Skip to main content

Автор: WeBalkans

ЕУ и БиХ ја зајакнуваат соработката за подготвеност за непогоди

Европскиот комесар за управување со кризи, Јанез Ленарчич, ја посети БиХ со цел зајакнување на соработката за спречување непогоди, подготвеност и реагирање; како на национално, така и на регионално ниво. Неговата посета се случува во време кога државата го потврдува својот интерес за приклучување кон Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ кој ги координира заедничките кризни акции. Комесарот присуствуваше, исто така, и на вежба за справување со земјотрес од целосен размер, финансирана од ЕУ; со учесници од Албанија, Австрија, Црна Гора, Романија, Словенија и други меѓународни агенции.
 
Јанез Ленарчич изјави: „Пред само неколку дена, БиХ беше погодена од два земјотреса. Не можеме, секогаш, да предвидиме кога и каде ќе се јави следниот, но можеме да бидеме подобро подготвени. Оттука, целосно го поддржувам барањето на БиХ за приклучување кон Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ. Убеден сум дека станувањето членка на нашата Европска рамка за граѓанска заштита ќе ѝ обезбеди на БиХ придобивки за подобар одговор во време на криза кога и да се случи некаква непогода од поголем размер. Заедно, можеме да заштитиме и спасиме човечки животи.“
 
Комесарот оствари средба, исто така, и со членови на Претседателството на БиХ, како и со министерот за безбедност – Селмо Цикотиќ. За време на неговата посета, комесарот, исто така, најави и 2,5 милиони евра дополнителни хуманитарни фондови за помош на БиХ за покривање на потребите на бегалците, барателите на азил и мигрантите во државата.

Европската инвестициска банка ќе го поддржи Западен Балкан во справувањето со тековната криза

На крајот од април, Европската инвестициска банка (ЕИБ) ја ко-организираше осмата Меѓународна истражувачка конференција за мотивирање отпор во време на криза; со посебен осврт на улогата на политиките. Конференцијата беше организирана во соработка со Националната банка на Северна Македонија и се одржа на триесеттата годишнина од монетарниот суверенитет на Северна Македонија. Настанот беше насочен кон тековните предизвици, несигурноста која се јавува поради пост-панедмиските политички промени, како и политичките одговори потребни за да се справиме со распространетите недостатоци на енергија и добра предизвикани од војната во Украина. Конференцијата ја илустрираше зацврстената соработка помеѓу ЕИБ, позајмувачкото тело на ЕУ, со партнерите во Северна Македонија и поддршката која ЕИБ ја обезбедува за економската стабилност на државата во текот на интеграцискиот процес за членство во ЕУ, преку 40 години.  
Заменик претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, потенцираше дека, како банка на ЕУ, ЕИБ е подготвена да го поддржи регионот на Западен Балкан во надминувањето на тековните предизвици. „Освен финансирањето на изградба на побезбедни и поразнолики енергетски мрежи, му помагаме на регионот да го зголеми својот отпор кон климатските промени и да развие нови одржливи проекти во рамки на Економскиот и инвестициски план на Европската Комисија за Западен Балкан. Минатата година, ЕИБ обезбеди 257 милиони евра за да ја поддржи декарбонизацијата и транзицијата кон зелена енергија во регионот,“ изјави таа.  
Меѓународната конференција пречека преку 40 учесника, вклучително и гувернери и членови на управен совет на централните банки, високи функционери на меѓународните финансиски институции и претставници на регионалната и меѓународна академска заедница.

Кампања за младински дијалог во Црна Гора

Кампањата за младински дијалог која неодамна започна во Црна Гора има за цел подигнување на свеста за тоа што значи младинско учество и зошто истото е значајно; како и овозможување на младите да се инволвираат во процесот на носење одлуки за проблеми кои ги засегаат. Кампањата има за цел да го достигне ова преку директен дијалог со младите и организациите кои ги претставуваат. Фокусот ќе биде ставен на вработување на младите и дискусија на теми кои ги интересираат младите; вклучително и ветувањата на ЕУ за младите во рамки на Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.

 

Креирано е и видео, насловено „#Say it loud, we hear you” („#Искажи се гласно, те слушаме“); кое ги повикува младите да заземат учество во дијалогот; со директно и лично учество во својот град, преку пополнување на онлајн прашалник.

 

Се работи за заедничка кампања, спроведена од Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, ЕУ Инфо Центарот и Младинската мрежа на Црна Гора, како и релевантните министерства: Министерството за економски развој, Министерството за финансии и социјална грижа, Министерството за здравство и Министерството за образование, наука, култура и спорт; со поддршка од Регионалниот совет за соработка и голем број младински организации: Здружението европска младинска картичка, Здружението на студенти по политички науки од Црна Гора, Организацијата на студенти од Црна Гора во странство, Порталот Макање, Радио Крш, Студентскиот парламент, Унијата на средношколци од Црна Гора и Унијата на млади претприемачи.

