Skip to main content

Area of Cooperation: Environment

Амбасадорот на ЕУ во Србија го посетува саемот за земјоделство во Нови Сад

Емануел Жиофре – амбасадор на ЕУ во Србија, Бранислав Недимовиќ – министер за земјоделство, и Јадранка Јоксимовиќ – министерка за европска интеграција, го посетија саемот за земјоделство во Нови Сад на 25. мај.  
Минатата година, во контекст на вкупен извоз на храна кон ЕУ од над 2,3 милијарди евра, Србија достигна позитивно трговско салдо од скоро 700 милиони евра. Ова изнесува на повеќе од половина (55 %) од вкупниот извоз на храна кој е насочен од Србија кон ЕУ.  
Осврнувајќи се кон Инструментот за претпристапна помош за рурален развој III (ИПАРД III), амбасадорот Емануел Жиофре изјави: „Завршивме одлична работа при подготовката на програмата ИПАРД III, усвоена, од страна на Комисијата во март, годинава. Тоа резултира со дополнителни 377 милиони евра за земјоделскиот сектор во Србија, од кои 288 милиони евра се финансирани од ЕУ. Од друга страна, пак, потенцирам дека Србија треба да се потруди за успешно завршување на имплементацијата на програмата ИПАРД II и да избегне секаква дополнителна загуба на средства во рамките на оваа програма. Во 2021 година, Србија изгуби 3,7 милиони евра поради постојани проблеми со плаќањето на годинешните фондови.“  
За време на вториот циклус од програмата ИПАРД, кој се приближува кон својот крај, беа објавени девет јавни повици, а беа одобрени преку 550 грантови; од кои половина веќе се исплатени на српските земјоделци и производители на храна.  
Амбасадорот зборуваше, исто така, и за успешните проекти финансирани од ЕУ во Србија. На пример, со години не е детектиран случај на беснило во Србија, а ЕУ учествува и во елиминација на свинскиот грип. ЕУ ја поддржува контролата и искоренувањето на овие две опасни болести со преку 20 милиони евра. ЕУ финансира, исто така, и проекти за набавка на соларни панели, како и набавка на опрема за Националната референтна лабораторија.  
Потенцирајќи ја желбата за понатамошна соработка, амбасадорот Жиофре изјави: „Заедно сме подобро.“

Зелена недела на ЕУ 2022 во Србија

Циркуларна економија, нула загадување и биодиверзитет се во фокусот на годинешната Зелена недела на ЕУ која се случува во Србија од 30. мај до 5. јуни. Зелената недела на ЕУ има за цел подигнување на свеста за најважните прашања во доменот на еколошка заштита.

 

За време на прославата, серија настани и онлајн активности ќе ги претстават конкретните резултати од соработката помеѓу Србија, ЕУ и земјите членки, и неколку меѓународни партнери. Програмирани се настани во сите делови на Србија; вклучително Белград, Чачак, Крушевац, Нови Сад и Ниш. Деталната агенда на Зелената недела на ЕУ можете да ја најдете тука.

 

Секоја година, Зелената недела на ЕУ претставува можност за дебата за европската еколошка политика со креаторите на политики, водечките екологисти и чинителите од Европа и пошироко. Годинава, планирани се скоро 300 настани ширум Европа, со посебен акцент на Европскиот зелен договор – одржливата и трансформативна стратегија за раст на ЕУ, поддржувајќи поефикасна употреба на ресурсите и амбиции на ЕУ да стане климатско-неутрална до 2050 година.

 

Активностите се имплементирани во партнерство со Министерството за еколошка заштита, Министерството за европска интеграција, локалните влади, амбасадите на Шведска и Франција, Програмата за развој на Обединетите нации, Агенцијата за развој на Шведска, ГИЗ (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ)), Банката „KFW Bank“, Европската инвестициска банка, како и многу други.

 

Европската Унија е светски лидер во доменот на еколошка заштита и ја поддржува Србија на својот пат кон поздрава животна средина. Со преку 400 милиони евра во форма на неповратни грантови, инвестирани во еколошка заштита и климатска акција во Србија, ЕУ е најголемиот донатор во овој домен во државата.

