Skip to main content

ЕУ донира специјализирана опрема за Директоратот за координација на полициски тела во БиХ

Како дел од континуираната поддршка за капацитетите за управување со миграциски текови во БиХ, денес, во Сараево, ЕУ донираше опрема, вредна 170900 конвертибилни марки, за Директоратот за координација на полициски тела на БиХ.

 

Карел Лизерот, раководител на Секторот за правда и внатрешни работи, миграција и реформи на јавна администрација, при Делегацијата на ЕУ во БиХ, му ја предаде опремата на Енес Кариќ, директор на Директоратот за координација на полициски тела на БиХ. „ЕУ инвестира во градење капацитети на агенциите инволвирани во одговарање на миграциските текови во БиХ, вклучително и Директоратот за координација на полициски тела на БиХ. Нашата поддршка ќе продолжи во периодот што следува,“ изјави Лизерот.

 

Оваа опрема вклучува специјализирана заштитна облека и обувки и е дел од севкупната поддршка за работата на Директоратот за координација на полициски тела на БиХ која значително ќе ја олесни работата на полициските службеници на терен. Имено, во март, годинава, ЕУ донираше десет специјализирани теренски возила, вредни 725000 конвертибилни марки, за Директоратот кои ќе им помогнат на полициските службеници, зголемувајќи ја нивната мобилност и ефикасност.

 

ЕУ останува посветена на поддршката за БиХ за управување со миграциските текови во државата. Преку заедничките напори и континуирана поддршка, ЕУ има за цел да овозможи добросостојба и заштита на мигрантите; поддржувајќи ја, истовремено, водечката улога на државата во одговарањето на миграциските текови и одржливи решенија. Проектот е имплементиран од Меѓународната организација за миграција во партнерство со Високиот комесаријат на ООН за бегалци, УНИЦЕФ и Фондот за население на Обединетите нации.

Повикот за наградата за истражувачко новинарство на ЕУ за 2023 г. е затворен

Новинарите од Западен Балкан и Турција испратија преку 260 апликации на повикот за наградата за истражувачко новинарство на ЕУ за 2023 година. Вкупно беа примени 267 апликации во двете категории – национална и регионална. Апликациите потекнуваат од седум различни држави. Престижната награда оддава признание на истражувачките стории објавени во текот на изминатата календарска година.

 

Од добиените апликации, жирито за евалуација ќе избере три најдобри стории од секоја од седумте држави, со што ќе се добијат 21 избрана сторија. Ваквиот процес на селекција овозможува признание за исклучителните стории од секоја држава. Годинава, наградата воведе и дополнување во вид на регионална награда. Оваа категорија има за цел да оддаде признание на најдобрите стории кои ги надминуваат националните граници и третираат проблеми важни за целиот регион. Преку оваа категорија, наградата има за цел да ги инспирира новинарите да ги прошират своите перспективи и да адресираат прашања кои имаат пошироко влијание.

 

Ќе биде формирано посебно жири за евалуација на сториите во трка за регионалната награда. Жирито ќе ги прегледа сите стории и ќе ги избере најдобрите три кои имаат најзначајно регионално влијание. Ваквата иницијатива ќе поттикне дух за соработка меѓу новинарите и ќе ги охрабри да се интересираат за регионални прашања кои ја засегаат пошироката публика. Во текот на изминатите четири години, беа наградени 84 истражувачки стории од Западен Балкан и Турција, напишани од 124 новинари. Овие стории придонесоа за решавање случаи на злоупотреба на моќ, корупција, организиран криминал, загадување на екосистемот и други злодела.

 

Европската награда за истражувачко новинарство 2023 е дел од проектот „Зајакнување на квалитетно новинарство во Западен Балкан и Турција II“. Проектот има за цел оддавање признание и промовирање на исклучителните постигнувања во истражувачкото новинарство и подобрување на видливоста на квалитетното новинарство во Западен Балкан и Турција.

3,6 милиони евра за соработка помеѓу Србија и Северна Македонија

Поддршка за здравство, општествена и културна инклузија, како и промоција на туризам, се дел од целите на новата програма за прекугранична соработка помеѓу Србија и Северна Македонија, финансирана од ЕУ. Овој трилатерален договор беше потпишан денес, во Ниш, во склоп на Неделата за можности на ЕУ, од страна на министерката за европска интеграција Тања Мишичевиќ, заменик премиерот на Северна Македонија – Бојан Маричиќ и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија – Емануеле Џауфрет.