Објавен добитникот на Европската награда за литература за 2022 година

Меѓународно жири го објави добитникот на Европската награда за литература, за 2022 година, како и пет посебни пофалби, на саемот на книгата во Париз. Грузиската писателка, Ива Пезуашвили, ја доби наградата за својот роман „A garbage chute“. Жирито додели и посебни пофалби на автори од Белгија, Босна и Херцеговина, Ирска, Шпанија и Украина.

 

Изборот за 2022 година прикажува широка палета јазици, земји, приказни и гласови кои ја илустрираат ЕУ и отвореноста на програмата „Creative Europe“ кон културен и јазичен диверзитет во и надвор од ЕУ. Добитникот и номинираните автори ќе добијат тековна промоција, на европско ниво, со цел допирање до поширока и меѓународна публика; како и можност за поврзување со читателите надвор од нивните матични национални и јазични граници.

 

Уште од 2009 година, Европската награда за литература им оддава признание на новите белетристи од Европската Унија и пошироко. Наградата ги чествува современите извонредни книжевни таленти од сите 41 држава кои учествуваат во програмата Креативна Европа.

ЕУ издвојува дополнителни 45 милиони евра, во форма на грантови, за Коридорот „Vc“ во БиХ

Европската Унија ја зголемува својата поддршка за Коридорот „Vc“ – клучен транспортно-инфраструктурен проект во БиХ, со дополнителни средства, во форма на грант, од 45,2 милиони евра. На овој начин, севкупната вредност на доделени грантови од ЕУ за Коридорот „Vc“ се искачува на повеќе од половина милијарда евра. Спогодбата за грантово финансирање, потпишана на 27. април, ќе обезбеди средства за плаќање на тековните градежни работи на двете автопатски секции Поприкуше – Немила, вредни 36 милиони евра; со инвестициски грант од 9,2 милиони евра за Ивановиот Тунел.  
 
Коридорот „Vc“ е паневропски транспортен проект кој вклучува автопат, во должина од 325 километри, кој ќе ја поврзува БиХ од север до југ, носејќи ја поблиску до ЕУ и, надежно, ќе го поврзи јадранското пристаниште Плоче, во Хрватска, со унгарската престолнина – Будимпешта.  
 
Автопатот е кофинансиран преку извори, во форма на грант, од ЕУ и преку погодни заеми од Европската банка за реконструкција и развој, како и од Европската инвестициска банка (ЕИБ).  
 
Фондот за грантовите е обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, поддржана од ЕУ, која има за цел да ја подобри поврзаноста на регионот преку градење нови транспортни врски и надоградба на веќе постоечката и застарена транспортна и еколошка инфраструктура. Развојот на Коридорот „Vc“ е стратешки приоритет за БиХ кој се очекува да придонесе за побрз економски и општествен развој.

По стапките на загрозениот балкански рис

Тим македонски новинари освоија престижна европска награда за нивното истражување за ризиците со кои се соочува загрозениот рис.

Балканскиот рис е вид дива мачка која спаѓа во категоријата критично загрозени видови. Се претпоставува дека преостануваат само околу 45 риса во регионот. Сепак, незаконското ловокрадство, деградацијата на пејзажот и градежните активности претставуваат сериозни закани за најголемата мачка во регионот.

Балканскиот рис може да се најде во Северна Македонија, Албанија и Косово. Иако ловот или наштетувањето на балканскиот рис се строго забранети со закон во трите држави, истражување покажа дека ситуацијата е сосема различна на терен. Новинарски тим од македонското радио МОФ заклучи дека животното е, всушност, недоволно заштитено и во сериозна опасност од истребување.

Нивното истражување траеше неколку месеци и резултираше со статија насловена „По стапките на балканскиот рис – истражувачка сторија во два дела“. Сторијата претставува мрачна слика за ситуацијата на рисот кој е во постојан ризик од незаконски лов. Истражувачкиот тим откри препарирани рисови на ѕидови во ресторани сместени во близина на живеалиштето на рисот, рисови чувани во кафези како атракција и сомнежи за полициски авторитети инволвирани во ловокрадство. Дополнително, истражувањето покажа дека покрај ловокрадството, балканскиот рис е во опасност и поради незаконските депонии и градежните активности; како, на пример, изградбата на патишта и хидроцентрали во и околу природните или национални паркови.

