Skip to main content

ЕУ донира 150 детектори за метал за воените сили на БиХ

Заедно со високи воени претставници од Воениот комитет на ЕУ, 27-те амбасадори на Политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ донираа 150 детектори за метал за Баталјонот за деминирање на воените сили на БиХ на крајот од нивната посета на БиХ. Детекторите за метал му беа врачени на министерот за одбрана на БиХ и се првите апарати доставени како дел од мерката помош во склоп на Европскиот мировен фонд, во вредност од 10 милиони евра, а кој вклучува, исто така, и 34 транспортни возила, како и 34 медицински возила.

 

Европскиот мировен фонд е нов механизам на ЕУ за градење на одбранбените капацитети на ЕУ и нејзините најблиски партнери. Дополнително на мерката за помош за подобрување и надградување на способностите на Баталјонот за деминирање на воените сили на БиХ, ЕУ неодамна одобри и мерка помош, вредна 6 милиони евра, за подобрување на капацитетите на Балканската медицинска оперативна група.

   

Амбасадорите ја поздравија соработката на БиХ со ЕУ во доменот на надворешни работи, безбедност и одбрана, која е неопходна за меѓусебна стабилност и просперитет и уште дотолку важна за време на неоправданата руска агресија кон Украина. Посетата, на високо ниво, вклучи и средба со војниците и командантот на „ЕУФОР Алтеа“ (EUFOR Althea).

ЕУ финансира техничка помош за проектот за управување со отпадни води во Драч, Албанија

Техничката помош на Инвестициската рамка Западен Балкан (The Western Balkans Investment Framework (WBIF)) за проектот за управување со отпадни води во Драч, Албанија, беше објавена на 25. мај, во Тирана, во присуство на главните чинители; вклучително и Јавната услуга за водовод и канализација, Националната агенција за водовод и канализација и инфраструктура за отпад, Државната агенција за стратешко програмирање и придружна координација, Делегацијата на ЕУ во Албанија, како и претставници на „Инвестициската рамка Западен Балкан“, Француската агенција за развој и Инфраструктурниот проект 11 кој ќе го имплементира проектот.  
Проектот има за цел подобрување на животните и крајбрежно-еколошки услови на 350000 жители во регионот Драч. Истиот, оваа цел ќе ја достигне преку одделување на дождовната вода и канализациската мрежа во регионот, намалување на дождовниот внес во прочистителната станица за максимизирање на волуменот отпадна вода и биолошко оптоварување на постоечката прочистителна станица; користејќи ја со својот максимален капацитет и избегнувајќи заобиколување за време на дожд. Проектот ќе го подобри квалитетот на површинските и подземните води во регионот и Јадранското море, позитивно влијаејќи на биодиверзитетот (адаптацијата на климатската промена) и туризмот (економски развој).  
Мрежата за собирање отпадна вода во Драч е стара, сочинета од бетонски цевки кои се склони кон инфилтрација, без соодветен наклон и, честопати, претрпуваат блокади. Поголемиот дел од канализациските системи се комбинирани и ја собираат дождовната вода заедно со отпадната вода. Оттука, значаен волумен отпадна вода се влева во морето како резултат на слабата поврзаност, инфилтрацијата на отпадни води и истекувања за време на суво и дождовито време.  
Преку Инвестициската рамка Западен Балкан, ЕУ обезбедува грант за техничка помош во вредност од 500000 евра. Проценетата инвестициска вредност на проектот за управување со отпадни води во Драч изнесува околу 40 милиони евра и се очекува да биде финансирана преку заем од Француската агенција за развој и локални извори.

Косовски проект меѓу добитниците на Европските награди за наследство 2022

Европската комисија и „Europa Nostra“ ги објавија добитниците на Европските награди за наследство / Наградите „Europa Nostra“ за изданието 2022. Годишната награда на ЕУ за културно наследство наградува 30 одлични иницијативи и извонредни личности од 18 европски држави; претставувајќи ги најновите развои и приоритети поврзани со политиката и практиките за културно наследство во Европа.