 

Се работи за втора прекугранична програма за соработка помеѓу овие две држави. Целосниот буџет на програмата, усвоен од Европската комисија на 3. јуни, 2022 година, изнесува 9,7 милиони евра, од кои 8,4 милиони евра се ко-финансирани од ЕУ. Ова е приближно двојно повеќе од средствата од минатогодишната седумгодишна финансиска перспектива. Трилатералниот договор соодветствува на двогодишно распределување средства во висина од 3,6 милиони евра, кои ќе бидат дополнети во подоцнежната фаза на програмата со цел да се овозможи целосно користење на вкупните средства од ЕУ наменети за целата програма.

 

Благодарение на програмата, се очекува социјалните и здравствени услуги за ранливи групи да бидат подостапни за граѓаните, како и поголема културна содржина за сите жители на територијата на која се имплементира програмата. Развојот на прекуграничен туризам и заштита на културното и природното наследство, на двете страни од границата, значително ќе го зголеми бројот на туристички посети и должината на престојот на туристите во граничниот предел.

 

Во пределот опфатен со програмата за прекугранична соработка спаѓаат Јабланица и општина Пчиња во Србија, и северниот регион и дел од скопскиот регион во Северна Македонија, со околу 850000 жители во двете држави.

Северна Македонија се приклучува кон програмата за животна средина и климатска акција „LIFE“

Вчера попладне, во Брисел, комесарот за животна средина, океани и рибарство – Виргинијус Синкевичиус заедно со министерката за животна средина и физичко планирање на Северна Македонија – Каја Сукова, потпишаа спогодба за приклучување на Северна Македонија кон програмата за животна средина и климатска акција „LIFE“. Северна Македонија е четвртата земја надвор од ЕУ која се приклучува кон програмата по Исланд, Украина и Молдавија. Преку приклучување кон програмата „LIFE“, Северна Македонија ќе добие можност да исползува поддршка за мобилизирање јавни и приватни ресурси за климатска акција, заштита на биодиверзитетот, циркуларна економија и транзиција кон чиста енергија.

 

Комесарот Синкевичиус изјави: „Здружувањето на Северна Македонија со  програмата „LIFE“ претставува можност за зајакнување на нашата заедничка акција за справување со климатските промени, загадувањето, зголемување на транзицијата кон чиста енергија, постигнување циркуларна економија и заштита и возобновување на биодиверзитетот. Блиската соработка ќе донесе придобивки за граѓаните, бизнисите и граѓанското општество во Северна Македонија и ќе придонесе за позелен и поодржлив континент во согласност со целите на Европскиот зелен договор.“

 

Државните и приватни организации од Северна Македонија ќе можат да добијат финансиска поддршка за проекти за еколошка и климатска акција, како, на пример, за зголемување на енергетската ефикасност, прочистување на загадени подрачја, подобрување на управувањето со водни ресурси, поддршка за развој, мониторинг и зајакнување на закони слични на оние во ЕУ.

 

Апликантите од Северна Македонија можат да ги испратат своите предлози во рамки на повикот за предлози за програмата „LIFE“ отворен во 2023 година.

“ИМАШ ПРАВО!” – КАМПАЊА ЗА ПРОМОВИРАЊЕ НА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

Кампањата за промовирање бесплатна правна помош во Србија, насловена „Имаш право!“, беше претставена пред локалните медиуми и јавноста во Ниш. Оваа кампања е дел од проектните активности на „Механизмот за поддршка на владеењето на правото во Србија“, кофинансирана од ЕУ и германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементирана од GIZ. Кампањата е заеднички иницирана и развиена во партнерство со Министерството за правда и Министерството за јавна администрација и локална самоуправа на Република Србија. И има за цел да ја подигне свеста за механизмот за бесплатна правна помош.

 

Законот за бесплатна правна помош беше донесен во 2019 година со цел да се обезбеди пристап до правда и правна заштита за секој поединец, особено за најранливите граѓани. И покрај воспоставувањето на системот за бесплатна правна помош на крајот на 2019 година, сè уште постои недостиг на свест кај граѓаните за нивното право на бесплатна правна помош, како и неколку недостатоци во спроведувањето на законот.

 

“Имаш право!” кампањата ќе се спроведува во фази во подолг времнски период. Првенствено ќе се фокусира на единиците на локалната самоуправа каде што правото на бесплатна правна помош може да се оствари согласно законот. Дополнително, ќе се направат напори за зајакнување на капацитетите преку теренски обуки за службениците одговорни за буџетирање и одобрување апликации.

НАПРАВЕНО ОД НАС: Извонредната авантура заврши успешно!

