Skip to main content

Комесарот Вархелеј ќе присуствува на церемонија за железничкиот проект „Коридор Х“ во Србија и ќе дискутира за приоритетите во рамки на преговорите за влез во ЕУ

Комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархелеј, денес ќе биде во Србија за да го најави финансискиот пакет, вреден 2,2 милијарди евра, кој ќе овозможи значајна модернизација на железничките пруги на Коридорот Х.

 

Железничкиот проект „Коридор Х“ е една од водечките инвестиции на Економскиот и инвестициски план; поврзувајќи го регионот со ЕУ низ Хрватска, преку Белград, па сè до Ниш, Скопје и Грција. Проектот ќе придонесе за модернизација на железничката во Србија и ќе ја подобри нејзината поврзаност со останатите железнички мрежи. Истиот е дел од Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, вреден 30 милијарди евра, кој има за цел мобилизирање на инвестициите во доменот на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција; креирајќи одржлив развој и работни места.

 

За овој проект предвиден е грант на ЕУ од околу 600 милиони евра. Дополнително, 265 милиони евра се веќе одобрени за железничката линија Белград – Ниш која ќе овозможи патување меѓу овие два града со брзина од 200 километри на час за околу 100 минути. Остатокот од пакетот се состои од заем во висина од 1,1 милијарда евра од Европската инвестициска банка, како и заем во вредност од 550 милиони евра од Европската банка за реконструкција и развој.

 

За време на неговата посета, комесарот Вархелеј ќе се состане со претседателот Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, министерката за европска интеграција – Тања Мишчевиќ и министерот за внатрешни работи – Братислав Гашиќ за да дискутираат за приоритетите на преговорите; особено во делот на владеење на правото и соработка во доменот на одржлива поврзаност, енергија и миграции.

 

Комесарот исто така ќе дискутира и за поддршката на ЕУ за Србија за соочување со тековната енергетска криза, по неодамнешното потпишување на поддршка за буџетот, во висина од 165 милиони евра, за помош за ублажување на цените на енергијата за најранливите домаќинства и мали и средни претпријатија во рамки на Пакетот за енергетска поддршка, вреден 1 милијарда евра, за Западен Балкан.

ЕУ и Германија со поддршка за дигитална транзиција и придонес за креирање работни места во ИТ секторот во Косово

Амбасадорот на ЕУ во Косово, Томас Суњог, и раководителот за развојна соработка при амбасадата на Германија, Вера Бауман, на 14. февруари свечено ја отворија академијата „Pristina Innovemia Innovation Academy“.

 

Академијата, во соработка со компанијата за дигитални медиуми „MetDaan“ и паркот за иновации и обуки, ќе понуди обуки за дигитално и технолошко претприемништво, социјални медиуми и видео уредување на вработените или млади кои сакаат да работат во ИТ секторот, особено поддржувајќи ја дигиталната транзиција на микро и малите претпријатија.

 

Со финансирање од ЕУ и Германија, во висина од 150000 евра, академијата ќе овозможи курсеви за обука за најмалку 210 млади, на возраст под 35 години; охрабрувајќи, истовремено, учество на жени.

 

„Започнувањето на оваа академија е значаен чекор кон зајакнување на дигиталните вештини во Косово. Академијата ќе им помогне на младите да ги зголемат своите шанси за вработување. Преку дигиталната транзиција на микро и малите претпријатија, академијата ќе придонесе за севкупната конкурентност на косовската економија,“ изјави амбасадорот Суњог.

 

ЕУ и Германија се едни од најистакнатите поддржувачи на дигиталната транзиција во Косово.

Потпишување работни договори за заштитни мерки од поплава во Република Српска, БиХ

На 7. февруари 2023 година, на церемонија во јавната компанија „Vode Srpska“ во Бања Лука, беа потпишани шест работни договори, поддржани од грантови за техничка помош на ЕУ, за спроведување заштитни мерки од поплава во десет општини во Република Српска, БиХ. На настанот присуствуваа претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Српска; Европската инвестициска банка (ЕИБ), Делегацијата на ЕУ во БиХ, Инвестициската рамка Западен Балкан и други чинители и медиуми.

