Skip to main content

Отворен модернизиран „Дом на Европа“ („Europe House“) во Подгорица

ЕУ Инфо центарот во Подгорица беше реновиран, модернизиран и адаптиран на новите потреби на пошироката заедница, посветена на промоција на Европската Унија во Црна Гора. Овојпат, отворањето беше како „Дом на Европа“ („Europe House“), со церемонијална лента пресечена од страна на амбасадорката на ЕУ – Оана Кристина Попа, претседателот на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент – Дејвид МекАлистер и заменик премиерот и министерка за европски прашања – Јована Маровиќ.

 

Во своето обраќање, амбасадорката Попа ги спомна стотиците настани кои се организирани во ЕУ Инфо Центарот, обединувајќи илјадници луѓе од различни општествени сфери уште од отворањето во 2014 година.

 

„Тука беше местото за запознавање со ЕУ, нејзините иницијативи, политики и проекти. Но, времињата се променија. Имаме големи надежи за овој дом. Сакаме да стане центар за инспиративни идеи, иновативно размислување, вмрежување и активна дискусија. Како што се надеваме дека затворените врати поради пандемијата се зад нас, така се надеваме дека ова место ќе ги поврзе луѓето од сите страни на политичкиот и општествениот спектар. Се надеваме дека ќе биде извор на неопходниот стимул за дебата за европска интеграција, нашите вредности и нашата заедничка иднина,“ изјави Попа.

 

„Домот на Европа“ („Europe House“), дизајниран од Станислав Никичевиќ, е сместен веднаш до плоштадот Аргентина. Отворен е за граѓаните, институциите, медиумите и невладините организации кои работат на проекти од ЕУ или посакуваат да започнат со таков вид на работа. Дополнително на настаните и кампањите посветени на стандардите на ЕУ, „Домот на Европа“ е, исто така, отворен за организирање работилници, семинари, изложби, предавања, прес конференции и други промотивни настани.

Отворен е новиот повик за Млади европски амбасадори!

Новиот повик за апликации за Млади европски амбасадори беше отворен на 20. мај на webalkans.eu

 

Платформата Млади европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEA)) е креативна мрежа составена од млади активисти од Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но имаат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различноста. Заедно учат едни за други и за ЕУ, организираат креативни проекти, стекнуваат нови вештини, се поврзуваат преку социјалните мрежи и организираат инспиративни настани – секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најмоќната алатка за општествена промена.

 

Целите на мрежата се споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите од Западен Балкан, покажување на видливи резултати од оваа соработка, придонес за дијалог на најразлични теми и помош за издигнување на граѓанскиот активизам. Младиот европски амбасадор е активист кој се гледа себеси како добар комуникатор, желен да ги сподели вредностите на ЕУ и да учествува во проекти и настани поврзани со: интеграција во ЕУ, еколошка заштита, човекови права, уметност и култура, и нови технологии. Сите млади, меѓу 18 и 29 години, кои доаѓаат од Западен Балкан, се добредојдени да ги испратат своите апликации.

 

Аплицирањето трае од 20. мај до 30. јуни.

„Денови на зелена енергија“ во Косово обележани со 32 препораки за одржливост

Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Косово беше домаќин на конференција од висок ранг која се одржа во четвртокот, во Приштина, како дел од второто издание на „Денови на зелена енергија“. Балканската мрежа за истражувачко новинарство ја искористи приликата за да го претстави меморандумот за Косовскиот национален енергетски и климатски план кој вклучи 32 конкретни препораки за тоа како државата да се насочи кон енергетска ефикасност и 100 % обновлива енергија.

 

Земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и Косово, се согласија да изготват национален енергетски и климатски план кој ќе им помогне да ја испланираат својата енергетска иднина, на интегриран начин, во насока на енергетската политика на ЕУ. Како дел од Софиската декларација за Зелена агенда, потпишана во 2020, државите се заложија, исто така, и за ставање крај на употребата на сите фосилни горива до 2050 и намалување на стакленичките гасови до 2030 година. Додека се чека финализирање на конкретни енергетски цели за 2030 година, меморандумот определува јасни предлози за декарбонизација, засновани на блиска пазарна интеграција, флексибилно производство на електрична енергија и електрификација на косовските транспортни и грејни сектори.

