Skip to main content

Автор: WeBalkans

1,9 милиони евра за поголема соработка помеѓу Србија и Северна Македонија

Претставници на Министерството за европски интеграции на Србија, оперативните структури на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2016-2020 година и Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија во соработка со Министерството за финансии на Србија го претставија вториот јавен повик за унапредување на прекуграничната соработка помеѓу Србија и Северна Македонија на онлајн-конференција.

 

Помошникот министер за европски интеграции Михајило Дашиќ на онлајн-конференцијата истакна дека Програмата Србија – Северна Македонија овозможила надградба на постоечките капацитети и го отворила патот за соработка што недостасува, со цел да се подобри животот во локалните и пограничните области со иновативни и одржливи решенија за заедничките проблеми.

 

На конференцијата беа претставени седум проекти реализирани во рамки на првиот повик, како што се „Семиња за инклузија – социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“, „Подобрување и заштита на здравјето на луѓето и животната средина преку намалување на ризикот од загадување со ефикасно управување на отпадот“ и „Помалку ѓубре, помали ризици, подобро здравје“.

 

Предлози на проекти за вториот циклус на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија  која предвидува речиси 1,9 милиони евра за промовирање на вработувањето, мобилноста на работната сила, социјална и културна иклузија, како и за поттикнување на туризмот, културното и природното наследство на двете земји, може да се поднесат до 8 јуни.

Нови грантови за граѓанското општество за зајакнување на партиципативна демократија

Европската унија лансираше Повик за предлози во склоп на новата програма вредна 18 милиони евра за зајакнување на партиципативните демократии и интеграцискиот процес на ЕУ во Западен Балкан и Турција. Повикот во склоп на Програмата на ЕУ за граѓанско општество и медиуми за Западен Балкан и Турција за 2021-2023 година (EU Civil Society Facility and Media Programme for the Western Balkans and Turkey for 2021-2023) има за цел да ја зајакне регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето.

 

Во рамките на овој повик за предлози ќе бидат доделени повеќе грантови за формирање и поддржување на регионалните тематски мрежи на граѓански организации (CSOs) кои имаат за цел да го подобрат коалицирањето и градењето на капацитети за зголемено влијание на овие организации врз релевантните секторски реформи. Повикот исто така поставува визија за под-грантови за неформални граѓански здруженија ширум регионот преку овие мрежи. Повикот ги опфаќа следниве области:

  -Добро управување, владеење на право и антикорупција -Човекови права, анти-дискриминација и интеркултурен дијалог -Зелена и дигитална транзиција -Медиумска слобода и слобода на изразување, вклучувајќи и спротивставување на дезинформациите и погрешните информации -Мали проекти за поддршка на добрососедски односи помеѓу Србија и Косово -Квалитетно новинарство    

Приоритетите на повикот се во склад со Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан (Economic and Investment Plan for the Western Balkans) кој има за цел да  го поттикне закрепнувањето на регионот преку поддршка на општествено-економскиот развој и спроведувањето на реформите кои се потребни за да се придвижи напред на патот кон ЕУ, како и преку приближување на Западен Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ. Му нуди помош на регионот преку инвестиции и иницијативи во областа на транспортот, енергетиката, дигиталната транзиција, зелената агенда, поддршката на приватниот сектор, економската интеграција, иновацијата и поддршката за развој на човечки капитал.

12 милиони евра за Србија од Фондот за солидарност на ЕУ

На 13 април Јадранка Јоксимовиќ, министерката за евроинтеграции и национален координатор за Инструментот за претпристапна помош (Instrument for Pre-accession Assistance), во име на Република Србија го потпиша Договорот за доверба со кој Европската унија ѝ обезбедува на државата грант од околу 12 милиони евра. Финансирањето доаѓа од Фондот за солидарност на ЕУ и е наменет за финансирање на итни активности во борбата против Ковид-19, како и за имплементирање на други мерки за да му се помогне на српскиот здравствен систем, преку покривање на некои од трошоците кои настанале за време на кризата на јавното здравство како резултат на пандемијата.

