Skip to main content

RYCO го објавува конечниот список на првите супер-училишта

Шеесет средни училишта од Западен Балкан беа избрани да учествуваат во програмата Супер-училишта на Регионалната канцеларија за младинска соработка (Regional Youth Cooperation Office (RYCO)). Нивните ученици и наставници ќе имаат можност да спроведат меѓу-училишни размени како и да учествуваат во други активности фокусирани на градење на нивните капацитети, вмрежување и соработка.

 

На првиот отворен повик за Супер-училишта RYCO доби 127 предлози за размена, а над 412 училишта од Западен Балкан ја користеле онлајн платформата www.superschools.net за вмрежување со други училишта. Комисијата за избор потоа одбра 30 најдобри проекти насочени кон поддршка на процесите за градење мир и помирување и меѓукултурно учење и дијалог помеѓу училиштата, учениците и нивните заедници.

 

Имплементацијата на проектите ќе се одвива од февруари до мај оваа година кога секое училиште ќе организира една посета за размена со својот партнер во траење од шест до десет дена со група од најмногу 20 ученици со еден или двајца наставници. Преку шемата за размена, учениците и наставниците ќе имаат можност да патуваат, да се претстават себеси, училиштето и обичаите на нивните домаќини и да научат нови работи за заедниците во различните делови од нашиот регион.

 

Програмата ќе се спроведува три години и е дел од мулти донаторскиот проект „Western Balkans School Exchange Scheme” кофинансиран од Европската унија и Сојузното Министерството за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ)заедно со Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

385,5 милиони евра од Фондот за солидарност на ЕУ за итна здравствена помош од Ковид-19

Европската комисија ја заврши исплатата на помош од EU Solidarity Fund (EUSF) на 19 земји со вкупен износ од речиси 385,5 милиони евра за справување со здравствената криза предизвикана од корона вирусот. Ова доаѓа како додаток на 132,7 милиони евра издвоени во 2020 година на земјите членки кои побараа авансно плаќање од ЕУСФ. 17 земји членки побараа поддршка од ЕУСФ, а истото го сторија и Албанија, Црна Гора и Србија како земји кандидати.

 

Албанија и Црна Гора ја добија финансиската помош на крајот на 2021 година, а за Србија со која договорот за распределба е во тек на потпишување, се очекува да биде исплатена штом договорот биде потпишан.

 

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеј изјави „Од почетокот на пандемијата ние сме покрај нашите партнери од Западен Балкан. Мило ми е што Албанија, Црна Гора и Србија успеаја да ја искористат помошта од ЕУСФ. Ова е уште еден доказ на посветеноста на ЕУ да се поддржи регионот во борбата против корона вирусот со овозможен пристап до истите механизми за поддршка како и за нашите земји членки“.

 

ЕУСФ КОВИД-19 итна здравствена помош финансира здравствена помош, обезбедување на вакцини и вакцинација, опрема за лична заштита и медицинска опрема, трошоци за здравствена нега, лабораториски анализи, заштитни мерки и следење и контрола на ширењето на болеста.

Започнува Европската година на младите

ЕУ неодамна ја прогласи 2022 година како Европска година на младите. Активностите што ќе се организираат во рамките на оваа година вклучуваат конференции, иницијативи за промовирање на младинското учество во креирањето на политики, кампањи за подигнување на свеста за поинклузивна, зелена и дигитална ЕУ и студии и истражувања за состојбите во кои се наоѓаат младите. Европската година на младите оди рака под рака со NextGenerationEU, која повторно ги отвора перспективите за младите, вклучувајќи квалитетни работни места и можности за образование и обуки за Европа од иднината, и го поддржува младинското учеството во општеството.

 

Годината на младите ќе бара синергии и надополнување со другите програми на ЕУ насочени кон младите низ политичкиот спектар – од програми за рурален развој со фокус на млади земјоделци до програми за истражување и иновации, од кохезија до акции за климатски промени, вклучително и програми на ЕУ со меѓународен опфат или транснационална природа.

 

Покрај Еразмус+ (Erasmus+) и Европскиот корпус за солидарност (European Solidarity Corps) со буџети за тековниот финансиски период од 28 милијарди и 1 милијарда евра, соодветно, Младинската гаранција на ЕУ (Youth Guarantee) и Иницијативата за вработување на млади (Youth Employment Initiative) создаваат повеќе можности за младите луѓе. Во меѓувреме, во 2022 година започнува новата програма наречена АЛМА (ALMA) за поддршка на прекугранична професионална мобилност на младите луѓе во загрозена состојба.

 

Целата програма на активности и повеќе информации ќе бидат достапни на Младинскиот портал (Youth Portal). Активностите ќе покријат теми кои најмногу ги засегаат младите според приоритетите што  се потенцирани во Младинските цели, како што се еднаквост и инклузија, одржливост, ментално здравје и благосостојба и квалитетно вработување. Со нив ќе се опфатат и младите надвор од границите на ЕУ.