Area of Cooperation: Employment and inclusion
Споделување тајни локални прошетки со светот
„Овој проект е, несомнено, најуспешната интервенција имплементирана на овие планински венци во последните 20 години.“
Онаму каде што оделе само овчарите Локалното планинарско здружение, „Ѓеравица“, нашло партнер во прекуграничниот проект меѓу Косово и Црна Гора, финансиран од ЕУ, кој инвестира во маркирање на постоечки и нови патеки за планинарење и велосипедизам. „Овој проект е, несомнено, најуспешната интервенција имплементирана на овие планински венци во последните 20 години,“ вели Раиф Ѓиколи од „Ѓеравица“. Здружението било вклучено во сите фази на проектот; како при советувањето за предложените патеки, така и за нивното маркирање. “Со гордост ги избираме најдобрите патеки по кои оделе само локалците; една од нив е и патеката од центарот на градот, каде што надморската височина изнесува 550 метри, преку пасиштата и овчарските трла во планинските венци на надморска височина од 1800 метри,“ вели Ѓиколи, потврдувајќи дека маркирањето е во согласност со меѓународните стандарди. Патеките минуваат низ живописни делови ширум заштитени предели во Косово и Црна Гора. Љубителите на надворешни активности можат да ги поминат своите денови преминувајќи ги границите и пресекувајќи ги добро познатите регионални планински патики како што се „Балкански врвови“ или „Вија Динарица“.„Маркирањето на патеките, како и придружните активности, се во согласност со плановите и стратегиите за локален развој и развој на туризмот во регионот.“
За проектот Проектот „Проклетие – исклучителна дестинација на отворено“ беше создаден со цел зајакнување на прекуграничниот простор помеѓу Косово и Црна Гора како дестинација на отворено. Била маркирана мрежа од приближно 334 км планинарски и велосипедски патеки помеѓу Косово и Црна Гора. Целокупниот граничен простор е опремен со места за почивка, видиковци и вело-паркинг. Овој проект, финансиран од ЕУ, ќе поттикне економски развој и ќе создаде нови можности за вработување. Информации собрани на едно место Маркираните патеки се протегаат преку граници, но, истовремено, го следат и природниот тек на планинските венци; водејќи ги посетителите ширум воодушевувачките глетки на Проклетие. Организациите за имплементација добиле позитивен одговор од туристичките водичи кои работат во регионот каде што биле спроведени стотици маркирања ширум 334 км планинарски и велосипедски патеки. Сокол Лута од Агенцијата за регионален развој – „Запад“ (West), партнер за имплементација од косовската страна, објаснува дека со помош на ЕУ биле поставени 25 информациски паноа, биле идентификувани извори на вода, а сега знаци го обележуваат патот до панорамските глетки. „Маркирањето на патеките, како и придружните активности, се во согласност со плановите и стратегиите за локален развој и развој на туризмот во регионот,“ вели Лута. Додава дека имало одлична соработка меѓу чинителите од двете страни на границата со цел подобрување на квалитетот на туристичката понуда за Проклетие, зголемување на видливоста и, најнакрај, претставување на прекуграничниот простор како единствена и атрактивна надворешна дестинација. Како за пример, организациите за имплементирање ги собрале на едно место – во форма на веб-страница и телефонска апликација, сите понуди за сместување, гастрономија и останати туристички услуги. Освен дигитализираните мапи за патеките, посетителите имаат можност да изберат и организирани тури или самостојно да го истражат регионот.„Malikowsky Couture“: нов моден бренд инспириран од традиционални ромски костуми
Во семејството на Муамед Маликовски, уметниците биле предмет на стереотип и асоцирани со финансиски проблеми и недостаток на професионална иднина. Муамед има голем интерес за уметност и дизајн уште од детството; но, како што бил одличен ученик по сите предмети во училиште, кога дошло време за упис на факултет, како професија го избрал правото.
Со напорна работа, Муамед имал високи оценки на факултетот за право; но, пред самото дипломирање, нешто се случило. „Сите околу мене, вклучително и семејството, очекуваа да бидам некој што не сум јас, некој кој никогаш не сум го запознал во себеси. Знаев дека не припаѓам во тој свет и одлучив да го послушам срцето и да ги следам соништата,“ вели Муамед.
