Skip to main content

Area of Cooperation: Economy

Во ново руво

Проект, финансиран од ЕУ, овозможува техничка помош за текстилните компании во БиХ.

Текстилните компании во БиХ се соочија со бројни предизвици за време на пандемијата. Нарачките и продажбата сериозно се намалија, а синџирите за снабдување беа нарушени со што набавката на суровини беше особено тешка од почетокот на февруари 2020 година. Индустријата проценува дека секој трет отказ во државата, за време на пандемијата, беше во текстилниот сектор. Една од компаниите која се соочи со овие предизвици беше текстилната компанија, со долга историја; „Sana Linea“, од Костајница, во северот на БиХ. Основана во 1947 година, компанијата моментално има 74 работници и е бизнис целосно раководен од жени. Имаат 13 малопродажни продавници ширум БиХ, како и две во Србија.

„Работевме на развој на нова колекција. Како што сите знаат, пандемијата создаде големи проблеми при снабдувањето со материјали и при доставата. Во нашиот случај, еден од проблемите беше финансирање на одредени машини, со повисока цена, кои ни беа потребни за модернизација на производството.“

Маријана Бучевац е извршна директорка на „Sana Linea“. Објаснува дека компанијата добро работела пред почетокот на пандемијата КОВИД-19 кога планирале проширување на производството и бројот на вработени. Меѓутоа, пандемијата довела до застој во развојот, но и опасност за оперативниот тек на компанијата. „Работевме на развој на нова колекција. Како што сите знаат, пандемијата создаде големи проблеми при снабдувањето со материјали и при доставата. Во нашиот случај, еден од проблемите беше финансирање на одредени машини, со повисока цена, кои ни беа потребни за модернизација на производството,“ вели Маријана.

Тогаш виделе соопштение за проектот „EU4BusinessRecovery“, финансиран од ЕУ; па, одлучиле да се пријават. Поддршката од проектот дошла во вистинско време, а ЕУ ги поддржала со набавка на специјални машини за производството, како и снабдување со суровини. Проектот придонел и за поздрава работна средина за работниците и тоа со делумна реконструкција на фабриката. Маријана додава дека една од останатите значајни инвестиции бил развојот на мобилна апликација за платформите iOS и Android која им овозможила да ја зголемат онлајн продажбата и да привлечат поголем број купувачи.

„Благодарение на оваа поддршка, успеавме да го модернизираме производството преку набавка на специјални машини и вработивме 10 нови работници. Исто така, ја развивме нашата онлајн продавница, како и онлајн сајт, со цел привлекување нови клиенти. Започнавме да извозуваме и во ЕУ.“

За проектот

Проектот „Инвестициска реакција КОВИД-19 – ЕУ за деловно закрепнување“ (“COVID-19 Investment Response – EU4 Business Recovery”), финансиран од ЕУ, е имплементиран од Меѓународната организација на трудот, во партнерство со Агенцијата за развој на Германија – GIZ и Програмата за развој на ОН. Целта на проектот е поддршка за закрепнување на економијата на БиХ од ефектите на пандемијата КОВИД-19. Конкретната цел е овозможување итна поддршка за микро, малите и средни претпријатија за да можат да го осигурат својот деловен континуитет; задржувајќи над 1000 работни места, создавајќи, најмалку, 100 нови работни места, со особена поддршка за жените претприемачи, младите и останатите ранливи групи.

Денес, компанијата работи на дополнително зајакнување на брендот и проширување на продажбата надвор од БиХ. Преку постојано следење на промените на пазарот, компанијата, засега, работи успешно.

Маријана објаснува дека инвестирањето во машинерија и маркетинг придонело за зголемување на продажбата. „Благодарение на оваа поддршка, успеавме да го модернизираме производството преку набавка на специјални машини и вработивме 10 нови работници. Исто така, ја развивме нашата онлајн продавница, како и онлајн сајт, со цел привлекување нови клиенти. Започнавме да извозуваме и во ЕУ,“ вели таа.

