеав!“

Кариерен избор Флорјан бил одлучен дека сака кариера во доменот на носење политики и дипломатија, со посебен фокус на Западен Балкан и интеграција во ЕУ, а не на политички партии. Бил, исто така, свесен дека оваа област бара посебни знаења и вештини кои не биле целосно достапни на неговиот факултет. Во 2017, еден од неговите професори го советувал да размисли за можноста да замине во странство на постдипломски студии по политички науки, интеграција и управување преку програмата за стипендии Еразмус+, финансирана од ЕУ. Започнал со подготовка на документите за пријавата. “Бев до толку инволвиран во сиот процес, па бев убеден дека за неколку месеци ќе бидам меѓу првите студенти кои ќе ја започнат програмата. И навистина успеав!“, вели Флорјан, а возбудата сè уште се чувствува во неговиот глас. Избрал да студира во Австрија. “Универзитетот во Салцбург беше, на времето, единствениот универзитет кој нудеше програма за првата година од студиите. За втората година, пак, можев да избирам од некои од партнерските универзитети во Западен Балкан; но, зарем можат тие да се натпреваруваат со Универзитетот во Салцбург?! Милион пати би го избрал“, вели Флорјан. Нови пристапи Со возбуда раскажува за пристапот во Салцбург. “Имаше голем избор на предмети, скоро самиот можеш да си ја составиш програмата – нешто што не се случува насекаде, а особено не на Западен Балкан каде што има фиксирана програма со само неколку изборни предмети.“

“Се вратив во Албанија со големо познавање на ЕУ, нејзините политики и теории, и огромна љубов кон Салцбург.“

За програмата Еразмус+ е програма на ЕУ која поддржува образование, обука, млади и спорт во Европа. Нејзиниот буџет изнесува 14,7 милијарди евра и овозможува прилики за милиони Европејци кои сакаат да студираат, да се обучуваат и да добијат искуство во странство. Додека студирал во Австрија, добил прилика да посети дел од најважните институции на ЕУ во Луксембург и Брисел. За него, ова било особено продуктивна седмица затоа што можел директно да види како функционираат ЕУ и нејзините институции. “Се вратив во Албанија со големо познавање на ЕУ, нејзините политики и теории, и огромна љубов кон Салцбург и Австрија, а и со важни и долготрајни пријателства. Нестрплив бев да применам сè што научив“, вели тој. Кариерата започна Денес Флорјан има 25 години и работи во локалната управа во неговиот роден град; во единицата за Интеграција во ЕУ и помош од странство која е нова структура во сите општини во Албанија. Во текот на изминатите две години, работел напорно во својата општина за да ги зголеми можностите за европска интеграција. “Ко-организирав повеќе од 25 активности, со околу 1000 учесници, промовирајќи европски вредности, младински граѓански ангажман, важни светски и европски денови, информирајќи ги, на тој начин, граѓаните како за процесот на интеграција во ЕУ, така и за нејзините политики и институции“, со гордост вели Флорјан.

Мала компанија која сака да остане таква каква што е

Српски текстилен бизнис кој сплотува креативност и еко-дизајн, расте благодарение на поддршката на ЕУ. Регенерик (Regenerik) е дел од новиот бран иновативни брендови за облека кои земаат замав во Србија. Компанијата произведува урбана облека и рачно изработени додатоци од природни влакна, рециклирани и биоразградливи материјали. Овој начин на производство не е многу застапен во Србија ниту, пак, во остатокот на Западен Балкан. Даница Томиќ е една од основачките на Регенерик (Regenerik). Дипломирана архитектка која до пред една година воопшто не ни замислувала да работи во некој друг домен. По дипломирањето, започнала со стаж во архитектонска фирма, но, набрзо потоа, била фрустрирана од административните обврски со кои се занимаваат стажантите. Даница во себе носела нескротлива пасија за креативност. Од архитектура до мода  Кога близок пријател ја напуштил работата и ѝ предложил да му се придружи во новиот бизнис, таа прифатила, но само под еден услов – работата во старт-ап бизнисот да се заснова на нејзината креативност. Сестра ѝ набрзо се приклучила во тимот, така што ново формираното трио изобилувало со енергија, но им недостасувала конкретна бизнис идеја. Немале никаков поим ниту каде да се обратат за совет.