Кампањата „Направено од нас – патување низ ЕУ-Западен Балкан“, поддржана од ЕУ и овозможена за вас од страна наWeBalkans, заврши со голем успех. Кампањата имаше за цел да поттикне позитивна перцепција за ЕУ кај луѓето од Западен Балкан, и обратно. На патувањето учествуваа 12 млади влогери, поточно динамични поединци од ЕУ и од Западен Балкан, кои тргнаа на заедничко патување низ Западен Балкан. Секој пар влогери ги документираше своите искуства и секојдневно споделуваа интересна онлајн содржина од патувањето.

 

Минатата недела, на 12 јуни 2023 година, влогерите имаа шанса да го посетат Берлимонт, седиштето на Европската комисија и се сретнаа со членовите на кабинетот на комесарот Вархелји како дел од завршниот настан на кампањата Направено од нас. Настанот беше шанса за влогерите да ја покажат својата најдобра содржина и да зборуваат за најнезаборавните моменти од патувањето, како и за тимот на Направено од нас да ги презентира прелиминарните резултати од кампањата. По првите презентации, влогерите го посетија седиштето на DG NEAR, каде што беа топло пречекани од Сигрид Бретел, вршител на должноста раководител на Одделението за меѓуинституционални односи и комуникации во DG NEAR. За време на оваа интеракција, влогерите имаа можност дополнително да ги споделат своите лични искуства од патувањето и влогирањето, како и вредните повратни информации и научените лекции од завршените патувања. Настанот заврши со разгледување на Брисел, што беше специјално организирано за влогерите да се збогуваат еден со друг и да го прослават завршувањето на проектот.

 

Кампањата започна на 18 април и продолжи до 30 мај, при што секоја недела фокусот се ставаше на еден од WB6партнерите. Влогерите покрија вкупно 18 проекти поддржани од ЕУ, 6000 км со автомобил и се сретнаа со интересни и инспиративни локални личности на патувањето, притоа прикажувајќи ги природните пејзажи, извонредните знаменитости и уникатното културно наследство што може да го понуди Западен Балкан. Дванаесетте влогери ги снимија своите искуства користејќи сопствена опрема и канали на социјалните медиуми, преточувајќи го патувањето во висококвалитетни содржини за на социјалните медиуми и на веб, фотографии и видеа, кои беа дистрибуирани на WeBalkans каналите.

 

За повеќе информации за ова возбудливо патување, ве молиме посетете ја Made of Us campaign page

WeBalkans на Европскиот младински настан 2023 во Стразбур

Европскиот младински настан (EYE) се одржува секоја година во Европскиот парламент во Стразбур, како и онлајн и истиот собира илјадници млади поединци од цела Европска Унија и од целиот свет. Целта на настанот е размена и обликување идеи за иднината на Европа. Уште еднаш, овој возбудлив и значаен настан поттикна свежи идеи и нови врски во Стразбур, градот во кој се сместени европските институции. Ова вклучуваше учество на Млади европски амбасадори и ЕУ влогери вклучени во кампањата „ Направено од нас“ (Made of Us).

 

Исклучителното патешествие започна на 8 јуни во Советот на Европа за Младите европски амбасадори од Западен Балкан, Источното партнерство, Јужното соседство и ЕУ влогерите, вклучени во кампањата „Направено од нас“ на WeBalkans. На интерактивниот еднодневен настан се одржаа работилници посветени на борбата против дискриминацијата, на залагањето за слободата на изразување и унапредувањето на родовата еднаквост. Учесниците имаа можност да го посетат Советот и да се вклучат во панел-дискусија на високо ниво на која учествуваа и ЕУ амбасадорката во Советот на Европа, Весна Батисиќ Кос, директорот за политички прашања и надворешни односи во Советот на Европа, Мирослав Папа, како и директорите за човекови права и демократија, Кристоф Поарел и Матјаж Груден, соодветно. Оваа платформа имаше за цел да го премости јазот помеѓу работата на Советот на Европа и помладата генерација, нагласувајќи го тековниот императив за промовирање на принципите на човекови права, демократија и владеење на правото.

 

Следните два дена беа дефинирани со Европскиот младински настан, значајниот годишен собир за млади луѓе што се одржува во Европскиот парламент. Во рамките на овој настан, Млади европски амбасадори од Западен Балкан и ЕУ влогерите спроведоа серија важни панел дискусии. Имено, на еден панел беше прикажано импресивното патување ЕУ-Западен Балкан, „Направено од нас“, дел од ЕУ регионалната комуникациска програма за Западен Балкан WeBalkans.