Искуство со дивиот свет отворено за бизнис

Со поддршка од ЕУ, прекуграничниот простор помеѓу Црна Гора и Србија е подготвен за пречек на туристи љубители на природата.

Пред пандемијата, Црна Гора имаше околу два милиона посетители годишно и преку седум милиони ноќевања во годината; што може да се смета како успех за држава со население од само 600000 жители. Посетителите се, главно, фокусирани на прекрасните крајбрежни региони за време на летниот одмор или скијачките центри во северот. Но, Црна Гора има и други возбудливи туристички можности, од аспект на дивиот свет, особено во северо-источниот дел кој граничи со Србија и кој е недоволно истражен. Центарот за заштита и истражување на птици („CZIP“), невладина организација од Подгорица, заедно со партнери од Црна Гора и Србија, работи во насока на отворање на регионот како дестинација за љубителите на дивиот свет.

Глобално, дивиот свет и набљудувањето птици станаа особено популарна туристичка активност; признаена како значајна туристичка пазарна ниша. Меѓутоа, како последица на оддалеченоста на овој предел и слабите транспортни врски, туристичката инфраструктура е недоразвиена, иако се работи за локација каде што се наоѓаат четири национални паркови.

„Со оглед на тоа што има огромен потенцијал за туристички развој, но, истовремено, и потреба за поддршка, одлучивме да преземеме акција за отворање на овој бајковит предел за посетителите.“

Задоволување на потребата за туристички развој

Лејла Абдиќ е еколошки активист и проектен менаџер во Центарот за заштита и истражување на птици. Објаснува дека заедно со своите колеги се свесни дека регионот е недоволно развиен во насока на туристичка инфраструктура и активности на отворено. „Со оглед на тоа што има огромен потенцијал за туристички развој, но, истовремено, и потреба за поддршка, одлучивме да преземеме акција за отворање на овој бајковит предел за посетителите,“ вели Лејла.

Со оваа цел, се пријавиле за повикот за прекугранична соработка помеѓу Црна Гора и Србија, финансиран од ЕУ, и добиле средства за отпочнување на така наречениот проект „Hoo“ (Создавање искуства со бувови и дивиот свет). Со оглед на тоа што птичјата популација е особено богата во регионот, главниот фокус на проектот бил насочен на активности поврзани со набљудување птици и мотивирање на локалното население за ангажирање во бизниси поврзани со туризам во доменот на дивиот свет; како и брендирање и промоција на туристички производи кои биле развиени како дел од проектот.

„Регионот има уникатни богатства, во доменот на дивиот свет, кои сè уште не се истражени, но, наскоро, ќе бидат локално и меѓународно промовирани со цел посетителите да можат да уживаат во нив.“

За проектот

Проектот „Hoo“ (Создавање искуства со бувови и дивиот свет) започна во февруари 2021 година. Главната цел на проектот е охрабрување туризам заснован на природното богатство и дивиот свет во прекуграничниот регион помеѓу Србија и Црна Гора. Целосната вредност на проектот е 262029 евра, а предвиденото времетраење на истиот е 24 месеци. Проектот предвидува, меѓу другото, основање на две патеки за туризам поврзан со дивиот свет, обука на туристички водичи за дивиот свет, набљудување птици и студиски посети, како и основање дигитална платформа за промоција на дивиот свет во регионот.

Лејла објаснува дека проектниот простор има што да понуди за туристите љубители на природата: бувовите, на пример, имаат посебна харизма која може да претставува возбудливо туристичко искуство. Но, овој регион е, исто така, дом и на други привлечни птици; како што се златните и царски орли, белоглавите мршојадци, дивите соколи, карпестите еребици и црните тетреби; како и некои други ретки видови птици кои се во потрага по природни шумски предели како живеалиште. „Регионот има уникатни богатства, во доменот на дивиот свет, кои сè уште не се истражени, но, наскоро, ќе бидат локално и меѓународно промовирани со цел посетителите да можат да уживаат во нив,“ вели Лејла.

