Skip to main content

Area of Cooperation: Culture and youth

7. годишен форум на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион

Денес, европскиот комесар за кохезија и реформи, Елиза Фереира, го отвори, со видео порака, 7. годишен форум на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион. Дводневниот форум, кој се одржа во Тирана; под покровителство на албанското претседателство со Стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион, се фокусира на проблематики поврзани со предизвиците на енергетската безбедност и климатските промени, транспортните политики, инвестициските можности во јадранскиот и јонскиот макрорегион и олеснување на проширувањето на ЕУ во Западен Балкан.

 

Комесарот Фереира изјави: „Мило ми е што гледам дека годинешниот форум на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион се совпаѓа со европската година на младите во европската престолнина на младите, Тирана. Младите се движечка сила за регионална соработка, помирување и градење мир, и би сакала да го охрабрам креирањето на младински совет во рамки на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион со цел младите кои живеат во јадранскиот и јонскиот макрорегион да можат да споделуваат меѓусебно за предизвиците со кои се соочуваат, а и да добијат можност за влијание врз својата иднина.“

 

Министерскиот состанок во рамки на стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион ќе ја усвои Тиранската декларација за да ја искажат својата солидарност со Украина, осудувајќи ја руската инвазија, а истовремено повикувајќи ја ЕУ да го забрза пристапниот процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ. За време на настанот, ќе биде доделена наградата „EUSAIR Young business model Popri“ за најдобри претприемнички идеи меѓу младите од јадранскиот и јонскиот макрорегион.

 

Стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонски регион беше отпочната во октомври 2014 година, а покрива макрорегион од повеќе од 70 милиони луѓе во четири земји-членки (Хрватска, Грција, Италија и Словенија), како и шест земји кои не се дел од ЕУ (Албанија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Сан Марино) меѓу кои пет се од Западен Балкан; соработувајќи со цел надминување на заедничките предизвици групирани во четири столба: „Син развој“, „Поврзување на регионот“ (транспорт и енергија), „Еколошки квалитет“ и „Одржлив туризам“. Погледнете ја програмата на настанот.

Шопен пијано ФЕСТ во Косово со големи класични музички имиња

Еден од најзначајните фестивали на класична музика во Косово, Шопен пијано ФЕСТ Приштина, официјално започна годинава, на денот на Европа, 9 мај, со концерт на светски реномираниот пијанист Мартин Гарсија Гарсија. Фестивалот ќе претстави, пред косовската публика, повеќе од 15 концерти, мастер часови, работилници, натпревари за инструменталисти и композитори, како и други културни активности.

 

Дополнителен елемент на годинешното издание на Шопен пијано ФЕСТ Приштина е учеството на фестивалот во програмата „СИНЕРЏИ“ („SYNERGY“); поддржана од ЕУ преку програмата „Креативна Европа“ („Creative Europe“).

 

Дванаесеттото издание на фестивалот продолжува да ги кани големите музичари да настапуваат во Приштина. „И годинава, исто така, имаме познати пијанисти како Франсоа Димон (François Dumont), Флориан Илиг (Florian Uhlig) и Стефан Владар (Stefan Vladar) кои ќе настапат на фестивалот,“ вели проф. Лејла Хаџиу Пула, претседателка и уметничка директорка на фестивалот.

 

Фестивалот завршува на 8. јуни.

Младите европски амбасадори на Денот на Европа во Брисел

Неколку млади европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) од Западен Балкан беа поканети да земат учество на Денот на Европа во Брисел, придружувајќи им се на другите млади европски амбасадори од останатите држави од источното соседство во ЕУ и амбасадорите на добрата волја од јужното соседство.

 

Со оглед на тоа што 2022 ја одбележува европската година на младината која го става акцентот на младите, младите европски амбасадори учествуваа во мноштво настани организирани од европските институции; вклучувајќи младински дебати организирани од Генералниот директорат за образование и култура, како и фудбалски натпревар, организиран од Генералниот директорат за миграции и домашни работи, во знак на поддршка за бегалците ширум светот. Покрај учеството во прослави, младите амбасадори од Западен Балкан се сретнаа, исто така, и со своите врсници од јужното и источното соседство во ЕУ за да дискутираат за предизвиците и можностите за младите во трите региона; како и за идните соработки помеѓу овие мрежи.