Додавање место на масата

Како грант од Европската инвестициска банка му помогна на еден црногорски бизнис за мебел да закрепне од КОВИД-19.

Економското влијание на КОВИД-19 имаше суров ефект врз малите бизниси насекаде. Во Црна Гора, финансиската помош од Европската инвестициска банка направи голема разлика. „Беше особено важно за задржување на ликвидноста на економијата и работните места,“ вели Ирена Радовиќ, извршен директор на Фондот за инвестиции и развој од Црна Гора, кој склучи соработка со Европската инвестициска банка со цел поддршка на малите и средни претпријатија. „Беше исто така неопходно и за развој на проекти кои придонесуваат за креирање нова економска вредност и закрепнување на економијата во пост-пандемискиот период.“

„Пандемијата беше тешко време за сите бизниси, вклучително и за нас.“

Еден од бизнисите кој доби поддршка преку овој фонд беше и компанијата за мебел „Doding“. Се работи за компанија која веќе три децении произведува мебел по мерка и прераснала од семеен бизнис во претпријатие со преку 90 вработени. Компанијата започнала со работа во 1998 година со производство на мебел по мерка; користејќи ламинирани материјали, иверица и дрво. Оттогаш, компанијата пораснала и денес работи со големи проекти; како хотели, резиденцијални комплекси и деловни канцеларии. Компанијата вработува експерти од полето на архитектура, дизајн, производство на мебел, продажба, технологија, производство, маркетинг и финансии. Покрај двете производствени фабрики, „Doding“ има два изложбени центри во „City Kvart“, Подгорица и Радановиќи каде што нивните дизајни и производствени капацитети се изложени преку дизајн за ентериер и мебел.

Со компанијата управува архитект Ана Пејовиќ, заедно со својот сопруг – градежен инженер, Бранко. Нивната компанија постојано расте, а кога започнала пандемијата КОВИД-19, планирале дополнително да инвестираат во технологија. Меѓутоа, како што објаснува Ана, падот на приходите, во комбинација со неизвесностите на пандемијата ги спречил во намерата за инвестирање. „Пандемијата беше тешко време за сите бизниси, вклучително и за нас,“ вели Ана.

Но, во тоа време дознале за можноста за поволен заем од Фондот за инвестиции и развој на Црна Гора со поддршка на Европската инвестициска банка; органот за позајмување на ЕУ. Се пријавиле и добиле заем со кој купиле компјутеризирана и технолошки напредна машина за сечење, како и компјутеризирана машина за боење мебел која ја користи најновата технологија.

„Оваа поддршка беше особено значајна, затоа што ни помогна нашиот бизнис да остане на цврсти нозе во тешки времиња.“

За проектот

Црногорските мали бизниси можат и понатаму да сметаат на поддршката на Европската инвестициска банка на нивниот пат кон модерна, дигитална, еколошка и циркуларна економија. Присуството на банката е засилено преку новата експозитура – „EIB Global“. Доказ за ова е договорот, потпишан уште во 2021 година, во вредност од 100 милиони евра, со Фондот за инвестициски развој за климатски погодни и енергетски-ефикасни инвестиции на локалните мали и средни претпријатија. Овој договор овозможува нов извор на потребна климатска и енергетска одржливост финансирана со цел забрзување на декарбонизацијата на локалната економија и нејзиното ослободување од употребата на фосилни горива.

Ана објаснува дека овие две машини биле од огромна помош за обезбедување понатамошен одржлив раст на нивниот бизнис во тешките пандемиски и пост-пандемиски времиња. „Оваа поддршка беше особено значајна, затоа што ни помогна нашиот бизнис да остане на цврсти нозе во тешки времиња,“ вели таа.

Денес, покрај редовните активности, компанијата работи на воведување нова линија производи, наречена Doding Outdoor, која ќе предложи мебел за градина и плажа. Со таа цел, работат на иновативен и еколошки пристап со кој планираат да користат дрвени остатоци од нивните главни производствени активности. Плановите на компанијата вклучуваат и понатамошен развој на регионалниот пазар и пазарот на ЕУ. Иако веќе имаат меѓународни клиенти, сакаат да го зголемат извозот и да станат регионален бренд.

