Skip to main content

Area of Cooperation: Economy

Новите Европски дигитални иновациски хабови ја поттикнуваат дигиталната трансформација ширум Западен Балкан

Во јануари 2025 година, мрежата на Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) се прошири со нови хабови низ целиот Западен Балкан.

Проширувањето на мрежата е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан, со цел да му се помогне на регионот да се интегрира во Единствениот дигитален пазар на ЕУ. Со приклучувањето кон мрежата на ЕДИХ, корисниците од регионот на проширување добиваат можност за ран пристап до дигитални алатки, платформи за споделување знаење и финансирање — и тоа уште пред да станат формално членки на Европската Унија. Овие придобивки ќе бидат конкретни и видливи, особено за малите и средните претпријатија, стартапите и јавните институции коишто се стремат кон дигитална и зелена трансформација.

„Им помагаме на државните институции и компаниите да користат дигитални алатки што решаваат конкретни проблеми, како на пример стриминг сервиси со кои ќе се овозможи пристап до нови пазари. Го олеснуваме и поврзувањето и прекуграничната соработка, токму што е всушност и целта на Единствениот дигитален пазар“, вели проф. д-р Славица Томовиќ, доцент на Електротехничкиот факултет при Универзитетот во Црна Гора. Овој развој претставува значаен чекор на заложбите на Европската Унија за дигитална трансформација на регионот на проширување и отвора нови, возбудливи можности за локалните компании, државните институции и стартапи да станат дел од просперитетниот европски дигитален екосистем.

Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) функционираат како едношалтерски центри за компаниите и државните институции, помагајќи им да се справат со дигиталните предизвици и да ја зголемат својата конкурентност. Тие обезбедуваат широк спектар на услуги – од пристап до техничка експертиза, обуки и развој на дигитални вештини, до совети за финансирање и можност за „тестирање пред инвестирање“ во нови технологии. Покрај тоа, хабовите активно ја поддржуваат зелената транзиција, овозможувајќи имплементација на одржливи и циркуларни дигитални решенија.

Поддржани од програмата „Дигитална Европа“, ЕДИХ се кофинансирани – 50% од програмата „Дигитална Европа“, а преостанатите средства доаѓаат од национални, регионални или приватни извори. Тие се со јасна мисија ниту еден регион да не биде изоставен во дигиталната ера.

Во Северна Македонија, ИНОФЕИТ ЕДИХ е првиот официјален Европски дигитален иновациски хаб во земјата. Изграден врз цврстите темели на ИННОФЕИТДИХ, тој ги обединува академските институции, индустријата, деловните здруженија и јавните чинители. Следните четири години, ИНОФЕИТ ЕДИХ ќе обезбеди бесплатни дигитални услуги во вредност од 2 милиони евра за малите и средните претпријатија и за државните институции, преку основни услуги што ги нуди.

„Во денешниот брзорастечки дигитален свет, следењето на најновите технологии е клучно за успехот на компаниите и државните институции. Интеграцијата на Северна Македонија во мрежата на Европските дигитални иновациски хабови преку ИНОФЕИТ ЕДИХ претставува единствена можност за малите и средните претпријатија и јавните организации да ја зајакнат својата конкурентност и да придонесат кон општествениот напредок“, истакнува Димитар Ташковски од ИНОФЕИТ, Северна Македонија.

Во Косово, конзорциумот што управува со проектот „Порта за дигитална иновација во Косово“ (DIG-4K) го сочинуваат неколку чинители што ги претставуваат граѓанското општество, приватниот сектор и академскиот сектор, Паркот за иновации и обука (ИТП) како водечки партнер и „Едутаск“; Иновативниот центар „Мејкерспејс“ во Призерн, Универзитетот за бизнис и технологија (УБТ), Универзитетот „Укшин Хоти’, „КВАНТИКС“, „АЛТ ШПК“, „КАКТУС Едукација“, како партнери за имплементација, и Министерството за економија на Косово и Косовската истражувачка и образовна мрежа (КРЕН) како придружни партнери.

„Интеграцијата на Косово во мрежата на Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) нуди трансформативна можност за компаниите, образовните институции и засегнатите страни од јавниот сектор. Преку проектот „DIG-4K“, корисниците ќе добијат пристап до експертиза, ресурси и финансирање, што ќе доведе до забрзување на дигиталната трансформација“, вели Арсим Ниманај од ГИЗ Косово, притоа давајќи конкретни информации за тоа како корисниците можат да имаат корист од ова членство, „Консултациите ќе им помогнат на бизнисите и институциите да развијат и спроведат дигитални стратегии, да ги оптимизираат процесите и да ја зголемат својата конкурентност. Академијата за дигитални вештини ќе понуди обуки, сертификации и практични работилници со цел да се премости јазот во вештините и да се подготви работната сила за иднината. Лабораторијата за пристап и тестирање на технологија ќе овозможи простор за иновации, развој на прототипови и експериментирање со технологии како што се вештачка интелигенција, сајбер безбедност и зелени технологии. Финансиската и инвестициската поддршка ќе ги насочи корисниците кон соодветни извори на финансирање за развој и одржливост на нивните проекти. А преку меѓународно вмрежување, ќе се овозможи пристап до глобални пазари и партнерства, дополнително зајакнувајќи го дигиталниот екосистем на Косово. Понатаму, заложбите за скалирање и одржливост ќе обезбедат долгорочно влијание преку зголемена видливост, проширување на пазарот и континуирана евалуација“, заклучува Ниманај.