“Кога учествував во првата работилница, немав јасна идеја за тоа каков бизнис сакам да започнам… Архитектка сум, но отсекогаш сум имала пасија за моден дизајн.“

Даница е проактивна личност, па веднаш започнала да пребарува на Интернет, а ги замолила и своите пријатели за совети како да започне бизнис. Еден пријател ѝ кажал за програма наменета за старт-ап бизниси, финансирана од ЕУ, која нуди поддршка за младите претприемачи заинтересирани да ги развијат своите бизнис вештини. “Кога учествував во првата работилница, немав јасна идеја за тоа каков бизнис сакам да започнам… Архитектка сум, но отсекогаш сум имала пасија за моден дизајн, па, по дискусијата и анализата со менторите на курсот, одлучив да го основам Регенерик (Regenerik)“ – објаснува Даница. На овие работилници, Даница ги подобрила своите вештини за развој на производи и претставување, а научила, исто така, и за бизнис менаџмент. Спојувајќи го стекнатото знаење со својата пасија, таа и нејзиниот пријател успешно го отпочнале нивниот бизнис. Оттогаш се прошириле, така што денес вработуваат дополнителни работници кои заедно работат на производството на Регенерик (Regenerik).

“Се чувствувам подобро и поудобно кога знам дека и други луѓе ќе растат заедно со нас. Ова е идејата водилка на Регенерик (Regenerik): заедничка работа, заедничка придобивка и заштита на животната средина.“

Проектот имаше, исто така, за цел да влијае на вработувањето кај младите и тоа на долгорочен план. Проектните партнери стремеа кон развивање на капацитетите на 120 организации на граѓанското општество во Западен Балкан со цел да овозможат соработка во доменот на креирање и имплементација на иновативни приоди за вработување на младите.  Овој проект е под раководство на Belgrade Open School во соработка со партнери од Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, како и Olof Palme International Centre(Шведска). Мала е најдобрата величина Даница не мечтае за голема компанија. Вели дека би била прерадосна ако нејзиниот бизнис рамномерно расте за да може да ангажира повеќе луѓе кои би работеле на рачното производство на Регенерик (Regenerik). “Се чувствувам подобро и поудобно кога знам дека и други луѓе ќе растат заедно со нас. Ова е идејата водилка на Регенерик (Regenerik): заедничка работа, заедничка придобивка и заштита на животната средина“ – вели таа. Тренинг програмата во која учествуваше Даница беше организирана од проектот WeB4YES финансиран од ЕУ. Покрај Даница, преку 1000 млади од Западен Балкан извлекоа бројни придобивки и се стекнаа со нови вештини, креираа свој бизнис или беа вработени од други компании веднаш по учеството во овој проект.

Да, и Кан се може!

На натпревар за филмофили, моден дизајнер од Сараево освоил можност да го посети Канскиот филмски фестивал. Милан Сениќ, 39 години, е професионален моден дизајнер од Сараево. Милан е, исто така, филмофил, но, честопати, заради работата, нема време да гледа филмови. Лани, видел објава на Фејсбук за проект наречен “Европски филмски предизвик“. Објавата била покана до филмофилите да изгледаат десет европски филма, во текот на десет недели, на каков и да е легален медиум. По гледањето, натпреварувачите требало да го споделат своето филмофилско искуство и да собираат поени. Натпреварувачот кој ќе собере најмногу поени, ќе добие можност да искуси еден важен филмски фестивал, со трошоци целосно покриени од проектот.

“Ко што велат: ако сакаш нешто, ќе најдеш време; ако не, ќе најдеш изговор.“

Добра навика Милан одлучил да го прифати предизвикот и започнал со селекција и гледање на филмови. Пред предизвикот, бил еден од оние кои сакаат да гледаат повеќе филмови, но немаат време за тоа. “Предизвикот ми помогна повторно да создадам редовна навика за гледање филмови. Ко што велат: ако сакаш нешто, ќе најдеш време; ако не, ќе најдеш изговор.“ Милан уживал во искуството со натпреварот, бидејќи е голем љубител на европски филмови. Во потрага по најдобрите европски филмови, вели открил бројни интересни режисери и филмови. Дотогаш, претпочитал шпански, италијански и француски филмови, но благодарение на предизвикот, со особено задоволство открил унгарски филмови кои не ги бил гледал претходно. Главна награда Неговите напори вродиле со плод. Милан имал доволно среќа да го освои натпреварот, а, со тоа, и можност да биде дел од Канскиот филмски фестивал. “Имав предзнаења за Кан кога отидов таму, но бев изненаден од тоа колку сè е скапо и прекрасно. Беше одлично искуство да се види сиот тој гламур и луксуз“, вели тој. За повеќето, Канскиот филмски фестивал е деловно патување за запознавање со продуценти, режисери и други партнери од филмската индустрија. Од тој агол, Милан имал предност: можел целосно да се препушти и да ужива во фестивалот и филмовите. Но, имал прилика да извлече, исто така, и професионална корист од посетата на фестивалот. Канскиот фестивал е настан на кој модата зазема централно место, и е навистина посебно да се искуси во живо. “Беше, исто така, корисно професионално искуство, затоа што Кан е особено значаен како за филмската, така и за модната индустрија“, вели Милан.