 

Секоја година, серија јавни дипломатски активности земаат место во Брисел, во текот на неделата пред 9. мај – Денот на Европа, за прославување на мирот и обединетоста во Европа. Целта е доближување на ЕУ до народот, информирање и подигнување на свеста за залагањата на ЕУ: нејзините вредности, структури, институции, партнерства, соработки и поддршка за региони и држави ширум светот.

 

Годинава, Денот на Европа е значаен момент за реафирмација на посветувањето на ЕУ за мир, за истакнување на солидарноста и обединетоста со Украина и украинскиот народ, како и залагањето за универзални вредности како слобода и демократија во светски поредок заснован на правила.

Западен Балкан го прославува Денот на Европа

Како секоја година во текот на две децении, Денот на Европа се прослави во Западен Балкан на 9. мај. Граѓаните имаа можност да уживаат во активности како музички концерти, уметнички изложби и спортови. Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors) беа, исто така, дел од активностите за Денот на Европа ширум балканските градови; придонесувајќи преку работилници, дискусии и акции за подигнување на свеста кои вклучуваа теми како човечки права, дигитална и зелена иднина, градење мир и родова еднаквост.

 

Денот на Европа го одбележува потпишувањето на Шумановата декларација на 9. мај 1950 година. Се работи за амбициозен план кој го обезбеди долгорочниот мир во пост-воената Европа и се смета за почеток на денешната Европска Унија. Во својот говор во Париз, во 1950 година, тогашниот француски министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ја претстави својата идеја за нова форма на соработка во Европа, која би ја направила невозможна војната помеѓу нациите во Европа. Овој ден е прилика да се потсетиме на Шумановата декларација; првиот основен документ во создавањето на денешната Европска Унија, прославувајќи ги, истовремено, европските вредности.

Џез мелодии ги враќаат во живот местата на култура

Музички иницијативи, родени за време на пандемијата, се развиваат со поддршка на ЕУ

Кога младите од Пеќ, во западно Косово, беа исправени пред предизвикот да започнат нови настани со цел културно ангажирање на повеќе граѓани; импровизираа со тоа што го имаа на располагање: стара кино сала, познати уметници и волонтерство. Навистина, иницијативата водена од невладината организација „Anibar“  се фокусира на музички жанр кој своите основи ги наоѓа во импровизацијата – џез. За да додадат уште малку неизвесност во иницијативата, серијата џез концерти била планирана да започне при крајот на 2020 година, во екот на пандемијата КОВИД-19. Но, и покрај сите пречки, се роди најновата културна активност во градот; „Peja Jazz“.

„Отсекогаш велев дека би се вратил во Пеќ единствено преку културни настани.“

Главниот „виновник“ за настанот „Peja Jazz“ е Дардан Селимај, куратор на бројни културни настани во Косово во текот на минатите дваесет години. За него, тешко беше да се одбие идејата за џез во Пеќ. „Отсекогаш велев дека би се вратил во Пеќ единствено преку културни настани,“ вели Дардан за градот од кој доаѓа неговото семејство и каде ваквите настани се реткост. „Во малите градови, во кои поголемиот дел од годината нема настани, младите заслужуваат да имаат музички концерти кои ќе ги инспирираат да станат некој – музичари или дел од група; и на тој начин да ги премостат границите,“ вели Дардан. Во минатото, сличен пат избрале бројни музичари кои пораснале во Пеќ. Тие служеле како инспирација за Дардан да ја прифати улогата на куратор за настан како „Peja Jazz“.

Покрај инспиративната идеја, неизбежно било дека ќе има пречки; особено во година во која започна пандемијата. Концертите завршуваа во раните вечерни часови, а бројот на публика беше лимитиран поради здравствените рестрикции. Меѓутоа, овој контекст имал и свои позитивни аспекти.

„Со оглед на тоа што 2020 година беше година во која уметниците ги паузираа своите изведби; за културната сцена сè беше ставено на пауза; па, така, тие станаа покреативни и креираа нови дела,“ вели Дардан, со возбуда во гласот од можноста да ги истражи музичките богатства создадени за време на месеците поминати во карантин.

