Skip to main content

Автор: WeBalkans

Честитки за Северна Македонија за пристапувањето кон СЕПА – Значаен напредок на патот кон европската интеграција

Северна Македонија оствари значаен напредок на патот кон европската интеграција со пристапувањето кон Единствената платежна зона во евро (СЕПА), по позитивната одлука на Европскиот платен совет (ЕРС). Ова претставува конкретен пример за влијанието на Планот за раст за Западен Балкан – иницијатива на ЕУ насочена кон забрзување на социоекономската интеграција на регионот во ЕУ, вклучително постепено стекнување пристап до одредени сегменти на единствениот пазар на ЕУ, врз основа на усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ.

Како резултат на оваа одлука, давателите на платежни услуги во Северна Македонија ќе добијат можност да се приклучат на различните шеми на СЕПА, со кои управува ЕРС.

Овој чекор ѝ го отвора патот на Северна Македонија да ги поедностави финансиските трансакции во евра, намалувајќи ги трошоците и времето потребно за нивно извршување меѓу домашните бизниси и другите учесници во платните системи во областа на СЕПА – што претставува значаен придонес кон одржливиот економски раст на земјата.

Европската комисија ќе продолжи и понатаму да ја поддржува подготовката на платежните услуги во Северна Македонија, како и усогласувањето на земјата со законодавството на ЕУ во областа на финансиските услуги.

 

Историјат

Европскиот платен совет (ЕРС) е независна, меѓународна непрофитна асоцијација којашто ја сочинуваат 83 членови – даватели на платежни услуги (PSP) или здруженија на даватели на платежни услуги. Тој е основан во 2002 година, од страна на Европската банкарска индустрија за развој на европски инструменти за електронски плаќања во евра. Денес, близу 4.000 банки и други даватели на платежни услуги учествуваат во шемите СЕПА.

Оттогаш, во близок дијалог со засегнатите страни, ЕРС разви, меѓу другото, „шеми“, како што се СЕПА кредитен трансфер, СЕПА инстант кредитен трансфер, SEPA Direct Debit (SDD) Core и SDD Business – шеми за плаќање на бизнис. Овие шеми, кои олеснуваат над 50 милијарди трансакции во 36 земји секоја година, редовно се ажурираат и надградуваат од страна на ЕРС, за да помогнат во реализацијата на едноставни прекугранични плаќања во евра.

 

Повеќе информации

Factsheet on the Growth Plan for the Western Balkans

EPC press release on Moldova & North Macedonia

ЕУ ја поддржува регионалната соработка за одржлив развој

Петтиот заеднички повик на ЕУ и Фондот за Западен Балкан за доставување проекти за зајакнување на регионалната соработка и кохезија во регионот на Западен Балкан, со трите најважни аспекти за интервенција, односно културна соработка, образование и наука, и одржлив развој, укажува од колкава важност е соработката меѓу земјите од Западен Балкан за изнаоѓање решенија кои ќе им помагаат на организациите и поединците да го подобрат животот во регионот. 

Преку овој повик поддршка добија разни иницијативи, од иницијативи за справување со неодложните еколошки проблеми до иницијативи за воспоставување регионална соработка и размена за промовирање и зачувување на традиционалните занаетчиски производи, вклучително насочени локални интервенции, како и иницијативи за оснажување на жените. 

Со новиот повик на Фондот за Западен Балкан и ЕУ којшто ќе биде наскоро објавен, ќе ги пренесеме успешните приказни за спроведување регионални проекти на здружението „Пријатели на Корча“ од Албанија и на организацијата „Еднаквост“ од Косово. 

 

Соларна енергија за жителите на Западен Балкан 

 

Неколку граѓански организации од Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија се обединија со една мисија: здружено да работат на ублажување на последиците од климатските промени на Западен Балкан и да ги промовираат придобивките од користењето соларна енергија. Под водство на здружението „Пријатели на Корча“ од Албанија, овој проект ги обедини партнерите „Балканска водна мрежа“ од Северна Македонија, Центарот за одржлив развој на заедницата од Северна Македонија, Фондот за иновации на Црна Гора и МСЈА од Црна Гора, заедно со Еколошките амбасадори за одржлив развој од Србија, Политехничкиот универзитет во Тирана од Албанија и Политехничкиот универзитет во Корча од Албанија. Овие партнери ја создадоа мрежата Солар-PV4 на Западен Балкан (Solar-PV4Western Balkans Network), чија цел е да ги вклучи чинителите од институциите на ниво на локалните заедници, за да ги застапуваат и промовираат најдобрите практики на самостојните производители на соларна енергија. 

Размената на информации и знаење за законодавството, иницијативите и иновативните решенија за соларната енергија беа клучни за поставувањето на темелите за заложба и образовни активности во државите кои се дел од мрежата. 

 

Денес, сончевата енергија за граѓаните, заедниците и малите бизниси нуди исклучителна можност. Европската Унија одобри важни програми и закони за развој на соларна енергија. Едноставно, треба што поскоро да ги усвоиме овие закони и да ги спроведеме овие програми во нашите земји, да обезбедиме чиста и поволна енергија за нашите граѓани, работни места и приходи за локалната економија“, изјави Ѓерѓи Ѓинко, претседател на здружението „Пријатели на Корча“, кој го водеше проектот „Соларна енергија за граѓаните на Западен Балкан“. 

 

Експертите од сите партнерски организации вклучени во проектот дадоа придонес за проектот со нивната експертиза, која варира од искуство во препознавање и промовирање добри практики за женско лидерство во областа на одржливата енергија и родово коректни одржливи енергетски услуги за средини со ниски приходи, по ниски цени, до разгледување на прашањето за климатската криза на академско ниво.  

Од проектот произлегоа извештаи за четири држави (Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија) со кои ќе се информираат граѓаните за законите, можностите и придобивките од користењето соларна енергија, како и за потребата од креирање нови политики. Веб-страницата креирана во рамките на проектот ја отсликува смислата на мисијата на партнерите, и гарантира долготрајни резултати од проектот, поширок опсег и продолжување на мисијата и целите на партнерите. 