Беше предизвикувачки зашто немав поддршка од семејството или пријателите. Сето време ми велеа: „Не можеш да го направиш тоа“. „Ајде, откажи се, нема да успееш“. „Треба да бидеш адвокат“.
Живеејќи го сонот
Одлучил да се запише на факултетот за моден дизајн при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Северна Македонија. Одлуката да студира моден дизајн не била лесен избор, но, само што ги започнал студиите по мода, Муамед започнал да скицира илустрации за да ги „оживее“ своите модни идеи. Беше предизвикувачки зашто немав поддршка од семејството или пријателите. Сето време ми велеа: „Не можеш да го направиш тоа“. „Ајде, откажи се, нема да успееш“. „Треба да бидеш адвокат“, раскажува Муамед.
Да се започне нов бренд и да се зачекори на модниот пазар е голем предизвик, па, затоа, иднината изгледала тешка за Муамед. Во 2020 година, во периодот кога размислувал да се откаже, Муамед дознал за проект, ко-финансиран од Советот на Европа, а имплементиран од Европскиот институт за ромска уметност и култура (European Roma Institute for Arts and Culture (ERIAC)) кој ги поддржува младите Роми во креативните бизнис подвизи. Благодарение на Европскиот институт за ромска уметност и култура и неговото финансирање, Муамед конечно добил можност да ја претвори својата пасија во бизнис.
Но, ова било само почеток, а Муамед стремел кон многу поголем успех. Немал продавница, а нејзино отворање значело сериозна финансиска инвестиција која Муамед не можел да си ја дозволи. Потем, започнала пандемијата. Покрај страдањата и неволите кои ги предизвика, пандемијата отвори нови патишта за водење бизнис. Друг проект, финансиран од ЕУ – „Roma Digital Boost“, поддржан од Регионалниот совет за соработка, му помогнал на Мухамед да го надмине и овој предизвик.
„Проектот „Roma Digital Boost“, финансиран од ЕУ, ми помогна да го издигнам бизнисот на повисоко ниво и да го започнам патувањето до станување познат бренд.“
За проектот
Проектот за интеграција на Ромите има за цел стеснување на јазот помеѓу ромското и не-ромското население во Западен Балкан и Турција, како и зајакнување на институционалните облигации за владите да инкорпорираат и достават специфични цели за интеграција на Ромите во тековното развивање на политики. Проектот е имплементиран од Советот за регионална соработка, со помош на Европската Унија и фондациите „Отворено општество“.
Проектот „Roma Digital Boost“ му овозможил на Муамед да следи обука за онлајн продажба, креирање бренд и визуелен идентитет за компанијата, како и менаџирање и промоција преку социјалните медиуми. „Проектот „Roma Digital Boost“, финансиран од ЕУ, ми помогна да го издигнам бизнисот на повисоко ниво и да го започнам патувањето до станување познат бренд,“ вели Муамед.
Сега ја претставил својата прва важна модна колекција, инспирирана од ромските костуми. Неговиот дизајн „Аурора“ освоил второ место на натпреварот „Miss Freedom of the World“, а друг дизајн бил избран за најдобар национален костум во рамки на натпреварот „Miss Summer 2021“ во Албанија. Неговата визија за иднината е да отвори големо модно студио во Скопје, главниот град на Северна Македонија, и да се прошири на меѓународниот пазар. „Иако за другите делува невозможно,“ вели Муамед, „ајде заедно да создадеме приказни кои вредат да бидат раскажани гордо и гласно.“
Иако проектот за интеграција на Ромите, на Регионалниот совет за соработка, работи, главно, на ниво на политики; проектот продолжува да ги поддржува програмите кои работат директно со ромските заедници. Проектот „Roma Digital Boost“, поддржан, финансиски и со човечки ресурси, од Регионалниот совет за соработка, е дел од тие програми и е особено важен, бидејќи помага за забрзување на процесот на дигитализација во рамки на ромските заедници.
„Без дигитални вештини, невозможен е прогрес во интеграцискиот процес во кое било поле, вклучително и квалитетно образование, еднакво учество на пазарот на труд, пристап до јавни и здравствени услуги, како и пристап до информации. Мотивираните луѓе, како Маликовски, се најдобар пример за тоа како ромската заедница може да придонесе за тековните трансформации на нашите економии,“ вели Орхан Усеин, шеф на бирото за интеграција на Ромите при Регионалниот совет за соработка.
