Skip to main content

Младински форум Западен Балкан 2023 во Тирана: омоќување на младите за дејствување според Берлинската декларација

Под темата „Балкански младински експрес“ (“Balkan Youth Express”), овој форум обедини над 90 учесници, вклучително 36 млади претставници од регионот, министри, различни локални и регионални чинители, институционални претставници, итн. Најпосле, место и платформа за младите да можат да го следат развојот кој потекнува од Берлинската декларација од 2022 г. и кое ги поставува темелите за Декларацијата од 2023 г., воспоставувајќи конкретни акции и активности за трансформирање на овие аспирации во реалност. Дополнително, форумот беше прилика за добивање можност за справување со сево ова на масата за носење високи одлуки на чинителите од Западен Балкан и ЕУ.

 

Исто така, младите европски амбасадори учествуваа на форумот. Дел како учесници, а дел како фацилитатори.

 

Настанот започна во Центарот за отвореност и дијалог во Тирана, а оттаму, сите учесници се упатија на патување со воз од Елбасан до Драч. За време на патувањето, младите се вклучија во продуктивни дискусии фокусирани на трите главни столба на Берлинската декларација со цел да ги обликуваат плановите за акција. Ден подоцна, младите формално ги презентираа точките за акција пред локалните чинители на завршен настан во Центарот Пирамида.

 

Форумот одигра клучна улога во пошироката рамка на Берлинскиот процес, отпочнат во 2014 г., насочен кон поттикнување регионална интеракција и зајакнување на врските со ЕУ. Во рамките на оваа иницијатива, Регионалното биро за младинска соработка (Regional Youth Cooperation Office (RYCO)) се истакна како неопходен институционален механизам, поврзувајќи ја и зајакнувајќи ја младината во Западен Балкан. Скорешниот Самит на берлинскиот процес 2023, кој ќе се одржи во Тирана, на 16. октомври, се залага да го прикаже не само посветувањето на регионот за интеграција, но и да ја омоќи младината и да ја консолидира соработката помеѓу носителите на одлуки.

 

36 млади претставници од регионот кои учествуваа на Младинскиот форум Западен Балкан 2023, ги повикаа различните чинители и носители на одлуки да размислат за формулираните точки за акција и да соработуваат на различен начин.

Европската извонредност доаѓа во Тирана: потпишан меморандум за разбирање со Колеџот на Европа

На посветен настан кој се одржа во „Europe House“ Тирана, во петокот, 6. октомври, ЕУ презеде значаен чекор за зголемување на образовните можности за студентите во Албанија. Беше потпишан Меморандум за разбирање со реномираниот Колеџ на Европа, отворајќи ги вратите кон образование од светско реноме за албанските студенти. Спогодбата го формализира и поплочува патот кон отворање на дисперзирана гранка на Колеџот на Европа во албанската престолнина.

 

На настанот присуствуваа високи претставници, како од ЕУ, така и од Албанија, вклучително и ректорот на Колеџот на Европа – Федерика Могерини, европскиот комесар за соседство и проширување – Оливер Вархелеј, амбасадорот Луиџи Сорека, управниот директор на ЕУ – Анџелина Еикорст, министерката за образование и спорт – Огерта Манастирлиу, како и градоначалникот на Тирана – Ерион Велиај. Ова заедничко присуство ја потенцираше важноста од соработка за поттикнувањето поцврсти врски помеѓу Албанија и ЕУ. Меморандумот, кој за првпат ќе ја донесе оваа престижна институција надвор од ЕУ, беше потпишан од претставници на Министерството за образование, општината Тирана и Колеџот на Европа, во присуство на комесарот Вархелеј и амбасадорот Сорека.

 

На церемонијата присуствуваа и младите европски амбасадори од Албанија. За време на настанот, младите европски амбасадори имаа привилегија да се запознаат со значајни фигури, како Оливер Вархелеј – комесар за соседство и проширување, Луиџи Сорека – амбасадор на ЕУ во Албанија и Федерика Могерини – ректор на Колеџот на Европа. Младите европски амбасадори ја споделија нивната возбуда за новиот кампус.

