Skip to main content

Area of Cooperation: Environment

Самитот ЕУ – Западен Балкан, во Тирана, ја реафирмира перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и стратешкото партнерство на ЕУ со регионот

Денес, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен; претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел; високиот претставник/потпретседател, Јозеп Борел; комесарот Оливер Вархелеј; како и шефови на држави или влади од земјите членки на ЕУ и партнери од Западен Балкан, присуствуваа на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана. Организирањето на самитот, за првпат во регионот, е јасен знак за силната заложба на ЕУ за Западен Балкан и патот кон ЕУ.

 

Лидерите од ЕУ ја реафирмираа целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Повикаа, исто така, и на забрзување на пристапниот процес, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозна условеност и принцип на сопствени заслуги.

 

Руската ескалирачка воена агресија против Украина претставува ризик за мирот и безбедноста во Европа и светот, нагласувајќи ја важноста на стратешкото партнерство помеѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан.

 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави: „Овој самит, кој за првпат се одржува во земја од Западен Балкан, дава јасна порака за нашето залагање, единство и силно партнерство. ЕУ е повеќе од кога било посветена за заедничка иднина со нашите партнери од Западен Балкан во ЕУ. Ја користиме секоја можност за доближување на нашите региони и луѓе; и тоа од заедничко соочување со енергетската криза, па сè до создавање повеќе прилики за нашите граѓани и бизниси; вклучително и преку намалување на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување.“

 

Дополнително, самитот овозможи и прилика за преглед на напредокот на имплементацијата на Економскиот и инвестициски план, вреден околу 30 милијарди евра, фокусиран на водечки проекти во доменот на зелена и дигитална транзиција, одржлив транспорт, чиста енергија, поддршка за приватниот сектор и развој на човечки капитал, со цел премостување на социоекономскиот јаз помеѓу Западен Балкан и ЕУ. Досега, ЕУ усвои 40 водечки проекти за транспорт, поврзаност, енергетска транзиција, зелена агенда, дигитална транзиција и развој на човечки капитал, со 1,8 милијарди евра поддршка од ЕУ и целосна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра.

 

Тука се вбројуваат 12 инвестициски проекти, усвоени на 5. декември, од кои беа забрзани 6 проекти во енергетскиот сектор; благодарение на пакетот поддршка, од 1 милијарда евра, составен од два столба:

 
  • 500 милиони евра непосредна поддршка за сите партнери од Западен Балкан со цел ублажување на растот на цените на енергијата за бизниси и ранливи домаќинства; средствата се одобрени и ќе бидат подготвени за исплата на почетокот на 2023 година.
  • 500 милиони евра краткорочна и среднорочна поддршка преку Инвестициската рамка Западен Балкан за унапредување на енергетската транзиција и енергетската безбедност. Пакетот опфаќа надополнување на Програмата за регионална енергетска ефикасност за енергетско-ефикасно реновирање на приватните и државни згради, шест нови инвестициски грантови за обновливи извори на енергија, три грантови шеми за енергетска транзиција на приватниот сектор и серија гаранции за поддршка на обновлива енергија и енергетска ефикасност. Во соработка со меѓународни финансиски институции, се очекува да се мобилизираат околу 2,5 милијарди евра во целосни инвестиции.
 

Лидерите беа, исто така, присутни и на потпишувањето на спогодба помеѓу претставници од телекомуникациските оператори од ЕУ и Западен Балкан за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг помеѓу регионот и ЕУ, со почеток во октомври 2023 година. Европската комисија и Советот за регионална соработка ги фацилитираа преговорите за договорот, а одлуките за понатамошни намалување се очекуваат во мај 2023 година.