„Во нашиот регион имаме одлични закони на хартија, но, често, овие закони не се соодветно применети.“

Признание за напорот

Новинарскиот тим кој ја спроведе и објави истражувачката сторија беше сочинет од Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски, Емилија Петреска и Јасмина Јакимова. Јасмина објаснува дека нивната инспирација дошла од желбата да раскажат приказна на ретко објавувана тема, а и да истражат дали законите кои ја засегаат заштитата на природата и дивиот свет се соодветно имплементирани. „Во нашиот регион имаме одлични закони на хартија, но, често, овие закони не се соодветно применети,“ вели таа.

Сторијата доживеа голем успех во насока на повратни реакции од страна на читателите и ја освои, исто така, Европската награда за истражувачко новинарство за Северна Македонија во 2021 година. Наградата беше доделена преку проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција“, а жирито ја опиша статијата како резултат на исклучително истражување.

На церемонијата за доделување на наградата, Емилија Петреска од Радио МОФ изјави: „Разочарувачки е што дури и после цела година откако ја објавивме сторијата, институциите сè уште не реагирале на сознанијата… Каква иднина имаме на ум ако продолжиме со уништување на еко-системите, животната средина на балканскиот рис и природното богатство кое го имаме; уништувајќи се, на тој начин, себеси?“

„Наградата беше особено важна за нас; не заради парите, туку заради признанието: одлично е чувството кога напорот е признаен“

За проектот

Целта на проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција“, финансиран од ЕУ, е зголемување на довербата на граѓаните во медиумите и создавање безбедна средина за новинарите за создавање независни новинарски содржини; преку обука, менторство, техничка и финансиска помош и објавување. Проектот тече од 2019 година во државите членки на ЕУ, како и во потенцијалните држави за членство: Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Србија и Турција.

Јасмина објаснува дека поради фактот што доаѓаат од мала медиумска организација, тимот бил изненаден поради освојувањето на првата награда. „Наградата беше особено важна за нас; не заради парите, туку заради признанието: одлично е чувството кога напорот е признаен,“ вели таа.

Наградите за европско истражувачко новинарство имаат за цел славење и промоција на исклучителните постигнувања на истражувачките новинари од државите од Западен Балкан и Турција; како и подобрување на видливоста на квалитетното истражувачко новинарство ширум публиката во овие држави.

Медиумски интегритет во време на дезинформации

Обележувајќи ја 30 годишнината од почетокот на војната во БиХ, и тоа во време на руската агресија против Украина; Европската служба за надворешно дејствување ги обедини водечките меѓународни новинари и младите новинари од Западен Балкан, во соработка со Делегацијата на ЕУ во БиХ, со цел дискутирање во врска со медиумскиот интегритет во време на дезинформации.

 

Панел-дискусија составена од најреномираните меѓународни новинари кои оставиле неизбришлив печат врз новинарството во последните 30 години беше дел од настанот во Сараево. Новинарите се приклучија од различни градови ширум Европа: Кристиан Аманпур (Christiane Amanpour) (CNN) и Реми Урдан (Rémy Ourdan) (Le Monde) од Украина, Хавиер Еспиноса (Javier Espinosa) (El Mundo) од Мадрид, Роџер Кохен (Roger Cohen) (The New York Times) од Париз и Ед Вулиами (Ed Vulliamy) (The Guardian and Observer) од Лондон; додека, пак, Аида Чекрез (поранешна дописничка на „Associated Press“ од БиХ) и Надина Маличбеговиќ (Al Jazeera Balkans) беа во Сараево заедно со Филип Лукиќ (N1 Belgrade) кој ја водеше дискусијата.

 

Учесниците дискутираа за предизвиците на военото допишување, улогата на новите технологии, етиката и професионализмот, дезинформациите, медиумската манипулација и безбедноста на новинарите. Информациската манипулација и дезинформациите се, исто така, предизвик и во време на мир; бидејќи целат кон антагонизирање и поларизирање на општествата, продлабочување на тензиите, измамување на јавноста и, најнакрај, дестабилизирање на општествата и демократијата.

 

Дваесет млади новинари од регионот на Западен Балкан допатуваа во Сараево за да учествуваат во дискусијата, како дел од поширока студиска посета која имаше за цел да им обезбеди прилика да научат од врвни експерти во доменот, но, исто така, и еден од друг. Проектот е дел од напорите на „EEAS Stratcom Western Balkans Task Force“ за подигнување свест и поттикнување отпор кон информациската манипулација и дезинформациите; со цел поддршка на способноста на општествата во Западен Балкан да се справат со предизвикот кој го носат дезинформациите. Инвестирањето во слобода на медиумите и професионално новинарство е значаен дел од справувањето со дезинформациите, затоа што помага за градење на добро информирани општества и силни демократии.

 

Настанот зазеде место во Сараево, и онлајн, на 7. април. Сесијата беше проследена на глобално ниво и доби значително влијание во локалните и регионални медиуми со тоа што неколку ТВ станици ја емитуваа во живо.