Дигиталната трансформација, од земјоделството управувано од вештачка интелигенција до паметните јавни услуги, поддржана од хабовите коишто сега се дел од мрежата на ЕДИХ, ќе стимулира инклузивен раст, одржливост и ќе го подготви регионот за работата и бизнисите во иднината.

За локалните организации во Западен Балкан, приклучувањето кон мрежата на ЕДИХ значи станување дел од европското движење за иновации, ефикасност и одржливост.

Повеќе информации за Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан можете да прочитате овде.

„Интерег“ и „Гринтекс“: Намалување на загадувањето со рециклирање текстил

Од 1 јануари 2025 година, сите земји-членки на ЕУ обврзани се одделно да го собираат текстилниот отпад. Меѓутоа, голем дел од нив, како и земјите од Западен Балкан, сè уште немаат ефикасен систем за оваа намена. За да се одговори на овој предизвик и да се развијат одржливи решенија кои ќе бидат применливи за целиот регион, 11 организации од 9 земји ги здружија своите сили во рамките на проектот „Гринтекс“.

Партнерските организации вклучени во проектот се: Сараевската агенција за регионален развој – СЕРДА (Босна и Херцеговина); Општина Постојна (Словенија); Институтот за одржлив раст „Активна Натива“ (Словенија); Граѓанското здружение и еколошка добротворна организација „Словачка за Словачка“ (Словачка); „Еуротекс“ ДОО (Бугарија); Општина Мајур (Хрватска); Факултетот за текстилна технологија при Универзитетот во Загреб (Хрватска); Универзитетот „Доња Горица“ (Црна Гора); Агенцијата за регионален развој „Златибор“ (Србија); Здружението за развој на заедниците „Метрополитенска област Букурешт“ (Романија); и Иновативното здружение „Прв одговорен Унгарец“ (Унгарија).

Текстилната индустрија е една од индустриите коишто најмногу го загадуваат светот, придонесувајќи за 20% од вкупните индустриски отпадни води и испуштајќи значителни количества стакленички гасови. На пример, за да се произведе една памучна маица потребни се околу 2.700 литри вода – количина што еден човек би ја испил за 2,5 години. Истовремено, дури 86% од облеката завршува на депонии или се согорува по употребата, додека само 1% се рециклира.

„Гринтекс“ има за цел да развие и тестира нови решенија во синџирот на производство – од дизајнирање нови производи до собирање текстилен отпад. Дигитални алатки, меѓу кои и интерактивна мапа со обележани точки за собирање, ќе бидат опфатени во платформата за учење и иновации на „Гринтекс“. На пример, Општина Постојна, во соработка со здружението „Простор“, работи на подигнување на свеста за последиците од прекумерната потрошувачка на текстил; преку работилници и настани за размена на облека, тие нудат одржливи алтернативи за вообичаените потрошувачки навики.

Словенија, Словачка, Хрватска, како и делови од Унгарија и Бугарија, веќе спроведуваат успешни практики кои може да се приспособат за земјите што сè уште развиваат системи за рециклирање текстил, во кои спаѓаат и земјите кандидатки за членство во ЕУ – Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.

Основана во 2003 година, Сараевската агенција за регионален развој (СЕРДА) активно го поддржува економскиот развој во макро-регионот Сараево и во Босна и Херцеговина. Таа спроведува проекти во областа на иновациите, претприемништвото, екологијата и одржливиот развој, честопати во соработка со домашни и меѓународни партнери, вклучително ЕУ. Фокусирана е на зајакнување на економската конкурентност, привлекување инвестиции и поддршка на малите и средните претпријатија.

„Работејќи со нашите партнери од Словенија, сфативме дека се соочуваме со заеднички предизвик поврзан со текстилниот отпад и дека можеме да придонесеме за негово намалување. Истовремено, ова ни овозможува да поттикнеме размена на знаења и искуства меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите кандидатки за членство во ЕУ“, објаснува Амела Икиќ Суљагиќ, проектна менаџерка на СЕРДА.

„Во Босна и Херцеговина, СЕРДА активно работи на собирање текстилен отпад. Набавивме десет паметни контејнери со вградени сензори и ќе ги анализираме локалната потрошувачка и начините за одлагање отпад. Имаме за цел да ги оптимизираме рутите за собирање отпад и да најдеме најсоодветни решенија за собраниот отпад – без оглед на тоа дали ќе биде по пат на рециклирање, повторна употреба или пренамена“, вели Амела Икиќ Суљагиќ. Таа додава дека СЕРДА во овој процес соработува со локалното комунално претпријатие и надлежното министерство во Владата на Кантонот Сараево.

Во Бугарија, во фабрика за механичко рециклирање, примероци од собраниот отпад од Букурешт ќе се користат за развој на прототипови на нови производи изработени од износени влакна. Во Хрватска, Србија и Словенија, проектот ќе ја тестира пошироката примена на природни влакна од локално потекло во текстилното производство. Дополнително, ќе се развие прототип на нов неткаен материјал, комбинирајќи рециклирана волна со текстилен отпад кој не е погоден за повторна употреба. Иницијативата истражува и решенија за повеќекратна употреба на волна, бидејќи значителен дел моментално завршува фрлен на диви депонии. Во Црна Гора и Словенија, проектот ќе се фокусира на иновативни решенија за одржлива и зелена мода со креирање еколошки прифатливи модни колекции.