 

Емануеле Жофре, Амбасадорот на ЕУ во Србија, го опиша грантот како „уште еден израз на нашата посветеност во поддржувањето на Србија во борбата со пандемијата.“ Тој изјави: „Во борбата против Ковид, ЕУ застана рамо до рамо со Србија уште од самиот почеток. Финансиравме карго летови за транспорт на медицински средства, финансиравме здравствени работници и значително ѝ помогнавме на Србија да купи вакцини, како и да добие амбулантни возила и заштитни маски. Во период подолг од 20 години, ЕУ има инвестирано повеќе од 516 милиони евра во здравствениот сектор на Србија. Голем број од болниците ширум земјата се финансирани од ЕУ.“

 

По одлуката од 2021 на Европската комисија, Фондот за солидарност на ЕУ обезбеди 530 милиони евра за борбата против Ковид-19. Парите се распределија помеѓу 17 земји-членки и три земји со статус на кандидат. Србија доби средства за купување на дезинфектанти, лична заштитна опрема и медицинска опрема на почетокот на пандемијата.

ЕУ во Косово го одбележа Светскиот ден на културното наследство

Со цел одбележување на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, познат и како Светски ден на културното наследство, амбасадорот Томаш Суњог, шеф на ЕУ канцеларијата и специјален ЕУ претставник во Косово, на 19 април го посети археолошкиот парк „Улпијана“ кој во моментов користи проект финансиран од ЕУ во вредност од 1 милион евра.

 

Археолошкиот парк „Улпијана“, кој е менаџиран од косовското Министерство за култура, млади и спорт (MCYS) и неговиот Археолошки институт (AIK), добива поддршка од бројни меѓународни организации и дипломатски канцеларии и амбасади во Косово, чии претставници се приклучија на посетата. „Одбележувањето на Светскиот ден на културното наследство е навистина важно бидејќи нè потсетува на разноликоста на нашето заедничко културно наследство, неговата ранливост и напорите кои треба да ги вложиме за да го заштитиме и сочуваме“, рече Амбасадорот Суњог.

 

Проектот „Европска археолошка мисија во Косово: од Улпијана до Јустинијана Секунда“ (European Archaeological Mission in Kosovo: from Ulpiana to Iustiniana Secunda) беше лансиран на 14 декември 2021. Ги користи резултатите од претходни ЕУ-финансирани геофизички истражувања на поширокото подрачје на Улпијана и во следните три години ќе придонесе за понатамошни археолошки истражувања и ископувања, како и сочувување на наодите. Проектот е имплементиран од страна на Институтот за археологија на француската Виша нормална школа – еден од најискусните институти за археологија на Медитеранот и Централна Азија – во блиска соработка со косовското Министерство за култура, млади и спорт (MCYS) и неговиот Археолошки институт (AIK).

 

ЕУ ја поддржува заштитата и сочувувањето на локалитетите од културно наследство во Косово, вклучувајќи ги и kulla/kula ѕиданите куќи и верските знаменитости и споменици, уште од 2000 година. Досега има инвестирано повеќе од 14,7 милиони евра во оваа област.

 

ЕУ останува најголемиот давател на финансиска помош во Косово.

YEAs во Скопје се приклучија на кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“

Во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ се одржа креативен настан за млади лица, како дел од кампањата насловена „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“  (“Block the Hatred. Share the Love!”) која се води од ЕУ и Советот на Европа. Целта беше преку настанот да се подигне свеста кај младите за разните форми на говор на омраза и дискриминација насочени кон специфични заедници и поединци, како и промоција на разни начини за спречување на говорот на омраза. Тоа подразбира и ширење на позитивни пораки за прифаќање и почитување на диверзитетот преку креативно изразување во форма на улична уметност и музика.

 

На настанот беа вклучени Млади европски амбасадори (YEA) од Северна Македонијa, a координаторот на YEA за Северна Македонија – Дона Срдиќ, која е воедно и „No Hate“ амбасадор на кампањата, сподели охрабрувачка порака за поддршка на разнолико општество без говор на омраза и дискриминација.

 

Оваа иницијатива за подигање на свеста ќе се шири и онлајн преку социјалните медиуми и останати канали, како и преку јавни настани. Во кампањата се вклучени истакнати јавни личности, институции и активисти за човекови права кои промовираат диверзитет и еднаквост во локалните заедници и регионот преку лични приказни, сведоштва и размена на добри практики.

