Skip to main content

Area of Cooperation: Culture and youth

1,9 милиони евра за поголема соработка помеѓу Србија и Северна Македонија

Претставници на Министерството за европски интеграции на Србија, оперативните структури на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2016-2020 година и Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија во соработка со Министерството за финансии на Србија го претставија вториот јавен повик за унапредување на прекуграничната соработка помеѓу Србија и Северна Македонија на онлајн-конференција.

 

Помошникот министер за европски интеграции Михајило Дашиќ на онлајн-конференцијата истакна дека Програмата Србија – Северна Македонија овозможила надградба на постоечките капацитети и го отворила патот за соработка што недостасува, со цел да се подобри животот во локалните и пограничните области со иновативни и одржливи решенија за заедничките проблеми.

 

На конференцијата беа претставени седум проекти реализирани во рамки на првиот повик, како што се „Семиња за инклузија – социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“, „Подобрување и заштита на здравјето на луѓето и животната средина преку намалување на ризикот од загадување со ефикасно управување на отпадот“ и „Помалку ѓубре, помали ризици, подобро здравје“.

 

Предлози на проекти за вториот циклус на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија  која предвидува речиси 1,9 милиони евра за промовирање на вработувањето, мобилноста на работната сила, социјална и културна иклузија, како и за поттикнување на туризмот, културното и природното наследство на двете земји, може да се поднесат до 8 јуни.

ЕУ во Косово го одбележа Светскиот ден на културното наследство

Со цел одбележување на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, познат и како Светски ден на културното наследство, амбасадорот Томаш Суњог, шеф на ЕУ канцеларијата и специјален ЕУ претставник во Косово, на 19 април го посети археолошкиот парк „Улпијана“ кој во моментов користи проект финансиран од ЕУ во вредност од 1 милион евра.

 

Археолошкиот парк „Улпијана“, кој е менаџиран од косовското Министерство за култура, млади и спорт (MCYS) и неговиот Археолошки институт (AIK), добива поддршка од бројни меѓународни организации и дипломатски канцеларии и амбасади во Косово, чии претставници се приклучија на посетата. „Одбележувањето на Светскиот ден на културното наследство е навистина важно бидејќи нè потсетува на разноликоста на нашето заедничко културно наследство, неговата ранливост и напорите кои треба да ги вложиме за да го заштитиме и сочуваме“, рече Амбасадорот Суњог.

 

Проектот „Европска археолошка мисија во Косово: од Улпијана до Јустинијана Секунда“ (European Archaeological Mission in Kosovo: from Ulpiana to Iustiniana Secunda) беше лансиран на 14 декември 2021. Ги користи резултатите од претходни ЕУ-финансирани геофизички истражувања на поширокото подрачје на Улпијана и во следните три години ќе придонесе за понатамошни археолошки истражувања и ископувања, како и сочувување на наодите. Проектот е имплементиран од страна на Институтот за археологија на француската Виша нормална школа – еден од најискусните институти за археологија на Медитеранот и Централна Азија – во блиска соработка со косовското Министерство за култура, млади и спорт (MCYS) и неговиот Археолошки институт (AIK).

 

ЕУ ја поддржува заштитата и сочувувањето на локалитетите од културно наследство во Косово, вклучувајќи ги и kulla/kula ѕиданите куќи и верските знаменитости и споменици, уште од 2000 година. Досега има инвестирано повеќе од 14,7 милиони евра во оваа област.

 

ЕУ останува најголемиот давател на финансиска помош во Косово.

YEAs во Скопје се приклучија на кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“

Во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ се одржа креативен настан за млади лица, како дел од кампањата насловена „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“  (“Block the Hatred. Share the Love!”) која се води од ЕУ и Советот на Европа. Целта беше преку настанот да се подигне свеста кај младите за разните форми на говор на омраза и дискриминација насочени кон специфични заедници и поединци, како и промоција на разни начини за спречување на говорот на омраза. Тоа подразбира и ширење на позитивни пораки за прифаќање и почитување на диверзитетот преку креативно изразување во форма на улична уметност и музика.

