Skip to main content

Area of Cooperation: Economy

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој му помагаат на српски спортски малопродавач подобро да допре до купувачите

Еден од најуспешните малопродавачи за спортска опрема во Србија, „Планета спорт“, со преку 100 продавници ширум државата, имаше добро разработена продажна мрежа како на Интернет, така и во продажните салони. Компанијата побара помош од ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој за подобрување на комуникацијата со своите купувачи преку инвестирање во нови дигитални алатки. Промените овозможени преку проектот, заедно со финансии од ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој, дојдоа на почетокот од пандемијата КОВИД-19; во период кога повеќето бизниси требаше да направат брз премин кон онлајн работење.  
Проектот вклучи креација на дигитална стратегија за имплементација на нов маркетинг и комуникациски софтвер. За да го постигне ова, „Планета спорт“ имаше потреба од надворешна помош. Оттука, компанијата ја контактираше програмата „Совети за мали бизниси“, на Европската банка за реконструкција и развој, која ги поддржува малите и средни претпријатија преку нивно поврзување со експерти кои нудат совети, знаење и вештини. Програмата покрива широка палета подрачја; вклучително стратегии, операции, менаџмент за квалитет, финансиско известување, енергетска ефикасност и други. Истата е финансирана од ЕУ и веќе има поддржано стотици бизниси во Србија.

Претседателката вон дер Лејен во Скопје, Северна Македонија

Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, го посети Скопје, главниот град на Северна Македонија, во вторникот, 14. јули. За време на нејзината посета, вон дер Лејен најпрво се состана со Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија. По состанокот, претседателката се состана со премиерот Димитар Ковачевски.
 
Како централен настан на нејзината посета, претседателката вон дер Лејен се обрати пред парламентот на Северна Македонија на свечена седница на која присуствуваа претседателот, премиерот, пратениците и високите државни претставници.

Совет за стабилизација и здружување ЕУ – Црна Гора

Црна Гора и ЕУ се состанаа, на министерско ниво, за 11-тиот Совет за стабилизација и здружување. Состанокот се одржа во Подгорица, Црна Гора.

 

Ова беше за првпат како Советот за стабилизација и здружување се одржува во регионот на Западен Балкан. Истиот ја нагласи недвосмислената посветеност на ЕУ за интеграција на целиот регион и пристапниот процес на Црна Гора кон ЕУ.

 

Учесниците дискутираа за пристапната стратегија; особено во насока на Извештајот 2021, на Комисијата, за Црна Гора. Учесниците го поздравија досегашниот напредок за пристапните преговори; со 33 отворени поглавја, а три поглавја привремено затворени.

 

Советот за стабилизација и здружување исто така направи преглед и на билатералните односи во рамки на Договорот за стабилизација и здружување и размени ставови за неодамнешните случувања во Црна Гора и Западен Балкан.

 

ЕУ изрази големо задоволство за усогласувањето на Црна Гора со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ; вклучително и рестриктивните мерки по непровоцираната агресија на Русија против Украина, и ги поздрави како јасен сигнал за стратешко насочување на државата и посветување кон целта за пристап кон ЕУ. Учесниците ги поздравија, исто така, и досегашните напори за имплементирање на санкциите и ја охрабрија Црна Гора да продолжи со неопходните чекори за целосна примена на усвоените рестриктивни мерки.

 

Европската Унија беше претставена од страна на високиот претставник на ЕУ – Жозеп Борел, и комесарот за соседство и проширување – Оливер Вархелеј. Црна Гора, пак, беше претставена од премиерот Дритан Абазовиќ. Со состанокот претседаваше високиот претставник на ЕУ – Жозеп Борел.

Производство на грицки со сончева енергија

Претпријатие од БиХ стана приближно целосно енергетски независно преку инсталирање соларни панели со поддршка на ЕУ.