 

Колеџот на Европа е реномиран по својата извонредност во образувањето европски лидери и дипломати. Преку остварувањето присуство во Тирана, ќе овозможи прилика за локалните студенти, како и за студентите од ширум светот, за врвно образование во нов кампус. Овој развој совршено се вклопува со напорот на ЕУ за поддршка на образование и развој на вештини во соседните региони.

Младите европски амбасадори од Албанија посетуваат проект финансиран од „ЕУзаУчилишта“ (EU4Schools)

На 2. октомври, младите европски амбасадори Едона Хаклај и Стујарт Исламај, од Албанија, го посетија средното училиште „Олси Ласко“, кое беше детално реконструирано благодарение на програмата #ЕУзаУчилишта (#EU4Schools). За време на посетата, Едона и Стујарт имаа можност да ги истражат реновираните простории во училиштето и да разговараат со учениците. Дополнително, ја искористија приликата за да им ја претстават Мрежата млади европски амбасадори, како и палета можности кои ЕУ ги нуди за младината во регионот. Младите европски амбасадори имаа плодна размена со учениците и наставниците, добивајќи увид во трансформативното влијание кое проектот го има врз нивното учење. Овие согледувања беа споделени преку каналите на социјалните медиуми на „Webalkans“.

 

Иницијативата „ЕУзаУчилишта“ е програма за пофалба, финансирана од ЕУ, а започната како одговор на разорниот земјотрес кој ја погоди Албанија на 26. ноември 2019 година. Моментално, програмата е во изведба преку здружени сили на Програмата за развој на ОН и Владата на Албанија, обезбедувајќи неопходна поддршка за граѓаните во единаесет општини: Драч, Камза, Каваја, Круја, Курбин, Лежа, Мирдита, Рогожина, Шијак, Тирана и Вора. Важно е да се потенцира дека оваа програма е витална компонента на финансиската посветеност на ЕУ, објавена за време на Конференцијата на меѓународни донатори која се одржа во Брисел, на 17. февруари 2020 година. Главната цел на оваа иницијатива е дополнително зајакнување на локалните и национални управи во нивниот напор за ублажување на општествените и економски загуби, забрзувајќи го, притоа, процесот на закрепнување преку реновирање и реконструкција на образовните установи.

Отворени апликациите за 36000 млади родени во 2005 година за добивање бесплатни билети за патување благодарение на „DiscoverEU“

Европската комисија го отвори есенскиот повик за „DiscoverEU“, благодарение на којшто 36000 млади ќе добијат бесплатен билет за патување и истражување на Европа.

 

Аплицирањето започнува денес, во 12.00 часот (Средноевропско летно време), а ќе заврши во среда, 18. октомври, во 12.00 часот (Средноевропско летно време). За да добијат билет за патување, младите треба да аплицираат на Европскиот младински портал (European Youth Portal), да одговорат на 5 квиз прашања и едно екстра прашање. Успешните апликанти, родени помеѓу 1. јануари 2005 и 31. декември 2005 година, ќе можат да патуваат во Европа до 30 дена помеѓу 1. март 2024 година и 31. мај 2025 година. Повикот е отворен за апликанти од ЕУ и земјите учеснички во ЕРАЗМУС+ програмата, т.е. Исланд, Лихтенштајн, Северна Македонија, Норвешка, Србија и Турција.

 

Учесниците ќе добијат шанса да ја истражат рутата на Новиот европски Баухаус, отворена во јануари 2023 година, која има за цел да ги инспирира младите при избирањето на нивните дестинации и да ја подигне нивната свест за важноста ЕУ да биде „убава, одржлива и сплотена“. Учесниците ќе можат да ги искористат иницијативите отпочнати во 2022 година, за време на Европската година на младите, како што е рутата „Откриј ја културата во ЕУ“ која комбинира различни дестинации и културни гранки, вклучително и архитектура, музика, уметност, театар, мода, дизајн и други. Патниците во рамки на иницијативата „Откриј ја ЕУ“ (DiscoverEU) ќе можат да ги посетат Европските престолнини на културата, дестинациите на престижната листа на Светско наследство на УНЕСКО, или дестинации носители на одликата „Европско наследство“. Од 2018 година, доделени се 248000 билети за патување за млади.