“Беше, исто така, корисно професионално искуство, затоа што Кан е особено значаен како за филмската, така и за модната индустрија.“

Промовирање на европскиот филм Милан бил само еден од неколкуте победници од земјите-учеснички во проектот. По успехот на претходното издание, проектот преминал во напредна фаза на развој пред публиката и раст на заедницата. Ова вклучува четири клучни идеи за примена, и тоа: програма за филмски инфлуенсери и платформа за прилагодување содржини, настани за филмофили и филмофилска пазарна студија која ги обработува информациите собрани од натпреварот.  Државите партнери се: Босна и Херцеговина, Чешка, Шпанија, Латвија, Литванија, Северна Македонија, Португалија и Србија. Проектот “Европски филмски предизвик“ е финансиран од програмата на ЕУ – Креативна Европа; која ги поддржува културните и креативни сектори.  

ЕРАЗМУС+ искуство кое променува живот

Ахмед, студент по визуелни уметности од Босна и Херцеговина, раскажува како студентската размена во Турција го “ трансформирала“ како личност. Ахмед е еден од многуте професионалци од доменот на визуелни уметности и комуникациски дизајн во Босна и Херцеговина. Но, неговиот пат до сегашната професија е нималку обичен. Во средно училиште, Ахмед учел теологија. “ Искрено, во текот на моето средно образование, не сметав дека сум талентиран и тоа се одрази врз мојата целосна психолошка благосостојба. Бев депресивен зашто не можев да откријам која материја сакам да ја студирам на факултет“, вели тој. Во текот на своето средно образование, Ахмед имал сомнежи за својата идна професија, но, пред матурирањето, неговиот најдобар другар му кажал дека планира да студира визуелни уметности и комуникациски дизајн на Меѓународниот универзитет во Сараево. Ахмед одлучил да му се придружи иако воопшто не бил сигурен дека го поседува неопходниот талент за овој нов подвиг. Како што вели Ахмед, некаков внатрешен инстинкт го натерал да ја донесе оваа одлука. На негово големо изненадување, бил примен. Очигледно, имал талент.

“Целосно се посветив на изучувањето на сите материи. Имав сосема малку претходно знаење, но сакав да научам и да истражувам. За да ги пополнам празнините, работев деноноќно“

Напорната работа се исплати Програмата се состоеше од различни материи како: графички дизајн, фотографија, уредување на видео и сликање. Сите овие материи биле потполно нови за Ахмед. “ Целосно се посветив на изучувањето на сите материи. Имав сосема малку претходно знаење, но сакав да научам и да истражувам. За да ги пополнам празнините, работев деноноќно“, вели тој.  Напорната работа се исплати. Ахмед од универзитетот добил стипендија која покривала 50% од школарината. Како што постепено се надградувал и стекнувал самодоверба, Ахмед почнал да прави планови за проширување на своите вештини преку меѓународно искуство. Но, немал финансиски средства за да го реализира планот, па знаел дека мора да најде поддршка. Официјалниот јазик на Меѓународниот универзитет во Сараево е англиски, јазик којшто не бил најјаката страна на Ахмед. Па, затоа, Ахмед следел курс по англиски како странски јазик.Курсот придонел за проширување на неговите хоризонти и начин на размислување затоа што покрај изучувањето на јазикот, вклучени биле и теми како критичко размислување и кариерно планирање. Наставникот ги запознал, исто така, и со програмата ЕРАЗМУС+ која нуди стипендии за студенти кои сакаат да студираат во странство. Ахмед ја зграпчил можноста. Турско воодушевување Добил прилика да ги продолжи своите студии на Анатолискиот универзитет во Ескишехир, Турција. Ахмед вели дека во тој период бил среќен да оди каде било. Никогаш претходно не бил чул за универзитетот и дури не го ни пребарал на Гугл. “ Кога пристигнав таму, сфатив дека тоа е најдобрата одлука која некогаш сум ја донел затоа што се заљубив во градот, универзитетот и луѓето. Се чувствував како местото да не е овоземско. Петте месеци поминати таму беа најдобрите месеци во мојот живот“, раскажува Ахмед.