„Гринтекс“ ќе воведе иновативни производни технологии, вклучително боење без вода, поголема употреба на рециклирани материјали и поддршка за одржливи брендови и производители кои применуваат еколошки методи. Дополнително, ќе се прошири рециклирањето текстил преку поставување лесно достапни собирни места на прометни локации, како трговски центри и училишта. За да се поттикнат граѓаните да се вклучат, ќе се воведат попусти во продавниците или програми за размена на облека, поддршка за „винтиџ“ модата, размена на облека, продавници за половна облека и програми за рециклирање во самите продавници.

„Гринтекс“ располага со буџет од 1,79 милиони евра, од кои 80% се финансирани од програмата „Интерег“. Во моментов, Словачка, Словенија, Хрватска, Унгарија и Бугарија имаат воспоставено успешни практики кои може да се приспособат и применат во земјите кандидатки за членство во ЕУ.

„Интерег“ е клучен инструмент на ЕУ за зајакнување на соработката меѓу Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ. За периодот 2021-2027 година, фокусот на програмата е на справување со глобалните предизвици, вклучително климатските промени, дигиталната трансформација и социјалната инклузија. Со вкупен буџет од 10 милијарди евра, дел од средствата се наменети за најоддалечените региони на ЕУ, соседните земји и стратешки важните географски подрачја, како што се Гвинејскиот Залив, Индискиот Океан и Мозамбичкиот канал. Програмата има за цел да ја зајакне сеопфатната политика на ЕУ преку адресирање на специфични предизвици ширум Европа и пошироко. Меѓу главните приоритети за периодот до 2027 година се паметен и одржлив економски раст, зелена транзиција, социјална инклузија, територијален развој и развој на ефикасна и одржлива инфраструктура.

Честитки за Северна Македонија за пристапувањето кон СЕПА – Значаен напредок на патот кон европската интеграција

Северна Македонија оствари значаен напредок на патот кон европската интеграција со пристапувањето кон Единствената платежна зона во евро (СЕПА), по позитивната одлука на Европскиот платен совет (ЕРС). Ова претставува конкретен пример за влијанието на Планот за раст за Западен Балкан – иницијатива на ЕУ насочена кон забрзување на социоекономската интеграција на регионот во ЕУ, вклучително постепено стекнување пристап до одредени сегменти на единствениот пазар на ЕУ, врз основа на усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ.

Како резултат на оваа одлука, давателите на платежни услуги во Северна Македонија ќе добијат можност да се приклучат на различните шеми на СЕПА, со кои управува ЕРС.

Овој чекор ѝ го отвора патот на Северна Македонија да ги поедностави финансиските трансакции во евра, намалувајќи ги трошоците и времето потребно за нивно извршување меѓу домашните бизниси и другите учесници во платните системи во областа на СЕПА – што претставува значаен придонес кон одржливиот економски раст на земјата.

Европската комисија ќе продолжи и понатаму да ја поддржува подготовката на платежните услуги во Северна Македонија, како и усогласувањето на земјата со законодавството на ЕУ во областа на финансиските услуги.

 

Историјат

Европскиот платен совет (ЕРС) е независна, меѓународна непрофитна асоцијација којашто ја сочинуваат 83 членови – даватели на платежни услуги (PSP) или здруженија на даватели на платежни услуги. Тој е основан во 2002 година, од страна на Европската банкарска индустрија за развој на европски инструменти за електронски плаќања во евра. Денес, близу 4.000 банки и други даватели на платежни услуги учествуваат во шемите СЕПА.

Оттогаш, во близок дијалог со засегнатите страни, ЕРС разви, меѓу другото, „шеми“, како што се СЕПА кредитен трансфер, СЕПА инстант кредитен трансфер, SEPA Direct Debit (SDD) Core и SDD Business – шеми за плаќање на бизнис. Овие шеми, кои олеснуваат над 50 милијарди трансакции во 36 земји секоја година, редовно се ажурираат и надградуваат од страна на ЕРС, за да помогнат во реализацијата на едноставни прекугранични плаќања во евра.

 

Повеќе информации

Factsheet on the Growth Plan for the Western Balkans

EPC press release on Moldova & North Macedonia

ЕУ ја поддржува регионалната соработка за одржлив развој

Петтиот заеднички повик на ЕУ и Фондот за Западен Балкан за доставување проекти за зајакнување на регионалната соработка и кохезија во регионот на Западен Балкан, со трите најважни аспекти за интервенција, односно културна соработка, образование и наука, и одржлив развој, укажува од колкава важност е соработката меѓу земјите од Западен Балкан за изнаоѓање решенија кои ќе им помагаат на организациите и поединците да го подобрат животот во регионот. 

Преку овој повик поддршка добија разни иницијативи, од иницијативи за справување со неодложните еколошки проблеми до иницијативи за воспоставување регионална соработка и размена за промовирање и зачувување на традиционалните занаетчиски производи, вклучително насочени локални интервенции, како и иницијативи за оснажување на жените. 

Со новиот повик на Фондот за Западен Балкан и ЕУ којшто ќе биде наскоро објавен, ќе ги пренесеме успешните приказни за спроведување регионални проекти на здружението „Пријатели на Корча“ од Албанија и на организацијата „Еднаквост“ од Косово. 