Претпријатието „Voćar“, од Брчко, беше основано пред 30 години. Во босанскиот јазик, името на компанијата означува „одгледувач на овошје“, а „семето“ на претпријатието било засадено од Авдо Мусиќ пред многу децении. Тој бил еден од најголемите производители на сливи во регионот кои ги продавал на локалните пазари. Во 1989 година, кога социјалистичка Југославија започнала економски да се либерализира, а на граѓаните им било дозволено да отворат приватни претпријатија, неговиот син, Мехо, одлучил да го издигне бизнисот и официјално го регистрирал и отворил претпријатието „Voćar“. Денес, „Voćar“ произведува широка палета грицки; од наполитанки и колачиња, па сè до пуканки и путер од кикиритки. Слоганот на претпријатието е „За подобар вкус на животот!“.

Денес, претпријатието го раководи внукот на Авдо, Есед Мусиќ. Есед објаснува дека патувањето од одгледување сливи до производство на грицки било предизвикувачко. За време на војната во БиХ, семејството, како и многу други семејства, за малку ќе загубело сè; а кога војната завршила, морале да започнат скоро од почеток. Во тој момент помислиле дека би можеле да ја прошират палетата производи. „Во тоа време скоро и да немаше производство во БиХ: сè беше увезено од странство. Одеднаш, се отвори голем пазар, па одлучивме да ја искористиме приликата и да се фокусираме на замена за увезените производи,“ вели Есед.

„Инсталирањето сопствен систем со соларни панели ќе беше огромен финансиски товар за нас. Поддршката од ЕУ беше навистина неопходна: ни даде „ветер во едра“ за да продолжиме со планирање на нашата работа и долгорочен развој.“

По војната, започнале само со пет работници, а денес „Voćar“ има 60 постојано вработени работници и бројни надворешни соработници кои извлекуваат полза од соработката со претпријатието. По 30 години, претпријатието произведува повеќе од 100 различни производи кои ги нудат на своите клиенти во БиХ, но, исто така, и во САД, Австралија, земјите во ЕУ и други.

Меѓутоа, пандемијата имаше влијание врз операциите на претпријатието како и врз глобалната економија. Есед раскажува дека за време на кризата започнале да размислуваат за тоа како би можеле сериозно да ги намалат трошоците за да можат да останат профитабилни. Првиот трошок на кој помислиле била сметката за електрична енергија, но секоја инвестиција била скапа, а во дадените околности, обидот за таква инвестиција делувал непрактичен.

Но, во 2021 година, со помош на проектот „EU4AGRI“, финансиран од ЕУ, долгогодишниот сон се остварил за претпријатието „Voćar“, бидејќи добиле можност да инвестираат во систем соларни панели кој им овозможил да задоволат 65 % од нивната целосна потреба за електрична енергија. „Инсталирањето сопствен систем со соларни панели ќе беше огромен финансиски товар за нас. Поддршката од ЕУ беше навистина неопходна: ни даде „ветер во едра“ за да продолжиме со планирање на нашата работа и долгорочен развој,“ вели Есед.

„Нашите производи се направени со помош на зелена енергија и сме особено горди на тоа.“

За проектот

Проектот „EU4AGRI“ е четиригодишна иницијатива (2020 – 2024) која цели кон модернизирање на земјоделско-прехранбениот сектор, креирање нови работни места, како и задржување на веќе постоечките преку поддршка за закрепнување од кризата КОВИД-19 во БиХ. Целосната вредност на проектот, финансиран од ЕУ, изнесува 20,25 милиони евра; а истиот е заеднички имплементиран и кофинансиран од страна на Агенцијата за развој на Република Чешка и Програмата за развој на Обединетите Нации во БиХ.

Досега, проектот „EU4AGRI“ ги поддржа земјоделците и претприемачите во БиХ со 45 инвестиции, вредни 5,5 милиони евра; од кои 3,2 милиони евра беа финансирани од ЕУ.

„Соларните панели беа поставени на покривот на нашите простории за производство и складирање кои беа идеални во поглед на локација и форма на покривот,“ објаснува Есед. „Нашата соларна електрана зафаќа 1000 метри квадратни и произведува 150 киловати електрична енергија; која има огромно влијание врз нашата енергетска независност.“ Трошоците за изградба на соларната електрана беа околу 83000 евра; од кои околу 54000 евра беа обезбедени преку проектот „EU4AGRI“, а околу 29000 евра од страна на претпријатието „Voćar“.

