Skip to main content

Комисијата објавува извештај за здравјето и благосостојбата на музичарите

Во контекст на иницијативата „Музиката ја раздвижува Европа“, Европската комисија го објави извештајот „Здравје и благосостојба на професионалните музичари и креатори на музика во ЕУ – видувања од истражувањето за политики и практики“. Извештајот открива дека здравјето и благосостојбата на музичарите и креаторите на музика во ЕУ се ранливи и подлежат на неколку фактори на ризик и дека потребно е да се дејствува на неколку фронта за да се обезбеди заштита.

 

Иако извештајот ги потенцира главните ризици за физичкото и ментално здравје на професионалните музичари и креатори на музика, исто така дава и примери за успешни интервенции и акции (политики и практики) од неколку земји членки на ЕУ со цел справување со овие ризици. Извештајот ги резимира клучните лекции за политики врз основа на истражувањето и обезбедува препораки за политики и практики кои можат да го подобрат физичкото и ментално здравје, како и безбедноста, на музичарите и креаторите на музика во ЕУ; и тоа во насока на едукација, превенција и третман.

„Раскажи ни ја твојата приказна за европско наследство“ – отворен повик за ново финансирање за Деновите на европско наследство 2023

„Приказни за европско наследство“ е иницијатива за грантови за иновативни проекти развиени од страна на локалните заедници ширум Европа. Иницијативата е организирана од Европската комисија и Советот на Европа.

 

Деновите на европско наследство се настани кои ги зближуваат европските граѓани заедно да ја прослават, споделат и поддржат работата која се спроведува од заедниците во Европа. Нивната паневропска природа помага да се потенцира европската димензија и вредност на културното наследство. Преку приказните за европско наследство, се покануваат заедниците ширум континентот да ги споделат своите посебни приказни за културното наследство во Европа.

 

Краен рок за пријавување е 28. февруари 2023 година. Заинтересираните апликанти можат да ја достават својата апликација на англиски или француски јазик.

Амбасадорот Сатлер се состанува со Здружението на работодавци на босанската федерација за да дискутираат за реформи за развој и конкурентност

На 12. јануари 2023 година, шефот на делегацијата на ЕУ/специјалниот претставник на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, се состана со претседателот, директорот и група членови на Здружението на работодавци на босанската федерација. Целта на настанот беше размена на информации за тековните случувања како и за тековните и претстојни иницијативи, како на Канцеларијата на ЕУ во БиХ, така и на здружението, за надминување на главните пречки за подобрен раст, зголемена конкурентност и промена на трендовите на емиграција и недостаток на работна сила. Амбасадорот Сатлер потенцира дека доделувањето кандидатски статус, за членство на БиХ во ЕУ, ги соочува ново формираните авторитети со можности за справување со долгогодишните предизвици и имплементирање клучни реформи.  
Сите учесници се согласија дека недоволниот економски развој, зајакнувањето на приходите по глава на жител и официјално високата невработеност; придружени со недостиг на работна сила во  некои клучни сектори, претставуваат клучни предизвици со кои се соочуваат бизнисите во БиХ денес. Глобалните нарушувања кои ја поттикнаа инфлацијата дополнително ги влошуваат овие проблеми кои итно треба да се решат; вклучително преку законски промени на различни владини нивоа. Дополнителни промени се потребни за понатамошно зајакнување на деловната средина; вклучително преку таргетирани интервенции во специфични сектори; вклучително дрвната и млечна индустрија, транспортните услуги итн.  
Беше договорено дека во спроведувањето реформи, кои треба да бидат инклузивни и да ги земат предвид барањата за интеграција во ЕУ, Канцеларијата на ЕУ во БиХ и работодавците поредовно ќе соработуваат и ќе се состануваат со цел дискусија и развој на предлози за реформи кои, откако ќе бидат усвоени и имплементирани, ќе ја подобрат економската добросостојба на државата, доближувајќи ја БиХ поблиску до ЕУ.