  Категориите на наградата вклучуваат зачувување и адаптивно ре-употребување, истражувачко образование, обуки и вештини, граѓански ангажман и подигнување на свеста, како и шампиони на културно наследство.  

Годинава, проектот „Lumbardhi Public Again“ од Призрен, Косово, беше меѓу добитниците во категоријата граѓански ангажман и подигнување на свеста. „Lumbardhi Public Again“ е иницијатива за заштита на киното „Lumbardhi“ од приватизација и демолирање, како и барање за негово станување дел од културното наследство отворено за сите. Киното, кое се состои од внатрешни платна и кино на отворено, било изградено во 1950-те и уживало голема популарност во градот Призрен сè до доцните 1980-ти. По нивните кампањи во 2007 и 2014, организациите на граѓанското општество „DokuFest“ и „EC Ma Ndryshe“ ја основаа фондацијата Lumbardhi“ во 2015 година. Во текот на седум години, фондацијата ги достигна своите цели. Оживување на киното во соработка со „CHwB Kosovo“ и бројни локални и меѓународни партнери; вклучително и ЕУ, преку итни и реставрациски интервенции, овозможувајќи, околу 1000 јавни програми, кои допреа до повеќе од 100000 корисници и посетители.

Програмата „ADRION“ отвора нов повик за универзитети, центри за истражување и деловни институции

Јадранско-јонската програма („ADRION“), која делува во јадранско-јонското подрачје, отвори нов повик насочен кон центрите за истражување и деловните институции. Целта на петтиот вонреден повик за предлози е да ги зголеми компетентноста и вештините во домени кои се сметаат од стратешка важност во подрачјето, премин кон новиот програмски период и одржување на поморско/морските, еколошки и општествено иновативни теми.

 

Повикот се фокусира на следните теми: сина економија, општествена иновација, обновлива енергија и циркуларна економија. Истиот има за цел развивање на подготвителни мерки за активирање на заедничките магистерски програми кои треба да се одвиваат до 2027. Проектите кои соодветствуваат на целите на повикот треба да бидат од стратешка природа и ќе добијат грантови како дел од програмата „ADRION“, во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) 2021 – 2027.

 

Проектните предлози ќе добијат придонес од ЕУ (Европски фонд за регионален развој и ИПА II) со максимален износ до 1 милион евра.

Објавени добитниците на наградата „Regional Butterfly Innovation“ во Тирана

Наградите „Regional Butterfly Innovation Awards“ беа доделени на шест иновативни идеи од регионот на церемонија која се одржа во Тирана на 28. јуни.

 

Добитници на првиот конкурс „Regional Butterfly Innovation Awards“ се:

 

Награда за индустриска иновација: Орјон Роји, Албанија

Награда за универзитетска иновација:  „TiPy-AIR“ Универзитет од Бања Лука, БиХ

Награда за зелена иновација: „GoBeyond“, Косово

Награда за младинска иновација: „GuesTool“, Црна Гора

Награда за женска иновација: „WISE Group“, Северна Македонија

Иновациска награда „STEM“ (науки, математика, инженерство и технологија): „BIOIRC“, Србија

 

Сите добитници ќе добијат можност да го промовираат своето решение преку мрежата контакти на Регионалниот совет за соработка, како и преку медиумско присуство, а ќе добијат и техничка помош преку менторство, надополнета со 5000 евра и прилика да запознаат дополнителни потенцијални инвеститори. Церемонијата за доделување на наградите, ко-организирана од Регионалниот совет за соработка и Европската комисија, се одржа на завршувањето на министерскиот состанок на Управувачката платформа за истражување, иновација, образование и обука на Западен Балкан, чиј домаќин беше Европската комисија.

