Skip to main content

Програмата за јаглени региони започнува размени помеѓу Западен Балкан и ЕУ

Програмата за размена помеѓу јаглените региони започна шест размени помеѓу подрачја во Западен Балкан и нивните еквиваленти во ЕУ. Размените претставуваат можност за овие региони да отпочнат директни дијалози и да учат од меѓусебните искуства со цел оддалечување од јагленот како дел од транзицијата кон чиста енергија.

 

Вкупно 32 апликации, покривајќи широк географски опсег, беа поднесени за учество во програмата. Врз основа на експертски проценки, 14 од барањата се групирани заедно во 6 групи на разменувачки партнери кои, во моментов, ги подготвуваат размените. Предвидени се дополнителни две групи, секоја од нив предводена од украински апликанти, но, во моментов, истите се ставени на пауза.

 

Три размени ќе започнат на пролет, во 2022 година, а деталното планирање и подготовка на останатите три ќе започне во втората половина од годината. Водени од посветени олеснувачи за размена, учесниците развиваат нови рути за нивните размени. Тие ќе вклучат една или две посети во живо, кои ќе бидат однапред планирани преку виртуелни интеракции и дискусии преку кои регионите ќе можат да ја зајакнат својата врска и кои би резултирале со плодна соработка и надвор од програмата.

 

Програмата за размена е една од клучните активности на Иницијативата за јаглени региони во транзиција во Западен Балкан и Украина која има за цел да им помогне на регионите да преминат од јаглен кон јаглено-неутрална економија; осигурувајќи се, истовремено, дека транзицијата е спроведлива. Програмата е управувана од страна на Европската комисија и шест соработувачки партнери: Колеџот на Европа во Натолин, Секретаријатот за енергетска заедница, Европската банка за реконструкција и развој, Европската инвестициска банка, Полскиот национален фонд за еколошка заштита и управување со вода и Светската банка.

7. годишен форум на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион

Денес, европскиот комесар за кохезија и реформи, Елиза Фереира, го отвори, со видео порака, 7. годишен форум на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион. Дводневниот форум, кој се одржа во Тирана; под покровителство на албанското претседателство со Стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион, се фокусира на проблематики поврзани со предизвиците на енергетската безбедност и климатските промени, транспортните политики, инвестициските можности во јадранскиот и јонскиот макрорегион и олеснување на проширувањето на ЕУ во Западен Балкан.

 

Комесарот Фереира изјави: „Мило ми е што гледам дека годинешниот форум на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион се совпаѓа со европската година на младите во европската престолнина на младите, Тирана. Младите се движечка сила за регионална соработка, помирување и градење мир, и би сакала да го охрабрам креирањето на младински совет во рамки на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион со цел младите кои живеат во јадранскиот и јонскиот макрорегион да можат да споделуваат меѓусебно за предизвиците со кои се соочуваат, а и да добијат можност за влијание врз својата иднина.“

 

Министерскиот состанок во рамки на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион ќе ја усвои Тиранската декларација за да ја искажат својата солидарност со Украина, осудувајќи ја руската инвазија, а истовремено повикувајќи ја ЕУ да го забрза пристапниот процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ. За време на настанот, ќе биде доделена наградата „EUSAIR Young business model Popri“ за најдобри претприемнички идеи меѓу младите од јадранскиот и јонскиот макрорегион.

 

Стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион беше отпочната во октомври 2014 година, а покрива макрорегион од повеќе од 70 милиони луѓе во четири земји-членки (Хрватска, Грција, Италија и Словенија), како и шест земји кои не се дел од ЕУ (Албанија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Сан Марино) меѓу кои пет се од Западен Балкан; соработувајќи со цел надминување на заедничките предизвици групирани во четири столба: „Син развој“, „Поврзување на регионот“ (транспорт и енергија), „Еколошки квалитет“ и „Одржлив туризам“. Погледнете ја програмата на настанот.

