Skip to main content

Автор: WeBalkans

„EDUINO“: Како се роди најголемата дигитална едукативна библиотека во Северна Македонија

Од краткорочно решение до национален извор: Патувањето на „EDUINO“ во дигиталното образование

На почетокот од пандемијата КОВИД-19, кога училиштата се затворија, а далечинското учење стана неопходност, ни стана јасно дека Северна Македонија не беше добро опремена за да се справи со транзицијата од традиционално образование кон далечинско дигитално учење. Имаше недостаток од дигитални ресурси, а наставниците беа општо неподготвени за дигитално образование. Како и во останатите земји од регионот, авторитетите се соочија со тешкотии при соочувањето со овој предизвик и побараа помош.

Невладината организација „SmartUp“ – Лабораторија за општествена иновација, заедно со УНИЦЕФ, Биро за развој на образованието и останати клучни министерства во државата, работеа во текот на 3-4 години пред пандемијата со цел поддршка на иновација и ко-креација во образовниот сектор. Претходно, веќе имаа обучено солидна група соработници и беа спровеле неколку почетни платформи со можност за брзо реструктурирање за справување со овие предизвици. Го прифатија предизвикот и започнаа со создавањето на денешната најголема дигитална образовна библиотека во Северна Македонија.

„На почетокот, очекувавме да добиеме можеби 100 или 200 видео лекции. Меѓутоа, во првите два или три дена, стигнаа преку 600 видео лекции испратени од наставниците ширум државата. Беше навистина возбудливо.“

Александар Лазовски, ко-основач на „SmartUp“, споделува дека организацијата веднаш отворила повик до наставниците да испратат кратки видео лекции за платформата „EDUINO“, откако претходно се погрижиле да ги обезбедат неопходните дигитални ресурси за поддршка на далечинско учење во Северна Македонија. „На почетокот, очекувавме да добиеме можеби 100 или 200 видео лекции. Меѓутоа, во првите два или три дена, стигнаа преку 600 видео лекции испратени од наставниците ширум државата. Беше навистина возбудливо,“ вели Александар.

Почетниот успех ги навел основачите да го согледаат потенцијалот на „EDUINO“ како долгорочно решение за дигитално образование во Северна Македонија. Платформата се насочила кон оваа цел по периодот на кризата со пандемијата, претворајќи се во „колективен портал за решенија за дигитално образование“. Платформата е создадена со идеја за ко-креирање и општествена акција, нудејќи ресурси за наставниците, родителите и учениците во претшколско, основно и средно образование.

Денес, „EDUINO“ вклучува три главни категории: „EDUINO“ е-училница, „EDUINO“ е-занимална и „EDUINO“ лабораторија. „EDUINO“ е-училницата вклучува библиотека со видео лекции, упатства за вештини за едукатори во 21. век, дигитални игри и ресурси за учење. „EDUINO“ е-занималната нуди активности засновани на игри и можности за професионален развој. Најнакрај, „EDUINO“ лабораторијата е виртуелна научна лабораторија во 2Д која нуди можности за учење преку искуства за научни концепти и климатска промена.

„Серијата вебинари, финансирана од ЕУ, директно го поддржа професионалниот развој на најмалку 5000 едукатори во Северна Македонија.“

За проектот

„EDUINO“ – платформата за дигитално учење во Северна Македонија, поттикна заедница на пракса и успешно соедини значаен волумен образовни содржини креирани од наставници и едукатори ширум државата за време од неколку недели, на почетокот од пандемијата КОВИД-19.

Проектот доживеа значаен успех од аспект на бројки и резултати. Во поголемите достигнувања се вбројуваат создавањето преку 4500 видео лекции, кои достигнаа преку 7 милиони гледања, како и развојот на приближно 800 активности засновани на игра кои имаат за цел да им помогнат на децата на возраст помеѓу 3 и 10 години да совладаат сложени образовни концепти, истовремено подобрувајќи ги нивните општествено-емоционални вештини. Проектот привлече преку 25000 регистрирани членови во заедницата „EDUINO“.