 

На настанот беа вклучени Млади европски амбасадори (YEA) од Северна Македонијa, a координаторот на YEA за Северна Македонија – Дона Срдиќ, која е воедно и „No Hate“ амбасадор на кампањата, сподели охрабрувачка порака за поддршка на разнолико општество без говор на омраза и дискриминација.

 

Оваа иницијатива за подигање на свеста ќе се шири и онлајн преку социјалните медиуми и останати канали, како и преку јавни настани. Во кампањата се вклучени истакнати јавни личности, институции и активисти за човекови права кои промовираат диверзитет и еднаквост во локалните заедници и регионот преку лични приказни, сведоштва и размена на добри практики.

 

Кампањата е имплементирана во рамките на иницијативата за „Промоција на диверзитет и еднаквост во Северна Македонија“ (Promotion of Diversity and Equality in North Macedonia) која е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Horizontal Facility for the Western Balkans and Turkey 2019-2022) на ЕУ и Советот на Европа.

Златниот вез повторно во мода

Современо женско претприемништво и традиционален црногорски занает се преплетуваат со поддршка на ЕУ.

Црногорскиот златен вез се користи на традиционални носии повеќе од три века, но беше во ризик од изумирање поради промените на модните вкусови и непренесување на занаетот од старите на младите генерации. Дополнителна причина беше тоа што дури и кога имаше интерес за златен вез; додавање злато на прилично скапа носија или свилена кошула чини многу. Меѓутоа, од неодамна, занаетот добива нов елан благодарение на иницијатива од локална црногорска организација на граѓанското општество и поддршка од ЕУ.

Бисерка Раичевиќ е во нејзините шеесетти години и доаѓа од црногорско семејство кое ја негува традицијата; особено поврзана со рачните изработки. Иако поголемиот дел од животот го поминала работејќи како економист, продолжила, истовремено, да ги практикува, како хоби, традиционалните рачни изработки кои ги научила како млада девојка. Но, до неодамна, не беше пробала да работи со златен вез – врвот на црногорската занаетчиска традиција. Ова се сменило кога се приклучила на работилницата организирана со поддршка на проектот „ReLoAD“, финансиран од ЕУ.

„Работата со златен вез бара многу трпение и посебни занаетчиски способности.“

Оживување заборавени техники

Бисерка објаснува дека дознала за работилницата преку својот сопруг; кој го видел повикот на социјалните медиуми и ѝ кажал за можноста, знаејќи ја нејзината љубов кон рачните изработки. Се двоумела дали да се пријави, затоа што работата со златен вез е исклучително напорна, а истовремено и скапа поради златниот конец кој се користи за везот. Но, одлучила да се пријави, водена од љубовта кон традицијата; иако од искуството научила дека „работата со златен вез бара, како што таа вели: – многу трпение и посебни занаетчиски способности.“

Обуката била организирана преку проектот „Зачувување и развој на традиционалните црногорски занаети – златен вез“, финансиран од ЕУ, кој вклучил жени на различна возраст и од различни општествени средини. Постарите експерти во занаетот биле ангажирани како обучувачи за да го пренесат своето знаење. Во текот на обуката, проектот вклучил, исто така, и поддршка за комуникација и создавање маркетинг план за промоција на златниот вез; како и лансирање на публикација која ја раскажува историјата и важноста на занаетот.

„Оваа обука беше огромна инспирација за мене“

За проектот

Проектот „Зачувување и развој на традиционалните црногорски занаети – златен вез“ е имплементиран од Институтот за претприемништво и економски развој, во соработка со здружението за уметности и рачни изработки „NIT“. Проектот е поддржан од Регионалната програма за локална демократија („ReLOaD“), финансирана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите Нации.

