Skip to main content

Основно училиште во Сараево добива нов изглед со поддршка од ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој

Изградено пред околу 40 години, и значително оштетено за време на војната, основното училиште „Ќамил Сијариќ“ е едно од најстарите и најголеми училишта во подрачјето Добриња во Сараево, со повеќе од 950 запишани ученици. Иако било реновирано неколкупати през годините, училиштето се соочувало со сериозни топлински загуби заради енергетски неефикасните фасада, покрив и стари прозорци. Кога кантонот Сараево одлучил да започне со голема реконструкција на јавните згради, училиштето било идентификувано како еден од приоритетите.

 

Со финансиски фондови од Европската банка за реконструкција и развој, ЕУ и Австрија, кантонот Сараево, во 2020 година, започнал програма за обновување на 40 јавни згради; главно образовни институции, како градинки, училишта, студентски домови и здравствени центри. Програмата има за цел избраните згради да ги направи енергетски ефикасни, со што ќе се намалат трошоците за енергија и струја, како и емисијата на CO2. Петнаесет згради беа избрани во првата фаза на програмата, од кои досега 13 се реновирани.

 

ЕУ обезбеди грант во вредност од 2 милиони евра за програмата.

 

Реконструкција на јавните згради е дел од Акцискиот план за зелен град, за кантонот Сараево, од Европската банка за реконструкција и развој; заедно со други инвестиции, како водна инфраструктура, урбан транспорт и градско греење. Проектите за зелен град во Сараево се поддржани од ЕУ, Австрија, Јапонија, Централноевропската иницијатива, Италија и Инвестициската рамка Западен Балкан.

Амбасадорката на ЕУ ја посетува општината Колашин: 9 милиони евра за проблемите со инфраструктура во Колашин

Бројни проекти преку кои ЕУ ја поддржува општината Колашин, како и начини на кои оваа поддршка може понатаму да продолжи, беа темите опфатени за време на посетата на шефот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора. Амбасадорката Оана Кристина Попа се состана со градоначалникот на општината, Владимир Мартиновиќ, и корисниците на фондови од ЕУ во регионот на општината Колашин. Заедно дискутираа за постојаната поддршка која ЕУ ја обезбедува за локалната заедница, како и за можностите за заеднички напори за помош на локалното население и развој на општината Колашин.

 

Пристапност и добра транспортна инфраструктура се неопходни за раст на економијата во Колашин, особено за туризмот, изјави амбасадорката Попа; потенцирајќи дека ЕУ обезбедува поддршка за општината во секој развоен сегмент. ЕУ инвестирала преку 9 милиони евра за реконструкција на двете железнички секции Белград – Бар, на територијата на општината, а истата парична сума била доделена и за инфраструктурните проблеми во градот. „Во однос на општинската инфраструктура, неопходна за подобрување на животот на локалното население, но и за зголемување на бројот посетители, ЕУ додели приближно 9 милиони евра помош за подобрување на системот за водоснабдување и градење нова прочистителна централа и канализациска мрежа во општината,“ објасни Попа.

 

Амбасадорката Попа го посети и скијачкиот центар Колашин 1600, кој е во државна сопственост, и ги покани сите кои имаат прилика да ја искористат благата зимска сезона за да уживаат во скијачките падини и гостопримливоста на населението во Колашин. Што се однесува до ЕУ, поддршката за локалното население, како и напорите Колашин да биде попријатно место за живеење и посетување, несомнено ќе продолжат.

ЕУ поддржува изградба на нови простории за Факултетот за математика и природни науки во Косово

Амбасадорот на ЕУ во Косово, Томас Суњог, и ректорот на универзитетот во Приштина, проф. д-р Ќерим Ќерими, на 23. февруари го одбележаа почетокот на изградбата на нови простории за Факултетот за математика и природни науки.

 

Изградбата на нови простории за факултетот, вредна 8,9 милиони евра, е дел од пошироката Програма за вработување и образование на ЕУ и е еден од многуте образовни инфраструктурни проекти финансирани од ЕУ во Косово. Додека ЕУ ја финансира изградбата на просториите, универзитетот во Приштина ќе го обезбеди мебелот и лабораториската опрема во вредност од 5 милиони евра. „Ова е само уште една инвестиција на ЕУ во образованието во Косово. Од 2007 до 2022 година, ЕУ инвестираше 85 милиони евра во развој на образовниот систем во Косово; со цел креирање нови можности, слични на оние во ЕУ, за студентите и академиците во Косово, придонесувајќи за економски развој заснован на знаење и создавање нови работни места,“ изјави амбасадорот Суњог.

 

Изградбата се очекува да заврши до јуни 2024 година.