Амбасадорот Сатлер се состанува со Здружението на работодавци на босанската федерација за да дискутираат за реформи за развој и конкурентност

На 12. јануари 2023 година, шефот на делегацијата на ЕУ/специјалниот претставник на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, се состана со претседателот, директорот и група членови на Здружението на работодавци на босанската федерација. Целта на настанот беше размена на информации за тековните случувања како и за тековните и претстојни иницијативи, како на Канцеларијата на ЕУ во БиХ, така и на здружението, за надминување на главните пречки за подобрен раст, зголемена конкурентност и промена на трендовите на емиграција и недостаток на работна сила. Амбасадорот Сатлер потенцира дека доделувањето кандидатски статус, за членство на БиХ во ЕУ, ги соочува ново формираните авторитети со можности за справување со долгогодишните предизвици и имплементирање клучни реформи.  
Сите учесници се согласија дека недоволниот економски развој, зајакнувањето на приходите по глава на жител и официјално високата невработеност; придружени со недостиг на работна сила во  некои клучни сектори, претставуваат клучни предизвици со кои се соочуваат бизнисите во БиХ денес. Глобалните нарушувања кои ја поттикнаа инфлацијата дополнително ги влошуваат овие проблеми кои итно треба да се решат; вклучително преку законски промени на различни владини нивоа. Дополнителни промени се потребни за понатамошно зајакнување на деловната средина; вклучително преку таргетирани интервенции во специфични сектори; вклучително дрвната и млечна индустрија, транспортните услуги итн.  
Беше договорено дека во спроведувањето реформи, кои треба да бидат инклузивни и да ги земат предвид барањата за интеграција во ЕУ, Канцеларијата на ЕУ во БиХ и работодавците поредовно ќе соработуваат и ќе се состануваат со цел дискусија и развој на предлози за реформи кои, откако ќе бидат усвоени и имплементирани, ќе ја подобрат економската добросостојба на државата, доближувајќи ја БиХ поблиску до ЕУ.

ЕУ, Европската банка за реконструкција и развој и Шведска ги поддржуваат малите и средни претпријатија и жените претприемачи во Црна Гора

Европската банка за реконструкција и развој ги поддржува жените претприемачи и малите бизниси во Црна Гора со нов финансиски пакет за Црногорската комерцијална банка АД, член на групацијата ОТП и најголемата банка во државата. Околу 3 милиони евра од заемот ќе бидат доделени за поддршка на инвестиции во бизниси управувани од жени. Малите и средни претпријатија ќе извлечат полза од иницијативи за грант, во висина од 15 % од целосната  вредност на заемот, финансирани од ЕУ.  
Финансиите ќе се обезбедат преку програмата „Жени во бизнис“, на Европската банка за реконструкција и развој, која промовира женско претприемништво и учество на жените во бизнисот. Жените претприемачи ќе имаат прилика да искористат наменски консултативни деловни услуги во рамки на програмата „Банкарски совети за мали бизниси“. Програмата „Жени во бизнис“ е ко-финансирана од владата на Шведска, која уште од 2014 година ја поддржува програмата во Западен Балкан.  
Заемот ќе им обезбеди на малите и средни претпријатија во Црна Гора пристап до финансии, овозможувајќи им да ги надминат своите дневни операции и да инвестираат во надоградувања за постигнување на стандардите на ЕУ. Малите и средни претпријатија ќе можат да го употребат финансирањето за унапредување на технологијата, процесите и услугите; особено оние поврзани со квалитетот на производите, здравјето и безбедноста, како и еколошките стандарди на ЕУ.

ЕУ: Кандидатски статус – порака на шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ и специјален претставник во БиХ; амбасадорот Јохан Сатлер

Драги граѓани на Босна и Херцеговина!

 

Среќен сум што ја споделувам, со вас, радоста дека БиХ доби кандидатски статус за членство во ЕУ!