Европската Унија го препозна влијанието и потенцијалот на „EDUINO“ и го поддржа проектот, станувајќи нивен партнер. ЕУ ја финансираше серијата „EDUINO“ вебинари која овозможува интерактивни настани за учесниците и тоа преку предавања во времетраење од 60 до 90 минути на иновативни и напредни теми од полето на образованието преку примери за добри практики и совети од практичари или експерти. Според Александар, серијата вебинари „EDUINO“ претставува огромен успех, со вкупно 42 спроведени вебинари досега и просек од 1800 учесници од настан. „Серијата вебинари, финансирана од ЕУ, директно го поддржа професионалниот развој на најмалку 5000 едукатори во Северна Македонија,“ дополнува Александар.

Вебинарите се дизајнирани со цел овозможување прилика за учесниците да постават прашања и да се консултираат со предавачи за најразлични форми, методи, техники и инструменти за имплементација на процесите за учење и предавање во современото образование. Денес, серијата вебинари „EDUINO“ е еден од највреднуваните онлајн ресурси за стекнување вештини во полето на образованието и, според статистиките на „SmartUp“, најгледаната серија онлајн вебинари во државата.

Зајакнување на луѓето со инвалидитет во Црна Гора

Од медицински оценувања, па сè до оценувања за права: Нова ера за евалуација на инвалидитет во Црна Гора.

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека околу 10 % од светската популација има некаков вид инвалидитет. Овие статистики се одразуваат и во Црна Гора, каде што според податоците од пописот за население, домаќинства и живеалишта, спроведен во 2011 година од „Monstat“, 11 % од населението во Црна Гора, т.е. 68064 поединци, се соочуваат со предизвици во своите секојдневни активности поради долгорочна болест, инвалидитет или старост. Овие поединци се соочуваат со предизвици при извршувањето на своите основни дневни обврски или при учеството во различни активности. За време на пописот, за првпат се прибраа податоци за постоењето на вакви тешкотии при извршувањето на секојдневните активности.

Процесот на оценување и определување инвалидитет е официјална процедура неопходна за воспоставување еднаквост за услуги, производи или придобивки. Служи како премин низ кој мораат да поминат поединците кои бараат поддршка поврзана со инвалидитет, без разлика дали поддршката ја нуди некој јавен или приватен орган. Во Црна Гора, системот за оценување и определување инвалидитет се карактеризира со сложеност, децентрализација, недостаток од координација и зависност од застарен медицински модел. За да се адресира овој проблем, Програмата за развој на Обединетите Нации соработува со црногорските авторитети и добива поддршка од ЕУ со цел носење позитивна промена во ова поле.

„Уживам да работам со машини. Создаваме кутии, корпи и магнети. Ги сечеме и составуваме. Има пријатна атмосфера за работа, се чувствувам како дома.“

Исмар Рамовиќ, вреден и весел работник од Тузи, е некој кој секој работодавец би посакал да го има во својот тим – вака го опишува Небојша Миликиќ, неговиот работодавец. По завршувањето на образованието, Исмар трпеливо чекал скоро три години додека не нашол работа. Денес, Исмар е дел од десеттемина со инвалидитет кои работаат за компанијата, каде специјализира во изработка на сувенири. „Уживам да работам со машини. Создаваме кутии, корпи и магнети. Ги сечеме и составуваме. Има пријатна атмосфера за работа, се чувствувам како дома,“ споделува Исмар.

За да го осигура своето право за работа, Исмар морал да исполни долги и сложени процедури, слично како и останатите лица со инвалидитет. Покрај медицинското оценување, Исмар морал да помине и две дополнителни комисии за оценување инвалидитет. „Средбата со комисиите ми предизвикуваше анксиозност. Бев загрижен затоа што не знаев дали ќе ми го одобрат месечниот надоместок,“ раскажува Исмар.