Лејла понатаму објаснува дека проектот има огромен успех во насока на прекуграничната соработка. Партнерските организации ќе организираат студиски тури и координациски активности со цел поврзување на заедниците, бизнисите и туристичките оператори на двете страни на границата. „Најпосле, развојот на регионот е тесно поврзан со прекуграничната соработка,“ вели таа.

„Денови на зелена енергија“ во Косово обележани со 32 препораки за одржливост

Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Косово беше домаќин на конференција од висок ранг која се одржа во четвртокот, во Приштина, како дел од второто издание на „Денови на зелена енергија“. Балканската мрежа за истражувачко новинарство ја искористи приликата за да го претстави меморандумот за Косовскиот национален енергетски и климатски план кој вклучи 32 конкретни препораки за тоа како државата да се насочи кон енергетска ефикасност и 100 % обновлива енергија.

 

Земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и Косово, се согласија да изготват национален енергетски и климатски план кој ќе им помогне да ја испланираат својата енергетска иднина, на интегриран начин, во насока на енергетската политика на ЕУ. Како дел од Софиската декларација за Зелена агенда, потпишана во 2020, државите се заложија, исто така, и за ставање крај на употребата на сите фосилни горива до 2050 и намалување на стакленичките гасови до 2030 година. Додека се чека финализирање на конкретни енергетски цели за 2030 година, меморандумот определува јасни предлози за декарбонизација, засновани на блиска пазарна интеграција, флексибилно производство на електрична енергија и електрификација на косовските транспортни и грејни сектори.

 

Конференцијата од висок ранг беше одржана од Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Косово и нивните партнери; како дел од „Денови на зелена енергија“ во склоп на „Европеизација на косовската еколошка агенда“ – проект поддржан од Бирото на ЕУ во Косово, а имплементиран од „Bankwatch“, „BIRN Kosovo“, „ERA Group“ и „TV Mreža“.

„Денови на зелена енергија 2022“ во Косово

Како дел од иницијативата „Европеизација на косовската еколошка агенда“, од 16. до 22. мај, се одржува иницијативата „Денови на зелена енергија 2022“ во Косово. Иницијативата е финансирана од Канцеларијата на ЕУ во Косово, а е имплементирана од Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Косово, „CEE Bankwatch“, „ERA Group“ и „TV Mreža“.

 

Иницијативата го поддржува проактивното учество на косовското граѓанско општество, медиумите и еколошките активисти во политичките реформи и носењето одлуки во доменот на енергија, екологија и јавно здравство. Целта на проектот е да се обезбеди помош за Косово да се доближи до еколошките политики и законодавство на ЕУ и да се поттикне дијалог помеѓу организациите на граѓанското општество, медиумите, активистите и јавниот сектор.

 

По вторпат, домаќин на иницијативата „Денови на зелена енергија“ е Балканската мрежа за истражувачко новинарство и нивните партнери. Целта на неколкудневната активност е да се укаже внимание на важноста од енергетска ефикасност, заштита на животната средина и јавното здравје; особено меѓу релевантните функционери. Годинава, иницијативата ќе предложи бројни активности кои ќе придонесат за најдобрите енергетски практики во Косово.

Претставувајќи го босанскиот лук пред светот

Претпријатие од БиХ станува регионален лидер на пазарот во доменот на производство на лук со поддршка на проект финансиран од ЕУ.

Преку 300 сончеви дена и почва богата со варовник се дел од карактеристиките кои го одликуваат теренот околу градот Љубиње во јужна БиХ. Со децении наназад, полињата на Љубиње биле насадени со босански тутун кој, благодарение на квалитетот, овозможувал пристојна живеачка за населението во регионот. Меѓутоа, поради падот на домашната тутунска индустрија, земјоделците морале да го диверзифицираат својот производ.

Со оглед на тоа што почвата е исклучиво плодна, немале проблем да го постигнат тоа; фокусирајќи се на лук кој со векови наназад се одгледувал во регионот како здрава намирница за готвење, но и во борбата против болести. Бизнис можноста која ја понудил лукот била забележана од „Farmavit“, претпријатие во регионот Љубиње, кои се обиделе не само да одгледуваат лук, туку истиот и да го преработуваат со цел дистрибуција до големите маркети.