 

Церемонијата за награди е врвот на долгорочен процес кој беше официјално започнат минатиот декември за време на форумот „Butterfly Innovation and Business Forum“. Наградата „Regional Butterfly Innovation Award“ е финансирана од ЕУ.

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој им помагаат на малите и средни претпријатија во БиХ при дигиталната транзиција

Европската банка за реконструкција и развој обезбедува заем, во висина од 5 милиони евра, за ProCredit Bank БиХ, поддржан од грантови од ЕУ, во рамки на неодамна отпочнатата програма „Go Digital“ во БиХ. Средствата ќе се употребат за помош за малите фирми да инвестираат во дигитализација на деловните процеси и подобрување на продуктивноста, оперативната ефикасност и отпорност.

 

Малите и средни претпријатија ќе можат да ги употребат овие средства за инвестирање во хардвер и софтвер за дигитална трансформација на проекти од областа на дигиталните комуникации, информации и ИТ безбедност, дигитален компаниски менаџмент и процеси и услуги за дигитално производство. Целта е да се зголеми дигиталната трансформација на малите и средни претпријатија со цел да станат поконкурентни на пазарот на ЕУ и усогласени со стандардите кои се бараат според директивите на ЕУ.

 

Покрај заемите, малите и средни претпријатија можат да извлечат полза и од иницијативи за грантови во износ до 15 % од севкупната вредност на заемот. Овие иницијативи се финансирани од ЕУ.

 

ЕУ има обезбедено грантови, во вредност од 9 милиони евра, за стимулативни плаќања, советодавни услуги и програмска техничка помош за заедничката програма помеѓу Европската банка за реконструкција и развој и ЕУ – „Go Digital“ во БиХ; додека, пак, Европската банка за реконструкција и развој обезбеди 40 милиони евра во форма на заеми. Програмата ќе биде придружена од активности на германската агенција за соработка, ГИЗ, која ќе работи со владата и чинителите во насока на градење на екосистем за дигитализација, автоматизација и иновација во БиХ; вклучувајќи и центри за иновација, во согласност со најдобрите практики на ЕУ.

  Програмата директно придонесува за Дигиталната агенда за Западен Балкан на Европската комисија, која цели кон поддршка на транзицијата на приватниот сектор и помош за бизнисите целосно да ги обезбедат придобивките од дигиталната трансформација на економијата.

ЕУ донира ИТ и лабораториска опрема за Управата за индиректно оданочување во БиХ

ЕУ донираше 1250 лаптопи, десктоп компјутери, сервери, заштитни ѕидови („firewalls“) и останата високо квалитетна лабораториска опрема за Управата за индиректно оданочување во БиХ. Опремата е во вредност од 2,3 милиони евра и ќе ѝ помогне на Управата да ја подобри својата секојдневна работа, да примени квалифицирани дигитални потписи, едноставени царински и даночни процедури и понатамошно подобрување на работата на лабораторијата за царинење.

 

Шефот на Делегацијата на ЕУ и специјалниот претставник на ЕУ во БиХ, амбасадорот Јохан Сатлер, ја посети лабораторијата на Управата за индиректно оданочување во Рамичи, недалеку од Бања Лука, на 21. јуни и, заедно со директорот Миро Џакула, ги обиколи просториите и ја провери донираната опрема.

 

Од 1. август, Управата за индиректно оданочување во БиХ ќе започне со употреба на нов компјутеризиран транзит систем на државно ниво. Имплементацијата на новата политика за царинење, ќе овозможи, од 1. август, примена на едноставени процедури за царинење.

ЕУ објавува нови насоки за поддршка на граѓанското општество во регионот за проширување

Околу 200 претставници од граѓанските здруженија, Европската комисија, делегации на ЕУ, власти од Западен Балкан и меѓународни организации учествуваа на Форумот за граѓанско општество во Скопје, на 8. и 9. јуни. Главната цел на состанокот беше да се ревидираат „Насоките за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување 2021 – 2027“.