 

Конференцијата од висок ранг беше одржана од Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Косово и нивните партнери; како дел од „Денови на зелена енергија“ во склоп на „Европеизација на косовската еколошка агенда“ – проект поддржан од Бирото на ЕУ во Косово, а имплементиран од „Bankwatch“, „BIRN Kosovo“, „ERA Group“ и „TV Mreža“.

ЕУ ја поддржува културата во Западен Балкан со иницијатива вредна 8 милиони евра

ЕУ ја отпочна новата иницијатива насловена „Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs)“ која ќе промовира мирољубиви односи и социо-економски развој. Проектот ќе биде имплементиран од УНЕСКО, во соработка со Британскиот совет и Италијанската агенција за соработка за развој.

 

Марија Габриел, европска комесарка за иновација, истражување, култура, образование и млади, изјави: „Горда сум што заедно со мојот колега, комесарот Вархелеј, можевме да започнеме ваква амбициозна акција, вредна 8 милиони евра, во знак на поддршка за културните и креативни сектори во Западен Балкан. Интегрирањето на културата може да доведе до меѓусебно разбирање, мирна соработка и стабилност; како и до економски придобивки, особено во регион кој изобилува со културно наследство. Посветена сум на обезбедување асистенција за интеграција на Западен Балкан во сите домени на моето портфолио и му посакувам огромен успех на УНЕСКО и неговите партнери во имплементирањето на оваа иницијатива.“

 

Клучен елемент во иницијативата ќе бидат образовните и истражувачки институции, студентите и медиумските професионалци од независните медиуми и мрежи, блогови и останати креатори на културна содржина.

Поддршка за дигитализација на малите и средни претпријатија во БиХ

Европската Унија и Европската банка за реконструкција и развој ја зголемуваат поддршката за мали и средни претпријатија во БиХ преку отпочнување на програмата „Go Digital“. Програмата започна на 19. мај со настан, одржан во Сараево, чија цел е да обезбеди помош за малите и средни претпријатија да можат да инвестираат во дигитализација на нивните бизниси; покрај дополнителни инвестиции за подобрување на продуктивноста, операционата ефикасност и отпорност.  
Еден од елементите на програмата ќе биде специјализиран кредит, обезбеден од Европската банка за реконструкција и развој во соработка со локалните финансиски институции. ЕУ ќе обезбеди стимулации за грантови, вредни до 15 % од целосната вредност на заемот, за да ги направи подостапни инвестициите на малите и средни претпријатија во дигитализација, автоматизација, конкурентност и зелени технологии.  
Шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ и специјален претставник на ЕУ, Јохан Сатлер, објасни дека Програмата „EU4SMEs“ е дел од претпристапната помош на ЕУ за поддршка за закрепнување од пандемијата КОВИД-19 и транзиција кон економија ориентирана кон иднината. „Малите и средни претпријатија се клучен двигател на економски раст и развој, а поддршката за нивна дигитализација ќе им помогне на бизнисите да бидат поконкурентни на локалните и меѓународни пазари. Тековниот инструмент за претпристапна помош и поддршка на ЕУ за зелена и дигитална транзиција изнесува околу 50 милиони евра и е насочен кон малите и средни претпријатија. Малите и средни претпријатија мораат целосно да ги искористат иновативните технологии, вештините и услугите, не само за раст на одржлива основа, туку и за да можат, во иднина, да преживеат во економијата.“  
Програмата е придружена од активности од германската агенција „GIZ“ која ќе помогне за изградба на екосистем за дигитализација, автоматизација и иновација во БиХ; вклучувајќи иновациски дигитални центри во насока на најдобрите практики во ЕУ.  
Новата програма „Go Digital“ во БиХ директно придонесува за Дигиталната агенда за Западен Балкан на Европската комисија, која има за цел да ја поддржи транзицијата на приватниот сектор и да им помогне на бизнисите целосно да ги искористат придобивките од дигиталната трансформација на економијата.