Пакет за енергетска поддршка: ЕУ му доделува 75 милиони евра на Косово за справување со енергетската криза

Косово ќе ја добие првата транша помош, во вредност од 75 милиони евра, во рамки на Пакетот за енергетска поддршка на ЕУ за Западен Балкан во вкупна вредност од 1 милијарда евра; создаден од ЕУ и земјите членки со цел обезбедување помош за регионот да се справи со енергетската криза и значителниот пораст на цените на енергијата предизвикан од неоправданата и непровоцирана руска инвазија на Украина.  
Целосниот пакет ќе биде доделен во два дела, секој во вредност од 500 милиони евра; од кои првиот ќе се фокусира на обезбедување директна поддршка за најпогодените семејства и бизниси, а вториот ќе биде наменет за транзиција кон чиста енергија во регионот и намалување на зависноста од фосилни горива од Русија. „Непровоцираната и неоправданата руска инвазија на Украина го погоди целиот свет, создавајќи енергетска криза и криза за храна. Ефектите од овие кризи најмногу се одразија врз најранливите економии; при што ЕУ настапи со поддршка за Украина за отфрлање на инвазијата, како и со помош за своите партнери да се справат со кризата,“ изјави амбасадорот Суњог.  
ЕУ останува најголемиот обезбедувач на финансиска помош за Косово; со 1,2 милијарда евра обезбедени преку Инструментите за претпристапна помош (ИПА) I и II, од 2007 до 2022 година. Се обезбедува и дополнителна финансиска поддршка преку ИПА III. ЕУ е најголемиот трговски партнер на Косово.

Сараево е домаќин на панелна дискусија за еволуцијата на наративните пропаганди за Украина

За одбележување на една година од почетокот на руската инвазија на Украина, Службата за надворешна акција на ЕУ (European Union External Action Service (EEAS)) и канцеларијата на ЕУ во БиХ, на 24. февруари 2023 г., во Сараево, организираа панелна дискусија „Еволуција на наративните пропаганди за Украина“. Дискусијата обедини панелисти од Западен Балкан, Украина и Блискиот Исток.  
Амбасадорот Јохан Сатлер, шеф на делегацијата на ЕУ и специјален претставник на ЕУ во БиХ изјави: „Оваа војна не се одвива само на военото поле, туку се случува и на бројни други полиња; вклучително и на полето за информирање. Механизмите за манипулирање со информации кои ги создаде Русија, вклучително и во годините пред војната, станаа моќен инструмент за војна кој се користи на глобално ниво. Интегритетот, професионалното новинарство и силното граѓанско општество се неопходни во време на војна; кога се случува манипулација со информациите и ширење дезинформации.“  
Панелната дискусија е дел од поширока активност на ЕУ – „Поврзување на медиумските заедници во време на дезинформации“, која се одржува на 24. и 25. февруари во Сараево. Настанот обединува новинари, проверувачи на информации, медиумски професионалци и академици од Западен Балкан, државите од Источното партнерство, Блискиот Исток, Северна Африка и пошироко. Целта на активноста е поддржување синергии преку границите, како и мапирање на потребите на медиумските заедници и обезбедување поддршка за нивната работа.

ЕУ го подобрува животот на Албанците

На 22. февруари 2023 г., Советот министри го одобри потпишувањето на Спогодбата за финансирање помеѓу Европската комисија и Република Албанија во рамки на Годинешниот акциски план за 2022 г.; како дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) III. Придонесот на ЕУ, во вредност од 82,6 милиони евра, ќе поддржи шест акции во доменот на животна средина, младина, демократија, усогласување со владеење на правото на ЕУ, борба против организиран криминал и судство.

 

Финансиската спогодба ќе биде потпишана од страна на Европската комисија и ќе биде доставена до авторитетите на Република Албанија за потпишување од нивна страна и понатамошно одобрување од Советот министри. Инструментот за претпристапна помош (ИПА) ги поддржува земјите-кандидатки за членство во ЕУ за усвојување и имплементација на клучни политички, институционални, општествени и економски реформи за усогласување со вредностите на ЕУ и прогресивно хармонизирање со правилата, стандардите и политиките на ЕУ.

Инвестициите на „EIB Global“ во Западен Балкан во 2022 година достигнаа 824 милиони евра, надополнети со 11,2 милиони евра во форма на грантови

Банката на ЕУ, преку својот орган посветен на активности надвор од ЕУ – „EIB Global“, инвестираше 824 милиони евра ширум Западен Балкан во 2022 година за забрзување на одржлива поврзаност, чиста околина, зелена транзиција, дигитализација и раст на приватниот сектор. Овие проекти придонесуваат за спроведување на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за регионот и иницијативата на ЕУ – „Global Gateway“. Дополнително, банката мобилизираше 11,2 милиони евра во грантови за иницирање одржлив, урбан развој, енергетска ефикасност и проекти за обновлива енергија. Најголемиот дел нови потписи беше во доменот на одржлив, безбеден и ефикасен транспорт преку железнички и водни патишта; во висина од 75 % од вкупното позајмување минатата година, проследено од инвестиции во малите бизниси, заштита на животната средина и дигитализација.

 

Како еден од главните чинители на Инвестициската рамка Западен Балкан, „EIB Global“ развива и имплементира инвестиции во тесна соработка со Европската комисија, меѓународни финансиски институции и економии од Западен Балкан. Ваквиот пристап ја максимизира употребата на финансии достапни за потребните инвестиции. Банката на ЕУ дизајнираше и иновативни финансиски инструменти; вклучително и мешавина од заеми, гаранции и грантови, во рамки на Европскиот фонд за одржлив развој + (European Fund for Sustainable Development Plus (EFSD+)), за поддршка на општините, производителите на енергија, корпорациите, малите бизниси и комерцијални банки за инвестиции во секторите на енергија, поврзаност и дигиталниот сектор.

