Skip to main content

Автор: WeBalkans

Културата поврзува луѓе и иницијативи

Кампањата „Културата поврзува“ на „WeBalkans“ беше претставена на Регионалната конференција за младинска културна соработка, која се одржа во Европската куќа во Белград. Настанот беше организиран од Младинската лабораторија за Западен Балкан 2 на Советот за регионална соработка (СРС). 

На настанот присуствуваа уметници, претставници на Европската Унија, како и претставници од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РКМС) и СРС, коишто ги разгледуваа можностите за културна соработка во регионот. 

Огњен Марковиќ, тим-лидер на Младинската лабораторија за Западен Балкан 2 на СРС, ја отвори конференцијата со повик за унапредување на системите за поддршка во насока на целосно исполнување на креативниот и визионерскиот потенцијал на младите. „Вложувањето во нашите млади таленти и пружањето поддршка за нивните иницијативи не само што го зајакнува културното ткиво на Западен Балкан, туку и ги поставува темелите за поинклузивна и подинамична иднина“, истакна тој. 

Презентацијата на кампањата „Културата поврзува“ ја истакна важноста на културната соработка и нагласи дека различните култури на Западен Балкан придонесуваат регионот да биде подинамичен и поотпорен. Таа напомена дека особено важна е поддршката што ја пружа ЕУ преку програми како што се „Креативна Европа“ и „CC4WB“, со кои се поттикнуваат културните иницијативи во регионот.  

Ричард Маша, раководител за операции во Дел II на Делегацијата на ЕУ во Србија, ја потврди посветеноста на ЕУ на негувањето на младинскиот потенцијал и зајакнувањето на културната соработка. 

Поддршката на културата и културниот дијалог е клучна за поврзување на луѓето и негување на единството во нашата различност.

На конференцијата се истакна клучната улога на културниот сектор како катализатор за економски раст и кохезија на заедницата, што претставува важен чекор за обединување на културниот пејзаж, во кој младите уметници не само што учествуваат, туку и активно го обликуваат културниот наратив на регионот. 

Со Марија Булат, раководителка на локалната канцеларија на РКМС, разговаравме за трансформативната моќ на културниот дијалог. „Дијалогот е од клучно значење за уривање на бариерите, поттикнување емпатија и промовирање на регионалната соработка“, објасни таа, додавајќи дека Младинскиот културен фонд на РКМС на Западен Балкан отвора нови можности за градење мир преку уметноста и културата.  

Покрај претставувањето на кампањата „Културата поврзува“, на конференцијата се зборуваше и за тесната соработка со „WeBalkans“. Младиот европски амбасадор Ади Софтиќ ја модерираше сесијата „Создавање одржливи културни мрежи“. Нашата културна амбасадорка, Мара Прохаска, се придружи на експертот за кампањата за да претстави сегмент за создавањето документарци како дел од уметноста. Дополнително, главниот говор го одржа младата уметница Хана Дујмовиќ, која исто така ја носи титулата културна амбасадорка на кампањата „Култура поврзува“. 

Мајсторство зад кулисите: Градење врски и преобразба на театарот зад сцената

„Искуството беше навистина интензивно и возбудливо. За време на петте дена, добивме навистина корисни и практични информации за многу нешта, од процесот на конципирање композиции и звуци кои се дел од театарска изведба, до практичната употреба на апликации и веб-страници за создавање и монтажа на разни композиции“, изјави Белкиса Желегу, студентка по актерска игра од Тирана, за нејзиното учество на мастеркласот „Дизајн на звук“, којшто го предаваше Алесандро Ола на 2 март 2024 година во Белград.  

Овој мастерклас е еден од трите организирани мастеркласови наменети да го подобрат квалитетот на работата зад сцената во театрите ширум Србија, Косово и Албанија, во организација на програмата „Мајсторство зад кулисите“ („Beyond Stage Mastery“), поддржана од Британскиот совет преку проектот „CC4WB“ финансиран од Европската Унија, кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан во културните и креативните сектори, за да се зголеми социоекономското влијание. 

Се ангажираат професионални тон-мајстори, светло-мајстори и видео-техничари, а истовремено се поттикнува дијалог и соработка меѓу младите уметници и професионалци од Западен Балкан, во прилог на двојната мисија на програмата „Мајсторство зад кулисите“. 

Водени од врвни светски професионалци од индустријата, како што се Луиџи Бонди (дизајн на осветлување), Алесандро Ола (дизајн на звук) и Лазар Николиќ (видео-техника), работилниците покрај тоа што понудија пристап до техничка експертиза, создадоа и амбиент на заедништво и културно прифаќање. 

Бонди, којшто е реномиран експерт за осветлување и професор на Националната академија на уметности „Силвио Д’Амико“, на прашањето за неговото искуство во Белград, изјави: „Наставата секогаш претставува одлична можност за соочување. Додека предавам и самиот јас учам, и тоа од луѓе со различно искуство, возраст и потекло. Од студентите кои ги запознав на мастеркласот во Белград, имав можност да научам повеќе за земји како Косово, Србија и Албанија, како и да запознаам инспиративни луѓе“.  

Г-ѓа Желегу има впечаток дека покрај обуките и предавањата, работилниците им понудија на учесниците и можност да се поврзат и да разменуваат искуства меѓу себе: „Во групата инспиративно се поврзавме и отворивме можност за блиска идна соработка во областа на уметноста. Нашата група беше разнолика, со учесници од Албанија, Косово и Србија, а страста за театарот ни беше поголема од сè, и во еден момент сите се почувствувавме како да сме нишка од уметноста“. 

