Skip to main content

Настан споделува иницијативи за поддршка на поврзаноста и транспортот во Западен Балкан

На 27. мај беше организиран заеднички настан чии домаќини беа „CONNECTA“ – Техничка поддршка за поврзаност во Западен Балкан, финансирана од ЕУ, и Постојаниот секретаријат на транспортната заедница; со цел споделување на нивните мисии, стратешки пристап и очекувани резултати. Настанот ги обедини претставниците од Западен Балкан, делегациите на ЕУ и меѓународните финансиски институции.

 

Неодамна, „CONNECTA“ започна три регионални потпроекти кои нудат техничка поддршка. Едниот од нив се фокусира на воведување паметна и одржлива мобилност во Западен Балкан. Вториот ја поддржува подготовката на техничка документација за модернизација и подобрување на инфраструктурните капацитети на избрани гранични патни точки на проширената Трансевропска транспортна мрежа („TEN-T“) во Западен Балкан. Третиот овозможува помош при подготовката на национални „паметни“ транспортни системи за Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора, како и воведување на патни центри за управување со сообраќај во БиХ и Косово.

 

„CONNECTA“ е договор за техничка помош, финансиран од ЕУ, чија севкупна цел е поддршка на развојот и комплетирањето на клучните транспортни и енергетски мрежи во регионот на Западен Балкан, како и обезбедување поддршка за Дигиталната агенда за Западен Балкан во согласност со стратегијата за Западен Балкан.

Регионална конференција за спречување дезинформации

На 1. јуни, Регионалниот совет за соработка ја организираше третата конференција за дезинформации во соработка со „Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa“, Европскиот центар за спречување хибридни закани и Италијанското министерство за надворешни работи и меѓународна соработка. Конференцијата обедини повеќе од 100 учесника; вклучително и клучни експерти, академици, новинари, истражувачи, претставници на младинските организации од Западен Балкан, студенти и практичари од регионот и пошироко.  
„Западен Балкан, за жал, отсекогаш бил подлежен на раздорни наративи кои носат омраза и насилство и наша одговорност е да овозможиме разбирање и свесност за овој феномен во нашиот регион. Позитивни се новостите дека граѓаните во Западен Балкан го сфатија штетниот потенцијал на дезинформациите, бидејќи 74 % од нив се согласуваат дека дезинформациите претставуваат безбедносна закана за нашите економии,“ изјави Аида Капетановиќ, директорка на Политичкиот отсек на Регионалниот совет за соработка, на отворањето на конференцијата.  
По две години организирање на овие конференции со цел подигнување на свеста за феноменот на дезинформациите, годинешната конференција се фокусира на попрактично ниво и градење капацитети; примарно насочени кон младите и студентите од Западен Балкан.

Белградската болница за деца „Тиршова 2“ станува реалност

За време на неговата посета на Србија, европскиот комесар за проширување, Оливер Вархелеј, заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го посети градилиштето на болницата за деца „Тиршова 2“. Изградбата на болницата започна во октомври и е поддржана од ЕУ со преку 35 милиони евра.

 

Европската Унија никогаш досега не поддржала толку голема инвестиција во доменот на здравствена инфраструктура, потенцира комесарот Вархелеј. Додаде дека овој проект е резултат на пандемијата КОВИД која нè научи дека уште повеќе треба да го цениме здравјето. „Здравјето, особено здравјето на децата, е најважното нешто,“ изјави комесарот, додавајќи дека „Тиршова 2“ ќе се отвори за, отприлика, три години. „Убеден сум дека пациентите ќе го ценат овој придонес за градот и државата,“ заклучи тој.

 

На настанот присуствуваа, исто така, и амбасадорот на САД во Србија – Емануеле Жиофре, министерот за здравство – Златибор Лончар, министерката за европска интеграција – Јадранка Јоксимовиќ, градоначалникот на Белград и поранешен директор на „Тиршова“ – д-р Зоран Радојчиќ, директорот на Канцеларијата за државни инвестиции – Марко Благојевиќ, и директорот на „Тиршова 2“ – Синиша Дучиќ.

Европската инвестициска банка отвора ново претставничко биро во Северна Македонија

На 30. мај, Европската инвестициска банка официјално го отвори новото претставничко биро во Скопје, лоцирано во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Со овој чекор, банката на Европската Унија ја потврдува поддршката кон одржливиот раст и зелена транзиција на државата. Новото посветено локално присуство ќе ја зголеми техничката и финансиска поддршка за приватно и државно инвестирање.  
Отворањето претставничко биро во Скопје е во согласност со политиката на ЕИБ за воспоставување присуство во повеќе држави надвор од ЕУ. Овој напор ќе ѝ помогне на банката на ЕУ подобро да ги разбере регионалните финансиски потреби, да идентификува нови проекти и да оствари поблиски врски со државните власти и останатите чинители. До денес, ЕИБ отворила бироа во 23 земји-членки на ЕУ, како и во 30 држави надвор од ЕУ; промовирајќи деловен и политички дијалог.  
На церемонијата за отворање, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, беа придружени од министерот за финансии, Фатмир Бесими, шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, како и други меѓународни финансиски партнери и високи претставници од бизнис сферата и банкарската заедница.