Додатна вредност на проектот е намалувањето на емисијата јаглероден диоксид (CO2) на претпријатието за, приближно, 76 %; намалувајќи го, на овој начин, и нејзиното негативно влијание врз животната средина. Како што Есед вели: „Нашите производи се направени со помош на зелена енергија и сме особено горди на тоа.“

Досегашните резултати беа поттик за „Voćar“ да ги задоволи своите потреби за електрична енергија единствено од обновливи извори во претстојниот период. Есед објаснува: „Имаме уште достапни површини на покривите кои ги исполнуваат критериумите за инсталирање соларни електрани и сакаме да достигнеме 100 % енергетска независност. На овој начин, дополнително ќе придонесеме за заштита на животната средина.“

Роботска рака која резултира со добро нахранети риби

Лабораторија, поддржана од ЕУ, им овозможува на браќа од Црна Гора да развијат уред за управување со количината и квалитетот на храната за риби.

Богдан и Горан Максимовиќ се браќа од Никшиќ, Црна Гора. Помладиот брат, Богдан, е експерт за ИТ, а неговиот помлад брат, Горан, е електричар и страстен рибар. Кога ги здружиле силите, заедно го креирале иновативниот уред за хранење риби. „Денешниот процес за хранење на рибите е прилично старомоден: истиот од пред 50 години. Луѓето не знаат ни колку риби имаат во рибарникот, а уште помалку колку храна им е потребна; па, затоа, смисливме систем кој може да помогне со штедење храна, а, на тој начин, и пари,“ вели Горан.

Горан понатаму објаснува дека немањето претстава колку храна им е потребно на рибите може да создаде други проблеми; како, на пример, прекумерната храна може да ја загади водата и да доведе до смрт на рибите. „Сега, сите овие проблеми се решени,“ вели Горан. Уредот за хранење риби кој го креирал со својот брат може да се користи за програмирање и набљудување на храната која им се дава на рибите. Врз основа на овие информации, уредот може да пресмета колку храна им е потребно дневно. Уредот работи на соларен панел, па, оттука, енергијата е ефикасна и мобилна; а направата може да се користи во рибници на оддалечени места; како, на пример, високите планини.

„Моравме да воведеме и објасниме, од самата основа, концепти како иновација, стартапови и технологија. Но, успеавме да создадеме одреден вид на епицентар од добра енергија, идеи, проекти и способности, и сме особено среќни за тоа.“

Место за иновација

Уредот за хранење риби беше развиен и тестиран во Центарот за иновации и претприемништво „Tehnopolis“, во Никшиќ, кој е центар за развивање стартап претпријатија и претприемништво. Неодамна, проект, финансиран од ЕУ, со наслов „Подобрување на инфраструктурата за истражување и иновација која може да се употреби со цел поддршка на развој на мали и средни претпријатија“, го поддржа „Tehnopolis“ во формирањето нова лабораторија за индустриски дизајн, биотехнолошка лабораторија и податочен центар. 3Д моделот за уредот за хранење риби беше развиен во лабораторијата за индустриски дизајн; опремена со најсовремен 3Д принтер, компјутерско нумеричко контролни машини и роботска рака.

Ѓорѓије Брукљан е одговорен за Центарот за програмски активности, истражување и развој во „Tehnopolis“, основан во 2014 година од страна на владата на Црна Гора како непрофитна организација со ограничена одговорност во владина сопственост. Ѓорѓије објаснува дека почетокот бил особено тежок затоа што во Никшиќ немало активности од технолошки карактер пред отворањето на „Tehnopolis“. „Моравме да воведеме и објасниме, од самата основа, концепти како иновација, стартапови и технологија. Но, успеавме да создадеме одреден вид на епицентар од добра енергија, идеи, проекти и способности, и сме особено среќни за тоа,“ вели Ѓорѓије.

Ѓорѓије објаснува дека нивната целна група е доста широка и вклучува мали деца, возрасни луѓе во своето средно и поодминато доба, студенти, стартапови и претприемачи, тимови за развој, микро, мали и средни претпријатија, земјоделски производители, институции, инвеститори, локални и регионални партнери и други.