Проектот цели кон промоција на црногорскиот златен вез преку развој на маркетинг план, подобрувајќи го економскиот и општествен статус на жените преку споделување на вештините за златен вез и популаризирање на истиот во соработка со модни дизајнери.

„Оваа обука беше огромна инспирација за мене,“ вели Бисерка, а со вештините кои ги стекнала од проектот, одлучила да започне мал бизнис со цел претставување и овозможување поголем пристап до овие прекрасни креации. Дизајните кои содржат златен вез се централни за повеќето производи во нејзиниот бизнис, „RB Ethno Fashion Hand Made“; вклучувајќи и модерни предмети за секојдневна употреба како торби, шалови или маски.

Покрај нејзините производствени и продажни активности, Бисерка организира, исто така, и бесплатни работилници преку кои придонесува за пренесување на вештините на други жени во нејзината заедница. „Верувам дека оваа традиција треба да живее, па, затоа, сакам колку е можно повеќе млади луѓе да ја научат техниката,“ вели таа.

Младите европски амбасадори во Албанија се состануваат со ромската младина

Настан организиран во рамки на Меѓународниот ден на Ромите вклучи десет Млади европски амбасадори и десет млади од ромската заедница во Албанија. Земајќи предвид дека Тирана е Европската младинска престолнина во 2022 година, целта на состанокот беше да се посвети внимание на ромската младина која студира и придонесува за заедницата во Албанија.

 

Дискусијата беше фокусирана на дневните предизвици и начинот на кој ромската младина се соочува со нив во Албанија. Останатите теми беа и досега сработеното за да се подобри пристапот на Ромите до основните права, образование и вработување. Заклучокот беше дека иако се постигнати подобрувања во насока на интеграцијата на Ромите и заштитата на човекови права, сè уште преостануваат бројни предизвици.

 

Најнакрај, учесниците дискутираа и се согласија за идна соработка за понатамошно зајакнување на ромската младина во Албанија.

Младите европски амбасадори (YEA) учествуваат во дебата за зајакнување на жените во Белград

Хибридниот мини фестивал „EU4Balkans“ зазеде место во Белград на крајот од март. Настанот беше дел од активностите за соработка организирани од страна на Генералната дирекција за регионална и урбана политика на Европската Комисија и организаторите на фестивалот „Balkan Trafik“. Преку дебата, културни настани и состаноци со заменик министерот за култура и медиуми на Србија, настанот опфати серија значајни прашања како, на пример: невработеноста кај младите, инклузија и развој на руралните подрачја во Западен Балкан.

 

Во дебатата учествуваа и младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) и се фокусираа на проблематиката за зајакнување на жените. Учесниците потенцираа дека зајакнувањето на жените подразбира овозможување на средства и вештини за напредување, за да бидат независни и да можат да го променат општеството.

 

Настаните „EU4Balkans“ целат кон подигнување на видливоста на меѓурегионалната соработка како дел од ИПА инструментот за претпристапна помош и позитивно влијание на политиките за проширување на ЕУ.

Младите од Црна Гора дискутираат со дипломати за европските вредности

Црногорската филијала на Регионалното биро за младинска соработка (Regional Youth Cooperation Office (RYCO)) го организира настанот „Младите земаат збор“ (Youth Talks) во Херцег Нови на 7. април. Над 30 млади, помеѓу 15 и 25 години, зедоа учество во настанот во соработка со Амбасадата на Франција, а поддржан од Секретаријатот за култура и образование на Херцег Нови. Целта беше доближување на младите од Црна Гора до основачките идеи и вредности на ЕУ.
 
На настанот присуствуваше амбасадорот на Франција во Црна Гора, Кристијан Тимонје; заменик-шефот на мисијата на амбасадата на Чешка, Петра Али Долакова; ополномоштениот министер на амбасадата на Словенија, Горанка Крошељ; заменик-шефот на мисијата на амбасадата на Унгарија, Мира Вуити; и Изабел Тома Делиќ од Европското биро за интеграција. Младите кои присуствуваа добија можност директно да им се обратат на дипломатите и да дознаат повеќе за вредностите на ЕУ, како и за можностите кои ЕУ им ги нуди на младите.
 