Проектот беше корисен и за менторите, како што потврди Бонди, кој вели дека неодамна почнал да оди на театар во Сараево. Благодарение на размената што ја имал со студентите за време на мастеркласот, сега подобро го разбира театарот. „Иако материјалните средства и опремата се ограничени, не недостасуваат креативен наплив и моќна енергија, не само во театарот туку и општо во уметничките дисциплини. Имам впечаток дека во регионот на Западен Балкан, уметноста се почитува токму поради тоа што навистина е – моќен двигател на социокултурниот развој“, вели Бонди. 

Проектот „Мајсторство зад кулисите“ покрај тоа што има за цел да се отворат повеќе можности за подобро да се претстави сцената на Западен Балкан во Европа, туку и, што е најважно, има за цел да се оснажат локалните уметници и професионалци, како и да се зацврстат нивните врски преку создавање можности за тесна соработка и размена на знаења и искуства. 

Учесниците во проектот ќе имаат можност да учат набљудувајќи ја работата на вработените во некој од театрите во регионот на Западен Балкан, со тоа што тие ќе престојуваат во некоја од трите земји којашто не е нивната, што пак дополнително ќе придонесе за нивниот професионален и личен раст и ќе им овозможи подобро да ја разберат културата на земјата во која ќе гостуваат и работат.  

Во рамките на проектот се изготвија три прирачници за неформална настава за дизајн на звук, светло и користење видео-опрема за театар, кои ќе се дистрибуираат до националните и независните театри во земјите опфатени во проектот, што ќе обезбеди одржливост на проектот и откако тој официјално ќе заврши. 

Иако театарската магија најчесто се случува на самата сцена, вистинското мајсторство се крие во врските што ги градиме и во лекциите што ги учиме зад кулисите. Во оваа иницијатива не се важни единствено техничките капацитети – туку, исклучително важно е и оснажувањето на уметниците и зацврстувањето на врските и дијалогот меѓу луѓето. 

Да работиме во склад со природата, а не против неа

Одржливо управување со шумите за егзистенција и заштита на животната средина.
Одржливо управување со шумите за егзистенција и заштита на животната средина.

„Порано можевме да ги продаваме само свежи билките, но сега можеме да ги сушиме и пакуваме, што ја зголемува нивната пазарна вредност“, вели таа. Сега тие не само што ќе можат да го прават тоа што го правеле цел живот, туку ќе можат и да заработуваат од тоа. 

  Кумрије Кадриу Кумрије објаснува дека имаат за цел е да изградат одржлива мрежа на жени собирачки, која ќе функционира како синџир на снабдување, и дека планираат да ги откупуваат собраните билки и бобинки од жените кои веќе се занимаваат со оваа активност, нудејќи им конкурентна цена која ќе ја зголеми нивната конкурентност на пазарот. Најголема корист од оваа иницијатива ќе имаат жените од заедницата.  Заложбите на Рахим и Кумрије се дел од поширока иницијатива за подобрување на животната средина во руралните подрачја, во насока на обезбедување одржливост на косовските шуми. Проектот е поддржан од ЕУ и се спроведува во повеќе региони, со фокус на одржливите практики за управување со шумите, намалување на нелегалната сеча и поттикнување да се користат шумски производи што не се дрва, како што се билките што ги собираат Кумрије и жените од нејзиното село.  Приказните на Кумрије и Рахим се само дел од многуте успешни примери на поединци, семејства и заедници кои имаат директна корист од проектот „Поддршка за зајакнување на одржливото и повеќенаменското управување со шумите во насока на справување со климатските промени и подобрување на руралната егзистенција во Косово“, којшто е финансиран од ЕУ и спроведен од Организацијата за храна и земјоделство (ФАО).  Согласно меѓународните стандарди и најдобрите практики, со акцент на урамнотежена интеграција на еколошките, социјалните и економските функции во шумските екосистеми, се изготвија четири планови за управување со шумите со примена на нова методологија којашто го префрла фокусот од традиционалното управување со шумите на пристап заснован на екосистемите.  Токму нивниот холистички пристап ги прави овие планови особено значајни, не само за заедниците и директните корисници, туку и за креаторите на политиките. Плановите опфаќаат темелни и сеопфатни насоки за управување со шумите, земајќи ги предвид пошироките екосистемски услуги што ги нудат шумите, како што се зачувувањето на биолошката разновидност, секвестрацијата на јаглеродот и придобивките за заедницата, вклучително користењето шумски производи што не се дрва. Се очекува оваа нова методологија за подготовка на планови за управување со шумите, која ќе биде имплементирана од Агенцијата за шуми на Косово во блиска иднина, да придонесе кон значително подобрување во практиките за управување со шумите во земјата, зголемување на одржливоста на шумите, ублажување на климатските промени и промовирање на благосостојбата на локалните заедници. 

„Отсекогаш сум ја сакал шумата и сонував професионално да се занимавам со шумарство, но поради недостаток на соодветно образование, мојот сон никогаш не се исполни.