3 милиони евра за реновирање на училишните објекти во Северна Македонија

Заменик-гувернерот на Советот на Европската банка за развој и министерот за образование и наука на Северна Македонија, Јетон Шаќири, денес потпишаа договор за грант, од неколку донатори, вреден 3 милиони евра, за реновација на објектите за физичко образование во основните и средни училишта и набавка на спортска опрема. Грантот доаѓа од Инвестиционата рамка за Западен Балкан; заедничка иницијатива на ЕУ, финансиски организации, билатерални донатори и корисници, како и главниот двигател за имплементација на амбициозниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на ЕУ.

 

Повеќе од 52000 ученици во Северна Македонија ќе извлечат полза од грантот кој ќе го зголеми целосниот квалитет на физичкото образование. Ново потпишаниот грант е дел од поширока инвестициска програма за образовната инфраструктура во Северна Македонија, вредна приближно 65,8 милиони евра, а спроведена преку финансии од национални и билатерални донатори, како и финансии од Советот на Европската банка за развој во рамки на Инвестиционата рамка за Западен Балкан.

 

На овој начин, придонесот на Инвестиционата рамка за Западен Балкан изнесува 6 милиони евра, дополнителни на 42,5 милиони евра во форма на заем од Советот на Европската банка за развој; како и 17,3 милиони евра државен придонес.

Објавени добитниците на наградата „Најпријателски градоначалник кон Ромите“ за 2022 година

Денес, Европската комисија ги објави седумте добитници на третото издание на наградата „Најпријателски градоначалник кон Ромите“ во Западен Балкан и Турција. Наградата им оддава признание на локалните авторитети кои веруваат во своите граѓани и еднакво ги третираат. Истата има за цел да ги промени ставовите кон инклузијата на Ромите и да ги истакне авторитетите кои им даваат моќ на ромските заедници и ги слушаат нивните потреби. Церемонијата за доделување на наградите се случи во рамки на Неделата на Ромите, организирана во Европскиот парламент, од 16. до 19. мај, во присуство на европскиот парламентарец Ромео Франз и вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и проширување во склоп на Европската комисија, Мишела Матуелла, која ги додели наградите.

 

Оливер Вархелеј, комесер за соседство и проширување, изјави: „Сметам дека е особено важно што церемонијата за доделување на наградите се одвива за време на Неделата на Ромите. Оваа награда не само што ја признава исклучителната работа на одредени градоначалници за срушувањето бариери помеѓу локалните авторитети и ромските заедници, туку им докажува на носителите на политики, активистите и експертите дека промената е возможна. Навистина ме инспирира посветеноста на годинешните добитници за давање моќ и мобилизирање на ромските заедници, како и за зајакнување на нивната можност за стапување во дијалог со јавните авторитети. Горд сум на сите и се надевам дека оваа награда ќе ги инспирира и другите да го следат нивниот пример.“

 

Главната цел на Неделата на Ромите е да ја зајакне посветеноста на Европскиот парламент и другите институции во борбата против дискриминацијата на Ромите и трансформација на оваа посветеност во вистинско дело. Прославувањето на добитниците на наградата „Најпријателски градоначалник кон Ромите“ е значаен момент за обединувањето во рамки на Европската недела на Ромите, во живо, после две години изолација. Церемонијата за доделување на наградите е врвот на кампањата во Брисел и цели кон создавање цврсти синергии со активности кои зедоа место ширум Западен Балкан и Турција, но, исто така, и во земјите-членки на ЕУ; на локално и државно ниво.