Со поддршка од проектот „Реформа на националниот систем за оценување инвалидитет“, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Програмата за развој на ОН; во соработка со Владата на Црна Гора и невладините организации, се воспоставил централизиран процес за оценување и евалуација на инвалидитет и потреби на сите поединци со инвалидитет. Оваа реформа има за цел да ги поедностави процедурите и да елиминира околу 30 различни комисии.

Главната цел на оваа реформа е да го олесни остварувањето на правата на лицата со инвалидитет на пофер начин. Медицинскиот модел ќе биде заменет со модел за оценување инвалидитет заснован на човекови права. Како резултат, преку 50000 лица со инвалидитет во Црна Гора ќе можат полесно да ги остварат своите права, со значително намалени административни процедури.

„Посакувам да можев да ги завршам сите административни процедури на едно место и без чекање. Не сакам гужви и чекање.“

За проектот

Посебната цел на проектот „Реформа на националниот систем за оценување инвалидитет“, финансиран од ЕУ, е реформирање на националниот систем за оценување и утврдување инвалидитет. Реформата ќе им овозможи на лицата со инвалидитет да уживаат рамноправен третман, полесен и еднаков пристап до сите права на социјално осигурување и подобри перспективи за општествена инклузија. Проектот има за цел да ги оствари следните резултати: развој и усвојување на нови стандардизирани и унифицирани критериуми за инвалидитет засновани на функционалност и способности, како и институционална реорганизација преку намалување на тековните 26 комисии (со околу 120 платени експерти соработници) во една единствена комисија.

„Посакувам да можев да ги завршам сите административни процедури на едно место и без чекање. Не сакам гужви и чекање,“ вели Исмар. Во Црна Гора, лицата со интелектуален инвалидитет честопати се соочуваат со недостаток од разбирање, поддршка и прифаќање од општеството. Но, искуството на Исмар е различно. „Се социјализирам со колегите на работа, а често одиме и заедно на кафе. Понекогаш играме фудбал и кошарка,“ додава тој.

Според неговиот работодавец, Небојша, Исмар доживеал исклучителен напредок и станал составен дел од неговиот тим. „Преку неговата работа и достигнувања, Исмар придонесува не само за себе и за нашата компанија, туку и за општеството како целина. Придонесот на останатите 15 работници не може да се спореди со придонесот на Исмар и останатите поединци со инвалидитет кои работат тука,“ вели Небојша.

Владата овозможува придобивки за работодавците кои вработуваат лица со инвалидитет, вклучително и субвенции за плати и средства за адаптација на работното место. „Неопходно е да се обезбедат работни задачи соодветни на нивните способности, а тогаш успехот е загарантиран. Ги охрабрувам сите работодавци да го следат мојот пример и да вработуваат лица со инвалидитет. Сигурен сум дека нема да зажалат,“ охрабрува Небојша.

Отворен повикот за Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2023

Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2023 веќе прифаќа пријави за годинешното издание. И оваа година, престижната награда оддава признание на истражувачките приказни објавени во минатата календарска година и е отворена за новинари од Западен Балкан и Турција.  
Годинава, покрај државните награди, воведена е и регионална награда за најдобрите приказни од целиот регион засновани на јасно дефинирани критериуми. Новата категорија е возбудлив развој кој ќе ги охрабри новинарите да размислуваат надвор од националните граници и да се интересираат за прашања кои го засегаат целиот регион.  
Годинешниот фонд на наградата за секоја држава е 10000 евра, а фондот за регионалните награди изнесува, исто така, 10000 евра. Наградени се трите најдобри приказни на годината, а износот на државните и регионални награди е: 5000 евра (прво место), 3000 евра (второ место) и 2000 евра (трето место).  
Приказните кои можат да бидат номинирани треба да придонесуваат за слободата на изразување, владеењето на правото и транспарентност. Треба да опфаќаат палета теми кои ги тангираат државните и регионалните економии, предизвиците на државите при процесите на интеграција во ЕУ и проблеми како организиран криминал, корупција, пораст на екстремизам, различни форми на странско влијание, кршење на човекови права; вклучително и оние во дигиталната сфера, како и други теми со кои јавноста, инаку, не би била запознаена.  
Номинациите можат да бидат за државната или регионалната награда или, пак, за двете истовремено, а оваа можност доаѓа преку самата апликација. Дополнително, еден кандидат може да се пријави со неколку приказни.  
Добитниците на државни награди во регионот на Западен Балкан и Турција автоматски стануваат кандидати за регионалната награда за истражувачко новинарство на ЕУ, доколку така е наведено во нивната апликација. Жирито за државните и регионалните награди е составено од локални и меѓународни експерти за медиуми, уредници, членови на академската заедница и новинари со заслуги.