Во насока на приоритетите на француското претседавање со Советот на ЕУ, амбасадата на Франција во Црна Гора и Регионалното биро за младинска соработка во Црна Гора планираат да организираат серија настани „Младите земаат збор“ (Youth Talks) во различни делови во Црна Гора. Следните настани ќе се организираат во Беране, Пљевља и Улцињ.

Cедум дена, 45 млади, 1540 километри, седум градови

После цела недела патување низ Западен Балкан, спроведувајќи волонтерски иницијативи и состаноци со локалните претставништва на „RYCO“, млади активисти и локални волонтерски организации, караванот „ROUTE WB6“ го заврши своето патување во Тирана. Во текот на овие седум дена, 45 млади од регионот имаа можност да ги посетат Битола, Мостар, Копаоник, Подгорица, Приштина и Сараево, поминувајќи пат од цели 1540 километри.

 

Алумни волонтерите „ROUTE WB6“, младите новинари „HAJDE“ и Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEA)) ги здружија своите сили во заедничка акција за регионалните проблеми поврзани со социјализирање, поддршка на локалните заедници и борба против предрасудите и стереотипите кои сè уште постојат во регионот. Беа креирани и алумни клубови „ROUTE WB6“ ширум регионот.

 

Младата европска амбасадорка од Бања Лука, Анастасија Ѓорѓа Босанчиќ, го опиша караванот како искуство кое ѝ го променило животот. „Одредени нешта не можеме да ги разбереме сè додека не ги посетиме општествата во Западен Балкан и поминеме време со нашите врсници од различни перспективи и средини и, се разбира, сè додека не сме доволно храбри да го отвориме срцето и да кажеме „да“ за една ваква необична, но волшебна авантура. Моја најискрена желба е, во иднина, да можеме да ги споделиме вибрациите кои ги почувствувавме за време на овој караван,“ вели Анастасија.

„YEA“ и „US Youth Council Albania“ подготвуваат иницијатива која забранува пластични кеси

На 16. март, во Тирана, зазеде место втората отворена дискусија помеѓу амбасадорите на ЕУ и САД во Албанија, Младите европски амбасадори и „US Youth Council“. Сите страни дискутираа за нивната соработка; со почеток од првиот состанок во јуни 2021, како и за можната идна соработка меѓу двете младински мрежи.

 

Севкупно, двата амбасадори ги охрабрија да се ангажираат, да разменуваат идеи и да учествуваат во градењето подобра и побезбедна иднина за нивната држава; потсетувајќи ги, истовремено, за нивното место во светот и разликата која можат да ја направат.

 

Се согласија дека „YEA“ и „US Youth Council“ ќе изготват нацрт верзија за заедничка иницијатива за забрана на пластичните кеси во Албанија. Следниот состанок помеѓу мрежите ќе биде во насока на споделување на резултатите.

Промена на насоката за традиционалните занаети

Црногорското дрвено бродоградежништво станува светски бренд

Одредено време, Петар Боковац беше единствениот ширум црногорското крајбрежје кој применува стара техника за градење дрвени бродови. Немал формална обука за бродоградежништво; но, уште од 1960-те, нуди услуги за поправка, користејќи традиционални техники за градење бродови во својата работилница „Bokovac Calafat“ во Бар.

Поправањето бродови не носело значаен профит, но, пред дваесет години, Петар и неговиот син, Ненад, го изградиле нивниот прв рибарски брод кој тежел 30 тона. Тогаш, сопругата на Ненад, Мирославка, одлучила да ѝ се приклучи на компанијата и да го издигне бизнисот; претворајќи ја работилницата „Bokovac Calafat“ во светски познат бренд. Мирославка понудила маркетинг за дрвените бродови изработени од нејзиниот сопруг и свекорот; промовирајќи го занаетот, како значаен елемент на културното наследство и туристички потенцијал, пред локалната заедница, властите и меѓународниот пазар.

