Skip to main content

Медиумски интегритет во време на дезинформации

Обележувајќи ја 30 годишнината од почетокот на војната во БиХ, и тоа во време на руската агресија против Украина; Европската служба за надворешно дејствување ги обедини водечките меѓународни новинари и младите новинари од Западен Балкан, во соработка со Делегацијата на ЕУ во БиХ, со цел дискутирање во врска со медиумскиот интегритет во време на дезинформации.

 

Панел-дискусија составена од најреномираните меѓународни новинари кои оставиле неизбришлив печат врз новинарството во последните 30 години беше дел од настанот во Сараево. Новинарите се приклучија од различни градови ширум Европа: Кристиан Аманпур (Christiane Amanpour) (CNN) и Реми Урдан (Rémy Ourdan) (Le Monde) од Украина, Хавиер Еспиноса (Javier Espinosa) (El Mundo) од Мадрид, Роџер Кохен (Roger Cohen) (The New York Times) од Париз и Ед Вулиами (Ed Vulliamy) (The Guardian and Observer) од Лондон; додека, пак, Аида Чекрез (поранешна дописничка на „Associated Press“ од БиХ) и Надина Маличбеговиќ (Al Jazeera Balkans) беа во Сараево заедно со Филип Лукиќ (N1 Belgrade) кој ја водеше дискусијата.

 

Учесниците дискутираа за предизвиците на военото допишување, улогата на новите технологии, етиката и професионализмот, дезинформациите, медиумската манипулација и безбедноста на новинарите. Информациската манипулација и дезинформациите се, исто така, предизвик и во време на мир; бидејќи целат кон антагонизирање и поларизирање на општествата, продлабочување на тензиите, измамување на јавноста и, најнакрај, дестабилизирање на општествата и демократијата.

 

Дваесет млади новинари од регионот на Западен Балкан допатуваа во Сараево за да учествуваат во дискусијата, како дел од поширока студиска посета која имаше за цел да им обезбеди прилика да научат од врвни експерти во доменот, но, исто така, и еден од друг. Проектот е дел од напорите на „EEAS Stratcom Western Balkans Task Force“ за подигнување свест и поттикнување отпор кон информациската манипулација и дезинформациите; со цел поддршка на способноста на општествата во Западен Балкан да се справат со предизвикот кој го носат дезинформациите. Инвестирањето во слобода на медиумите и професионално новинарство е значаен дел од справувањето со дезинформациите, затоа што помага за градење на добро информирани општества и силни демократии.

 

Настанот зазеде место во Сараево, и онлајн, на 7. април. Сесијата беше проследена на глобално ниво и доби значително влијание во локалните и регионални медиуми со тоа што неколку ТВ станици ја емитуваа во живо.

Фондот Западен Балкан потпишува договор со добитниците на првата регионална грант шема

Во присуство на повеќе од 100 реномирани гости, Фондот Западен Балкан (Western Balkans Fund (WBF)) ги пречека 30-те добитници на Првата регионална грант шема ко-финансирана од Европската Унија. Избраните предлози ќе бидат финансирани преку Инструментот за претпристапна помош во рамки на проектот „Поддршка за промоција на регионалните акции на граѓанското општество во Западен Балкан“.

 

Неговата екселенција Алекс Ипин, вршител на должност при Делегацијата на ЕУ во Албанија, зборуваше во име на ЕУ. Тој изјави: „ЕУ е, всушност, проект започнат врз основа на идејата за добрососедски односи. Ако ја погледнеме тековната ситуацијата во ЕУ, пресвртот на настаните во соседството, војната во Украина; сето ова ја потенцира важноста на добрососедските односи, почитта на суверенитетот и територијалниот интегритет.“

 

Апликациониот процес за првиот ко-финансиран повик за предлози беше отворен на 8. ноември 2021 година, а беа поднесени 207 проекти кои вклучуваат 750 чинители. Процесот на евалуација беше спроведен во првиот месец од годинава, со помош од надворешни експерти. 30-те победнички проекти се насочени кон клучни прашања; како, на пример: зелена и дигитална економија, човекови права, родова еднаквост, образование, истражување и културна соработка.