“Звучи како клише, но станав послободумен. Се променив на подобро.“

  ЕРАЗМУС+ е програма на ЕУ која поддржува образование, тренинг, млади и спорт во Европа. Буџетот на оваа програма, во висина од 14,7 милијарди евра, обезбедува можности за студирање, обука, тренинг и добивање искуство во странство за преку 4 милиони Европејци. Тоа што најмногу го цени од искуството на универзитет во Ескишехир е пристапот на професорите кои пружале поддршка и помош кога и да имал потреба. Ова било дотолку позабележливо за студентите на размена како него. Ахмед значително ги развил своите професионални способности за време на престојот на Анатолискиот универзитет, но, исто така, извлекол и други придобивки. Растечка самодоверба Ахмед вели дека пред заминувањето во Ескишехир бил многу поинтровертен. Тамошното искуство го променило. Кога се вратил во Сараево, сфатил колку е изменет. Започнал да аплицира на волонтерски програми и проекти и станал редовен член на универзитетската волонтерска служба. “ Затоа што сè беше одлично на програмата Еразмус, посакав да се поврзам и со останатите програми на ЕУ. Неодамна, станав член на студентската мрежа Еразмус. Звучи како клише, но станав послободумен. Се променив на подобро“, вели Ахмед. Летово, Ахмед дипломира и моментално работи хонорарно, но, неговата цел е да најде постојана работа поврзана со неговите студии. Во даден момент од иднината, се надева да основа сопствен бизнис.

Aко навистина сакаш, можеш и да успееш

Кариерата на млада црногорска актерка се развива благодарение на драмата “Капитал“, финансирана од ЕУ. Јелена, 22 години, уште од мала возраст била наклонета кон уметноста, особено кон глумата. На училиште, редовно учествувала во активности поврзани со драма и глумење. Но, во тој период, сè уште не знаела дека, во моментот кога ќе треба да ја избере својата професионална кариера, оваа радост ќе биде извор и на компликации. Во средно, глумата станала нејзина вистинска пасија и започнала сериозно да размислува за неа како животна професија. Нејзиното семејство и дел од пријателите ја советувале дека изборот на глума како професија може да биде ризичен. “Ми рекоа дека во глумата нема пари и дека не може да се живее само од љубовта за уметноста. Мислам дека има одредена вистина во ова, но, исто така, мислам дека ако сакаш нешто, ако си посветен и работиш со љубов – тогаш можеш и да успееш“, вели таа.  Посекако, Јелена се сомневала дали воопшто ќе може да го положи приемниот испит на Факултетот за драмска уметност. Направила резервни планови во случај да не го положи испитот. Во меѓувреме, напорно работела на подготовките за приемниот. За среќа, првичниот план успеал и била примена на Факултетот за драмска уметност.

“Ако сакаш нешто, ако си посветен и работиш со љубов – тогаш можеш и да успееш“

Голема работа Но, како што вели самата “тоа не било среќниот завршеток“, бидејќи предизвиците за актерот не завршуваат со самото запишување на факултет. Била свесна дека мора напорно да работи и учи, за што и била подготвена. Но, не била нималку сигурна дека напорната работа би имала видливи резултати во смисла на успешна кариера и финансиска стабилност.  Посекако, додека била прва година, добила покана за аудиција за претстава или, како што таа вели, перформанс. Претставата се развивала како дел од проектот “EU Collective Plays!“, финансиран преку програмата на ЕУ “Creative Europe“. Неколку месеци подоцна, ја информирале дека е прифатена. Ова било нејзината прва претстава.  Необично е за студенти од прва година да играат во претстава, уште помалку во претстава која е дел од меѓународен перформанс. “Ова беше навистина голема работа!“ вели Јелена.  

“Се работи за моќен перформанс, со многу музика, кој претставува бројни различни перспективи за секоја тематика или проблем. Оттука, некои луѓе беа шокирани, некои воодушевени, некои плачеа, а некои се смееја.“