 

Оснажување на жените преку изработка на традиционални ракотворби 

 

„Се поврзавме со организацијата „Пазарски базар на ракотворби“ и со центарот „Жени во јавните служби“ со цел да ги промовираме жените од Косово, Албанија и Србија во нашиот регион и да обезбедиме поддршка за заштита и развој на традиционалните занаети. Сакавме да покажеме и да го зачуваме од заборав трудот на вредните жени од нашето општество и да му ги претставиме на нашиот регион сите посебни одлики и детели за нашите традиции, кои ќе опстанат и ќе живеат и во иднина“, вели Убејда Османи од невладината организација „Еднаквост“ од Призрен, Косово посветена на промовирање на бошњачката заедница и зголемување на влијанието во јавниот, политичкиот и културниот живот, преку различни форми на образование, волонтерство и преку оснажување на улогата на жените и младите во општеството. 

Со цел да се воспостави регионална соработка и дијалог за промовирање и зачувување на традиционалните занаетчиски ракотворби, вклучително насочени локални интервенции, а истовремено да се промовира економското оснажување на жените, проектот започна со теренски посети низ повеќе села и заедници во Призрен, како и посети на жени кои изработуваат традиционални занаетчиски ракотворби, компании кои ги водат жени и самовработени жени. Следеа две работилници, кои ги организираа учеснички од Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Едната од овие работилници се однесуваше на промоција и брендирање на занаетчиски ракотворби, а втората беше посветена на составување бизнис план и привлекување инвестиции. Регионалната конференција одржана во Драч, Албанија со околу триесет учеснички од Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, се фокусираше на регионалната промоција на занаетчиските ракотворби и нематеријалното културно наследство од страна на жените. 

Фондот за Западен Балкан (WBF) е меѓународна организација со седиште во Тирана, Албанија, основана од владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Основањето на овој фонд, како сеопфатна и регионална иницијатива, се смета за јасен показател дека заживува соработката на Балканот. Фондот за Западен Балкан има за цел да ја промовира соработката и заедничките вредности кај граѓаните, граѓанското општество и поединците, преку финансирање на малите и средните проекти во клучните области. 

„Поддршката од Фондот за Западен Балкан ни помогна да ја унапредиме и зацврстиме регионалната соработка“, изјави г-ѓа Османи, притоа истакнувајќи го учеството на жените со различна етничка припадност и потекло од Косово, Албанија и Србија во проектот. „Во проектните активности учествуваа жени и девојки со различно етничко потекло, на возраст од 20 до 65 години, вешти во изработката на традиционални ракотворби, и тие покажаа интерес за старт-ап иницијативите и иницијативите за самовработување, кои беа дел од проектните активности. Меѓу нив имаше самохрани мајки, вдовици, мажени жени и жени кои живеат сами, со различен степен и вид на образование, занимања и интереси од Косово, Албанија и Србија и од различни заедници, вклучително албанската, српската, бошњачката, турската и ромската заедница, како и повозрасни жени“, додаде таа. 

 

Приказните за жените кои учествуваа во проектот се дел од документарниот филм во продукција на невладината организација „Еднаквост“ и нејзините партнери. 

Прилика за нови пријателства и доживотни искуства – Програма „Суперучилишта“ 

„Сметам дека секој треба да ја искуси размената во рамките на програмата „Суперучилишта“. Ова беше најважното нешто што ми се случи оваа учебна година“, изјави Милица Дробњак, ученичка во средното стручно училиште во Бијело Поље, Црна Гора, раскажувајќи за нејзиното учество во една од размените на ученици во оваа програма. 

Посветена на пружањето поддршка на процесот на градење мир и помирување преку меѓукултурно учење и дијалог меѓу училиштата и учениците, Регионалната канцеларија за младинска соработка (РКМС) во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) ја создаде програмата „Суперучилишта“. Европската Унија и германското Сојузно министерство за економска соработка и развој, ја поддржаа мисијата на РКМС и ГИЗ со нивната дарежлива финансиска поддршка. 

Програмата „Суперучилишта“ е осмислена на начин да ги ангажира младите, наставниците и училиштата како институции. Училиштата од шесте земји на Западен Балкан може да аплицираат за да станат суперучилишта и да формираат партнерства што ќе отворат можности за размена меѓу училиштата и учество во активностите на програмата посветени на продлабочувањето на нивните капацитети, вмрежување и соработка. 

За младите, програмата „Суперучилишта“ нуди можности за патување и истражување на регионот; стекнување нови пријателства и интеркултурни вештини. Програмата им овозможува на наставниците нови искуства и перспективи; можности за градење капацитети преку тематски области на РКМС и обуки за управување со проекти, како и можност за поврзување со други истомисленици од регионот. 

Алма Делиу, професорка во гимназијата „Сами Фрашери“ во Приштина, Косово, го потврди ова кога ја прашавме за нејзиното искуство: „Сметаме дека заедно нема само да се забавуваме, туку и ќе споделуваме искуства што ќе ни користат во иднина, имајќи предвид дека иако сме две различни култури од ист регион, нè обединуваат сличностите на мирен и хармоничен начин“. 

Од 2021 година, кога започна проектот, до 2024 година, со двата отворени повици, РКМС поддржа 77 билатерални партнерства на средни училишта од шесте земји на Западен Балкан и овозможи размена на околу 1800 средношколци преку повеќе од 150 организирани размени. Во рамките на програмата, преку 300 професори од средните училишта од регионот ги зајакнаа своите капацитети преку тематските области на РКМС, неформалните образовни активности и обуките за управување со проекти. 

Во овој контекст, споделувајќи го нејзиниот став кој е сличен на ставот на Делиу од Приштина, Косово, Душица Голубовиќ, професорка во средното стручно училиште во Пирот, Србија, ги истакнува можностите за професионален раст кои таа ги согледа учествувајќи во активностите на програмата „Суперучилишта“. „Според мене, проектот нуди фантастична можност за професионално усовршување, а истовремено и го става на тест моето досегашно професионално усовршување како педагог и професорка во ова училиште“, вели Голубовиќ. 

Од мај 2024 година, РКМС ја започна својата нова и исклучително значајна програма која на средношколците и професорите од Западен Балкан им нуди можност да се поврзат и да спроведат заеднички активности преку уникатната програма за размена. Имињата на деведесетте средни училишта од Западен Балкан, учесници во третата програма за размена на „Суперучилишта“, беа објавени во август 2024 година и нивните активности за размена моментално се во тек. 

Со акцент на соработката со претставниците на ученичките тела, како што е ученичкиот совет, програматаСуперучилишта, во рамките на новиот циклус 2024-2026 година, ќе продолжи да им овозможува на младите да имаат клучна и влијателна улога во осмислувањето на нивното неформално образование, преку планирање активности и составување апликации. Во новиот циклус, особено внимание ќе се посвети на концептот „престојување во семејство-домаќин“ („Homestay“), којшто подразбира престојување во семејства на учениците од училиштето-домаќин – искуство кое докажано ги зајакнува врските и разбирањето меѓу младите од регионот. 