Судски реформи за стабилни институции во Србија

„Судската реформа е значајна за граѓаните на Србија затоа што резултира со поавтономна судска служба и независна служба за обвинителство, а владеењето на правото ќе остане главниот столб на европската интеграција на Србија,“ изјави амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле  Џауфрет, на завршната јавна дебата за судски закони. „Фокусот на ЕУ ќе биде имплементација на правото, а целосната имплементација на овие закони ќе донесе прогрес во Србија. Очекуваме, исто така, дека Србија ќе ги усвои препораките на Венецијанската комисија за предлози за овие закони со цел да можеме да кажеме дека правните одлуки се хармонизирани со европските стандарди и практики,“ изјави Џауфрет.  
Амбасадорот додаде дека Венецијанската комисија изјавила дека за вистинска промена е неопходна промена во политичката и правна култура. Иако политичките и правни авторитети имаат примарна одговорност, организациите на граѓанските здруженија имаат важна улога иста така.  
Процесот за јавна консултација за судски закони се одржа во рамки на проектот „ЕУ за поддршка на судска реформа“, кој се имплементира во Србија од страна на Советот на Европа и ЕУ уште од 2022 година.

Студија за ситуацијата и потребите на младите во руралните подрачја на Северна Македонија

Младиот европски амбасадор, Дамјан Златановски, организираше настан во поддршка на шестата од единаесетте цели на европската младина – „Унапредување на младината во руралните подрачја“. Настанот беше организиран во соработка со „Europe House“ Крива Паланка.

 

Професори од Факултетот за земјоделски науки и храна, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), предводеа две фокус групи во кои вкупно 14 учесници, на возраст помеѓу 15 и 24 години, дискутираа за предизвиците и потребите на младите во руралните подрачја; перспективите на младите за пристоен живот, вклучително и можности за вработување и обука, ангажирање во земјоделско-прехранбени системи, одлуки за мобилност, нивната улога како иноватори, нивниот придонес за рурален развој, како и нивните аспирации за социјална инклузија и учество во политичките процеси.

 

Главната цел беше овозможување увид во можните решенија за поинформирани процеси на носење одлука на политичко ниво, идентификување на политички препораки за охрабрување на младите со цел да останат или да се вратат во руралните подрачја, како и поддршка за младите со цел да станат повидливи како носители на промена во земјоделско-прехранбените системи и зголемување на нивниот придонес за руралниот развој на државата.

Младите европски амбасадори поддржуваат хуманитарна акација во Северна Македонија

Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир, „Europe House“ и „Банката за храна на Македонија“ организираа хуманитарна иницијатива во Северна Македонија за православниот Божик. На 4. и 5. јануари донираа 30 пакети со храна за општествено ранливи семејства. Младите европски амбасадори од Северна Македонија придонесоа за пакување и донирање на пакетите со храна.

ЕУ, Европската банка за реконструкција и развој и Шведска ги поддржуваат малите и средни претпријатија и жените претприемачи во Црна Гора

Европската банка за реконструкција и развој ги поддржува жените претприемачи и малите бизниси во Црна Гора со нов финансиски пакет за Црногорската комерцијална банка АД, член на групацијата ОТП и најголемата банка во државата. Околу 3 милиони евра од заемот ќе бидат доделени за поддршка на инвестиции во бизниси управувани од жени. Малите и средни претпријатија ќе извлечат полза од иницијативи за грант, во висина од 15 % од целосната  вредност на заемот, финансирани од ЕУ.  
Финансиите ќе се обезбедат преку програмата „Жени во бизнис“, на Европската банка за реконструкција и развој, која промовира женско претприемништво и учество на жените во бизнисот. Жените претприемачи ќе имаат прилика да искористат наменски консултативни деловни услуги во рамки на програмата „Банкарски совети за мали бизниси“. Програмата „Жени во бизнис“ е ко-финансирана од владата на Шведска, која уште од 2014 година ја поддржува програмата во Западен Балкан.  
Заемот ќе им обезбеди на малите и средни претпријатија во Црна Гора пристап до финансии, овозможувајќи им да ги надминат своите дневни операции и да инвестираат во надоградувања за постигнување на стандардите на ЕУ. Малите и средни претпријатија ќе можат да го употребат финансирањето за унапредување на технологијата, процесите и услугите; особено оние поврзани со квалитетот на производите, здравјето и безбедноста, како и еколошките стандарди на ЕУ.