„Моментално, околу 40 иноватори се служат со податочниот центар, лабораторијата за биотехнологија; како и лабораторијата за индустриски дизајн, во нашиот центар, целосно финансиран од ЕУ.“

За проектот

Проектот „Подобрување на инфраструктурата за истражување и иновација која може да се употреби со цел поддршка на развој на мали и средни претпријатија“, финансиран од ЕУ, овозможи поддршка за „Tehnopolis“ за развој на инфраструктурните капацитети на биохемиската лабораторија, лабораторијата за индустриски дизајн и податочниот центар. Проектот резултира со креирање на иновативна платформа за поддршка на нови услуги и производи во Црна Гора, како и конкурентност на постоечките мали и средни претпријатија; овозможувајќи помош за развивање нови мали и средни претпријатија ориентирани кон технологијата. Целосниот буџет на проектот изнесуваше 818000 евра.

Досега, „Technopolis“ има имплементирано околу 30 проекти, од кои 16 се сè уште во тек. Преку 90 % од средствата за овие проекти се обезбедени од ЕУ; која го поддржува „Technopolis“ со околу 4 милиони евра, преку различни програми, во текот на последните пет години. „Моментално, околу 40 иноватори се служат со податочниот центар, лабораторијата за биотехнологија; како и лабораторијата за индустриски дизајн, во нашиот центар, целосно финансиран од ЕУ,“ вели Ѓорѓије.

„Исто така, ги развиваме и нашите човечки ресурси за да бидеме сигурни дека имаме луѓе со соодветни вештини за ракување со опремата. Ова значи дека, во иднина, ќе можеме да обезбедиме поголема поддршка за земјоделците, иноваторите и малите и средни претпријатија кои сакаат да го подобрат својот производствен процес и да станат поконкурентни на пазарот,“ заклучува тој.

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој им помагаат на малите и средни претпријатија во БиХ при дигиталната транзиција

Европската банка за реконструкција и развој обезбедува заем, во висина од 5 милиони евра, за ProCredit Bank БиХ, поддржан од грантови од ЕУ, во рамки на неодамна отпочнатата програма „Go Digital“ во БиХ. Средствата ќе се употребат за помош за малите фирми да инвестираат во дигитализација на деловните процеси и подобрување на продуктивноста, оперативната ефикасност и отпорност.

 

Малите и средни претпријатија ќе можат да ги употребат овие средства за инвестирање во хардвер и софтвер за дигитална трансформација на проекти од областа на дигиталните комуникации, информации и ИТ безбедност, дигитален компаниски менаџмент и процеси и услуги за дигитално производство. Целта е да се зголеми дигиталната трансформација на малите и средни претпријатија со цел да станат поконкурентни на пазарот на ЕУ и усогласени со стандардите кои се бараат според директивите на ЕУ.

 

Покрај заемите, малите и средни претпријатија можат да извлечат полза и од иницијативи за грантови во износ до 15 % од севкупната вредност на заемот. Овие иницијативи се финансирани од ЕУ.

 

ЕУ има обезбедено грантови, во вредност од 9 милиони евра, за стимулативни плаќања, советодавни услуги и програмска техничка помош за заедничката програма помеѓу Европската банка за реконструкција и развој и ЕУ – „Go Digital“ во БиХ; додека, пак, Европската банка за реконструкција и развој обезбеди 40 милиони евра во форма на заеми. Програмата ќе биде придружена од активности на германската агенција за соработка, ГИЗ, која ќе работи со владата и чинителите во насока на градење на екосистем за дигитализација, автоматизација и иновација во БиХ; вклучувајќи и центри за иновација, во согласност со најдобрите практики на ЕУ.

  Програмата директно придонесува за Дигиталната агенда за Западен Балкан на Европската комисија, која цели кон поддршка на транзицијата на приватниот сектор и помош за бизнисите целосно да ги обезбедат придобивките од дигиталната трансформација на економијата.

Јавна анкета покажува силна поддршка за ЕУ во Црна Гора

Членството на Црна Гора во ЕУ продолжува да биде поддржано од поголемото мнозинство граѓани кои имаат позитивен став кон заедницата и би гласале, на потенцијален референдум, за Црна Гора да биде следната земја членка. Ова беше уште еднаш потврдено со јавна анкета спроведена од „DeFacto Consultancy“ за ЕУ и Владата на Црна Гора во мај. Тие ги испитаа граѓаните за нивниот став за интеграцијата во ЕУ и пристапниот процес, преку репрезентативен примерок од 1008 испитаници ширум државата.