„Made of Us“ – Патешествие низ ЕУ и Западен Балкан

Од земјите на ЕУ до Западен Балкан: Патување кое истакнува како придобивките од членството во ЕУ го збогатуваат секојдневниот живот. 

„За време на патувањето во Љубљана, Словенија, кога ја посетивме еколошката организација „Екологи брез меја“, поддржана од Зелената иницијатива на ЕУ, бев воодушевена колку е чист градот и колку има зеленило во него. Низ целиот град внимателно беа поставени контејнери за рециклирање, со јасни назнаки за стакло, хартија, амбалажа и друг отпад. Спонтано направив фотографија и ја споделив на Инстаграм, не очекувајќи дека ќе предизвика толку голем интерес.“ 

За неколку часа, сандачето ми беше преплавено со преку 100 пораки од следбеници од Северна Македонија, од кои сите гласеа: „Потребен ни е ваков систем во нашата земја!“ Ентузијазмот и страста на толкумина луѓе беа фасцинантни. Луѓето ги споделија своите фрустрации за управувањето со отпадот и нивната желба за почиста, поодржлива животна средина, нагласувајќи од колкава важност е да се подигне свеста и да се дејствува. 

Бев трогната од тоа колку луѓето во мојата земја навистина сакаат да живеат во почиста и позелена средина. Нивните искрени пораки ми влеаја нова надеж и верба дека дури и малите активности, како споделувањето идеи и позитивни примери, можат да бидат поттик за значајни промени.“ 

Ова сведоштво на Јелена Спенџарска, инфлуенсерка од Северна Македонија, јасно покажува дека придобивките од членството во ЕУ и вредностите што ги носи не се апстрактни или сложени концепти. Тие се одразуваат во секојдневните, опипливи аспекти на животот – аспекти што ги унапредуваат нашите заедници, нè поттикнуваат да размислуваме поинаку и нè охрабруваат да веруваме во можноста за подобра иднина. 

 

Made of UsВреме е за ново патешествие 

Јелена беше дел од кампањата „Made of Us – Патешествие низ ЕУ и Западен Балкан“, која обедини 12 инфлуенсери поделени во два тима: син и жолт тим. Додека нејзиниот тим патуваше низ Хрватска, Словенија и Италија, жолтиот тим ги истражуваше Унгарија, Словачка и Австрија. 

Кампањата, којашто стартуваше во Брисел на 20 октомври, започна со интензивни обуки од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG NEAR) и група експерти. По оваа подготовка, инфлуенсерите се впуштија во патување со минибуси, посетувајќи проекти поддржани од ЕУ и доловувајќи како членството во ЕУ ги преобразува општествата.  

За време на патувањето, инфлуенсерите се среќаваа со локалното население, кое споделуваше и позитивни и критички перспективи, создавајќи избалансиран наратив за ЕУ како заедница на можности, одговорности и посветена работа. Низ шест главни градови на ЕУ, тимовите документираа примери од реалниот живот и потенцијални решенија што би можеле да го инспирираат Западен Балкан, поттикнувајќи надеж и конкретни идеи за промени. 

Штом започна кампањата „Создадено од нас“ („Made of Us“) во соработка со инфлуенсерите, таа веднаш го привлече вниманието на публиката, предизвикувајќи значителен пораст на следбениците на профилот на „WeBalkans“ на Инстаграм. Посетите на инфлуенсерите на проекти финансирани од ЕУ поттикнаа интензивни активности, вклучително активна комуникација со аудиториумот во однос на објавените содржини, споделување ставови и зголемување на досегот и влијанието на кампањата. 

Во Унгарија, акцентот на посетата беше на работната сила и мобилноста во образованието, вклучително слободата на движење во Шенген зоната. Преку играње текбол, спорт поддржан од фондовите на ЕУ, се прикажа како „NextGenEU“, односно следната генерација на ЕУ, ги поттикнува иновациите во спортот, инфраструктурата и прекуграничната соработка. 

Во Словачка, предмет на истражување беше пристапот до единствениот пазар во областа на образованието и бизнисот. Се оствари средба со Академското здружение за меѓународна соработка на Словачка и се разменија искуства со претприемачи и студенти од програмата „Еразмус“. 

Во Австрија, инфлуенсерите ги посетија дигиталните центри за претприемништво и иновации, каде што имаа увид во дигиталната иднина. Социјалните претпријатија послужија како инспиративен пример за тоа како малите бизниси можат да растат и напредуваат со поддршка од ЕУ. 

Во Хрватска, акцентот беше ставен на оснажување на младите, со учество на Европскиот младински настан (EYE) и истражување на каков начин програмите како „Еразмус+“ и „NextGenEU“ влијаат на мобилноста, развојот на вештини и младинското учество. Инфлуенсерите слушнаа и инспиративни приказни за издржливост, како што е приказната за проектот „Безбедни и еднакви во вонредни ситуации“, поддржан од ЕУ, кој им помага на лицата со физичка попреченост за време на катастрофи. Посетите на здравствените установи во Вараждин открија како членството во ЕУ значително ги има подобрено јавните здравствени услуги и севкупниот квалитет на животот. 

Можности и досегашни заложби  

Во Словенија, инфлуенсерите по состанокот со претставниците од организацијата „Екологи брез меја“ се соочија со физички предизвик барајќи докази за успешно спроведен концепт на „нула отпад“. Тие го посетија и претпријатието „Комунала Крањ“ и Блед, којшто е туристичка дестинација позната по концептот „нула отпад“.  

Дури и во Венеција, којашто е скапоцено туристичко место, се покажа дека се потребни сериозни заложби за да се обезбеди одржливост. Инфлуенсерите имаа директен увид во тоа како проектите како „REEL“ и „TESTEAT“, финансирани од ЕУ (програмата „Interreg Италија-Хрватска“), ги спојуваат традицијата и иновациите за да ја зачуваат оваа врвна дестинација. 

Покрај напорна работа, кампањата опфати и интересни задачи инспирирани од иницијативите поддржани од ЕУ, како што се „SLIDES“ и „EU Symbol Hunt“, за време на кои преку забава инфлуенсерите се запознаваа со културата и средината. Кампањата истакна едноставни, но значајни подобрувања кои ги одразуваат основните вредности на ЕУ – подобар животен стандард, меѓусебно почитување, толеранција и мир. 