              Како дел од програмските активности, успешно беа пошумени вкупно 128 хектари шума. Програмата особено истакна од колкаво значење е вклучувањето на локалната заедница во овие активности, особено во рамките на пилот-единиците за управување. Членовите на заедницата стекнаа практично искуство во техниките на садење, а притоа имаа финансиска корист од учеството. Иако сè уште постојат предизвици за одржливо управување со шумите во Косово, од кои нелегалната сеча продолжува да биде огромен проблем, холистичкиот пристап на програмата и интервенцијата на повеќе нивоа донесоа значајни придобивки. Програмата работи директно со поединци кои живеат во планинските подрачја, коишто не само што ги образува како правилно да ги користат шумските ресурси, туку и како да остваруваат профит со нивните активности. Овој пристап ја менува културата и начинот на размислување за значењето на одржувањето здрави и чисти шуми. Понатаму, преку соработка со институциите и креаторите на политики, програмата е целосно посветена на обезбедување позелена и поздрава иднина за жителите на Косово.

Урсула фон дер Лајен во посета на Западен Балкан: Зацврстување на врската со ЕУ

На 23. октомври, започна посетата на Западен Балкан на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на којашто таа ја истакна поддршката на ЕУ за економските реформи, зајакнувањето на регионалната соработка и итната помош за закрепнување од поплавите.  За време на нејзината посета, по одобрувањето на реформската агенда, таа ја истакна поддршката на ЕУ за социоекономски реформи и за зајакнување на регионалната соработка. Почнувајќи од Тирана, Албанија, таа го отвори кампусот на Колеџот на Европа, нагласувајќи ги можностите за младите лидери. Додека патуваше низ Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, стави акцент на економската интеграција, поддршката за обновливите извори на енергија и ветувањето за зацврстување на врската со Европската Унија.  За време на посетата, Урсула фон дер Лајен ги пофали реформите спроведени од секоја земја и најави значителни инвестиции од ЕУ за унапредување на инфраструктурата и проектите за чиста енергија. Нејзината порака беше јасна: ЕУ продолжува посветено да го поддржува напредокот на регионот кон интеграцијата во ЕУ, при што Планот за раст на ЕУ обезбедува итна помош и долгорочни инвестиции. Од справување со климатските предизвици во Босна и Херцеговина до унапредување на енергетските проекти во Црна Гора, турнејата на фон дер Лајен ја истакна посветеноста на Европската Унија за иднина во која земјите од Западен Балкан играат клучна улога.

Во мислите ги носам жртвите и сочувствувам со нивните семејства и пријатели. Европа е со васно не само за кратка интервенција, нашите планови се среднорочни и долгорочни. 

Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на најтешко погодениот регион од поплавите во Јабланица, Босна и Херцеговина Во Тирана, таа одржа средба со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, на којашто разговорите беа насочени кон интеграцијата на Албанија во ЕУ и спроведувањето на Планот за раст на ЕУ. Таа ги истакна иницијативите за обновливи извори на енергија и солидарноста на ЕУ во справувањето со климатските предизвици. Следниот ден, ја посети Северна Македонија, каде што се сретна со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски. Разговорите се фокусираа на поддршката на ЕУ преку Планот за раст и заложбата за економската интеграција.

Ја отвораме вратата за конкретни сектори на Единствениот пазар на Европската унија за компаниите на нашите партнери од Западен Балкан. За возврат, нашите партнери од Западен Балкан спроведуваат значајни реформи за да обезбедат еднакви услови за сите. Овие реформи ги поддржуваме со дополнителни европски инвестиции.

              На 25. октомври, таа отпатува за Босна и Херцеговина, каде што се состана со претседавачката Борјана Кришто во Сараево. За време на посетата, најави итна помош од 20 милиони евра за закрепнување од поплавите и го истакна Планот за раст на ЕУ во прилог на регионалната интеграција. Подоцна дента, таа го посети Белград, Србија, каде што оствари средба со претседателот Александар Вучиќ. Дискусиите беа насочени кон напредокот на Србија на патот кон членство во ЕУ. Фон дер Лајен ги истакна инвестициите од Планот за раст, кои се насочени кон зајакнување на економската интеграција на Србија и развојот на нејзината инфраструктура.  Во Косово, таа се сретна со претседателката Вјоса Османи-Садриу и премиерот Албин Курти, каде што го пофали напредокот на Косово во процесот на интеграција во ЕУ, вклучително неодамнешното спроведување на безвизниот режим и истакна од колкаво значење е регионалната соработка.  На последната станица од турнејата, во Црна Гора, таа се сретна со премиерот Милојко Спајиќ во Подгорица. Разговорите беа фокусирани на пристапувањето на Црна Гора во ЕУ, при што Фон дер Лајен ги истакна клучните инвестиции на ЕУ во енергетиката, инфраструктурата и сајбер безбедноста, како дел од европската интеграција на Црна Гора.