 

Од проценетите 10 – 12 милиони Роми кои живеат во Европа, околу 1 милион живеат во Западен Балкан, а 2,8 милиони во Турција. Целосна интеграција и инклузија на Ромите е клучен приоритет на ЕУ; кој започнува со зголемување на дијалогот со јавните авторитети и проектните партнери фокусирани на подигнување на свеста за проблемите на Ромите во општинските администрации. Интеграцијата на Ромите е еден од условите за проширување кој партнерите мора да го исполнат за станување земја-членка на ЕУ.

„Денови на зелена енергија 2022“ во Косово

Како дел од иницијативата „Европеизација на косовската еколошка агенда“, од 16. до 22. мај, се одржува иницијативата „Денови на зелена енергија 2022“ во Косово. Иницијативата е финансирана од Канцеларијата на ЕУ во Косово, а е имплементирана од Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Косово, „CEE Bankwatch“, „ERA Group“ и „TV Mreža“.

 

Иницијативата го поддржува проактивното учество на косовското граѓанско општество, медиумите и еколошките активисти во политичките реформи и носењето одлуки во доменот на енергија, екологија и јавно здравство. Целта на проектот е да се обезбеди помош за Косово да се доближи до еколошките политики и законодавство на ЕУ и да се поттикне дијалог помеѓу организациите на граѓанското општество, медиумите, активистите и јавниот сектор.

 

По вторпат, домаќин на иницијативата „Денови на зелена енергија“ е Балканската мрежа за истражувачко новинарство и нивните партнери. Целта на неколкудневната активност е да се укаже внимание на важноста од енергетска ефикасност, заштита на животната средина и јавното здравје; особено меѓу релевантните функционери. Годинава, иницијативата ќе предложи бројни активности кои ќе придонесат за најдобрите енергетски практики во Косово.

Објавен натпреварот „Млади европски создавачи на наследство 2022“

„Млади европски создавачи на наследство“ е натпревар за млади од Европа, вклучително и млади од Западен Балкан. Истиот им овозможува да го истражат окружувањето, да ги откријат најинтересните елементи од своето наследство и да ги претстават пред светот.  
Натпреварот треба да ги охрабри младите да го сфатат концептот на наследство и да ги искажат своите видувања. Годинешната тема е „Одржливо наследство“.  
Натпреварот е дел од „Европски денови на наследството“. Со приближно 70000 настани организирани годишно во европските држави-потпишнички на Европската културна конвенција и проценети 30 милиони посетители; оваа заедничка акција на Советот на Европа и Европската комисија е единствен пример за масовна иницијатива организирана и споделена од милиони луѓе кои живеат во Европа.

Грант, од Европската инвестициска банка, до 2,9 милиони евра за подобрување на образованието во Црна Гора

Грант во висина до 2,9 милиони евра ќе биде обезбеден за владата на Црна Гора од страна на Европската инвестициска банка (ЕИБ) – банката на ЕУ, за забрзување на модернизацијата на националниот образовен систем. Средствата ќе бидат употребени за надградба, конструкција и реконструкција на претшколските, школските и стручните училишни инфраструктури во државата и ќе обезбедат, исто така, техничка и советодавна поддршка за подготовка на проекти и процеси на јавни набавки, како и развој на националниот надзор и евалуациски стандарди. На овој начин, ќе се забрзаат доградбите кои се очекува да создадат 2070 дополнителни школски места ширум Црна Гора и да отворат 530 нови работни места со полно работно време.  
Операцијата ја поддржува тековната модернизација на националниот образовен систем како дел од црногорската образовна програма, вредна 18 милиони евра, која ЕИБ ја договори со Црна Гора во 2019 година. Програмата ги финансира набавките на модерна опрема, изградба и реновација на јавни образовни инфраструктури; вклучително и градинки, основни, средни и стручни училишта, како и набавка на опрема од доменот на информациски и комуникациски технологии и училиштен мебел. Грантот потекнува од Иницијативата за економски отпор која цели кон поддржување на економскиот раст, создавање работни места, општествена кохезија и развој на неопходните инфраструктурни проекти во Западен Балкан.