 

Форумот ја реафирмира значајната улога на организациите на граѓанското општество, како во нивните општества, така и во процесот за интеграција во ЕУ. Ваквите организации можат да придонесат за неопходните реформи; помагајќи истовремено за инволвирање на граѓаните и поддршка за економска, општествена и политичка трансформација на регионот. Во времиња на криза, организациите на граѓанското општество се од суштинска важност за помош при следење на влијанието, намалувањето на дезинформациите и бранење на интересите на маргинализираните заедници.

 

ЕУ ќе ги примени насоките за мониторирање при регуларни интервали. Ова ќе ѝ помогне на ЕУ, како и на другите чинители, да ги определат областите каде постои простор за подобрување и соодветно да делуваат.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) промовира социјално инклузивно вработување и претприемништво во Србија

Европската инвестициска банка (ЕИБ) – органот за позајмување на ЕУ – и UniCredit Bank Србија официјално отворија кредитна линија, вредна 30 милиони евра, насочена кон поддршка за вработување, професионална обука и долготрајно задржување на луѓето од социјално ранливите групи. Овие средства ќе ѝ овозможат на UniCredit да им позајмува на српските компании кои се посветени на подобрување на општественото влијание на нивните бизниси и креирање на долготрајно вработување и можности за претприемништво за жени, млади и оние сегменти на населението кои се соочуваат со поголеми бариери на пазарот на труд. На церемонијата за отворање присуствуваа претставници на владата на Република Србија и Делегацијата на ЕУ во Србија, покажувајќи поддршка за општествено-ориентираните финансиски инструменти од овој вид.

 

Покрај финансирањето, српските компании ќе добијат финансиска награда заснована на перформансите доколку исполнат специфични цели за поттикнување лидерство, вработување и можности за професионален развој за жени и млади, и други лица; вклучително и лица со инвалидитет и бегалци кои честопати се соочуваат со препреки во пристапот кон вакви можности. Финансиската награда e обезбедена во форма на грант во склоп на Иницијативата за економска отпорност на ЕИБ, насочена кон зголемување на креирањето работни места и одржлив развој на приватниот сектор. Ова е првиот заем на ЕИБ за приватниот сектор во Западен Балкан во рамки на Иницијативата за економска отпорност која ќе придонесе за најважните цели при промовирањето одржлив развој. ЕИБ ќе обезбеди, исто така, и техничка помош за подготовка и имплементација на проектите во насока на постигнување на овие цели и остварување позначајно општествено влијание.

ЕУ и Западен Балкан ги зајакнуваат врските преку првиот министерски состанок за култура

На 27. и 28. јуни, во Тирана, зазеде место министерскиот состанок на платформата за култура, истражување, иновација, образование и обука – „Западен Балкан“. Состанокот со министрите за култура беше првиот од овој вид организиран во Западен Балкан. Комесерот Марија Габриел официјално ја отвори платформата.  
Комесарот ги повика министрите да ги искористат состаноците за да работат заедно во насока на развивање на соработката помеѓу ЕУ и Западен Балкан и да придонесат за интеграцијата на регионот во ЕУ. „Размената на добри практики, знаење и искуства ќе ја доведат на повисоко ниво нашата заедничка работа во доменот на културата,“ изјави Марија Габриел во нејзиниот воведен говор.  
За време на првиот состанок, комесарот Габриел и министрите за култура од регионот дискутираа за улогата на младите во промоцијата и заштитата на културното наследство. Дискусијата вклучи теми како, на пример, недостатокот на обучени професионалци, како да се направат привлечни за младите професиите поврзани со културното наследство, борбата за нелегална трговија со културни добра и улогата на културното наследство во севкупното чувство за припаѓање во Европа.  
Со настанот копретседаваа Европската Комисија, Француското претседателство на Советот на Европската Унија и министерот за култура на Албанија.