 

Соларна енергија за жителите на Западен Балкан 

 

Неколку граѓански организации од Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија се обединија со една мисија: здружено да работат на ублажување на последиците од климатските промени на Западен Балкан и да ги промовираат придобивките од користењето соларна енергија. Под водство на здружението „Пријатели на Корча“ од Албанија, овој проект ги обедини партнерите „Балканска водна мрежа“ од Северна Македонија, Центарот за одржлив развој на заедницата од Северна Македонија, Фондот за иновации на Црна Гора и МСЈА од Црна Гора, заедно со Еколошките амбасадори за одржлив развој од Србија, Политехничкиот универзитет во Тирана од Албанија и Политехничкиот универзитет во Корча од Албанија. Овие партнери ја создадоа мрежата Солар-PV4 на Западен Балкан (Solar-PV4Western Balkans Network), чија цел е да ги вклучи чинителите од институциите на ниво на локалните заедници, за да ги застапуваат и промовираат најдобрите практики на самостојните производители на соларна енергија. 

Размената на информации и знаење за законодавството, иницијативите и иновативните решенија за соларната енергија беа клучни за поставувањето на темелите за заложба и образовни активности во државите кои се дел од мрежата. 

 

Денес, сончевата енергија за граѓаните, заедниците и малите бизниси нуди исклучителна можност. Европската Унија одобри важни програми и закони за развој на соларна енергија. Едноставно, треба што поскоро да ги усвоиме овие закони и да ги спроведеме овие програми во нашите земји, да обезбедиме чиста и поволна енергија за нашите граѓани, работни места и приходи за локалната економија“, изјави Ѓерѓи Ѓинко, претседател на здружението „Пријатели на Корча“, кој го водеше проектот „Соларна енергија за граѓаните на Западен Балкан“. 

 

Експертите од сите партнерски организации вклучени во проектот дадоа придонес за проектот со нивната експертиза, која варира од искуство во препознавање и промовирање добри практики за женско лидерство во областа на одржливата енергија и родово коректни одржливи енергетски услуги за средини со ниски приходи, по ниски цени, до разгледување на прашањето за климатската криза на академско ниво.  

Од проектот произлегоа извештаи за четири држави (Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија) со кои ќе се информираат граѓаните за законите, можностите и придобивките од користењето соларна енергија, како и за потребата од креирање нови политики. Веб-страницата креирана во рамките на проектот ја отсликува смислата на мисијата на партнерите, и гарантира долготрајни резултати од проектот, поширок опсег и продолжување на мисијата и целите на партнерите. 

 

Оснажување на жените преку изработка на традиционални ракотворби 

 

„Се поврзавме со организацијата „Пазарски базар на ракотворби“ и со центарот „Жени во јавните служби“ со цел да ги промовираме жените од Косово, Албанија и Србија во нашиот регион и да обезбедиме поддршка за заштита и развој на традиционалните занаети. Сакавме да покажеме и да го зачуваме од заборав трудот на вредните жени од нашето општество и да му ги претставиме на нашиот регион сите посебни одлики и детели за нашите традиции, кои ќе опстанат и ќе живеат и во иднина“, вели Убејда Османи од невладината организација „Еднаквост“ од Призрен, Косово посветена на промовирање на бошњачката заедница и зголемување на влијанието во јавниот, политичкиот и културниот живот, преку различни форми на образование, волонтерство и преку оснажување на улогата на жените и младите во општеството. 

Со цел да се воспостави регионална соработка и дијалог за промовирање и зачувување на традиционалните занаетчиски ракотворби, вклучително насочени локални интервенции, а истовремено да се промовира економското оснажување на жените, проектот започна со теренски посети низ повеќе села и заедници во Призрен, како и посети на жени кои изработуваат традиционални занаетчиски ракотворби, компании кои ги водат жени и самовработени жени. Следеа две работилници, кои ги организираа учеснички од Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Едната од овие работилници се однесуваше на промоција и брендирање на занаетчиски ракотворби, а втората беше посветена на составување бизнис план и привлекување инвестиции. Регионалната конференција одржана во Драч, Албанија со околу триесет учеснички од Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, се фокусираше на регионалната промоција на занаетчиските ракотворби и нематеријалното културно наследство од страна на жените. 

Фондот за Западен Балкан (WBF) е меѓународна организација со седиште во Тирана, Албанија, основана од владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Основањето на овој фонд, како сеопфатна и регионална иницијатива, се смета за јасен показател дека заживува соработката на Балканот. Фондот за Западен Балкан има за цел да ја промовира соработката и заедничките вредности кај граѓаните, граѓанското општество и поединците, преку финансирање на малите и средните проекти во клучните области. 

„Поддршката од Фондот за Западен Балкан ни помогна да ја унапредиме и зацврстиме регионалната соработка“, изјави г-ѓа Османи, притоа истакнувајќи го учеството на жените со различна етничка припадност и потекло од Косово, Албанија и Србија во проектот. „Во проектните активности учествуваа жени и девојки со различно етничко потекло, на возраст од 20 до 65 години, вешти во изработката на традиционални ракотворби, и тие покажаа интерес за старт-ап иницијативите и иницијативите за самовработување, кои беа дел од проектните активности. Меѓу нив имаше самохрани мајки, вдовици, мажени жени и жени кои живеат сами, со различен степен и вид на образование, занимања и интереси од Косово, Албанија и Србија и од различни заедници, вклучително албанската, српската, бошњачката, турската и ромската заедница, како и повозрасни жени“, додаде таа. 

 

Приказните за жените кои учествуваа во проектот се дел од документарниот филм во продукција на невладината организација „Еднаквост“ и нејзините партнери. 

Од криза до можност: Нова ера за трговијата на Западен Балкан

Во екот на пандемијата на КОВИД-19, границите станаа тесни грла, загрозувајќи го протокот на основните производи и доведувајќи ја во ризик егзистенцијата на милиони луѓе. Синџирите на снабдување беа под огромен притисок поради доцнењата, а бизнисите се соочија со значителни загуби. Сепак, среде оваа криза се појави иновативно решение – иницијативата „Зелени коридори“. 