 

Фондот Западен Балкан е меѓународна организација основана во 2017 година од страна на министерствата за надворешни работи во регионот на Западен Балкан. Пред креирањето на ко-финансираната грант шема, Фондот Западен Балкан отпочна и три дополнителни успешни повици за предлози преку кои се финансираа 68 проекти со вкупно 10000 директни корисници.

Објавени учесниците во Глобалната програма за културни односи

Платформата за културни односи ги објави учесниците во Глобалната програма за културни односи за 2022 година. Селектираните 40 иноватори и  носители на промени, избрани за Глобалната програма за културни односи 2022, беа селектирани од преку 2000 апликации за учество во водечката програма за обука преку платформата за културни односи наменета за креативни професионалци ширум светот. Опфатени се 40 националности, вклучително и Западен Балкан, како и бројни сектори; меѓу кои и изведувачките уметности, музиката, аудио-визуелните уметности, културното наследство и визуелните уметности.

 

Како дел од Глобалната програма за културни односи, од 10. до 13. мај, учесниците ќе добијат можност за поврзување, споделување искуства и идеи, надградување на вештините од доменот на меѓународни културни односи и развивање на меѓународен културен проект.

 

Платформата за културни односи е проект, финансиран од ЕУ, кој ги поврзува културните практикувачи ширум светот во заеднички дијалог, размена и соработка. Исто така, обезбедува и експертиза за Европската Унија во полето на меѓународни културни односи.

„TAIEX“ ја поддржува локалната власт во Црна Гора во борбата против морското загадување

Според еколошката програма на ОН, секоја минута во океанот се фрла смет колку што собира еден камион за отпадоци. Ваквата ситуација е штетна не само за морскиот екосистем, туку и за човекот; преку честичките микропластика во прехранбениот ланец.

 

На 10. и 11. април, инструментот на Европската комисија за техничка помош и информациска размена (TAIEX), во соработка со општината на градот Будва, организираше работилница, за справување со пластичен отпад, наменета за сите општини на црногорското крајбрежје. Претставници на централните институции и невладиниот сектор се приклучија, исто така,  во настанот со цел споделување идеи со експерти на ЕУ од Словенија и Белгија.

 

Учесниците се согласија дека се потребни повеќе иницијативи за рециклирање со што би се соочиле со овој проблем во Јадранското море. Разменија, исто така, идеи за начинот на кој можат да ги мотивираат граѓаните со цел намалување на користењето на пластика за еднократна употреба. Кристоф Делаттер, шеф на одделот за стратегија и политика при Агенцијата за управување со отпад во Фландрија (Белгија), покажа како Белгија успеа да достигне намалување на домаќинскиот отпад преку спој од законски иницијативи и комуникациски кампањи. Штефан Трдан, од Институтот за вода во Словенија, ја објасни важноста од прибирањето информации во врска со управувањето со отпад и покажа како општините можат да ги користат истите во комуникациските акции насочени кон трајни и обновливи резултати.

 

Настанот во Будва ја отпочна втората фаза на иницијативата „TAIEX“ која треба да понуди стратешка поддршка за локалните авторитети во Западен Балкан кои работат директно со локалните и регионални авторитети со цел споделување на најдобрите пракси за јавна политика на ЕУ. Наскоро, ќе се организираат повеќе локални работилници и експертски мисии на теми поврзани со екологијата и животната средина.

1,9 милиони евра за поголема соработка помеѓу Србија и Северна Македонија

Претставници на Министерството за европски интеграции на Србија, оперативните структури на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2016-2020 година и Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија во соработка со Министерството за финансии на Србија го претставија вториот јавен повик за унапредување на прекуграничната соработка помеѓу Србија и Северна Македонија на онлајн-конференција.

 

Помошникот министер за европски интеграции Михајило Дашиќ на онлајн-конференцијата истакна дека Програмата Србија – Северна Македонија овозможила надградба на постоечките капацитети и го отворила патот за соработка што недостасува, со цел да се подобри животот во локалните и пограничните области со иновативни и одржливи решенија за заедничките проблеми.

 

На конференцијата беа претставени седум проекти реализирани во рамки на првиот повик, како што се „Семиња за инклузија – социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“, „Подобрување и заштита на здравјето на луѓето и животната средина преку намалување на ризикот од загадување со ефикасно управување на отпадот“ и „Помалку ѓубре, помали ризици, подобро здравје“.