Младите европски амбасадори на Денот на Европа 2023 во Брисел

Младите европски амбасадори од Западен Балкан беа поканети да учествуваат на годинешната прослава на Денот на Европа во Брисел, Белгија, заедно со другите млади европски амбасадори од соседството на ЕУ и Јужното соседство. Вкупно 12 млади европски амбасадори од Западен Балкан добија можност да стапат во интеракција со своите врсници и претставници од ЕУ и соседските региони, како и да учествуваат на најразлични настани.

 

Младите европски амбасадори се вклучија во дискусии со различни единици во рамки на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување („DG NEAR“), со што добија увид во проектите и домените на кои се фокусира „DG NEAR“. Дополнително, имаа прилика да се запознаат со колеги млади европски амбасадори од Источното соседство и Јужното соседство на ЕУ. Исто така, го посетија универзитетот „Колеџ на Европа“ во Бруж каде што се вклучија во дискусии со ректорот на универзитетот, г-ѓа Федерика Могерини, во врска со улогата на младите и академската заедница. На последниот ден од активностите, организираа спектар различни настани за време на Отворениот ден во Берлемон, претставувајќи го регионот на Западен Балкан на креативен начин.

Кампањата „ОД НАС НАПРАВЕНО“ денес пристигнува во БиХ

Кампањата „Од нас направено – патување низ ЕУ и Западен Балкан“, финансирана од ЕУ, а до вас доведена од страна на „WeBalkans“, неделава продолжува во БиХ. Кампањата за сензибилизација има за цел промовирање позитивна слика за ЕУ меѓу луѓето од Западен Балкан и обратно. Протагонисти на кампањата се 12 млади влогери од ЕУ и Западен Балкан кои ќе патуваат ширум регионот, во парови. Секој пар ќе ги споделува искуствата од патувањето преку креирање сопствена онлајн содржина.

 

Делегацијата на ЕУ во БиХ беше домаќин на медиумски „бранч“ за објавување на почетокот на патувањето во БиХ. Орели Валта, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ во БиХ, и Патрик Туросик, заменик шеф на мисијата и конзул при амбасадата на Словачка во БиХ, ги поздравија влогерите и ги пофалија за нивниот придонес за промовирање на ЕУ и БиХ.

 

Влогерите Милош Кузмановиќ (@miloskuzmanov1c) од БиХ и Симона Гавалкова (@vecinko) од Словачка, денес поаѓаат на нивното патување. Ќе патуваат седум дена, од 9. април до 15. мај, прикажувајќи го најдоброто од БиХ, како и инвестиции од ЕУ во регионот. Ќе посетат различни места; вклучително и историскиот град Травник, проекти поврзани со човекови права и туристички бизниси поддржани од ЕУ. Ќе го посетат и Музејот за детството во војната, добитник на награда од ЕУ, кој е целосно посветен на искуствата на децата кои растеле за време на војната; меѓу проектите финансирани од ЕУ ќе го посетат проектот „Старата железничка патека“ („The Old Rail Trail“) кој вклучува поставување велосипедска патека на стариот железнички пат, а ќе го посетат и кампот за сплаварење „Енцијан“, сместен на течението на реката Тара – една од најубавите реки во Западен Балкан.