Развиени преку соработка помеѓу Транспортната заедница, ЦЕФТА и Европската Унија, иницијативата „Зелени коридори“ не беше само привремена мерка, туку и смела визија за подобро поврзување – заснована на модернизација, дигитализација и засилена соработка. Со што резултираше таа? Се заштедија речиси 20 години чекање на границите и се создаде поцврста трговска мрежа. 

 

Приказна за трансформацијата 

За Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница, иницијативата „Зелени коридори“ вроди со значајна промена. „Камионите како овој некогаш чекаа предолго на граничните премини низ Западен Балкан, што негативно се одразуваше на трговијата, емисиите на CO2 и безбедноста на патиштата“, истакнува тој. 

Благодарение на поддршката од ЕУ, сега сме сведоци на пократко време на чекање, модернизирани гранични премини и побезбедни патувања. Ова носи вистинска вредност за нашите граѓани, бизниси и посетители на овој прекрасен регион

Овие промени не се сведуваат само на ублажување на логистичките препреки. Иницијативата „Зелени коридори“ станаа симбол за тоа што може да се постигне кога ќе се унапреди регионалната соработка. Владите, царинските управи и бизнисите здружено дејствуваа, покажувајќи ја силата на колективното дејствување за надминување на заедничките предизвици. 

 

Визија за иднината   

Градејќи врз докажаниот успех, иницијативата „Зелени коридори“ продолжува да се развива, продлабочувајќи ја поврзаноста на Западен Балкан со Европската Унија и модернизирајќи ги најважните гранични премини. Дигиталните иновации, како системот „SEED+“ и програмата „Овластен економски оператор“ (ОЕО), значително ги поедноставуваат царинските процеси, го намалуваат времето на застој и ги редуцираат трошоците. Договорите меѓу земјите – како договорите меѓу Хрватска и Црна Гора, Италија и Албанија или Грција и Северна Македонија – се јасен показател за тоа како зелените коридори стануваат мост кон единствениот пазар на ЕУ. 

Како што вели Данијела Гачевиќ, вршителка на должноста директорка на ЦЕФТА: „Воспоставувањето зелени коридори меѓу регионот и ЕУ е вистинска пресвртница. Тоа ја прави трговијата побрза, поевтина и побезбедна, создавајќи повеќе можности за бизнисите и граѓаните.“ 

Истовремено, со инвестиција од 50 милиони евра, 11 прометни гранични премини се модернизираат со нова инфраструктура, дигитални системи и засилени безбедносни мерки. Овие подобрувања опфаќаат дополнителни ленти, колски ваги и електронски системи за редиците возила што чекаат, што значително го забрзува и поедноставува преминувањето на границите. 

Од перспектива на бизнис заедницата, Стевица Чарапиќ истакнува дека справувањето со неефикасноста на границите е неодложно. „Најголемиот предизвик со кој се соочуваме денес е огромното време на чекање на граничните премини. Оваа неефикасност не се одразува само на одредени земји, туку и на конкурентноста на целиот регион. Со иницијативата „Зелени коридори“, се надеваме дека ќе видиме значителни подобрувања во поглед на протокот на товар и соработката меѓу владите за да се намали застојот и да се поедностават процесите“. 

Тој истакнува и дека, во некои случаи, редиците се протегале и до 15 километри, а возачите чекале со денови да поминат граница. „Ова не е само логистички проблем; тоа е препрека за сите во регионот“, додава тој. 

Пристап насочен на човекот   

Иницијативата „Зелени коридори“ не им носи придобивки само на бизнисите – таа има директно влијание и врз секојдневниот живот на луѓето. Професионалните возачи сега минуваат помалку време во чекање и повеќе време на пат, што го намалува стресот и ја зголемува безбедноста. Патниците се соочуваат со помал застој, со што нивните патувања се попријатни и поефикасни. Локалните заедници ги чувствуваат позитивните ефекти од зајакнатите економии и зголемените можности за вработување. 

Како што истакнува Матеј Закоњшек: „Со модернизираните премини, не само што го скратуваме времето на чекање, туку и создаваме побезбедна и поефикасна средина за сите. Ова е најдобриот начин да се додаде вредност на нашиот регион.“ 

 

Следни чекори  

Успехот на иницијативата „Зелени коридори“ сведочи за моќта на партнерството. Приказна е за отпорноста и иновацијата, која покажува дека кризите можат да бидат катализатори за трајни и позитивни промени. Додека трае соработката помеѓу Западен Балкан и ЕУ, визијата за беспрекорно поврзување и заеднички просперитет сè повеќе станува реалност. 

Со вложување во дигитализацијата, модернизацијата и регионалната соработка, иницијативата „Зелени коридори“ го трасира патот кон посветла иднина. Не станува збор само за логистичко подобрување, туку и чекор напред кон поцврсто единство, економски раст и нови можности за идните генерации.