 

Кампањата е имплементирана во рамките на иницијативата за „Промоција на диверзитет и еднаквост во Северна Македонија“ (Promotion of Diversity and Equality in North Macedonia) која е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Horizontal Facility for the Western Balkans and Turkey 2019-2022) на ЕУ и Советот на Европа.

Златниот вез повторно во мода

Современо женско претприемништво и традиционален црногорски занает се преплетуваат со поддршка на ЕУ.

Црногорскиот златен вез се користи на традиционални носии повеќе од три века, но беше во ризик од изумирање поради промените на модните вкусови и непренесување на занаетот од старите на младите генерации. Дополнителна причина беше тоа што дури и кога имаше интерес за златен вез; додавање злато на прилично скапа носија или свилена кошула чини многу. Меѓутоа, од неодамна, занаетот добива нов елан благодарение на иницијатива од локална црногорска организација на граѓанското општество и поддршка од ЕУ.

Бисерка Раичевиќ е во нејзините шеесетти години и доаѓа од црногорско семејство кое ја негува традицијата; особено поврзана со рачните изработки. Иако поголемиот дел од животот го поминала работејќи како економист, продолжила, истовремено, да ги практикува, како хоби, традиционалните рачни изработки кои ги научила како млада девојка. Но, до неодамна, не беше пробала да работи со златен вез – врвот на црногорската занаетчиска традиција. Ова се сменило кога се приклучила на работилницата организирана со поддршка на проектот „ReLoAD“, финансиран од ЕУ.

„Работата со златен вез бара многу трпение и посебни занаетчиски способности.“

Оживување заборавени техники

Бисерка објаснува дека дознала за работилницата преку својот сопруг; кој го видел повикот на социјалните медиуми и ѝ кажал за можноста, знаејќи ја нејзината љубов кон рачните изработки. Се двоумела дали да се пријави, затоа што работата со златен вез е исклучително напорна, а истовремено и скапа поради златниот конец кој се користи за везот. Но, одлучила да се пријави, водена од љубовта кон традицијата; иако од искуството научила дека „работата со златен вез бара, како што таа вели: – многу трпение и посебни занаетчиски способности.“

Обуката била организирана преку проектот „Зачувување и развој на традиционалните црногорски занаети – златен вез“, финансиран од ЕУ, кој вклучил жени на различна возраст и од различни општествени средини. Постарите експерти во занаетот биле ангажирани како обучувачи за да го пренесат своето знаење. Во текот на обуката, проектот вклучил, исто така, и поддршка за комуникација и создавање маркетинг план за промоција на златниот вез; како и лансирање на публикација која ја раскажува историјата и важноста на занаетот.

„Оваа обука беше огромна инспирација за мене“

За проектот

Проектот „Зачувување и развој на традиционалните црногорски занаети – златен вез“ е имплементиран од Институтот за претприемништво и економски развој, во соработка со здружението за уметности и рачни изработки „NIT“. Проектот е поддржан од Регионалната програма за локална демократија („ReLOaD“), финансирана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите Нации.

Проектот цели кон промоција на црногорскиот златен вез преку развој на маркетинг план, подобрувајќи го економскиот и општествен статус на жените преку споделување на вештините за златен вез и популаризирање на истиот во соработка со модни дизајнери.

„Оваа обука беше огромна инспирација за мене,“ вели Бисерка, а со вештините кои ги стекнала од проектот, одлучила да започне мал бизнис со цел претставување и овозможување поголем пристап до овие прекрасни креации. Дизајните кои содржат златен вез се централни за повеќето производи во нејзиниот бизнис, „RB Ethno Fashion Hand Made“; вклучувајќи и модерни предмети за секојдневна употреба како торби, шалови или маски.

Покрај нејзините производствени и продажни активности, Бисерка организира, исто така, и бесплатни работилници преку кои придонесува за пренесување на вештините на други жени во нејзината заедница. „Верувам дека оваа традиција треба да живее, па, затоа, сакам колку е можно повеќе млади луѓе да ја научат техниката,“ вели таа.