 

„Обединети во различностите“ е водечки принцип и основна вредност на ЕУ. БиХ и остатокот од ЕУ почиваат на истата основа – принципот „обединети во различностите“ е наша заедничка вредност, сила и богатство.

 

Оваа држава изобилува со енергија и талент. Каде и да одите, тука ќе најдете културно наследство и природна убавина, достигнувања во доменот на уметноста и спортот, иновации и традиција; а, што е најважно, непоколеблив дух.

 

Кандидатскиот статус е нашиот знак дека веруваме во оваа држава и дека ги споделуваме вашите надежи за подобра иднина. Подобра заштита на човековите права, поголема доверба, ефективна борба против корупција, функционални државни институции, појака економија, подобра здравствена грижа и образование.

 

Ова е охрабрување за сите граѓани кои знаат дека патот кон ЕУ е пат кон подобра Босна и Херцеговина. Но, исто така, е и порака за политичките лидери да свртат нова страна и да ги имплементираат неопходните реформи кои ќе им донесат добро на граѓаните и ќе ја доближат БиХ до ЕУ.

 

Знаеме дека претстојат многу предизвици, но новиот политички импулс е тука. Да го искористиме!

 

Веруваме во оваа држава. Држава која отсекогаш била во срцето на Европа!

Регионалниот совет за соработка е домаќин на вториот форум за бизнис и иновации „Butterfly“ во Сараево

Вториот форум за бизнис и иновации „Butterfly“ се одржа од 6. до 7. декември во Сараево. Негов домаќин беше Регионалниот совет за соработка, во партнерство со проектот „EU4DigitalSME“ – Иновација и дигитализација на мали и средни претпријатија во БиХ, имплементиран од „ГИЗ“ и Европската мрежа на претпријатија.

 

Овогодинешниот форум се фокусираше на промовирање одржливи модели за академска и деловна соработка, моќта на центрите за дигитална иновација, старт-апови, партнерства со високообразовни институции и исклучителни иновациски иницијативи кои ја разбрануваа Југоисточна Европа. Мотивирачки говорници ги споделија своите преобразувачки искуства во согласност со мотото „Замисли. Иновирај. Креирај…“

 

Форумот обедини импресивна група иновативни практикувачи кои споделија научени лекции за развивање иновативни еко-системи и академско-деловна соработка. Оваа активност е дел од Акцискиот план за заеднички регионален пазар и е кофинансирана од ЕУ.

Преку 200 компании во Северна Македонија ја подобруваат конкурентноста со поддршка од ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој

Преку 200 мали и средни претпријатија во Северна Македонија успешно имплементираа инвестициски проекти и станаа поконкурентни благодарение на програмите за конкурентност на мали и средни претпријатија на Европската банка за реконструкција и развој и ЕУ.  
Програмата, која започна во 2019 година, комбинира заеми од Европската банка за реконструкција и развој, како и стимулации за грантови, финансирани од ЕУ, кои им се доделуваат на мали бизниси во партнерство со локалните комерцијални банки. Вкупно 51 милион евра им беа доделени на малите бизниси во Северна Македонија за 316 инвестициски проекти. Поголемиот дел од инвестициите беа во производство, транспорт, малопродажба и услуги, индустрии за храна, и повеќе од 60 % од нив беа наменети за мали и средни претпријатија надвор од главниот град.  
Малите и средни претпријатија можеа да аплицираат за средства за инвестирање во нова опрема и надградување за да ја зголемат својата продуктивност, да ги намалат оперативните трошоци, да ја зголемат енергетската ефикасност и да го подобрат своето усогласување со стандардите на ЕУ. Покрај заемите, малите и средни претпријатија искористија и стимулации за грантови, финансирани од ЕУ, во вредност од 15 % од вкупната вредност на заемот.  
Подобрениот пристап до финансии им помогна на малите и средни претпријатија да ги надминат своите обични операции и да инвестираат за да бидат поконкурентни на локалните пазари и пазарите на ЕУ.  
Програмата за конкурентност на мали и средни претпријатија на Европската банка за реконструкција и развој се имплементира во сите држави од Западен Балкан, со цел овозможување подобар пристап до финансии за локалните мали и средни претпријатија. Досега, преку 850 бизниси ја искористиле регионалната програма.