Победници  

Жолтиот тим, којшто го сочинуваат: Фарах Хаџиабдиќ од БиХ, Мартин Јакубис од Словачка, Тамас Мајер од Унгарија, Џорџина Рочи од Албанија, Лаура Фалкез од Австрија и Лука Алериќ од Србија, како и синиот тим, чии членови се: Јуш Чоп од Словенија, Јелена Спенџарска од Северна Македонија, Флорета Хајдарај од Италија, Томислав Панчиров од Хрватска, Лука Бојановиќ од Црна Гора и Агнеса Сејдиу од Косово, постигнаа извонредни резултати објавувајќи стотици објави, рилови, гостувајќи во телевизиски програми и учествувајќи во пријателски натпревари за време на двонеделното патување. Тие го привлекоа вниманието на милиони луѓе ширум Западен Балкан и ЕУ, давајќи привлечен наратив за тоа како членството во ЕУ може да го смени животот на подобро и дека смислата на ЕУ не се само политиките и програмите, туку и различноста, можностите и оснажувањето на обичните луѓе да создадат извонредни промени. 

За време на церемонијата во Златибор, „WeBalkans“ ги објави победниците на натпреварот во рамките на кампањата „Made of Us“. Победи синиот тим, благодарение на огромниот придонес и ангажирањето на публиката. 

„Откако стана земја-членка на ЕУ, Хрватска доживеа огромен напредок, а особено сум среќен што имав можност да ги споделам нашите позитивни примери со младите од Западен Балкан. За мене во сржта на ЕУ се луѓето, а ова е доказ дека соработката и единството носат опипливи придобивки за сите нас“, изјави Томислав Панчиров, инфлуенсер од Хрватска на свеченото доделување на наградата.

Зелени вештини, чиста иднина: Како иницијативата „EU4Green“ го преобразува Западен Балкан

Иницијативата „EU4Green“ не е само проект, туку вистинско движење што го преобразува Западен Балкан во регион што е лидер во одржливост и иновации. Од борбата со загадувањето до поддршката за надградување на зелените вештини и унапредување на образованието, „EU4Green“ поставува темели за почиста и поздрава иднина, создавајќи нови работни места и зајакнувајќи ги врските со ЕУ. Еве како оваа револуционерна иницијатива носи значајни промени во регионот.  Иницијативата „EU4Green“ постигнува значителен напредок во унапредувањето на еколошката одржливост ширум Западен Балкан. Еден од примерите за ова е серијата подкасти „Зелен подкаст на Западен Балкан“ („Western Balkans GreenCast“), која ги истражува важните еколошки прашања и стратегиите за зелена транзиција како во регионот, така и во ЕУ. Оваа серија опфаќа интервјуа со експерти, реални студии на случај и длабински дискусии, кои имаат за цел да ги поттикнат и едуцираат слушателите да применуваат одржливи практики и решенија за поздрава планета.  Првата епизода, „Вода: Секојдневна потреба“, се фокусира на зачувувањето на водата, што е од суштинска важност за Западен Балкан и ЕУ. Во неа учествуваат професорката Драгана Томашевиќ Пилиповиќ од Универзитетот во Нови Сад и Харалд Лоишанл Вајс, експерт за санација на загадени води од Агенцијата за заштита на животната средина во Австрија. Тие ја анализираат проблематиката со загадувањето на водата и објаснуваат зошто е клучно да се заштитат водните ресурси, за да се осигури одржлива иднина на водата. Во разговорот се истакнуваат најчестите заблуди, објаснувајќи дека проблемите со водата не се однесуваат само на квантитетот, туку и на квалитетот на водата. Понатаму, се разговара за потребата од подобри системи за мониторинг, за застарените станици за третман на отпадни води, и за загадувањето што произлегува од индустријата и земјоделството. Епизодата ја истакнува итната потреба од регионална соработка и ефективно спроведување на еколошките прописи.  Оваа серија на подкасти ја отсликува посветеноста на иницијативата „EU4Green за транспарентност и вклучување на јавноста, нагласувајќи ги конкретните еколошки успеси и поттикнувајќи оптимизам кај граѓаните, додека истовремено промовира одговорност во управувањето. Преку иницијативи како кампањата #WeDidIt, иницијативата „EU4Green“ оддава признание за постигнатиот напредок како резултат на регионалните и локалните заложби за спроведување мерки и реформи согласно Зелената агенда. Овој пристап покрај тоа што укажува на позитивните придобивки од заедничките заложби за заштита на животната средина и општеството, поттикнува и да се споделува знаење помеѓу чинителите, охрабрувајќи ги другите економии да ги применат успешните стратегии.  Преку овие иницијативи, „EU4Green“ продолжува да им пружа поддршка на земјите од Западен Балкан на патот кон позелена и поодржлива иднина, согласно пошироките цели на Зелената агенда на Европската Унија.  За повеќе информации, можете да ги погледнете првите епизоди на „Зелен подкаст на Западен Балкан“ овде: Прекуграничен подкаст „EU4Green“.    За проектот:  Проектот „EU4Green“ ги поддржува земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во спроведувањето на „Зелената агенда за Западен Балкан“. Тој им помага во заложбите за позелени економии во консултација со сите релевантни партнери, како и во подобрувањето на системите за мониторинг и известување.  „EU4Green“ ќе придонесе во регионот со следниве активности: 
  • преоѓање кон циркуларна економија; 
  • следење и намалување на загадувачите во воздухот, водата и почвата; 
  • поддршка за земјоделството да стане поодржливо и отпорно на климатските промени; 
  • зачувување на биолошката разновидност; 
  • обезбедување ад хок поддршка на ниво на висока политика; 
  • унапредување на мониторингот и известувањето за спроведувањето на Зелената агенда; 
  • подобро разбирање на Зелената агенда преку активности за комуникација; 
  • унапредување на зеленото образование; 
  • вклучување на граѓанското општество и други заинтересирани страни; 
  • финансирање на зелената транзиција. 

Фудбалскиот фестивал за девојчиња е многу повеќе од игра

Фудбалскиот фестивал за девојчиња до 15 години се одржа во Сараево, од 24 до 26 јануари 2025 година. 

„По учеството на Фудбалскиот фестивал за девојчиња, почувствував нов наплив на ентузијазам и создадов сосема поинаква перцепција за мојата иднина како спортистка. Најмногу уживавме додека игравме заедно, не ни значеше која од каде доаѓа – покажавме колку е моќна тимската работа, поддршката и истрајноста“, вели Далила Комарица од Сараево, тренер во женскиот фудбалски клуб „Респект“. Таа истакнува дека „целта на овој фестивал не е само да се победи, туку и да се ужива на теренот и надвор од него“. 