Нов европски Баухаус: отворени апликациите за изданието 2024 на наградата Нов европски Баухаус

Европската комисија ги отвори апликациите за изданието 2024 на наградата Нов европски Баухаус, која вклучува и апликации од Западен Балкан. Откако беа примени над 4500 апликации за минатите изданија, годинешната награда Нов европски Баухаус 2024 ќе награди 20 иновативни проекти и концепти кои претставуваат одржливост, естетика и инклузивност. За првпат годинава, ќе добиеме апликации за проекти и концепти во Украина, покрај државите во ЕУ и Западен Балкан. Наградите „Посебно признание за напори за реконструкција и закрепнување на Украина“ ќе оддадат признание на проекти и концепти кои придонесуваат за закрепнување и реконструкција на Украина во согласност со вредностите на Новиот европски Баухаус. Дополнителна одлика на годинешното издание е фокусот на проекти и концепти од регионите на ЕУ кои се соочуваат со општествено-економски проблеми или предизвици во двојната дигитална и зелена транзиција.

 

Наградите за 2024 година ќе оддадат признание на проекти и концепти развиени од млади таленти во рамки на четири категории: повторно поврзување со природата, повторно стекнување чувство за припадност, давање предност на луѓе и места кои најмногу имаат потреба, како и обликување на циркуларен индустриски екосистем и поддршка за размислување за животниот циклус.

 

Наградите за 2024 година ќе им бидат доделени на 20 победници кои ќе добијат награди во висина до 30000 евра, како и комуникациски пакети со помош за понатамошно развивање и промовирање на нивните проекти и концепти. Победниците ќе бидат објавени за време на Новиот европски Баухаус фестивал, кој ќе се одржи во Брисел, од 17. до 21. април, на церемонија чиј домаќин ќе биде Европската комисија. Фестивалот ќе обедини поединци од најразлични средини во различни работилници, активности и настани-сателити за дискусија и обликување на нашата иднина.

 

Повикот за настани-сателити е отворен до 31. декември 2023 година.

Намалување на цените за роаминг помеѓу Западен Балкан и ЕУ

Во декември 2022 г., 38 телекомуникациски оператори од ЕУ и Западен Балкан се согласија да ги намалат цените за роаминг. Оваа спогодба почна да се применува на 1. октомври 2023 г., што значи дека роамингот на податоци помеѓу Западен Балкан и ЕУ стана подостапен за граѓаните и бизнисите во двата региона. Регионалниот совет за соработка и Европската комисија го поддржаа процесот.  
Операторите доброволно се посветија на намалување на јазот помеѓу роамингот на податоци и домашните цени при патувањето во ЕУ и Западен Балкан во двата правци. Иницијалните намалувања на цените моментално се имплементираат од страна на телекомуникациските оператори – учесници. Голем број од нив нудат пакети со цени под договорените максимални граници, правејќи ги достапни за поширокиот дел корисници. Планирани се дополнителни намалувања до 2026 г., следејќи го договорениот пат за намалување на цените, со крајна цел за израмнување на цените за роаминг со домашните цени до 2028 година.  
Телекомуникациските оператори, како од ЕУ, така и од Западен Балкан, се охрабруваат да се приклучат кон оваа иницијатива.

Настанот „Отворени за бизнис“ („Open4Business“) е отворен за пријавување

Дали си сопственик на мал бизнис во Западен Балкан? Сакаш ли да ги прошириш своите хоризонти и да имаш поголемо влијание? Придружи се на информативниот настан кој ќе одговори на твоите прашања за финансиски можности за микро, мали и средни претпријатија.

 

„Отворени за бизнис – Направено во Западен Балкан – Поддржано до ЕУ“ е настан посветен на микро, мали и средни претпријатија во Западен Балкан со цел истите да дознаат за финансиски можности, вклучително од ЕУ, обезбедени преку Инвестициската рамка Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework (WBIF)).