ЕУ поддржува зелени згради во Призрен, Косово

Европската Унија ќе обезбеди инвестициски грант од 1 милион евра за Косово за подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради; како, на пример: градинки, училишта и примарни здравствени установи во градот Призрен. Дополнително на грантот од ЕУ, Европската банка за реконструкција и развој ќе обезбеди заем од 5 милиони евра за проектот имплементиран во рамки на Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан.

 

Договорот за проектот беше потпишан од страна на косовскиот министер за финансии, Хекуран Мурати, и Ален Пилу – заменик претседател на Европската банка за реконструкција и развој; за време на Сесијата за инвестициски перспективи во Косово во рамки на годинешниот состанок и бизнис форум на Европската банка за реконструкција и развој во Мароко.

 

Зелената транзиција во Косово е поддржана преку бројни однапред договорени финансиски рамки. За проектите за енергетска ефикасност, како тој во Призрен, грантовите се обезбедуваат преку Програмата за регионална енергетска ефикасност во склоп на Инвестициската рамка за Западен Балкан; поддржана од ЕУ, билатерални донатори и самите корисници. Програмата за регионална енергетска ефикасност е одредена во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, на Европската комисија, како еден од клучните проекти за чиста енергија. Ваквите проекти значајно придонесуваат за намалување на емисијата стакленички гасови и подобрување на животните стандарди и здравјето на граѓаните. Активностите во рамки на Програмата за регионална енергетска ефикасност се во согласност со Регулацијата на ЕУ и целите на Зелената агенда за Западен Балкан; засновани на петте столба на Европскиот зелен договор.

Регионалниот совет за соработка домаќин на министерска конференција за развој на туризам во Западен Балкан

На 12. мај, Регионалниот совет за соработка организираше министерска конференција во Тирана на тема развој на туризмот во Западен Балкан. Настанот ги собра, на едно место, министрите одговорни за туризам во Западен Балкан, претставници на Европската комисија и други важни чинители од туристичкиот домен. Со наслов „Подигнување на бариерите за одржлив туристички развој“, настанот послужи како форум за дискусија на важни теми за туризмот во регионот.

 

Настанот го отвори Мајлинда Брегу – генерален секретар на Регионалниот совет за соработка; Мирела Кумбаро – министер за туризам и животна средина на Албанија; Ерион Велиај – градоначалник на Тирана; како и вршителот на должност шеф на Европската делегација во Албанија – Алекси Ипен. Панелисти во склоп на четири тематски панел-дискусии беа Татјана Матиќ – министер за трговија, туризам и телекомуникации во Србија; Крешник Бектеши – министер за економија во Северна Македонија; Сташа Кошарац – министер за надворешна трговија и економски односи во БиХ; Розета Хајдари – министер за трговија и индустрија во Косово; и Александра Гардашевиќ-Славуљица – генерален директор во Министерството за економски развој и туризам во Црна Гора.

 

Дополнителен настан со наслов „Совладување на тековните предизвици во туристичката индустрија“ треба да се случи на 13. мај кој ќе ги обедини сите туристички оператори, креатори на политики и државни туристички организации, со цел дискутирање за предизвиците во туристичката индустрија и начинот на кој може да се подобри туристичката понуда во регионот.

Шопен пијано ФЕСТ во Косово со големи класични музички имиња

Еден од најзначајните фестивали на класична музика во Косово, Шопен пијано ФЕСТ Приштина, официјално започна годинава, на денот на Европа, 9 мај, со концерт на светски реномираниот пијанист Мартин Гарсија Гарсија. Фестивалот ќе претстави, пред косовската публика, повеќе од 15 концерти, мастер часови, работилници, натпревари за инструменталисти и композитори, како и други културни активности.

 

Дополнителен елемент на годинешното издание на Шопен пијано ФЕСТ Приштина е учеството на фестивалот во програмата „СИНЕРЏИ“ („SYNERGY“); поддржана од ЕУ преку програмата „Креативна Европа“ („Creative Europe“).