Заживување на старите традиции: Грнчарското патешествие на Велешките тинејџери

Млади занаетчии во Велес повторно го откриваат своето наследство преку оживување на традиционалното грнчарство. Прошетката низ тесните, стрмни улици на Велес, Северна Македонија, прави да се чувствувате како да патувате назад во времето. Градот, со својата калдрма и традиционалните куќи од камен, сведочи за минатото, кога цветало грнчарството. Едно од најкултните места во Велес е Сокачето на поезијата, каде што е роден славниот поет Кочо Рацин. Но, Рацин не бил само поет, тој се занимавал и со грнчарство — занает што некогаш бил сржта на градот. Неговите изработки и изработките на велешките мајстори биле толку ценети што некои парчиња успеале да најдат пат до пазарите во Западна Европа.  Денес, грнчарството во Велес е речиси на работ на исчезнување. Сепак, благодарение на една нова иницијатива, овој занает се враќа, предводен од новата генерација млади занаетчии. Анастасија Давчева и Антонио Трајковски, двајцата на возраст од 14 години, се дел од групата што ја сочинуваат 25 ученици од Велес кои ја открија својата страст за грнчарството преку работилниците поддржани од ЕУ и УНДП. Овие работилници се во рамките на проектот „Етно креативни работилници за заживување на старите занаети“, финансиран како дел од Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD2).   На почетокот, Антонио беше скептичен во однос на учеството на работилниците.

„На почетокот грнчарството ми се чинеше чудно, но со време стануваше сè поинтересно. Денес повеќе уживам кога создавам работи од глина отколку кога играм игри на телефонот. Грнчарството е навистина фасцинантен занает.“

Антонио Трајковски  „На почетокот грнчарството ми се чинеше чудно, но со време стануваше сè поинтересно. Денес повеќе уживам кога создавам работи од глина отколку кога играм игри на телефонот. Грнчарството е навистина фасцинантен занает.“   И на Анастасија работилниците ѝ се забавни, и таа особено ужива додека работи на грнчарското тркало и кога црта дезени.  Овие работилници ги води Гоце Станчев, еден од последните четворица останати грнчари во Велес. Иако на почетокот беше скептичен, тој наиде на голем интерес и ентузијазам кај децата. 

„Да постигнеме барем две од 20 деца да станат грнчари, ќе биде голем успех.“ 

За повеќе информации за програмата ReLOaD, којашто е финансирана од ЕУ, посетете ја нејзината официјална веб-страница.               Грнчарството има длабоки корени во Велес. На почетокот од 20 век, многу велешки семејства се занимавале со грнчарство и создавале парчиња што биле прочуени надалеку, надвор од Северна Македонија. Оваа силна врска со традицијата го прави заживувањето на грнчарството уште позначајно, не само за зачувување на културното наследство на градот, туку и за неговата иднина.  Станчев верува дека за да се сочуваат грнчарството и другите традиционални занаети неопходно е тие да се интегрираат во образовниот систем. „Има иднина во грнчарството, но потребен е поттик“, истакнува тој. „Јас и сопругата професионално се занимаваме со овој занает веќе 15 години. На пазарот има побарувачка, но недостасуваат луѓе коишто можат да ја задоволат. Јас сум жив доказ дека може да се живее од грнчарство.“  Оваа иницијатива во Велес е само еден од 50-те проекти поддржани од програмата ReLOaD во Северна Македонија изминативе три години. Проектите се фокусирани на оснажување на младите, промовирање на социјалната кохезија, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство.  За овие млади учесници, работилниците за грнчарство се многу повеќе од воннаставна активност – тие се нишка што ги поврзува со нивното културно наследство и им нудат потенцијал за идна успешна кариера. Како што вели Анастасија: „Би било убаво грнчарството да се зачува како занает, бидејќи е дел од традицијата на нашата земја.“  Оваа приказна сведочи како старите занаети може повторно да заживеат со ентузијазмот на младите, со ветар во грбот што ќе им го даде мудроста на оние кои со години ги одржуваат во живот овие традиции.  Тоа ни е јасен показател дека дури и во дигиталната ера, креативноста и врската со наследството продолжуваат да бидат значајни и да нè исполнуваат.

На само еден клик: предизвикување на стереотипите и ослободување на креативноста

Во денешниот дигитален свет, совладувањето на дигиталните вештини повеќе не е луксуз. Дигиталните вештини можат да премостат празнини, да отворат можности и да предизвикаат длабоко вкоренети предрасуди. Замислете млад Ром кој живее на Западен Балкан, којшто се соочува со пречки да се вработи и веројатно спаѓа во категоријата лица коишто не се вработени, ниту се вклучени во образование или обука (НЕЕТ). Според анкетата на Ромите спроведена од УНДП во 2017 година, стапката на НЕЕТ кај Ромите изнесува од 73% до 86%, додека кај Ромките во некои региони достигнува и до алармантни 93%.  За да се справиме со невработеноста кај младите Роми, потребни се сеопфатни решенија, при што дигиталните вештини играат клучна улога. Со пристап до обуки за дигитални вештини, младите Роми ќе имаат можност да се стекнат со вредни знаења во области како дигитален маркетинг, програмирање или анализа на податоци. На овој начин, ќе им се укаже можност да го искористат нивниот претприемачки потенцијал и да ги пораснат нивните бизниси. Оваа промена ќе вроди со нов наратив – од ексклузија до инклузија, како и од предрасуди до отворање нови можности.  Во рамките на Регионалниот проект за реинтеграција на повратниците, финансиран од ЕУ и спроведен од УНДП во Албанија, Северна Македонија и Србија, со партнерите и повратниците се работи на истакнување на значајноста на дигиталната инклузија и се вложува во обуките за дигитални вештини согласно потребите на повратниците и Ромите. Преку овие иницијативи, Ромите и повратниците се стекнаа со основни дигитални вештини, придонесувајќи кон создавање поправедно и поинклузивно општество.  Дигиталните вештини истовремено ја поттикнуваат иновативноста и креативноста, кои отсекогаш биле длабоко вкоренети во ромската заедница. Со овие вештини, младите Роми може да го споделат нивниот талент со светот – преку социјалните мрежи, онлајн бизниси или дигитално раскажување приказни.  Доан Узеироски од Прилеп, Северна Македонија, пред неколку месеци ја заврши обуката за дигитални вештини во рамките на Регионалниот проект за реинтеграција на повратниците, финансиран од ЕУ и спроведен од УНДП. Сега тој е еден од 145-те млади Роми и повратници кои успешно ја завршија обуката во партнерските општини во Северна Македонија.   Очите на Доан блескаат кога зборува за неговиот животен сон.  Се гордеам со себе што ја завршив обуката за дигитални вештини и сега планирам да ги користам вештините што ги стекнав за да создадам свој канал на Јутуб. Следно, сакам да отворам своја берберница, да креирам сопствено лого и веб-страница, да снимам видеа како работам и да се промовирам на тој начин. Дигиталниот свет е огромен и нуди многу можности. Иако сум на самиот почеток, се чувствувам самоуверено дека ќе го пронајдам своето „катче во дигиталниот свет! Доан Узеироски, ПрилепСеверна Македонија Дигиталната трансформација ги менува и општествата, честопати преместувајќи ги владините услуги онлајн. Во Албанија, Регионалниот проект за реинтеграција на повратниците помага да се премости дигиталниот јаз за ранливите повратници во руралните заедници. Со поддршка од ЕУ и УНДП, а во партнерство со Националната агенција за вработување и вештини на Албанија, 195 млади Роми и Египќани завршија обука за дигитални вештини, со што си ги зголемија шансите за вработување и помагање на нивните заедници.