Во меѓувреме, Муамед вели: „Ги охрабрувам сите, особено младите Роми, да го слушаат своето срце и да ги следат соништата. Никогаш не откажувајте се од тоа што ве прави среќни во животот. И секогаш бидете свои!“
„Мојот животен квалитет видливо се подобри“
Драгана Марковиќ Матиќ живее во градот Шабац, во областа Мачван, во западна Србија. Живее со ревматоиден артритис кој, со тек на време, предизвикал намалување на нејзината подвижност и потреба од помош за извршување на секојдневните активности. „Не можам самостојно да функционирам, не можам да се движам. Моите движења се намалуваат со годините,“ вели таа. Влошувањето на нејзината болест резултирало со потреба од редовен негувател кој би ја придружувал скоро цел ден. Семејството и пријателите биле тука за поддршка, но како што вели таа „ова е постојана работа: имам потреба од некој кој ќе ги замени моите раце и нозе“.
Потребата од негувател не е случај само на Драгана; и други луѓе со инвалидитет во Шабац имаат сличен проблем. Семејствата се обидуваат да помогнат, но не можат секогаш да бидат присутни во доволна мера. Алтернативно решение е да се ангажира негувател, но тоа претставува финансиски товар кој повеќето семејства не можат да си го дозволат. Дополнително, негувателите мора да бидат професионално обучени за да можат да движат лице во инвалидска количка, да го префрлат од кревет во автомобил, како и да му помогнат при облекувањето и одржувањето лична хигиена. „Некој кој никогаш немал контакт со лице со инвалидитет мора да биде обучен за ваква нега; со цел да не дојде до ненамерно повредување на лицето за кое се грижи или на самиот себеси,“ вели Драгана.
„Најважно беше да се креира рамка за обуки и да се обучат првите кои беа заинтересирани за обезбедување услуги за нега за лица со инвалидитет.“
Десетгодишно патување
Драгана е членка на Здружението на лица со параплегија во областа Мачван кое презело иницијатива да го реши проблемот преку локалните институции пред цела деценија. Уште тогаш, здружението успеало да ја вклучи потребата за самостоен живот на лицата со инвалидитет во општествената политичка стратегија на Шабац. Признанието на креаторите на политики за потребите на лицата со инвалидитет беше значајно достигнување, но, како што немаше финансиска или друг вид помош, беа потребни околу десет години борба за да се забележи видлив резултат од политиката.
Светлото на крајот од тунелот стана видливо во 2018 година кога програмата „ReLOaD“ (Regional Programme on Local Democracy/Регионална програма за локална демократија), финансирана од ЕУ, пристапила со помош. „Најважно беше да се креира рамка за обуки и да се обучат првите кои беа заинтересирани за обезбедување услуги за нега за лица со инвалидитет,“ вели Славиша Савиќ, кој го предводи Здружението на лица со параплегија во областа Мачван.
Со поддршка од ЕУ, и во соработка со Министерството за труд, вработување, ветерани и општествени работи, здружението ги идентификувало луѓето кои биле заинтересирани за обезбедување услуги за нега, ги обучило и лиценцирало. Како дел од истата програма, успеале да иницираат и пилот проект за поддршка преку кој на пет лица со инвалидитет им било обезбедено негувател осум часа дневно, а дополнителни четири лица добиле поддршка во форма на нега од четири часа дневно.
„Да се вклучи, во општинскиот буџет, трошокот за негуватели за лица со инвалидитет беше огромен отскок и значаен успех, за нас, кој не ќе го постигневме без поддршката на програмата „ReLOaD“, финансирана од ЕУ.“
За програмата
Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан („ReLOaD“) е финансирана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за обединет национален развој. Целите на програмата вклучуваат зајакнување на партиципативните демократии и интеграција на ЕУ во Западен Балкан преку подобрување на правното, финансиското и поширокото окружување за зајакнување на граѓанското општество.
Имплементацијата на пилот програмата му овозможила на здружението да има поцврсто досие за да ги убедат општинските авторитети за неопходноста на услугата за нега за лица со инвалидитет. Како резултат на постојаните напори за лобирање, општинското заседание конечно ја вклучило и оваа поддршка во листата постојани услуги обезбедени од општината. Услугата е веќе вклучена во буџетот за 2021 година, а платите за негувателите се покриени, и ќе бидат во иднина покриени, од страна на општината.