 

ЕУ, преку Инвестициската рамка Западен Балкан, обезбеди околу 13,5 милиони евра во форма на грантови за активности поврзани со управување со ризик од поплави во БиХ. Проектот „Управување со ризик од поплави во Република Српска“, со целосна инвестициска вредност од 104 милиони евра, се имплементира со спомнатите грантови од ЕУ, заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), во вредност од 74 милиони евра; и кориснички придонес од 4 милиони евра. Дополнителни 16 милиони евра, во форма на грантови, се обезбедени преку „IBRD/IDA“, „GEF/UNDP“ и фондовите ИПА 2014.

 

Имплементирањето на овие инвестиции за заштита од поплави ќе ги зголеми перформансите и сигурноста на системот за заштита од поплави во Република Српска и ќе го намали целосниот ризик од поплави и поврзани штети. Овој проект ќе има позитивно влијание врз економијата, општеството, животната средина, јавното здравје и директно ќе го подобри квалитетот на живот во 30 општини со приближно 700000 жители во Република Српска. Исто така, ќе придонесе за транспонирање и имплементација на достигнување на правото на ЕУ, особено на Директивата за поплави, која изискува кохерентен прекуграничен пристап.

Повикот ЕРАЗМУС+ 2023 за европски универзитети привлекува 65 предлози, вклучувајќи 500 институции ширум Европа

Иницијативата „Европски универзитети“ ги поддржува институциите на високото образование за постигнување поголем квалитет, подобри резултати, поголема привлечност и меѓународна конкурентност. Оваа иницијатива промовира заеднички европски вредности и зајакнат европски идентитет. Сето ова се постигнува преку поставување иновативни и различни модели за долготрајна институционализирана соработка помеѓу институциите за високо образование ширум Европа. Иницијативата е имплементирана во рамки на ЕРАЗМУС+; преку серија повици за предлози.

 

Повикот за 2023 година привлече вкупно 65 предлози поврзани со две теми: „Зајакнување на претходна длабока институционална транснационална соработка“ и „Развој на нова длабока институционална транснационална соработка“. Повикот обедини околу 500 високообразовни институции како постојани партнери.

 

Севкупно, повикот покрива 26 држави-членки на ЕУ, пет дополнителни држави поврзани со програмата ЕРАЗМУС+ и четири држави од Западен Балкан.

Енергетска поддршка на ЕУ, вредна 165 милиони евра, за помош на најранливите домаќинства и малите и средни претпријатија во Србија

Амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле Џауфрет, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваа на потпишувањето на буџет, во висина од 165 милиони евра, за поддршка за справување со енергетската криза во Србија. Со помош од ЕУ, најавена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во октомври 2022 година, ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија во Србија ќе плаќаат помалку за енергија.  
Договорот беше потпишан од министерката за европска интеграција, Тања Мишчевиќ, и заменик директорот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Пламена Халачева. На настанот присуствуваа министерот за финансии, Синиша Мали; министерката за рударство и енергија, Дубравка Џедовиќ и генералниот директор на „Elektromreža Srbije“, Јелена Матејиќ. Оваа непосредна поддршка е првата транша од амбициозниот Пакет за енергетска поддршка на ЕУ, вреден 1 милијарда евра, кој има за цел да им помогне на државите во Западен Балкан да се справат со тековната енергетска криза и да промовираат чиста енергетска транзиција.  
Првата транша помош, во вредност од 500 милиони евра, за шесте партнерски држави од Западен Балкан, ќе овозможи директни средства за економиите од регионот преку мерки за поддржување на буџет; и тоа: за балансирање на растот на цените на енергија за бизнисите и енергетскиот сектор; за одржување прифатливи цени на енергија, особено за ранливите домаќинства; и за поддршка на политички мерки за забрзување на зелената енергетска транзиција.  
Втората половина од пакетот, во висина од дополнителни 500 милиони евра, ќе покрие водечки приоритетни инвестиции за диверзификација на снабдувањето со енергија, поттикнување обновлива енергија и подобрување на енергетската ефикасност. Исто така, ќе се промовира и чиста енергетска транзиција во регионот и ќе се намали зависност од фосилни горива од Русија. 

TEDxYouth@MarijinDvor, Сараево, Босна и Херцеговина

TEDxYouth@MarijinDvor е најголемиот TEDxYouth настан во Западен Балкан. Овојпат, настанот беше организиран од младите европски амбасадори, Хаџера Селимовиќ и Ена Порка и привлече девет излагачи од Западен Балкан и ЕУ. Официјалниот наслов на годинешното издание е „Повторно замислување на иднината“.