 

Кампањата започна на 18. април и ќе трае до 30. мај, а секоја недела фокусот ќе биде ставен на една од шесте партнерски држави од Западен Балкан. Влогерите ќе покријат вкупно 18 проекти, поддржани од ЕУ; 6000 километри со автомобил, и ќе запознаат бројни интересни и инспиративни локалци во текот на патувањето; прикажувајќи ги, истовремено, природните пејзажи, исклучителните обележја и уникатното културно наследство кое го нуди Западен Балкан. Дванаесетте влогери со своја опрема ќе ги снимат искуствата и ќе ги споделат на каналите на социјалните медиуми, трансформирајќи го своето патување во висококвалитетни содржини за социјалните медиуми и Интернет, слики и видеа, кои ќе бидат споделени на каналите на „WeBalkans“.

 

Не пропуштајте ниту една секунда од ова возбудливо патување – заследете ги веднаш „WeBalkans“ и сите влогери на Инстаграм!

Возобновување на иконичната венецијанска кула во Албанија

Проект, финансиран од ЕУ, ја трансформира Венецијанска кула во мултимедијален центар

Венецијанската кула е значајна историска одбранбена структура лоцирана во Драч, Албанија. Дел е од Византиското кале во Драч, кое било едно од најмоќните тврдини на западниот брег од Јадранското море. Сегашната тврдина е дело на раната кампања за изградба на византискиот император Анастасиус I (491 – 518), кој потекнувал од Драч, исто така познат под името Дирахиум. Венецијанската кула, изградена за време на XV век, била соѕидана на остатоците од Византиската кула и била опремена со топови за да го брани градот од морските напади. Кулата била специјално дизајнирана за артилерија и функционирала како неопходна точка за набљудување на околното подрачје.

Овој прекрасен споменик на културно наследство и градско обележје претрпи штета во земјотресот од 2019 година, но оттогаш е извршена реставрација со поддршка на проектот „EU4Culture“. Овој проект беше финансиран од ЕУ, а спроведен од „UNOPS“ во соработка со Министерството за култура на Албанија. Реставрацијата, која вклучи мултимедијална опрема, располагаше со буџет од 700000 евра. Исто така, дополнителни 300000 евра беа инвестирани во развивање мултимедијални содржини.

„Со години немаше интервенции на овој споменик, а штетата предизвикана од земјотресот ја влоши ситуацијата. Споменикот ќе беше сериозно оштетен без оваа интервенција овозможена со поддршка од ЕУ.“

Албан Рамохитај, директор на музејскиот центар во Драч, објаснува дека земјотресот во 2019 година предизвикал сериозна штета на Венецијанската кула, како од внатрешната, така и од надворешната страна. „Со години немаше интервенции на овој споменик, а штетата предизвикана од земјотресот ја влоши ситуацијата. Споменикот ќе беше сериозно оштетен без оваа интервенција овозможена со поддршка од ЕУ,“ вели Албан.

Лејла Хаџиќ, советничка за културно наследство во рамки на проектот „EU4Culture“, забележува дека иако немало позначајни проблеми со структурата на кулата, неопходна била интервенција за зачувување. „Ги отстранивме сите дополнувања во несоодветни материјали или материјали кои не се во согласност со историскиот материјал и ги заменивме со соодветни материјали кои се среќаваат во речникот на традиционалните материјали и техники кои се користеле во времето кога кулата била изградена,“ вели Лејла.

Покрај работите за конзервација, проектот „EU4Culture“ придонел и за промоција на технолошко унапредување на кулата. Со поддршка на проектот, Венецијанската кула ја трансформирале во најсовремен центар за наследство. Овој центар на посетителите им овозможува да ги истражат историските настани и места преку најразлични дигитални и мултимедијални алатки; како, на пример, очила за виртуелна реалност, дигитални перископи, мултимедијални проекции на куполата и останати активности кои комбинираат забава и подлабински увид во античката историја на градот.