Новиот европски „Баухаус фестивал“

Со почеток на 9. јуни, првото издание на Новиот европски „Баухаус фестивал“ ќе спои, на едно место, изложби, уметнички перформанси, конференции, семинари и слични собирања; комбинирајќи настан во живо, во Брисел, со онлајн активности и дополнителни настани ширум Европа и пошироко, вклучително и Западен Балкан. Претставувајќи дебати, извонредни говорници, уметнички перформанси, изложби и можности за вмрежување; настанот е одлична прилика за експертите, организациите и семејствата за дебатирање и креирање идни начини за заеднички соживот.

 

Главните теми на фестивалот се убавината, одржливоста и инклузијата, а негова цел е да гради врски; поврзувајќи ги светот на истражувањето, науката и технологијата со образованието, општествениот ангажман, уметноста, културата и архитектурата.

 

Новиот европски „Баухаус фестивал“ е креативна и интердисциплинарна иницијатива која го поврзува Европскиот зелен договор со нашиот животен простор и искуства. Истиот, нè повикува заедно да замислиме и изградиме одржлива и инклузивна иднина која ќе биде убава за очите, умот и душата.

 

Најавен од претседателката Вон дер Лејен во нејзиниот говор за Состојбата на Унијата, во 2020 година, Новиот европски „Баухаус фестивал“ беше заеднички кодизајниран од илјадници луѓе и организации ширум Европа и пошироко. Во септември 2021 година, иницијативата се трансформира од кодизајниран проект во реалност, благодарение на политичките активности и финансирања утврдени во соопштение на Комисијата.

Младите европски амбасадори учествуваат во дебатен караван во Србија

Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) од Србија; Адријана Никитовиќ и Димитрије Прокоповиќ, зедоа учество во Школскиот дебатен караван на ЕУ, организиран од 23. до 26. мај. Караванот беше организиран од ЕУ Инфо центрите во Србија, со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Србија, како и од програмата „ЕУ за туризам и културно наследство“.

 

За време на четиридневниот караван, заедно со учесници од Школата за дебата на ЕУ, младите европски амбасадори ги посетија Гамзиград, Голубац, Кладово, Неготин, Смедерево, Сребрено Езеро и Зајчар. Во Кладово, Неготин и Смедерево, Адријана и Димитрије ја презентираа мрежата на млади европски амбасадори и го промовираа третиот повик за учесници. Димитрије, исто така, зборуваше за повикот и на локалните медиуми. Вториот ден, амбасадорот на ЕУ во Србија – Емануел Жиофре, го посети караванот и дискутираше со учесниците за иднината на ЕУ и Србија.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.

Младите европски амбасадори спроведуваат работилници за медиумска писменост во училиштата

Започнаа работилниците за медиумска писменост, организирани од младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)), за учениците во основните училишта во Западен Балкан. Првата работилница зазеде место во Зеница, Босна и Херцеговина, каде младите европски амбасадори, Драгана Вучковиќ и Џулиса Отузбир, одржаа работилница за седмооделенците во основното училиште „Мирослав Крлежа“.

 

Претходно, младите европски амбасадори следеа обука за младински обучувачи за основите на медиумската писменост. Сега се подготвени да го споделат своето знаење со младите ученици кои се корисници на медиумски содржини, особено на социјалните медиуми. Водени според идејата дека е неопходно да се ангажира младината во создавањето и ширењето на знаењата за медиумска писменост, главната цел на врсничките работилници е да ги едуцираат младите за важноста од соодветно консумирање на медиумските содржини.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.

Форум на граѓанско општество 2022

Проектот „TACSO 3“, финансиран од ЕУ, го објави претстојниот Форум на граѓанско општество ЕУ – Западен Балкан и Турција 2022 и ги повикува лидерите на организациите на граѓанското општество, како и искусните активисти на граѓанското општество и масовните организации, да се пријават како соработници за сесиите на форумот и како учесници на настанот.

 

Форумот на граѓанско општество 2022 (Форум ’22) ќе се одржи на 8. и 9. јуни како хибриден настан; истовремено со присуство и виртуелно. Ќе биде избран ограничен број учесници, до 120 на број, за учество со присуство во Скопје. Далечинското учество ќе овозможи активно видео вклучување во сите сесии на Форумот ’22.