„Бевме домаќин на четири концерти на кои, премиерно, се прикажаа нови албуми: сите во рамки на првото издание,“ велејќи, со убеденост, дека таков успех би било тешко да се повтори. Но, тоа што се повторило, следната година, во второто издание, била посветеноста кон квалитетни концерти. Овојпат, „Peja Jazz“ ги надминал границите на Косово, бидејќи регионалните и европски изведувачи можеле повторно да патуваат.

„Фактот дека „Peja Jazz“ е организиран под покровителство на „Anibar“, ќе биде во полза за неговата одржливост; како од организациски поглед, така и за инспирација на надежни идни изведувачи.“

За проектот

Граѓанско-јавното партнерство за иновативно управување со јавната инфраструктура во Пеќ, Призрен и Митровица е проект кој има за цел подобрување на сегашната состојба на местата на култура, како и креирање на нови ширум Косово. Меѓу другото, проектот служи како значајна интервенција во демократизацијата на културните и урбани политики во Косово, овозможувајќи, исто така и поголема граѓанска партиципација во јавниот живот.

Инвестирање во организации, а не во индивидуи, за здрави културни настани

Започнувањето музички настан влијае на културниот живот на мал град, како Пеќ, на многу начини. Најпрво, организирањето на „Peja Jazz“ во единственото кино во градот помогна за зачувување на оваа легендарна зграда од потенцијални интервенции. Следно, настанот го отвори градот за други можности; како, на пример, туризам и културни размени. Што е најважно, настанот е можност за трансформација на младите генерации; правејќи ги посвесни за нивниот потенцијал преку изложување кон познати уметници.

„Фактот дека „Peja Jazz“ е организиран под покровителство на „Anibar“, ќе биде во полза за неговата одржливост; како од организациски поглед, така и за инспирација на надежни идни изведувачи,“ вели Дардан кој е среќен што може да го пренесе своето знаење за менаџмент на волонтерите во музичките настани. Како пример го зема успехот кој „Anibar“ го покажа во доменот на анимација во кој младите направиле значаен напредок; од учење на основите, па сè до проектирање на нивните анимации на годинешниот фестивал. „Anibar“ го збогатува своето искуство во воведување нови културни активности во градови како Пеќ и склучи партнерства со други организации низ Косово, и пошироко, за подобрување на моменталната состојба на местата за култура. Со финансии од ЕУ, нивната цел е да бидат подобро подготвени, во улога на културни чинители, во менаџирањето на јавната инфраструктура, како и зголемување на соработката со локалните влади за одржлива употреба на јавната инфраструктура, политики и финансии.

Младите европски амбасадори на Европски форум за млади лидери

Европскиот форум за млади лидери, четиридневна хибридна конференција, заврши во Катовице, Полска. Форумот обезбеди место за младите учесници од ЕУ, Западен Балкан, Источна Европа и Кавказ да ги разменат своите видувања за тековната политичка ситуација, да споделат искуства и да воспостават нови контакти. Настанот вклучи панел-дискусија и тематски сесии на аспекти за соработка помеѓу европската младина; со посебен фокус на ситуацијата за младината во Украина. Дел од останатите теми на форумот беа и Агендата 2030 за одржлив развој на ОН, Европската младинска стратегија 2019 – 2027, како и приоритетите на Младинските програми на ЕУ за периодот 2021 – 2027; вклучувајќи ги инклузијата и диверзитетот, дигиталната трансформација, животната средина и борбата против климатски промени, како и учеството во демократски живот.

 

Годинава, Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) од Западен Балкан учествуваа во настанот, преку присуство во панел-дискусии, собирање корисни контакти и запознавање професионалци од нивното поле на работа и студии.

 

Ова беше 14-тото издание на настанот, традиционално организиран од „SALTO-YOUTH“ – дел од програмата ЕРАЗМУС+.

Фестивалот „Balkan Trafik“ ја носи културата на Западен Балкан во Брисел

Прославувајќи ја балканската музика; од традиционална до фолк, џез, па, сè до панк, фестивалот „Balkan Trafik“ се враќа во Белгија за своето 16-то издание, со почеток, во Брисел, на 29. април и крај на 1. мај. Настанот се случува во живо, за првпат во две години, по олеснувањето на рестрикциите за Ковид-19 годинава.