Младите европски амбасадори учествуваа на Балканскиот економски форум

Со цел да се поттикне долгорочно позитивно влијание врз економскиот раст, регионалната соработка и промовирањето на мирот и безбедноста низ балканските земји, Балканскиот економски форум 2023 се одржа на 17-ти ноември во Тирана. Оваа експанзивна конференција има важна улога во поддршката на развојот и имплементацијата на иновативни стратегии додека истовремено изнаоѓа ефективни решенија за моменталнитеекономски предизвици со кои се соочуваат балканските земји. Годинава, на форумот активно учествуваа и Младите Европски Амбасадори (YEAs). Овој ангажман беше важнаможност за YEAs да соработуваат со лидери, академици, студенти, претставници на медиумите, како и со засегнатите страни од јавниот и приватниот сектор, со цел дискусија и справување со значајните економски предизвици со кои се соочува регионот. Дискусиите се вртеа околу балканските перспективи и ги истражуваа стратегиите за беспрекорна интеграција на регионот на ЕУ пазарот.

Комисијата го усвои Пакетот за проширување за 2023

Денес, Европската комисија го усвои Пакетот за проширување за 2023 година, обезбедувајќи детална оценка за состојбата и напредокот постигнат од страна на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Турција и за прв пат и Украина, Република Молдавија и Грузија, на нивните соодветни патишта кон пристапување во Европската унија. Извештајот особено се фокусира на напредокот вооднос на имплеменацијата на фундаменталните реформи, како и на обезбедувањето јасни насоки за реформските приоритети кои претстојат. Пристапувањето е и ќе остане процес заснован на заслуги, целосно зависен од објективниот напредок постигнат од секоја земја.  
Западен Балкан  
Напредокот во реформите за пристапување во ЕУ во голема мера е отежнат, бидејќи Црна Гора претрпе длабока поларизација и политичка нестабилност во периодот на известување. ЕУ го поздравува конституирањето на новиот парламент и формирањето на влада, која очекуваме брзо да го покаже својот капацитет и посветеност на патот на Црна Гора кон ЕУ и да ги спроведе реформите поврзани со пристапувањето кон ЕУ. Севкупно, напредокот во пристапните преговори ќе зависи од реформите во областа на владеењето на правото (т.е. исполнување на привремените критериуми утврдени во Поглавјата 23 и 24). Црна Гора продолжува целосно да се усогласува со Заедничката политика за надворешна безбедност.   
Србија продолжи со спроведувањето на реформите поврзани со пристапувањето кон ЕУ, вклучително и во областа на владеењето на правото. Србија почна да ги спроведува уставните амандмани од 2022 година за зајакнување на независноста на судството и усвои нови закони за медиумите. Имплементацијата на законите за медиумите може значително да ја подобри регулаторната средина. Сепак, ќе бидат потребни дополнителни измени за да бидат целосно усогласени со правото на ЕУ и европските стандарди. Србија треба да го подобри, како прашање на приоритет, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи рестриктивни мерки и изјави за Русија. Исто така, потребна е дополнителна работа и политичка посветеност за спроведување на реформите во областа на владеењето на правото. Останува оценката на Комисијата дека Србија технички ги исполнила критериумите за отворање на кластерот 3 (конкурентност и инклузивен раст). Србија мора целосно да соработува и да ги преземе сите неопходни чекори за да се понесеодговорност за насилниот напад врз косовската полиција од 24 септември и нападот врз КФОР на 29 мај. За нормализација на односите со Косово, додека беше постигнат Договор во Дијалогот олеснет од ЕУ, Србија и Косово допрва треба да започнат со спроведување на нивните соодветни обврски, кои се обврзувачки за Страните и клучен дел од нивните европски патишта.  
Во Северна Македонија, властите постојано изјавуваат дека пристапот во ЕУ останува нивна стратешка цел. Северна Македонија продолжи целосно да се усогласува со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (CFSP). Земјата, исто така, постигна одреден напредок во областа на правдата, слободата и безбедноста, вклучително и борбата против организираниот криминал и управувањето со миграцијата. Како преговарачка земја, Северна Македонија треба да работи на успешно спроведување на реформите поврзани со ЕУ, вклучително и во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација, вклучително и управувањето со јавните финансии и јавните набавки. Северна Македонија се обврза да отпочне и да постигне релевантни уставни измени како прашање на приоритет, со цел да вклучи граѓани кои се дел од други народи. Процесот на проверка на EU acquis  напредуваше непречено, а властите покажаа високо ниво на посветеност. Комисијата во јули му ги претстави на Советот извештаите од скринингот за „основните кластери“ за Северна Македонија и со нетрпение ги очекуваследните чекори, со можност за отворање на преговорите за овој кластер до крајот на годината  
Албанија продолжи да ја демонстрира својата решителност во имплементирањето на ЕУ реформите и постигнувањето напредок во реформите во рамките на „кластерот на основните принципи“. Континуираното целосно усогласување со CFSP на ЕУ беше, исто така, силен сигнал на стратешкиот избор на земјата за пристапување кон ЕУ. Потребни се дополнителни напори во насока на слободата на изразување, малцинските прашања и имотните права, како и во клучните области на владеењето на правото, како што се борбата против корупцијата и организираниот криминал. Процесот на проверка на EU acquis  напредуваше непречено, а властите покажаа високо ниво на посветеност. Комисијата во јули му ги претстави на Советот извештаите од скринингот за „кластерот за основните принципи“ за Албанија и со нетрпение ги очекува следните чекори. Таа има за цел да ги отвори пристапните преговори за кластерот 1 (основни принципи) до крајот на годината.  
Во Босна и Херцеговина, минатогодишниот кандидатски статус донесе многу потребна позитивна динамика. Новата влада беше формирана брзо по изборите и почна да спроведува реформи, особено преку амандманите со кои се воведува проверка на интегритетот во судството. Сепак, потребни се дополнителни напори. Ова вклучува усвојување важни реформи за владеење на правото и судство и продолжување со уставните и изборните реформи, кои се од најголем приоритет за обезбедување еднакви права за сите граѓани. Исто така, важно е да се зачува уставниот поредок на државата. Сецесионистичките и авторитарни мерки воведени во ентитетот на Republika Srpska не се во согласност со патот кон ЕУ. Потребни се дополнителни напори за Босна и Херцеговина да ги исполни клучните приоритети наведени во Мислењето на Комисијата за нејзината апликација за членство. Затоа, Комисијата препорачува отворање на пристапните преговори на ЕУ со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство  
Косово остана посветено на својот европски пат. Продолжи доброволно целосно да се усогласува со CFSP на ЕУ, вклучително и со осуда на руската агресивна војна против Украина и усвојување на рестриктивни мерки против неа. Извештајниот период беше период на законодавни достигнувања, вклучително и важна изборна реформа. Сепак, треба да се работи повеќе, вклучително и на акциониот план за реформи во правосудството. На 1 јануари 2024 година, ќе стапи на сила визната либерализација за Косово. Ситуацијата на северот на Косово беше погодена од неколку кризи, од кои последната беше насилниот напад врз косовската полиција на 24 септември 2023 година. Кон нормализација на односите со Србија, додека беше постигнат Договор во Дијалогот олеснет од ЕУ, Косово и Србија допрва треба да започнат со спроведување на нивните соодветни обврски, кои се обврзувачки за Страните и клучен дел од нивните европски патишта.  
Следни чекори  
Сега останува на Советот да ги разгледа денешните препораки на Комисијата и да донесе одлуки за чекорите што претстојат во процесот на проширување.