Клубот „Респект“ е еден од деветте клубови што учествуваа на фестивалот. Фестивалот го организираше иницијативата „Да играме заедно“ и по неколку години одржување во Виена, тој за првпат се одржа во Босна и Херцеговина. Организацијата на фестивалот беше во соработка со иницијативата „ФерПлеј“, која работи во рамките на Институтот за меѓународна соработка и развој во Виена. 

„Фестивалот нѐ научи на вредни лекции. Научивме дека победата не се состои само во резултатот, туку и во процесот на учење, работа и растење. Фестивалот ни покажа од колкаво значење се охрабрувачката средина и позитивната атмосфера. ФФД несомнено има големо влијание врз развојот на младите спортистки и нивните тренери“, вели Далила. 

Едита Чаврк, ученичка во средното медицинско училиште во Сараево, е членка на женскиот фудбалски клуб „Респект“. 

„Секое девојче се чувствуваше слободно да проба нешто ново на фестивалот и излезе од својата комфорна зона. Имавме работилници кои ни покажаа колку е уникатна секоја од нас и како сите придонесуваме за нашата заедница на свој начин – дека вредиме. Но најубавиот дел беше маестралноста на теренот, комбинацијата од различни стилови на игра и тоа што создадовме нешто навистина посебно. Се чувствувам посамоуверено и се надевам дека ќе можам го применам наученото како спортистка“, изјави Едита за „WeBalkans“. Таа нагласува дека со душа го чека следниот фестивал. 

Членката на организациониот тим, Мирна Храповиќ од иницијативата „Да играме заедно“, објаснува дека претходните години на фестивалот учествувале тимови од целиот Западен Балкан – Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Хрватска и Косово, и се надеваат дека и во иднина ќе продолжи оваа традиција. Годинава Сараево беше домаќин на девет екипи од Босна и Херцеговина (Зеница, Орашје, Горњи Вакуф, Пале) и Црна Гора (Бјело Поље, Беране и Подгорица), со 150 учеснички, од кои повеќето беа спортистки на возраст од 13 до 15 години. 

„Според досегашното искуство, оваа возраст е идеална за работа, бидејќи се наоѓаат на крстопат во животот – покрај тоа што веќе размислуваат за нивната иднина во спортот, тие се и доволно зрели за да ги разберат концептите што им ги пренесуваме за време на работилниците за човекови права, односно за дискриминација, родова еднаквост, ментално здравје и друго“, вели Храповиќ. Таа нагласува дека иницијативата „Да играме заедно“ се залага сето тоа што го прави да има пошироко влијание и дека спортот го гледа како алатка за општествена преобразба. 

„Идејата е учесниците да се сретнат, да ги срушат предрасудите и да ги надминат прашањата како тоа дали фудбалот е игра за девојчиња. Од година во година, гледаме дека иако на почетокот можеби се воздржани, после првите активности играат како да се познаваат отсекогаш“, вели Храповиќ, напоменувајќи дека некои од девојчињата дури и продолжиле да играат за нивните национални тимови по учеството на претходните фестивали.  

Во Сараево играа 11 девојчиња на возраст од 12 до 14 години од три клуба од Црна Гора. Еден од женските тимови беше од „Академија Беране“ и постои само шест месеци. 

„Атмосферата беше фантастична и тешко е да се издвои во што најмногу уживаа девојчињата, но би ја истакнал структурата на турнирот, каде што сите клубови беа измешани, каде се создаваа нови тимови и пријателства. Овој фестивал им помага на девојчињата да сфатат колку вредат, да разберат дека фудбалот нуди многу и да станат свесни дека иднината на женскиот фудбал во Црна Гора и Босна и Херцеговина е во нивните раце“, вели Александар Раковиќ, тренерот на „Академија Беране“. Клубот се надева дека следниот фестивал ќе се одржи во Црна Гора и со нетрпение очекуваат да бидат домаќини на пријателите од Босна и Херцеговина.  

Европската Унија истакнува дека е посветена на родовата еднаквост во сите аспекти на животот, вклучително спортот. 

„Женскиот фудбал станува сè попопуларен, но девојчињата и жените во фудбалот сè уште се соочуваат со препреки во овој спорт, особено во споредба со машкиот фудбал. Меѓутоа, ЕУ финансира голем број иницијативи за зголемување на бројот на жените во спортот, вклучително спортските награди на ЕУ #BeInclusive, иницијативата „HealthyLifestyle4All“ и програмата „Еразмус+ спорт“. „Се гордееме што го финансиравме првиот Фудбалски фестивал за девојчиња во Босна и Херцеговина, бидејќи оваа иницијатива промовира еднакви можности, придонесува кон уривањето на стереотипите и им помага жените да имаат пристап до спортот како мажите“, вели Фердинанд Кениг од Делегацијата на ЕУ во БиХ. 

Судејќи според фестивалот и останатите тековни заложби, иднината на женскиот спорт се движи во добар правец. Олимпискиот комитет на Босна и Херцеговина додели стипендија од 100.000 американски долари за поддршка на женската кошаркарска репрезентација на Босна и Херцеговина, а следната стипендија ќе биде наменета за женската рагби репрезентација. Во меѓувреме, иницијативата „Да играме заедно“ најавува дека ќе продолжи да го поддржува формирањето нови женски фудбалски клубови. 

Уметноста и културата како мост за обединување на поделената заедница

„Отсекогаш сме се гордееле со тоа што живееме во мултиетнички град, но сфативме дека немаме простор каде што можеме да се обединиме и да се собереме без етнички поделби. Локалните власти честопати ја користат културата во Суботица како средство за продлабочување на поделбите меѓу различните етнички заедници,“ вели Гордана Вуков Цигањик, соосновачка на културното здружение „Клара и Роса“ во Војводина, Србија.  

„На пример, доколку локалните власти одлучат да изградат три споменици, Хрватите ќе го добијат најмалиот и ќе се постави надвор од центарот на градот; Унгарците ќе добијат поголем споменик кој ќе биде поблиску до центарот; а најголемиот и највпечатливиот споменик ќе го добијат Србите. Иако не сме целосно поделени и има многу мешани бракови, човекот секогаш се гледа низ призмата на неговата националност, наместо на неговата личност,“ појаснува таа. 