„Благодарение на обуката за компјутерски вештини, сега сум навистина важна личност во моето село Балтез. Секојдневно им помагам на луѓето да пристапат до јавните услуги преку Е-Албанија!“

  Со градењето дигитални вештини кај повратниците и младите Роми, проектот не само што помага да се намали дигиталниот јаз, туку и ги предизвикува предрасудите, го менува наративот и гради иднина во која секој има можност да напредува.            И во Србија, 150 млади Роми и повратници се корисници на програмата за обука за дигитални вештини, со која ќе стекнат практични вештини кои ќе им користат на пазарот на трудот. За да се посетуваат обуките не е потребно да се поседува одреден степен на образование или предзнаење.    Завршувањето на обуката за работење со WORDPRESS значително ми ги зголеми шансите за вработување. Се надевам дека ќе се вработам на место каде што ќе можам да продолжам да се надградувам и да ги уривам предрасудите за ромската заедница!“  Марина Милосављевиќ, Ваљево – Србија 

Склучени нови регионални договори и потврдена определеноста за членство во ЕУ на Берлинскиот Самит

Берлин, 15 октомври 2024 година – Лидерите на шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – се собраа во Берлин по повод 10-годишнината од Берлинскиот процес. Тие ја истакнаа нивната заложба за продлабочување на регионалната соработка и за поскора интеграција со Европската Унија. Организиран од германскиот канцелар Олаф Шолц, со поддршка од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, самитот претставуваше значаен чекор кон економската интеграција на регионот.  Регионалната соработка засилена со нови договори  Самитот го одбележа потпишувањето на:  Планот за Заеднички регионален пазар, со цел да се унапредат трговијата и економскиот раст преку рушење на бариерите меѓу земјите.  Договорот за мобилност којшто предвидува подобар пристап до високо образование ширум регионот, обезбедувајќи им на младите повеќе можности за студирање и работа во странство.  Овие договори се согласно Планот за раст на Европската Унија, којшто е вреден 6 милијарди евра, со цел да се забрза економскиот развој и да се постават темели за евентуално членство на Западен Балкан во ЕУ.  Процесот за проширување на ЕУ продолжува да се одвива според планот  За време на самитот, канцеларот Шолц ја истакна заложбата на ЕУ за проширување, изјавувајќи:

„Европската Унија ќе биде целосна само кога Западен Балкан ќе стане дел од неа. Се надевам дека нема да поминат уште 10 години додека сите шест земји ѝ се приклучат на Унијата.“

– Германскиот канцелар Олаф Шолц  И Урсула фон дер Лајен оптимистички изјави дека процесот на проширување на ЕУ е повторно во фокусот: 

„Патот кон ЕУ е отворен, но секоја земја мора да напредува според нејзините заслуги. Напредокот зависи од реформите и регионалната соработка, од кои на крајот имаат корист граѓаните.

Пристапувањето во СЕПА ќе донесе значајни придобивки   На денот на одржувањето на самитот, Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ, оствари средба со гувернерите на централните банки од Западен Балкан:  „Средбата со гувернерите на централните банки од Западен Балкан ми претставуваше задоволство. Разговаравме како напредува реализацијата на Планот за раст, особено во однос на пристапувањето во СЕПА.  Поедноставувањето на прекуграничното плаќање ќе донесе значајни придобивки за граѓаните и бизнисите!“  Оваа иницијатива има за цел земјите од Западен Балкан да пристапат во СЕПА (Единствената област за плаќања во евра), со што ќе се поедностави прекуграничното плаќање и ќе овозможат поекономични и попристапни трансакции за правните и физичките лица.  Нормализацијата на односите и решавањето на конфликтите остануваат од суштинско значење  Канцеларот Шолц ја пофали одлуката на Косово да ја укине забраната за српски производи, нарекувајќи ја значаен чекор кон исполнување на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и подобрување на регионалната соработка. Шолц и фон дер Лајен истакнаа дека решавањето на отворените прашања помеѓу Косово и Србија е клучно за стабилноста и напредокот кон членството во ЕУ.  Фон дер Лајен изјави: „Регионалното единство е од суштинско значење, и конфликтите не смеат да го попречат патот напред.“    Решавање на геополитичките предизвици  За време на самитот се разговараше и за зголемениот геополитички притисок во регионот, при што Урсула фон дер Лајен го потенцираше растечкото руско влијание на Западен Балкан:  „Руската агресивна војна во Украина јасно ни дава до знаење дека треба да ја застанете на вистинската страна на историјата и да го почитувате меѓународното право“. 