„Анализи, изработени од светски познати институции, покажуваат дека босанскиот лук е рангиран меѓу првите пет во светот; според својот квалитет и влијание врз здравјето.“

Модерна технологија за подобрување на квалитетот

Стефан Шалварица е  менаџер одговорен за производство и преработка на лук во претпријатието на кое му се приклучил во 2020 година. Претпријатието е формирано во 2000 година; на почетокот со фокус на производство на храна за добиток. Но, забележувајќи го потенцијалот на производството на палета други култури, одлучиле да пробаат нешто што би било поинтересно и би одговарало на поширокиот пазар. „Анализи, изработени од светски познати институции, покажуваат дека босанскиот лук е рангиран меѓу првите пет во светот; според својот квалитет и влијание врз здравјето,“ вели Стефан.

Денес, „Farmavit“ е водечко претпријатие за производство на лук во БиХ, со поголем дел од своето производство насочено кон извоз, вклучително и кон ЕУ. На патот кон успехот, биле поддржани од иницијативата „EU4 Business“, финансирана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите Нации. Со оваа поддршка, претпријатието решило значаен проблем со грејните извори, како и проблем со пареата која се создава во процесот на термална преработка на лукот и истиот го отежнува. „Со вентилација и климатизација на нашите простории се ослободуваме од пареата за неколку минути. Исто така, во минатото, значаен дел од работата се одвиваше мануелно, а сега, со помош на неколку нови машини, процесот на полнење, ставање етикети и затворање на теглите е подобрен и забрзан,“ објаснува Стефан.

Претпријатието има сопствени насади со лук, но, исто така, откупува одредена количина од своите кооперанти во БиХ. По откупот, лукот се праќа на анализи, пред да биде преработен во производи достапни за купувачите на полиците во супермаркетите во БиХ под брендот „Мирисот на Херцеговина“.

„Благодарение на проектот „EU4Business“, успеавме да ги подобриме условите за работа и производството; намалувајќи ги трошоците и понудувајќи им уникатни производи на нашите купувачи. Преку подобрување на производството на лук, нашите годишни количини достигнаа 10 тона.“

За проектот

„EU4Business“ е проект на ЕУ кој цели кон зајакнување на капацитетот за економски развој и вработување преку поттикнување конкурентност и иновација во одредени сектори во БиХ. Проектот располага со буџет од 16,1 милиони евра: 15 милиони евра финансирани од ЕУ и 1,1 милион евра од Федералната Република Германија.

„EU4Business“ е дел од програмата Стратегии за локален развој – локално самоуправување и економски развој во БиХ на германското министерство за економска соработка и развој.

Понатаму, Стефан објаснува дека произведуваат пире од лук и маринади со лук и зачини, маслинки и сончогледово масло.  Дополнително, благодарение на поддршката од проектот „EU4Business“, сега произведуваат и, така наречен, црн лук. Црниот лук се добива како резултат од ферментација на свежиот лук. Во процесот на забрзано зреење, лукот ја менува својата боја и карамелизира, а неговите својства се подобрени. Овој вид лук е високо вреднуван на светскиот пазар; а со набавката на машина за ферментација, благодарение на поддршката од ЕУ, претпријатието „Farmavit“ стана единствениот производител на ваков вид лук во БиХ.

„Благодарение на проектот „EU4Business“, успеавме да ги подобриме условите за работа и производството; намалувајќи ги трошоците и понудувајќи им уникатни производи на нашите купувачи. Преку подобрување на производството на лук, нашите годишни количини достигнаа 10 тона,“ вели Стефан.

Покрај плановите за нови маринади и пласманот на црн и свеж лук на меѓународниот пазар, претпријатието „Farmavit“ продолжува да инвестира во значајни планови за задржување на својата позиција на лидер на пазарот. „Инвестиравме дополнителни сопствени средства во набавка на опрема која ќе ни помогне во производството на желатински капсули полнети со екстракт од лук. Ќе бидеме првото претпријатие во регионот кое ќе произведува прехранбени додатоци од овој вид,“ со задоволство изјавува Стефан.