 

Најнакрај, самитот беше можност за дискусии за продлабочување на соработката помеѓу ЕУ и регионот за управување со миграции, кибер безбедност, образование и млади. Неодамна, Комисијата одобри фонд од 70 милиони евра за подобрување на капацитетите за гранично управување и зајакнување на борбата против криумчарење на мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан. ЕУ ја зголемува помошта и соработката со Западен Балкан за зајакнување на кибер отпорноста по серија кибер напади во регионот; вклучително преку нова програма, вредна 5 милиони евра, за целиот регион, со почеток во раната 2023-та. Универзитетите од Западен Балкан ќе бидат, исто така, вклучени во програмата ЕРАЗМУС+, на исто рамниште како и земјите-членки на Унијата, со цел создавање подобри можности за младите.

Новата европска награда „Баухаус“: можност за Западен Балкан и Турција

Почнувајќи од денес, Комисијата ги отвори апликациите за новата европска награда „Баухаус 2023“. По претходните две успешни изданија, кои добија над 3000 пријавени од сите земји-членки на ЕУ, натпреварот во 2023 година ќе награди 15 примерни иницијативи кои поврзуваат одржливост, естетика и инклузија – три клучни вредности на новата европска награда „Баухаус“.

 

Во контекст на Европската година на вештините, годинешното издание ќе биде со фокус на образование и учење. За првпат, добредојдени се апликации за проекти и концепти во Западен Балкан. Како и лани, ќе има посебни награди за луѓе под 30 години. Повикот е отворен до 31. јануари, 2023 година, 19.00 часот (средноевропско време).

 

Наградите за 2023 година ќе бидат доделени на проекти и концепти развиени од млади таленти и тоа во четири категории:

 
  • повторно поврзување со природата;
  • повторно стекнување на чувство на припаѓање;
  • давање приоритет на луѓе и места на кои им е најпотребно;
  • потреба за долгорочно размислување за животниот циклус во индустрискиот екосистем.
 

Во секоја категорија, пријавените можат да изберат помеѓу три паралелни фокуси на натпреварување:

 

– Фокус А: „Нови европски баухаус шампиони“, посветен на постоечки и завршени проекти со јасни и позитивни резултати.

– Фокус Б: „Нови европски баухаус растечки ѕвезди“, посветен на концепти, доставени од млади таленти на возраст од 30 години или помалку. Концептите можат да бидат во различен стадиум на развој; од идеи со јасен план, па сè до прототипи.

– Фокус Ц: „Нови европски баухаус образовни шампиони“, посветен на иницијативи кои се фокусираат на образование и учење. Право на пријавување имаат завршени проекти или иницијативи со минимално ниво на „зрелост“.

 

Наградите од изданието 2023 ќе бидат доделени на 15 победници кои ќе добијат парична награда, до 30000 евра, како и комуникациски пакет кој ќе им помогне да ги доразвијат и промовираат своите проекти и концепти.

Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана ја потврдува стратешката врска на ЕУ со пристапните партнери

Во четврток, 6. декември, лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе одржат самит во Тирана, чиј домаќин ќе биде премиерот на Албанија, Еди Рама, а со кој ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Европската комисија ќе ја претставува нејзиниот претседател, Урсула фон дер Лајен; високиот претставник/потпретседателот за надворешни работи и безбедносна политика, Јозеп Борел и комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархелеј.  
За првпат, самитот се одржува во Западен Балкан; како јасен знак за посветувањето на ЕУ кон стратешко партнерство со регионот и неговите перспективи за членство во ЕУ. Дискусиите ќе се фокусираат на заедничко третирање на последиците од руската воена агресија против Украина; особено во енергетскиот сектор. Комисијата ќе известува за имплементација на Економскиот и инвестициски план, во вредност од скоро 30 милијарди евра, чија цел е поттикнување на долгорочно закрепнување на регионот. Дополнително, Комисијата ќе информира за Пакетот за енергетска поддршка, од околу 1 милијарда евра, за целиот регион на Западен Балкан; претставен од претседателката фон дер Лајен, во ноември; наменет за помош на ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија и ублажување на високите цени на енергија, како и унапредување на клучни инфраструктурни инвестиции за диверзификација на снабдувањето со енергија, зголемување на обновливото производство и енергетската ефикасност.  
Пред самитот, лидерите ќе бидат присутни на потпишување на спогодба помеѓу претставниците на телекомуникациските оператори од Западен Балкан и ЕУ за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг, започнувајќи од октомври 2023, помеѓу регионот и ЕУ.