„MADE OF US“: неверојатна авантура започнува, на пролет, во 2023 година

WeBalkans“ со гордост го отвора повикот за апликации за млади влогери од Западен Балкан кои сакаат да станат дел од патувањето „Made of Us“ низ Западен Балкан. Оваа авантура ќе се случи на пролет, во 2023 година. Ги покануваме сите талентирани влогери од Западен Балкан, на возраст помеѓу 21 и 30 години, да се пријават преку Интернет страницата WeBalkans.eu.

 

Избраните влогери ќе посетат проекти, поддржани од ЕУ, и ќе запознаат интересни и инспиративни личности; прикажувајќи ги, притоа, природните пејзажи, неверојатните знаменитости и уникатното културно наследство кое Западен Балкан може да го понуди. Избраните патници ќе ги снимат искуствата со своја опрема и ќе ги претворат во високо квалитетни содржини за социјалните медиуми и Интернет; во форма на слики и видеа, кои ќе бидат споделени преку нивните канали и каналите на WeBalkans.

 

Патувањето ќе биде уште повозбудливо, бидејќи шесте победници не ќе патуваат сами. На почетокот на 2023 година, ќе им се придружат шест млади креатори од ЕУ со кои ќе патуваат заедно и ќе соработуваат при креирањето содржини. Шесте патнички пара од Западен Балкан ќе имаат прилика да ги истражат најубавите делови од Западен Балкан; раскажувајќи му за нив, со свои зборови, на остатокот од светот во периодот помеѓу април и мај 2023 година.

 

Ги покануваме сите заинтересирани да ја посетат нашата Интернет страница webalkans.eu за повеќе информации во врска со процесот на селекција; вклучително и условите за учество. Фазата на пријавување започнува на 7. декември и ќе биде отворена до 7. јануари 2023 година. „Made of Us” е третата регионална кампања за сензибилизација, реализирана од WeBalkans, како проект финансиран од ЕУ.

Самитот ЕУ – Западен Балкан, во Тирана, ја реафирмира перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и стратешкото партнерство на ЕУ со регионот

Денес, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен; претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел; високиот претставник/потпретседател, Јозеп Борел; комесарот Оливер Вархелеј; како и шефови на држави или влади од земјите членки на ЕУ и партнери од Западен Балкан, присуствуваа на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана. Организирањето на самитот, за првпат во регионот, е јасен знак за силната заложба на ЕУ за Западен Балкан и патот кон ЕУ.

 

Лидерите од ЕУ ја реафирмираа целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Повикаа, исто така, и на забрзување на пристапниот процес, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозна условеност и принцип на сопствени заслуги.

 

Руската ескалирачка воена агресија против Украина претставува ризик за мирот и безбедноста во Европа и светот, нагласувајќи ја важноста на стратешкото партнерство помеѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан.

 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави: „Овој самит, кој за првпат се одржува во земја од Западен Балкан, дава јасна порака за нашето залагање, единство и силно партнерство. ЕУ е повеќе од кога било посветена за заедничка иднина со нашите партнери од Западен Балкан во ЕУ. Ја користиме секоја можност за доближување на нашите региони и луѓе; и тоа од заедничко соочување со енергетската криза, па сè до создавање повеќе прилики за нашите граѓани и бизниси; вклучително и преку намалување на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување.“

 

Дополнително, самитот овозможи и прилика за преглед на напредокот на имплементацијата на Економскиот и инвестициски план, вреден околу 30 милијарди евра, фокусиран на водечки проекти во доменот на зелена и дигитална транзиција, одржлив транспорт, чиста енергија, поддршка за приватниот сектор и развој на човечки капитал, со цел премостување на социоекономскиот јаз помеѓу Западен Балкан и ЕУ. Досега, ЕУ усвои 40 водечки проекти за транспорт, поврзаност, енергетска транзиција, зелена агенда, дигитална транзиција и развој на човечки капитал, со 1,8 милијарди евра поддршка од ЕУ и целосна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра.