„Но, кога соодветно се употребени, реставрираните споменици не само што остануваат добро одржани, туку служат како идни генератори за секторот на културно наследство.“

За проектот

Проектот „EU4Culture“ е финансиран од ЕУ, а имплементиран од Канцеларијата за проектни услуги на Обединетите Нации („UNOPS“), во блиско партнерство со Министерството за култура на Албанија. Проектот се фокусира на реновирање и возобновување на главните локалитети на културно наследство оштетени во земјотресот и претставува една од најголемите програми за културно наследство финансирани од ЕУ со вкупен буџет од 40 милиони евра.

Според професионалците за конзервација, неопходно е реставрираните објекти да се стават во употреба за да осигура нивното одржување. Во државите во кои буџетите за култура се лимитирани, запоставените споменици честопати пропаѓаат поради недоволно одржување. „Но, кога соодветно се употребени, реставрираните споменици не само што остануваат добро одржани, туку служат како идни генератори за секторот на културно наследство,“ вели Лејла.

Лејла објаснува дека пред реставрацијата не биле достапни влезници за Венецијанската кула. Меѓутоа, по интервенцијата, сите три објекта поддржани од проектот „EU4 Culture“ во Драч – Амамот, Археолошкиот музеј и Венецијанската кула – ќе воведат влезници за посетителите и на овој начин директно ќе придонесуваат за буџетот за културно наследство.

Намалување на цените за роаминг на податоци помеѓу Западен Балкан и ЕУ

38 телекомуникациски оператори од ЕУ и Западен Балкан се согласија да го направат роамингот на податоци помеѓу Западен Балкан и ЕУ попристапен за граѓаните и бизнисите во двата региона; во процес поддржан од Регионалниот совет за соработка и Европската комисија. Овој договор е во согласност со Декларацијата за роаминг потпишана во декември на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана.  
Со нивното доброволно согласување, операторите се посветуваат на значајно намалување на јазот помеѓу домашните цени за користење податоци и цените во роаминг; во двете насоки помеѓу ЕУ и Западен Балкан. Максималните малопродажни цени за 1 гигабајт ќе се намалат, од октомври 2023 до 2028 година, по следниот ред: 18 евра од октомври 2023, 14 евра од 2026 и 9 евра од 2028 година. Предвидени се годишни извештаи за оценување и предвидување на влијанието и идните мерки.  
Предводникот на договорот, комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархелеј, изјави: „Градејќи го успехот на режимот „Во роаминг исто како и дома“, за ЕУ и Западен Балкан, го поздравувам потпишувањето на овој доброволен договор помеѓу 38 телекомуникациски оператори. Намалувањето на цените за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан од 1. октомври, годинава, ќе донесе бројни придобивки за граѓаните и бизнисите во ЕУ и Западен Балкан. Посветени сме да го дадеме својот максимум за да ја забрзаме интеграцијата на Западен Балкан на нашиот единствен пазар.“  
Воведувањето ограничувања на цените се очекува да ги намали цените за роаминг за корисниците кои патуваат меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ценовните ограничувања ќе ги охрабрат и поедностават деловните, културните, туристичките и другите размени помеѓу ЕУ и Западен Балкан и ќе ги зајакнат врските помеѓу овие соседски региони. Во моментов, операторите работаат на креирање производи со цени пониски од оние наведени во ценовните ограничувања кои ќе бидат достапни за купување за најголемиот можен број корисници.  
Сите останати телекомуникациски оператори од ЕУ и Западен Балкан се добредојдени да се приклучат на иницијативата.

Објавени добитниците на Европската награда за интеграција на Ромите во Западен Балкан и Турција за 2023 година

На 27. април, Европската комисија ги објави 14-те добитници на петтата Европската награда за интеграција на Ромите во Западен Балкан и Турција. Годинешната награда оддава признание на достигнувањата за промовирање на инклузија на Ромите во рамки на Дигиталната агенда и зелена економија. Церемонијата за доделување на наградите се одржа во склоп на Европската недела на Ромите 2023 (од 24. до 27. април 2023 г.), чиј домаќин беше Европскиот парламент.