Жените на чело на брзо растечките информациско-комуникациски услуги во Косово

Затворање на дигиталниот родов јаз: поголема застапеност на жените во информациско-комуникациските технологии е неопходна за овој сектор во кој преовладува извозот.

Секторот на информациско-комуникациски технологии во Косово брзо се менува; главно, поради постојаниот раст на побарувачката и решенијата кои ги нудат компаниите. Високите нивоа на употреба на Интернет даваат добри резултати за Косово; особено за младите и растечки бизниси.

Евростат објави дека во 2021 година 96% од косовското население, на возраст помеѓу 16 и 74 години, употребувало Интернет во текот на претходните три месеца, што значи дека Косово рангира на врвот на листата за користење Интернет, па дури малку повисоко од просекот во ЕУ. Овој контекст е предуслов за напредокот на дигиталната трансформација на бројни сектори во општеството, но не само во Косово. Неколку компании со седиште во и околу главниот град, Приштина, нудат далечински информациско-комуникациски услуги за Европа и Северна Америка. Всушност, некои од нив воопшто немаат домашни клиенти, карактеристика утврдена во студија на Косовското здружение на информациско-комуникациски технологии, „STIKK“, која потврдува дека преку 90% од овие услуги влегуваат во извозниот домен.

„Информациско-комуникациските технологии се сметаа за машка работа, но тоа брзо се менува.“

Затворање на дигиталниот родов јаз

Еден од ефектите на овој добредојден развој е понудата на работа во општество погодено од невработеност и тоа што, со отворањето на овие работни места, се намалува емиграцијата на младото косовско население. Секторот станува, исто така, сè повеќе инклузивен.

Жените се наоѓаат во сржта на секторот; од технички позиции во доменот на технолошки развој, па сè до управување и креирање политики во информациско-комуникациските технологии. Еден од примерите е Илириана Ибрај која ја управува секцијата за деловен развој на „LinkPlus“, една од пионерските компании која веќе цела деценија извезува услуги.

„Информациско-комуникациските технологии се сметаа за машка работа, но тоа брзо се менува,“ вели Ибрај, која додава дека се чувствува добро во секторот затоа што придонесува за различна перспектива. Жените сочинуваат повеќе од една третина од нејзиниот бизнис или вкупно 50 вработени. „Растечкиот број на жени во информациско-комуникациските технологии го менува начинот на размислување и стереотипите на работното место, но, исто така, и во насока на односот со клиентите; каде што перспектива која не доаѓа исклучиво од мажи може да направи разлика.

Можностите за промена на соодносот на девојчиња кои учествуваат во секторот започнуваат уште во образованието, каде предметите од доменот на наука, технологија, енергија и математика повторно се враќаат како професии со потенцијал за вработување. Покрај традиционалните универзитети, постојат иновативни центри, приватни иницијативи и меѓународни донатори кои ги доближуваат предметите од доменот на наука, технологија, енергија и математика до младите. Меѓу нив е и проект, финансиран од ЕУ, кој ја поддржува конкурентноста на косовскиот информациско-комуникациски сектор и кој обучува околу 100 наставници и 1000 ученици. Поголемиот дел од учесниците веќе се сертифицирани во доменот на веб-развој, кибер безбедност и програмски јазици барани во објавите за работни места кои треба да се пополнат.

Дополнителен аспект на кој работи проектот, заедно со секторот, е зајакнување на врските со компаниите лоцирани во ЕУ.

„Една од нашите стратегии за развој доаѓа од убедувањето дека можеме да се развиваме заедно со нашите идни партнери во ЕУ.“

За проектот

Севкупната цел на проектот „Поддршка на ЕУ за конкурентност на косовскиот информациско-комуникациски сектор“ е овозможување конкурентност на косовските дигитални и традиционални бизниси преку поддршка за развој на косовскиот информациско-комуникациски сектор; водејќи, на тој начин, до развој и создавање нови работни места.