 

Тука се вбројуваат 12 инвестициски проекти, усвоени на 5. декември, од кои беа забрзани 6 проекти во енергетскиот сектор; благодарение на пакетот поддршка, од 1 милијарда евра, составен од два столба:

 
  • 500 милиони евра непосредна поддршка за сите партнери од Западен Балкан со цел ублажување на растот на цените на енергијата за бизниси и ранливи домаќинства; средствата се одобрени и ќе бидат подготвени за исплата на почетокот на 2023 година.
  • 500 милиони евра краткорочна и среднорочна поддршка преку Инвестициската рамка Западен Балкан за унапредување на енергетската транзиција и енергетската безбедност. Пакетот опфаќа надополнување на Програмата за регионална енергетска ефикасност за енергетско-ефикасно реновирање на приватните и државни згради, шест нови инвестициски грантови за обновливи извори на енергија, три грантови шеми за енергетска транзиција на приватниот сектор и серија гаранции за поддршка на обновлива енергија и енергетска ефикасност. Во соработка со меѓународни финансиски институции, се очекува да се мобилизираат околу 2,5 милијарди евра во целосни инвестиции.
 

Лидерите беа, исто така, присутни и на потпишувањето на спогодба помеѓу претставници од телекомуникациските оператори од ЕУ и Западен Балкан за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг помеѓу регионот и ЕУ, со почеток во октомври 2023 година. Европската комисија и Советот за регионална соработка ги фацилитираа преговорите за договорот, а одлуките за понатамошни намалување се очекуваат во мај 2023 година.

 

Најнакрај, самитот беше можност за дискусии за продлабочување на соработката помеѓу ЕУ и регионот за управување со миграции, кибер безбедност, образование и млади. Неодамна, Комисијата одобри фонд од 70 милиони евра за подобрување на капацитетите за гранично управување и зајакнување на борбата против криумчарење на мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан. ЕУ ја зголемува помошта и соработката со Западен Балкан за зајакнување на кибер отпорноста по серија кибер напади во регионот; вклучително преку нова програма, вредна 5 милиони евра, за целиот регион, со почеток во раната 2023-та. Универзитетите од Западен Балкан ќе бидат, исто така, вклучени во програмата ЕРАЗМУС+, на исто рамниште како и земјите-членки на Унијата, со цел создавање подобри можности за младите.

Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана ја потврдува стратешката врска на ЕУ со пристапните партнери

Во четврток, 6. декември, лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе одржат самит во Тирана, чиј домаќин ќе биде премиерот на Албанија, Еди Рама, а со кој ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Европската комисија ќе ја претставува нејзиниот претседател, Урсула фон дер Лајен; високиот претставник/потпретседателот за надворешни работи и безбедносна политика, Јозеп Борел и комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархелеј.  
За првпат, самитот се одржува во Западен Балкан; како јасен знак за посветувањето на ЕУ кон стратешко партнерство со регионот и неговите перспективи за членство во ЕУ. Дискусиите ќе се фокусираат на заедничко третирање на последиците од руската воена агресија против Украина; особено во енергетскиот сектор. Комисијата ќе известува за имплементација на Економскиот и инвестициски план, во вредност од скоро 30 милијарди евра, чија цел е поттикнување на долгорочно закрепнување на регионот. Дополнително, Комисијата ќе информира за Пакетот за енергетска поддршка, од околу 1 милијарда евра, за целиот регион на Западен Балкан; претставен од претседателката фон дер Лајен, во ноември; наменет за помош на ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија и ублажување на високите цени на енергија, како и унапредување на клучни инфраструктурни инвестиции за диверзификација на снабдувањето со енергија, зголемување на обновливото производство и енергетската ефикасност.  
Пред самитот, лидерите ќе бидат присутни на потпишување на спогодба помеѓу претставниците на телекомуникациските оператори од Западен Балкан и ЕУ за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг, започнувајќи од октомври 2023, помеѓу регионот и ЕУ.