 

Оливер Вархелеј, комесарот за соседство и проширување, изјави: „Честитки на сите добитници за нивната одлична работа! Се надевам дека оваа награда ќе помогне за проширување на нивните значајни активности; за да можат да инспирираат и други чинители кои сакаат да ја подобрат ромската заедница.“

 

Започната пред 10 години, Европската награда за интеграција на Ромите во Западен Балкан и Турција има за цел да ја потенцира важноста на интеграцијата на Ромите во процесот за проширување на ЕУ, како и да покаже одлучност и посветување за подобрување на општествената инклузија на Ромите во општеството и да овозможи вистински резултати на терен.

 

Преку оваа награда, ЕУ оддава признание за сите напори и резултати за засилување на Ромите со цел постигнување на нивниот целосен потенцијал како рамноправни членови на сите општества во кои живеат и работат. Фокусот на годинешното издание е инклузија на Ромите во Дигиталната агенда и зелената економија, кои претставуваат нови можности за подобрување на положбата на ранливите жени и мажи Роми, како и на младите Роми во регионот, во иднина. Динамиката на инклузија на Ромите е погодена од општествениот напредок, вклучително и полето на дигитална агенда и зелена економија и мораме да се осигураме дека Ромите нема да бидат изоставени. Затоа, со цел подобрување на условите за живот на Ромите и нивно учество, особено е важно да градиме силни мерки кои одговараат на овие предизвици; преку овозможување прилики за олеснување на пристапот до образование и вработување, здравство и социјални услуги, како и преку мобилизација на заедницата.

 

Победничките организации на граѓанското општество добија парична награда од 7500 евра за прво место, односно 4500 евра за второ место, а победниците од приватниот и јавниот сектор добија непарични награди. Сите победници добија студиска посета во Брисел, трофеј и сертификат за награда.

Денес, во Северна Македонија, пристигна кампањата „ОД НАС НАПРАВЕНО“

Кампањата „Од нас направено – патување низ ЕУ и Западен Балкан“, финансирана од ЕУ, а до вас доведена од страна на „WeBalkans“, неделава пристигна во Северна Македонија. Кампањата за сензибилизација има за цел промовирање позитивна слика за ЕУ меѓу луѓето од Западен Балкан и обратно. Протагонисти на кампањата се 12 млади влогери од ЕУ и Западен Балкан кои ќе патуваат ширум регионот, во парови. Секој пар ќе ги споделува искуствата од патувањето преку креирање сопствена онлајн содржина.

 

Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија беше домаќин на медиумски „бранч“ за објавување на почетокот на патувањето во Северна Македонија. Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Северна Македонија, ги поздрави влогерите и ги пофали за нивниот придонес за промовирање на ЕУ и Северна Македонија.

 

Влогерите Елена Василевска (@vasilevska_elena) од Северна Македонија и Ник Ван Путт’ (@traveltower) од Белгија, денес поаѓаат на нивното патување. Ќе патуваат седум дена, од 2. до 8. мај, прикажувајќи го најдоброто од Северна Македонија, како и инвестиции од ЕУ во регионот. Ќе посетат различни места; вклучително и историскиот град Охрид, иновативни проекти и туристички бизниси поддржани од ЕУ. Меѓу проектите, финансирани од ЕУ, кои ќе ги посетат се: Авантуристичкиот парк Скопје; проект кој им овозможува на жителите на Скопје да искусат авантуристичка забава; и извидничкиот камп Струга – познат камп за одмор во близина на градот Струга; како и Хераклеја Битола – еден од најпознатите археолошки локалитети во Северна Македонија.

 

Кампањата започна на 18. април и ќе трае до 30. мај, а секоја недела фокусот ќе биде ставен на една од шесте партнерски држави од Западен Балкан. Влогерите ќе покријат вкупно 18 проекти, поддржани од ЕУ; 6000 километри со автомобил, и ќе запознаат бројни интересни и инспиративни локалци во текот на патувањето; прикажувајќи ги, истовремено, природните пејзажи, исклучителните обележја и уникатното културно наследство кое го нуди Западен Балкан. Дванаесетте влогери со своја опрема ќе ги снимат искуствата и ќе ги споделат на каналите на социјалните медиуми, трансформирајќи го своето патување во висококвалитетни содржини за социјалните медиуми и Интернет, слики и видеа, кои ќе бидат споделени на каналите на „WeBalkans“.