Колективното дејствување ги руши стереотипите и избавува од сиромаштија

Во културните центри ширум Србија, младите Ромки и Роми имаат уметнички настапи кои поттикнуваат на размислување со провокативното прашање „Што мислите, како треба да изгледа еден Ром?“. Нивниот наратив ги предизвикува стереотипите и ги урива бариерите за инклузија на Ромите во општеството. 

Младите Роми во Берат, Албанија, нурнуваат во нивните маала за да ги истражат и доловат приказните на Ромите повратници. Нивната цел е да ги споделат овие приказни со пошироката јавност, за да придонесат да се надминат препреките кои ја отежнуваат нивната реинтеграција. 

Во меѓувреме, во Шуто Оризари, Северна Македонија, Ромите и повратниците на форумите на заедницата ги истакнуваат нивните потреби за подобри услуги од државата. Нивната сплотеност резултира со создавање простор каде што услугите ќе бидат подостапни за ранливите групи и ќе се овозможи дијалог меѓу владата, граѓанското општество и заедниците. 

Овие три примери се само дел од четириесетте иницијативи на заедницата за поддршка на Ромите повратници да се реинтегрираат и да се спасат од сиромаштија, во рамките на Регионалниот проект за реинтеграција на повратниците на УНДП, финансиран од ЕУ. Проектот опфаќа девет општини во Албанија, Северна Македонија и Србија. 

Со поддршка од ЕУ и УНДП, Ромите, повратниците и локалните заедници заедно учат, работат и се забавуваат. Нивната соработка ги предизвикува предрасудите, ги урива бариерите за инклузија и ја подобрува економската благосостојба на Ромите и повратниците. 

Оваа соработка беше поздравена на Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, за време на кој се истакна дека колективната моќ може да поттикне промени и да ги подобри економската благосостојба и положбата на Ромите и повратниците во општеството. 

 

Креативно изразување за инклузија 

Во Нови Сад, Србија, младите Роми ја користат нивната креативност за да ја предизвикаат стигмата. За време на нивните настапи, тие ја предизвикуваат публиката со прашањето „Што мислите, како треба да изгледа еден Ром?“ и ја поттикнуваат публиката да се соочи со нејзините предрасуди. 

Актерката Александра Милојковиќ Новикова ѝ вдахнува живот на оваа порака во Српскиот народен театар со нејзината монодрама „Сама“. Претставата ја повикува публиката на размислување и нѐ потсетува дека сите ние имаме моќ да поттикнеме промена. 

Поддржани од ЕУ и УНДП, овие претстави имаат за цел да ги урнат стереотипите и да покажат дека секој поединец има улога во создавањето инклузивни општества. 

 

Нека се слушне гласот на заедницата 

Заедниците на Ромите и на повратниците често се погрешно прикажани во медиумите. За да го променат ова, младите Роми ги здружија силите за да станат „репортери на заедницата“.  

Со поддршка од ЕУ и УНДП, тие учат новинарски вештини и вештини за раскажување приказни, за да се слушне гласот на Ромите и повратниците.

Во Берат, Албанија, овие репортери поминаа време со Ромите повратници, документирајќи ги нивните битки и успеси додека се обидуваат повторно да ги изградат нивните животи. Една од приказните е за група повратнички кои започнале социјален бизнис кој нуди услуги за чистење. Нивниот бизнис расте, благодарение на медиумската покриеност. 

Овој пристап кон известувањето предводено од заедницата покажува како медиумите можат да играат клучна улога во заложбата за инклузија на ранливите групи. За нивната работа може повеќе да се дознае од видео документарци и подкасти, кои нудат детален увид во предизвиците и успесите на Ромите повратници.  

 

Јавни простори и услуги по мерка на граѓаните 

Во Шуто Оризари, Скопје, се гради нов простор за заедницата што ќе придонесе да се зајакнат врските помеѓу владата и ранливите групи и ќе доведе до подобар пристап до јавните услуги. Ресурсниот центар во Шуто Оризари, кој функционира како едношалтерски систем за повратници и други ранливи поединци, беше формиран во консултација со локалните заедници, за да одговори на нивните потреби. 

Со поддршка од ЕУ и УНДП, овој центар покрај тоа што нуди услуги, создава и простор за дијалог и соработка помеѓу владата и заедницата. Понатаму, тој ќе продолжи да се развива согласно потребите и придонесот на неговите корисници. 

За проектот 

Проектот за реинтеграција на повратниците во Западен Балкан се фокусира на рушење на бариерите со коишто се соочуваат ранливите повратници кога се обидуваат да се интегрираат во општеството. Овој проект, кој е дел од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА) II, ги поддржува правата на ромската заедница и процесот на реинтеграција на повратниците, во соработка со партнерите УНДП, Светска банка и Советот на Европа.  