Проектот цели, исто така, и кон премостување на јазот од дигитални и деловни вештини и тоа на одржлив начин кој ќе ги исполни потребите на пазарот и ќе ја зголеми конкурентноста на косовските дигитални и традиционални бизниси; како и извозот на косовските бизниси во доменот на информациско-комуникациските технологии и традиционални бизниси со употреба на информациско-комуникациски технологии.

Информациско-комуникациските технологии ги елиминираат границите

Компаниите со седиште во Косово, кои нудат услуги за извоз, работат, најчесто во доменот на консултации за информациски технологии, развој на веб-дизајн, мобилни решенија и е-трговија. „LinkPlus“ ги нуди овие услуги за клиенти кои оперираат во ЕУ, но и ширум пазарите во Северна Америка. Иднината изгледа ветувачки за оваа компанија која очекува соработка со компании идентификувани во рамки на неодамнешните деловни состаноци.

„Една од нашите стратегии за развој доаѓа од убедувањето дека можеме да се развиваме заедно со нашите идни партнери во ЕУ,“ објаснува таа. „Воспоставивме нови првични контакти, со фокус на секторите во кои специјализираме, и сега знаеме многу повеќе за пазарот и клучните играчи.“ Вели дека е задоволна од почетните воведи кои го претставуваат потенцијалот на Косово, вклучително и косовската младина, деловната клима, близината до ЕУ, употребата на еврото како валута и пријателските односи со клиентите кои претставуваат клучни карактеристики на нејзиното општество.

Ни кажа дека, во рамки на својата лична мисија, е, исто така, ангажирана во подобрување на позицијата на жените и ја користи иницијативата „DigiWomen“; во која има функција на член на одборот, како платформа за вклучување на жените во информациските технологии и кои би служеле како модел за остатокот. „Доколку сакаме да постигнеме родова еднаквост, најважното нешто е да водиме со инспиративен пример за новите генерации: за да ги подобриме општествата, промената мора да дојде од нас самите.“

Стар рецепт за сирење во пресрет на нови клиенти

Произведувачи на сирење од БиХ ги зголемуваат своето производство и работна сила со поддршка на ЕУ

Кога Томислав Пуџа имал 20 години, неговиот татко починал, а Томислав ја наследил семејната традиција за производство на сирење. Семејството Пуџа специјализира во производство на сирењето „Ливно“; биено сирење, од кравјо или овчо млеко или, пак, мешавина од двете. Во форма на тркало, сирењето природно зрее под кората, најмалку 60 дена, и има остар и јак вкус. Рецептот бил воведен во регионот Ливно за да одговара на вкусот на кралското благородништво во времето на австро-унгарското владеење.

„Татко ми отсекогаш сонуваше за проширување на нашиот бизнис и отворање мала млекарница. Брат ми и јас, одлучивме овој сон да го претвориме во реалност.“

Од работилница за сирење до голема компанија  

Бабата и дедото на Томислав произведувале сирење, во мали количини, во нивната визба. Во 1970-те, одлучиле да го комерцијализираат својот производ и да го продаваат во туристичкиот регион ширум јадранското крајбрежје. Иако количините не биле големи, продажбата добро се одвивала, а заработувачката била доволна за семејството. Таткото на Томислав ја продолжил традицијата, а Томислав помогнал.

„Татко ми отсекогаш сонуваше за проширување на нашиот бизнис и отворање мала млекарница. Брат ми и јас, одлучивме овој сон да го претвориме во реалност,“ вели Томислав.

Млекарницата „Puđa Eco Cheese“ била основана во 2003 година и, оттогаш, постојано расте. Денес, млекарницата произведува дузина видови сирење, а добиле и бројни меѓународни награди за квалитет меѓу кои посебно се издвојува медалот добиен на Меѓународниот семинар за сирење; одржан во Австрија во 2014 година.

Во 2019 година, водени од идејата за модернизирање на производствениот процес и зацврстување на долгогодишната позиција на млекарницата, како на домашниот, така и на странскиот пазар; компанијата „Пуџа“ одговорила на јавен повик за грантови, објавен во рамки на проектот „EU4Business“; финансиран од ЕУ и германската влада, а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите Нации, Меѓународната организација на трудот и германската организација за кооперативен развој – ГИЗ. Благодарение на проектот „EU4Business“, млекарницата ги заменила старите буриња за сирење со поголеми и софистицирани, а инсталирале и системи за одржување микро клима во млекарницата. Градежната работа придонела, исто така, за подобрување на целосниот квалитет на производствениот процес во млекарницата.