Со здружението „Клара и Роса“, Гордана, која е актерка по професија, и соосновачката Данијела Мамужиќ, која е скулпторка по професија, сакаа да создадат простор за културна размена, дијалог и граѓански ангажман преку уметноста, надминувајќи ги етничките разлики. 

„Сметаме дека уметноста е моќна алатка за општествени промени,“ вели Гордана. „Денес, особено по пандемијата, луѓето се сè поотуѓени и поосамени, а општеството е сè позатворено за новодојденците. За нас, улогата на уметноста и културата е да лекува и поврзува, да гради заедници и да отвора дијалог за теми што инаку би останале табу.“ 

Поврзување на луѓето преку културни активности  

 

Првите девет години од постоењето на „Клара и Роса“, членовите беа принудени да ги одржуваат своите активности на јавни простори – паркови, плоштади и улици. Тие го преуредија дворот на едно напуштено старо кино и го преобразија во првата отворена галерија во Суботица, каде што организираат уметнички изложби секој месец. Финансиската поддршка од Европскиот фонд за поддршка на демократијата (ЕФД) им овозможи за првпат да изнајмат сопствен простор за нивните активности. 

Организираат разни настани, од филмски проекции и концерти до курсеви по грнчарство и театарски работилници, сите во духот на културната размена и градењето на заедницата преку уметноста. 

Тие го отворија и „Плац“, радио канал на којшто секој може да креира содржини. Во нивните простории, наставничка по философија од локално средно училиште води јавни дебати на најразлични теми – од политика до љубов и смрт. Нивните активности се одвиваат на српски, босански и хрватски јазик (БХС) и унгарски јазик, а сè почесто и на англиски јазик, со цел да ги вклучат и странците кои неодамна се доселени во Суботица и да им овозможат на локалните жители да го користат англискиот јазик.“ 

Гордана ја опишува годишната творечка колонија на жени уметници и активистки како еден од најголемите успеси на здружението: „Некои од учесничките рекоа дека искуството им го променило животот. Дојдоа жени од целиот Балкан и имаа единствена можност да се запознаат, да се поврзат и да започнат нови проекти.“ 

Друга успешна иницијатива беше интерактивната театарска работилница инспирирана од делото „Ромео и Јулија“, со средношколци од Суботица, од кои половина зборуваат БХС, а другата половина унгарски. „Овие тинејџери одат во исто училиште, но обично се поделени по класови според нивниот мајчин јазик,“ вели Гордана. „Овој проект им овозможи заедничко место за средби и соработка. Во недостиг на можности за интеракција меѓу врсниците од различни јазични заедници, се зголемува ризикот од посилна политичка поларизација.“ 

Понекогаш идеите за нови настани се раѓаат сосема спонтано – разговор за храна со волонтер од Русија ја инспирираше идејата за час по готвење. Понекогаш, луѓето сами доаѓаат во здружението „Клара и Роса“ со свои предлози. „Важно ни е секогаш да ни е отворена вратата за нови иницијативи,“ вели Гордана. „Тоа ни помага да го прошириме кругот на корисници и да продолжиме да нудиме разновидна и интересна програма. На тој начин се оснажува заедницата, бидејќи кај луѓето се создава чувство на припадност и го доживуваат како своина нашиот културен простор.“ 

Поддршката од заедницата се отслика и преку кампањата за собирање средства, која му овозможи на здружението „Клара и Роса“ да собере средства во износ од 3.800 евра за идни активности. „Можеби не се чини дека износот е голем, но за нас е значаен показател имаме поддршка од заедница со заеднички интереси и цели,“ вели Гордана. 

Оваа статија ги одразува ставовите на споменатите корисници на грант и не мора нужно да го претставува официјалното мислење на ЕФД и WeBalkans.

Раст со поддршката од ЕФД 

Гордана смета дека поддршката од ЕФД ги охрабри да постават амбициозни цели за понатаму. Тие започнаа дијалог со локалните власти, а продолжија и да го прошируваат нивниот аудиториум со младите, особено младите чијшто мајчин јазик е унгарскиот. Исто така, планираат да ги прошират соработката и активностите за градење капацитети со нивни истомисленици, со цел да ѝ служат на својата заедница на најдобар можен начин. 

„Имаме големи планови и соништа, и верувам дека благодарение на нашиот тим ќе успееме,“ вели Гордана. „Нашето најголемо богатство се луѓето. Сакаме да продолжиме да ги поврзуваме луѓето преку уметноста и да создаваме мостови со луѓето кои доаѓаат од други места. Сакаме да ја споделиме нашата култура и да им помогнеме на луѓето да сфатат дека не треба да ја напуштат Суботица за да имаат подобар живот, дека токму овде може да си бидат среќни.“