„Тоа што можеме да го споделиме е нашиот уникатен пристап.“

Локална уметност претставена пред светот

Мирославка објаснува дека кога за првпат ја претставила идејата за промоција на изработка на дрвени бродови на традиционален начин, локалната заедница имала сериозни сомнежи. „Прашаа кој би бил заинтересиран за нашите дрвени бродови во време на модерни јахти и напредна технологија,“ вели таа.

Но, таа била упорна. „Мислев дека тоа што можеме да го споделиме е нашиот уникатен пристап.“

За да ја задржи марката на ексклузивен бренд, семејството Боковац морало да го исполни условот 80 % од употребениот материјал при изградбата на бродовите да биде од црногорско потекло. Дрвото кое главно го употребуваат за изградба е црница, добро познато ширум црногорското крајбрежје, а кое семејството Боковац го нарекува „црногорска тиковина“. Се одликува со особена леснотија, но и со цврстина; клучни за квалитетот на завршниот производ, бидејќи дрвото мора да помине важни етапи на трансформација пред да биде употребено во бродот. Мирославка вели: „Не е лесно да се набави црница, но, со оглед на тоа што сè повеќе луѓе во областа знаат дека овие материјали се потребни, добиваме сè почести повици од сопствениците кои на своите поседи имаат црница и ја нудат за продажба.“

Настанот за бродоградежништво кој го привлече интересот на медиумите во Црна Гора и регионот во текот на последните неколку години е дека работилницата „Bokovac Calafat“ е признаена од кралското семејство во Абу Даби; и тоа преку порачка на три брода: еден мал брод со мотор, еден брод за метар поголем од првиот, и трет кој е десет метри подолг. Ненад и Петар напорно работеле со својот тим за да ги исполнат барањата и на време да ги завршат бродовите. Со пристигнувањето на бродовите во Емиратите, семејството Боковац станало светски признаен бренд.

„Проектот „ReLOaD“ ни помогна за понатамошна промоција на нашите вештини во заедницата и ширум светот. Што е уште поважно, ни помогна овие вештини да ги пренесеме на младите генерации.“

За програмата

 Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (Regional Programme for Local Democracy in the Western Balkans (ReLOaD)) е финансирана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за обединет национален развој. Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан е, моментално, во својата втора фаза; со траење до 2024 година.

Неодамна, работилницата „Calafat“ ги здружи силите со проектот „ReLOaD“, финансиран од ЕУ; започнувајќи мисија за промоција на нивната традиција ширум целото црногорско крајбрежје. Проектот „Cattaro Sail“ понудил обука за бродоградежништво за млади луѓе; како и промоција за едрење преку објави на социјалните мрежи. Големото финале беше настанот „Денови на едрење“ и регатата Котор. Модели на едрилици од овој проект беа донирани во Поморскиот музеј; а беше направен и значаен чекор за заштита на оваа историска вештина и нејзината важност за туризмот. Мирославка вели дека за работилницата „Calafat“, „Проектот „ReLOaD“ ни помогна за понатамошна промоција на нашите вештини во заедницата и ширум светот. Што е уште поважно, ни помогна овие вештини да ги пренесеме на младите генерации.“

Зборот „calafat може да се најде во грчкиот и арапскиот јазик, а уште од дамнешни времиња се однесува на занаетчиството за бродови со посебна експертиза за одржување дрвена рамка. Подоцна, овој термин почнал да се употребува за најискусните и најпочитувани бродоградители. Работилницата Боковац е единствената во светот која има право да го користи името „Calafat“. За нив, како и за Црна Гора, чест е што ја одржуваат оваа традиција во живот.