„Да се вклучи, во општинскиот буџет, трошокот за негуватели за лица со инвалидитет беше огромен отскок и значаен успех, за нас, кој не ќе го постигневме без поддршката на програмата „ReLOaD“, финансирана од ЕУ,“ вели Славиша.
Драгана, и други лица со инвалидитет, од Шабац, се чувствуваат поспокојно, бидејќи имаат доживотно обезбедена услуга за нега. „Мојот животен квалитет видливо се подобри. Со негувател си самостоен,“ вели Драгана.
Компјутер за секое семејство
За време на првата година од пандемијата КОВИД-19, ограничувањата на движењето и затворањето на училиштата имаа сериозно влијание врз образованието на децата и секојдневната рутина, бидејќи учениците мораа да ги следат часовите од дома. Ваквата ситуација уште повеќе го потенцира јазот помеѓу децата и семејствата кои имаат пристап до компјутер и интернет и оние кои немаат. Борче Стаменов од Кавадарци, Северна Македонија, е еден од хероите кои придонесоа за стеснување на јазот за 1200 семејства ширум државата кои не можеа да си дозволат да купат компјутер. Неговата приказна започна сосема случајно.
Борче работи во „Bidat Informatika“ – компанија од Кавадарци која обезбедува услуги за поправање на софтвер и хардвер. Објаснува дека со години децата ги оставаат старите компјутери во нивната продавница за да можат стажантите да ги вежбаат, на нив, техниките на поправање. Во 2016 година, во „Bidat Informatika“ дошла жена која имала потреба од компјутер, но немала средства за да го купи. Борче дошол на идеја да употреби резервни делови за да направи компјутер за неа. Потоа, заедно со колегите ѝ го доставиле компјутерот дома.
„Кога видов колку децата се израдуваа и како им светкаа очите, одлучив да продолжам со акцијата за донирање компјутери и да израдувам колку можам повеќе деца.“
Скромна донација која се претвори во движење
Кога го посетиле домот, Борче и неговите колеги се запознале со трите деца на жената кои биле пресреќни од подарокот. „Кога видов колку децата се израдуваа и како им светкаа очите, одлучив да продолжам со акцијата за донирање компјутери и да израдувам колку можам повеќе деца,“ вели Борче.
Потоа, Борче ја креирал страната „Донирај компјутер“ на социјалните мрежи за да допре, од една страна, до што повеќе луѓе кои сакаат да ги донираат старите компјутери и, од друга страна, до семејствата кои не можат да си дозволат да купат компјутер. Како што предвидел, бројни биле семејствата во потреба, но, на негово изненадување, бројот на заинтересирани донатори бил, исто така, значаен. Најпрво, пристигнале 20 компјутери од локална компанија која ги заменила старите компјутери. „Оваа донација ја објавивме на социјалните медиуми, па почнаа да пристигнуваат сè повеќе донации,“ раскажува Борче.
Ритамот на хуманитарната мисија се забрзал за време на пандемијата кога Министерството за образование на Северна Македонија одлучи да премине на далечинско образование. Како резултат, стотици деца и млади од сиромашните семејства и оддалечените региони се соочиле со сериозен предизвик.
Бројот на донирани компјутери се зголемил таа година кога од, приближно, 100 годишно, Борче и неговите колеги преминале на околу 500. Морале да креираат веб-страница за подобро да го организираат протокот на достава од донаторите до луѓето во потреба. Добил помош од поединци кои ги пренесувале пораките од оние во потреба, но и од компании за достава како, на пример, „Eko Logistic Servis“, кои бесплатно ги доставувале компјутерите.
„ЕУ ни помогна со донација од околу 140 компјутери и останати технички делови и опрема. Ова беше одлично, а беше и најголемата донација која сме ја добиле досега.“
За иницијативата
„Донирај компјутер“ е иницијатива креирана од Борче Стаменов од Кавадарци, Северна Македонија. Досега, преку иницијативата, се донирани 1200 компјутери на семејствата во потреба ширум Северна Македонија. Деловите за хардвер се донираат од поединци, компании и институции; вклучувајќи ја и Делегацијата на ЕУ во Скопје која обезбеди 140 единици информатичка опрема – од лаптопи до десктоп компјутери, па сè до печатачи.