 

Четиридневниот фестивал на отворено собира, на едно место, 150 различни артисти и музичари; вклучувајќи ги и меѓународните фаворити како Горан Бреговиќ, Бернард Оркестар и Ројазе. На затворањето на фестивалот, 10-то издание на „Giant Horo“ ги обединува танцувачките трупи од балканскиот регион. Тие танцуваа заедно на Големиот плоштад во Брисел во финале кое беше отворено и бесплатно за јавноста.

 

Покрај музика и танц, фестивалот вклучува, исто така, и улична уметност, храна и дегустација на вина, работилници и дебати. Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors) од Западен Балкан зазедоа, исто така, учество во фестивалот како зборувачи или водители на дебати во врска со улогата на уметноста во градењето мир; преку претставување на кујната од Западен Балкан во рамки на настан за дегустација на храна и други активности.

Кампања за младински дијалог во Црна Гора

Кампањата за младински дијалог која неодамна започна во Црна Гора има за цел подигнување на свеста за тоа што значи младинско учество и зошто истото е значајно; како и овозможување на младите да се инволвираат во процесот на носење одлуки за проблеми кои ги засегаат. Кампањата има за цел да го достигне ова преку директен дијалог со младите и организациите кои ги претставуваат. Фокусот ќе биде ставен на вработување на младите и дискусија на теми кои ги интересираат младите; вклучително и ветувањата на ЕУ за младите во рамки на Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.

 

Креирано е и видео, насловено „#Say it loud, we hear you” („#Искажи се гласно, те слушаме“); кое ги повикува младите да заземат учество во дијалогот; со директно и лично учество во својот град, преку пополнување на онлајн прашалник.

 

Се работи за заедничка кампања, спроведена од Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, ЕУ Инфо Центарот и Младинската мрежа на Црна Гора, како и релевантните министерства: Министерството за економски развој, Министерството за финансии и социјална грижа, Министерството за здравство и Министерството за образование, наука, култура и спорт; со поддршка од Регионалниот совет за соработка и голем број младински организации: Здружението европска младинска картичка, Здружението на студенти по политички науки од Црна Гора, Организацијата на студенти од Црна Гора во странство, Порталот Макање, Радио Крш, Студентскиот парламент, Унијата на средношколци од Црна Гора и Унијата на млади претприемачи.

Објавен добитникот на Европската награда за литература за 2022 година

Меѓународно жири го објави добитникот на Европската награда за литература, за 2022 година, како и пет посебни пофалби, на саемот на книгата во Париз. Грузиската писателка, Ива Пезуашвили, ја доби наградата за својот роман „A garbage chute“. Жирито додели и посебни пофалби на автори од Белгија, Босна и Херцеговина, Ирска, Шпанија и Украина.

 

Изборот за 2022 година прикажува широка палета јазици, земји, приказни и гласови кои ја илустрираат ЕУ и отвореноста на програмата „Creative Europe“ кон културен и јазичен диверзитет во и надвор од ЕУ. Добитникот и номинираните автори ќе добијат тековна промоција, на европско ниво, со цел допирање до поширока и меѓународна публика; како и можност за поврзување со читателите надвор од нивните матични национални и јазични граници.

 

Уште од 2009 година, Европската награда за литература им оддава признание на новите белетристи од Европската Унија и пошироко. Наградата ги чествува современите извонредни книжевни таленти од сите 41 држава кои учествуваат во програмата Креативна Европа.

Објавени учесниците во Глобалната програма за културни односи

Платформата за културни односи ги објави учесниците во Глобалната програма за културни односи за 2022 година. Селектираните 40 иноватори и  носители на промени, избрани за Глобалната програма за културни односи 2022, беа селектирани од преку 2000 апликации за учество во водечката програма за обука преку платформата за културни односи наменета за креативни професионалци ширум светот. Опфатени се 40 националности, вклучително и Западен Балкан, како и бројни сектори; меѓу кои и изведувачките уметности, музиката, аудио-визуелните уметности, културното наследство и визуелните уметности.

 

Како дел од Глобалната програма за културни односи, од 10. до 13. мај, учесниците ќе добијат можност за поврзување, споделување искуства и идеи, надградување на вештините од доменот на меѓународни културни односи и развивање на меѓународен културен проект.

 

Платформата за културни односи е проект, финансиран од ЕУ, кој ги поврзува културните практикувачи ширум светот во заеднички дијалог, размена и соработка. Исто така, обезбедува и експертиза за Европската Унија во полето на меѓународни културни односи.