Комисијата презентира нов План за раст за Западен Балкан, кој вклучува 6 милијарди евра во грантови и заеми со цел забрзување на економската конвергенција со ЕУ

Денес, Европската комисија усвои нов План за раст за Западен Балкан, со цел да приближи дел од придобивките од членството во регионот пред пристапувањето, да поттикне економски раст и да ја забрза многу потребната социо-економска конвергенција. Целта треба да биде да им се овозможи на партнерите да ги засилат реформите и инвестициите со цел значително да се забрза процесот на проширување и растот на нивните стопанства. За оваа цел, предложен е нов Фонд за реформи и раст на Западен Балкан од 6 милијарди евра за периодот 2024-2027 година. Плаќањата ќе се реализираат дури по исполнување на договорените реформи.

 

Како дел од Планот за раст, секој партнер од Западен Балкан ќе биде поканет да подготви Реформска агенда заснована на постоечките препораки, вклучително и од годишниот Пакет за проширување и Програмите за економски реформи (ERP) на земјите. Оваа Реформска агенда ќе биде консултирана, оценувана и усвоена од страна на Комисијата.

 

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави: „Со денешното усвојување на новиот План за раст за Западен Балкан од 6 милијарди евра, ги приближуваме економиите од Западен Балкан поблиску до ЕУ. Потенцијалот на овој План за раст е исклучително голем. Овој план за раст може да ја удвои економијата на Западен Балкан во следните 10 години. Со комбинацијата на реформи и инвестиции, Планот ќе му овозможи на Западен Балкан наскоро да има корист од клучните области на нашиот единствен пазар, вклучувајќи го слободното движење на стоки, услуги и работници, единствената зона за плаќања во евра, транспортот, енергијата и единствениот дигитален пазар.”

 

Следни чекори

 

Сега останува на Европскиот парламент и на Советот да го испитаат предлогот за Фондот во рамките на пакетот за среднорочна ревизија на MFF. Откако ќе бидат усвоени, шесте партнери од Западен Балкан ќе бидат поканети да ги поднесат своите индивидуални реформски агенди во кои ќе се наведат социо-економските и фундаменталните реформи што ќе ги преземат за да ги поттикнат растот и конвергенцијата според Планот за раст во периодот од 2024 до 2027 година. Како неопходен предуслов, Србија и Косово треба да се вклучат конструктивно во Дијалогот за нормализација на односите поддржан од ЕУ, предводен од Високиот претставник.

Забелешки на претседателката фон дер Лејен на отворањето на самитот Берлински процес

Ви благодарам многу, премиере, драг Еди,

 

Господин Бундесканзлер,

 

Драги пријатели,

 

Каква приказна штотуку видовме на екранот, каква приказна. И колку моќна порака e тоа што ова не е само десетти Берлински процес, туку и првпат во земја од Западен Балкан. Моќна порака во светот што го опиша, Еди, каде што сме сведоци на страшна војна што ја започна Русија против Украина. Украина се бори за својот суверенитет и територијален интегритет и за нашите вредности. Исто така, видовме и грозоморен терористички напад на Хамас во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, мажи, жени, деца, бебиња, само затоа што се Евреи. Живееме на планета што гори. Ние сме предизвикани од GenAI. Во овие времиња, ви требаат најдобри пријатели. И како што рековте вие, вие сте најдобриот пријател што можеме да го посакаме. Дозволете ни да работиме за да се приклучите на Европската унија која докажа дека е возможно заедно да имаме траен мир и одржлив просперитет.

 

И навистина, каква моќна порака упативме вчера, кога започнавме со регистрацијата на Тиранскиот колеџ на Европа. А тие млади студенти сега ќе учат европски прашања. Тие потекнуваат од Албанија, од целиот Западен Балкан, од Европската Унија. Каква моќна порака за следната генерација која ќе ја унапреди идејата за Европската унија.