Борче бил контактиран од Делегацијата на ЕУ во Скопје кои ги обновувале своите компјутери и техничка опрема и слушнале за иницијативата. „ЕУ ни помогна со донација од околу 140 компјутери и останати технички делови и опрема. Ова беше одлично, а беше и најголемата донација која сме ја добиле досега,“ вели Борче.
Контактот со Делегацијата на ЕУ продолжил дури и после донацијата. Годинава, Борче ја добил специјалната награда за солидарност на ЕУ. Бил признаен неговиот придонес за подобрување на животот на семејствата во потреба од дигитално поврзување кое беше особено значајно за време на отежнатата изолација и далечинската настава во текот на пандемијата КОВИД.
Компјутерите на Борче стигнале до скоро секој регион во Македонија. Добил пораки за благодарност во различни форми – од писма, па сè до видеа. Планира да продолжи. „Се надевам дека во блиска иднина веќе нема да има потреба од мојот придонес и дека Владата или другите институции ќе му обезбедат на секое семејство во Северна Македонија можност за нов компјутер. Но, дотогаш, ќе продолжам со мојата мисија,“ вели тој.
Враќање дома по 20 години
Војната во БиХ донесе несреќа за стотици илјади семејства. Многумина од нив ги загубија своите сакани или работата и мораа да ги напуштат своите домови без никогаш да се вратат назад. Даворин Савиќ од селото Бачевиќи, во близина на Мостар, е еден од оние кои мораа да го напуштат својот дом и да најдат засолниште на друго место. Но, Даворин е еден и од среќните кои успеаја да вратат во своето село и да започне нов живот таму.
Мостар беше еден од многуте мултиетнички градови во БиХ каде што Хрватите, Босанците и Србите живееја во хармонија. Меѓутоа, хармонијата беше нарушена со почетокот на војната, во 1992 година, која траеше до 1995 година. Илјадници беа убиени, а проценето е дека преку милион луѓе биле иселени; со што станува збор за најкатастрофалниот конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна.
„Тешко беше да се живее како бегалец, но успеавме, некако, да преживееме. Изнајмувавме место за живеење и, главно, работевме на локалните пазари за малку пари.“
Конечно, назад дома
Конфликтот во Мостар брзо започна и се разви, па, заедно со семејството, Даворин морал итно да замине и да го напушти својот дом и имот во селото. Како што биле етнички Срби, се преселиле во Србија. За Даворин, сеќавањата се сè уште свежи за тоа како, во 1992 година, заедно со мајката и братот, го напуштиле семејниот дом и пребегнале во Белград. „Тешко беше да се живее како бегалец,“ се присеќава. „Но, успеавме, некако, да преживееме. Изнајмувавме место за живеење и, главно, работевме на локалните пазари за малку пари.“
Живеел во Белград цели 18 години, но, во 2010 година, семејството конечно се вратило во Бачевиќи, каде, на огромен жал, откриле дека нивниот дом е целосно демолиран. Меѓутоа, нивната среќа ќе тргне на подобро. „Се сретнавме со некои соседи кои ни кажаа за програма која ги реконструира домовите на оние кои се враќаат,“ раскажува Давор. „Брзо поднесовме барање за Регионалната програма за домување.“
Даворин признава дека животот во БиХ не е лесен, особено за оние кои се враќаат и за иселениците во внатрешноста. Иако, пред војната, работел во електраната; при враќањето во БиХ не можел да најде работа во компанијата. Сè уште нема работа со редовна плата и здравствено осигурување.
„Не се надевав дека ќе се вратам во селото, дека ќе одгледувам зеленчук во стакленичка градина и дека ќе обработувам земја.“
За проектот
До денес, околу 1800 станбени единици се реализирани во БиХ како дел од Регионалната програма за домување. Крајната цел е да се достигне бројка од 3000 станбени едници кои треба да се изградат до јуни 2023 година. Издвоени се скоро 291 милион евра за Регионалната програма за домување; од кои повеќе од 76 милиони евра се наменети за проекти во БиХ. Со 235 милиони евра, Европската Унија е главниот донатор на програмата.