Проектот “EU Collective Plays!“ промовира меѓународна соработка помеѓу драматурзи, театарски организации и заедници од различни националности со цел создавање и реализирање колективни претстави. Проектот промовира, исто така, и млади драматурзи, нивната кариера, како и нивно европско и светско признавање. Проектот експериментира со проширување на театарската публика и тоа преку дифузија на најразлични работилници, шоуа и едукативни лаборатории. Отворање можности Насловот на перформансот бил Капитал, а идејата на претставата била да преиспита сè – од теории кои луѓето ги прифаќаат како вистини, па сè до сиромаштија, официјални статистики за конзумеристичкото општество и национални дебати.  “Бев возбудена. Најпрво, добив прилика да работам со познатиот режисер Андрас Урбан. Беше различно од класичен театар, па работата со него ме научи дека класичниот театар не е единствениот вид театар. Постојат бројни други начини како може да им се пристапи на актуелните тематики и проблеми, а не само преку книги и претстави“, вели таа. Ансамблот многу пропатувал со претставата, како во, така и надвор од Црна Гора, а како резултат, Јелена била поканета на други аудиции и добила понуди за изведба во други претстави.  Покрај Капитал, имало и други перформанси развиени од партнерските земји на проектот на ЕУ “EU Collective Plays!“. Проектните партнери формирале девет меѓународни драматуршки групи и создале девет оригинални претстави, напишани во заедничка соработка. Капитал добил позитивна критика и широко прифаќање од публиката во градовите каде што била изведбата. “Се работи за моќен перформанс, со многу музика, кој претставува бројни различни перспективи за секоја тематика или проблем. Оттука, некои луѓе беа шокирани, некои воодушевени, некои плачеа, а некои се смееја“, вели Јелена. Можеби некаде во публиката се најде некое друго девојче, со широко отворени очи и маѓепсано од театарската магија почна да верува дека кога навистина сакаш нешто, можеш и да успееш.

Носење нова енергија преку граници

Млад научник од Црна Гора ја спојува својата пасија за научно истражување со интернационален проект за обновлива енергија. Додека повеќето од другарите на Михаило се интересирале за фудбал и други игри во училишниот двор, неговото омилено игралиште била училишната лабораторија. Ни самиот не знае од каде потекнува неговата пасија за науката: „Не се сеќавам дека сум имал некоја посебна надворешна причина која ме инспирирала за наука, чувствувам како секогаш да била во мене“, вели тој. Низ детството, неговата пасија за науката продолжила да расте. На училиште, добивал пофалби од наставниците, а во средно, пак, започнал да добива награди за своите научни експерименти. „Во средно започнав да работам на теми поврзани со електрично инженерство. Оттука, кога завршив со средното образование, одлуката да студирам електрично инженерство беше сосема природна“, вели тој. Михаило се запишал на Факултетот за електрично инженерство на Универзитетот во Подгорица. Како посветен студент, продолжил да добива високи отценки и, набрзо, го привлекол вниманието на професорите. Бил еден од најдобрите студенти во својата генерација и кратко после дипломирањето бил поканет да работи како асистент на Факултетот за инженерство. Иако Михаило бил среќен за приликата, имал, исто така, и неколку сомнежи. Неговата главна цел била да продолжи со научно-истражувачки студии и не бил сигурен дали новата позиција ќе му дозволи да има доволно време и можности за да остане посветен на својата пасија.

“ Нашата сегашност и иднината на целата планета и енергетски систем зависи од обновливите извори на енергија“

Поголемо и подобро Црна Гора е мала држава со, отприлика, 600 000 жители. Оттука, Универзитетот на Подгорица има ограничени ресурси за работа на големи научни проекти. Истовремено, Михаило чувствувал потреба да работи на нешто поголемо кое би имало влијание не само во Црна Гора туку и надвор од границите на неговата земја. Набрзо откако Михаило ја започнал својата работа како асистент, факултетот му понудил можност за работа на проектот “ Crossbow“, финансиран од ЕУ. Ова било точно тоа што Михаило го барал: ново и важно експериментално поле кое би имало позитивно влијание на далеку позначаен број луѓе. Надминување граници Тринаесет држави, меѓу кои и Црна Гора, учествуваат во проектот. Неговата цел е да промовира прекугранично управување со различни видови обновливи енергии и складиштни единици со крајна цел обезбедување енергија за интернационален големопродажен пазар за обновливи енергии. Научни тимови од сите партнерски држави работеле на различни компоненти на проектот. “ Искрено, најпрво, бев изненаден што ми беше пружена оваа огромна можност, знаејќи дека немам многу искуство. Бев преплавен со ентузијазам и со радост ја прифатив поканата“, вели тој. Задачите на Михаило во рамки на проектот вклучувале моделирање соларна енергија и енергија од биомаса. Ова вклучува предвидување на енергетско производство од соодветните видови енергетски централи; работа којашто според него е “ нешто ново, интересно и возбудливо.“ Михаило земал учество во работилници и конференции организирани како дел од проектот. Работилниците му овозможиле да запознае научници кои се автори на важни дела од доменот на обновлива енергија во партнерските држави. Ова било значајно едукативно искуство затоа што Михаило немал многу знаења и искуства од овој домен.  “ Работата на проектот бараше многу време и енергија, но не почувствував никаков притисок или замор затоа што, за мене, ова искуство беше како да живеам во сон“, вели тој.  Михаило успешно ја заврши својата улога во проектот и стекна бројни нови и неопходни знаења. Сега со нетрпение чека понатамошни искуства во доменот на обновливи енергии, затоа што според него: “ нашата сегашност и иднината на целата планета и енергетски систем зависи од обновливите извори на енергија.“