 

Во кампањата „Направено од нас“ учествуваа дванаесет млади влогери, како од ЕУ, така и од Западен Балкан, кои тргнаа на патување низ регионот. Тие ги споделија своите искуства, промовираа ЕУ проекти и го истакнаа уникатното културно наследство присутно на Западниот Балкан. Дополнително, Младите европски амбасадори соработуваа со претставници од источното и јужното партнерство со цел да организираат интересен Тинкатон за млади. Овој Тинкатон се осврна на теми релевантни за младите ширум светот, како што се социјалните прашања, дигиталната област, заштитата на животната средина и климатските промени. Тие дизајнираа различни квизови за да ги запознаат учесниците со трите региони и одржаа панел-дискусија насловена „Улогата и влијанието на младинскиот активизам – Перспективи од Источен, Јужен и Западен Балкан“, која привлече голема публика. Европратеникот Томас Вејц учествуваше на еден од најпосетените панели, на кој се дискутираше за пристапувањето на Западен Балкан и Истокот во ЕУ. Конечно, Младите европски амбасадори и влогери имаа можност лично да се сретнат со европратеничката Рукмејкер за да разговараат за реалниот активизам и важноста на активното граѓанство меѓу младите.

 

Сите активности и најважните моменти од младинската авантура во Стразбур беа прикажани на каналите webalkans.eu. Ова им овозможи на младите поединци од целиот Западен Балкан и Европа можност виртуелно да учествуваат на овој исклучителен настан.

Млади европски амбасадори учествуваат во Младинското собрание на ОН во Косово

Петтото Младинско собрание на Обединетите нации се одржа на 7-ми и 8-ми јуни во Призрен, Косово, натема „Активирање на моќта на младите: перспективи на учеството на младите од Косово и Западен Балкан“. Младинското собрание на Обединетите нации во Косово служи како најголема годишна мултиетничка платформа, која обединува млади лидери од различни заедници, претставници на ОН и носители на одлуки на сите нивоа. Неговата цел е да одговори на прашањата што ги засегаат младите, да поттикне меѓуетничка и меѓукултурна соработка меѓу младите, да ги олесни синергиите и да го оцени напредокот постигнат во спроведувањето на Агендата за млади, мир и безбедност. На овогодинешниот настан присуствуваа 150 млади лидери и носители на одлуки од Западен Балкан, вклучително и учество на Млади европски амбасадори (YEAs).

 

Амина Каја ја имаше привилегијата да биде говорник на работилницата насловена „Младите во меѓународните организации“, каде што дискутираше за YEA мрежата. На собранието таа присуствуваше и како делегат. Дополнително, делегатите Александра Грбовиќ Битиќ, Арјана Рудари, Олта Шеху, Ардит Гервала, Клеиди Мемо, Бесфорт Спахијај, Филип Миленкоски и Аријел Куртагиќ ги претставија Младите европски амбасадори. Дел од организациониот тим беа Виола Максути и Сухел Ахмети.

 

Низ многубројните работилници, Младите европски амбасадори имаа можност да ги споделат своите искуства и да се вклучат во дискусии со претставници од различни организации. До крајот на настанот, тие изработија сопствен предлог-проект, подготвен да се разгледа за финансирање.

ЕУ исплати 450 милиони евра на партнерите од Западен Балкан кои го испорачуваат Пакетот за енергетска поддршка за регионот

Во декември 2022 година, за време на ЕУ Самитот – Западен Балкан, кога ЕУ уште еднаш ја потврди својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во Европската унија на Западен Балкан, Европската комисија најави невиден пакет од 1 милијарда евра за енергетска поддршка за ублажување на непосредните ефекти од енергетската криза и забрзување на енергетската транзиција во регионот на краток и среден рок.

 

Како дел од овој Пакет за енергетска поддршка, во периодот од февруари до мај 2023 година, Европската комисија исплати 450 милиони евра, покривајќи 90% од вкупната буџетска поддршка од 500 милиони евра, предвидена за ублажување на брзото зголемување на трошоците за енергија за ранливите семејства и малите и средните претпријатија, со што ги исполни своите обврски. Оваа компонента, како прв дел од Пакетот за енергетска поддршка, беше дизајнирана врз основа на специфичните акциски планови на партнерите од Западен Балкан, во кои е наведено како владите имаа намера да се справат со енергетската криза преку комбинација од реформи и политички мерки, како и директни мерки за помош за ранливите семејства и малите и средни претпријатија.