Меѓутоа, и покрај сè, Давор успеал да обезбеди чесен живот за себе, својата мајка и семејството на братот, кој починал лани. Ова е, главно, благодарение на реконструкцијата на куќата со поддршка на Регионалната програма за домување, како и стакленикот и малиот трактор обезбедени со поддршката на католичката заедница „Catholic Relief Services“. „Не се надевав дека ќе се вратам во селото, дека ќе одгледувам зеленчук во стакленичка градина и дека ќе обработувам земја,“ се смее тој. „Но, одлично е. Ги продавам производите на пазарот во Мостар.“
Размислувајќи за својот живот денес, Даворин не заборава да ја спомне љубезноста на неговите соседи од различни етнички групи. Спротивно на ситуацијата кога морал да пребегне од Бачевиќи, денес вели: „Живееме заедно, си помагаме и заедно ги славиме празниците.“
„Конечно место кое можам да го наречам свое“
Мира Михајловиќ (43 г.), пораснала со својата мајка, татко и помлад брат во село во близина на Карловац, Хрватска. Имала среќно детство и, во средно училиште, учела туризам, а сонувала да стане туристички менаџер. Нејзиниот живот целосно се променил со почетокот на војната во 1995 г. кога Мира имала 17 години. „Беше ужасно; не знаевме како да реагираме, но инстинктот ни велеше дека треба да заминеме, да бегаме,“ вели таа.
Па, Мира и нејзиното семејство побегнале. На почетокот, се придружиле кон бегалски конвој затоа што немале сопствено возило; им помогнал сосед кој имал трактор. Но, им снемало бензин, па морале да пешачат неколку дена. Додека се пробивале низ шумата, братот на Мира, кој имал само 13 години, се изгубил, па морале да се вратат назад. За среќа, го нашле, но Мира вели дека нејзиниот брат имал проблеми и кошмари некое време потоа заради лошото искуство.
„Немав верба дека ќе ми помогнат за да добијам свој дом. Всушност, воопшто не верував.“
Кога за првпат пристигнале во Србија, Мира и нејзиното семејство живееле во колективни центри за згрижување бегалци и работеле на полињата со пченка, чистеле куќи и цепеле дрва за да заработат за живот. По некое време, Мира се омажила, но бракот не бил успешен; па, две години подоцна се развела. Се вратила да живее со своето семејство. „Беше навистина мачно. Тешко се наоѓаше работа, а моравме да плаќаме кирија и да покриваме други трошоци,“ вели таа.
Повторно се отселила и, со својот мал син, се населила во селото Ратар, во близина на Обреновац. За среќа, нашла работа како хигиеничарка во училиштето во близина, но, сè уште било тешко да ја покрие киријата со својата плата.
Дознала од сосетка дека Регионалната програма за домување им помага на бегалци и луѓе кои ги напуштиле Хрватска и Босна и Херцеговина со проблемите за живеалиште. Одлучила да побара нивна помош иако била скептична дека би добила покрив над главата. „Немав верба дека ќе ми помогнат за да добијам свој дом. Всушност, воопшто не верував,“ вели таа.
Позитивна иднина на повидок
Регионалната програма за домување, чиј главен донатор е ЕУ, позитивно одговорила на барањето на Мира. Кажале дека можат да ѝ понудат стан или, пак, доколку поседува земја, проектот би ја поддржал во изградбата на куќа. Мира избрала трета опција преку која програмата ѝ помогнала да ја откупи куќата во која веќе живеела како потстанар.
„За првпат во мојот живот имам нешто свое. Навистина сум среќна и спокојна. Мирно заспивам навечер.“
За проектот
Регионалната програма за домување е заедничка иницијатива на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија. Програмата има за цел разрешување на ситуацијата со долготрајно раселување на најранливите бегалци и раселени лица по конфликтите меѓу 1991 и 1995 година во поранешна Југославија.
Врз основа на последните ветувања на меѓународната донаторска заедница, до крајот на 2022, Регионалната програма за домување би обезбедила трајно решение за домување на 11800 лица на најранливите семејства; односно 36000 лица во четирите партнерски држави. Целосната вредност на проектот изнесува 291 милион евра; од кои 237 милиони евра (80%) се финансирани од донатори на Регионалната програма за домување, а преостанатите 54 милиони евра (20%) доаѓаат од партнерските држави. Со 235 милиони евра, Европската Унија е главниот донатор на програмата.