ЕУ, Европската банка за реконструкција и развој и донатори му помагаат на градот Градачац во БиХ да го подобри своето водоснабдување

Градачац е мал, но динамичен град во БиХ, со околу 40000 жители и бројни локални бизниси. Градот е познат по својот претприемнички дух и агробизнисот, но се соочува со проблеми поради нестабилното и недоволно водоснабдување. Со поддршка на ЕУ, Европската банка за реконструкција и развој и билатерални донатори на Инвестициската рамка за Западен Балкан, Градачац ја прошири својата водоводна мрежа и ја надогради инфраструктурата за отпадни води.

 

Со поддршка на ЕУ, Европската банка за реконструкција и развој и останати донатори, градот постави 100 км нови водоводни цевки кои помогнаа да се зголеми бројот на домаќинства поврзани со главното водоснабдување за 80 %. Исто така, проектот вклучи и замена на старите азбестни цевки, кои се сметаат за небезбедни, во центарот на градот; правејќи го првиот град во БиХ кој целосно ги отстрани азбестните цевки од својата водоводна мрежа.

 

Инвестирањето беше финансирано со 6 милиони евра заем од Европската банка за реконструкција и развој и грант, во вредност од 3,4 милиони евра, од Инвестициската рамка за Западен Балкан и Шведска.

Советот одобрува преговарачки мандат за безвизно патување за Косово

Амбасадорите на државите-членки на ЕУ денес го одобрија преговарачкиот мандат, на Комисијата, за регулирање на безвизно патување за имателите на пасоши издадени од Косово. Врз основа на овој мандат, претседателството ќе започне преговори со Европскиот парламент.

 

Нацрт правилата ќе им овозможат на имателите на косовски пасоши да патуваат без виза во ЕУ, за престој од 90 дена во кој било период од 180 дена. Во согласност со оваа позиција на Советот, ослободувањето од визните барања ќе се примени од почетниот датум за операцијата на Европскиот патувачки систем и авторизација, не подоцна од 1. јануари 2024 година.

Поранешен рудник трансформиран во првата соларна централа во Северна Македонија

Поддршка на ЕУ за диверзификација на енергетски извори.

Над гребените и грмушките во една долина се издига оџакот на стара термоцентрала. Се работи за електраната на јаглен „Осломеј“, во Кичево, Северна Македонија; која беше изградена во 1980-тите и претставуваше гордост на Република Македонија. Низ децениите што следеа, работата во термоелектроцентралата се намали сè додека не останаа само неколку работници ветерани кои си заминуваа со автобус на крајот од смената. Електраната со капацитет од 125 MW се одржуваше на минимален погон; главно, како резерва во случај на проблеми на некое друго место во системот. Меѓутоа, тоа што се случува во околината е возбудлив развој кој ќе ѝ помогне на Северна Македонија одлучно да се придвижи кон декарбонизација.

Државите во Западен Балкан се сè уште, во значајна мера, зависни од јаглен; особено лигнит. Во 2016 година, 16 од електраните на јаглен, ширум Западен Балкан, испуштаа толкава количина сулфурен диоксид колку сите 250 електрани во ЕУ. Во Северна Македонија, сè до 2018 година, приближно половина од енергијата се добиваше од јаглен и државата беше зависна од фосилни горива. Имаше две термоелектроцентрали кои користеа лигнит – „РЕК Осломеј“ во Кичево и „РЕК Битола“, а Скопје беше најзагадената престолнина во Европа.

„Оваа електрана е пример за декарбонизација и транзиција кон обновливи извори енергија, како во Северна Македонија, така и во регионот. Се работи за првата електрана изградена на поранешно наоѓалиште за јаглен во Западен Балкан.“

Но, Северна Македонија сакаше да ги диверзифицира своите енергетски извори и да го прочисти воздухот; па, така, денес оваа амбиција станува реалност. Првата соларна централа од големи размери во државата, „Осломеј 1“, беше финансирана со поддршка на ЕУ, билатерални донатори на Инвестициската рамка Западен Балкан и Европската банка за реконструкција и развој, така што денес е поврзана со мрежата и произведува чиста електрична енергија.

