Триесет годишна љубовна врска и најстарата смрека во Европа
ноември 5, 2020
Обидите за зачувување на најстариот вид смрека во Европа добиваат поддршка од ЕУ
Picea omorika, уште позната како Српска смрека или оморика, е живо фосилизирано дрво ендемично за мала површина на границата на Србија со Босна и Херцеговина. Прогласена како заштитен вид во 1995 година, научниците сметаат дека набрзо ѝ претстои опасност од исчезнување доколку не бидат решени проблемите со нејзиното зачувување.
Во еволуциска смисла, се работи за најстарото постоечко дрво во Европа; кое останало неидентификувано сè до 1875, што од него прави едно од последно откриените дрвја.
Професорот Милан Матаруга од Универзитетот Бања Лука во Босна и Херцеговина е еден од водечките научници кои работат на зачувувањето на ова ретко растение.
“Првпат дознав за Српската смрека кога бев студент на Факултетот за шумарство на Универзитетот во Белград во 1991. Имавме теренска посета на областа каде што ова дрво е ендемично и искуството беше љубов на прв поглед. Веднаш ме освои убавината на ова ретко растение и оттогаш е мојот омилен вид“, вели тој.
Од тој момент, професор Матаруга мечтаел да добие слободно време за да работи на зачувување на Српската смрека. Последната слична иницијатива датира пред седумдесетина години; во 1951, така што професорот знаел дека е потребна нова низа иницијативи. Но, помеѓу академските и семејните обврски, како и поради недостатокот на средства, не можел да најде начин за остварување на својот сон.