Кога, најпосле, ја купила куќата, нејзиниот живот коренито се изменил на подобро заради олеснувањето од товарот на киријата. Со поддршка на Католичката служба за помош, успеала да изгради и стакленик во градината каде што сади зеленчуци кои потоа ги продава на локалното пазарче за дополнителен приход. „За првпат во мојот живот имам нешто свое. Навистина сум среќна и спокојна. Мирно заспивам навечер,“ вели Мира.
Мира вели дека е оптимист за иднината. Дел од нејзините планови вклучуваат отворање мала продавничка во бараката во нејзината градина, затоа што во селото нема продавница; па, на тој начин, би можела да обезбеди средства за подобра иднина за својот син. Сега, кога најпосле ѝ тргнала среќата, верува дека може да добие дополнителна поддршка од донатори за нејзината замисла.
Рециклирањето во мода во Косово
Во Косово е реткост да се налета на канти за селектирање отпад, а рециклирањето е најчеста појава меѓу собирачите на метал, картони или пластичен отпад од контејнерите, кои, потоа, истите ги продаваат. Но, благодарение на невладината организација „Let’s Do It Peja“, собирањето текстилен отпад стана популарно во Пеќ, град во западно Косово. Арба Шеху е млада и посветена еколошка активистка која заедно со своите колеги во невладината рано го идентификувале проблемот и одлучиле да придонесат за изнаоѓање решение. Денес, таа го раководи проектот.
Арба објаснува дека идејата за проектот дошла поради големиот волумен на текстилен отпад; а, притоа, јавните институции не развиваат одржлив начин и систем за негово собирање и управување со него ниту во Пеќ ниту, пак, во остатокот на Косово. Според неа, најголемиот дел од локалниот отпад завршува во легални или нелегални депонии од кои повеќето не ги исполнуваат основните еколошки и здравствени стандарди. „Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово,“ вели Арба.
„Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово.“
Создавање мода од отпадоци
Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започнал со работа во јануари годинава, со тоа што невладината поставила пункт за собирање текстил во центарот на градот. На голема радост на проектниот тим, локалните жители позитивно одговараат на повикот за споделување текстилен отпад на пунктовите.
Проектот е заснован на концептот наречен „3R“ (Reduce, Reuse and Recycle – „Редуцирај, реупотреби и рециклирај“). Меѓутоа, покрај еколошкиот придонес, проектот има и економски аспект затоа што отвориле и продавница за облека на старо во која ги продаваат донираните парчиња облека кои се во добра состојба.
Арба верува дека долгорочен придонес е невозможен доколку младите генерации активно не се вклучат. Оттука, според неа и нејзините колеги, образовната компонента на проектот е најважна. Во соработка со уметничкото средно училиште во Пеќ, „Let’s Do It Peja“ отпочнале воннаставен курс за дизајн на кој младите ученици, под менторство на искусни модни дизајнери ангажирани од проектот, работат на дизајнирање и креирање нови парчиња облека од собраниот текстилен отпадок. Арба објаснува дека, за неа, ова е највозбудливиот дел од проектот: „Учениците се навистина посветени и смислуваат интересни и привлечни модели.“
„Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“
За проектот
Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започна со работа во јануари и ќе заврши во декември 2021. Севкупната мисија на проектот е да поддржи развој на општествени претпријатија во Косово и да го зголеми вработувањето на обесправените групи; главно, жени и млади, преку примена на концептите за циркуларна економија.
Илка Латифи е една од ученичките учеснички во воннаставниот курс започнат од проектот. Таа вели: „Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“
Проектот има за цел да биде самоодржлив и да продолжи со активностите дури и по истекување на финансирањето од ЕУ. Невладината организација „Let’s Do It Peja“ во моментов работи на регистрирање и отворање општествено претпријатие со името и концептот „3R“. На овој начин, целат да обезбедат одржливост преку претворање на проектот во претпријатие со долгорочен економски и еколошки придонес за заедницата.
Новото општествено претпријатие планира да вработи персонал кој ќе работи на дизајнирање и шиење на рециклираниот текстил, како и персонал за работа во продавницата за облека на старо. „На овој начин, сакаме да им помогнеме на луѓето во потреба; па, затоа, вработените во општественото претпријатие ќе доаѓаат, главно, од ранливите категории; како што се жените, младите и малцинствата,“ вели Арба.