Говор на претседателката фон дер Лајен на Неделата на Ромите 2023, преку видео порака

Почитувани членови на Европскиот парламент,
Драги претставници на ромските заедници,
Млади Роми, академици, општествени партнери и граѓанско општество,
Дами и господа,  
Нашите демократии се засноваат на едноставно ветување: Еднакви права за сите граѓани. Тука не станува збор за тоа како некој изгледа, кој јазик го зборува или, пак, кое презиме го носи. Демократиите мораат да го исполнат тоа што се очекува од нив. Знаеме дека ова не се случува секогаш. За многумина од шесте милиони Роми Европејци, овие еднакви права не се целосно дадени. Ромите сè уште се соочуваат со предизвици при барањето работа или стан. Тажно беше да се види дека бројни Роми, бегалци од Украина, беа соочени со тешкотии и дискриминација при доаѓањето во Унијата. Ромите во Европа сè уште се соочуваат со навреди и клевети на улиците, во медиумите и, честопати, во политичките говори. Ова мора да се промени. И може да се промени. Во демократиите, напредокот е секогаш возможен; дури и најдлабоко вкоренетите предрасуди и дискриминации можат да бидат искоренети доколку јавните авторитети и граѓанското општество работат рамо до рамо со заедничка визија за движење кон еднаквост и еднакви права.  
Затоа, во 2020 г., предложивме нова стратешка рамка за Ромите во ЕУ; со цел постигнување еднаквост, инклузија и учество. Сведоци сме на позитивна промена ширум Унијата. Во Романија, на пример, нашиот Европски план за закрепнување, „NextGenerationEU“, им помага на ромските семејства да добијат пристап до здравството и до матичен лекар. Во Белгија, младите Роми кои бараат работа добиваат обука и менторство благодарение на фондовите на ЕУ. Полска вработува повеќе културни медијатори за поддршка на децата Роми во училиштата. Додека, пак, во Италија; за првпат беше поставен меморијален камен, Stolperstein“, за одбележување на сеќавањето за еден млад Ром депортиран во нацистички концентрационен логор. Споменикот беше поставен на плоштадот каде што младичот свирел на виолина. Ова се значајни чекори напред. Во правец на инклузија. Во правец на поголема свесност за ромското наследство и неговиот придонес за европското културно наследство. Во правец на поголема еднаквост за сите Европејци.  
Напредокот мора да продолжи. Мораме да ги ставиме правата на Ромите во центарот на нашата политичка агенда. Од овие причини, минатиот јануари, направивме прва проценка на новите национални стратегии за Ромите. Ја потенциравме важноста за поттикнување иницијативи и добри практики ширум Европа. Но, најкритичните прашања по однос на кои останува најмногу работа се, на пример, борбата против антициганизмот и сегрегацијата. За да се подобри квалитетот на живот на Ромите, Стратегијата за Роми на ЕУ постави прецизни цели кои треба да се исполнат до 2030 година. Тука спаѓаат намалување, за 50 %, на невработеноста кај Ромите и нивното учество во раното детско образование. Бројни земји-членки ги поставија своите национални цели. Тоа ќе ни овозможи мониторирање и мерење на нашиот напредок со цел напредување во нашето патување кон еднаквоста.  
Градењето Унија заснована на еднаквост бара соодветни политики и цели. Но, исто така, што е уште поважно, размени со граѓанското општество. Размени со ромските заедници, со невладините организации кои се борат за еднакви права, со културните здруженија кои ја промовираат ромската култура во Европа. Вашиот глас мора да биде чуен. Ромските гласови мораат да бидат чуени. Како во институциите, така и во јавните дебати во нашите општества. Затоа, ви благодарам за организирањето и присуството на овој важен настан. Дозволете ми да ви посакам пријатна Недела на Ромите.  
Ви благодарам.