“ Работата на проектот бараше многу време и енергија, но не почувствував никаков притисок или замор затоа што, за мене, ова искуство беше како да живеам во сон“

“ Crossbow“ е проект, во висина од 17,2 милиони евра, од доменот на паметни електроенергетски мрежи, финансиран од програмата за истражување и иновација на Европската Комисија,  “ Horizon2020“. Во него земаат учество дваесет и четири партнери, од 13 европски држави, со осум национални оператори за пренос. Проектот започна во ноември 2017 и ќе трае четири години.

Започнување во време на економска криза

Стартап основан од млад претприемач од Србија расте и покрај предизвикувачката деловна клима. Страхиња Тирнаниќ, 31 година, е претприемач од Србија. Ја започнал својата кариера како веб администратор во компанија која управува со онлајн портал за вработување и набрзо напредувал, добивајќи унапредување во менаџер за маркетинг и односи со јавноста и деловен развивач. Во еден момент, сфатил дека би можел да стартува и раководи со свој сопствен бизнис. “Долго време имав идеја да започнам сопствен бизнис. После шест годишно деловно искуство, континуирано образование и добра основа со деловни контакти, самодовербата ми порасна. Одлучив дека е добро време за да земам претприемнички залет“, вели тој. Земање залет Неговото истражување покажало недостаток од консултантски маркетинг и менаџмент услуги на пазарот.  Развил бизнис план, дал отказ и ја регистрирал својата стартап консултантска компанија специјализирана во овие домени. Но, како и многумина други млади претприемачи во Западен Балкан, му била потребна дополнителна поддршка; особено за истражување на нови пазари надвор од Србија и далечинско управување со проекти.  Истовремено, благодарение на промоција на социјалните медиуми, дознал за програмата “Еразмус за млади претприемачи“ (EYE), финансирана од ЕУ. “Видов Фејсбук настан за запознавање со програмата кој требаше да се одржи во мојот град. Со оглед на тоа што само што бев тргнал на одмор во Швајцарија, ги контактирав организаторите и ги замолив да договориме средба штом се вратам. Се согласија, јас тргнав за Женева и, истовремено, почувствував дека и мојата деловна одисеја започнува!“

“Одлучив дека е добро време за да земам претприемнички залет “

Проектот којшто му овозможил поддршка на Страхиња се вика “StartUp2“. Овој проект има за цел да ги олесни размената, учењето и креирањето на деловни врски помеѓу новите претприемачи. Размената се случува за време на престој во странство со искусен претприемач кој му помага на новиот колега да стекне вештини потребни за раководење на мала фирма. Страхиња го барал токму тоа. На пат кон Словенија За својата размена ја избрал Словенија, односно Луксембуршко-словенечкиот деловен клуб како приемна организација. Бил привлечен од широката палета активности во кои клубот е вклучен, новите работни методи, како и креативната и меѓукултурна средина. “Сигурен бев дека ова ќе биде голем предизвик за мене и со нетрпение очекував да ја истражам Словенија и нејзиното деловно окружување.“ Три месеца останал во Словенија; период кој го смета како најдоброто кариерно и животно искуство. Со советници кои работат глобално, Луксембуршко-словенечкиот деловен клуб поседува огромно искуство во доменот на далечински операции. Едно од најзначајните нешта кои Страхиња ги научил за време на неговиот престој е далечинското менаџирање. Но, најважната придобивка од целото искуство за него е ново воспоставената мрежа на контакти. Мрежата на контакти создава бизнис За време на својот престој, Страхиња учествувал во бројни деловни настани и значително ја проширил својата мрежа на контакти. Оттука, неговиот систем за управување на односи со корисници ги вбројува имињата на околу 60 извршни директори кои ги запознал на настаните – со особена гордост истакнувајќи го светски реномираниот американски претприемач и основач на бројни стартап компании, Џеф Хофман! Страхиња се вратил со пет клиенти и партнери од Словенија со кои сè уште соработува. Еден од нив е PGN.global, стартап за иновативни технологии и негов најголем клиент. Оттогаш, вработил двајца нови колеги, се преселил во нови канцеларии и стекнал уште два нови клиенти.  И покрај пандемијата КОВИД-19, Страхиња искусил значителен раст и развој во текот на последните шест месеца. За својот успех особено е благодарен на проектот “StartUp2“. “Верувам дека овој успех е резултат на способноста за далечинска работа и фокус на интернационален пазар. Ова се нешта кои ги научив во Луксембуршко-словенечкиот деловен клуб во Словенија“, вели тој.