 

Дванаесеттото издание на фестивалот продолжува да ги кани големите музичари да настапуваат во Приштина. „И годинава, исто така, имаме познати пијанисти како Франсоа Димон (François Dumont), Флориан Илиг (Florian Uhlig) и Стефан Владар (Stefan Vladar) кои ќе настапат на фестивалот,“ вели проф. Лејла Хаџиу Пула, претседателка и уметничка директорка на фестивалот.

 

Фестивалот завршува на 8. јуни.

Европската инвестициска банка обезбеди 300000 евра за забрзување на енергетскиот сектор и зелена транзиција во БиХ

Европската инвестициска банка (ЕИБ), телото за позајмување на ЕУ, обезбедува грант од 300000 евра за претпријатието „Elektroprivreda Bosne i Hercegovine“ со цел спроведување еколошка проценка на подрачјето Влашиќ за изградба на нова фарма со ветерници. Оваа техничка помош ќе ја олесни изградбата на фарма со ветерници, со капацитет од 50 мегавати, во регионот Тревник; која ќе ја поддржи транзицијата кон обновливи, безбедни и одржливи енергетски извори, како и декарбонизација на локалната и економијата на Западен Балкан. Се работи за вториот грант кој ѝ се доделува на БиХ од страна на новата експозитура „EIB Global“ со кој се покажува решителноста на банката да ја зголеми својата техничка и финансиска поддршка за исполнување на најитните потреби на државата како и нејзиниот зелен транзициски процес.

 

Во склоп на Инвестициската рамка за Западен Балкан, Европската инвестициска банка веќе обезбеди грантови во износ од, околу, 655000 евра. Средствата се употребени за развој на физибилити студија за изградба на фармата со ветерници Влашиќ; вклучувајќи и ветерна анализа, географско истражување, истражување во доменот на „0 јаглени емисии“, студија за општествено влијание и подготовка на тендерска документација. Уште од почетокот на кризата КОВИД-19, во февруари 2020, Европската инвестициска банка обезбеди 658 милиони евра, во форма на заем, за БиХ; како и 6 грантови за поддршка на одржливиот развој на земјата.

Започнува „Балкатон 3.0“

Регионалниот совет за соработка го отпочна третиот онлајн натпревар за најдобри дигитални идеи и решенија од Западен Балкан – „Балкатон 3.0“. Пријавувањата се отворени до 24. мај.

 

Годинава, „Балкатон 3.0“ е во потрага по нови, иновативни и уникатни идеи во пет категории:

  -Е-трговија (алатки за виртуелна промоција, видео и „инфлуенс“ (influence) маркетинг); -Земјоделство, прехранбена технологија и рурален развој; -Обновливи и одржливи енергии (соларна, ветерна, хидро, плиматска, геотермална и енергија на биомаси); -Транспорт и логистика; -Разно (медицинска технологија/биотехнологија/здравствена технологија, блокчејн и кибер безбедност, забава и игри, чисти и зелени технологии).  

Избраните тимови ќе добијат можност за дводневна менторска програма со искусни експерти, како и прилика да го имплементираат своето решение во регионот на Западен Балкан и да добијат една од шесте награди, со износ од 10000 евра; издвоени од целосниот фонд за награди во висина од 60000 евра – секоја категорија носи можност за една награда, додека, пак, за категоријата „разно“ ќе бидат доделени две.

 

Минатата година, Регионалниот совет за соработка награди 6 од вкупно 90 тима, од економиите на Западен Балкан, со 54000 евра, за нивните иновативни решенија во следните категории: „паметни градови“, е-здравство и е-претприемништво. Тимовите ја употребија финансиската поддршка за целосен развој на нивните дигитални решенија.