Централата со капацитет од 10 MW е изградена на поранешниот рудник за лигнит „Осломеј“. Европската банка за реконструкција и развој обезбеди заем во висина од 5,9 милиони евра; а проектот, вреден 8,7 милиони евра, вклучува заем од 1,6 милиони евра од Инвестициската рамка Западен Балкан. „Оваа електрана е пример за декарбонизација и транзиција кон обновливи извори енергија, како во Северна Македонија, така и во регионот. Се работи за првата електрана изградена на поранешно наоѓалиште за јаглен во Западен Балкан,“ вели Александар Стефановски, инженер за нови технологии при Електрани Северна Македонија.

„Има иднина во зелената енергија. Ја гледаме позитивната страна затоа што оваа инвестиција треба да обезбеди трајно и сигурно вработување за работниците; бидејќи овие електроцентрали траат од 25 до 35 години и претставуваат сигурно место за некој кој сака да достигне старост за пензија и да ужива во работна сигурност.“

За проектот

Во февруари 2022 година, Европската комисија го објави инвестицискиот пакет, вреден 3,2 милијарди евра, за поддршка на 21 проект во доменот на транспортна, дигитална, климатска и енергетска поврзаност во Западен Балкан. Ова е првиот позначаен пакет проекти во рамки на амбициозниот Економски и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан; кој Комисијата го усвои во октомври 2020 година, а проектите се дизајнирани со цел да донесат видливи придобивки за шесте партнерски држави во регионот. Соларната електрана „Осломеј 1“ е еден од овие 21 водечки проекти, избран за финансирање од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан во 2022 година. Проектот е идентификуван како „Водечки проект 4 – Обновлива енергија“ во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан 2021 – 2027 од ЕУ.

Проектот предвидува изградба на втора фотоволтаична електрана, „Осломеј 2“, како продолжение на постоечката. Втората електрана ќе има капацитет од 10 MW. Заедно, двете електрани ќе произведуваат енергија за 5000 домаќинства во Кичево и регионот. „Има иднина во зелената енергија. Ја гледаме позитивната страна затоа што оваа инвестиција треба да обезбеди трајно и безбедно вработување за работниците; бидејќи овие електроцентрали траат од 25 до 35 години и претставуваат сигурно место за некој кој сака да достигне старост за пензија и да ужива во работна сигурност,“ вели Чедомир Арсовски, раководител на сектор за развој и инвестиции при „РЕК Осломеј“.

Се планираат дополнителни инвестиции во соларни електрани во Северна Македонија. Инвестициската рамка Западен Балкан веќе одобри финансии за продолжување на електраната „Осломеј 2“ и изградба на нова електрана во Битола со комбиниран целосен капацитет од 30 MW. ЕУ ја поддржува оваа инвестиција со инвестициски грант од 5,1 милиони евра.

600000 конвертибилни марки за подобрување на здравјето и безбедноста на работното место во земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ

Во рамки на проектот „EU4BusinessRecovery“, кофинансиран од ЕУ и Сојузна Република Германија, беше објавен јавен повик за учество во техничка поддршка и програма за доделување грантови, како дел од поддршка наменета за подобрување на здравјето и безбедноста на работното место (вклучително и заштитни мерки против КОВИД-19) во земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ.
 
Со објавување на овој јавен повик, во вредност од 600000 конвертибилни марки, ЕУ ќе им овозможи на компаниите да учествуваат во програма која вклучува обука, техничка и финансиска поддршка поврзани со здравјето и безбедноста на работното место. По учеството во обуката и техничката поддршка, овозможени од проектот, компаниите ќе можат да се квалификуваат за финансиска поддршка во форма на инвестиции во висина од 10000 до 30000 конвертибилни марки, наменети за имплементација на мерки за заштита на здравјето и безбедноста на работното место (вклучително и мерки против КОВИД-19).
 