 

Берлинскиот процес, како што рековте, започна во 2014 година. И вреди да се разгледаат трудовите од тоа време: „Целта да се постигне вистински напредок во реформскиот процес и регионалната економска соработка“. Затоа сме тука. И веќе поставивме добра основа со нашиот економски и инвестициски план од 30 милијарди евра. Се испорачуваат резултати. Половина од планот, 16 милијарди евра, всушност се веќе распоредени. Но, треба да се направи повеќе. И сакам да се фокусирам неколку минути на тоа.

 

Нашите економии, Западниот Балкан и Европскиот единствен пазар, сè уште се премногу оддалечени. Економиите од Западен Балкан се 35% од ЕУ просекот. Значи, ние навистина треба да го искористиме потенцијалот што е овде во Западен Балкан и да го доближиме до Европскиот единствен пазар. А токму ова е целта на Планот за раст. Знаеме дека, од искуството од проширувањето, силата на проширувањето секако лежи во вредностите што нè обединуваат со земјите кои, чекор по чекор, се приклучија на Европската унија. Но, втората сила е економскиот развој. Секогаш кога имаше проширување, не само што оние земји кои пристапија кон Европската унија имаа огромен поттик во нивниот економски развој бидејќи се приклучија на Единствениот пазар, туку и Европската унија се подобруваше затоа што Единствениот пазар стана поголем.

 

И ова е сега принципот на Планот за раст. Сакаме практично да ги отвориме вратите на Единствениот пазар, Европскиот единствен пазар, на компаниите од Западен Балкан во специфични области. И ние треба да го организираме ова сега. Ги отвораме вратите во области, во форма на слободно движење на стоки и услуги, патниот транспорт, енергијата, електричната енергија, Единствениот дигитален пазар на ЕУ и, што е многу важно, ги олеснуваме безготовинските плаќања со единствена европска платежна област – само како примернаведувам неколку елементи.

 

Но, се разбира, отворањето на вратите не е доволно. Земјите од Западен Балкан, исто така, треба да го комплетираат својот Заеднички регионален пазар. А тоа значи дека услов е и земјите од Западен Балкан да им дадат пристап на соседите до нивниот пазар [да им дадат на соседите пристап до нивниот пазар]. Со други зборови, ако го свртам ова од другата страна, доколку има блокади, единствениот што можете да го блокирате сте самите вие. Останатите ќе продолжат понатаму.

 

И за да се продолжи понатаму, потребни се реформи, длабоко вкоренети реформи, исто така, за подобрување на бизнис климата, со цел да се направи околината поатрактивна. Овие реформи ќе бидат придружени со финансирање на инвестиции од Европската Унија, доколку се случат. Овој План за раст е многу силен поттик. Поттик економски да се отворат вратите, но и да се побара отворање на границите меѓу земјите од Западен Балкан и да се направат потребните реформи. Со тоа доаѓа и финансирањето на инвестиции.

 

Само со заедничка работа ќе го доведеме Западен Балкан таму каде што припаѓате, во срцето на Европската унија. Историјата, навистина, е во движење. Мојата порака е: Ова е одлучувачки момент сега. Не пропуштајте ја можноста, зграпчете ја можноста, искористете го моментот и ние работиме заедно со вас за тоа.

 

Благодарам многу, Еди.

Настанот „Отворени за бизнис“ („Open4Business“) е отворен за пријавување

Дали си сопственик на мал бизнис во Западен Балкан? Сакаш ли да ги прошириш своите хоризонти и да имаш поголемо влијание? Придружи се на информативниот настан кој ќе одговори на твоите прашања за финансиски можности за микро, мали и средни претпријатија.

 

„Отворени за бизнис – Направено во Западен Балкан – Поддржано до ЕУ“ е настан посветен на микро, мали и средни претпријатија во Западен Балкан со цел истите да дознаат за финансиски можности, вклучително од ЕУ, обезбедени преку Инвестициската рамка Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework (WBIF)).

 

Поддржувањето развој на робустен приватен сектор, зголемувајќи ја конкурентноста и создавајќи работни места во регионот се клучни цели на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан; план за закрепнување на регионот имплементиран во 2020 година од ЕУ, а поддржан од партнерите во Западен Балкан.

 

Значајни инвестиции поддржуваат мали бизниси, особено во области како еколошки инвестиции и технологии, микрофинансирање, енергетска ефикасност, проекти за обновлива енергија, одржливо земјоделство, циркуларна економија, еколошки туризам и претпријатија управувани од жени и млади.

 

Учествувај со присуство, далечински или онлајн

 

Организирана од Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување („DG NEAR“), во соработка со Економската комора на Северна Македонија и Комората на инвестицискиот форум Западен Балкан 6 („WB6CIF“), утринската сесија на настанот ќе се одржи во живо во Скопје, односно далечински во останатите пет престолнини во Западен Балкан, а ќе биде пристапна и онлајн. Постојат различни начини за учество и максимизирање на можностите за вмрежување.

 

Доколку не можеш да бидеш присутен во Скопје, заедно со твоите колеги, можеш далечински да ја следиш утринската сесија со трговските комори во останатите главни градови во регионот.

 

Попладневната сесија ќе се одржи истовремено, во сите шест престолнини, така што можеш да закажеш термин за дискусија со твоите локални институции во една од шесте регионални престолнини.

 

Доколку, пак, не си во можност да присуствуваш на некоја од шесте локации, имаш можност да го следиш настанот и да закажеш консултација со избраната финансиска институција, користејќи ја нашата онлајн платформа за настани.