“Верувам дека овој успех е резултат на способноста за далечинска работа и фокус на интернационален пазар. Ова се нешта кои ги научив во Луксембуршко-словенечкиот деловен клуб во Словенија“

Проектот “StartUp2“ е поддржан од програмата “Еразмус за млади претприемачи“ (EYE). Се работи за меѓугранична програма за рамена која на младите и надежни претприемачи им овозможува да учат од искусни претприемачи кои управуваат мали бизнис во останатите држави-учеснички. Домаќинот добива свежи перспективи и можности за креирање врски со странски партнери, како и прилика за откривање нови пазари. Србија учествува во оваа програма заедно со останатите држави од Западен Балкан. Страхиња е еден од многуте млади кои бенефитирале од проектот “StartUp2“. Досега, проектот обезбедил поддршка за 128 претприемачи од различни држави и тоа во насока на работни тренинзи, потпомагање и консолидирање на успешни стартап компании, како и помош за мали фирми за стекнување поголема видливост на европските пазари. Со проектот управува конзорциум од осум партнери од Финска, Франција, Италија, Латвија, Португалија, Србија, Шпанија и Обединетото Кралство, во координација со Европскиот центар за студии и иницијативи (CESIE) од Италија. Проектниот партнер од Србија е Центарот за деловен развој од Крагуевац.

Триесет годишна љубовна врска и најстарата смрека во Европа

Обидите за зачувување на најстариот вид смрека во Европа добиваат поддршка од ЕУ Picea omorika, уште позната како Српска смрека или оморика, е живо фосилизирано дрво ендемично за мала површина на границата на Србија со Босна и Херцеговина. Прогласена како заштитен вид во 1995 година, научниците сметаат дека набрзо ѝ претстои опасност од исчезнување доколку не бидат решени проблемите со нејзиното зачувување. Во еволуциска смисла, се работи за најстарото постоечко дрво во Европа; кое останало неидентификувано сè до 1875, што од него прави едно од последно откриените дрвја. Професорот Милан Матаруга од Универзитетот Бања Лука во Босна и Херцеговина е еден од водечките научници кои работат на зачувувањето на ова ретко растение. “Првпат дознав за Српската смрека кога бев студент на Факултетот за шумарство на Универзитетот во Белград во 1991. Имавме теренска посета на областа каде што ова дрво е ендемично и искуството беше љубов на прв поглед. Веднаш ме освои убавината на ова ретко растение и оттогаш е мојот омилен вид“, вели тој. Од тој момент, професор Матаруга мечтаел да добие слободно време за да работи на зачувување на Српската смрека. Последната слична иницијатива датира пред седумдесетина години; во 1951, така што професорот знаел дека е потребна нова низа иницијативи. Но, помеѓу академските и семејните обврски, како и поради недостатокот на средства, не можел да најде начин за остварување на својот сон.

“Веднаш ме освои убавината на ова ретко растение и оттогаш е мојот омилен вид.“

Заедничка работа Приликата дошла во 2019 кога професор Матаруга започнал да работи на проект, финансиран од ЕУ, кој имал за цел зачувување на ретки ендемични видови. Проектот го одредува статусот на популацијата Српска смрека, предлага заштитни мерки и стреми кон подигнување на јавната свест за нејзино зачувување; особено меѓу луѓето кои живеат во регионот, со посебен акцент на младите во областа каде што е застапен овој вид. Локалитетите на проектот се наоѓаат на двете страни на реката Дрина, а проектот ќе заштитува дваесет живеалишта на Српска смрека во меѓуграничниот регион. Активностите се спроведуваат во заедничка иницијатива на јавното претпријатие Национален парк Тара во Србија и јавното претпријатие Шуми на Република Српска во Босна и Херцеговина. Маријана Јосиповиќ од Национален парк Тара објаснува дека целта на проектот е да придонесе за зачувување на природниот биодиверзитет на регионот, вклучувајќи ја, се разбира, и заштитата на Српската смрека. Таа објаснува дека проектните партнери работат рамо до рамо за да го поддржат опстанокот на овие видови преку подобро управување со загрозените живеалишта на Српската смрека и подигнување на свеста за важноста на загрозените видови.