 

Петнаесет млади европски амбасадори учествуваа во годинешниот настан; а шестмина останати придонесоа во организацискиот дел. Младата европска амбасадорка од Црна Гора, Ивана Сречковиќ, беше една од излагачите на настанот. Во својот говор, насловен „Жени во бизнис: Дали е машки свет?“, зборуваше за родова еднаквост во бизнисот. Покрај говорот на Ивана, два дополнителни говори беа споделени од младите европски амбасадори Анастасија Ѓорѓа Босанчиќ, од БиХ, и Фатбард Кабаши од Косово.

 

Темите на останатите излагачи беа поврзани со животна средина, музика, свест за ментално здравје, истражување и слично.

 

Во духот на идеи кои вредат да се споделуваат, TEDx е програма за локални и самоорганизирани настани кои спојуваат луѓе за споделување TED искуства. На TEDx настан, се комбинираат излагачи на TED говори во живо, и преку видео, кои имаат цел да иницираат длабоки дискусии и поврзување во мала група. Овие локални и самоорганизирани настани го носат брендот TEDx; во којшто „х“ означува „самостојно организиран TED настан“. Конференцијата TED обезбедува општи насоки за програмата TEDx, но индивидуалните TEDx настани се самоорганизирани (и подлежат на посебни правила и регулации).

Отворен повик за апликации за Наградата на ЕУ за интеграција на Ромите 2023 во Западен Балкан и Турција

Повикот за апликации за петтото издание на Наградата на ЕУ за интеграција на Ромите 2023 во Западен Балкан и Турција е отворен до 15. март 2023 година. Овогодинешното издание на наградата е посветено на инклузија на Ромите во рамки на дигиталната агенда и зелената економија кои претставуваат нови можности за подобрување на положбата на ранливите мажи и жени Роми во регионот во иднина.

Наградата на ЕУ за интеграција на Ромите 2023 ќе промовира приватни или државни иницијативи од различните релевантни ромски и неромски чинители – државни институции, приватни компании и бизниси, работодавци, наставници и организации на граѓанското општество, за зајакнување на улогата на Ромите за имплементирање и исползување на можностите од зелената економија и дигиталната агенда.

 

Интеграцијата на Ромите продолжува да биде клучен приоритет во процесот на проширување на ЕУ и Европската комисија посветено ја поддржува и оддава признание на работата на ромските и неромските државни институции, приватни компании, бизниси (вклучително и, но не лимитирани на, работодавци и индивидуи како наставници или здравствени чинители) и организации на граѓанското општество кои помогнале и постигнале значаен напредок, конкретни одржливи резултати и позитивни промени.

 

Наградата за 2023 година ја потврдува посветеноста на ЕУ за поддршка и оддавање признание на делата за интеграција на Ромите. Исто така, родовата еднаквост и зајакнувањето на жените Ромки во сферата не вработувањето е значајна димензија.

 

Наградата на ЕУ за интеграција на Ромите има за цел поттикнување на политичката посветеност и поддршката за инклузија на Ромите во Западен Балкан и Турција. Овогодинешната награда акцентот го става на зелената економија и дигиталната агенда и, притоа, се работи за петтото издание на наградата. Првото издание на наградата оддаде признание на важната улога која ја играат организациите на граѓанското општество кои делуваат во доменот на интеграција на Ромите. Второто издание промовираше инклузија, интеграција и зајакнување на ромската младина. Третото издание беше посветено на „Непознатите херои“ – жени Ромки кои преку својата работа и посветеност помогнале за подобрување на општествената интеграција на Ромите и донеле позитивна промена во своите заедници.

 

Четвртото издание беше посветено на исклучителните луѓе кои промовираат еднаквост преку вработување.

 

Наградата е финансирана од ЕУ, а имплементирана преку „Roma Active Albania“.

 

Апликациите треба да се испратат до 15. март 2023 година.

Косово: Тим Европа – поддршката на „EIB Global“ за модернизација на железничката мрежа достигнува 80 милиони евра

„EIB Global“, филијала на Европската инвестициска банка, посветена на активности надвор од ЕУ, потпиша договор, вреден 38 милиони евра, за рехабилитација на железничката рута 10, во должина од 148 километри, во Косово. Обновата на рутата и железничките станици на косовската меѓународна железничка мрежа ќе помогне за зголемување на брзината на патување и ќе го подобри патничкиот и товарниот капацитет. Овие подобрувања ќе доведат до премин на патниот транспорт кон железнички и ќе придонесат за поодржлива еколошка мобилност во регионот.