 

Форумот ’22 ќе ги обедини претставниците на граѓанското општество; вклучително и непрофитните организации, јавните власти, претставниците на ЕУ, донаторите и останатите чинители во сферата на развој на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција. Ќе претставува прилика за дискусија за тековната состојба на граѓанското општество во регионот, како и можност за заеднички акции од страна на ЕУ, јавните власти и граѓанските општества за идентификуваните предизвици.

 

Главна цел на Форумот ’22 е да го започне, презентира и дискутира натамошното спроведување на ревидираните Насоки на ЕУ за поддршка на граѓанското општество во регионот за проширување (2021 – 2027), за кои, во текот на изминатите две години, имаше опсежни консултации со граѓанското општество и кои се ревидираа врз основа на добиените повратни реакции и новиот развој.

Амбасадорот на ЕУ во Србија го посетува саемот за земјоделство во Нови Сад

Емануел Жиофре – амбасадор на ЕУ во Србија, Бранислав Недимовиќ – министер за земјоделство, и Јадранка Јоксимовиќ – министерка за европска интеграција, го посетија саемот за земјоделство во Нови Сад на 25. мај.  
Минатата година, во контекст на вкупен извоз на храна кон ЕУ од над 2,3 милијарди евра, Србија достигна позитивно трговско салдо од скоро 700 милиони евра. Ова изнесува на повеќе од половина (55 %) од вкупниот извоз на храна кој е насочен од Србија кон ЕУ.  
Осврнувајќи се кон Инструментот за претпристапна помош за рурален развој III (ИПАРД III), амбасадорот Емануел Жиофре изјави: „Завршивме одлична работа при подготовката на програмата ИПАРД III, усвоена, од страна на Комисијата во март, годинава. Тоа резултира со дополнителни 377 милиони евра за земјоделскиот сектор во Србија, од кои 288 милиони евра се финансирани од ЕУ. Од друга страна, пак, потенцирам дека Србија треба да се потруди за успешно завршување на имплементацијата на програмата ИПАРД II и да избегне секаква дополнителна загуба на средства во рамките на оваа програма. Во 2021 година, Србија изгуби 3,7 милиони евра поради постојани проблеми со плаќањето на годинешните фондови.“  
За време на вториот циклус од програмата ИПАРД, кој се приближува кон својот крај, беа објавени девет јавни повици, а беа одобрени преку 550 грантови; од кои половина веќе се исплатени на српските земјоделци и производители на храна.  
Амбасадорот зборуваше, исто така, и за успешните проекти финансирани од ЕУ во Србија. На пример, со години не е детектиран случај на беснило во Србија, а ЕУ учествува и во елиминација на свинскиот грип. ЕУ ја поддржува контролата и искоренувањето на овие две опасни болести со преку 20 милиони евра. ЕУ финансира, исто така, и проекти за набавка на соларни панели, како и набавка на опрема за Националната референтна лабораторија.  
Потенцирајќи ја желбата за понатамошна соработка, амбасадорот Жиофре изјави: „Заедно сме подобро.“

Зелена недела на ЕУ 2022 во Србија

Циркуларна економија, нула загадување и биодиверзитет се во фокусот на годинешната Зелена недела на ЕУ која се случува во Србија од 30. мај до 5. јуни. Зелената недела на ЕУ има за цел подигнување на свеста за најважните прашања во доменот на еколошка заштита.

 

За време на прославата, серија настани и онлајн активности ќе ги претстават конкретните резултати од соработката помеѓу Србија, ЕУ и земјите членки, и неколку меѓународни партнери. Програмирани се настани во сите делови на Србија; вклучително Белград, Чачак, Крушевац, Нови Сад и Ниш. Деталната агенда на Зелената недела на ЕУ можете да ја најдете тука.

 

Секоја година, Зелената недела на ЕУ претставува можност за дебата за европската еколошка политика со креаторите на политики, водечките екологисти и чинителите од Европа и пошироко. Годинава, планирани се скоро 300 настани ширум Европа, со посебен акцент на Европскиот зелен договор – одржливата и трансформативна стратегија за раст на ЕУ, поддржувајќи поефикасна употреба на ресурсите и амбиции на ЕУ да стане климатско-неутрална до 2050 година.

 

Активностите се имплементирани во партнерство со Министерството за еколошка заштита, Министерството за европска интеграција, локалните влади, амбасадите на Шведска и Франција, Програмата за развој на Обединетите нации, Агенцијата за развој на Шведска, ГИЗ (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ)), Банката „KFW Bank“, Европската инвестициска банка, како и многу други.

 

Европската Унија е светски лидер во доменот на еколошка заштита и ја поддржува Србија на својот пат кон поздрава животна средина. Со преку 400 милиони евра во форма на неповратни грантови, инвестирани во еколошка заштита и климатска акција во Србија, ЕУ е најголемиот донатор во овој домен во државата.