Преиспитување на начинот на којшто се однесуваме кон историските градби

Приказна за проектот „Звучен споменик“ Растејќи во Јужна Унгарија во средината на 80-тите години, Ласло Јухаз, денес претседател, продуцент и издавач на институтот „ОнРизом“, летните одмори ги поминуваше на југословенската ривиера.  Тој тогаш не можеше ни да претпостави дека планините и патиштата низ кои минува ќе станат клучни во неговиот професионален живот.  Во периодот на раните 2010-ти години, Ласло и Наташа Серец, како и многу други, читаа наслови со зборови како „футуристички“, „бруталистички“, „модернистички“ и „минималистички“ на современите платформи за уметност и во медиумите. Овие наслови беа придружени со фотографии од места и градби кои Ласло имал можност да ги види во своето детство, од задното седиште на автомобилот на неговото семејство за време на летувањата на југословенското крајбрежје.  Ваквите наслови од раните 2010-ти започнаа да ги прикажуваат во ново светло спомениците од Втората светска војна кои се присутни низ поранешните југословенски држави. Овие препознатливи градби за регионот почнаа да будат интерес кај светската јавност. Интересот доведе до изложбата „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија во периодот 1948-1980 година“ отворена во реномираниот њујоршки музеј „МоМА“ во јули 2018 година.  Изложбата предизвика огромен интерес за овие споменици, што доведе до објавување неколку книги со фотографии на оваа тема. Овие публикации главно го документираа визуелниот аспект на спомениците, разгледувајќи ги или од историска перспектива, или во контекст на нивното архитектонско или општествено значење, како дел од ова богато и повеќеслојно социјалистичко наследство.  Сепак, дури за време на втората година од пандемијата на КОВИД-19, кога светот застана и луѓето повторно се поврзаа со природата, основачите на „ОнРизом“ и истражувачкиот проект „Звучен споменик“ („Sounding Spomenik“), Наташа Серец и Ласло Јухаз, почнаа да ги посетуваат локациите на кои се наоѓаат овие споменици. И двајцата се музички продуценти, па некако дојде природно да покажат интерес за звучниот аспект на овие масивни и сложени градби, кои се изградени во сеќавање на Втората светска војна.  „Материјалите од кои се изградени спомениците, главно бетон, мермер, стакло и метал, и локациите на кои се поставени се особено интересни за истражување на звучниот аспект“, вели Серец, една од основачите на „ОнРизом“ и истражувачкиот проект „Звучен споменик“.  Границите беа затворени за време на пандемијата, па затоа на почетокот Серец и Јухаз ги посетуваа само спомениците во Словенија. „По ова почетно искуство, речиси веднаш се роди идејата за концептот „Звучен споменик“ –  моравме да донесеме музичари да свират соло на преносни акустични инструменти во овие бетонски градби и да ги снимиме звуците со квалитетни уреди за снимање и микрофони. Создавањето на музиката е само половина од проектот, другата половина ја сочинуваат низа автентични снимки на звуци од опкружувањето на градбите, односно снимки од терен без каква било манипулација“, вели Јухаз за раните фази на нивниот проект.  Спомениците од Втората светска војна се распослани низ поранешните југословенски држави, па следен чекор на двајцата истражувачи и музички продуценти беше да ги прошират своето истражување и работа. Одлична можност им се укажа преку програмата „Културата ја движи Европа“ на „Гете“, финансирана од ЕУ и наменета за мобилност на уметниците.  Наскоро, тие склучија партнерство со „Студио6“ – српски колектив на музичари, композитори и истражувачи посветени на промовирање на современата музика. „Студио6“ им беше домаќин за време на тринеделниот престој во Србија, за време на кој, во соработка со локални уметници, тие успеаја да истражуваат и снимаат на два споменици проектирани од Богдан Богдановиќ, во Попина и Чачак.  Престојот на уметниците со времетраење од 21 ден во Белград, Србија, на кој домаќин беше современиот музички колектив „Студио6“, беше првото подолго истражувачко патување на „ОнРизом“ за време на кое имаа доволно време да запознаат свирачи на инструменти, локални архитекти, дизајнери и теренски експерти. Покрај вмрежувањето, истражувањето, работата на терен, постпродукцијата и претставувањето на проектот на последната вечер од престојот, нивната главна цел беше внимателно да испланираат и изведат две сесии за снимање на два прочуени локалитети со два споменика проектирани од архитектот Богдан Богдановиќ – во Попина со српската виолинистка Мања Ристиќ и во Чачак со српската харфистка Милана Зариќ.  На 25 јули, на крајот од нивниот престој, тие имаа јавна презентација на проектот „Звучен споменик“ во Белград, на која им се придружи историчарот Ненад Лајбеншпергер.      
  Спојот на музика, архитектура, дизајн и историско истражување е сржта на проектот „Звучен споменик“, кој има за цел да ги истражи југословенските споменици посветени на Втората светска војна, кои се пред останатото „споменици“, покрај нивните доминантни политички и идеолошки наративи со истакнување на нивното архитектонско, и што е најважно, нивното акустично значење. Со снимањето на терен и повремените изведби во живо, музичарите создаваат однос со овие градби, документирајќи ги нивните акустични квалитети и звуците од нивното опкружување, на тој начин создавајќи жива архива што го продлабочува нашето сфаќање за историјата и социјалистичкото наследство.  На секоја локација, Серец и Јухаз ги покануваат локалните музичари да учествуваат во истражувањето на градбите и снимањето. Досега работеа со неколку локални уметници во Словенија и Србија, а моментално се подготвуваат за престој во Босна и Херцеговина, каде што ќе продолжат со истражувањето.   

Солидарност на дело: Одговорот на ЕУ на разорните поплави во Босна и Херцеговина

„Со срцето и мислите сме со народот на Босна и Херцеговина којшто го погодија разорни поплави. Го активиравме нашиот механизам за цивилна заштита на ЕУ и испраќаме спасувачки тимови на терен. Ова е солидарноста на ЕУ на дело“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија, којашто обезбеди помош од ЕУ за народот на Босна и Херцеговина да ја преброди тешката состојба до која го доведоа катастрофалните поплави и лизгањето на земјиштето на 4 октомври, при што животот го изгубија 22 лица, а многумина и ден денес се водат како исчезнати. 

Катастрофални поплави и лизгање на земјиштето коишто ја погодија Босна и Херцеговина на почетокот на годината, однесоа 22 животи, а многумина се водат како исчезнати. При вакви несреќи важно е да се реагира брзо и координирано, за да им укаже помош на луѓето на кои им е потребна и за да се стави ситуацијата под контрола. Европската Унија брзо реагираше со активирање на својот Механизам за цивилна заштита. Беа ангажирани тимови за пребарување и спасување, а Службата за управување со вонредни состојби „Коперник“ на ЕУ обезбеди сателитски податоци за да им помогне на локалните власти. Овие заложби помогнаа да се врати во функција основната инфраструктура и да се обезбеди помош за погодените заедници, што им беше од помош на локалните власти да се справат со катастрофата и да ја санираат основната инфраструктура. Поројните поплави и свлечиштата ги опустошија регионите околу Јабланица и Коњиќ, домовите беа затрупани, патиштата и железничките пруги беа уништени, а цели заедници останаа отсечени. 

Заложбата на ЕУ да му биде на располагање на народот на Босна и Херцеговина дополнително ја потврди Јанез Ленарчич, кој истакна: „Тимовите за брз одговор на Босна и Херцеговина не се препуштени сами на себе да се справуваат со оваа катастрофа. Преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, 12 земји понудија да испратат итна помош. Екипи за пребарување и спасување од Хрватска, Словенија, Црна Гора и Србија се веќе на терен, поддржувајќи ги локалните тимови за управување со кризи. Ова ја отсликува солидарноста на ЕУ во вакви тешки состојби“. Екипите од овие земји пристигнаа до 5 октомври со цел учествуваат во потрагата по исчезнатите лица, да ги отстранат урнатините и да ја стават во функција основната инфраструктура. Дополнително, во координација со ЕУ Албанија, Унгарија, Романија, Црна Гора и Турција испратија итна материјална помош за раселените семејства. ЕУ ја координираше и испораката на оваа итна материјална помош, вклучително материјали за привремени засолништа и итни резерви, за помош на раселените семејства. 

