Area of Cooperation: Rural development
Нов развој на полињата во Војводина
Милан Плавшиќ, 35 години, живее во Сремска Митровица, во провинцијата Војводина, во северот на Србија. Доаѓа од семејство со долга земјоделска традиција; но за разлика од својот татко и дедо, Милан имал можност да дипломира на земјоделскиот факултет во Нови Сад. Неговата цел е да го издигне семејниот бизнис. „Навикнат сум на земјоделството уште од детството. Навистина го сакам и не би сакал да работам нешто друго,“ вели Милан.
Војводина е позната по својата богата почва која со векови е совршена за одгледување земјоделски култури како пченка, пченица, соја и сончоглед. Провинцијата е најголемиот произведувач и извозник на полски култури во регионот на Западен Балкан. Како Милан, повеќето во регионот работат со земјоделство, но, и покрај предностите на плодната почва, земјоделците се соочуваат со сериозни тешкотии. „Некои од помалите земјоделски домаќинства, со два или три хектари почва, или ја продаваат земјата или ја изнајмуваат на поголемите производители затоа што не можат да инвестираат во нова технологија и да купат опрема за современо земјоделство,“ раскажува тој.
„Стариот трактор стана вистински проблем, бидејќи веќе не работи добро и не успеваме да ги запазиме роковите или да произведеме доволна количина земјоделски култури.“
Нов трактор, подобри деловни можности
Со неговите 20 хектари земја, Милан се смета за средно голем производител, но и тој се соочува со тешкотии. За неговата работа, неопходно е да се поседува трактор, а тој кој го има семејството бил купен уште во далечната 1987 година. Милан се сеќава на радоста при првото возење на тракторот кога имал 12 години. Но, со времето, машината почнала да ја намалува својата ефикасност. „Стариот трактор стана вистински проблем, бидејќи веќе не работи добро и не успеваме да ги запазиме роковите или да произведеме доволна количина земјоделски култури,“ вели Милан.
Семејството знаело дека треба да инвестира во нов трактор, но тоа чини до 70000 евра и е особено скапа опрема за бизнис од нивната големина. Немале доволно средства за да инвестираат, а барањето заем во толкава висина е особено ризично и скапо на долгорочен период. Но, без нова опрема, нивниот бизнис можел да биде под сериозна закана.
Добиле зрак надеж кога Милан дознал за ИПАРД програмата за Претпристапна помош за рурален развој, финансирана од ЕУ, која го поддржува земјоделството во Србија и регионот. Со оглед на тоа што ги исполнувал критериумите, Милан одлучил да се пријави за поддршка. Барањето било успешно, а семејството добило можност да купи нов трактор.
“Со новиот трактор, кој го добивме со поддршка од ЕУ, можам да работам побрзо, побезбедно и да имам поквалитетни земјоделски култури.“
За проектот
Инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД), дел од инструментот за претпристапна помош (ИПА), се фокусира на земјоделско-прехранбениот сектор на овие земји и рурални подрачја. Преку оваа алатка, Европската Унија обезбедува финансиска и техничка помош за корисниците со цел овозможување одржливост за земјоделскиот сектор во насока со заедничката земјоделска политика на ЕУ.
ИПАРД програмата обезбедило поддршка за семејството на Милан со преку 50 % од вредноста за купување нов трактор. Семејството го покрило остатокот од сумата со заем од банката кој лесно го добиле како резултат на поддршката од ИПАРД, а благодарение на нивната заштеда. „Со новиот трактор, кој го добивме со поддршка од ЕУ, можам да работам побрзо, побезбедно и да имам поквалитетни земјоделски култури,“ вели Милан.
Милан има визија за понатамошно проширување затоа што има квалитетна земја и пристап до пазарот. Но, уште поважно, сега го има и новиот трактор „Steyr“ за кој сонувал уште како дете. „Сонот на секое дете кое живее во земјоделско домаќинство е да купи нов трактор. Тоа беше и мој сон. Со поддршка од ЕУ, мојот сон се оствари,“ вели Милан.