Нов рок за Наградата за истражувачко новинарство 2022 на ЕУ

Новиот рок за поднесување апликација за Наградата за истражувачко новинарство 2022, на ЕУ, за БиХ, Косово, Црна Гора и Србија е 13. мај, до 23.59 часот. Поединци или групи новинари од Западен Балкан и Турција можат да аплицираат во сите новинарски форми (печатена, онлајн, радио и телевизиска), објавена или емитувана во медиумите на секоја држава на официјален, малцински или меѓународен јазик во текот на 2021 година.

 

Право на учество имаат истражувачките приказни поврзани со слобода на изразување, владеење на правото, транспарентност, злоупотреба на моќ и основни права, корупција и организиран криминал. Наградниот фонд во секоја држава изнесува 10000 евра и се состои од: награда за прво место во износ од 5000 евра, награда за второ место во износ од 3000 евра и награда за трето место во износ од 2000 евра.

 

Наградите за истражувачко новинарство во Западен Балкан и Турција имаат за цел да им оддадат почит и да ги промовираат извонредните достигнување на истражувачките новинари; како и да ја подобрат видливоста на квалитетното новинарство во регионот. Наградите се дел од тековниот проект за Зацврстување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција, финансиран од ЕУ.

Младите европски амбасадори на Денот на Европа во Брисел

Неколку млади европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) од Западен Балкан беа поканети да земат учество на Денот на Европа во Брисел, придружувајќи им се на другите млади европски амбасадори од останатите држави од источното соседство во ЕУ и амбасадорите на добрата волја од јужното соседство.

 

Со оглед на тоа што 2022 ја одбележува европската година на младината која го става акцентот на младите, младите европски амбасадори учествуваа во мноштво настани организирани од европските институции; вклучувајќи младински дебати организирани од Генералниот директорат за образование и култура, како и фудбалски натпревар, организиран од Генералниот директорат за миграции и домашни работи, во знак на поддршка за бегалците ширум светот. Покрај учеството во прослави, младите амбасадори од Западен Балкан се сретнаа, исто така, и со своите врсници од јужното и источното соседство во ЕУ за да дискутираат за предизвиците и можностите за младите во трите региона; како и за идните соработки помеѓу овие мрежи.

 

Секоја година, серија јавни дипломатски активности земаат место во Брисел, во текот на неделата пред 9. мај – Денот на Европа, за прославување на мирот и обединетоста во Европа. Целта е доближување на ЕУ до народот, информирање и подигнување на свеста за залагањата на ЕУ: нејзините вредности, структури, институции, партнерства, соработки и поддршка за региони и држави ширум светот.

 

Годинава, Денот на Европа е значаен момент за реафирмација на посветувањето на ЕУ за мир, за истакнување на солидарноста и обединетоста со Украина и украинскиот народ, како и залагањето за универзални вредности како слобода и демократија во светски поредок заснован на правила.

Западен Балкан го прославува Денот на Европа

Како секоја година во текот на две децении, Денот на Европа се прослави во Западен Балкан на 9. мај. Граѓаните имаа можност да уживаат во активности како музички концерти, уметнички изложби и спортови. Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors) беа, исто така, дел од активностите за Денот на Европа ширум балканските градови; придонесувајќи преку работилници, дискусии и акции за подигнување на свеста кои вклучуваа теми како човечки права, дигитална и зелена иднина, градење мир и родова еднаквост.

 

Денот на Европа го одбележува потпишувањето на Шумановата декларација на 9. мај 1950 година. Се работи за амбициозен план кој го обезбеди долгорочниот мир во пост-воената Европа и се смета за почеток на денешната Европска Унија. Во својот говор во Париз, во 1950 година, тогашниот француски министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ја претстави својата идеја за нова форма на соработка во Европа, која би ја направила невозможна војната помеѓу нациите во Европа. Овој ден е прилика да се потсетиме на Шумановата декларација; првиот основен документ во создавањето на денешната Европска Унија, прославувајќи ги, истовремено, европските вредности.