 

Предлози на проекти за вториот циклус на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија  која предвидува речиси 1,9 милиони евра за промовирање на вработувањето, мобилноста на работната сила, социјална и културна иклузија, како и за поттикнување на туризмот, културното и природното наследство на двете земји, може да се поднесат до 8 јуни.

Нови грантови за граѓанското општество за зајакнување на партиципативна демократија

Европската унија лансираше Повик за предлози во склоп на новата програма вредна 18 милиони евра за зајакнување на партиципативните демократии и интеграцискиот процес на ЕУ во Западен Балкан и Турција. Повикот во склоп на Програмата на ЕУ за граѓанско општество и медиуми за Западен Балкан и Турција за 2021-2023 година (EU Civil Society Facility and Media Programme for the Western Balkans and Turkey for 2021-2023) има за цел да ја зајакне регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето.

 

Во рамките на овој повик за предлози ќе бидат доделени повеќе грантови за формирање и поддржување на регионалните тематски мрежи на граѓански организации (CSOs) кои имаат за цел да го подобрат коалицирањето и градењето на капацитети за зголемено влијание на овие организации врз релевантните секторски реформи. Повикот исто така поставува визија за под-грантови за неформални граѓански здруженија ширум регионот преку овие мрежи. Повикот ги опфаќа следниве области:

  -Добро управување, владеење на право и антикорупција -Човекови права, анти-дискриминација и интеркултурен дијалог -Зелена и дигитална транзиција -Медиумска слобода и слобода на изразување, вклучувајќи и спротивставување на дезинформациите и погрешните информации -Мали проекти за поддршка на добрососедски односи помеѓу Србија и Косово -Квалитетно новинарство    

Приоритетите на повикот се во склад со Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан (Economic and Investment Plan for the Western Balkans) кој има за цел да  го поттикне закрепнувањето на регионот преку поддршка на општествено-економскиот развој и спроведувањето на реформите кои се потребни за да се придвижи напред на патот кон ЕУ, како и преку приближување на Западен Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ. Му нуди помош на регионот преку инвестиции и иницијативи во областа на транспортот, енергетиката, дигиталната транзиција, зелената агенда, поддршката на приватниот сектор, економската интеграција, иновацијата и поддршката за развој на човечки капитал.

12 милиони евра за Србија од Фондот за солидарност на ЕУ

На 13 април Јадранка Јоксимовиќ, министерката за евроинтеграции и национален координатор за Инструментот за претпристапна помош (Instrument for Pre-accession Assistance), во име на Република Србија го потпиша Договорот за доверба со кој Европската унија ѝ обезбедува на државата грант од околу 12 милиони евра. Финансирањето доаѓа од Фондот за солидарност на ЕУ и е наменет за финансирање на итни активности во борбата против Ковид-19, како и за имплементирање на други мерки за да му се помогне на српскиот здравствен систем, преку покривање на некои од трошоците кои настанале за време на кризата на јавното здравство како резултат на пандемијата.

 

Емануеле Жофре, Амбасадорот на ЕУ во Србија, го опиша грантот како „уште еден израз на нашата посветеност во поддржувањето на Србија во борбата со пандемијата.“ Тој изјави: „Во борбата против Ковид, ЕУ застана рамо до рамо со Србија уште од самиот почеток. Финансиравме карго летови за транспорт на медицински средства, финансиравме здравствени работници и значително ѝ помогнавме на Србија да купи вакцини, како и да добие амбулантни возила и заштитни маски. Во период подолг од 20 години, ЕУ има инвестирано повеќе од 516 милиони евра во здравствениот сектор на Србија. Голем број од болниците ширум земјата се финансирани од ЕУ.“

 

По одлуката од 2021 на Европската комисија, Фондот за солидарност на ЕУ обезбеди 530 милиони евра за борбата против Ковид-19. Парите се распределија помеѓу 17 земји-членки и три земји со статус на кандидат. Србија доби средства за купување на дезинфектанти, лична заштитна опрема и медицинска опрема на почетокот на пандемијата.

ЕУ во Косово го одбележа Светскиот ден на културното наследство

Со цел одбележување на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, познат и како Светски ден на културното наследство, амбасадорот Томаш Суњог, шеф на ЕУ канцеларијата и специјален ЕУ претставник во Косово, на 19 април го посети археолошкиот парк „Улпијана“ кој во моментов користи проект финансиран од ЕУ во вредност од 1 милион евра.