Избраните компании ќе учествуваат во бесплатна обука за правните аспекти и важноста на применување мерки за заштита на здравјето и безбедноста на работното место. Дополнително, на компаниите ќе им биде овозможена поддршка за оценување на моменталната состојба на здравјето и безбедноста на работното место, проверка на работните услови, а, исто така, ќе бидат споделени и препораки за подобрување на работната средина.

ЕУ издвојува 3,5 милиони босански конвертибилни марки за поддршка на примарното земјоделско производство

Како дел од проектот „EU4AGRI“, финансиран од ЕУ, беше лансиран јавен повик за поддршка на инвестиции во примарното земјоделско производство.  
Преку овој јавен повик беа овозможени 3,5 милиони босански конвертибилни марки; со грантова вредност, по апликација, од 15000 до 300000 босански конвертибилни марки. Апликантот мора да обезбеди сопствено кофинансирање за секој поединечен проект, во минимална вредност од 35 % од вкупната вредност на прифатливите трошоци на предложената инвестиција; со исклучок на секторот за производство на овошје и зеленчук во кој сопственото кофинансирање треба да изнесува минимум 30 %.  
Погодни апликанти за грантови во рамки на оваа мерка за поддршка се независните претприемачи, кооперативи и компании.  
Крајниот рок за аплицирање е 15.00 часот, 31. јануари 2023 година.
 

Одржување стандарди како најдобрите

Компанија за млечни производи во БиХ ги подобрува своите производствени процеси со помош на ЕУ.

Meggle BH“ е една од најуспешните компании за производство на млечни производи на пазарот во БиХ. Благодарение на воведувањето нови иновативни приоди кон работата, и во согласност со највисоките производствени стандарди, сината детелина на белите млечни производи е синоним за квалитет ширум БиХ. Групацијата „Meggle“ има долгогодишна традиција во производството на млечни производи, уште од своето основање, во 1887 година, од Јозеф Антон Мегле од Баварија.

„Поради побарувачката на локалните и странски пазари, моравме да ја модернизираме фабриката и да ги прошириме капацитетите за свежо сирење и производство на кајмак, што го постигнавме со поставување најмодерна опрема, а за дел од неа добивме поддршка преку проектот „EU4AGRI“.“

„Meggle“ влезе на босанскиот пазар во деведесеттите години. Најпрво, увезуваа и дистрибуираа „Meggle“ производи. Набрзо, компанијата започна да прави планови за отворање производствени објекти во државата, а на почетокот од 2000-та година купија фабрика за млечни производи во Бихаќ и се етаблираа како компанија за млечни производи. „Meggle BH“ нуди преку 150 производи во својата палета; домашно млеко, јогурт, кефир, кисела павлака, павлака за готвење, кајмак, крем од путер и многу други производи кои заземаат посебно место во многу домаќинства.

Јадранка Пенава се приклучила во „Meggle“ уште на самиот почеток од нивното работење во БиХ, на почетокот од деведесеттите години, и денес е извршен директор на „Meggle BH“. Таа објаснува дека босанскиот пазар топло ги примил на почетокот и дека имаат континуиран успех и стабилен раст во државата уште од почетокот на нивното работење во БиХ. „Лани, собравме 50 милиони литри млеко од нашите 2500 земјоделци, ширум државата, кои ги сметаме како значаен дел од нашиот бизнис затоа што ако во соседството нема квалитетно млеко, тогаш не може да се има успех во овој бизнис,“ вели Јадранка.