 

Поддржувањето развој на робустен приватен сектор, зголемувајќи ја конкурентноста и создавајќи работни места во регионот се клучни цели на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан; план за закрепнување на регионот имплементиран во 2020 година од ЕУ, а поддржан од партнерите во Западен Балкан.

 

Значајни инвестиции поддржуваат мали бизниси, особено во области како еколошки инвестиции и технологии, микрофинансирање, енергетска ефикасност, проекти за обновлива енергија, одржливо земјоделство, циркуларна економија, еколошки туризам и претпријатија управувани од жени и млади.

 

Учествувај со присуство, далечински или онлајн

 

Организирана од Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување („DG NEAR“), во соработка со Економската комора на Северна Македонија и Комората на инвестицискиот форум Западен Балкан 6 („WB6CIF“), утринската сесија на настанот ќе се одржи во живо во Скопје, односно далечински во останатите пет престолнини во Западен Балкан, а ќе биде пристапна и онлајн. Постојат различни начини за учество и максимизирање на можностите за вмрежување.

 

Доколку не можеш да бидеш присутен во Скопје, заедно со твоите колеги, можеш далечински да ја следиш утринската сесија со трговските комори во останатите главни градови во регионот.

 

Попладневната сесија ќе се одржи истовремено, во сите шест престолнини, така што можеш да закажеш термин за дискусија со твоите локални институции во една од шесте регионални престолнини.

 

Доколку, пак, не си во можност да присуствуваш на некоја од шесте локации, имаш можност да го следиш настанот и да закажеш консултација со избраната финансиска институција, користејќи ја нашата онлајн платформа за настани.

Нова ера на субвенции за енергетска ефикасност во Косово

Во значаен потег дизајниран за промовирање на енергетска ефикасност и зајакнување на употребата не обновлива енергија во Косово, подобрувајќи ја, истовремено, добросостојбата на своите граѓани – иницијатива поддржана од ЕУ, на 18. август, 2023 година, беше официјално отворено аплицирањето за пакет субвенции. Косовското министерство за економија објави дека овој пакет субвенции е наменет за семејствата кои сакаат да инвестираат во енергетско-ефикасни домашни уреди и соларни системи за греење на вода. „Поддршката на ЕУ во оваа иницијатива го потенцира нашето заедничко посветување за одржлив развој и социјална инклузија,“ изјави Алесандро Бјанкарди на денот на објавувањето, илустрирајќи ја интегралната улога на ЕУ во овој прогресивен потег.

 

Како дел од поголемиот Пакет за енергетска поддршка, поддржан од ЕУ, новиот пакет субвенции е создаден со цел олеснување на финансискиот товар на домаќинствата, правејќи ги неопходните домашни уреди подостапни и помагајќи го Косово на патот кон одржлива и еколошка транзиција. Субвенционираните уреди вклучуваат машини за перење, машини за миење чинии, фрижидери, па дури и соларни системи дизајнирани за греење на санитарна вода. Иако пакетот е отворен за општата јавност, посебен акцент е ставен на обезбедување финансиска помош за ранливите групи. Тука, особено се вбројуваат самохраните родители и граѓани корисници на социјална помош од шемите I и II. Што се однесува на машините за перење, стандардната субвенција изнесува 200 евра, додека, пак, за самохраните мајки и корисниците на социјална помош истата изнесува 300 и 400 евра. Машините за миење садови се субвенционирани со 150 евра, односно 250 и 300 евра за самохраните родители и корисници на социјална помош. Фрижидерите и замрзнувачите се субвенционирани со 100 евра за општата јавност; односно 150 и 200 евра за целните ранливи групи.

 

Оваа иницијатива ја претставува првата шема за енергетска ефикасност специјално дизајнирана за резиденцијалниот сектор од страна на институциите во Република Косово. Со програмата управува Фондот за енергетска ефикасност на Косово. Како што наближува зимата, се зголемува и потребата за овие енергетско-ефикасни надоградувања кои ќе им овозможат на граѓаните на Косово да имаат поудобни домови со помал јаглероден отпечаток. Овие иницијативи се дел од одлуката на ЕУ за одговор за итни потреби, со итно распределување на значајни 75 милиони евра од издвоените 1 милијарда евра во рамки на Пакетот за енергетска поддршка за Западен Балкан. Овој пакет претставува значителна контрареакција на вртоглавото зголемување на цените на енергенсите по неочекуваната агресија на Русија кон Украина, издвојувајќи значителни средства за борба против преовладувачката енергетска криза во Косово и околните нации.