Западен Балкан изобилува со можности за органско земјоделство
Општината Кавадарци се наоѓа во тиквешкиот регион во Северна Македонија. Со помалку од 40000 жители; како и повеќето рурални подрачја во Западен Балкан, општината страда поради миграциите на младите и семејствата кои се населуваат во поголемите градови во потрага по подобар живот. Ваквата миграција е главната мотивација за отпочнување на проектот Инкубатор „Vitac“, финансиран од ЕУ, кој промовира органско пчеларство, бидејќи недостатокот на економски можности е клучната причина за миграција во големите градови. Златка Милков е една од оние кои досега останале во Кавадарци. Дипломирала земјоделство, но неколку години работела како сметководителка. Во меѓувреме, сопругот на Златка, кој работи како електричар, одгледува пчели. „Никогаш не бев вистински заинтересирана за пчеларството; само му помагав на сопругот при пакувањето на медот кога производот беше целосно готов,“ вели Златка.
Меѓутоа, во 2020, нејзиниот сопруг дознал за програмата која нуди обука за производство на органски мед. Програмата ја обезбедува проектот „Vitac“, а истата е креирана и имплементирана преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од ЕУ. Златка имала повеќе слободно време затоа што во тој период не работела, па сопругот ја прашал дали би сакала да учествува во програмата. Неволно, прифатила.
„Научив многу работи, од биологија на пчели, па сè до интересни детали за производството на мед. Секој момент беше забавен и интересен.“
Органско пчеларство, идна бизнис прилика
Обуката траела девет месеци и вклучувала теориски и практични знаења за органско пчеларство. „Научив многу работи, од биологија на пчели, па сè до интересни детали за производството на мед. Секој момент беше забавен и интересен,“ вели Златка.
Во текот на една година, проектот обезбедил поддршка за 15 учесника; вклучувајќи жени и млади од регионот. За време на практичната обука, учесниците креирале 30 органски пчелни колонии кои потоа им биле дадени за да можат да започнат да ги прошируваат нивните бизниси со органски пристап. Оние кои учествувале добиле, исто така, и сертификат за органско пчеларство. Учесниците научиле дека органската храна, вклучително и органскиот мед, се одгледуваат без употреба на човечки направени пестициди и ѓубрива и не содржат генетски модифицирани организми (ГМО). Заради распространетото верување дека органската храна е побезбедна, похранлива и повкусна, им бил даден и пристап до развојниот пазар со висока вредност за органска храна ширум светот.
„Поддршката од ЕУ беше неопходна затоа што општините во регионот располагаат со средства за многу мали проекти. Со поддршката на ЕУ, бевме во можност да имплементираме далеку поголем проект и да ги исполниме потребите на локалната заедница со долготрајно влијание.“
За проектот
Главната цел на инкубаторот за органско пчеларство, „Vitac“, е да ја спречи емиграцијата и да придонесе за оживување на руралните заедници во општината Кавадарци. Проектните активности вклучуваат теоретска и практична обука, за целната група, во доменот на производство на органски пчелни производи и пчелни колонии.
Дополнително, преку основаниот информативен центар, земјоделците од општината Кавадарци добиваат бесплатни совети и насоки за претворање на нивното земјоделство во органски вид. Проектот беше имплементиран од Здружението за органски производители „Biovita“, финансирано од програмата на ЕУ „ReLOaD“, а ко-финансирано од Општината Кавадарци.
Билјана Георгиевска, менаџерка на проектот, објаснува дека проектот барал многу напор за да биде соодветно имплементиран, но, исто така, во голема мера, зависел и од посветеноста на учесниците. „Поддршката од ЕУ беше неопходна затоа што општините во регионот располагаат со средства за многу мали проекти. Со поддршката на ЕУ, бевме во можност да имплементираме далеку поголем проект и да ги исполниме потребите на локалната заедница со долготрајно влијание,“ вели таа.
Денес Златка е лидер на семејниот бизнис за пчеларство кој е скоро 100% органски. Во меѓувреме, семејството освоило прва награда за квалитетот на нивниот мед на годишниот натпревар во Тетово. „Размислувам, во блиска иднина, да отвориме продавница за органска храна. Ако успееме во замислата, тогаш, можеби, би можела, во иднина, целосно да се посветам,“ вели Златка.