Фондот Западен Балкан потпишува договор со добитниците на првата регионална грант шема

Во присуство на повеќе од 100 реномирани гости, Фондот Западен Балкан (Western Balkans Fund (WBF)) ги пречека 30-те добитници на Првата регионална грант шема ко-финансирана од Европската Унија. Избраните предлози ќе бидат финансирани преку Инструментот за претпристапна помош во рамки на проектот „Поддршка за промоција на регионалните акции на граѓанското општество во Западен Балкан“.

 

Неговата екселенција Алекс Ипин, вршител на должност при Делегацијата на ЕУ во Албанија, зборуваше во име на ЕУ. Тој изјави: „ЕУ е, всушност, проект започнат врз основа на идејата за добрососедски односи. Ако ја погледнеме тековната ситуацијата во ЕУ, пресвртот на настаните во соседството, војната во Украина; сето ова ја потенцира важноста на добрососедските односи, почитта на суверенитетот и територијалниот интегритет.“

 

Апликациониот процес за првиот ко-финансиран повик за предлози беше отворен на 8. ноември 2021 година, а беа поднесени 207 проекти кои вклучуваат 750 чинители. Процесот на евалуација беше спроведен во првиот месец од годинава, со помош од надворешни експерти. 30-те победнички проекти се насочени кон клучни прашања; како, на пример: зелена и дигитална економија, човекови права, родова еднаквост, образование, истражување и културна соработка.

 

Фондот Западен Балкан е меѓународна организација основана во 2017 година од страна на министерствата за надворешни работи во регионот на Западен Балкан. Пред креирањето на ко-финансираната грант шема, Фондот Западен Балкан отпочна и три дополнителни успешни повици за предлози преку кои се финансираа 68 проекти со вкупно 10000 директни корисници.

Објавени учесниците во Глобалната програма за културни односи

Платформата за културни односи ги објави учесниците во Глобалната програма за културни односи за 2022 година. Селектираните 40 иноватори и  носители на промени, избрани за Глобалната програма за културни односи 2022, беа селектирани од преку 2000 апликации за учество во водечката програма за обука преку платформата за културни односи наменета за креативни професионалци ширум светот. Опфатени се 40 националности, вклучително и Западен Балкан, како и бројни сектори; меѓу кои и изведувачките уметности, музиката, аудио-визуелните уметности, културното наследство и визуелните уметности.

 

Како дел од Глобалната програма за културни односи, од 10. до 13. мај, учесниците ќе добијат можност за поврзување, споделување искуства и идеи, надградување на вештините од доменот на меѓународни културни односи и развивање на меѓународен културен проект.

 

Платформата за културни односи е проект, финансиран од ЕУ, кој ги поврзува културните практикувачи ширум светот во заеднички дијалог, размена и соработка. Исто така, обезбедува и експертиза за Европската Унија во полето на меѓународни културни односи.

„TAIEX“ ја поддржува локалната власт во Црна Гора во борбата против морското загадување

Според еколошката програма на ОН, секоја минута во океанот се фрла смет колку што собира еден камион за отпадоци. Ваквата ситуација е штетна не само за морскиот екосистем, туку и за човекот; преку честичките микропластика во прехранбениот ланец.

 

На 10. и 11. април, инструментот на Европската комисија за техничка помош и информациска размена (TAIEX), во соработка со општината на градот Будва, организираше работилница, за справување со пластичен отпад, наменета за сите општини на црногорското крајбрежје. Претставници на централните институции и невладиниот сектор се приклучија, исто така,  во настанот со цел споделување идеи со експерти на ЕУ од Словенија и Белгија.

 

Учесниците се согласија дека се потребни повеќе иницијативи за рециклирање со што би се соочиле со овој проблем во Јадранското море. Разменија, исто така, идеи за начинот на кој можат да ги мотивираат граѓаните со цел намалување на користењето на пластика за еднократна употреба. Кристоф Делаттер, шеф на одделот за стратегија и политика при Агенцијата за управување со отпад во Фландрија (Белгија), покажа како Белгија успеа да достигне намалување на домаќинскиот отпад преку спој од законски иницијативи и комуникациски кампањи. Штефан Трдан, од Институтот за вода во Словенија, ја објасни важноста од прибирањето информации во врска со управувањето со отпад и покажа како општините можат да ги користат истите во комуникациските акции насочени кон трајни и обновливи резултати.

 

Настанот во Будва ја отпочна втората фаза на иницијативата „TAIEX“ која треба да понуди стратешка поддршка за локалните авторитети во Западен Балкан кои работат директно со локалните и регионални авторитети со цел споделување на најдобрите пракси за јавна политика на ЕУ. Наскоро, ќе се организираат повеќе локални работилници и експертски мисии на теми поврзани со екологијата и животната средина.