Во Албанија, Северна Македонија и Србија, проектот пробува нови пристапи за одржлива реинтеграција на локално ниво. Покрај тоа, го олеснува дијалогот за подобрување на политиките и програмите ширум Западен Балкан, со цел да се обезбеди поголема поддршка за ранливите повратници. 

Соработка за инклузија и намалување на сиромаштијата 

Соработката и дејствувањето на заедницата се од суштинска важност за да се постигне инклузија и намалување на сиромаштијата. Со заеднички заложби, како во рамките на ромската заедница така и пошироко, може да се случи вистинска промена. Овие заложби не само што се насочени кон решавање на непосредните потреби, како што е подобрување на јавните услуги, туку и кон справување со долгорочните предизвици. 

Кога ќе се здружат заедниците, тие можат да постигнат многу повеќе од поединците. Доколку колективно дејствуваат, луѓето може да ја надминат сиромаштијата. На 17 октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, а и секој ден, треба да бидеме свесни дека моќта произлегува од заедничкото работење во насока на рушење на стигмата и создавање поинклузивен свет. 

Зелената револуција на „ЦЕМПРОМ“: како ЕУ ѝ помага на оваа српска компанија да стане предводничка за одржливост

Компанијата „ЦЕМПРОМ“ од Прељина, којашто е водечки играч во производство на бетон, докажа дека одржливоста и деловниот успех може да одат рака под рака. Користејќи ги придобивките од програмата „Ecoloans“, финансирана од Германската развојна банка (KfW) и поддржана од Регионалната програма за енергетска ефикасност на ЕУ (REEP), компанијата направи значителни чекори за усогласување на нејзините активности со еколошките стандарди.  Од компанија за производство на бетонски блокови и пакување цемент во вреќи, „ЦЕМПРОМ“ којашто е основана во 1992 година, прерасна во водечки производител на бетон, и може да се пофали со проекти како Коридорот Е 763 и соработка со локални градежни партнери. Денес, со возен парк што го сочинуваат преку 100 камиони и 150 вработени, компанијата поседува капацитет за производство на околу 300.000 тони бетон на годишно ниво.  Со инвестиција од 820.000 евра, овозможена од УниКредит банка, „ЦЕМПРОМ“ го осовремени нејзиниот возен парк со возила со погон на метан. Ова резултираше со намалување на потрошувачката на гориво за 42%, намалување на емисијата на азотни оксиди за 32% и намалување на емисијата на јаглерод диоксид за 56%, со дополнително значително намалување на несогорените јаглеводороди и честички. Во поглед на финансии, овие промени резултираа со заштеда од околу 20% на годишно ниво, при што се очекува инвестицијата да се врати за четири до пет години. Дејан Исаиловиќ, директор за производство на „ЦЕМПРОМ“, ги смета овие иницијативи за економски и еколошки стратешки потези кои придонесуваат за одржлив раст на компанијата и за отворање нови работни места. 

„Нашиот непоколеблив стремеж да водиме еколошки бизнис отсекогаш ни бил приоритет. Ова патување ни отвори нови хоризонти, овозможувајќи ни да испорачуваме поголеми количини за значајни проекти и да го прошириме асортиманот со нови услуги, како транспорт на цемент.

Посветеноста на „ЦЕМПРОМ“ кон одржливоста не се однесува само на трансформацијата на нејзиниот возен парк. Компанијата користи отпадна вода во процесот на производство, а остатоците од материјалите служат за локална употреба, што е одраз на нејзиното посветено пружање поддршка на заедницата и ефикасното управување со ресурсите. Овој проактивен пристап им служи за пример на другите компании, поставувајќи висок стандард за енергетска ефикасност и еколошка одговорност.  Програмата „Ecoloans“, којашто е од суштинска важност за патот на Србија кон позелена економија, има за цел да се справи со два клучни предизвици за малите и средните претпријатија: ограниченото долгорочно финансирање и потребата од подигање на свеста за одржливо работење. Со износ од 120 милиони евра префрлен во српските банки, оваа програма им помага на бизнисите да ги намалат енергетските трошоци и емисијата. Програмата е дел од REEP, во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан, и е одраз на силната поддршка од ЕУ и Германија.  И покрај почетните високи трошоци за усвојување зелени практики, Исаиловиќ ги охрабрува малите и средните претпријатија да ја прифатат одржливоста, истакнувајќи дека за краток период ќе им се врати инвестицијата, а за возврат ќе имаат бројни придобивки.  Програмата Ecoloans, финансирана од Германската банка за развој и поддржана од ЕУ, обезбеди 120 милиони евра во српските комерцијални банки. Оваа програма е суштинска компонента на Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP).         Потребно е под итно да се подигне свеста за одржливо и еколошко работење“, вели тој. „Најдобар начин да се отстранат сомнежите е да се води отворен дијалог и да се учи од компании кои веќе чекорат по овој пат и може да се пофалат со заштеда и унапредено производство. 

Европската Унија го поддржува живописното културно наследство на Западен Балкан

Европската Унија посветено се залага за зачувување и промовирање на живописното и уникатното културно наследство на Западен Балкан. Со илјадниците проекти финансирани од ЕУ се ревитализира богатиот културен пејзаж на регионот и се поттикнува единство и прекугранична соработка.