Службата за управување со вонредни состојби „Коперник“ одигра клучна улога, со тоа што обезбеди сателитски снимки за проценка на штетата, мапирање на поплавените подрачја и идентификување на најпогодените региони. Овие податоци им овозможија на спасувачките тимови да ги приоретизираат своите заложби и поефикасно да стигнат до отсечените заедници. „Коперник“ беше активиран и летоска, за да помогне за време на широко распространетите шумски пожари во Албанија и Северна Македонија, уште еднаш покажувајќи ја својата важна улога во управувањето со природни катастрофи на територијата на Западен Балкан. 

За време на интервенциите во поплавеното подрачје, редовно се обезбедуваа висококвалитетни сателитски снимки и проценки на штетите, што беше во прилог на заложбите за спасување на теренот. Координираната акција на ЕУ, преку нејзиниот механизам за цивилна заштита и прекуКоперник, сведочи за непоколебливото пружање поддршка на Босна и Херцеговина во моментите на криза. До 11 октомври, по неколкудневните континуирани заложби за спасување и санација, прекина доставата на сателитски снимки и податоци, со што се означи крајот на непосредната реакција на ЕУ. 

Од криза до можност: Нова ера за трговијата на Западен Балкан

Во екот на пандемијата на КОВИД-19, границите станаа тесни грла, загрозувајќи го протокот на основните производи и доведувајќи ја во ризик егзистенцијата на милиони луѓе. Синџирите на снабдување беа под огромен притисок поради доцнењата, а бизнисите се соочија со значителни загуби. Сепак, среде оваа криза се појави иновативно решение – иницијативата „Зелени коридори“. 

Развиени преку соработка помеѓу Транспортната заедница, ЦЕФТА и Европската Унија, иницијативата „Зелени коридори“ не беше само привремена мерка, туку и смела визија за подобро поврзување – заснована на модернизација, дигитализација и засилена соработка. Со што резултираше таа? Се заштедија речиси 20 години чекање на границите и се создаде поцврста трговска мрежа. 

 

Приказна за трансформацијата 

За Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница, иницијативата „Зелени коридори“ вроди со значајна промена. „Камионите како овој некогаш чекаа предолго на граничните премини низ Западен Балкан, што негативно се одразуваше на трговијата, емисиите на CO2 и безбедноста на патиштата“, истакнува тој. 

Благодарение на поддршката од ЕУ, сега сме сведоци на пократко време на чекање, модернизирани гранични премини и побезбедни патувања. Ова носи вистинска вредност за нашите граѓани, бизниси и посетители на овој прекрасен регион

Овие промени не се сведуваат само на ублажување на логистичките препреки. Иницијативата „Зелени коридори“ станаа симбол за тоа што може да се постигне кога ќе се унапреди регионалната соработка. Владите, царинските управи и бизнисите здружено дејствуваа, покажувајќи ја силата на колективното дејствување за надминување на заедничките предизвици. 

 

Визија за иднината   

Градејќи врз докажаниот успех, иницијативата „Зелени коридори“ продолжува да се развива, продлабочувајќи ја поврзаноста на Западен Балкан со Европската Унија и модернизирајќи ги најважните гранични премини. Дигиталните иновации, како системот „SEED+“ и програмата „Овластен економски оператор“ (ОЕО), значително ги поедноставуваат царинските процеси, го намалуваат времето на застој и ги редуцираат трошоците. Договорите меѓу земјите – како договорите меѓу Хрватска и Црна Гора, Италија и Албанија или Грција и Северна Македонија – се јасен показател за тоа како зелените коридори стануваат мост кон единствениот пазар на ЕУ. 

Како што вели Данијела Гачевиќ, вршителка на должноста директорка на ЦЕФТА: „Воспоставувањето зелени коридори меѓу регионот и ЕУ е вистинска пресвртница. Тоа ја прави трговијата побрза, поевтина и побезбедна, создавајќи повеќе можности за бизнисите и граѓаните.“ 

Истовремено, со инвестиција од 50 милиони евра, 11 прометни гранични премини се модернизираат со нова инфраструктура, дигитални системи и засилени безбедносни мерки. Овие подобрувања опфаќаат дополнителни ленти, колски ваги и електронски системи за редиците возила што чекаат, што значително го забрзува и поедноставува преминувањето на границите. 

Од перспектива на бизнис заедницата, Стевица Чарапиќ истакнува дека справувањето со неефикасноста на границите е неодложно. „Најголемиот предизвик со кој се соочуваме денес е огромното време на чекање на граничните премини. Оваа неефикасност не се одразува само на одредени земји, туку и на конкурентноста на целиот регион. Со иницијативата „Зелени коридори“, се надеваме дека ќе видиме значителни подобрувања во поглед на протокот на товар и соработката меѓу владите за да се намали застојот и да се поедностават процесите“. 

Тој истакнува и дека, во некои случаи, редиците се протегале и до 15 километри, а возачите чекале со денови да поминат граница. „Ова не е само логистички проблем; тоа е препрека за сите во регионот“, додава тој. 

Пристап насочен на човекот   

Иницијативата „Зелени коридори“ не им носи придобивки само на бизнисите – таа има директно влијание и врз секојдневниот живот на луѓето. Професионалните возачи сега минуваат помалку време во чекање и повеќе време на пат, што го намалува стресот и ја зголемува безбедноста. Патниците се соочуваат со помал застој, со што нивните патувања се попријатни и поефикасни. Локалните заедници ги чувствуваат позитивните ефекти од зајакнатите економии и зголемените можности за вработување. 

Како што истакнува Матеј Закоњшек: „Со модернизираните премини, не само што го скратуваме времето на чекање, туку и создаваме побезбедна и поефикасна средина за сите. Ова е најдобриот начин да се додаде вредност на нашиот регион.“ 

 

Следни чекори  

Успехот на иницијативата „Зелени коридори“ сведочи за моќта на партнерството. Приказна е за отпорноста и иновацијата, која покажува дека кризите можат да бидат катализатори за трајни и позитивни промени. Додека трае соработката помеѓу Западен Балкан и ЕУ, визијата за беспрекорно поврзување и заеднички просперитет сè повеќе станува реалност. 

Со вложување во дигитализацијата, модернизацијата и регионалната соработка, иницијативата „Зелени коридори“ го трасира патот кон посветла иднина. Не станува збор само за логистичко подобрување, туку и чекор напред кон поцврсто единство, економски раст и нови можности за идните генерации.