 

Како дел од клучната железничка мрежа во Западен Балкан и продолжение на трансевропската транспортна мрежа, косовската железничка рута 10 ќе ја подобри регионалната поврзаност и интеграција во рамки на Ориент/Источно-медитеранскиот коридор. Заемот од Европската инвестициска банка доаѓа како надополнување на грантовите за инвестиции и техничка помош преку Инвестициската рамка за Западен Балкан; заедно со заем од Европската банка за реконструкција и развој. Се работи за втората транша заеми од Европската инвестициска банка за овој железнички проект, достигнувајќи целосна вредност од 80 милиони евра за модернизација на косовските железнички патишта.

 

Во текот на изминатите десет години, Европската инвестициска банка го поддржа глобалниот железнички сектор обезбедувајќи преку 39 милијарди евра во инвестиции, овозможувајќи помош за изградба на приближно 2000 километри железнички пруги и 304 станици. Во Западен Балкан, „EIB Global“ е водечки финансиер за стратешки железнички патишта, кој овозможува техничка и советодавна поддршка за подготовка, планирање и имплементација на проекти за модернизација и надоградба на железничката мрежа. До денес, Европската инвестициска банка инвестирала преку 1,2 милијарда евра во железничкиот сектор ширум Западен Балкан, поддржувајќи регионална соработка и поврзаност.

Запознајте ги 30-те наградени „суперучилишта“ од Србија

Регионалната канцеларија за младинска соработка – локална експозитура во Србија, во соработка со „Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit“ („ГИЗ“) го организираше воведниот настан „Запознајте ги „суперучилиштата“ од Србија“, на 1. февруари 2023 година. Состанокот обедини 30 наградени средни училишта од Србија, претставени од своите директори и наставници, одговорни за координирање на претстојните регионални размени, кои имаа прилика не само меѓусебно да се запознаат, туку и да бидат дел од еден значаен момент како што е потпишувањето на спогодбите за партнерство.

 

Директорите и професорите кои ќе ги координираат и имплементираат овие младински размени ги презентираа нивните идеи кои ќе бидат дополнително развиени со поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка. Состанокот послужи како простор во чии рамки училиштата учесници ги презентираа своите програми за размена пред неколку значајни локални и меѓународни чинители. Исто така, настанот им помогна да создадат јасна претстава за следните чекори на програмата. Младите кои ги претставуваа 30-те училишта добија можност да го искусат уникатното искуство кое го нуди програмата „суперучилишта“.

 

Имплементацијата на проектите ќе биде поделена на два дела: првиот дел размени ќе се случува од април до јуни, а вториот ќе продолжи од август до октомври 2023 година. Секое училиште-партнер ќе организира една размена со друго училиште-партнер, со траење до 7 дена и со група до 12 ученика и еден или два наставници. Преку оваа шема за размени, учениците и наставниците ќе добијат можност да патуваат, да се претстават себеси и своето училиште, како и нивните обичаи, пред домаќините, а ќе можат и да научат нешто ново за локалните заедници ширум регионот.

Регионален совет за соработка: Отворени номинациите за жените претприемачи од Западен Балкан за 2022 година

Регионалниот совет за соработка со задоволство го отвора процесот за номинации за жени претприемачи од Западен Балкан за 2022 година. Регионалниот совет за соработка ја започна оваа иницијатива лани, во рамки на Акциониот план за заеднички регионален пазар 2021 – 2024 и Агендата за женско економско зајакнување, со цел препознавање на жените кои започнале и развиле свој бизнис и придонеле за нови и одржливи работни места за други жени и мажи во нашиот регион.

 

Со оглед на тоа што помалку од 22 % од претприемачите во Западен Балкан се жени, голема е важноста на промовирањето приказни за успешни жени претприемачи од регионот. Женското економско зајакнување е клучно за градење отпорни напори за зацврстување и позначаен економски раст, бидејќи бројот на жени на пазарот на труд е длабоко поврзан со развојот на регионот.

 

Регионалниот совет за соработка ги поканува поединците, претставниците на државни и приватни институции, организации и сите заинтересирани да ја номинираат својата жена претприемач за годината во една или повеќе од следните шест категории: Еколошка жена претприемач, Креативна жена претприемач, Жена претприемач за патување и гостопримство, Ромка жена претприемач, Стартап жена претприемач, Млада жена претприемач.

 

Процесот на признавање ќе биде отворен до 28. февруари 2023 година, а квалификуваните жени претприемачи треба да ги имаат регистрирано своите бизниси пред февруари 2022 година.