 

„Култура и креативност за Западен Балкан“ („CC4WB“)

 

Со цел да се унапреди културната соработка и развојот на Западен Балкан, ЕУ започна со проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ („CC4WB“). Оваа иницијатива е финансирана од ЕУ, а ја спроведува УНЕСКО во соработка со Британскиот совет и Италијанската агенција за развојна соработка, и преку неа им се овозможува поддршка на државните институции, културните и креативните организации, компаниите, граѓанското општество и професионалците со буџет од 8 милиони евра.

Поврзување на културите и заедниците

Младата режисерка Мирјана од Сараево учествуваше на меѓурегионален филмски проект во рамките на „CC4WB“, притоа соработувајќи со уметници од Србија, Северна Македонија и Црна Гора. Нејзиниот филм, којшто ги истражува темите младост и стремеж, одекна низ Балканот и послужи за пример како културата може да ги поврзе луѓето и да поттикне заедничко чувство на надеж и нови почетоци.

Засилување на локалните гласови

Проектот „CC4WB“ ги засилува локалните гласови, прикажувајќи го уникатното културно богатство на Западен Балкан пред пошироката европска публика. Музичкиот фестивал „Гласовите на Балканот“ ги обедини музичарите кои создаваат традиционална музика и оние кои создаваат современа музика, со што привлече илјадници посетители и поттикна раст на локалниот туризам, славејќи го разноликото музичко наследство на регионот.

Поттикнување на економскиот и социјалниот развој

Проектот „CC4WB“ придонесува и за поттикнување на економскиот и социјалниот развој на регионот. Со вложување во креативните индустрии, програмата создава нови работни места, ја стимулира локалната економија и привлекува меѓународни инвестиции. Проектот ги оснажува недоволно застапените групи преку работилници, обуки и програми за менторство за млади уметници, жени и малцинства.

Одржливо културно влијание

Одржливоста е клучен аспект на проектот „CC4WB“. Проектите како што е иницијативата „Патеки на наследството“ го промовираат културниот туризам и ги вклучуваат локалните заедници во зачувувањето и толкувањето на нивното културно наследство. Со овие заложби се гарантира дека културното богатство на Западен Балкан ќе се зачува за идните генерации.

Креативна Европа: Поширока визија за културно единство

Со нејзиниот премин од регионална соработка во поширок европски контекст, програмата „Креативна Европа“ игра клучна улога во обединувањето на културните и креативните сектори ширум континентот. Со расположив буџет од 2,4 милијарди евра за периодот 2021-2027 година, програмата „Креативна Европа“ ги поддржува културните и креативните сектори, меѓу кои и аудиовизуелните сектори, ширум Европа, вклучувајќи го и Западен Балкан. Преку оваа програма се поттикнува единство со прекуграничната соработка и може да се пружи поддршка за културна ревитализација преку многубројните видови уметничка и културна соработка.

Негување врски преку културата

Проектот „Креативна Европа“ претставуваше катализатор за промени, за оснажување на поединците и зајакнување на врските ширум регионот. Младата македонска режисерка Ана, благодарение на финансиските средства доделени од овој проект, ги документираше усните преданија од нејзиниот регион, во соработка со уметници и историчари од Србија, Албанија и Косово. Проектот беше сосредоточен на заедничкото наследство што ги пробива современите граници и вроди со низа документарци, аудио снимки и дигитална архива.

Босанскиот музичар Емир ги спојува традиционалните балкански инструменти со модерен џез. Преку проектот финансиран од „Креативна Европа“, „Балканска џез фузија“ („Balkan Jazz Fusion“), тој со неговиот бенд настапуваше ширум Европа и се поврза со нова публика и со други музичари, со што покажа колкава е моќта на културната размена.

Оснажување на жените во уметноста

Проектот „Креативна Европа“ ги оснажува и жените во уметноста. Младата сликарка Лина од Црна Гора ги претстави нејзините дела во галериите низ Италија и Франција, преку проектот за визуелни уметности поддржан од „Креативна Европа. Оваа изложеност вроди со свежи гледишта во нејзината работа, поттикнувајќи и подобрувајќи го нејзиното уметничко изразување.

Патот кој води напред

Проектите „CC4WB“ и „Креативна Европа“ и понатаму се приспособуваат на променливите културни и политички пејзажи на Западен Балкан. Овие програми се важен сегмент од заложбата на ЕУ за културниот напредок и единство во регионот. Тие го покажуваат трансформативното влијание на културната дипломатија и соработка во региони со белези од историски поделби.

Европската Унија го поддржува богатото и уникатно културно наследство на Западен Балкан преку илјадниците проекти што ги финансира, во насока на поттикнување прекугранична соработка и збогатување на културниот пејзаж на регионот. Со овие проекти се слави богатата културна разноликост на регионот, а истовремено се промовира заедничкото наследство и меѓусебна почит. Како што се развиваат, приказните за поединци како што се Мирјана, Ана, Емир и Лина го истакнуваат длабокото влијание на културната соработка во градењето на покохезивна, подинамична и обединета европска иднина.

Дознајте повеќе за огромното влијание коешто програмите „Културна соработка на Западен Балкан“ („CC4WB“) и „Креативна Европа“ го имаат врз животите на луѓето и врз заедниците. Следете нè и информирајте се на нашите социјални мрежи и веб-страницата на „WeBalkans“.