“Зачувувањето на ова растение е значајно наследство за идните генерации.“

Создавање наследство Д-р Јелена Алексиќ, од институтот за Молекуларна генетика и генетски инженеринг во Белград, ја потенцира потребата од детално генетичко истражување, план за управување и долгорочна стратегија за опстанокот на Српската смрека во овие простори. Професор Матаруга има, исто така, долгорочни гледишта. Според него, важен исход од проектот е волонтерскиот ангажман на инволвираните студенти. Знае, од лично искуство, каков ефект може да има ова скапоцено дрво врз младите и заклучува со следните зборови: “ Зачувувањето на ова растение е значајно наследство за идните генерации.“ Проектот е поддржан од ЕУ преку програмата за Меѓугранична соработка – Србија и Босна и Херцеговина.

Учење на бизнис уметноста на необично место

Млад претприемач од Србија патува во малечко селце во Шпанија за да ја научи уметноста на бизнисот Торралба де Рибота (Torralba de Ribota) е место со само 120 жители, а неговата економија е далеку од динамична. Ова селце во североисточна Шпанија поседува само еден бар, а агростопанството е основниот извор на примања за мештаните. Посекако, триесет и едно годишниот српски претприемач, Младен Савковиќ, токму тука одлучил да помине цел еден месец за да ги подобри своите бизнис вештини. Младен е професионалец во доменот на односи со јавноста кој, по десет години работа во новинарство, а и како хонорарец за односи за јавност и културни активности, неодамна отвори своја агенција за односи со јавност. Но, Младен заклучил дека му е потребна поддршка за да работи подобро.  “ Налетав на приказна за една жена од Србија која основала компанија за домашни тестенини. За да го подобри својот бизнис, успешно аплицирала за финансии од ЕУ со цел да оди неколку месеци во Сицилија и да го научи занаетот од локалните експерти. Ова ми делуваше совршено! Оттука, започнав со истражување како успеала да стигне до таму“, вели тој.

“ Мислев дека ако научам како да стапам во контакт со публика таму, потоа ќе успеам каде било.“

На тој начин, Младен дознал за проектот “ MOVE-YE“, под покровителство на ЕУ програмата “ COSME“. Како и бројни други млади, Младен ја зграпчил можноста за работна посета на држава во ЕУ. Со оглед на тоа што зборува шпански, Шпанија била сосема очигледен избор. Каде да се оди? Првично, размислувал да оди во Мадрид или Барселона. Вели дека можел да избира помеѓу бројни компании, повеќето од доменот на туризам, ИТ или други сектори. Но, привлечна му била можноста во културниот домен која ја добил во Торралба де Рибота. “ Ме интервјуираа две дами кои го раководат локалниот фестивал за уметност и музика “ Saltamontes“ и бев навистина импресиониран. Се работи за сосема малечко селце, а тие успеале да организираат успешен уметнички фестивал. Си помислив дека ако научам како да стапам во контакт со публика таму, потоа ќе успеам каде било и одлучив дека е вистинската можност за мене.“ Младен поминал цел еден месец работејќи на фестивалот “ Saltamontes“. Добил прилика за промоција на уметноста и културата надвор од урбаните подрачја, каде што сè уште претставуваат составен дел од секојдневието, но на потполно различен начин. “ Станав далеку посвесен за важноста од стапувањето во контакт со локалната заедница и слушањето на нивните културни потреби и интереси“, вели тој.

“ Станав далеку посвесен за важноста од стапувањето во контакт со локалната заедница и слушањето на нивните културни потреби и интереси.“

Проектот “ MOVE-YE“ (Мобилизирање претприемнички вредности и идеи низ Европа), финансиран од ЕУ, цели кон издигнување на претприемничката култура и воспоставување деловни контакти помеѓу европските претприемачи. Финансиран како дел од програмата “ COSME“, проектот им овозможува како на младите, така и на искусните претприемачи, можност за набљудување на различни деловни практики, разбирање нови пазари, како и прилики за интернационализирање и иновирање на нивните бизниси преку шема за меѓугранична мобилнос Носење на искуството дома Младен работи, воглавно,  со институции кои организираат културни настани и фестивали. Сега, на своите клиенти во Србија, планира да им ги претстави методите за стапување во контакт со публиката кои ги научил во Шпанија. “ Можете да организирате изложба и само да ја направите постановката. Но, научив дека е уште поважно да работиме заедно со публиката и да се фокусираме кон поактивно инволвирање на заедницата. Искуството со фестивалот “ Saltamontes“ ме натера да размислувам за идеи кои можам да ги применам во Србија“, вели тој.