Претпријатието „Farmavit“ беше поддржано преку проектот „EU4Business“ со 15000 босански марки, а вредноста на инвестицијата изнесува 300000 босански марки.

ЕУ поддржува зелени згради во Призрен, Косово

Европската Унија ќе обезбеди инвестициски грант од 1 милион евра за Косово за подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради; како, на пример: градинки, училишта и примарни здравствени установи во градот Призрен. Дополнително на грантот од ЕУ, Европската банка за реконструкција и развој ќе обезбеди заем од 5 милиони евра за проектот имплементиран во рамки на Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан.

 

Договорот за проектот беше потпишан од страна на косовскиот министер за финансии, Хекуран Мурати, и Ален Пилу – заменик претседател на Европската банка за реконструкција и развој; за време на Сесијата за инвестициски перспективи во Косово во рамки на годинешниот состанок и бизнис форум на Европската банка за реконструкција и развој во Мароко.

 

Зелената транзиција во Косово е поддржана преку бројни однапред договорени финансиски рамки. За проектите за енергетска ефикасност, како тој во Призрен, грантовите се обезбедуваат преку Програмата за регионална енергетска ефикасност во склоп на Инвестициската рамка за Западен Балкан; поддржана од ЕУ, билатерални донатори и самите корисници. Програмата за регионална енергетска ефикасност е одредена во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, на Европската комисија, како еден од клучните проекти за чиста енергија. Ваквите проекти значајно придонесуваат за намалување на емисијата стакленички гасови и подобрување на животните стандарди и здравјето на граѓаните. Активностите во рамки на Програмата за регионална енергетска ефикасност се во согласност со Регулацијата на ЕУ и целите на Зелената агенда за Западен Балкан; засновани на петте столба на Европскиот зелен договор.

Западен Балкан го прославува Денот на Европа

Како секоја година во текот на две децении, Денот на Европа се прослави во Западен Балкан на 9. мај. Граѓаните имаа можност да уживаат во активности како музички концерти, уметнички изложби и спортови. Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors) беа, исто така, дел од активностите за Денот на Европа ширум балканските градови; придонесувајќи преку работилници, дискусии и акции за подигнување на свеста кои вклучуваа теми како човечки права, дигитална и зелена иднина, градење мир и родова еднаквост.

 

Денот на Европа го одбележува потпишувањето на Шумановата декларација на 9. мај 1950 година. Се работи за амбициозен план кој го обезбеди долгорочниот мир во пост-воената Европа и се смета за почеток на денешната Европска Унија. Во својот говор во Париз, во 1950 година, тогашниот француски министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ја претстави својата идеја за нова форма на соработка во Европа, која би ја направила невозможна војната помеѓу нациите во Европа. Овој ден е прилика да се потсетиме на Шумановата декларација; првиот основен документ во создавањето на денешната Европска Унија, прославувајќи ги, истовремено, европските вредности.

ЕУ и БиХ ја зајакнуваат соработката за подготвеност за непогоди

Европскиот комесар за управување со кризи, Јанез Ленарчич, ја посети БиХ со цел зајакнување на соработката за спречување непогоди, подготвеност и реагирање; како на национално, така и на регионално ниво. Неговата посета се случува во време кога државата го потврдува својот интерес за приклучување кон Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ кој ги координира заедничките кризни акции. Комесарот присуствуваше, исто така, и на вежба за справување со земјотрес од целосен размер, финансирана од ЕУ; со учесници од Албанија, Австрија, Црна Гора, Романија, Словенија и други меѓународни агенции.
 
Јанез Ленарчич изјави: „Пред само неколку дена, БиХ беше погодена од два земјотреса. Не можеме, секогаш, да предвидиме кога и каде ќе се јави следниот, но можеме да бидеме подобро подготвени. Оттука, целосно го поддржувам барањето на БиХ за приклучување кон Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ. Убеден сум дека станувањето членка на нашата Европска рамка за граѓанска заштита ќе ѝ обезбеди на БиХ придобивки за подобар одговор во време на криза кога и да се случи некаква непогода од поголем размер. Заедно, можеме да заштитиме и спасиме човечки животи.“
 
Комесарот оствари средба, исто така, и со членови на Претседателството на БиХ, како и со министерот за безбедност – Селмо Цикотиќ. За време на неговата посета, комесарот, исто така, најави и 2,5 милиони евра дополнителни хуманитарни фондови за помош на БиХ за покривање на потребите на бегалците, барателите на азил и мигрантите во државата.