Целосната вредност на инвестицијата изнесува преку 380000 евра, од кои ЕУ обезбедила приближно 150000 во форма на грантови. Модерната опрема го подобрила работниот тек, како и квалитетот; ги намалила производствените трошоци и придонела за зголемување на продуктивноста. „Модерната технологија ги сведе грешките на минимум, што е особено важно за нас, во насока на одржување континуитет на квалитетот. Тоа што веднаш забележавме е дека новата опрема овозможува подобро искористување на млекото; што значи дека денес добиваме повеќе сирење од истата количина млеко. Оттука, нашата пазарна конкурентност се подобри,“ вели Томислав. Подобрувањата, постигнати преку проектот „EU4Business“, значат и нови можности за проширување на производството надвор од границите на БиХ.

„Луѓето се нашиот најсилен адут. Со новите машини, нашите работници имаат подобри работни услови и можат побрзо и полесно да ја завршат својата работа.“

За проектот

„EU4Business“ е проект на ЕУ кој има за цел зајакнување на капацитетот за економски развој и вработување во БиХ преку поттикнување конкурентност и иновација во одредени сектори. Истиот располага со буџет од 16,1 милион евра: 15 милиони евра обезбедени од ЕУ и 1,1 милион евра од страна на Федералната република Германија.

„EU4Business“ е дел од програмата за Локален развој на стратегии – локално самоуправување и економски развој во БиХ на германското федерално министерство за економска соработка и развој.

Приближно 40 работници се вработени во млекарницата, вклучително и седуммина вработени благодарение на инвестицијата преку „EU4Business“. Новите вработувања го зголемуваат производственото ниво, придонесувајќи, исто така, и за подобра контрола на квалитетот. Како што Томислав вели: Луѓето се нашиот најсилен адут. Со новите машини, нашите работници имаат подобри работни услови и можат побрзо и полесно да ја завршат својата работа.“

Младите европски амбасадори во Албанија се состануваат со ромската младина

Настан организиран во рамки на Меѓународниот ден на Ромите вклучи десет Млади европски амбасадори и десет млади од ромската заедница во Албанија. Земајќи предвид дека Тирана е Европската младинска престолнина во 2022 година, целта на состанокот беше да се посвети внимание на ромската младина која студира и придонесува за заедницата во Албанија.

 

Дискусијата беше фокусирана на дневните предизвици и начинот на кој ромската младина се соочува со нив во Албанија. Останатите теми беа и досега сработеното за да се подобри пристапот на Ромите до основните права, образование и вработување. Заклучокот беше дека иако се постигнати подобрувања во насока на интеграцијата на Ромите и заштитата на човекови права, сè уште преостануваат бројни предизвици.

 

Најнакрај, учесниците дискутираа и се согласија за идна соработка за понатамошно зајакнување на ромската младина во Албанија.

Младите европски амбасадори (YEA) учествуваат во дебата за зајакнување на жените во Белград

Хибридниот мини фестивал „EU4Balkans“ зазеде место во Белград на крајот од март. Настанот беше дел од активностите за соработка организирани од страна на Генералната дирекција за регионална и урбана политика на Европската Комисија и организаторите на фестивалот „Balkan Trafik“. Преку дебата, културни настани и состаноци со заменик министерот за култура и медиуми на Србија, настанот опфати серија значајни прашања како, на пример: невработеноста кај младите, инклузија и развој на руралните подрачја во Западен Балкан.

 

Во дебатата учествуваа и младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) и се фокусираа на проблематиката за зајакнување на жените. Учесниците потенцираа дека зајакнувањето на жените подразбира овозможување на средства и вештини за напредување, за да бидат независни и да можат да го променат општеството.

 

Настаните „EU4Balkans“ целат кон подигнување на видливоста на меѓурегионалната соработка како дел од ИПА инструментот за претпристапна помош и позитивно влијание на политиките за проширување на ЕУ.