 

Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, изјави: „Енергетската криза е заеднички предизвик за ЕУ и Западен Балкан. Европската унија е првиот и најсигурен партнер на регионот. Среќен сум што можам да известам дека го исполнивме нашето ветување и дека нашата поддршка прави вистинска разлика за нашите партнери, особено за ранливите луѓе, семејствата и малите и средни претпријатија кои имаат тешкотии да ги платат сметките за енергија. Со нетрпение очекуваме имплементација на националните енергетски акциони планови на Западен Балкан со цел да се исплати остатокот од доделените средства“.

 

Мерките, согладно наведеното во националните акциони планови на владите на Западен Балкан, вклучуваат, заедно со другите области:

 

Албанија ги субвенционира цените на енергијата за домаќинствата и малите и средните претпријатија, финансиската помош за ранливите лица и ги диверзифицира енергетските извори преку нови инвестиции во ветерници и соларна енергија.

Босна и Херцеговина ги поддржува ранливите семејства за да го ублажи влијанието на високите цени на енергијата, како и домаќинствата и малите и средните претпријатија за подобрување на енергетската ефикасност.

Косово обезбедува финансиска поддршка за ранливите домаќинства, стимулирајќи енергетска заштеда и зголемувајќи ја енергетската ефикасност на зградите.

Црна Гора ги поддржува пензионерите и најранливите семејства погодени од зголемените цени на енергијата и подобрувањето на ефикасноста во домаќинствата, компаниите, туризмот и индустријата.

Северна Македонија, исто така, ги субвенционира сметките за електрична енергија на домаќинствата, ги поддржува малите и средните претпријатија да го одржат континуитетот на бизнисот и промовира државни инвестиции за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Србија предвидува постепено зголемување на бројот на заштитени ранливи домаќинства.

 

Вториот дел од пакетот, кој се состои од преостанатите 500 милиони евра во грантови, е обезбеден за унапредување на енергетската транзиција, ефикасност и независност на Западен Балкан, на краток и среден рок. Затоа, обезбедуваме финансиска поддршка за проекти за обновливи извори на енергија, гас и електрична инфраструктура, интерконектори, надградба на парно греење и реновирање на стара инфраструктура (на пример, стари блокови на станови, болници и јавни згради).

 

Адресирајќи ги непосредните, краткорочните и среднорочните потреби на Западен Балкан во контекст на тековната енергетска криза, значителниот пакет енергетска поддршка од 1 милијарда евра ќе им помогне на партнерите од Западен Балкан во регионот да почнат да ја намалуваат својата зависност од руските фосилните горива, да ја забрзаат декарбонизацијата и да ја подобрат енергетската безбедност на регионот. 

Завршна конференција на проектот „ ЕУ поддршка за WB6 CIF“.

На завршната конференција на проектот „ ЕУ поддршка за WB6 CIF“ во Приштина, организирана од страна на 6-Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6 CIF), членовите на Управниот одбор на CIF ја повикаа Европската Унија да обезбеди граѓаните и економиите на регионот да ги уживаат четирите основни слободи кои ја поткрепуваат ЕУ – слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Тие оценија дека овој процес може да се заврши за помалку од две години.

 

Европската комисија – претставена од г-дин Томас Хаглајтнер, му се заблагодари на проектниот тим за нивната одлична соработка и ја поздрави работата што ја постигна WB6 CIF за промовирање на придобивките и можностите од регионалната економска интеграција. Како глас на бизнисот во Западен Балкан, улогата на WB6 CIF сега е поважна од кога било. Со единствена перспектива кон вклученитепредизвици и можности, WB6 CIF може да помогне во продлабочувањето на економската интеграција на регионот – преку Заедничкиот регионален пазар и да ги идентификува областите за приближување на регионот поблиску до Единствениот пазар на ЕУ.

 

Во текот на изминатите три години, беа развиени голем број бесплатни услуги или активности во проектот во кој беа вклучени повеќе од 6.500 компании од сите шест економии на Западен Балкан. Главните цели на проектот беа зголемување на прекуграничната деловна соработка во Западен Балкан преку подобрување на регионалната правна и политичка рамка и олеснување на директната соработка преку услуги за поддршка што ги обезбедуваат стопанските комори. Исто така, проектот имаше за цел да го поддржи развојот на приватниот сектор преку промовирање на пристап до финансии за различни видови бизниси и пазарни таргети. Дополнително, беа обезбедени услуги за поддршка за подобрување на конкурентноста, особено за малите и средни претпријатија, истакнаа учесниците на конференцијата.