По стапките на загрозениот балкански рис

Тим македонски новинари освоија престижна европска награда за нивното истражување за ризиците со кои се соочува загрозениот рис.

Балканскиот рис е вид дива мачка која спаѓа во категоријата критично загрозени видови. Се претпоставува дека преостануваат само околу 45 риса во регионот. Сепак, незаконското ловокрадство, деградацијата на пејзажот и градежните активности претставуваат сериозни закани за најголемата мачка во регионот.

Балканскиот рис може да се најде во Северна Македонија, Албанија и Косово. Иако ловот или наштетувањето на балканскиот рис се строго забранети со закон во трите држави, истражување покажа дека ситуацијата е сосема различна на терен. Новинарски тим од македонското радио МОФ заклучи дека животното е, всушност, недоволно заштитено и во сериозна опасност од истребување.

Нивното истражување траеше неколку месеци и резултираше со статија насловена „По стапките на балканскиот рис – истражувачка сторија во два дела“. Сторијата претставува мрачна слика за ситуацијата на рисот кој е во постојан ризик од незаконски лов. Истражувачкиот тим откри препарирани рисови на ѕидови во ресторани сместени во близина на живеалиштето на рисот, рисови чувани во кафези како атракција и сомнежи за полициски авторитети инволвирани во ловокрадство. Дополнително, истражувањето покажа дека покрај ловокрадството, балканскиот рис е во опасност и поради незаконските депонии и градежните активности; како, на пример, изградбата на патишта и хидроцентрали во и околу природните или национални паркови.

„Во нашиот регион имаме одлични закони на хартија, но, често, овие закони не се соодветно применети.“

Признание за напорот

Новинарскиот тим кој ја спроведе и објави истражувачката сторија беше сочинет од Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски, Емилија Петреска и Јасмина Јакимова. Јасмина објаснува дека нивната инспирација дошла од желбата да раскажат приказна на ретко објавувана тема, а и да истражат дали законите кои ја засегаат заштитата на природата и дивиот свет се соодветно имплементирани. „Во нашиот регион имаме одлични закони на хартија, но, често, овие закони не се соодветно применети,“ вели таа.

Сторијата доживеа голем успех во насока на повратни реакции од страна на читателите и ја освои, исто така, Европската награда за истражувачко новинарство за Северна Македонија во 2021 година. Наградата беше доделена преку проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција“, а жирито ја опиша статијата како резултат на исклучително истражување.

На церемонијата за доделување на наградата, Емилија Петреска од Радио МОФ изјави: „Разочарувачки е што дури и после цела година откако ја објавивме сторијата, институциите сè уште не реагирале на сознанијата… Каква иднина имаме на ум ако продолжиме со уништување на еко-системите, животната средина на балканскиот рис и природното богатство кое го имаме; уништувајќи се, на тој начин, себеси?“

„Наградата беше особено важна за нас; не заради парите, туку заради признанието: одлично е чувството кога напорот е признаен“

За проектот

Целта на проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција“, финансиран од ЕУ, е зголемување на довербата на граѓаните во медиумите и создавање безбедна средина за новинарите за создавање независни новинарски содржини; преку обука, менторство, техничка и финансиска помош и објавување. Проектот тече од 2019 година во државите членки на ЕУ, како и во потенцијалните држави за членство: Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Србија и Турција.

Јасмина објаснува дека поради фактот што доаѓаат од мала медиумска организација, тимот бил изненаден поради освојувањето на првата награда. „Наградата беше особено важна за нас; не заради парите, туку заради признанието: одлично е чувството кога напорот е признаен,“ вели таа.

Наградите за европско истражувачко новинарство имаат за цел славење и промоција на исклучителните постигнувања на истражувачките новинари од државите од Западен Балкан и Турција; како и подобрување на видливоста на квалитетното истражувачко новинарство ширум публиката во овие држави.