 

Силната поддршка за европската идеја, пресликана во бројки, покажува дека 76 % од граѓаните имаат позитивен став кон ЕУ, а скоро подеднаков број (74,6 %) го поддржуваат пристапувањето на Црна Гора кон ЕУ. Доколку утре се одржи референдум, приближно 90 % од граѓаните би го дале својот глас; од кои преку четири петтини или 83,5 % би гласале за Црна Гора да ѝ се придружи на ЕУ.

  ЕУ беше признаена од 43 % од граѓаните како најголем странски донатор во Црна Гора, а 39 % изјавиле дека ЕУ покажала најголема солидарност кон Црна Гора во борбата против КОВИ

Младите европски амбасадори се среќаваат со претседателот на Европскиот совет во Косово

Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) од Косово се запознаа и имаа дискусија со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за време на неговата посета на Косово. Младите европски амбасадори му ја претставија нивната мрежа, објаснувајќи ја нивната цел и мотивации за да станат млади европски амбасадори.

 

По воведната презентација, дискусијата премина на регионалните и глобални проблеми; како, на пример, конфликтот во Украина и важноста на мирот. Во завршниот дел на дискусијата, младите европски амбасадори ја иницираа темата за слобода на движење на младите од Западен Балкан и се согласија со претседателот за важноста на програмите како, на пример, ЕРАЗМУС+ и останатите иницијативи и програми, финансирани од ЕУ, за личен и професионален развој на младите во Западен Балкан.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.

Започната кампањата „Europeans Making A Difference“ („Европјани кои прават разлика“)

На 10. јуни, Европската служба за надворешна акција го започна четвртото издание на кампањата „Europeans Making a Difference“ („Европјани кои прават разлика“) во Италијанскиот културен институт во Париз. Во рамки на Европската година на младите, ова издание на кампањата „Europeans Making a Difference“ („Европјани кои прават разлика“)  ги прикажува младите од Западен Балкан кои прават работи што значат, во регионот и пошироко.

 

Високиот претставник/Заменик претседателот Жосеп Борел изјави: „Оваа кампања нуди платформа за луѓето кои ги поместуваат границите; кои инспирираат и отвораат врата за другите. Во нашата работа, среќаваме Европјани кои секојдневно прават разлика. Со оваа кампања, сакаме да ги истакнеме нивните приказни не само затоа што се добри и вистински човечки приказни, туку затоа што нивните приказни не се доволно познати во државите-членки на ЕУ, а не се ни доволно видливи во Западен Балкан, исто така.“

 

На промотивниот настан беа претставени инспиративни млади луѓе од Западен Балкан, во дебата, проследена од шест видеа кои ја прикажуваат нивната работа.

Кампања на ЕУ ги истакнува врските со БиХ

Под слоганот „Поврзани преку добро“ („Connected through good”), ЕУ во БиХ отпочна двомесечна кампања фокусирана на бизнис и претприемништво која ќе ја информира јавноста за достапните програми на ЕУ, начинот на аплицирање за грантови на ЕУ, како и презентација на успешни приказни од луѓе кои добиле поддршка од ЕУ во БиХ.

 

„Наша амбиција е да ја поддржиме БиХ со цел да стане подобро место за започнување бизнис со можност за раст. Нашата поддршка не се фокусира единствено на обезбедување грантови: работиме на тоа како да ги приближиме претприемачите, компаниите и властите. Економијата, во целост, единствено може да се справи со идните предизвици само ако бизнисите се отпорни,“ изјави амбасадорот Јохан Сатлер, шеф на Делегацијата на ЕУ и специјален претставник на ЕУ во БиХ.

 

Преку работилници, настани, подкасти, како и преку соработка со претприемачи, земјоделци, занаетчии и други кои придонесуваат, со своите деловни активности, за поотпорна БиХ; кампањата „Поврзани преку добро“ („Connected through good”) ќе го прикаже потенцијалот кој може да се постигне со цврста поддршка и соодветна експертиза. Кампањата можете да ја следите на Фејсбук, Инстаграм и Твитер профилите на Делегацијата на ЕУ во БиХ.