 

Археолошкиот парк „Улпијана“, кој е менаџиран од косовското Министерство за култура, млади и спорт (MCYS) и неговиот Археолошки институт (AIK), добива поддршка од бројни меѓународни организации и дипломатски канцеларии и амбасади во Косово, чии претставници се приклучија на посетата. „Одбележувањето на Светскиот ден на културното наследство е навистина важно бидејќи нè потсетува на разноликоста на нашето заедничко културно наследство, неговата ранливост и напорите кои треба да ги вложиме за да го заштитиме и сочуваме“, рече Амбасадорот Суњог.

 

Проектот „Европска археолошка мисија во Косово: од Улпијана до Јустинијана Секунда“ (European Archaeological Mission in Kosovo: from Ulpiana to Iustiniana Secunda) беше лансиран на 14 декември 2021. Ги користи резултатите од претходни ЕУ-финансирани геофизички истражувања на поширокото подрачје на Улпијана и во следните три години ќе придонесе за понатамошни археолошки истражувања и ископувања, како и сочувување на наодите. Проектот е имплементиран од страна на Институтот за археологија на француската Виша нормална школа – еден од најискусните институти за археологија на Медитеранот и Централна Азија – во блиска соработка со косовското Министерство за култура, млади и спорт (MCYS) и неговиот Археолошки институт (AIK).

 

ЕУ ја поддржува заштитата и сочувувањето на локалитетите од културно наследство во Косово, вклучувајќи ги и kulla/kula ѕиданите куќи и верските знаменитости и споменици, уште од 2000 година. Досега има инвестирано повеќе од 14,7 милиони евра во оваа област.

 

ЕУ останува најголемиот давател на финансиска помош во Косово.

YEAs во Скопје се приклучија на кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“

Во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ се одржа креативен настан за млади лица, како дел од кампањата насловена „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“  (“Block the Hatred. Share the Love!”) која се води од ЕУ и Советот на Европа. Целта беше преку настанот да се подигне свеста кај младите за разните форми на говор на омраза и дискриминација насочени кон специфични заедници и поединци, како и промоција на разни начини за спречување на говорот на омраза. Тоа подразбира и ширење на позитивни пораки за прифаќање и почитување на диверзитетот преку креативно изразување во форма на улична уметност и музика.

 

На настанот беа вклучени Млади европски амбасадори (YEA) од Северна Македонијa, a координаторот на YEA за Северна Македонија – Дона Срдиќ, која е воедно и „No Hate“ амбасадор на кампањата, сподели охрабрувачка порака за поддршка на разнолико општество без говор на омраза и дискриминација.

 

Оваа иницијатива за подигање на свеста ќе се шири и онлајн преку социјалните медиуми и останати канали, како и преку јавни настани. Во кампањата се вклучени истакнати јавни личности, институции и активисти за човекови права кои промовираат диверзитет и еднаквост во локалните заедници и регионот преку лични приказни, сведоштва и размена на добри практики.

 

Кампањата е имплементирана во рамките на иницијативата за „Промоција на диверзитет и еднаквост во Северна Македонија“ (Promotion of Diversity and Equality in North Macedonia) која е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Horizontal Facility for the Western Balkans and Turkey 2019-2022) на ЕУ и Советот на Европа.

Младите европски амбасадори во Албанија се состануваат со ромската младина

Настан организиран во рамки на Меѓународниот ден на Ромите вклучи десет Млади европски амбасадори и десет млади од ромската заедница во Албанија. Земајќи предвид дека Тирана е Европската младинска престолнина во 2022 година, целта на состанокот беше да се посвети внимание на ромската младина која студира и придонесува за заедницата во Албанија.

 

Дискусијата беше фокусирана на дневните предизвици и начинот на кој ромската младина се соочува со нив во Албанија. Останатите теми беа и досега сработеното за да се подобри пристапот на Ромите до основните права, образование и вработување. Заклучокот беше дека иако се постигнати подобрувања во насока на интеграцијата на Ромите и заштитата на човекови права, сè уште преостануваат бројни предизвици.

 

Најнакрај, учесниците дискутираа и се согласија за идна соработка за понатамошно зајакнување на ромската младина во Албанија.