Белградскиот филмски фестивал „FEST“ започнува со возбудлива селекција меѓународни филмови

Долгоочекуваниот филмски фестивал „FEST“ започна официјално во Белград, Србија, прикажувајќи дел од најдобрите и највозбудливи нови филмови од ширум светот. Фестивалот, кој постои од 1971 година, стана еден од најважните настани на меѓународниот филмски календар. Годинешното издание, кое ќе трае од 24. февруари до 5. март, прикажува преку 100 филма од 50 држави; со фокус на промовирање на нови таленти и иновативно раскажување. Четиринаесет филма од европски автори се дел од главната натпреварувачка програма.

 

По проекцијата на секој од филмовите, гледачите ќе можат да гласаат за најдобриот европски филм. Добитникот ќе ја добие наградата од публиката која ќе биде објавена од амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле Џауфрет, на затворањето на фестивалот, на 5. март. Секоја филмска проекција започнува со воведно видео кое ја прикажува поддршката на „Creative Europe“ за српската кинематографија.

 

ЕУ продолжува да биде горд поддржувач на српската кинематографија. Покрај спонзорирањето бројни врвни филмови и серии преку „Creative Europe“ („Otac“, „Nečista krv“, „Leto kada sam naučila da letim“, „Strahinja“, „Zlogonje“, „Mrak“, „Mraz“, „Crna svadba“, „Područje bez signala“), Делегацијата на ЕУ во Србија поддржува неколку филмски фестивали во Србија, меѓу кои и „FEST“.

 

„FEST“ е познат по својата жива атмосфера и силен дух на заедништво, со илјадници филмски ентузијасти од насекаде ширум светот кои секоја година се обединуваат во Белград за да ја прослават филмската уметност. Годинешниот фестивал не е исклучок од правилото, нудејќи возбудлива програма на проекции, разговори и настани кои ќе го претстават најдоброто од современата кинематографија.

Можност за младите уметници: програма за менторство и престој во Париз

Програмата за престој „Развој на млади уметници“ е уникатна програма не само затоа што нуди тримесечен престој за млади уметници во Париз, но и затоа што нуди менторска програма која подразбира дека младите уметници ќе ги развијат своите вештини во соработка со искусни и истакнати европски уметници; како што беше кажано на презентацијата на програмата на која учествуваа млади уметници од Србија.  
Институтот на Европската инвестициска банка објави повик за апликации во рамки на Програмата за престој „Развој на млади уметници“ за 2023 година, во соработка со „Cite internationale des arts“ (Париз), за уметници под 35 години од земјите кандидати за членство во ЕУ.  
ЕУ со години го поддржува и инвестира развојот на креативната индустрија во Србија, а програмата на Европската инвестициска банка е одлична можност професионален развој на младите уметници.

Нова студија покажува отпор и реакција во соседствата на ЕУ за време на пандемиската криза

Нова студија од Европската фондација за обука (European Training Foundation (ETF)) и Eurofound ги покажува отпорот и реакцијата со кои биле соочени граѓаните на ЕУ и десет соседски држави на ЕУ за време на пандемијата КОВИД-19. Извештајот насловен „Живеење, работење и КОВИД-19“ покажува дека и покрај предизвиците, граѓаните од Албанија, Грузија, Јордан, Косово*, Либан, Молдавија, Мароко, Северна Македонија, Палестина* и Тунис остануваат оптимисти.

 

Резултатите ја потенцираат важноста од инвестирање во образование и потенцијалот на далечинското работење како алатка за рамнотежа и флексибилност помеѓу работата и животот; овозможувајќи патоказ за граѓаните во соседството на ЕУ за градење подобра иднина за сите.

 

Извештајот ја потврдува улогата на развојот на вештини за граѓаните во соседството на ЕУ за создавање подобра иднина за нив и за своите заедници. Заедно со значајната „Европска година на вештините“, извештајот е повик за акција за развивање неопходни вештини. Иницијативата на ЕУ ќе поддржи мали и средни претпријатија за справување со недостатокот вештини и промовирање обновување и надоградување на вештини на работната сила за зајакнување на општествените цели на ЕУ во 2030 година; вклучувајќи 60 % од возрасните кои учествуваат во годишни обуки и 78 % во вработувањето.

 

Анкетата „Живеење, работење и КОВИД-19“, првпат отпочната од „Eurofound“ на почетокот од 2020 година, има за цел утврдување на широкото влијание на пандемијата врз работата и животот на граѓаните на ЕУ. Петата рунда од анкетата, имплементирана во пролетта 2022 година, обелоденува и нова несигурна реалност, создадена од војната во Украина; рекордна инфлација и остар пораст на трошоците за живот. Извештајот прикажува разбирлива слика за влијанието на КОВИД-19 врз животот и егзистенцијата на луѓето во ЕУ и нејзиното соседство.