Штедење енергија за одржлива урбана мобилност: Европска недела на мобилноста во БиХ

Заедно со бројни локални партнери и организации, како и локални администрации, во Бања Лука, Мостар и Сараево, канцеларијата на ЕУ во БиХ организираше серија едукативни и рекреативни активности за сите генерации со цел потенцирање на важноста и бројните придобивки што ги нуди одржливата урбана мобилност.

 

Популарното и рекреативно возење, насловено „Доволно се две тркала“, го одбележа, годинава, на 22. септември „Денот без автомобили“ во Бања Лука. Една од целите беше градовите да се направат соодветни за велосипедизам и да се потенцира потребата за обезбедување урбани велосипедски патеки, како и еднакво и активно учество на велосипедистите во сообраќајот. На истиот ден, 22. септември, како дел од втората прослава на Европската недела на мобилноста во Мостар, голем број граѓани зедоа учество во Третото велосипедско возење во Мостар кое вклучи возење велосипед низ улиците, како и трка за најмладите.

 

Европската недела на мобилноста е водечка иницијатива на ЕУ за подигнување на свеста за одржлива урбана мобилност која се одржува секоја година од 16. до 22. септември со растечко учество на градови, организации и иницијативи ширум Европа и светот. Оваа европска иницијатива промовира промени во однесувањето во корист на активна мобилност, јавен транспорт и останати еколошки и интелигентни транспортни решенија. Годинешната тема на Европската недела на мобилноста – „Заштеди енергија“, со слоган „Мешај и движи се!“, ја отсликува поврзаноста помеѓу енергетската ефикасност и одржливата урбана мобилност. Енергијата и сиромаштијата на мобилност се во пораст поради повисоките трошоци за граѓаните и бизнисите. Операциите на јавниот транспорт продолжуваат да бидат висок трошок за градските буџети, а нивното намалување преку енергетски ефикасен транспорт поддржува пристапни и одржливи транспортни инфраструктури.

Започнува Европската недела на мобилноста

„Да се движиме подобро и да заштедиме енергија“ е слоганот на годинешната Европска недела на мобилноста која започна во неделата. Секоја година, во периодот помеѓу 16. и 22. септември, се одржува манифестација која е спонзорирана и финансирана од Европската комисија. Кампањата има за цел да фаворизира безмоторни начини на транспорт во градовите наместо употреба на автомобилски сообраќај на база на фосилни горива, имајќи за цел подобрување на квалитетот на животната средина во урбаните подрачја.

 

Кампањата е имплементирана од 2002 година, а изминатата година приближно 3000 градови од 50 држави во Европа и светот го прославија настанот. Листата со градови и општини во Србија, пријавени за активностите, можете да најдете тука.

 

За општините и градовите, Европската недела на мобилноста овозможува одлична прилика за претставување одржливи алтернативи за транспорт за нивните граѓани, како и објаснувања за еколошките предизвици со кои се соочуваат. Преку земање учество во акцијата, градовите и општините можат да им ги покажат на граѓаните предностите при изборот на почисти транспортни алтернативи со што ќе се подобри состојбата на превозот во нивната локална средина.

 

Локалните влади се охрабруваат да ја искористат оваа недела за да испробаат нови транспортни мерки и да добијат повратен одговор од јавноста. Исто така, оваа иницијатива е одлична можност за локалните чинители да се соединат и да дискутираат за различните аспекти на мобилност и квалитет на воздухот, да се потрудат да изнајдат иновативни решенија за намалување на употребата на автомобили и да испробаат нови технолошки и плански решенија. Кампањата им овозможува на граѓаните да истражат нови можности за искористување на улиците во градот и експериментирање со практични решенија кои ќе придонесат за решавање на важните проблеми во градовите; како, на пример, воздушното загадување.