Во текот на 2021 година, со поддршка на проектот „EU4AGRI“, компанијата ги подобри своите производствени процеси со набавка на модерни машини за пакување свежо сирење и кајмак. Капацитетите на старата машина за производство и пакување на сирење и кајмак беше 1800 кади, додека, пак, новата има капацитет од 3200 до 4100 кади, во зависност од тежината, за истото време. Истата овозможува пакување на производите во различни форми, што е неопходно за пласирање производи на пазарот. „Поради побарувачката на локалните и странски пазари, моравме да ја модернизираме фабриката и да ги прошириме капацитетите за свежо сирење и производство на кајмак, што го постигнавме со поставување најмодерна опрема, а за дел од неа добивме поддршка преку проектот „EU4AGRI“,“ објаснува Јадранка. 

 

„Како лидер на пазарот во БиХ, од „Meggle“ се очекува да ги исполни потребите на пазарот, да ги подобри и развие производствените процеси, како и да има постојана понуда на нови и иновативни производи. Оваа инвестиција ни е од голема помош во таа насока.“

За проектот

Проектот „EU4AGRI“ е четиригодишна иницијатива (2020 – 2024) која цели кон модернизирање на земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ, создавање нови работни места, како и задржување на постоечките и поддршка за закрепнување од кризата КОВИД-19. Целосната вредност на проектот изнесува 20,25 милиони евра; главно финансирани од ЕУ, но заеднички имплементирани и кофинансирани од Агенцијата за развој на Република Чешка и Програмата за развој на ОН во БиХ.

Досега, проектот „EU4AGRI“ ги поддржал земјоделците и компаниите во БиХ со 45 инвестиции, вредни околу 5,5 милиони евра; од кои 3,2 милиони евра беа финансирани од ЕУ.

Набавката нова машина придонесло и за зголемување на квалитетот на производите и безбедноста на производствениот процес, а автоматизацијата на одредени чекори ја намалила можноста за човечки грешки. „Како лидер на пазарот во БиХ, од „Meggle“ се очекува да ги исполни потребите на пазарот, да ги подобри и развие производствените процеси, како и да има постојана понуда на нови и иновативни производи. Оваа инвестиција ни е од голема помош во таа насока,“ дополнува Јадранка.

Поддршката на проектот „EU4AGRI“ преку воведување нови технологии несомнено ќе придонесе за понатамошен развој и позиционирање на оваа компанија на домашните и странските пазари, а особено ќе придонесе за исполнување на високите стандарди за квалитет на производите обележани со сина детелина. Вредноста на инвестицијата преку проектот „EU4AGRI“ изнесува околу 730000 босански марки (375000 евра) од кои ЕУ кофинансираше околу 300000 босански марки (155000 евра).

Претседателката Фон дер Лајен во Западен Балкан за дискусии за поддршка на ЕУ со цел справување со енергетската криза

Руското енергетско уценување и манипулирање на пазарите не го поштеди регионот на Западен Балкан. ЕУ е одлучна да ги поддржи своите партнери за справување со високите енергетски цени, како и за подобрување на нивната енергетска безбедност на долг рок. Ова е контекстот на посетата на претседателката фон дер Лајен на Западен Балкан оваа седмица. Претседателката, најпрво, ја посети Северна Македонија каде што оствари средби со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Во четвртокот, на утро, претседателката фон дер Лајен отпатува за Приштина, Косово, каде што се сретна со претседателката Вјоса Османи-Садриу и премиерот Албин Курти. Попладнето, претседателката отпатува за Тирана, Албанија, каде што се состана со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама.

 

Во петокот, на утро, претседателката ќе отпатува во Сараево, БиХ. Таму, ќе се состане со ново избраните членови на претседателството, како и со избрани членови на парламентарното собрание и избрани претставници од општеството. Во текот на попладнето, претседателката фон дер Лајен ќе отпатува за Белград, Србија, каде што ќе се состане со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ. Исто така, заедно со претседателот Вучиќ, ќе ја посети и гасоводната поврзница Србија-Бугарија, во селото Јелашница. Најпосле, во сабота, претседателката ќе биде во Подгорица, Црна Гора, каде што ќе се сретне со претседателот Мило Џукановиќ и премиерот Дритан Абазовиќ. Ќе го посети и проектот „Транс-балкански коридор за електрична енергија: мрежен дел во Црна Гора“.