ЕУ и Меѓународната корпорација за финансирање го потпишуваат првиот од серија проекти на Економскиот и инвестициски план на ЕУ

На 19. декември, Катарина Матхернова, заменик генерален директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија и претседателка на Инвестициската рамка за Западен Балкан, во придружба на Алфонсо Гарсија Мора, заменик претседател за Европа, Латинска Америка и Кариби на Меѓународната корпорација за финансирање, го потпиша проектот за Еко-индустриски паркови; првиот проект на Меѓународната корпорација за финансирање, имплементиран преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

 

Проектот Еко-индустриски паркови има за цел унапредување на процесот за декарбонизација и подобрување на ефикасноста на ресурсите на индустриските паркови ширум Западен Балкан. Прелиминарната проценка ќе биде проследена од таргетирана имплементација на четири пилот проекти во индустриски паркови ширум Србија, БиХ, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија.

 

Меѓународната финансиска корпорација, заедно со Светската банка, е последната институција која се приклучува на Инвестициската рамка за Западен Балкан, градејќи партнерство од неопходна важност за поддршка на активностите на приватниот сектор во регионот, со цел решавање итни развојни прашања, создавање работни места и обезбедување долготрајна одржливост. Останатите проекти во развој имаат за цел мобилизирање гарантирани финансиски инструменти за кредитоспособни агробизнис клиенти, овозможување на неопходната модернизација во секторот, дигитална трансформација и подобрување на капацитетот на финансиските посредници; овозможувајќи им зголемен пристап до микро, мали и средни претпријатија.

Амбасадорката Попа се состана со младите европски амбасадори

Амбасадорката на ЕУ во Црна Гора, Оана Кристина Попа, се состана со младите европски амбасадори како дел од иницијативата „Младински дијалог“ која започна на почетокот од годината. Целта на состанокот беше дискутирање за досега сработеното, како дел од иницијативата, но и темите кои во иднина треба да се разработат. Младите европски амбасадори зборуваа за проблемите кои ги засегаат; како, на пример, нападите врз ЛГБТ заедницата во Црна Гора, пристрасното медиумско покривање и националните поделби, високиот процент млади кои сакаат да ја напуштат земјата, нивната нејасна улога во општеството итн.

 

Амбасадорката Попа им ги претстави проектите и активностите кои ЕУ ги имплементира во Црна Гора со цел надминување на овие предизвици, но и ги покани младите да бидат активни, предложувајќи им конкретни инцијативи за подобрување на нивната заедница.

 

Младите европски амбасадори се иницијатива посветена на младите во Западен Балкан, отпочната од ЕУ, пред три години, која има за цел да им даде можност на младите да учат и да ги искусат вредностите на ЕУ, промовирајќи ги можностите кои ги нуди оваа заедница.

 

Неодамна беше објавена третата генерација млади европски амбасадори во Црна Гора, вклучувајќи ги Селда Јахјагиќ, Марија Блажевиќ, Анџела Мициќ, Мерита Дукај, Едина Османовиќ, Филип Јоветиќ, Лукас Јунковиќ, Милутин Радолуовиќ, Лука Вукотиќ, Андреј Бубања и Матиа Пренкочевиќ.

Младите европски амбасадори на настан за европска младина во Вараждин

Настанот за европска младина е постојан меѓународен настан, започнат од Европскиот парламент, во 2014 година, кој ги обединува младите ширум Европа за да споделуваат идеи во врска со иднината на Европа. Покрај главниот настан, кој се случува секои две години, во Стразбур, Франција; годинава беа организирани и два локални настани, од кои едниот се одржа во Вараждин, Хрватска. Околу 600 млади, помеѓу 16 и 30 години се собраа за да се социјализираат и да разменуваат мислења со експерти, активисти, инфлуенсери и носители на одлуки.

 

Програмата вклучи активности и панел-дискусии како, на пример, „Ефективни политики за домување за млади – мисловен поим?“ и „Европска година на младите 2022“. Годинава, младите европски амбасадори учествуваа во активностите на настанот во Вараждин. Покрај учеството во други активности, младите европски амбасадори организираа шест „Кахут“ квизови со прашања од сите шест држави од Западен Балкан. Шесте добитници на квизовите освоија пакет гаџети.